Устав на Социјалистичка Република Македонија (1963)
Социјалистичка Република Македонија
Назив | Устав на Социјалистичка Република Македонија | ||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Година | 1963 | ||||||||
Службен весник | Службен весник на СРМ 15/63
| ||||||||
Изгласан | 12 април 1963 | ||||||||
Објавен | 12 април 1963 | ||||||||
Законодавен орган | Собрание на Социјалистичка Република Македонија | ||||||||
Правен статус | вон сила
| ||||||||
Викиизвор и авторите на статиите не преземаат одговорност за евентуалните грешки во текстовите. |
(Втор Устав на Македонија, прв како социјалистичка Република во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, вон сила, со важност од 12 април 1963 година до 25 февруари 1974 година, со назив Устав на Социјалистичка Република Македонија)
Устав на Социјалистичка Република Македонија
[уреди]Преамбула
[уреди] Тргнувајќи од историскиот факт дека македонскиот народ предводен од работничката класа на чело со Комунистичката партија, со својата борба здружен со другите југословенски народи во Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција
го урнаа класичниот поредок што се темелеше на експлоатација, политичко угнетување и националната нерамноправност за да изгради општество во кое човечкиот труд и човекот ќе бидат ослободени од искористување и самоволие,
создаде сопствена држава, Народна Република Македонија, во која ги оствари историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите - националните малцинства за рамноправност и на работните луѓе за социјална слобода и на основа на правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување, доброволно се соедини со другите народи на Југославија во социјалистичка фереративна заедница на слободни и рамноправни народи и народности, свесен дека само во неа може да се обезбеди услови за секој слободен и сестран национален, материјален, политички и културен развиток;
имајќи предвид дека натамошното продлабочување и постојано јакнење на нераскинливото братство и единство на југословенските народи и на нивните слободни и рамноправни односи се основа на меѓусебното почитување и заемното гарантирање на националната индивидуалност и слобода, што на народот на Македонија му обезбедува сестран размав на неговите творечки сили, како во негов сопствен интерес така и во зеднички интерес на здружените југословенски народи и дека работниот народ на Македонија со сопствената творечка дејност и со заеднички напори на работните луѓе на Југославија остварил и остварува постојан напредок во сите области на општествениот живот, јакнејќи ја материјалната основа и изградувајќи ги и проширувајќи ги социјалистичките односи меѓу луѓето;
изразувајќи ги суверените права на народот на Македонија и неговите стремежи да се зацврстат придобивките на Социјалистичката револуција и постигнатите резултати во социјалистичката преобразба на земјата, да се обезбеди натамошен непречен развиток на социјалистичките демократски односи меѓу луѓето како и други услови за нивната благосостојба и слобода;
поради тоа што со развитокот на материјалната основа во земјата и на социјалистичките општествени односи се создадени општествени и политички измени што го прераснуваат постојниот Устав, а во согласност со начелата на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија,
Народното собрание на Народна Република Македонија
НА СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
УВОДЕН ДЕЛ: Основни начела
[уреди]I
[уреди] Општественото и политичкото уредување на Социјалистичка Република Македонија се темели на начелата на единствениот социјалистички општествен и политички систем на Југославија, утврден во Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и се заснова на односите меѓу луѓето како слободни и рамноправни производители и творци, чиј труд служи исклучиво за задоволување на нивните лични и заеднички потреби.
Во согласност со тоа, неприкосновена основа на положбата и улогата на човекот сочинуваат:
- општествена сопственост на средствата за производство, која го исклучува враќањето на каков било систем на експлоатација на човек од страна на човек и која, укинувајќи ја отуѓеноста на човекот од средствата за производство и другите услови на трудот, обезбедува услови за самоуправување на работните луѓе во производството и распределбата на производот на трудот, како и за општествено насочување на стопанскиот развиток;
- ослободувањето го трудот, како надминување на историски условните општествено-економски нееднаквости и на зависноста на луѓето во трудот, кое се обезбедува со укинувањето на наемните односи, со самоуправувањето на работните луѓе, со сестраниот развиток на производните сили, со смалувањето на општествено потребното работно време, со развивањето на науката, културата и техниката и со постојаното проширување на образованието;
- правото на човекот, како поединец и член на работната заедница, да ги ужива плодовите на својот труд и на материјалниот напредок на општествената заедница според начелото „Секој според способностите - секому според неговиот труд“ со обврска да го обезбедува развитокот на материјалната основа на сопствениот и општествениот труд и да придонесува за задоволувањето на другите општествени потреби;
- самоуправувањето на работните луѓе во работната организација; слободното здружување на работните луѓе, работните и другите организации и општествено-политичките заедници заради задоволување на заедничките потреби и интереси; самоуправувањето во општината и другите општествено-политички заедници заради што понепосредно учество на граѓаните во насочувањето на општествениот развиток, во вршењето на власта и во одлучувањето за другите општествени работи;
- демократските политички односи што му овозможуваат на човекот да ги остварува своите интереси, правото на самоуправување и другите права и заемни односи, да ја развива својата личност со непосредна активност во општествениот живот, а особено во органите на самоуправувањето, во општествено политичките организации и здруженијата, што сам ги создава и преку кои влијае на развивањето на општествената свест и на проширувањето условите за својата активност и за остварувањето на своите интереси и права;
- еднаквоста на правата, должностите и одговорноста на луѓето, во согласност со единствената уставност и законитост;
- солидарноста и соработката на работните луѓе и работните организации, нивната заинтересираност и слободна иницијатива во развивањето на производството и другите општествени и лични дејности во корист на човекот и неговата општествена заедница;
- економската и социјалната сигурност на човекот.
Општественото и политичкото уредување на Социјалистичка Република Македонија произлегува од ваквата положба на човекот и му служи нему и на неговата улога во општеството.
Секој облик на управување со производството и со другите општествени дејности и секој облик на распределба кој - во вид на бирократско самоволие и привилегии засновани врз монополитичка положба, или во вид на приватно-сопственичка себичност и партикуларизам - ги изопачува општествените односи засновани на ваквата положба на човекот, им е спротивен на поединечните и општите интереси на човекот и на општественото и политичкото уредување утврдено во овој Устав.
II
[уреди] Средствата за производство во општествена сопственост, како заедничка неотуѓива основа на општествениот труд, служат за задоволување на личните и заедничките потреби и интереси на работните луѓе и за развитокот на материјалната основа на општествената заедница и социјалистичките општествени односи. Со средствата за произвотство во општествена сопственост непосредно управуваат работните луѓе што работат со тие средства, во сопствен интерес и во интерес на општествената заедница, одговорни едни на други и на општествената заедница.
Тргнувајќи од тоа дека никој нема право на сопственост на општествените средства за производство, никој - ниту општествено-политичка заедница, ниту работна организација, ниту одделен работен човек - не може по никаков правносопственички основ да го присвојува производот на општествениот труд, ниту да управува и располага со општествените средства за произвотство и труд, ниту самоволно да ги определува условите за распределба.
Трудот на човекот е единствена основа за присвојување на производот на општествениот труд и основа на управувањето со општествените средства.
Општествениот производ служи за обновување и проширување на материјалната основа на општествениот труд, како и за непосредно задоволување на личните и заедничките потреби на работните луѓе согласно на начелото за распределба според трудот.
Делот на општествениот производ наменет за обновување и проширување на материјалната основа на општествениот труд е заедничка основа на општествената репродукција, која на основа на самоуправувањето ја остваруваат работните луѓе во работните организации, во меѓусебната соработка на тие организации и во општествено-политичките заедници.
Со единствениот систем на распределба се обезбедува работните организации да ги користат средствата за репродукција сразмерно на својот удел во нивното создавање и во зависност од своите можности најефикасно да ги користат во рамките на општествената поделба на трудот утврдена со општествените планови.
Заради остварување на поединечните и заедничките интереси на работните луѓе и самоуправувањето, поттикнување на нивната иницијатива, создавање на што поповолни услови за развитокот на производните сили, изедначување на условите за работа, остварување на распределбата според трудот и развитокот на социјалистичките односи, општествената заедница со планирањето го насочува и усогласува развитокот на стопанството и материјалната основа на другите општествени дејности. Планирањето го вршат работните луѓе во работните организации како носители на производството и општествениот труд и општествено-политичките заедници во вршењето на своите општествено-економски функции.
Со општествениот план на Македонија се усогласуваат основните односи во производството и распределбата. Во рамките на тие односи и на единствениот стопански систем работните луѓе во работните организации и во општествено-политичките заедници самостојно планираат и ја развиваат материјалната основа на својата дејност.
Заради изедначување на материјалните услови на општествениот живот и работата на работните луѓе, заради што послкладен развиток на стопанството како целина, Социјалистичка Република Македонија му посветува посебно внимание на побрзиот развиток на производните сили во стопански недоволно развиените краишта и за таа цел обезбедува потребни средства и презема други мерки.
Општествената сопственост на средствата за производство е основа на личната сопственост стекната со сопствен труд, која служи за задоволување на личните потреби и интереси на човекот.
Заради развивање на социјалистички односи во земјоделството и унапредување на земјоделското производство се обезбедуваат услови за развивање на производството на основа на општествените средства и општествениот труд, како и за здружување на земјоделците и за нивна соработка со работните организации на начелото на доброволност.
Уживајќи го со уставот утврденото право на сопственост на обработливо земјиште, земјоделците имаат право и обврска да го искористуваат тоа земјиште заради унапредувањето на земјоделското производство во сопствен интерес и во интерес на општествената заедница.
III
[уреди] Сите облици на управување, вклучувајќи ја и политичката власт, ги создаваат работничката класа и целиот работен нарад за себе заради организирање на општеството како слободна заедница на производителите, и тоа го обезбедуваат:
- со остварување на општественото самоуправување како основа на општествено-политичкото уредување;
- со одлучувањето на граѓаните за сите општествени работи непосредно или преку делегати што тие ги избираат во претставничките тела на општествено-политичките заедници и во другите органи на општественото самоуправување;
- со воспоставувањето и развивањето на рамноправни и демократски односи меѓу граѓаните, со остварувањето на човечките и граѓанските слободи и права во согласност со јакнењето на солидарноста, со исполнувањето на општествените должности на граѓаните и со материјалниот и општествениот развиток на социјалистичката заедница;
- со личната одговорност на сите носители на јавни функции а посебно носителите на функциите на власта, и со одговорноста на политичко-извршните и управните органи пред претставничкото тело на општествено-политичката заедница и јавноста;
- со судската контрола на уставноста и законитоста; со општествениот надзор над работата на државните органи, органите на општественото самоуправување и организациите што вршат работи од јавен интерес;
- со општествено-политичката активност на социјалистичките сили организирани во општествено-политички организации.
Функциите на власта утврдени со уставот им се доверуваат на претставничките тела на општествено-политичките заедници како територијални органи на општественото самоуправување. Претставничките тела се конституирани и сменливи во општината избрани делегации на сите граѓани, а посебно на работните луѓе во работните заедници.
Освен функциите на власта и општите работи на општественото самоуправување што ги вршат преку претставничките тела и одговорните пред нив органи, граѓаните одлучуваат за општествените работи во работните и другите самоуправни организации и преку облици на непосредно одлучување, а своите други заеднички интереси ги остваруваат и во општествено-политичките организации и здруженијата што сами ги основаат.
Непосредно и преку своите општествено-политички организации и здруженија граѓаните се двигатели на општествените активности, вршат јавна контрола над работата на органите на власта и другите носители на јавни функции, создаваат норми за меѓусебни односи и им даваат поддршка на државните органи, органите на општественото самоуправување и организациите што вршат работи од јавен интерес.
Заради остварување на самоуправувањето и другите права на граѓаните се обезбедува јавност во работата на државните органи, органите на општественото самоуправување, организациите и носителите на јавните функции и се создаваат услови граѓанинот да биде сестрано известен и оспособен за вршење на општествени работи.
Со начелото на организирање на повторен избор и именување на определени функции се обезбедува сменливост на носителите на функциите на власта и на други определени јавни функции, заради што пошироко учество на граѓаните во вршењето на јавните функции и заради зацврстувањето и равивањето на демократските односи во општеството.
IV
[уреди] Во социјалистичките општествени односи и во условите на општественото самоуправување работните луѓе доброволно се здружуваат во синдикати заради што понепосредна соработка во остварувањето и развивањето на социјалистичките општествени односи и општественото самоуправување, во усогласувањето на своите поединечни и заеднички интереси со општите интереси, во остварувањето на начелото на распределба според трудот и во оспособувањето на работниците за работа и управување, како и заради преземање на иницијативи и мерки за заштита на своите права и интереси и за подобрување на своите животни и работни услови, заради развивање на солидарноста, усогласување на мислења и меѓусебни односи и заради решавање на други прашања од заеднички интерес.
Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, создаден во Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција како доброволен декократски сојуз на граѓаните, е најширока опора на општествено-политичката активност и на општественото самоуправување на работниот народ.
Во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, како дел на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија, граѓаните:
- решаваат општествено-политички прашања од сите области на општествениот живот, ги усогласуваат мислењата и донесуваат политички заклучоци за решавање на тие прашања, за насочување на општествениот развиток и за јакнење на самоуправувањето, остварувањето на правата и интересите на човекот и граѓанинот и унапредувањето на социјалистичките и демократските односи;
- изнесуваат свои мислења и оценки за работата на државните органи, органите на општественото самоуправување, организациите и носителите на јавни функции и вршат општествена контрола над нивната работа, особено во поглед на обезбедувањето на јавноста и одговорноста на нивната работа;
- се борат за остварувањето и заштитата на сите облици на општествено-политичкиот живот што го поттикнуваат социјалистичкиот и демократскиот развиток; даваат политичка иницијатива во сите области на општествениот живот; обезбедуваат што попотполно остварување на своите изборни и други права;
- создаваат услови за сестрано учество на младината и нејзините организации во општествениот и политичкиот живот;
- се борат за хумани односи меѓу луѓето, за развивање на социјалистичката свест и на нормите за социјалистички начин на живеење, како и за отстранување на појавите што го ограничуваат развитокот на социјалистичките и демократските општествени односи или на друг начин им причинуваат штети.
Сојузот на комунистите, двигател и организатор на Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција, со нужноста на историскиот развиток станал организирана раководна сила на работничката класа и на работниот народ во изградувањето на социјализмот и во остварувањето на солидарноста на работните луѓе и на братството и единството на народите.
Сојузот на комунистите со својата насочувачка идејна и политичка работа во условите на социјалистичката демократија и општественото самоуправување, е основен двигател на политичката активност заради заштита и натамошниот развиток на придобивките на Социјалистичката револуција и социјалистичките општествени односи, а посебно заради јакнењето на социјалистичката општествена и демократска свест на луѓето.
V
[уреди] Општествено-политичките односи и облиците утврдени со овој устав се насочени кон проширувањето на условите за натамошниот развиток на социјалистичкото општество, за надминувањето на неговите спротивности, и за таков општествен напредок кој, на основа на сестраната развиеност на производните сили, високата производност на трудот, изобилието на производите и сестраниот развиток на човекот како слободна личност, ќе го овозможи развивањето на такви општествени односи во кои ќе се остварува начелото на комунизмот „Секој според способностите - секому според потребите“.
За таа цел сите државни органи, органите на општественото самоуправување, организациите и граѓаните непосредно - се повикани со целокупната своја дејност:
- да ја прошируваат и јакнат материјалната основа на општеството и животот на поединците со развивањето на производните сили, подигнувањето на производноста на трудот и постојаното унапредување на социјалистичките општествени односи;
- да создаваат услови во кои ќе се надминуваат општествено-економските разлики помеѓу умствениот и физичкиот труд и во кои човечкиот труд ќе станува сè попотполно изразување на творештвото и на човечката личност;
- да ги прошируваат и развиваат сите облици на општествено самоуправување и социјалистичкиот демократизам, особено во областите во кои преовладуваат функциите на политичка власт, да ја ограничуваат присилбата и создаваат услови за нејзиното отстранување и да изградуваат меѓу луѓето односи засновани на свеста за заеднички интереси и на слободна дејност на човекот;
- да придонесуваат за остварувањето на човечките слободи и права, за хуманизирањето на општествената средина и човечката личност, за јакнењето на солидарноста и чивечноста меѓу луѓето и за почитувањето на човечкото достоинство;
- да развиваат сестрана соработка и зближување со сите народи, во согласност со прогресивните тежненија на човештвото кон создавање на слободна заедница на сите народи во светот.
VI
[уреди]Изразувајќи ги основните начела на социјалистичкото општество и неговиот напредок, овој дел на Уставот е и основа за толкувањето на Уставот и законите, како и за дејствувањето на сите и секого.
Глава I: Основни одредби
[уреди]Член 1
Социјалистичка Република Македонија е државна социјалистичка демократска заедница на народот на Македонија заснована на власта на работниот народ и самоуправувањето.
Социјалистичка Република Македонија е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Член 2
Општествено-економското уредување и општествено-политичкиот систем утврдени во Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се основа на општествено-економското и општествено-политичкото уредување на Социјалистичка Република Македонија.
Во Социјалистичка Република Македонија се обезбедува остварувањето и заштитата на слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот предвидени во Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Член 3
Во Социјалистичка Република Македонија работниот народ остварува општествено самоуправување, уредува општествени односи, го насочува развитокот на стопанството и на општествените служби, обезбедува остварување на правата на граѓаните, уставноста и законитоста и ги врши сите општествени работи од заеднички интерес за политичкиот, стопанскиот и културниот живот и општествениот развиток во Републиката, освен работите што со Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се утврдени како права и должности на Федерацијата.
Член 4
Територијата на Социјалистичка Република Македонија е составен дел од територијата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Границите на Социјалистичка Република Македонија можат да се менуваат само на основа на согласност со соодветната република и мислење на населението од соодветното подрачје.
Член 5
За граѓаните на Социјалистичка Република Македонија постои државјанство на Социјалистичка Република Македонија.
Државјаните на другите републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија ги имаат во Социјалистичка Република Македонија истите права и должности како и нејзините државјани.
Член 6
Социјалистичка Република Македонија соработува со другите републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија во работите од заеднички интерес и со нив развива меѓусебни односи.
За остварување на определени цели од заеднички интерес Социјалистичка Република Македонија согласно со другите републики основа заеднички организации, презема заеднички акции и поттикнува размена на искуства и други облици на стопанска и друга соработка.
Член 7
Одлуките, исправите и другите акти издадени од државните органи и овластените организации од другите републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија имаат во Социјалистичка Република Македонија иста важност како и во републиката во која се издадени.
Член 8
Грбот на Социјалистичка Република Македонија претставува поле опкружено со житни класја, испреплетено со полодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарена со народни мотиви. Меѓу врвовите на класјето има петокрака ѕвезда. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река. Зад планината изгрева сонце.
Член 9
Знамето на Социјалистичка Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда. Ѕвездата е црвена со златен (жолт) раб и има правилен петокрак облик. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.
Кога ќе се подели знамето на четири правоаголници, тогаш средишната точка на ѕвездата се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на горниот правоаголник што е до прицврстениот дел на знамето. Горниот крак на ѕвездата е управен спрема горната линија од должината на знамето а долните краци се управени спрема долната линија од должината на знамето. Полупречникот на ѕвездата е еднаков со една шестинка од широчината на знамето.
Член 10
Главен град на Социјалистичка Република Македонија е Скопје.
Глава II: Општествено-економско уредување
[уреди]1. Општествено-економски односи
[уреди]Член 11
Основа за општествено-економското уредување на Социјалистичка Република Македонија се слободниот здружен труд со средствата за производство во општествена сопственост и самоуправувањето на работните луѓе во производството и распределбата на општествениот производ во работната организација и во општествената заедница.
Член 12
Единствено трудот и резултатите на трудот ја определуваат материјалната и општествената положба на човекот.
Никој не може непосредно или посредно да се здобива со материјални и други користи со експлоатација на туѓ труд.
Член 13
Средствата за производство и другите средства на општествениот труд, рудните и другите природни богатства се општествена сопственост.
Располагањето со одделни средства за производство и со други предмети во општествена сопственост и другите права на тие средства и предмети се определуваат со закон според нивната природа и намена.
Член 14
Производот на општествениот труд остварен во работните организации, како основа на општествената репродукција и на задоволувањето на општествените потреби и на личните и заедничките потреби на работните луѓе, се распоредува во рамките на единствениот систем на распределба и на основа на единствени услови и мерила, со кои се обезбедува општествена репродукција, распределба според трудот и општествено самоуправување.
Работната организација - откако ќе обезбеди средства со кои ја обновува вредноста на средствата употребени во работата и по издвојувањето на делот на остварената вредност на производот заради изедначување на условите на трудот и стекнување на доходот - го расподелува доходот на работната организација на дел што служи за проширување на материјалната основа на трудот и на дел за задоволување на личните и заедничките потреби на работните луѓе.
На работната организација ѝ се обезбедува за проширување на материјалната основа на нејзината работа дел од остварената вредност на производот сразмерно со нејзиниот удел во создавањето на средствата за општествена репродукција, а во нестопанските дејности согласно со задачите на работната организација и општествените потреби. За задоволување на личните и заедничките потреби на работните луѓе на работната организација ѝ припаѓа делот од остварената вредност на производот сразмерно со производноста на трудот на работните луѓе и во зависност од деловниот успех на работната организација, а во нестопанските дејности - сразмерно со резултатите од работата во задоволувањето на општествените потреби.
Средствата на работната организација наменети за обновување и проширување на материјалната основа на трудот, како заеднички средства на општествената репродукција, служат за проширување на материјалната основа на работната организација и на општествената заедница како целина. Работната организација располага со овие средства согласно единствените начела за користење на средствата на општествената репродукција утврдени со сојузен закон и со условите и мерилата определени со прописите со кои се обезбедува усогласувањето на стопанскиот развиток и остварувањето на другите односи предвидени со општествените планови.
На работната организација ѝ се обезбедува за проширување на материјалната основа на нејзината работа, покрај средствата што ги создала со својата работа, под еднакви услови да користи и други општествени средства во согласност со единствените начела на кредитниот систем.
Член 15
На секој работен човек во работната организација му припаѓа, согласно со начелото за распределба според трудот, личен доход според резултатите на неговиот труд и работата на работната единица и работната организација како целина.
Член 16
Работните луѓе што со личен труд самостојно вршат културна, професионална или друга слична дејност имаат во начело иста општествено-економска положба и во основа исти права и обврски како и работните луѓе во работните организации.
Работните луѓе што вршат вакви дејности можат да го здружуваат својот труд и да образуваат привремени или потрајни работни заедници, кои имаат во основа иста положба како и работните организации, и во кои работните луѓе имаат во основа исти права и должности како и работните луѓе во работните организации.
Со закон се утврдуваат условите под кои овие работни луѓе и нивните заедници ги остваруваат своите права и ги исполнуваат обврските, како и условите под кои тие во вршењето на својата дејност можат да користат општествени средства и да управуваат со нив.
Член 17
Граѓаните можат со личен труд, во границите и под условите определени со закон, да вржат земјоделска, занаетчиска и друга услужна или слична дејност заради стекнување на доход.
Со закон се определуваат границите и условите под кои граѓаните можат да имаат право на сопственост на средствата на трудот и на деловни простории за вршење на земјоделска, занаетчиска и друга услужна или слична дејност со личен труд.
Забрането е запослувањето на туѓа работна сила заради стекнување на доход.
Во областа на земјоделското производство, занаетчиството и другите услужни или слични дејности што ги вршат граѓаните со свои средства на трудот, може да се дозволи, во границите и под условите определени со закон, употреба на дополнителен труд на други лица.
Член 18
Земјата е добро од општ интерес.
Секое земјиште мора да се искористува согласно со предвидените со закон општи услови кои обезбедуваат рационално искористување на земјиштето и други општи интереси.
Шумите и шумското земјиште уживаат посебна заштита определена со закон.
Начинот на искористувањето на водите за стопански и други цели се уредува со закон.
Член 19
Општествената заедница обезбедува материјални и други услови за основање и развиток на земјоделски работни организации на основа на општествената сопственост на земјата и општествениот труд, како и за соработка на земјоделците со здружените и другите работни организации.
На земјоделците им се гарантира право на сопственост на обработливо земјоделско земјиште во најголема површина од десет хектари на домаќинство.
Со закон се определува во кои граници и под кои услови земјоделците можат да имаат право на споственост на друго земјиште, како и во кои граници и под кои услови другите граѓани можат да имаат право на сопственост на земјоделско и друго земјиште.
Правото на сопственост на шумите и шумското земјиште се уредува со закон.
Член 20
На граѓаните им се гарантира право на сопственост на предмети што служат за лична потрошувачка, употрба или за задоволување на нивните културни и други лични потреби.
Граѓаните можат, во границите определени со сојузен закон, да имаат право на сопственост на станбени згради и станови за задоволување на личните и семејните потреби, како и за вршење на дејности со личен труд во согласност со правата на граѓаните гарантирани со уставот и условите определени со закон.
Член 21
Со закон се определуваат условите под кои општествено-политичките организации и здруженијата на граѓаните можат да имаат право на сопственост на недвижностите и другите предмети што служат за остварување на заедничките интереси на нивните членови и на задачите на организацијата, како и условите под кои тие можат да располагаат со општествени средства што служат за истата цел.
Член 22
Недвижностите на кои граѓаните и правните лица имаат право на сопственост можат, со правичен надоместок, да се експроприраат или тоа право може да се ограничи ако тоа го изискува општиот интерес утврден на основа на сојузен закон.
Правото на сопственост на предмети од посебно културно значење може на основа на закон да се ограничи ако тоа го изискува општиот интерес.
Член 23
Заради обезбедување на услови за што поповолен стопански и општествен развиток, заради изедначување на општите услови за работа и стекнување на доход, заради утврдување на општи мерила за распределба на општествениот производ, заради остварување на начелото на распределба според трудот и развитокот на социјалистичките општествени односи, општините и Социјалистичка Република Македонија, во рамките на своите права и должности, преземаат мерки за остварување на единствениот стопански систем, го планираат развитокот на стопанството и на материјалната основа на другите дејности и за таа цел донесуваат општествени планови.
Заради остварување на односите утврдени со општествените планови, општините и Социјалистичка Република Македонија донесуваат прописи и други општи акти, образуваат општествени фондови и општествени резерви и преземаат економски и други мерки.
Член 24
Средствата на општествената репродукција создадени на територијата на општествено-политичките заедници, како заеднички средства на општествената репродукција, се користат во тие заедници сразмерно на уделот на работните луѓе во нивното создавање. Овие средства се користат во согласност со единствените начела за користење на средствата на општествената репродукција и со условите и мерилата определени со прописи со кои се обезбедува усогласувањето на стопанскиот развиток и остварувањето на другите односи предвидени со општествените планови.
За развитокот на материјалната основа на општествено-политичките заедници служат и други општествени средства во согласност со единствените начела на кредитниот систем.
На општествено-политичките заедници им припаѓаат од личните доходи, како и од другите извори утврдени со сојузен закон, во согласност со начелото за распределба според трудот, средства за задоволување на општествените потреби на нивната територија, и тие самостојно ги утврдуваат тие средства и располагаат со нив.
На стопански недоволно развиените краишта општествената заедница им обезбедува материјални и други услови за нивен побрз стопански развиток и за создавање на материјална основа на општествените дејности.
Член 25
Градовите, индустриските населби, селата и другите населени места, како и подрачјата со посебна намена, се изградуваат и уредуваат на основа на урбанистички и регионални просторни планови, кои мораат да бидат во согласност со стопанскиот и општествениот развиток.
Со закон се пропишуваат општи услови за донесување на урбанистичките и регионалните просторни планови.
2. Просвета, наука и култура
[уреди]Член 26
Општествената заедница се грижи и го поттикнува развитокот на просветата, науката, културата и уметноста.
Член 27
Воспитувањето и образованието на граѓаните се остварува во единствениот систем на воспитување и образование што се утврдува со закон.
Училиштата и другите установи за образование се должни на сите граѓани да им овозможуваат под еднакви услови утврдени со закон да се здобиваат со знаење и спрема.
На припадниците на другите народи на Југославија што живеат во Социјалистичка Република Македонија им се гарантира, според условите утврдени со закон, право на настава и културна дејност на нивниот јазик.
Член 28
Основното школување во траење од осум години е задолжително и се финансира од општествени средства. Со закон може да се предвиди задолжително школување и во подолго траење.
Општествената заедница обезбедува материјални и други услови за основањето и работата на училиштата и другите установи за образование на граѓаните и за унапредување на нивната дејност.
Работните и другите организации со свои средства ја помагаат работата на установите за образование и им осигуруваат средства за работа на установите што ги основале.
Член 29
Со цел да се развива научната мисла и научната творечка дејност, општествената заедница обезбедува услови за унапредување на науката и научно-испитувачката работа.
Општествено-политичките заедници, работните и другите организации основаат и ја помагаат работата на научно-испитувачките установи и обезбедуваат материјални и други услови за научното творештво и за примената на научните достигнувања.
Научните работници се должни, според условите определени со закон, да ги објавуваат резултатите на своите научни испитувања и да го овозможуваат нивното користење и примена.
Член 30
Општествената заедница обезбедува услови за развитокот и унапредувањето на уметничките и другите културни дејности, како и за задоволувањето на уметничките и другите културни потреби на граѓаните.
Член 31
Научното и уметничкито творештво е слободно.
Творците на научни и уметнички дела, како и на научните откритија и технички пронајдоци имаат морални и материјални права на своите творби.
Член 32
Спомениците на културата и природните реткости, објектите од историско значење и другите вредности на националната историја и култура се под посебна заштита на општествената заедница и можат да се користат на начинот определен со закон.
Правата и должностите на државните и другите органи, како и правата и обврските на сопствениците и корисниците на спомениците на културата, објектите од историско значење и другите вредности на националната историја и култура, како и на природните реткости што се наоѓаат под посебна заштита, се уредуваат со закон.
Член 33
Заради што пошироко известување на јавноста општествената заедница создава услови за развитокот на соодветните дејности и го помага основањето на организациите што се занимаваат со објавување и ширење на информации.
Печатот, радиото и телевизијата се должни вистинито и објективно да ја известуваат јавноста, како и да ги објавуваат мислењата и информациите на органите, организациите и граѓаните што се од интерес за известување на јавноста.
Се гарантира правото на исправка на објавена информација со која се нанесува повреда на право или интерес на човекот или на организација.
3. Здравствена и социјална заштита
[уреди]Член 34
Општествената заедница обезбедува услови за основање на здравствени установи, се грижи за здравствената заштита на граѓаните и ја организира и унапредува здравствената служба.
Во организирањето на здравствената служба и осигурувањето на здравствената заштита учествуваат работните и другите организации, како и граѓаните.
Работите од здравствената заштита непосредно ги вршат здравствени установи и здравствените работници како членови на работните заедници.
Секоја здравствена установа и секој здравствен работник се должни да им укажуваат на граѓаните итна медицинска помош.
Член 35
Општествената заедница, а особено општината и работната организација, создаваат услови за развитокот на физичката култура, како и за одмор и разонода на граѓаните и даваат поддршка на иницијативите на граѓаните и нивните здруженија во овие области.
Член 36
Општествената заедница се грижи за остварувањето на социјалната заштита на граѓаните, ја организира и унапредува социјалната служба и ја поттикнува и помага дејноста на организациите во оваа област.
Член 37
Семејството ужива заштита на општествената заедница.
Општествената заедница им дава посебна заштита на мајката и детето.
Општествената заедница особено се грижи за малолетниците за кои нивните родители не се грижат и за други лица што не се во можност да се грижат сами за себе и за заштита на своите права и интереси.
Член 38
Општествената заедница создава услови за оспособување на инвалидите на трудот и на другите граѓани што не се наполно способни за работа.
На граѓаните што се неспособни за работа а немаат средства за издржување, општествената заедница им обезбедува помош.
Член 39
Работниците задолжително се осигуруваат на основа на начелото на заемност и солидарност во рамките на единствениот систем на социјалното осигурување утврден со сојузен закон.
На основа на задолжителното социјално осигурување им се обезбедува на работниците здравствена заштита и други права за случај на болест, намалување или губиток на работна способност, и за старост.
Здравствена заштита и права за случај на смрт на осигуреникот, како и други права на основа на социјалното осигурување, под условите определени со закон, им се обезбедуваат и на членовите на семејството на работникот.
Со закон се воведува и за другите граѓани осигурување заради обезбедување здравствена заштита и други права на основа на социјалното осигурување.
Со службата на социјално осигурување управуваат осигурениците непосредно и преку органи што сами ги избираат и отповикуваат.
Член 40
Општествената заедница се грижи за одржувањето на станбените згради и за станбената изградба.
Станбената изградба и одржувањето на станбените згради се врши од средства на граѓаните и од општествени средства.
4. Работни организации
[уреди]Член 41
Работна организација можат да основаат, согласно со закон, општествено-политичките заедници, работните и другите организации и граѓаните.
Работна организација се основа како претпријатие или друга стопанска организација за дејности во областа на стопанството, или како установа или друга организација за дејности во областа на воспитувањето и образованието, науката, културата, заштитата на здравјето, социјалната заштита или другите општествени служби.
Работните организации, без оглед кој ги основал, имаат иста положба.
На основа на закон можат да се пропишуваат општи услови за вршење на определени дејности на работните организации од посебен општествен интерес.
Со закон можат да се пропишуваат услови за соединување на работните организации, како и за осамостојување или издвојување на нивни одделни делови.
Член 42
Работната организација е самостојна и самоуправна организација.
Работната организација има својство на правно лице и е носител на определени права во поглед на средствата во општествена сопственост со кои управува. На работната организација тие права не можат да ѝ се одземат ниту можат да се ограничат, освен ако тоа го изискува општ интерес утврден со сојузен закон и во постапка пропишана со тој закон, и со соодветен надоместок.
Работната организација е должна да ја запази несмалена вредноста на општествените средства со кои управува.
Работната организација одговара за своите обврски со општествените средства со кои управува.
Член 43
Заради организирање и поттикнување на општествениот труд и соработката на работните луѓе што работат со свои средства на трудот во областа на земјоделството и во другите области на стопанството, заради поврзување на тие дејности со општественото стопанство и проширување на социјалистичките општествени односи во тие области, се основаат задруги како работни организации.
Членувањето во задругите е доброволно.
Со закон и со статутот на задругата или на друга работна организација може да се предвиди работните луѓе што работат со свои средства на трудот и трајно стопански соработуваат со работната организација да учествуваат во управувањето со работната организација во работите во кои соработуваат.
Со закон може да се препише обврска за здружување на земјоделците што работат со свои средства на трудот или нивна соработка со определена работна организација, заради изведување на мелиорациони работи, подобро искористување на мелиорирарното земјиште, искористувањето на водите и одбрана од водите, заштита на земјиштето од ерозија и уредување на пороите, или кога тоа го изискува посебен општествен интерес во областа на одгледувањето и искористувањето на шумите или на унапредувањето на земјоделското производство на определени земјишта.
Член 44
Стопанска организација може, под услови и во постапка предвидени со сојузен закон, да биде укината ако не е во можност да ги обновува средствата за производство и другите средства на трудот со кои управува или да исполнува други обврски определени со закон.
Стопанска организација може, под услови и постапка предвидени со сојузен закон, да биде привремено ставена под присилна управа ако со своето делување тешко ги оштетила општествените интереси.
Установа може, под услови и во постапка предвидени со закон, да биде укината ако не ги исполнува повеќе условите определени со закон или ако нема услови за вршење на нејзината дејност.
Член 45
За остварување на рационална поделба на трудот и делувањето во прашањата од заеднички интерес, работните организации можат да се здружуваат во деловни здруженија.
Работните организации можат да се здружуваат и заради унапредување на производството или другите свои дејности, заради меѓусебна соработка и разгледување и решавање на други прашања од заеднички интерес.
Управувањето со здруженијата на работните организации се заснова на начелата на самоуправувањето на работните луѓе во здружените работни организации.
Работните организации можат да ги соединуваат своите средства заради унапредување и развивање на својата дејност и да склучуваат други спогодби за заедничка дејност и делување.
Член 46
Забрането е здружување или соединување на работни организации и секоја друга дејност на организација и државен орган што е насочена кон спречување или ограничување на слободната размена на производите и услугите заради стекнување на материјални и други предимства што не се засноваат на нивниот труд или со кои се нарушуваат социјалистичките економски односи или се создаваат други нерамноправни односи во делувањето или се нанесува штета на општите интереси утврдени со сојузен закон.
Глава III: Општествено-политичко уредување
[уреди]Член 47
Работниот народ е единствен носител на власта и на управувањето со општествените работи.
Граѓаните остваруваат самоуправување непосредно на собирите на избирачите, преку референдум или други облици на непосредно одлучување во работната организација, општината и другите општествено-политички заедници и преку свои делегати што ги избираат во органите на управување на работните и другите самоуправни организации и во претставничките тела на општествено-политичките заедници.
Противуставен е секој акт со кој се повредува правото на самоуправување.
1. Самоуправување во општествено-политичките заедници
[уреди]Член 48
Општествено-политички заедници се општините, околиите и Социјалистичка Република Македонија.
Општествено-политичките заедници се правни лица.
Член 49
Самоуправувањето на граѓаните во општината е политичка основа на општествено-политичкото уредување на Социјалистичка Република Македонија.
Во општината се создаваат и остваруваат облици на општествено самоуправување од кои произлегуваат органите што вршат функција на власт.
Единството на општествено-политичкото уредување се обезбедува со остварувањето на правата и должностите на сите општествено-политички заедници и со нивните меѓусебни односи утврдени со устав и закон.
Член 50
Функциите на власта и на управувањето со општествените работи ги вршат претставничките тела, како општи органи на општественото самоуправување на општествено-политичките заедници, и органите што ним им се одговорни.
Судската функција ја вршат судовите како самостојни органи на општествената заедница.
Заштитата на уставноста му се доверува на Уставниот суд на Македонија.
Член 51
Претставнички тела на општините, околиите и Републиката се собранија што ги сочинуваат делегати на граѓаните и на работните луѓе во работните заедници.
Во општините, околиите и Републиката се образуваат политичко-извршни органи и органи на управата на собранијата.
Член 52
Членовите на општинските собранија ги избираат непосредно граѓаните и работните луѓе во работните организации, а членовите на околиските собранија и на Собранието на Социјалистичка Република Македонија се избираат според начелото на делегација на општината како основна заедница на граѓаните и работните луѓе.
Непосредните избори за членови на претставничките тела на општествено-политичките заедници се вршат врз основа на општо и еднакво избирачко право.
Член 53
Член на собрание можат избирачите односно собранието што го избрало да го отповикаат.
Изборот и отповикувањето на членовите на сите претставнички тела се врши со тајно гласање.
Изборот и отповикувањето на членовите на претставничките тела се уредува со закон.
Член 54
Членовите на собранијата се избираат за време од четири години.
Секои две години се избира половината од членовите на секој собор на собранието.
Член 55
Никој не може двапати едноподруго да биде член на ист собор на исто собрание.
Никој не може едновремено да биде член на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и на Сојузната скупштина, ниту член на два собора на исто собрание. Член на Собранието на Социјалистичка Република Македонија делегиран во Соборот на народите на Сојузната скупштина го задржува мандатот и на републички пратеник.
Член на Републичкиот собор што бил делегиран во Соборот на народите може да биде избран за пратеник на Републичкиот собор и за наредниот период од четири години, но во овој период не може да биде делегиран во Соборот на народите.
Член на општинско собрание што бил делегиран во околиско собрание може да биде избран за член на општинско собрание и за наредниот период од четири години, но во овој период не може да биде делегиран во околиско собрание.
Член 56
Со овој Устав и со закон се определува кои носители на јавни овластувања подлежат на повторен избор односно именување по истек на определено време.
Член 57
Собранијата, нивните политичко-извршни органи и органите на управата ги вршат работите од својата надлежност на основа и во рамките на уставот и законите.
Секој државен орган, организација или поединец што има јавни овластувања, ги врши своите функции само во границите на овластувањата опредлени со уставот и законите.
Државните органи имаат спрема работните и другите самоуправни организации само права утврдени на основа на уставот.
Член 58
Меѓусебните односи на органите на општествено-политичките заедници се засноваат на правата и должностите утврдени на основа на уставот.
Органите на управата соработуваат со другите органи на управата и работните и другите организации по прашања од заеднички интерес, обезбедуваат заемно известување во работата, и со својата работа овозможуваат ефикасно остварување на правата и интересите на граѓаните и организациите.
Со закон можат, во согласност со правата и должностите на Републиката, да се утврдуваат права и должности на републичките органи на управата спрема околиските и општинските органи на управата во поглед на надзорот над извршувањето на прописите на сојузните и републичките органи.
Член 59
Никој не може да врши јавни овластувања ако тие, согласно со уставот, не му се доверени од граѓаните или од органите што тие ги избираат.
Секој носител на јавна или друга општествена функција е лично одговерен за нејзиното вршење.
Со закон се утврдуваат видовите и условите на одговорност на сите носители на јавни и други општествени функции.
Носител на јавна функција има право да поднесе оставка и да ја образложи.
Член 60
Работата на државните органи, органите на општественото самоуправување и организациите што вршат работи од јавен интерес е јавна и тие се должни да ја известуваат јавноста за својата работа.
Начинот на обезбедувањето на јавноста се определува со закон и статут. Со закон се определува кои податоци мораат да се чуваат како тајна или не можат да се објавуваат.
Заради обезбедување на јавноста и општествената одговорност во работата на државните органи, органите на општественото самоуправување, организациите што вршат работи од јавен интерес и на општествено-политичките заедници, претстставничкото тело во вршењето на општествениот надзор претресува општи прашања во врска со располагањето со општествените средства и со распределбата на доходот, како и со начинот на извршувањето на правата и должностите на тие органи и организации.
Претставничките тела вршат општествен надзор во соработка со органите на самоуправувањето и влијаат на развивањето одговорноста и социјалистичките норми во самоуправувањето, делувањето и располагањето со општествените средства.
Со општествениот надзор не може да се ограничуваат со устав и закон утврдени права на органите, организациите и граѓаните ниту да се нанесува повреда на нивните права и на закон засновани интереси.
Член 61
Работата на сите државни органи, на органите на општественото самоуправување и на организациите што вршат работи од јавен интерес се врши на македонски јазик.
Незнаењето на македонскиот јазик не може да биде пречка за одбраната и за остварувањето на правата и определените интереси на граѓаните и организациите.
На секого му е гарантирано правото во постапката пред судот или другите државни органи и организации што во вршењето на јавните овластувања решаваат за права и обврски на граѓаните, да го употребува својот јазик и во таа постапка да се запознава со фактите на својот јазик.
2. Самоуправувањето во работните организации
[уреди]Член 62
Самоуправувањето во работната организација особено опфаќа право и должност на работните луѓе:
1) да управуваат со работната организација непосредно или преку органи на управување што сами ги избираат;
2) да го организираат производството или другата дејност, да се грижат за развитокот на работната организација и да ги утврдуваат плановите и програмите за работа и развиток;
3) да одлучуваат за размената на производите и услугите и за другите прашања од делувањето на работната организација;
4) да одлучуваат за употребата на општествените средства и за располагањето со нив и да ги користат економски целисходно заради постигање на најголем ефект за работната организација и за општествената заедница;
5) да го распоредуваат доходот на работната организација и да го обезбедуваат развитокот на материјалната основа на својот труд; да го распределуваат доходот на работните луѓе; да ги исполнуваат обврските на работната организација спрема општествената заедница;
6) да одлучуваат за стапувањето на работните луѓе во работна организација; за престанокот на нивната работа и за другите меѓусебни работни односи; да го определуваат работното време во работната организација согласно со општите услови за работа; да уредуваат други прашања од заеднички интерес; да обезбедуваат внатрешна контрола и јавност на работата;
7) да ги уредуваат и унапредуваат условите за својата работа, да организираат заштита во работата и одмор, да обезбедуваат услови за своето образование и за подигање на личниот и општествениот стандард;
8) да одлучуваат за одделувањето на дел од работната организација во одделна организација и за соединувањето и здружувањето на работната организација со други работни организации.
Во управувањето со работната организација во работите од посебен општествен интерес можат да учествуваат и заинтересираните граѓани и претставници на заинтересираните организации и на општествената заедница.
Заради обезбедување на единствена општествено-економска положба на работните луѓе, со закон и статут се утврдуваат правата на самоуправување на работните луѓе што работат во државните органи, општествено-политичките организации или здруженијата во согласност со природата на дејностите на тие органи и организации.
Работните луѓе го остваруваат самоуправувањето во единствениот општествено-економски систем во сосгласност со уставот, законите и статутот и се одговорни за својата работа.
Член 63
Работните луѓе што работат во работна организација воспоставуваат, како членови на работната заедница меѓусебни работни односи и се рамноправни во самоуправувањето.
Организацијата на работата и управувањето во работната организација треба да овозможат работните луѓе на секој степен и во сите делови од работниот процес, што претставуваат целина, што понепосредно да одлучуваат за прашањата на трудот, уредувањето на меѓусебните односи, распределбата на доходот и другите прашања на својата економска положба, обезбедувајќи истовремено најпогодни услови за работа и делување на работната организација како целина.
Со закон и со статутот на работната организација се определува во кои случаи во работната организација се одлучува со референдум.
Член 64
Остварувајќи во работната организација самоуправување, работните луѓе, во согласност со уставот, законот и статутот им доверуваат определени функции на управување на органите на работната организација: работничкиот совет, управниот одбор и директорот, односно на други соодветни органи на управување.
Со закон и со статутот можат да се образуваат и одделни надзорни, стручни и други органи на управување на работната организација.
Во работна организација што врши дејност или работи од посебен општествен интерес заинтересираните граѓани и претставниците на заеинтересираните организации и на општествената заедница учествуваат, во согласност со законот, во управувањето со определени работи како членови на органите на управување на работната организација или на друг начин определен со закон и статут.
Во овие работни организации, за организацијата на работата и за распределбата на доходот одлучуваат само органите на управување што ги избираат членовите на работната заедница. Со закон можат да се определат општи услови и мерила за распределба на доходот и да се предвиди согласност на определени органи на управување на таа работна организација, на друга организација или на државен орган на одделни акти за распределба на доходот или акти на одлучување за работниот процес што се од посебен општествен интерес.
Член 65
Работната организација донесува, во согласност со уставот и законот, статут и други општи акти со кои се уредуваат односите во работната организација.
Со статутот се утврдува внатрешната организација, делокругот и одговорноста на органите на управувањето, положбата на работните единици и правата на работните луѓе во управувањето со тие единици, работните и другите внатрешни односи, начинот на делувањето, како и други прашања од значење за самоуправувањето во работната организација и за нејзиното делување. Со статутот може да се предвиди и определена деловна самостојност на одделни делови на работната организација.
Статутот на работната организација, пред конечното усвојување, му се поднесува на разгледување на општинското собрание. Со закон може да се пропише статутот на определени работни организации да се поднесува на разгледување на собранието на друга општествено-политичка заедница.
Со закон може да се утврди обврска за донесување на одделни општи акти на работната организација и постапка за донесување на статутот и другите општи акти и можат да се предвидат определени овластувања на надлежниот орган на општествено-политичката заедница во поглед на давањето потврда или согласност на статутот или другите општи акти во целина или на одделни нивни делови.
Член 66
Работничкиот совет утврдува статут и други општи акти, утврдува планови и програми за работата и развитокот на работната организација и одлучува за други општи прашања.
Членовите на работничкиот совет ги избираат работните луѓе непосредно.
Работна заедница со помал број членови непосредно ги врши и функциите на работнички совет.
Управниот одбор одлучува за делувањето на работната организација.
Членовите на управниот одбор ги избира работничкиот совет или работната заедница, а со закон или статут може да се определи работната заедница со помал број членови непосредно да ги врши и функциите на управниот одбор.
Членовите на работничкиот совет се избираат на две години, а членовите на управниот одбор на една година.
Никој не може да биде избран двапати едноподруго за член на работнички совет, ниту повеќе од двапати едноподруго за член на управниот одбор.
Секоја година се избира половината членови на работничкиот совет.
Член 67
Органите на самоуправување на работната организација за својата работа одговараат пред работната заедница, како и пред општествената заедница.
На начин и под услови определени со закон работната заедница може да ги отповикува членовите на органите на самоуправување на работната организација. Под исти услови општествено-политичките заедници, заинтересираните организации и граѓани можат да ги отповикуваат членовите на органите на самоуправување што тие ги избрале.
Член 68
Директорот на работната организација раководи со делувањето на работната организација, ги извршува одлуките на работничкиот совет и на другите органи на управување и ја застапува организацијата. Директорот е самостоен во работата и лично е одговорен пред работната заедница и органите на управувањето на работната организација, а за законитоста во работата на работната организација и за исполнувањето на обврските определени со закон е одговорен и пред општествената заедница.
Директорот на работната организација има право и должност да го запре извршувањето на незаконита одлука на работната заедница, на работничкиот совет или управниот одбор и е должен за запирањето веднаш да го извести општинското собрание.
Член 69
Директорот на работната организација го именува на основа на јавен конкурс работничкиот совет по предлог од конкурсната комисија според условите и по постапка што се определуваат со закон. Конкурсната комисија е составена од определен со закон број на претставници на работната организација и на општината односно на друга општествено-политичка заедница.
Со закон може да се определи и поинаков начин на именување на директорот на работна организација што врши дејност од посебен општествен интерес.
Директорот на работната организација се именува за време определено со закон и може според истата постапка да биде повторно именуван.
Со закон се определува под кои услови работничкиот совет односно друг надлежен орган може да го разреши директорот и пред истекот на времето за кое е именуван.
Член 70
Заради остранување и рашавање на определени колективни спорови помеѓу работните луѓе на одделни делови на работната организација, и помеѓу работните луѓе во работната организација и органите на општествено-политичките заедници, на основа на закон се образуваат арбитражи.
Член 71
Со работите од заеднички интерес во областа на управувањето со станбените згради и во другите области на општествениот живот, граѓаните управуваат непосредно или преку органи што ги избираат сами и што им се одговорни за работата.
3. Права на народностите - националните малцинства
[уреди]Член 72
Припадниците на народностите - националните малцинства што живеат во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни во сè и имаат исти права и должности како и Македонците.
Општествено-политичките заедници се грижат припадниците на одделните народности - националните малцинства да бидат застапени во претставничките тела на општествено-политичките заедници, водејќи сметка за структурата на населението на нивното подрачје.
Член 73
На секоја народност - национално малцинство ѝ се гарантира правото слободно да го употребува својот јазик, да ја изразува и развива својата култура и да основа установи и организации што ѝ ги обезбедуваат овие права.
Член 74
Во местата во кои живеат народности - национални малцинства образованието и воспитувањето на припадниците на народностите - националните малцинства се остварува во училишта односно одделенија и воспитни установи во кои наставата и воспитувањето се изведуваат на јазикот на соодветната народност - национално малцинство.
Со закон се уредуваат условите за основањето, организацијата и работата на училиштата и одделенијата во кои наставата се изведува на јазиците на народностите - националните малцинства.
Член 75
Во општините односно околиите на чие подрачје живее поголем број припадници на одделни народности - национални малцинства, одлуките и другите поважни акти на општинските и околиските собранија се објавуваат и на јазикот на народноста - национално малцинство.
Сите жители на национално мешаните подрачја во Социјалистичка Република Македонија имаат еднакво право да го употребуваат својот јазик во управната и судската постапка. Јавните натписи на овие подрачја се двојазични.
Со статутот на општината односно околијата, во согласност со општите услови утврдени со закон, се определуваат поблиски услови и постапка што обезбедуваат остварување на правата на припадниците на народностите - националните малцинства.
4. Народна одбрана
[уреди]Член 76
Неотуѓиво право и должност на народот на Социјалистичка Република Македонија е да ја штити и брани независноста и територијалната целост на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Одбраната на земјата е право и должност на секој граѓанин, работна и друга организација, како и на општината, околијата и Социјалистичка Република Македонија.
Општините, околиите и Социјалистичка Република Македонија, согласно со Уставот на Југославија и сојузен закон, се одговорни за организирањето на цивилната заштита, предвојничката обука и воопшто за подготвувањето и организирањето на одбраната на земјата.
Социјалистичка Република Македонија е должна да го обезбедува остварувањето на правата и извршувањето на должностите и одговорноста на граѓаните и работните и другите организации во областа на народната одбрана определени со сојузен закон.
Глава IV: ОПШТИНА
[уреди]1. Права и должности на општината
[уреди]Член 77
Општината е основна општествено-политичка заедница.
Општината ги има особено следните права и должности:
1) обезбедува материјални и други услови за работа на луѓето и за развитокот на производните сили; го поттикнува подигањето на производноста на трудот;
2) го насочува и усогласува развитокот на стопанството и на општествените служби;
3) ги утврдува и ги распределува средствата за потребите на општината;
4) се грижи за остварување на начелото за распределба според трудот;
5) ја утврдува кредитната политика во рамките на единствениот кредитен систем;
6) создава услови за задоволување на потребите на граѓаните во областа на воспитувањето и образованието, културата, здравството, социјалната заштита, комуналните служби, снабдувањето и другите нивни заеднички потреби;
7) ги усогласува поединечните и заедничките интереси на граѓаните и работните и другите самоуправни организации со општите интереси;
8) определува општи услови за вршење на дејности на комунални и слични организации; непосредно во согласност со законот, ги врши функциите во поглед на уредувањето и користењето на земјиштето и имотот во општа употреба, како и поглед на изградувањето и користењето на станбените згради и уредувањето на станбено-комуналните односи;
9) остварува што понепосредно општествено самоуправување;
10) обезбедува услови за остварување на слободите и правата на граѓаните и уредува односи од непосреден интерес за граѓаните во општината;
11) ја заштитува законитоста;
12) го штити општествениот имот и имотот на граѓаните;
13) ја заштитува сигурноста на луѓето и го обезбедува јавниот ред и мир;
14) врши општествен надзор;
15) образува органи на општината, комунални и други служби од интерес за граѓаните и се грижи за нивното функционирање;
16) ги извршува законите и другите прописи, до колку нивното извршување не е ставено во надлежност на органите на другите општествено-политички заедници;
17) остварува и други права и должности на општествената заедница, освен оние што со уставот се утврдени како права и должности на другите општествено-политички заедници.
Член 78
Правата и должностите на општината се утврдуваат со устав, закон и статутот на општината.
Правата и должностите на општината ги вршат граѓаните на собирите на избирачите и преку други облици на непосредно одлучување, општинското собрание и неговите органи и месните заедници. Правата и должностите на општината овие органи ги остваруваат со учество и во соработка со другите органи на општественото самоуправување во општината.
Член 79
Општините меѓусебно соработуваат, слободно ги здружуваат своите средства заради вршење на определени работи од својата надлежност или заради создавање на услови за задоволување потреби од заеднички интерес, основаат заеднички органи, организации и служби, преземаат заеднички акции и разменуваат искуства.
Член 80
Со општествениот план на општината, во согласност со општествените планови на пошироките општествено-политички заедници, особено се насочува и усогласува развитокот на производните сили и општествените служби; се утврдува политиката на запослување; се утврдуваат средствата на општината и се врши нивна основна распределба; се усогласува личната потрошувачка на граѓаните и заедничката потрошувачка со производството, доходот и продуктивноста на трудот; се определуваат и други мерки за развитокот на стопанството и општествените служби на подрачјето на општината.
Член 81
Општината, во рамките на утврдените со закон извори и видови на приходи, самостојно ги утврдува своите приходи и располага со нив. Своите приходи општината ги распределува во буџетот и фондовите.
На општините што со своите средства не можат да го финансираат извршувањето на своите задачи и работата на општествените служби, им се обезбедуваат од републичките приходи дополнителни средства за финансирање на општествените служби и другите служби на општината, согласно со условите утврдени со закон.
Член 82
Со буџетот на општината се утврдуваат и распоредуваат средства за работата на општинското собрание и неговите органи и служби, за финансирање на определени општествени служби како и за дотации на установите, организациите и здруженијата на граѓаните.
Со буџетот на општината во прв ред се обезбедуваат средства неопходни за работата на органите на општината, на основните училишта и за остварување на основната здравствена заштита на граѓаните.
Член 83
За финансирање на развитокот и унапредувањето на стопанството и другите општествени дејности, општината може да образува фондови.
Со закон може да се предвиди задолжително образување на одделни фондови на општината и да се утврдат извори на средства за тие фондови.
Организацијата, начинот на управувањето и делувањето на фондовите на општината и намената на нивните средства се определуваат со статутот на општината односно одлуката за нивното образување.
Член 84
Општината има статут.
Со статутот на општината, во рамките на уставот и законите, се утврдуваат особено: правата и должностите на општината и начинот на нивното остварување; односите помеѓу граѓаните, работните и другите организации во решавањето на прашања од заеднички интерес; организацијата на комуналните и другите служби; начинот на обезбедувањето на јавноста во работата на органите и организациите во општината; постапката за донесување на прописите, општествениот план и буџетот на општината, како и на урбанистичкиот план; правата на граѓаните, работните и другите самоуправни организации во користењето на фондовите, општествените и другите служби, имотот во општа употреба и другите општествени средства со кои управува општината; организацијата на општинското собрание и другите општински органи и нивните права, должности и овластувања; подрачјата, организацијата и правата на месните заедници и други облици на самоуправување во населените места, како и подрачјата и начинот на работата на собирите на избирачите; облиците на соработка меѓу општествено-политичките организации и општинските органи во утврдувањето и спроведувањето на политиката на општината, како и други прашања во рамките на правата и должностите на општината.
Статутот на општината го донесува општинското собрание самостојно со мнозинство од две третини на гласови од вкупниот број членови на секој собор.
Член 85
Општина се образува за подрачје на едно или повеќе населени места кои се поврзани со заеднички интереси на граѓаните и во кое постојат услови за самостојно остварување на правата и должностите на општината, за нејзиниот материјален и општествен развиток, за развитокот на општественото самоуправување, како и за остварување на правата на граѓаните и вршење на нивните должности.
На подрачјето на град Скопје можат да се образуваат повеќе општини.
Општина се образува и нејзиното подрачје се утврдува со закон, по претходно мислење од граѓаните и соодветните општински и околиски собранија.
2. Општинско собрание
[уреди]Член 86
Општинското собрание е највисок орган на власта и орган на општественото самоуправување во рамките на правата и должностите на општината.
Општинското собрание може заедно со претставниците на општествено-политичките организации и здруженијата, како општ собор, да претресува прашања од општ интерес за општината.
Член 87
Општинското собрание го сочинуваат: општински собор и собор на работните заедници.
Со закон може да се предвиди образување на повеќе собори што ги избираат работните луѓе во работните заедници за одделни области на трудот, како и да се утврди нивниот делокруг.
Соборите на општинското собрание имаат еднаков број членови. Бројот на членовите на соборите се утврдува со статутот на општината во границите определени со закон.
Член 88
Членовите на општинскиот собор ги избираат граѓаните непосредно, а членовите на соборот на работните заедници - работните луѓе што на подрачјето на општината работат во работните организации, државните органи, општествено-политичките организации и здруженијата, земјоделците - членови на задруга или друга работна организација, како и други граѓани што работат на подрачјето на општината, а за кои тоа е определено со закон.
За член на општински собор може да биде избран секој граѓанин што има избирачко право, а за член на собор на работните заедници може да биде избран секој работен човек што има има право да избира членови на овој собор, како и член на орган на управување на работната организација односно на работна заедница, член на орган на управување на здружение на работни организации, како и функционер на синдикатите или на општествено-политичка организација во општината.
Член 89
Одборник на општинско собрание не може истовремено да биде именуван функционер или службеник на државен орган што му одговара на собранието, ниту судија на општински суд.
Член 90
Правата и должностите на одборниците на општинското собрание се утврдуваат со статутот на општината.
Одборниците на општинското собрание се одговорни пред избирачите и пред општинското собрание за вршење на своите права и должности.
Функцијата на одборник на општинското собрание е почесна и бесплатна.
Со статутот на општината може да се може да се определи одборник што врши постојана функција во собранието да има право на постојана месечна награда.
Член 91
Одборник на општинското собрание во вршењето на својата должност ужива имунитет.
Одборник на општинското собрание не може да биде лишен од слобода без одобрение на соборот во кој членува, освен ако е во прашање кривично дело за кое истражниот затвор е задолжителен или ако одборникот бил затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна строг затвор или затвор подолга од една година.
Член 92
Општинското собрание работите од својата надлежност ги врши на седници на собранието односно на соборите, извршните работи по правило преку своите совети, а управните работи преку своите органи на управата.
Член 93
Општинското собрание исклучиво на своите седници: ја определува политиката и одлучва за основните прашања од значење за политичкиот, стопанскиот, културниот, здравствениот, социјалниот, комуналниот и другиот општествен живот и развиток на општината; го донесува и менува статутот на општината; донесува општествен план и програми за развитокот на општината, буџет на општината и завршна сметка за извршување на буџетот; основа работни и други самоуправни организации и фондови, донесува урбанистички и регионален просторен план; ја утврдува организацијата и овластувањата на органите на општината; одлучува за склучување на заеми; избира претседател на собранието, претседатели и определен број членови на советите, како и судии и судии поротници на општинскиот суд; избира членови на претставничките тела на пошироките општествено-политички заедници; именува секретар и раководни службеници во органите на управата на собранието; ја претресува состојбата и општите проблеми на правосудството; врши буџетска контрола, надзор над работата на советите и органите на управата; врши општествен надзор; врши и други работи определени со закон или статут на општината.
Општинското собрание, во вршењето на работите од својата надлежност, донесува одлуки, наредби, упатства, решенија, заклучоци и насоки.
Општинското собрание може да разгледува општи прашања од значење за развитокот на стопанството и другите области на општествениот живот и по тие прашања може да им дава препораки на месните заедници, работните и другите самоуправни организации.
Член 94
Соборите на општинското собрание работат и одлучуваат по правило на заедничка седница.
Соборите на општинското собрание работат и одлучуваат на одделни седници во случаите предвидени со статутот на општината и кога тоа ќе го побара една четвртина од членовите на еден собор.
Со статутот на општината се уредува постапката за отстранување на несогласностите помеѓу соборите. Оваа постапка може да се уредува и со закон.
Член 95
Општинското собрание може за проучување на одделни прашања од својата надлежност, за претресување на предлози и вршење други работи да образува постијани и повремени комисии.
Постојаните комисии на собранието се образуваат и нивниот делокруг се утврдува со статутот на општината.
Член 96
Во општинското собрание се образува комисија за прашања на изборите и именувањата, која ги претресува прашањата во врска со изборот, именувањата и разрешувањата на членовите на телата на собранието и другите функционери и на собранието му поднесува предлози. Оваа комисија ги претресува и општите прашања на кадровската политика во рамките на правата и должностите на општината.
Комисијата ја сочинуваат членови на собранието и претставници на општествено-политичките организации. Составот на комисијата поблиску се определува со статутот на општината.
Член 97
Општинското собрание избира претседател на собранието од редот на членовите на собранието.
Претседателот го претставува собранието и ги свикува неговите седници, се грижи за извршувањето на одлуките и другите прописи на собранието, ја усогласува работата на органите на собранието и врши други работи утврдени со статутот на општината.
Член 98
Советите се политичко-извршни органи на општинското собрание и територијални органи на општественото самоуправување во областа за која се образувани.
Советите, во рамките на својот делокруг, се грижат за остварување на политиката утврдена од собранието и за извршувањето на законите и другите прописи како и одлуките и другите прописи на општинското собрание, даваат предлози за утврдување на политиката на собранието и ги утврдуваат предлозите на одлуките и другите прописи што ги донесува собранието, вршат надзор и им даваат општи насоки за работа на органите на управата, како и претресуваат прашања од заеднички интерес за работните и другите самоуправни организации во областа за која се образувани и им даваат препораки.
Советите вршат управни работи само кога тоа е изречно предвидено со закон или со одлука на општинското собрание.
Советите донесуваат наредби, упатства, решенија, заклучоци и насоки.
Советите за својата работа одговараат пред општинското собрание.
Член 99
Советите се образуваат и нивниот делокруг се утврдува со статутот на општината.
Советите на општинското собрание ги сочинуваат членови избрани од работните и општествените организации и членови што ги избира собранието од редот на своите членови и другите граѓани.
Бројот на членовите на советите избрани од општинското собрание не може да биде поголем од половината од вкупниот број членови на советот.
Членовите на советите се избираат на две години.
Член 100
За вршење управни работи во рамките на правата и должностите на општината, општинското собрание со статутот на општината образува органи на управата.
Органите на управата непосредно ги извршуваат законите, општинските планови и другите прописи, како и заклучоците на собранието и неговите совети, решаваат во управни работи, ја спроведуваат политиката утврдена од собранието, ја следат состојбата во областите за кои се образувани, подготвуваат предлози на прописи и мерки и вршат други стручни работи за собранието и неговите совети, вршат управен надзор и други управни дејства.
Видовите на органите на управата и условите за нивно образување се определуваат со закон.
Работите од својот делокруг органите на управата ги вршат самостојно, во рамките на овластувањата што им се дадени со закон и други прописи и во согласност со насоките на општинското собрание и неговите совети.
Органите на управата за својата работа одговараат пред собранието и неговите совети.
Член 101
Собранието на Социјалистичка Република Македонија може во случај на вонредни околности во Републиката да го продолжи мандатот на членовите на општинските собранија додека траат тие околности.
3. Општини на подрачјето на град Скопје
[уреди]Член 102
Во град Скопје за вршење определени работи од заеднички интерес за градот како целина се образува Градско собрание.
Градското собрание го сочинуваат градски собор и собор на работните заедници. Одборниците на Градското собрание ги избираат како делегати на општините општинските собранија од подрачјето на градот од редот на своите членови, сразмерно со бројот на жителите на општините.
Начинот на избор на одборниците на градското собрание се определува со закон.
Надлежноста на Градското собрание и неговата организација, како и начинот на финансирањето се определуваат со закон и со статутот на град Скопје.
Статутот на град Скопје го донесува Градското собрание со мнозинство гласови на сите свои членови, а влегува во сила откако ќе го усвои мнозинството од општините на подрачјето на градот.
4. Месни заедници
[уреди]Член 103
Во месната заедница, како самоуправна заедница на граѓаните на селските и градските населби, граѓаните непосредно остваруваат самоуправување во дејностите што служат за непосредно задоволување на потребите на работните луѓе и нивните семејства.
Со статутот на општината може да се определи месната заедница да врши и други работи заради задоволување на комуналните, социјалните и другите заеднички потреби на граѓаните, како и начинот на финансирањето на овие дејности.
Месната заедница има својство на правно лице.
Член 104
Месните заедници се образуваат на подрачја на општините што претставуваат урбанистичка и комунална целина.
Месните заедници се образуваат со одлука на општинското собрание а по предлог од собирите на избирачите.
Со статутот на општината и со статутот на месната заедница се утврдуваат органите и организацијата на месната заедница.
Статутот на месната заедница го потврдува општинскито собрание.
Средствата за извршување на задачите на месните заедници се утврдуваат со статутот на општината, а се обезбедуваат од надоместоци за услуги, од средствата што за таа цел ќе ги одделат работните организации, од средствата што општината ќе ги пренесе на месните заедници, а за одделни намени и од самопридонесите од граѓаните врз основа на нивна непосредна одлука.
Месните заедници самостојно располагаат со своите средства.
5. Собири на избирачите
[уреди]Член 105
На собирите на избирачите граѓаните претресуваат прашања од значење за животот и работата во населбата и општината и други прашања од општествен интерес, даваат иницијатива и поднесуваат предлози за нивното решавање, непосредно одлучуваат за прашања определени со закон и статутот на општината и предлагаат кандидати на изборите за членови на претставничките тела.
Работните луѓе на собирите во работните заедници предлагаат кандидати за членови на претставничките тела и вршат други работи на управување утврдени со закон и статут.
Со закон и со статутот на општината се определуваат прашањата за кои надлежните органи можат да одлучуваат само по претходно дадени мислења од собирите на избирачите.
Начинот на свикувањето и работењето на собирите на избирачите се определува со статутот на општината.
Член 106
На собирот на избирачите членовите на општинските собранија поднесуваат извештаи за својата работа и за работата на општинското собрание и одговараат на прашања на избирачите.
Органите на општественото самоуправување, по барање од собирите на избирачите, се должни да ги известуваат собирите за својата работа и да им даваат потребни известувања.
Член 107
Органот на кој му се упатени заклучоците, предлозите и мислењата на собирите на избирачите е должен да ги земе во разгледување и во рок утврден со статутот на општината да ги извести собирите за своите становишта и преземените мерки.
6. Референдум
[уреди]Член 108
Општинското собрание може да распише референдум заради претходно изјаснување на граѓаните за одделни одлуки или мерки од негова надлежност или заради потврдување на такви одлуки или мерки.
Со закон или со статутот на општината можат да се определат прашања за кои задолжително се распишува референдум.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.
Глава V: ОКОЛИЈА
[уреди]Член 109
Околијата како општествено-политичка заедница се образува за вршење работи од заеднички интерес за две или повеќе општини.
Околија се образува и нејзиното подрачје се определува со закон по претходно мислење од собранијата на заинтересираните општини.
Член 110
Правата и должностите на околијата се утврдуваат, во рамките на правата и должностите на Републиката, со овој Устав и со закон.
Општините можат со одлука на своите собранија да ѝ доверат на околијата да врши и определени работи од заеднички интерес за општините. Со одлука на Собранието на Социјалистичка Република Македонија може да се предвиди обврска за околијата да ги врши овие работи.
Член 111
Околијата ги има особено следните права и должности:
1) ја усогласува и поттикнува активноста на општините;
2) се грижи за развитокот на стопанството и другите општествени дејности на своето подрачје, организира посебни служби како и установи за урбанистичко и регионално просторно планирање;
3) се грижи за развитокот на општественото самоуправување;
4) организира и дава стручна и друга помош на општините во остварувањето на нивните права и должности;
5) основа работни и други самоуправни организации и служби од заеднички интерес за општините;
6) врши општествен надзор;
7) врши надзор над законитоста на работата на органите на општините согласно со законот;
8) ги извршува законите и другите прописи кога е изречно овластена;
9) врши и други права и должности утврдени со закон.
Член 112
Правата и должностите на околијата ги остваруваат околиското собрание и неговите органи со учество и во соработка со другите органи на општественото самоуправување во околијата.
Член 113
Начинот на финансирањето на околијата се уредува со закон.
Околијата самостојно ги распоредува своите средства во буџет и фондови.
Член 114
Околијата има статут.
Со статутот на околијата, во рамките на уставот и законите, особено се утврдуваат: правата и должностите на околијата; организацијата и делокругот на органите на околијата; постапката за донесување на прописи и програми за развитокот на стопанството и другите општествени дејности; условите за основање на работни и други самоуправни организации и служби од заеднички интерес за општините, како и правата и обврските на општините во врска со нивното користење; облиците на соработка помеѓу околиските и општинските органи; начинот на вршење надзор над законитоста на работата на општинските органи и други прашања од заеднички интерес за општините во околијата;
Статутот на околијата го донесува околиското собрание самостојно со мнозинство од две третини гласови од вкупниот број членови на секој собор, по претходно мислење од општинските собранија од подрачјето на околијата.
Член 115
Околиското собрание е највисок орган на власта и орган на општественото самоуправување во рамките на правата и должностите на околијата.
Околиското собрание може заедно со претставниците на општествено-политичките организации и здруженијата, како општ собир, да претресува прашања од општ интерес за околијата.
Член 116
Околиското собрание го сочинуваат околиски собор и собор на работните заедници.
Одборниците на околиското собрание ги избираат, како делегати на општините, општинските собранија од подрачјето на околијата од редот на своите членови, сразмерно со бројот на жителите на општината.
Начинот на изборот на одборниците на околиското собрание се определува со закон.
Соборите на околиското собрание имаат еднаков број членови. Бројот на одборниците на соборите се утврдува со статутот на околијата во границите определени со закон.
Собранието на Социјалистичка Република Македонија може во случај на вонредни околности во Републиката да го продолжи мандатот на членовите на околиските собранија додека траат тие околности.
Член 117
Одборник на околиското собрание не може истовремено да биде именуван функционер или службеник на државен орган што му одговара на собранието, ниту судија на окружен суд.
Член 118
Правата и должностите на одборниците на околиското собрание се утврдуваат со статутот на околијата.
Одборниците на околиското собрание за вршење на своите права и должности се одговорни пред избирачите и пред општинското собрание што ги делегирало.
Функцијата на одборник на околиско собрание е почесна и бесплатна.
Со статутот на околијата може да се определи одборник што врши постојана функција во собранието да има право на постојана месечна награда.
Член 119
Околиското собрание исклучиво на своите седници: ја утврдува политиката во рамките на правата и должностите на околијата; го донесува и менува статутот на околијата; донесува програми за развитокот на стопанството и другите општествени дејности за подрачјето на околијата или за делови од тоа подрачје; донесува буџет и завршна сметка за извршување на буџетот на околијата; ја претресува состојбата и општите проблеми на правосудството; основа работни и други самоуправни организации и служби; избира претседател на собранието и претседатели и членови на соборите на собранието; избира судии и судии поротници на окружниот суд; именува секретар и раководни службеници во органите на управата на собранието; врши буџетска контрола, надзор над работата на советите и органите на управата; врши општествен надзор; врши и други работи за кои тоа е определено со закон или статутот на околијата.
Програмите за развитокот на стопанството и на другите општествени дејности што ги донесува околиското собрание се задолжителни за општините ако ги усвојат општинските собранија од подрачјето на околијата односно од делот на подрачјето за кое тие се однесуваат.
Околиското собрание во вршењето на работите од својата надлежност донесува одлуки, наредби, упатства, решенија, заклучоци и насоки.
Околиското собрание може да разгледува општи прашања од значење за развитокот на општините и одделните области на општествените дејности и по тие прашања може да дава препораки.
Член 120
Соборите на околиското собрание работат и одлучуваат по правило на заедничка седница.
Соборите на околиското собрание работат и одлучуваат на одделни седници во случаите предвидени со статутот на околијата и кога тоа ќе го побара една четвртина од членовите на еден собор.
Со статутот на околијата се уредува постапката за остранување на несогласностите помеѓу соборите. Оваа постапка може да се уредува и со закон.
Член 121
Околиското собрание може за проучување на одделни прашања од својата надлежност, за претресување на предлози и за вршење други работи да образува постојани и повремени комисии.
Постојаните комисии на собранието се образуваат и нивниот делокруг се утврдува со статутот на околијата.
Член 122
Во околиското собрание се образува комисија за прашања на изборите и именувањата, која ги претресува прашањата во врска со изборот, именувањата и разрешувањата на членовите на телата на собранието и другите функционери и на собранието му поднесува предлози. Оваа комисија ги претресува и општите прашања на кадровската политика во рамките на правата и должностите на околијата.
Комисијата ја сочинуваат членови на собранието и претставници на општествено-политичките организации. Составот на комисијата поблиску се утврдува со статутот на околијата.
Член 123
Околиското собрание избира претседател на собранието од редот на членовите на собранието.
Претседателот го претставува собранието и ги свикува неговите седници, се грижи за извршување на одлуките и другите прописи на собранието и врши други работи утврдени со статутот на околијата.
Член 124
Советите се политичко-извршни органи на околиското собрание и територијални органи на општественото самоуправување во областа за која се образувани.
Советите, во рамките на својот делокруг, се грижат за остварувањето на политиката утврдена од собранието и за извршувањето на законите и другите прописи како и одлуките и другите прописи на околиското собрание, даваат предлози за утврдување на политиката на собранието и ги утврдуваат предлозите на одлуките и другите прописи што ги донесува собранието, вршат надзор и им даваат насоки за работа на органите на управата, како и претресуваат прашања од заеднички интерес за работните и другите самоуправни организации за областа во која се образувани, а чија дејност се простира на подрачјето на околијата, и на овие организации им даваат препораки.
Советите вршат управни работи само кога тоа изречно е предвидено со закон или со одлука на околиското собрание.
Советите донесуваат наредби, упатства, решенија, насоки и заклучоци.
Советите за својата работа одговараат пред околиското собрание.
Член 125
Советите се образуваат и нивниот делокруг се утврдува со статутот на околијата.
Советите ги сочинуваат членови што ги избира околиското собрание од редот на своите членови, од редот на членовите на соодветните совети на општинските собранија, како и од редот на другите граѓани.
Бројот на членовите на советите избрани од редот на членовите на околиското собрание не може да биде поголем од половината од вкупниот број членови на советот.
Членовите на советот се избираат на две години.
Член 126
За вршење на управни работи, во рамките на правата и должностите на околијата, околиското собрание со статутот на околијата образува органи на управата.
Органите на управата подготвуваат предлози на прописи и други општи акти и вршат други стручни работи за собранието и неговите совети, ги извршуваат одлуките и другите прописи на собранието и неговите совети, кога се изречно овластени непосредно ги применуваат законите и другите прописи и вршат надзор над извршувањето на законите и другите прописи, како и други управни дејности.
Видовите на органите на управата и условите за нивното образување се уредуваат со закон.
Работите од својот делокруг органите на управата ги вршат самостојно во рамките на овластувањата што им се дадени со закон и други прописи и во согласност со насоките на околиското собрание и неговите совети.
Органите на управата одговараат пред собранието и неговите совети.
Глава VI: ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
[уреди]Член 127
Социјалистичка Република Македонија ги има следните права и должности:
1) обезбедува услови за остварувањето и развитокот на општественото самоуправување;
2) ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот и обезбедува услови за нивното остварување;
3) ги штити самоуправните права на работните организации, општините и околиите и се грижи за нивното остварување;
4) ги штити правата на народностите - националните малцинства и се грижи за обезбедувањето на нивното рамноправно учество во општествениот живот;
5) го штити општествено-економското и општествено-политичкото уредување; го обезбедува и заштитува јавниот поредок на територијата на Републиката;
6) обезбедува услови за што поповолен стопански и општествен развиток, како и услови за јакнење на социјалистичките општествено-економски односи; го насочува и усогласува развитокот на стопанството и на другите дејности на Републиката;
7) го утврдува делот на општествениот производ остварен на територијата на Републиката што е потребен за остварување на правата и должностите на Републиката;
8) ги распределува општествените средства на Републиката;
9) ја утврдува кредитната политика во рамките на единствениот кредитен систем и го насочува кредитното и банкарското делување;
10) се грижи и обезбедува услови за развитокот на науката и ја помага и усогласува научно-испитувачката работа;
11) се грижи за развитокот на културата и обезбедува услови за унапредување на културните дејности од општ интерес за Републиката;
12) се грижи за развитокот на просветата и за единството на школскиот систем; обезбедува услови за развитокот на високото школо;
13) се грижи за развитокот на здравствената заштита и презема мерки од општ интерес за Републиката во оваа област; го утврдува системот на организацијата на здравствените служби;
14) се грижи за развитокот на социјалната заштита и другите општествени дејности и презема мерки од општ интерес за Републиката во овие области; го утврдува системот на организацијата на социјалните и другите општествени служби;
15) уредува со закон и други прописи прашања од општо значење за Републиката;
16) го обезбедува единството на правниот поредок на Републиката и единствената примена на републичките закони; ја обезбедува заштитата на уставноста и законитоста;
17) основа републички органи и стручни служби од општ интерес за Републиката и се грижи за нивното функционирање; основа работни организации од општ интерес за Републиката;
18) врши судска функција во рамките на републичката надлежност и ја уредува организацијата на правосудството во Републиката;
19) утврдува општи начела за организацијата на органите на општините и оклиите и се грижи за унапредувањето на нивното работење;
20) врши и други права и должности утврдени со Уставот.
Правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија ги остваруваат републичките органи, во рамките на нивната надлежност определена со овој устав и законите.
Своите политички, општествено-економски, културни и други заеднички интереси граѓаните ги остваруваат и преку општествено-политичките и другите организации, што својата дејност ја вршат на целата територија на Републиката.
Во остварувањето на своите права и должности Републиката се потпира на соработката на општините и околиите, како и на општествено-политичките и другите организации.
Член 128
Социјалистичка Република Македонија, во согласност со општествените планови на Југославија, го утврдува општиот правец на развитокот на стопанството и другите општествени дејности, ги утврдува основните односи во распределбата на општествениот производ, го усогласува развитокот на стопанството и односите помеѓу стопанските гранки и области, ги изедначува општите услови за работа и за стекнување на доход заради остварување начелото на распределба според трудот, ја утврдува политиката на развитокот на неразвиените подрачја, политиката на запослувањето и порастот на продуктивноста на трудот и личната потрошувачка, политиката на изградба на стопански објекти и објекти за потребите на општествените дејности од општ интерес за Републиката што се финансираат од републички средства и создава што поповолни услови за остварување на заедничките интереси на работните луѓе, дејностите на работните организации и функциите на општините и околиите во областа на општествено-економските односи.
Член 129
За остварувањето на своите права и должности Републиката, во рамките на единствениот систем на распределба, самостојно ги утврдува своите приходи и располага со нив.
Средствата на Републиката служат:
1) за финансирање на обврските и задачите на Републиката; за развитокот на одделни општествени дејности; за финансирање на потребите на републичките органи; за дотации на општините, на работните и другите самоуправни организации што остваруваат задачи од општ интерес за Републиката и на републичките фондови;
2) за интервенции во стопанството заради усогласување на односите помеѓу одделни дејности, за изедначување на условите за работа и стекнување доход; за обезбедување стабилноста на стопанството и снабденоста на пазарот;
3) за финансирање на побрзиот стопански развиток на стопански недоволно развиените краишта;
4) за финансирање на изградбата на стопански објекти и објекти за потребите на другите општествени дејности што се од општ интерес за Републиката.
Републиката самостојно располага со овие средства и ги распределува во буџетот и фондовите.
Член 130
Се образува посебен фонд на Републиката за кредитирање на побрзиот стопански развиток на недоволно развиените краишта.
Со закон се утврдуваат постојани извори за финансирање на фондот, посебните услови за кредитирање и начинот на делување на Фондот.
Член 131
За финансирање на одделни дејности во рамките на своите права и должности, Социјалистичка Република Македонија може да основа свои фондови.
Фондовите се основаат и укинуваат со закон.
Со средствата на фондовите самостојно располагаат органите на управување на фондовите во согласност со општата политика што ја утврдува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.
Член 132
Средствата на Републиката наменети за развитокот на стопанството се даваат во вид на кредит, ако со закон или со републичкиот општествен план не е определено поинаку.
Средствата наменети за развитокот на другите дејности се даваат во вид на кредит или без обврска за враќање на начин определен со закон или со републичкиот општествен план.
Член 133
Прашањата што се од општ интерес за Републиката се уредуваат со закон.
Само со закон се уредува: образувањето и укинувањето на општините и околиите и утврдувањето и менувањето на нивните подрачја; републичкото државјанство; изборот и отповикувањето на пратениците на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и одборниците на општинските и околиските собранија; амнестијата и помилувањата; републичките празници; референдумот; организацијата на републичките органи и стручни служби и начелата за нивната работа; општите начела за организацијата на органите на општините и околиите и за нивната работа; организацијата на правосудството; системот и организацијата на научно-испитувачката работа; системот и организацијата на воспитувањето и образованието; организацијата на културните и уметничките установи; системот и организацијата на здравствената и социјалната заштита; урбанистичкото и регионалното просторно планирање; други прашања за кои тоа е определено со овој Устав.
Член 134
Во областите што се уредуваат само со закон општините можат да донесуваат одлуки само ако за тоа се овластени со законот.
Во другите области општините можат, во рамките на своите права и должности, самостојно да донесуваат одлуки заради уредување на прашања и односи од непосреден интерес за општината. Овие одлуки општините се должни да ги усогласат со подоцна донесениот закон во рок од три месеци по влегувањето во сила на законот.
Член 135
Општините можат да донесуваат прописи за извршување на законите само ако за тоа се овластени со закон.
Општинските органи го обезбедуваат извршувањето на законите и другите прописи и непосредно ги извршуваат, доколку со законот или прописот нивното извршување не е ставено во надлежност на републичките или околиските органи односно во надлежност на установите и организациите што вршат работи од јавен интерес.
Член 136
Околиите можат да донесуваат прописи само кога за тоа се овластени со закон.
Околиите можат да бидат овластени да донесуваат прописи само за уредување на работите од заеднички интерес за општините и граѓаните од нивното подрачје.
Околиите можат да донесуваат прописи и за уредување на работите од заеднички интерес на општините што тие им ги довериле.
Член 137
Републичките органи имаат спрема општинските и околиските органи само права утврдени со уставот и со законите.
Општинските и околиските органи се должни да го обезбедуваат извршувањето на законите, другите прописи и мерки на републичките органи во работите од општ интерес за Републиката и за таа цел да соработуваат со нив кога тие оваа соработка ја бараат во согласност со законот.
Само со закон може да се предвиди во извршувањето на одделни работи од општ интерес за Републиката, републичките органи да имаат право на општинските и околиските органи да им издаваат задолжителни инструкции и да вршат право на надзор над работата на тие органи, како и други овластувања заради обезбедување на извршувањето на овие работи.
Работи од општ интерес за Републиката се со закон определени за чие извршување се одговорни републичките органи и кога непосредно ги извршуваат органите во општината и околијата.
Член 138
Само со закон може на подрачјето на општината и околијата да се образуваат органи на управата за вршење одделни управни работи од надлежноста на Републиката, како и да се пропишува обврска на општините и околиите да образуваат органи на управата за вршење на такви работи или работи од општ интерес за Републиката што се пренесени во надлежност на општината односно околијата.
Републиката може непосредно преку свои органи да го обезбедува извршувањето на законите и другите републички прописи за чие што извршување се надлежни општинските и околиските органи, ако и додека овие органи не ги извршуваат тие прописи, со обврска општината односно околијата да ги надоместат причинетите со тоа трошоци.
Со закон може да се определи републичките органи што вршат работи на инспекција или надзор да ги вршат овие работи непосредно на целата територија на Републиката заради контрола на извршувањето на законите и заштитата на законитоста и правата на граѓаните и организациите.
Член 139
Одделни работи од надлежноста на Републиката во врска со извршувањето на законите можат со закон да се пренесат во надлежност на општинските и околиските органи. Во овој случај Републиката е должна на општините и околиите да им обезбеди соодветни средства односно извори на приходи за вршење на тие работи.
Член 140
За решавање на прашања од општ интерес за Републиката, како и за претходно изјаснување на граѓаните за одделни предлози на закони, одлуки и мерки или за нивното потврдување може да се распише референдум.
Со закон можат да се определат прашања по кои задолжително се распишува референдум.
Одлуката на избирачкото тело на референдумот е задолжителна.
Глава VII: СОБРАНИЕ НА СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
[уреди]1. Положба и надлежност
[уреди]Член 141
Собранието на Социјалистичка Република Македонија е највисок орган на власта и орган на општественото самоуправување во рамките на правата и должностите на Републиката.
Собранието своите права и должности ги врши на основа и во рамките на уставот и законите.
Член 142
Собранието, како основен насител на правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија, непосредно и исклучиво:
1) го менува Уставот;
2) донесува закони и дава автентични толкувања на законите;
3) донесува републички општествени планови, републички буџет и завршна сметка за извршувањето на буџетот;
4) донесува и одобрува финансиски планови и завешни сметки на републичките фондови определени со закон;
5) одлучува за распишување на јавни заеми;
6) претресува општи политички прашања и ги утврдува основите на политиката во рамките на правата и должностите на Републиката; ги утврдува обврските на републичките органи и организации за извршување на законите и другите акти и политиката на Собранието;
7) одлучува за измена на границите на Социјалистичка Република Македонија;
8) распишува републички референдум;
9) основа работни и други самоуправни организации од општ интерес за Републиката определени со закон;
10) дава амнестија за кривични дела определени со републички закони;
11) ги претресува извештаите на републичките судови за примената на законите од страна на судовите; ги претресува извештаите на органите на републичката управа, како и извештаите на самоуправните организации определени со закон;
12) врши политичка контрола над работата на Извршниот совет и републичките органи на управата, врши контрола над извршувањето на републичките општествени планови, републичкиот буџет и финансиските планови на републичките фондови определени со закон; врши општествен надзор; зазема начелни ставови по извештаите што ги претресува;
13) одлучува за продолжување на мандатот на пратениците и одборниците на општинските и околиските собранија;
14) избира и отповикува определен број пратеници за Соборот на народите на Сојузната скупштина;
15) избира и разрешува претседател и потпретседател на Собранието;
16) избира и разрешува претседател и членови на Извршниот совет, на одборите и комисиите на Собранието;
17) избира и разрешува претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, на Врховниот суд на Македонија и на другите судови кога е тоа определено со закон;
18) именува и разрешува републички секретари, секретар на Извршниот совет како и функционери и членови на органите на управувањето на организациите определени со закон или друг акт на Собранието;
19) врши други работи утврдени со Уставот.
Собранието може да донесува декларации и резолуции и на државните органи и самоуправните организации да им дава препораки во кои се изразува мислење по прашања од општ интерес.
Член 143
Собранието на Социјалистичка Република Мокедонија може заедно со претставниците на општествено-политичките организации и здруженијата, како општ собор, да претресува прашања од општ интерес за Републиката.
2. Состав и избор
[уреди]Член 144
Собранието го сочинуваат Републички собор, како собор на делегати на граѓаните во општините, и Стопански собор, Просветно-културен собор, Социјално-здравствен собор и Организационо-политички собор, како собори на делегатите на работните луѓе во работните заедници.
Член 145
Републичкиот собор има 100 пратеници, а Стопанскиот, Просветно-културниот, Социјално-здравствениот и Организационо-политичкиот имаат по 60 пратеници, што се избираат согласно со нормата еден пратеник да се избира на еднаков број жители и во една или повеќе општини, како изборна единица, да се избира по еден пратеник за секој собор.
Член 146
Пратеници за Републичкиот собор избираат општинско собрание односно собранија на две или повеќе општини и граѓаните непосредно.
Пратеници за соборите на работните заедници на Собранието избираат општинско собрание односно собранија на две или повеќе општини.
Пратенички кандидати за Републичкиот собор предлагаат граѓаните на собирите на избирачи или група на граѓани, а пратенички кандидати за соборите на работните заедници работните луѓе во работните заедници од соодветната област на трудот.
Член 147
Право да биде избран за пратеник во Републичкиот собор има секој граѓанин што има избирачко право.
Право да биде избран за пратеник во Стопанскиот, Просветно-културниот односно Социјално-здравствениот собор има секој работен човек или член на орган на управување на работна организација односно на работна заедница во соодветната област на трудот, член на орган на управување на здружение на работни организации и функционер на синдикатите, во соодветната област на трудот.
Право да биде избран за пратеник во Организационо-политичкиот собор има секој член на орган на управување на работна организација односно на работна заедница, член на орган на управување на здружение на работни организации, како и функционер на општествено-политичка организација или здружение, чија што дејност се однесува на прашања од областа на општествено-политичкиот систем.
За пратеник на секој од соборите на работните заедници може да биде избран, според условите определени со закон, и друг граѓанин што се занимава со дејност од соодветната област.
За пратеник на собор на работните заедници може да биде избран само граѓанин што има избирачко право.
Член 148
Пратеник во Републичкиот собор станува кандидатот избран во општинското собрание односно во општинските собранија со мнозинство определено со закон за кој по тој избор гласало мнозинството од сите избирачи на изборната единица, а ако се избрани повеќе кандидати, пратеник станува кандидатот што добил најголем број гласови во изборната единица.
Пратеник во Стопанскиот, Просветно-културниот, Социјално-здравствениот односно Организационо-политичкиот собор станува кандидатот што е избран во општинското собрание односно во општинските собранија со мнозинство определено со закон.
Член 149
Пратеник не може истовремено да биде именуван функционер или службеник на државен орган што му одговара на Собранието, ниту судија на републички суд.
Член 150
Пратеник на Собранието е отповикан ако за отповикување се изјаснило мнозинство на избирачите определено со закон.
Член 151
Избори за пратеници распишува претседателот на Собранието.
Изборите за нови пратеници мора да се одржат најдоцна на петнаесет дена пред истекот на изборниот период на пратениците на кои мандатот им истекува.
Ако е распуштен некој собор на Собранието избори се распишуваат во рок од 15 дена од денот на распуштањето.
Мандатот на пратениците на новоизбраниот собор трае до истекот на времето за кое биле избрани пратениците на соборот што е распуштен.
Од денот на распишувањето на изборите до денот на изборот на пратениците не може да помине повеќе од два месеци ни помалку од еден месец.
Со денот на верификацијата на мандатот на новите пратеници им престанува функцијата на пратениците на кои им истекол мандатот.
Член 152
Собранието може во вонредни околности да го продолжи мандатот на пратениците за време додека таквата состојба трае. Избори се распишуваат веднаш штом ќе престанат околностите поради кои бил продолжен мандатот на пратениците.
3. Делокруг и работа
[уреди]Член 153
Работите од надлежноста на Собранието ги врши Републичкиот собор заедно со друг надлежен собор рамноправно.
Определени работи од надлежноста на Собранието врши одделен собор на Собранието самостојно.
Собранието врши определени работи од својата надлежност на заедничка седница на сите собори.
Собранието врши определени работи од својата надлежност во одбори, комисии и други тела на соборите и на Собранието.
Член 154
Републичкиот собор рамноправно со Стопанскиот собор:
претресува прашања од интерес за работните заедници од областа на стопанството, како и други прашања од областа на стопанството и финансиите;
донесува закони и други акти во тие области;
донесува републички општествени планови.
Член 155
Републичкиот собор рамноправно со Просветно-културниот собор:
претресува прашања од интерес за работните заедници од областа на просветата, науката, уметноста и другите области на културата, физичката култура, како и други прашања од тие области;
донесува закони и други акти во тие области.
Член 156
Републичкиот собор рамноправно со Социјално-здравствениот собор:
претресува прашања од интерес за работните заедници од областа на здравјето, социјалното осигурување и другите области на социјалната политика, како и други прашања од тие области;
донесува закони и други акти во тие области.
Член 157
Републичкиот собор рамноправно со Организационо-политичкиот собор:
претресува прашања од областа на општествено-политичкото уредување и другите области од надлежноста на Собранието, освен прашањата што според овој устав спаѓаат во рамноправен делокруг на другите собори или во самостоен делокруг на некој друг собор;
донесува закони и други акти доколку тоа не спаѓа во рамноправен делокруг на другите собори или во самостоен делокруг на Републичкиот собор;
донесува републички буџет и завршна сметка.
Член 158
Републичкиот собор самостојно:
1) одлучува за измена на границите на Социјалистичка Република Македонија;
2) дава амнестија за кривични дела опредлени со републички закон;
3) одлучува за продолжување на мандатот на одборниците на општинските и околиските собранија;
4) избира пратеници на Соборот на народите на Сојузната скупштина;
5) ги укинува или поништува прописите и другите акти на Извршниот совет што се во спротивност со Уставот или со законите;
6) избира и разрешува претседател и членови на Извршниот совет, претседатели и членови на своите одбори и комисии;
7) избира и разрешува претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, на Врховниот суд на Македонија и на другите судови кога е тоа определено со закон;
8) именува и разрешува републички секретари, секретар на Извршниот совет, како и функционери и членови на органите на управување на организациите за кои тоа е определено со закон или со друг акт на Собранието;
9) одлучува за надоместоците на пратениците и функционерите што Собранието ги избира или именува;
10) врши други работи од надлежноста на Собранието што не се ставени во рамноправен делокруг на други собори или на самостоен делокруг на друг собор.
Член 159
Соборите на работните заедници можат, секој во својот делокруг, самостојно да претресуваат прашања во врска со извршувањето на законите и другите акти на Собранието и други прашања од заеднички интерес за работните и другите самоуправни организации и работните заедници од соодветната област на трудот, со цел да се усогласуваат нивните односи и да се развива нивната меѓусебна соработка. Овие собори имаат право по овие прашања на соодветните самоуправни организации, работни заедници и државни органи да им даваат препораки.
Секој собор може, во својот делокруг, да бара извештаи од Извршниот совет и да му упатува прашања.
Секој собор може, во својот делокруг, да бара извештаи и објаснувања од републичките секретари и другите функционери што раководат со републичките органи на управата.
Член 160
Собранието на заедничка седница на сите собори избира и разрешува претседател и потпретседател на Собранието, одлучува за продолжувањето на мандатот на пратениците и утврдува дека престанале околностите поради кои мандатот на пратениците бил продолжен.
Член 161
Секој собор на Собранието донесува полноважни одлуки со мнозинство гласови на седница на која присуствува мнозинство од членовите на соборот, доклку со овој устав за донесување на одделни одлуки не се бара посебно мнозинство.
Собранието на заедничка седница на сите собори, донесува полноважни одлуки со мнозинство гласови, доколку со овој устав не се бара посебно мнозинство. За донесување на одлуки на заедничка седница потребно е присуство на мнозинството од членовите на секој собор.
Член 162
Секој собор на Собранието заседава и одлучува одделно на свои седници, но соборите можат да одлучат и да заседаваат и работат заедно.
Два собора кои учествуваат рамноправно во донесувањето на закон или друг акт можат да одлучат законот или актот да го претресат или да го донесат на заедничка седница.
Два или повеќе собори можат да одлучат на заедничка седница да претресат прашања од заеднички интерес за тие собори.
Соборите кога ќе одлучат да гласат на заедничка едница, членовите на секој собор гласаат одделно.
Гласањето е јавно, освен ако Собранието или соборот не определи гласањето да се врши тајно.
Член 163
Собранието има свој деловник што се донесува на заедничка седница на сите собори.
Секој собор на Собранието самостојно донесува деловник за својата работа.
Член 164
Секој собор на Собранието самостојно врши верификација на мандатите и одлучува за мандатно-имунитететните прашања на своите членови.
4. Донесување на закони
[уреди]Член 165
Право на предлагање закони или други акти има секој пратеник во својот собор, Извршниот совет и одбор на собор.
Секој собор може да предложи донесување на закони и други акти од делокругот на другиот собор.
Барање за донесување на закони може да потекне и од општинско или околиско собрание, од самоуправна организација, од општествено-политичка организација, здружение и од граѓаните.
Член 166
Секој собор на Собранието има право да претресува предлог на закон, општествен план и буџет како и друго прашање од делокругот на друг собор и по тој предлог или прашање да му даде мислење на надлежниот собор, ако предлогот или прашањето се однесува и на области од неговиот делокруг.
Надлежниот собор може да бара од другите собори мислење по предлог на закон, општествен план, буџет и по други прашања.
Надлежниот собор е должен да го земе во претрес мислењето на другите собори и да заземе став по нив.
Член 167
Надлежните собори на Собранието можат да одлучат предлог на закон да се изнесе на јавна дискусија или при претресувањето на предлогот на закон или друг акт можат да повикаат претставници на самоуправните организации, на општествено-политичките организации и на здруженијата за давање на мислења и предлози.
Член 168
Законот или друг акт во чие донесување рамноправно учествуваат два собора на Собранието се смета за донесен кога е изгласан во истоветен текст во обата собора.
Ако не се постигне согласност за истоветноста на текстот на законот или другиот акт по два претреса едноподруго на спорното прашање, соборите образуваат зедничка комисија составена од еднаков број членови на обата собора, на која ѝ се доверува составување на предлог за решавање на спорот.
Ако во заедничката комисија не се постигне согласност или ако еден собор не го усвои текстот што го предложила комисијата, предлогот на законот или другиот акт се изнесува на заедничка седница на обата собора.
Ако не се постигне согласност ни на заедничката седница, предлогот на законот или другиот акт се симнува од дневниот ред на Собранието и одново може да се стави на дневен ред по предлог на еден од соборите или Извршниот совет дури по истекот на шест месеци од денот на симнувањето од дневниот ред. На основа на одлука на обата собора спорниот акт може да се стави на дневен ред и пред истекот на овој рок.
Член 169
Кога поради несогласност помеѓу Републичкиот собор и друг надлежен собор не можел да биде донесен општествениот план или буџетот до рокот кога тие мора да влезат во сила, обата собора се распуштаат и општествениот план односно буџетот се сметаат за донесени во текстот изгласан во Републичкиот собор.
Новоизбраните собори можат да донесат нов општествен план односно буџет.
Кога поради несогласност помеѓу Републичкиот собор и друг надлежен собор, ни по постапката предвидена за постигнување согласност, не можел да биде донесен закон чие донесување Извршниот совет го смета за неопходно и итно, обата собора се распуштаат и за донесен се смета законот во текстот изгласан во Републичкиот собор.
5. Претседател на Собранието и претседатели на соборите
[уреди]Член 170
Собранието има претседател и еден или повеќе потпретседатели што се избираат од редот на пратениците на Републичкиот собор.
Претседателот и потпретседателите на Собранието и претседателите на соборите кои ја вршеле оваа функција четири години не можат на истата функција да бидат избрани за наредниот период од четири години.
Собранието има секретар што го именува и разрешува Републичкиот собор.
Член 171
Претседателот на Собранието го претставува Собранието, свикува заеднички седници на соборите и им претседава, се грижи за примената на деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и деловникот на Собранието.
Претседателот на Собранието може да свика заедничка седница на сите собори заради претресување на прашања од општо политичко значење.
Претседателот на Собранието свикува заедничка седница на сите собори по предлог од најмалку три собора, а заедничка седница на два или повеќе собори - по предлог од два собора.
Претседателот на Собранието ги потпишува сите акти на Собранието, освен препораките на одделните собори.
Претседателот на Собранието со указ ги прогласува законите.
Член 172
Претседателот на Собранието со потпретседателите на Собранието и претседателите на соборите ги толкува одредбите на деловникот на Собранието и на соборите за надлежноста на соборите и одборите на Собранието и зазема ставови по други прашања од заеднички интерес за работата на соборите определени со деловникот на Собранието.
Член 173
Секој собор на Собранието има претседател и потпретседател што ги избира од редот на своите членови.
Седници на одделен собор свикува претседателот на соборот на основа на одлука на самиот собор или по сопствена иницијатива, а е должен да свика седница по предлог од претседателот на Собранието или Извршниот совет и кога е тоа определено со овој устав.
Ако претседателот на соборот не свика седница кога е тоа определено со овој устав, соборот ќе се состане по повик од дваесет свои членови или претседателот на Собранието.
Претседателот на соборот ги потпишува препораките што ги донесува самостојно соборот.
6. Права и должности на пратениците
[уреди]Член 174
Секој пратеник има право да му поднесува на соборот чиј е член предлози на закони, одлуки, препораки, декларации и резолуции и да подига други прашања од делокругот на соборот.
Член 175
Пратеникот има право да му предлага на соборот чиј е член претресување на прашања што се однесуваат на политиката и работата на Извршниот совет, на извршувањето на законите или на работата на републичките органи на управата.
Определен број пратеници има право согласно со деловникот да предлага избор, именување и разрешување на функционери што ги избира односно именува Собранието, доколку со овој устав не е определено поинаку.
Секој пратеник има право да им поставува на Извршниот совет или на функционерите што раководат со републичките органи на управата прашања што се однесуваат на нивната работа или на работите од нивната надлежност.
Член 176
Секој пратеник има право да бара известувања од републичките секретари и другите функционери што раководат со самостојните републички органи на управата.
Секретарот односно другиот функционер е должен на пратеникот да му го даде бараното известување.
Член 177
Пратеникот им е одговорен на избирачите и е должен за својата работа и за работата на соборот чиј е член да ги известува избирачите на изборната единица во која е избран.
Пратеникот има право да учествува во работата на општинското собрание што го избрало.
Пратеникот е должен општинското собрание по негово барање, да го известува за својата работа и за работата на соборот чиј е член. Тој е должен по барање од собранието да изнесе пред соборот чиј е член негов предлог или мислење за прашања од надлежноста на соборот.
Заради вршење на својата пратеничка должност пратеникот има право да бара од државните органи, работните и другите самоуправни организации од подрачјето на изборната единица во која е избран, податоци што му се потребни за неговата работа во Собранието.
Член 178
Пратеник на Републичкиот собор не може истовремено да биде именуван функционер ниту службеник во државен орган.
Со закон се опредлува под кои услови пратеник на Републичкиот собор има право да се врати на своето поранешно или на соодветно работно место и има определени права што се стекнуваат на основа на трудот.
Член 179
Пратеникот ужива имунитет во Собранието и надвор од него.
Пратеникот не може да биде повикан на одговорност, притворен, ниту казнет за искажано мислење или давање на глас во Собранието.
Пратеникот не може да биде притворен без одобрение на соборот чиј е член, ниту против него ако се повика на имунитетот може да се поведе кривична постапка без одобрение на соборот чиј е член.
Пратеникот може да биде притворен без одобрение на соборот чиј е член само ако е затекнат во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна строг затвор во траење подолго од пет години. Во таков случај државниот орган што го лишил пратеникот од слобода е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието. Претседателот ќе го изнесе ова прашање пред соодветниот собор за да одлучи дали постапката ќе се продолжи односно дали решението за лишување од слобода ќе остане во сила.
Соборот може да го воспостави имунитетското право и на пратеник кој не се повикал на имунитетот ако е тоа потребно заради вршењето на функцијата на пратеник.
Ако соборот не заседава, одобрение за лишување од слобода и за поведување односно за продолжување на кривичната постапка дава и одлучува за воспоставувањето на имунитетското право на пратеникот мандатно-имунитетската комисија на соодветниот собор со дополнителна потврда на соборот.
7. Одбори и комисии
[уреди]Член 180
За разгледување на општите прашања на политиката и за поднесување на предлози на Собранието по тие прашања, за проучување на предлозите на закони и други акти на Собранието и за претресување на други прашања од делокругот на Републичкиот собор, се образуваат постојани одбори на Републичкиот собор.
Овие одбори се образуваат и нивниот делокруг се определува со одлука на Републичкиот собор.
Член 181
Постојаните одбори на Републичкиот собор во рамките на својот делокруг особено:
ја претресуваат состојбата во одделни области на општествениот живот, ја следат работата на републичките органи и извршувањето на законите и другите акти на Собранието и му предлагаат на Собранието и на Извршниот совет утврдување на политиката и мерките за извршување на законите и другите акти на Собранието;
ги проучуваат предлозите на законите и другите акти и другите прашања од надлежноста на Собранието и му поднесуваат на Републичкиот собор свои извештааи и предлози;
ги утврдуваат предлозите на законите и другите акти на Собранието и имаат право од републичките органи на управата да бараат да изготват нацрти на одделни закони и други акти на Собранието.
Член 182
Постојаните одбори на Републичкиот собор можат да бараат од Извршниот совет да го изнесе својот став преку свој претставник по одделни прашања што се на дневен ред на седницата на одборот или да му достави свое мислење за нацрт на одделен закон или друг акт.
Одборите можат од републичките функционери да бараат да ја изнесат состојбата во соодветната област на управата, да поднесат извештаи за извршувањето на законите и другите прописи и за други прашања од делокругот на соодветниот орган на управата, како и усно или писмено да им одговараат на поставените прашања и да им дадат известувања и објаснувања.
Член 183
Постојаните одбори на Републичкиот собор можат да вршат анкети и сослушувања и за таа цел да бараат од државните органи и организации потребни податоци, акти и исправи. Одборите не можат да имаат иследни или судски функции.
Одборите можат да повикуваат претставници на одделни организации за давање мислења и предлози или за советување по одделни прашања.
Член 184
За проучување на предлозите на законите и другите акти и за претресување на други прашања од својот делокруг Стопанскиот, Просветно-културниот, Социјално-здравствениот и Организационо-политичкиот собор можат да образуваат свои одбори.
Член 185
Во Собранието се образува комисија за прашања на изборите и именувањата.
Претседателот и мнозинството членови на оваа комисија ги избираат Републичкиот собор и другите собори од редот на пратениците, а определен број членови делегира Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија.
Оваа комисија ги претресува сите прашања во врска со изборите, именувањата и разрешувањата, од надлежноста на Собранието, како и општите прашања на кадровската политика во рамките на правата и должностите на Републката.
Член 186
Собранието и неговите собори можат да образуваат и други постојани и повремени комисии и други тела, на кои им доверуваат проучување на определени прашања, составување на нацрти на одделни закони и предлози на други акти и вршење анкети. Членовите на овие комисии се избираат од редот на пратениците, а членовите на одделни комисии можат да се именуваат и од редот на стручњаците и јавните работници.
Собранието може да образува стручни, советодавни и слични служби потребни за работата на Собранието.
8. Измена на Уставот
[уреди]Член 187
За измена на Уставот одлучува Републичкиот собор по постапка утврдена со овој устав.
Предлог за измена на Уставот можат да поднесат најмалку дваесет пратеници на Републичкиот собор или Извршниот совет.
Републичкиот собор претходно одлучува дали да пристапи кон решавање за измена на Уставот. Одлуката се донесува со мнозинство гласови на сите пратеници на Републичкиот собор.
Член 188
Пред претресувањето на предлогот за измена на Уставот, Републичкиот собор им го доставува предлогот на Стопанскиот собор, Просветно-културниот собор, Социјално-здравствениот собор и Организационо-политичкиот собор, кои го претресуваат предлогот за измена на Уставот и на Републичкиот собор му даваат свое мислење. Откако ќе ги добие мислењата од другите собори, Републичкиот собор пристапува кон претрес на предлогот за измена на Уставот.
Член 189
Во текот на претресот на предлогот за измена на Уставот Републичкиот собор зазема став и по мислењата на другите собори на Собранието.
Измената на Уставот е усвоена ако за неа гласаат две третини од пратениците на Републичкиот собор.
Член 190
Ако најдоцна во рок од петнаесет дена по усвојувањето на измената на Уставот во Републичкиот собор, најмалку три собора не се согласат со усвоениот текст на измената, измената на Уставот усвоена во Републичкиот собор се изнесува на референдум.
Референдумот за измена на Уставот го распишува претседателот на Собранието. Референдумот ќе се одржи во рок од два месеци од денот на усвојувањето на измената во Републичкиот собор.
Измената на Уставот изнесена на референдум е усвоена ако за неа гласа мнозинството од сите избирачи во Републиката.
Измената на Уставот ја прогласува Републичкиот собор.
Глава VIII: Политичко-извршни и управни органи на собранието на Социјалистичка Република Македонија
[уреди]А) Извршен совет
[уреди]Член 191
Извршниот совет е орган на Собранието на кого му се доверува политичко-извршната функција во рамките на правата и должностите на Републиката.
Извршниот совет е одговорен за спроведувањето на политиката на Републиката чии основи ги утврдува Собранието.
Извршниот совет работите од својата надлежност ги врши на основа и во рамките на уставот и законите.
Член 192
Извршниот совет го сочинуваат претседател и определен број членови.
Бројот на членовите на Извршниот совет се определува при неговиот избор.
Член 193
Претседателот и членовите на Извршниот совет ги избира Републичкиот собор од редот на пратениците на Собранието.
Предлог за претседател на Извршниот совет поднесува комисијата за прашања на изборите и именувањата, а можат да поднесат и најмалку дваесет членови на Републичкиот собор.
Републичкиот собор го избира Извршниот совет по предлог од пратеникот предложен за претседател на Извршниот совет и на основа на мислење од комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Член 194
Републичкиот собор може по исклучок да избере за претседател или член на Извршниот совет пратеник кој непосредно пред тоа оваа функција ја вршел четири години, ако за тоа постојат оправдани причини, но најмалку за време од уште четири години. За претседателот на Извршниот совет одлука за тоа донесува Републичкиот собор по предлог од комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку дваесет членови на Републичкиот собор, а за член на Извршниот совет по предлог од претседателот на Извршниот совет односно пратеникот што е предложен за претседател.
Пред преминот на избор, Републичкиот собор одлучува со мнозинство гласови од своите членови за оправданоста на изложените причини за отстапување од начелото за ограничување на повторен избор.
Претседателот на Извршниот совет има право да му предлага на Републичкиот собор разрешување на одделни членови на Советот и избор на нови.
Предлог за разрешување на претседателот на Извршниот совет можат да поднесат комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку дваесет членови на Републичкиот собор.
Разрешувањето од должност на претседател на Извршниот совет повлекува разрешување на целиот Совет.
Оставката на претседателот на Извтшниот совет како и оставката на мнозинството членови на Советот повлекува оставка на целиот Совет.
Член 195
Извршниот совет:
1) му предлага на Собранието утврдување на политиката и се грижи за спроведувањето на политиката што ја утврдува Собранието;
2) се грижи за извршувањето на законите, на републичките општествени планови, републичкиот буџет и другите акти на Собранието; врши надзор над работата на републичките органи на управата и им дава општи насоки за нивната работа;
3) му предлага на Собранието донесување на закони и други акти и има право да дава мислења по предлозите на закони што на Собранието му ги поднесуваат соборите, одборите на соборите или пратениците;
4) ги утврдува предлозите на републичките општествени планови, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот;
5) донесува уредби, одлуки и упатства за извршување на републичките закони и другите општи акти на Собранието кога за тоа е овластен со закон или со тие акти;
6) основа републички органи на управа што не се основаат со закон како и стручни служби на Советот;
7) основа, согласно закон, работни организации и други организации за вршење работи за потребите на Советот и на другите републички органи;
8) утврдува општи начела за внатрешната организација на републичките органи на управата;
9) ги укинува прописите на републичките органи на управата ако се во спротивност со закон, уредба или други прописи на Извршниот совет;
10) му предлага на Собранието избор и разрешување на претседател и судии на Врховниот суд на Македонија и на другите судови чии избор е ставен во надлежност на Собранието;
11) именува функционери во Советот и во републичките органи на управата и директори на работните организации, како и членови на органите на управувањето во работните организации, за кои тоа е определено со закон или со актот за нивното основање;
12) располага, во рамките на законите, со општествени републички фондови;
13) врши помилувања;
14) врши и други работи утврдени со Уставот и законите.
Член 196
Извршниот совет за работите од својата надлежност одлучува на седници.
На седниците на Извршниот совет со право на член на Советот учествуваат републичките секретари и секретарот на Советот кога на дневен ред на седницата се прашања од делокругот на секретаријатот со кој раководат.
Извршниот совет може да образува свои одбори и други тела за координирање на работата на републичките органи на управата и за претресување на прашања од заеднички интерес за повеќе органи на управата.
Организацијата и начинот на работата на Извршниот совет се утврдуваат со закон.
Во Извршниот совет можат да се именуваат републички секретари и други функционери, на кои им се доверува самостојно вршење на определени работи.
Член 197
Претседателот на Извршниот совет го претставува Советот, се грижи за спроведувањето на заклучоците и за остварувањето на политиката на Советот.
Претседателот на Советот свикува седници на Советот по своја иницијатива или по предлог од најмалку пет члена.
Претседателот на Советот ја координира работата на републичките органи на управата заради спроведување на општата политика на Советот.
Член 198
Извршниот совет за својата работа му одговара на Собранието.
Собранието може да укине или поништи пропис или друг акт на Извршниот совет што е во спротивност со Уставот или законот.
Член 199
Извршниот совет е должен да го известува Собранието за својата работа.
Извршниот совет може да им предложи на надлежните собори на Собранието да се одложи претресот на предлог на закон или друг акт, или заради претресување на определено прашање да се образува заедничка комисија од членови на надлежниот собор на Собранието и членови на Извршниот совет, или да се свика седница на надлежниот собор на Собранието на која ќе го изнесе својот став.
Ако Собранието усвои предлог на закон или друг акт што е спротивен на образложено мислење на Извршниот совет, Советот може на Републичкиот собор да му поднесе колективна оставка ако смета дека не е во состојба да го обезбеди извршувањето на тој закон или акт.
Извршниот совет во оставка останува на должност до изборот на нов Извршен совет.
Б) Републичка управа
[уреди]Член 200
За вршење работи на државната управа од надлежноста на Републиката се образуваат републички секретаријати и други републички органи на управата.
Републичките органи на управата непосредно ги извршуваат сојузните и републичките закони, општествените планови и други прописи и општи акти, ја спроведуваат политиката утврдена од Собранието, ја следат состојбата во областа во која се образувани, организираат и вршат определени служби, подготвуваат нацрти на закони и други прописи и вршат други стручни работи за Собранието и Извршниот совет, решаваат во управните работи, вршат управен надзор и други управни дејности во рамките на правата и должностите на Републиката.
Секретаријати се образуваат во оние гранки на управата во кои управните работи од надлежноста на Републиката се од поголем обем.
За вршење определени стручни, управни и други работи од областа на правата и должностите на Републиката можат да се образуваат совети и други републички органи и организации.
Секретаријатите и другите самостојни републички органи на управата, советите, како и организациите што вршат работи од општ интерес за Републиката се основаат, се укинуваат и нивниот делокруг се определува со закон.
Член 201
Републичките органи на управата работите од својата надлежност ги вршат самостојно на основа и во рамките на уставот и законите.
Во вршењето на работите од својата надлежност републичките органи на управата се придржуваат и за другите сојузни и републички прописи.
Републичките органи на управата се должни да го обезбедуваат спроведувањето на законите и другите сојузни и републички прописи, како и политиката утврдена од Собранието и општите насоки на Извршниот совет.
Член 202
Републичките секретари, секретарот на Извршниот совет и други републички функционери определени со закон ги именува и ги разрешува Собранието по предлог од претседателот на Извршниот совет, што тој го поднесува од името на Советот.
Функционерите што ги именува Собранието не можат да бидат на тие функции повеќе од четири години непрекинато. Овие функционери можат да останат на тие функции најмногу уште четири години ако тоа го бараат оправдани причини. Републичкиот собор, по предлог од претседателот на Извршниот совет претходно одлучува со мнозинство гласови за оправданоста на изложените причини за отстапувањето од начелото на ограничувањето на повторно именување.
Член 203
Републичките секретари и функционери што раководат со други републички органи на управата лично се одговорни за работата на тој орган и за извршувањето на задачите и работата од неговата надлежност.
Републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата можат да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и прописите на Извршниот совет, кога за тоа се овластени со законот односно прописот на Извршниот совет.
Член 204
Републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата се должни да го известуваат Собранието и Извршниот совет за состојвата во соодветната област на управата и за работата на органот на управата со кој раководат.
Републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата се должни по барање од собор, одбор и комисија на Собранието да им даваат известувања и објаснувања по прашањата од делокругот на органот што го раководат, како и да даваат одговори на прашањата на пратениците.
Глава IX: Правосудство
[уреди]Член 205
Во Социјалистичка Република Македонија како судови од општа надлежност судската функција ја вршат општински судови, окружни судови и Врховниот суд на Македонија.
За судење на стопански спорови и за одлучување по други правни предмети од интерес за стопанството постојат стопански судови.
Член 206
Под условите определени на основа на сојузен закон судска функција можат да вршат избрани судови односно арбитражи.
На основа на закон можат да се основаат мировни совети и други установи за расправање на меѓусебните спорови на граѓаните или организациите.
Член 207
Судовите одлучуваат за основните лични, имотни, работни и други права на граѓаните и за нивните обврски, за имотните и другите права и обврски на организациите и општествено-политичките заедници, изрекуваат казни и други мерки спрема сторителите на кривични дела и стопански престапи, одлучуваат во управен спор за законитоста на поединечните акти на државните органи и на организациите што вршат јавни овластувања и решаваат за други односи кога тоа е предвидено со закон.
Судовите ги следат и ги проучуваат општествените односи и појави од интерес за остварувањето на своите функции и даваат предлози за спречување на општествено опасните и штетните појави и за зацврстување на законитоста.
Судовите, во рамките на својот делокруг, имаат право и должност да го известуваат собранието на соодветната општествено-политичка заедница за примената на законите и за проблемите на работата на судовите.
Член 208
Судовите во вршењето на судската функција се независни и судат на основа на уставот и законите.
Член 209
Судовите ги основа Собранието на Социјалистичка Република Македонија со закон.
Општинските судови се основаат за една или повеќе општини.
Окружни судови се основаат за една или повеќе околии или за одделни делови на околии.
Член 210
Постапката пред судовите се води на македонски јазик.
Лицата што не го знаат македонскиот јазик имаат право пред судовите да се служат со својот јазик.
Член 211
Врховниот суд на Македонија:
1) утврдува начелни ставови и начелни правни сфаќања по прашања од значење на единството во примената на републичките закони од страна на судовите од општа надлежност;
2) одлучува по редовните правни средства против одлуките на окружните судови;
3) одлучува по вонредните правни средства против правосилните одлуки на општинските и окружните судови во случаите предвидени со закон;
4) одлучува по управните спорови во случаите предвидени со закон;
5) ги решава споровите за надлежност помеѓу судовите од територијата на Републиката;
6) врши други работи определени со закон.
Организацијата и работата на Врховниот суд се утврдува со закон.
Член 212
Јавното обвинителство е самостоен орган кој врши кривично гонење и презема опредлени со закон мерки и правни средства заради единствена примена на законите и заштитата на закнитоста.
Глава X: Уставност и законитост
[уреди]Член 213
Заради остварување на утврдените со уставот и законот општествено-економски и политички односи и на единството на правниот поредок, како и заради заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, правата на самоуправување и другите права на организациите и на општествено-политичките заедници, се обезбедува заштита на уставноста и законитоста.
Член 214
Грижата за уставноста и законитоста е должност на судовите и другите државни органи, организациите на општественото самоуправување и на секој што врши јавни или други општествени функции.
Уставниот суд на Македонија како носител на заштитата на уставноста обезбедува и законитост во согласност со Уставот.
Член 215
Сите прописи и други општи акти мора да бидат во согласност со Уставот.
Член 216
Законите мора да бидат во согласност со уставот. Другите прописи и општи акти на Собранието мора да бидат во согласност со уставот и со законите.
Прописите и другите општи акти на Извршниот совет мора да бидат во согласност со уставот, со законите и со другите прописи и општи акти на Собранието.
Прописите и другите општи акти на републичките органи на управата мора да бидат во согласност со уставот, со законите, со другите прописи и општи акти на Собранието, како и со прописите и другите општи акти на Извршниот совет.
Член 217
Статутите на општините и околиите мора да бидат во согласност со уставот и со законите.
Прописите и другите општи акти на општинските и околиските собранија и нивните органи мора да бидат во согласност со уставот, со законите и со другите прописи на републичките органи донесени на основа на закон.
Член 218
Статутите и другите општи акти на работните и другите самоуправни организации мораат да бидат во согласност со уставот и со законите.
Член 219
Општинското односно околиското собрание може да поништи или укине противуставен или незаконит пропис или друг општ акт на свој совет или орган на управата. Советот на општинско односно околиско собрание може да поништи или укине противуставен или незаконит пропис или друг општ акт на општински односно околиски орган на управата.
Член 220
Совет на околиско собрание може да го запре извршувањето на противуставните и незаконитите прописи и други општи акти на советите на општинските собранија, а околиските органи на управата да го запрат извршувањето на противуставните и незаконитите прописи и други општи акти на општинските органи на управата. Советот односно органот на управата се должни истовремено да побараат од општинското собрание да го поништи или укине прописот или актот на својот совет односно орган на управата во рок од триесет дена.
Ако општинското собрание во определениот рок не го поништи односно укине прописот односно актот на својот совет или орган на управата, околиското собрание може да поведе постапка за оценување на неговата уставност односно законитост.
Член 221
Извршниот совет има право, до одлуката на Уставниот суд на Македонија, да го запре извршувањето на статутот на околијата и на пропис или на друг општ акт на околискито собрание ако се во спротивност со уставот или со законите.
Републичките секретаријати имаат право да го запрат извршувањето на противуставните и незаконитите прописи и други општи акти на советите и органите на управата на околиските собранија и се должни да побараат истовремено од околиското собрание да го поништи или укине прописот односно актот во рок од триесет дена. Ако околиското собрание во определениот рок не го поништи или укине прописот односно актот, републичкиот секретар ќе го извести Извршниот совет.
Околиското собрание има право, до одлуката на Уставниот суд на Македонија, да го запре извршувањето на статутот на општината и на пропис или друг општ акт на општинското собрание ако се во спротивност со уставот или со законите.
Член 222
Ако околиското собрание не го запре извршувањето на статутот на општината и на пропис или друг општ акт на општинското собрание што е во противност со уставот или со законите во рок од триесет дена од денот на нивното објавување, запирањето ќе го изврши Извршниот совет.
Ако советот или орган на управата на околиско собрание не го запре извршувањето на противуставен или незаконит пропис или друг општ акт на совет или орган на управата на општинското собрание во рок од петнаесет дена од нивното објавување, запирањето ќе го изврши соодветниот републички секретаријат.
Член 223
Општинското собрание има право, до одлуката на Уставниот суд на Македонија, да го запре извршувањето на статутите и општите акти на роботна или друга самоуправна организација ако се во спротивност со уставот или со законите.
Со закон може да се предвиди извршувањето на општите акти на определени работни и други самоуправни организации, под исти услови, да го запира друг орган на општината, околијата или Републиката.
Член 224
Кога судот смета дека законот што треба да се примени не е во согласност со Уставот ќе му предложи на Врховниот суд на Македонија да поведе постапка за оценување на неговата согласност со Уставот.
Член 225
Законите и другите прописи и општи акти се објавуваат пред да влезат во сила.
Законите и другите прописи и општи акти влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето.
Само од особено оправдани причини може да се определи законот и друг пропис или општ акт да влезат во сила во рок покус од осум дена од денот на објавувањето.
Член 226
Законите и другите прописи на републичките органи се објавуваат на македонски јазик во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“.
Статутите и прописите на општините и околиите се објавуваат во службеното гласило што ќе го определи статутот на општината односно околијата.
Член 227
Прописите и другите општи акти не можат да имаат повратно дејство.
Само со закон може да се определи одделни нивни одредби и прописи донесени на основа на такви одредби да имаат повратно дејство.
Кривични дела, стопански престапи и прекршоци се утврдуваат и казните за овие дела се применуваат според законот што важел во времето кога е извршено делото, освен ако новиот закон е поблаг за сторителот.
Член 228
Сите акти и мерки на органите на управата и на другите државни органи што вршат политичко-извршни и управни работи, како и актите што го донесуваат организациите во вршењето на јавни овластувања, мораат да се засноваат на закон или на друг законито донесен пропис.
Член 229
Државните органи и организациите што вршат јавни овластувања можат да решаваат во поединечни предмети за правата и обврските или на основа на закон да применуваат мерки на присилба или ограничување, само според пропишана со закон постапка во која секому му е дадена можност да ги брани своите права и интереси и против донесениот акт да употреби жалба или друго со закон предвидено правно средство.
Органите на управата можат да им налагаат обврски на одделни организации во поглед на нивната работа, само ако со закон се изречно овластени и во постапка пропишана со закон.
Член 230
Против решанијата и другите поединечни акти на судските, управните и другите државни органи, како и против таквите акти на организациите што вршат јавни овластувања, донесени во прв степен, може да се изјави жалба до надлежниот орган.
Со закон може, по исклучок, во определени случаи да се исклучи жалбата, доколку на друг начин е обезбедена заштита на правата и законитоста.
Член 231
За законитоста на конечните поединечни акти со кои државните органи или организациите што вршат јавни овластувања, решаваат за правата или обврските, решава судот во управен спор, доколку за определена работа со закон не е предвидена друга судска заштита.
Член 232
Општествената заедница создава услови за укажување правна помош преку адвокатурата како самостојна општествена служба, како и преку други видови на правна помош.
Државните органи и установите и организациите пред кои се води постапка се должни на странките да им укажуваат помош во остварувањето на нивните права.
Член 233
Уставниот суд на Македонија:
1) одлучува за согласноста на републичките закони со Уставот;
2) одлучува за согласноста на прописите и другите општи акти на Извршниот совет со Уставот и со републичките закони;
3) одлучува за согласноста на прописите на републичките органи на управата со Уставот, со републичките закони, со другите прописи и општи акти на Собранието, како и со прописите и другите општи акти на Извршниот совет;
4) одлучува за согласноста на статутите на општините и околиите и прописите на општинските и околиските собранија и нивните органи со Уставот, со републичките закони и со другите прописи на републичките органи донесени на основа на закон;
5) одлучува за согласноста на статутите и на другите акти на работните и другите самоуправни организации со Уставот, со републичките закони и со другите прописи, донесени на основа на закон;
6) решава по споровите за правата и должностите помеѓу Републиката и општинте и околиите, помеѓу две или повеќе општини односно околии и помеѓу општина и околија, како и помеѓу нив и работните и другите самоуправни организации, ако за решавањето на овие спорови не е определена надлежност на друг суд;
7) решава по споровите за надлежност помеѓу судовите и републичките, околиските и општинските органи;
8) врши и други работи што му се ставени во надлежност со уставот и законите, во согласност со правата и должностите на Републиката.
Уставниот суд на Македонија одлучува и за заштитата на правото на самоуправување и на другите основни слободи и права утврдени со Уставот на Југославија кога тие права и слободи ги повредиле со поединечен акт или дејство општинските, околиските или републичките органи и во други случаи определени со закон, а за кои не е обезбедена друга судска заштита.
Член 234
Уставниот суд на Македонија ги следи појавите од интерес за остварување на уставноста и законитоста и на основа на тоа му дава на Собранието на Социјалистичка Република Македонија мислења и предлози за донесување на закони и за преземање на други мерки за обезбедување на уставноста и законитоста и за заштита на правото на самоуправување и другите слободи и права на граѓаните и организациите.
Член 235
Постапка за оценување уставноста и законитоста пред Уставниот суд на Македонија можат да поведат:
1) Собранието на Социјалистичка Република Македонија;
2) Извршниот совет, освен за оценување на уставноста на законите;
3) Врховниот суд на Македонија, ако прашањето за уставноста и законитоста се појави во постапка пред судовите;
4) републичкиот јавен обвинител, ако прашањето на уставноста и законитоста се појави во врска со работата на јавното обвинителство;
5) општинско или околиско собрание или работна и друга самоуправна организација ако е повредено некое нивно право утврдено со Уставот;
6) општинско собрание ако е во прашање согласност на статут, правилник или друг општ акт на работна и друга самоуправна организација со Уставот и законите.
Постапка за оцена на уставноста и законитоста поведува Уставниот суд на Македонија и по сопствена иницијатива.
Со закон може да се определи под кои услови другите државни органи, организациите и граѓаните можат пред Уставниот суд на Македонија да поведат постапка односно да даваат иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста.
Член 236
Ако Уставниот суд на Македонија утврди дека републичкиот закон не е во согласност со Уставот, Собранието е должно во рок од шест месеци од денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд да го усогласи законот со Уставот.
Ако Собранието не го изврши усогласувањето во овој рок, законот односно одредбите што не се во согласност со Уставот престануваат да важат, што Уставниот суд на Македонија го утврдува со своја одлука.
Кога во случај на несогласност помеѓу одлуки на општинско или околиско собрание и републички закон, Уставниот суд на Македонија утврди дека републичкиот закон не е во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија ќе се одлучи, до донесувањето на конечна одлука, да не се применуваат одредбите на републичкиот закон што не се во согласност со Уставот.
Член 237
Ако Уставниот суд на Македонија утврди дека некој пропис, освен закон, или некој друг општ акт не се во согласност со Уставот или со републички закон, ќе го поништи или ќе го укине таквиот пропис или акт односно одредбите што не се во согласност со Уставот или со законот.
Член 238
Кога Уставниот суд на Македонија во постапката за оценување на уставноста и законитоста установи дека закон или друг пропис не е спротивен на Уставот или на републички закон, може по повод примената на овој пропис да ја утврди со одлука неговата смисла што одговара на Уставот или законот.
Член 239
Уставниот суд на Македонија го сочинуваат претседател и шест судии.
Претседателот и судиите на Уставниот суд се избираат за време од осум години и можат да бидат повторно избрани само уште за следниот период од осум години. Половината од судиите на Уставниот суд се избираат секоја четврта година.
Претседателот и судиите на Уставниот суд не можат истовремено да бидат сојузни и републички пратеници, членови на Извршниот совет ниту функционери или службеници на органите на државната управа или на друг суд.
Претседателот и судиите на Уставниот суд можат да бидат разрешени од должност пред истекот на времето за кое се избрани, согласно со закон, само ако сами побараат да бидат разрешени, ако бидат осудени за кривично дело на казна лишување од слобода, ако изгубат деловна способност или ако станат трајно физички неспособни за вршење на својата функција.
Претседателот и судиите на Уставниот суд уживаат имунитет како и пратениците на Собранието.
Член 240
Со закон поблиску се определува надлежноста, постапката на Уставниот суд на Македонија и правното дејство на неговите одлуки.
Уставниот суд самостојно ја уредува својата организација и работа.
Глава XI: Преодни и завршни одредби
[уреди]Член 241
За спроведување на овој Устав и за обезбедување на преминот на неговото применување ќе се донесе посебен уставен закон.
Член 242
Овој Устав го прогласува Народното собрание на Народна Република Македонија.
Уставни амандмани на уставот на Социјалистичка Република Македонија
[уреди]Амандман I
Пратениците во Сојузниот собор (Соборот на народите) Собранието ги избира на заедничка седница на сите собори од редот на пратениците. За пратеник во Сојузниот собор (Соборот на народите) Собранието може да избере и граѓанин што има избирачко право.
Кандидати за пратеници во Сојузниот собор (Соборот на народите) предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата по сопствена иницијатива или по иницијатива од Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија. Кандидати можат да предложат и најмалку дваесет пратеници.
Кандидатите за пратеници во Сојузниот собор (Соборот на народите) ги утврдува Собранието пред нивниот избор.
Изборот на пратениците во Сојузниот собор (Соборот на народите) се врши со тајно гласање.
За пратеник во Сојузниот собор (Соборот на народите) е избран кандидатот што добил мнозинство гласови на сите пратеници.
Пратениците на Сојузниот собор (Соборот на народите) избрани од редот на граѓаните имаат право и должност да учествуваат во работата на Републичкиот собор со права на член на тој Собор, освен да учествуваат во одлучувањето и да бидат избрани во телата на Соборот и на постојани функции во Собранието.
Пратениците на Сојузниот собор (Соборот на народите) како членови на Републичката делегација се должни да ги изнесат пред Соборот на народите мислењата и предлозите на Собранието по прашањата од делокругот на тој Собор. Овие пратеници го известуваат Собранието за прашањата што ги претресува Соборот на народите и можат да му предложат на Собранието да претресе определени прашања од делокругот на Соборот на народите.
Собранието може да го отповика пратеникот што го избрало во Сојузниот собор (Соборот на народите). Пратеникот е отповикан ако за отповикувањето гласало мнозинството на сите пратеници.
Амандман II
Предлог за именување и разрешување на републички секретари, секретар на Извршниот совет, републички јавен обвинител и други функционери и членови на органи на управување за кои тоа е определено со закон му поднесува на Собранието Комисијата за прашања на изборите и именувањата по претходно мислење на Извршниот совет. Извршниот совет може да поведе иницијатива за разрешување на некој од овие функционери и членови на органи на управување.
Предлог за избор и разрешување на претседател и судии на Врховниот суд на Македонија и на другите судии кога е тоа определено со закон му поднесува на Собранието Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Предлог за избор и разрешување на претседател и судии на Уставниот суд на Македонија му поднесува на Собранието Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Амандман III
Републичкиот јавен обвинител го именува и разрешува Собранието.
Јавното обвинителство ги врши своите функции во примената на републичките закони во согласност со политиката на Собранието.
Амандман IV
Републиката, во рамките на правата и должностите утврдени со сојузен закон, е одговорна за заштитата на поредокот утврден со Уставот на Југославија (Државна безбедност).
Амандман V
1. Собранието го сочинуваат: Републички собор, како собор на делегати на граѓаните, Собор на општините, како собор на делегати на општините и Стопански собор, Просветно-културен собор и Социјално-здравствен собор, како собор на делегати на работните луѓе во работните заедници од соодветните области на трудот.
Републичкиот собор има 100 пратеници, а Стопанскиот собор, Просветно-културниот собор и Социјално-здравствениот собор имаат по 60 пратеници што се избираат согласно нормата еден пратеник да се избира на еднаков број жители и во една или повеќе општини, како изборна единица, да се избира по еден пратеник за секој собор.
Соборот на општините има двојно поголем број пратеници од бројот на општините и во него секоја општина избира по два пратеника.
2. Пратеници за Републичкиот собор избираат непосредно граѓаните.
Пратеници за Соборот на општините избира како општ собор собранието на општината.
Пратеници за соборите на работните заедници избираат избрани тела составени од членовите на општинското собрание и делегати на работните заедници на работните организации и на другите облици на здружениот труд и делегати на други, со закон определени, заедници од соодветната област на трудот. Бројот на делегатите не може да биде помал од бројот на членовите на соборот на работните заедници на општинското собрание.
Право да бидат избрани во соборите на работните заедници имаат членовите на работните заедници на работните организации и на другите облици на здружениот труд, членовите на органите на управување на работните организации и на другите облици на здружениот труд и членовите на органите на управување на здруженијата на работните организации од соодветната област на трудот.
Ова право го имаат и членовите на другите заедници и членовите на органите на управувањето на тие заедници од соодветната област на трудот и граѓаните што се занимаваат со активност од соодветната област на трудот, а што ќе бидат определени со закон.
Право да биде избран за пратеник во Соборот на општините има секој граѓанин што има избирачко право.
3. Одредбата на член 159 став 1 од Уставот се применува и на членовите на Соборот на општините, а одредбата на член 159 став 2 се применува на членовите на сите собори на Собранието.
4. Со овој амандман се заменуваат одредбите на членовите 125, 126, 127 и 128 став 2, 3 и 4 и член 129 од Уставот.
5. Престануваат да важат одредбите од став 1-3 од Амандманот I.
Амандман VI
1. Работите од надлежноста на Собранието ги вршат надлежните собори рамноправно.
Работите од надлежноста на Собранието, утврдени со одредбите на член 135, 136 и 137 од Уставот, рамноправно ги вршат Републичкиот собор и надлежниот собор на работните заедници.
Републичкиот собор и Соборот на општините рамноправно:
претресуваат прашања од областа на слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот во политичкиот систем; надворешната политика; народната одбрана; државната безбедност; внатрешната политика; системот на општественото самоуправување; правата и должностите на општината и другите општествено-политички заедници и други прашања од општествено-политичкиот систам; прашања за образувањето и укинувањето на општините и утврдувањето и менувањето на нивните подрачја; прашања од областа на правосудството; прашања од областа на општествената сопственост, земјишните и другите имотно-правни односи; прашања од областа на финансирањето на општествено-политичките заедници; прашања на просторното планирање; прашања од областа на комуналната и урбанистичката дејност и станбените односи; како и прашања од другите области до колку не спаѓаат во рамноправен делокруг на другите собори или во самостоен делокруг на друг собор;
донесуваат закони и други акти во овие области;
донесуваат републички буџет и завршна сметка;
одлучуваат за измена на границите на Социјалистичка Република Македонија;
даваат амнестија за кривични дела определени со републички закон;
одлучуваат за продолжување мандатот на одборниците на општинските собранија;
избираат, именуваат и разрешуваат претседатели и членови на колегијалните органи, републички функционери и членови на органите на управување на организациите што ги избира односно именува Собранието, освен функционери за кои со Уставот или со акт на Собранието е определено да ги избираат сите или одделни собири;
ги остваруваат правата на Собранието во поглед на одговорноста на Извршниот совет и на функционерите што ги избира или именува Собранието и ги укинуваат или поништуваат прописите и другите акти на Извршниот совет што се во спротивност со Уставот или со законите;
одлучуваат за надоместоците на функционерите што ги избира односно именува Собранието; вршат други работи од надлежноста на Собранието што не се ставени во рамноправен делокруг на други собори или во самостоен делокруг на друг собор.
2. Соборот на општините, во рамките на својот делокруг, самостојно претресува и зазема ставови по прашања во врска со извршувањето на законите и другите акти на Собранието и други прашања од заеднички интерес за граѓаните во општината и другите самоуправни заедници заради усогласување на самоуправните односи и развивање на нивната меѓусебна соработка, како и по прашања од интерес за унапредувањето и развивањето на самоуправувањето во општината и организацијата и работата на општинските органи. Соборот на општините има право по овие прашања да им дава препораки на општините, самоуправните заедници и државните органи.
3. Секој собор може во текот на претресувањето на закон или друг акт во чие донесување тој не учествува да им предлага на надлежните собори изменување или дополнување на законот односно актот, ако се однесува на прашање од особен интерес за работните луѓе од соодветната област на трудот односно на општините.
Надлежните собори, ако не го усвојат овој предлог, можат да го донесат законот или другиот акт откако ќе се спроведе со Деловникот на Собранието утврдената посебна постапка за разгледување на спорното прашање од страна на надлежните собори и соборот што го поднел предлогот.
Со Деловникот на Собранието се утврдува начинот на учеството на одделните собори на работните заедници односно на Соборот на општините во претресувањето на републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршувањето на буџетот. Со Деловникот на Собранието се утврдува и начинот на учеството на соборите на работните заедници во постапката за избор и именување односно разрешување на колегијалните органи, републичките функционери и членовите на органите на управување на организациите што ги избира односно именува Собранието, како и се определуваат правата на овие собори во разгледувањето и одлучувањето за тие прашања.
4. Со овој амандман се заменуваат одредбите на членовите 134 став 1, 138 и 139 од уставот.
Амандман VII
Претседателот, потпретседателите и другите функционери на Собранието, како и членовите на работните тела на Собранието од редот на пратениците се избираат од редот на членовите на сите собори на Собранието.
Амандман VIII
1. За разгледување предлози на закони и други акти и за проучување и претресување на други прашања од надлежноста на Собранието и ноговите собори, Собранието и соборите можат да се образуваат комисии, одбори и други постојани и повремени работни тела.
Составот, задачите и начинот на работа на работните тела се утврдуваат со Деловникот и со одлуки на Собранието односно на соборите.
Со Деловникот на Собранието на одделни работни тела на Собранието и на соборите можат да им се дадат овластувања да вршат анкети и сослушувања и за таа цел од државните органи и организации можат да ги бараат потребните податоци, списи и други исправи, како и други овластувања во вршењето на нивните задачи. Работните тела не можат да имаат истражни или други судски функции.
2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на членовите 161-165 и на член 167 од Уставот.
Амандман IX
1. За измена на Уставот одлучуваат сите собори на Собранието во постапка утврдена со Уставот.
Предлог за пристапување кон измена на Уставот можат да поднесат најмалку 30 пратеници, секој собор или Извршниот совет.
По предлогот за пристапување кон измена на Уставот одлучуваат сите собори на посебни седници.
Ако соборите ни по повторниот претрес не постигнат согласност, предлогот за пристапување кон измена на Уставот е усвоен ако со него се согласи Републичкиот собор и најмалку два други собора, од кои еден мора да биде собор во чиј делокруг спаѓаат прашањата во однос на кои се предлага измената на Уставот.
Ако ни по повторниот претрес не се постигне согласност меѓу Републичкиот собор и најмалку два други собора од кои еден мора да биде собор во чиј делокруг спаѓаат прашањата во однос на кои се предлага измената на Уставот, предлогот за пристапување кон измена на Уставот не може повторно да се стави на дневен ред пред истекот на една година од денот на претресот.
2. Врз основа на прифатениот предлог за пристапување кон измена на Уставот, текстот на нацртот на измената на Уставот го утврдува Републичкиот собор и го става на јавна дискусија.
По спроведената јавна дискусија текстот на нацртот на измената на Уставот го претресуваат соборите на работните заедници и Соборот на општините, кои даваат и свое мислење за него.
Откако ќе го добие мислењето од другите собори, Републичкиот собор го утврдува предлогот за измена на Уставот.
Ако меѓу Републичкиот собор и другите собори не се постигне согласност за измена на Уставот, соборите образуваат заедничка комисија од еднаков број членови на секој собор на која ѝ се доверува составување на предлог за решавање на спорот.
Ако во заедничката комисија не се постигне согласност или ако еден од соборите не го прифати текстот што го предложила комисијата, измената на Уставот е усвоена ако во истоветен текст е изгласана во Републичкиот собор и најмалку во други два собора од кои еден мора да биде собор во чиј делокруг спаѓаат прашањата на кои се однесува предлогот за измена на Уставот.
Измената на Уставот е усвоена во соборот ако за неа гласаат две третини од сите членови на соборот.
Ако ни по два претреса едноподруго сите собори односно Републичкиот собор и најмалку два други собора, од кои еден мора да биде собор во чиј делокруг спаѓаат прашањата на кои се однесува предлогот за измена на Уставот, не се согласат со измената на Уставот, предлогот не може повторно да се стави на дневен ред пред истекот на една година од денот на запирањето на претресот на предлогот.
Ако по истекот на една година од денот на запирањето на претресот за измена на Уставот по повторниот предлог ни по два претреса едноподруго не се согласат со измената на Уставот сите собори односно Републичкиот собор и најмалку други два собора од кои еден мора да биде собор во чиј делокруг спаѓаат прашањата на кои се однесува предлогот, сите собори на Собранието се распуштаат.
3. Измената на Уставот ја прогласува Републичкиот собор.
4. Со овој амандман се заменуваат одредбите на член 168-171 од Уставот.
Амандман X
1. Членовите на сите собори на собранијата се избираат секои четири години.
2. Никој не може повеќе од двапати едноподруго да биде член на исто собрание.
3. Со овој амандман се заменуваат одредбите на член 54 став 2, член 55 став 1 и член 55 став 3 од Уставот.
Амандман XI
1. Остварувајќи го самоуправувањето, работните луѓе во работната организација како целина и во организациите на здружениот труд во нејзин состав ги определуваат прашањата по кои одлучуваат непосредно и му доверуваат определени функции на управување на работничкиот совет, односно според природата на дејноста на работната организација, на друг соодветен орган на управување, а определени извршни функции на нему одговорните колегијални и индивидуални органи што ги избира работничкиот совет. Работните луѓе во работната организација установуваат органи на управување на работната организација и организацијата на здружениот труд во нејзин состав, го определуваат нивниот делокруг и времето за кое тие органи се избираат и ги утврдуваат условите и начинот на нивниот избор, односно разрешување.
Членовите на републичкиот совет односно на него соодветниот орган можат да бидат избрани најмногу на четири години.
2. Директорот односно на него соодветниот орган на работната организација раководи со работењето на организацијата и ја застапува организацијата.
Со статутот на работната организација се утврдуваат условите и начинот на именување и разрешување на директорот односно на соодветниот орган.
3. Со закон може да се определи посебна постапка и начин на именување и разрешување на индивидуалниот извршен орган на работна организација што врши работи од посебен општествен интерес.
4. Со овој амандман се заменуваат одредбите на членовите 64 став 1 и 2, 66 став 4-8, 68 и 69 од Уставот.
Амандман XII
1.Републиката, во рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и со сојузни закони, е одговорна и за вршење на задачи и работи од областа на исклучивите права и должности на Федерацијата утврдени со Уставот на СФРЈ.
2. За време на воена состојба или во случај на непосредна воена опасност, ако надлежните собори не можат да се состанат, Извршниот совет донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежноста на Собранието. Овие уредби Извршниот совет му ги поднесува на Собранието на потврда штом тоа ќе се состане.
Претседателството на Собранието за време на воена состојба или во случај на непосредна воена опасност, ако надлежните собори не можат да се состанат, ги врши работите во врска со изборот и разрешувањето на претседателот и членовите на Извршниот совет и именувањето односно изборот и разрешувањето на републичките секретари и другите републички функционери што ги именува односно избира и разрешува Собранието, како и работите во врска со мандатот и имунитетните права на пратениците.
Претседателството на Собранието за време на воена состојба или во случај на непосредна воена опасност го сочинуваат претседателот и потпретседателите на Собранието, претседателите на соборите, претседателот на Извршниот совет, претседателот на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија и претседателот на Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија.
3. Во областите што не се уредуваат само со закон општините можат, во рамките на своите права и должности, самостојно да донесуваат прописи заради уредување на прашања и односи од интерес за општината. Во овие области може да се донесе закон само ако тоа го бара општиот интерес на Републиката. Прописите донесени во овие области општините се должни да ги усогласат со подоцна донесениот закон во срок од три месеци по влегувањето во сила на законот. Со денот на влегувањето во сила на тој закон престануваат да важат одредбите на прописите на општината што се однесуваат на прашањата уредени со законот.
4. Изворите и видовите на приходи на општините и Републиката се уредуваат со закон.
На општините и на Републиката им припаѓаат од личните доходи и други извори утврдени со закон, во согласност со начелото за распределба според трудот, средства за покривање на општествените потреби на нивното подрачје. Тие средства општините и Републиката самостојно ги утврдуваат и самостојно располагаат со нив, во согласност со закон.
За да се обезбедат еднакви услови на работните луѓе и на работните организации во работењето и распределбата на општествениот производ и за да се остварат материјалните односи што се утврдени со општествениот план, со закон може да се определат граници во кои општините можат да ги определуваат своите приходи и други средства, освен приходите од личен доход.
Ако овие услови и односи се битно нарушени, со закон може да се определат граници во кои општините можат да ги утврдуваат своите приходи и од приходите од личен доход.
5. Во Социјалистичка Република Македонија судската функција ја вршат судови од општа надлежност и специјализирани судови што се основаат за одлучување за определени работи од судска надлежност.
6. Со овој амандман се заменуваат одредбите на членовите 24 став 3, 116 став 2, 186 и 190 став 2 и 3 од Уставот.
Амандман XIII
1. Со статутот на општината може да се образуваат повеќе собори на работните заедници на општинското собрание, како и да се утврди нивниот делокруг.
Бројот на членовите на соборите на општинското собрание се утврдува со статутот на општината, во границите определени со закон.
2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на член 87 став 2 и 3 од Уставот.
3. Престануваат да важат член 85 став 2 и Оддел 3 на Глава IV со член 102 од Уставот.
Амандман XIV
1. На подрачјата на кои живеат припадници на народностите, во јавниот и општествениот живот, јазиците и писмата на народностите се рамноправни со македонскиот јазик.
Во општините на чие подрачје живеат припадници на народностите, одлуките и другите поважни акти на општинските собранија и на работните организации се објавуваат и на јазиците на народностите. Јавните настапи на овие подрачја се и на јазиците на народностите.
Општествено-политичките заедници се грижат за развојот на школството, печатот, радиото, телевизијата и културно-просветната дејност на јазиците на народностите.
2. Припадниците на народностите имаат, во согласност со закон, право на употреба на својот јазик во остварувањето на своите права и должности, како и во постапката пред државните органи и организациите што вршат јавни овластувања.
3. Со закон и со статутот на општината се определуваат поблиски услови и постапка што обезбедуваат остварување на правата на припадниците на народностите, како и начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.
Со општи акти на работните и други организации се утврдуваат начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.
4. Со овој амандман се заменуваат одредбите на член 75 од Уставот.
Амандман XV
1. Социјалистичка Република Македонија е суверена национална држава на македонскиот народ и држава на турската народност и на другите етничките групи во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе, и социјалистичката самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност и етнички групи.
2. Со овој амандман се заменува член 1 став 1 од Уставот.
Амандман XVI
1. Работните луѓе, македонскиот народ, народностите и етничките групи ги остваруваат своите суверени права во Социјалистичка Република Македонија, а во Социјалистичка Федеративна Република Југославија кога е тоа во заеднички интерес на работните луѓе, народите и народностите со договор на републиките и покраините утврдено со Уставот на СФРЈ.
Во Социјалистичка Република Македонија македонскиот народ, народностите и етничките групи, работните луѓе и граѓаните го утврдуваат општествено-економското уредување и општествено-политичкиот систем на Републиката и обезбедуваат и остваруваат: сувереност, национална слобода, независност, територијален интегритет на Републиката и народна одбрана; општествено самоуправување и социјалистички општествено-економски и политички односи; рамноправност на македонскиот народ, народностите, етничките групи и припадниците на другите народи на Југославија; солидарност и социјална сигурност на работните луѓе и граѓаните; уставност и законитост; заштита на поредокот утврден со уставот, јавна безбедност и општествена самозаштита; демократски слободи и права на човекот и граѓанинот; политичка, економска, културна и друга соработка на Републиката со органи и организации на други држави и со меѓународни органи и организации како и соодветна грижа за македонската народност и Македонците во странство, во рамките на заеднички утврдената надворешна политика и меѓународните договори на СФРЈ; единство на југословенскиот пазар; услови за рамноправен развиток на Републиката; иницијатива за решавање на прашања од областа на стопанскиот, општествениот и културниот живот; го усогласуваат самоуправниот развиток; создавање услови за што понепосредно и поефикасно остварување на самоуправните права на работните луѓе и граѓаните; услови за ефикасно вршење на општествена и самоуправна контрола и за остварување на општествената одговорност; интеграција во сите сфери на општествениот живот во Републиката врз самоуправна основа; ги вршат сите други општествени работи од заеднички интерес за политичкиот, стопанскиот и културниот развиток на Републиката.
3. Во Социјалистичка Република Македонија македонскиот народ, народностите и етничките групи и работните луѓе и граѓаните заедничките интереси ги остваруваат:
- непосредно во организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и во интересните заедници;
- непосредно во месните заедници и во општините;
- со самоуправно спогодување, општествено договарање и со здружување на организациите на здружениот труд, другите самоуправни организации и интересните заедници;
- со непосредна соработка на општините;
- преку републичките органи и организации;
- со дејноста на општествено-политичките и другите организации и здруженијата на граѓаните;
- со слободни и сестрани активности на граѓаните.
4. Работните луѓе и граѓаните, во согласнот со Уставот на СРМ, утврдуваат со закон, самоуправна спогодба, општествен договор, статутот на општината, статутот на месната заедница, статутот на интересната заедница, статутот и самоуправната спогодба за здружување на организациите на здружениот труд и со други самоуправни општи акти кои заедничките интереси ги остваруваат во овие заедници и начинот на нивното остварување.
5. Самоуправната положба и правата на работниот човек и на граѓаните во организациите на здружениот труд, во интересните и месните заедници, самоуправната положба на граѓаните во општината, слободното самоуправно здружување, активноста и творештвото на работните луѓе и граѓаните, рамноправноста на народностите и етничките групи и основните слободи и права на човекот и граѓанинот, утврдени со уставот, се основа, граница и насока за остварување на правата и должностите на Републиката и општината во вршењето на функциите на власта.
6. Со овој амандман се заменува член 3 од Уставот.
Амандман XVII
1. Македонскиот народ, народностите и етничките групи во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни и имаат исти права и должности.
Општините и Републиката обезбедуваат народностите и етничките групи да бидат сразмерно застапени во општинските собранија и во Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како и да бидаат соодветно застапени во нивните органи.
2. На секоја народност и етничка група ѝ се гарантира правото слободно да го употребува својот јазик, да ја изразува и развива својата култура и да основаат установи и организации што ѝ ги обезбедуваат овие права.
Општините и Републиката се грижат за развојот на воспитувањето и образованието на јазиците на народностите, како и за развојот на печатот, радиото, телевизијата и културните дејности на јазиците на народностите и на етничките групи.
Народностите и етничките групи имаат право да го употребуваат знамето на народноста односно на етничката група.
3. Во местата во кои живеат народностите воспитувањето и образованието на припадниците на народностите се остварува во воспитни установи и училишта односно одделенија во кои воспитувањето и наставата се изведуваат на јазикот на соодветната народност.
Со закон се уредуваат условите за основањето, организацијата и работата на воспитните установи и училиштата односно одделенијата во кои воспитувањето и наставата се изведуваат на јазиците на народностите.
4. На подрачјата на кои живеат припадници на народностите, во јавниот и општествениот живот, јазиците и писмата на народностите се рамноправни со македонскиот јазик.
Во општините на чие подрачје живеат припадници на народностите, одлуките и другите поважни акти на општинските собранија и на работните организации се објавуваат и на јазиците на народностите. Јавните натписи на овие подрачја се и на јазиците на народностите.
5. Припадниците на народностите имаат право на употреба на својот јазик и писмо во остварувањето на своите права и должности, како и во постапката пред државните органи и организации што вршат јавни овластувања.
6. Со закон и со статут на општината се определуваат поблиски услови и постапка што обезбедуваат остварување на правата на народностите и етничките групи, како и начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.
Со општи акти на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации се утврдуваат начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.
7. Во Собранието на Социјалистичка Република Македонија се образува комисија за меѓунационални односи.
Комисијата го следи и разгледува остварувањето на рамноправноста на народностите и етничките групи и на другите нивни права утврдени со Уставот и со законите и предлага мерки за нивното остварување.
8. Кога на дневен ред во соборите на Собранието е предлог на акт или друго прашање од интерес за рамноправноста на народностите и етничките групи, надлежниот собор, по барање од тело на Собранието или од најмалку 10 пратеници од надлежниот собор, ќе спроведе посебна постапка утврдена со Деловникот на Собранието за разгледување на таков акт или прашање и за одлучување по него.
9. Припадниците на другите народи на Југославија што живеат во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни и имаат исти права и должности како Македонците, народностите и етничките групи.
Припадниците на другите народи на Југославија имаат, во местата во кои живеат, право на воспитно-образовна и културна дејност на нивниот јазик, според условите утврдени со закон.
10. Со овој амандман се заменуваат член 27 став 3, членовите 72, 73 и 74 од Уставот и Амандманот XIV.
Амандман XVIII
1. Основата на социјалистичките самоуправни односи ја чини општествено-економската положба на работниот човек во општествената репродукција која му осигурува, работејќи со средствата на репрудукцијата во општествена сопственост и решавајќи непосредно и рамноправно со другите работни луѓе во здружениот труд за сите работи на општествената репродукција во услови и односи на меѓусебна зависност, одговорност и солидарност, да го остварува својот личен материјален и морален интерес и правото да се користи со резултатите од својот труд и со придобивките на општиот материјален и општествен прогрес и врз таа основа што попотполно да ги задоволува своите лични и општествени потреби и да ги развива своите работни и други творечки способности.
Заради обезбедување на ваква општествено-економска положба на работниот човек, на работниците им се гарантира, како нивно неотуѓиво право, врз основа на својот труд во основните организации на здружениот труд во кои се здружуваат и работат, како и во сите облици на здружување и деловна соработка на тие организации, да стекнуваат доход и да управуваат со работите и со средствата на општествената репродукција и да одлучуваат за доходот што, како дел од вкупниот општествен доход, го остваруваат во различни облици во здружениот труд и на здружување на средствата.
Доходот остварен во кој и да е облик на здружениот труд и здружување на средствата им припаѓа во целост на основните организации на здружениот труд.
Од доходот што основните организации на здружениот труд заеднички го остваруваат со здружување и со деловна соработка, на секоја од тие организации ѝ припаѓа делот што одговара на нејзиниот придонес во остварувањето на тој доход и тој е составен дел на доходот што основната организација на здружениот труд го остварува со своето вкупно работење и за кој работниците во неа одлучуваат непосредно врз основа на својот труд.
Остварениот вкупен доход во основната организација на здружениот труд претставува материјална основа на правото на работникот да одлучува за условите на својот труд и за распределбата на доходот и да стекнува личен доход во согласност со начелото на распределба спрема трудот и со порастот на продуктивноста на неговиот и на вкупниот општествен труд.
2. Основната организација на здружениот труд е основен облик на здружениот труд во кој работниците врз основа на својот труд непосредно и рамноправно ги уредуваат меѓусебните односи во работата, управуваат со работите и со средствата на општествената репродукција, одлучуваат за доходот и за другите прашања на својата општествено-економска положба.
Работниците во секој дел од работната организација (претпријатие, установа и слично) што претставува работна целина во која резултатот од нивниот заеднички труд може да се потврди како вредност на пазарот или во работната организација и кој врз таа основа може самостојно да се изрази, имаат право таквиот дел да го организираат како основна организација на здружениот труд.
Работниците на основната организација на здружениот труд во состав на работна организација имаат право својата основна организација на здружениот труд да ја издвојат и да ја конституираат како самостоја организација на начин предвиден со закон.
Со организирање на основна организација на здружениот труд во состав на работна организација или со издвојување на основна организација на здружениот труд од составот на работната организација не можат да се повредат правата на работните луѓе во другите делови на таа организација, ниту интересите и правата на таа организација како целина што произлегуваат од меѓузависноста на работата или од заедничкиот труд со здружени средства, како ниту еднострано да се менуваат меѓусебните односи.
3. Доходот го распоредуваат работниците во основната организација на здружениот труд за своите лични и заеднички потреби и за потребите на проширување материјалната основа на здружениот труд и за подигање на работната способност на работниците. Од доходот како резултат на нивниот заеднички труд во организацијата и на вкупниот општествен труд, остварен на пазарот и во целината на меѓусебните односи и врски во различни облици на деловна соработка и заедничко работење, на работниците им припаѓа за задоволување на нивните лични и заеднички потреби дел од тој доход што е сразмерен со нивниот труд и со придонесот за успехот и развојот на организацијата што тие го дале со својот труд.
На секој работник во организацијата на здружениот труд му припаѓа, согласно со начелото за распределба според трудот, личен доход сразмерно со резултатите на неговиот труд и неговиот личен придонес за успехот и развојот на организацијата што тој го дал со својот вкупен, тековен и минат труд во неа.
Резултатот од трудот и личниот придонес на работникот за успехот и развојот на организацијата на здружениот труд, покрај другите основи и мерила утврдени врз начелата на заемност и солидарност, се основа и мерило при одлучувањето за употребата на средствата издвоени во организациите на здружениот труд за нивните заеднички потреби.
4. Работниците во основната организација на здружениот труд ги утврдуваат основите и мерилата за распоредување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи во согласност со основите и мерилата утврдени со самоуправни спогодби и со општествени договори.
Ако работниците не се придржуваат кон основите и мерилата утврдени со самоуправните спогодби или со општествените договори, односно ако такви спогодби или договори не се склучени, а со распоредувањето односно со распределбата се нарушува начелото на распределба според трудот или нормалниот тек на општествената репродукција, со закон можат да се утврдат мерки со кои се обезбедуваат односи што одговараат на тие спогодби или договори, односно мерки со кои се обезбедува рамноправност на работниците во примената на начелото на распределба според трудот.
5. На секој работник во здружениот труд со општествени средства му се гарантира, врз основа на својот труд, да остварува личен доход и други права најмалку во височина односно обем што му ја обезбедува неговата социјална сигурност и стабилност. Височината на личниот доход и обемот на овие права, како и начинот на нивното остварување, се утврдуваат со самоуправна спогодба односно со општествен договор или со закон во зависност од општиот степен на продуктивноста на вкупниот општествен труд и од општите услови на средината во која работи и живее работникот.
6. Со слободна размена на својот труд со трудот на работниците во организациите во областа на образованието, науката, културата, здравството и во другите општествени дејности, како дел од единствениот процес на општествениот труд, работните луѓе ги обезбедуваат своите лични и заеднички потреби во тие области. Со вакви односи им се обезбедува на работниците во тие дејности еднаква општествено-економска положба како и на работниците во другите организации на здружениот труд.
Работниците во организациите на здружениот труд на општествените дејности и корисниците на нивните услуги основаат самоуправни интересни заедници и со самоуправни спогодби и договори ги утврдуваат меѓусебните односи, права и обврски.
Самоуправни интересни заедници работните луѓе како корисници можат да основаат и за задоволување на одредени лични и заеднички потреби и за остварување на своите интереси врз основа на заемност и солидарност, утврдувајќи ги врз самоуправни основи своите заеднички и поединечни обврски спрема тие заедници и своите заеднички и поединечни права што се остваруваат во нив.
Со закон можат да се утврдат: обврска за образување на самоуправни интересни заедници, начела за нивната организација и за меѓусебните односи на работниците од заинтересираните области на трудот, како и обврска за плаќање придонес на интересните заедници заради финансирање на нивната дејност врз начелата на солидарност и сразмерност на придонесите со личните доходи на работниците, односно со економската сила на другите обврзници.
Самоуправните интересни заедници имаат својство на правно лице.
7. Средствата распределени во основната организација на здружениот труд за проширување на материјалната основа на трудот, како дел од заедничките средства на општествената репродукција, служат за проширување на материјалната основа на трудот во таа организација и во општеството како целина, согласно со интересот на работниците во организацијата на здружениот труд да се користат во неа со тие средства или да ги здружуваат со средствата на други организации заради заедничка работа и работење.
Со закон може привремено да се ограничи располагањето со дел од средствата на општествената репродукција кога е тоа неопходно заради спречување или остранување на поголеми пореметувања на пазарот, заради битни отстапувања од основните цели на утврдената стопанска политика или ако тоа го бараат интересите на народната одбрана.
Со закон може да се утврди обврска за здружување на дел од средствата на општествената репродукција заради финансирање на определени неопходни потреби на општествената репродукција утврдени во општествениот план на Републиката. Висината на средствата, начинот на нивното користување, начинот и роковите за нивното враќање, како и правата и обврските на организациите на здружениот труд во управувањето со здружените средства се утврдуваат со закон.
Законите од претходните два става се донесуваат со мнозинство гласови на сите пратеници на надлежните собори на Собранието, по редовна постапка.
8. Организациите на здружениот труд, во рамките на самоуправните спогодби и на општествените договори, и општините и Републиката, во рамките на своите права и обврски утврдени со уставот, се должни, во согласност со начелата на заемност и солидарност, да се грижат за економска и друга помош на организациите на здружениот труд што ќе дојдат во исклучителни економски тешкотии и да преземат мерки за нивна санација кога тоа е во општествен интерес.
Организациите на здружениот труд сами или во рамките на самоуправните спогодби обезбедуваат, врз начелата на заемност и солидарност, средста за запослување, преквалификација и за остварување на други стечеин права на работниците, кога поради технолошки и економски причини ќе престане потребата од нивна работа во организацијата.
Со закон можат да се утврдат одредени материјални обврски на организациите на здружениот труд за создавање на заеднички средства за остварување на задачите од претходните ставови.
Законот од претходниот став се донесува со мнозинство гласови на сите пратеници на надлежните собори на Собранието.
9. Заради задоволување на општите општествени потреби утврдени со Уставот што ги остваруваат во општините и Републиката, работниците плаќаат од доходот на основната организација на здружениот труд или од своите лични доходи врз основа на закон утврдени даноци за тие потреби.
Обврските на работниците и на организациите на здружениот труд спрема општините и Републиката се утврдуваат во зависност од способноста на стопанството да го осигури задоволувањето на личните и заедничките потреби на работните луѓе и потребите на проширената репродукција во согласност со достигнатиот степен на продуктивноста на вкупниот општествен труд и со потребите на материјалниот и општествениот развој што одговараат на неговите можности и долгорочните интереси на развојот на производните сили на општеството, како и во зависност од способноста на организацијата на здружениот труд, во согласност со општите обврски на стопанството и со резултатите на трудот и успехот што го остварува, да ги осигури со уставот утврдените права на работниците.
Ова начело се применува и во сите други случаи кога со закон, во рамките на правата и должностите на Републиката утврдени со уставот, привремено се ограничува располагањето со средствата со кои управуваат организациите на здружениот труд или се утврдува обврска за здружување на тие средства.
10. Спрема организацијата на здружениот труд која не ги исполнува своите обврски утврдени со закон или со своето работење потешко ги оштети општествените интереси или го доведе во сериозна опасност вршењето на функцијата која е од особен општествен интерес или во која битно се нарушува остварувањето на самоуправните права на работниците, можат да се преземат посебни привремени мерки утврдени со закон, под услови и според постапка предвидени со закон.
11. Со овој амандман се заменуваат членовите 14 и 15, член 42 став 3 и член 44 став 2 од Уставот.
Амандман XIX
1. Својот труд и средствата на општествената репродуккција во основните организации на здружениот труд работниците слободно ги здружуваат во претпријатија, установи и во други работни организации или во други облици на здружениот труд, вклучувајќи ги и оние што вршат кредитни и банкарски работи и работи на осигурувањето, заради зголемување на доходот во основните организации на здружениот труд и унапредување и развивање на сопствениот и заедничкиот труд и работење и заради зголемување на производноста на вкупниот општествен труд.
Меѓусебните односи во овие организации работниците ги уредуваат со самоуправна спогодба за здружување врз основа на рамноправност, обезбедувајќи го во целината на овие односи неотуѓивото право на работникот, врз основа на својот труд, да управува со работите и средствата на општествената репродукција и да одлучува за доходот што го остварува основната организација на здружениот труд во која работи.
Статутите и другите општи акти на организацијата во која се здружени основните организации на здружениот труд не можат да бидат во спротивност со самоуправната спогодба за здружување.
Основните и другите организации на здружениот труд се носители на правата и обврските што им припаѓаат врз основа на уставот, законот и самоуправната спогодба за здружување.
2. Доходот што основните организации на здружениот труд заеднички го остваруваат со здружување на трудот и на средства и со деловна соработка со други организации во вид на камати на кредит или во друг вид, е составен дел на доходот што основните организации на здружениот труд го остваруваат со своето вкупно работење и им припаѓа на овие организации сразмерно со нивниот придонес во остварувањето на тој доход.
3. На организацијата на здружениот труд која во своето работење се користи со здружени средства на други организации на здружениот труд што по тој основ имаат право на учество на нејзиниот доход мора, во рамките на основниот доход, да ѝ бидат обезбедени средства за лична и заедничка потрошувачка на работниците, како и средства за проширување на материјалната основа на трудот според нејзиниот придонес во заедничките резултати од трудот.
Мерилата за утврдување на средствата за лична и заедничка потрошувачка на работниците и на придонесот во заедничките резултати на трудот се одредуваат со договор во согласност со единствените начела за здружување на средствата утврдени со сојузен закон, како и со самоуправна спогодба и општествен договор за овие мерила.
Со здружување на средства не можат да се стекнат никакви сопственички или други трајни права. Правото на учество во доходот на друга организација по основ на здружување на средства гасне, кога, во согласност со единствените начела за здружување на средствата и во согласност со договорот, се вратат односно амортизираат средствата со чие здружување е стекнато ова право. Други заемни права и обврски по основ на здружување на средства се остваруваат согласно со договорот.
4. Организациите на здружениот труд можат средствата на општествената репродукција да ги вложуваат во странство и да се користат со средства на странски лица, под условите и во границите утврдени со сојузен закон.
Правата на странското лице над средствата што ги вложува во организацијата на здружениот труд во земјата не можат по склучувањето на договорот да се намалат со закон или со друг акт.
5. Заради проширување на материјалната основа на трудот, организациите на здружениот труд можат да собираат парични средства од граѓаните и да им обезбедат, покрај враќањето на овие средства, и надоместок за вложените средства во вид на камата или и други погодности.
6. Меѓусебните кредитни односи на организациите на здружениот труд и нивните односи со други лица во рамките на кредитниот систем се уредуваат во согласност со единствените начела утврдени со сојузен закон.
Со договорите за меѓусебните кредитни односи меѓу организациите на здружениот труд и за нивните односи со други лица во рамките на кредитниот систем не можат покрај обврските за условите за користење и враќање на кредитот во границите определени со закон, да се утврдуваат и други обврски со кои се ограничуваат правата на работниците утврдени со уставот.
7. Заради остварување на заедничките интереси во обезбедувањето на парични средства за вршење и проширување на својата дејност, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општините и Републиката можат со договор да основаат банки како посебни организации на здружениот труд за вршење на кредитни и други банкарски работи.
Организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општините и Републиката, како и други општествени правни лица што ги здружуваат своите средства во банка, управуваат со работите на банката согласно со договорот за основање на банката и со статутот на банката што се донесува во согласност со тој договор.
Средствата што ги остварува банката со своето работење, по издвојувањето на делот за здоволување на личните и заедничките потреби на работниците што работат во банката и за унапредување на материјалната основа на нивниот труд, се распоредуваат меѓу општествените правни лица што ги здружиле своите средства во банката, согласно со статутот на банката.
Од делот на средствата што се здружуваат во банката и од делот на распределените средства остварени со работењето на банката, се образува резервен фонд на банката.
Средствата што се распределуваат од доходот на банката можат да се оданочуваат само како приход на лицата на кои им се распределени и врз основа на прописите и во корист на општествено-политичката заедница на која и се плаќа данок од доходот на тие лица.
Работењето на банките што се однесува на собирањето на штедните влогови на граѓаните, на правата и обврските на банките во врска со тоа работење, како и правата на граѓаните врз основа на своите штедни влогови, покрај договорената камата, да стекнуваат и други права, се уредуваат со закон, во согласност со единствените начела на кредитниот систем.
8. Организациите на здружениот труд, интересните заедници, општините и Републиката и другите општествени правни лица што ги здружуваат своите средства во осигурителни и во други парични организации, имаат во поглед на управувањето со тие организации и во поглед на распределбата во начело исти права како и општествените правни лица што ги здружуваат своите средства во банка.
Правата на граѓаните - осигуреници на учеството во управувањето, како и другите нивни права, се утврдуваат со статутот во согласност со закон.
Организациите на здружениот труд, интересните заедници, општините и Републиката и другите општествени правни лица имаат во организациите на здружениот труд што се занимаваат, освен со други дејности, и со банкарско или слично работење заради стекнување на доход, во начело исти права како и општествените правни лица што здружуваат средства во банка, и тоа во делот што се однесува на тоа работење.
Основањето и работењето на организациите на здружениот труд што се занимаваат со работи на прометот на стоки и услуги се уредува во согласност со начелата на здружениот труд и самоуавувањето, на меѓусебното влијание врз деловната политика во рамките на нивната соработка со производните и други организации, на заедничкото преземање на ризик и на заедничката одговорност за проширување на материјалната основа и за зголемување на продуктивноста на трудот во производството и во стоковниот промет, како и на соодветното учество во доходот остварен со оваа соработка.
9. За развивање на меѓусебна соработка, усогласување на своите планови и развојни програми, за подигање продуктивноста на трудот и организирано застапување на интересите, како и за извршување на други работи од заедничи интерес, организациите на здружениот труд можат да се здружуваат во комори и други видови здруженија.
Со закон може да се пропише задолжително здружување на организациите на здружениот труд во комори, условите за формирање и начелата за нивната организација.
10. Со закон може да се предвиди задолжително здружување на работните организации во деловни заедници кога тоа го бара технолошкото единство на системот во одделни области и ако е тоа од интерес за Републиката.
11. Со овој амандман се заменува член 45 став 4 од Уставот.
Амандман XX
1. Со самоуправна спогодба работниците на основните и други организации на здружениот труд и интересните заедници ги усогласуваат меѓусебните интереси во општествената поделба на трудот и во општествената репродукција, ги утврдуваат основите и критериумите според кои тие ги усогласуваат своите посебни интереси со заедничките интереси и ги утврдуваат меѓусебните права и одговорности и мерките за нивното остварување.
Самоуправната спогодба ја обврзува организацијата на здружениот труд и интересната заедница што ја склучила или пристапила кон неа.
Основните и други организации на здружениот труд и интересните заедници што сметаат дека со самоуправна спогодба на други организации на здружениот труд се повредени нивните интереси, можат да поведат постапка за преиспитување на самоуправната спогодба на начин утврден со закон.
2. Со општествен договор организациите на здружениот труд и нивните општи асоцијации, интересните заедници, општините, Републиката, синдикатите и други општествено-политички организации и други самоуправни и општествени организации обезбедуваат и остваруваат самоуправно усогласување и уредување на општествено-економските и други односи од заеднички или општ интерес.
Општествениот договор ги обврзува организациите и заедниците што го прифатиле.
Општините и Републиката, во рамките на своите права и должности, можат со закон односно со друг општ акт да утврдат дека општествениот договор е општо задолжителен.
3. Постапката за склучување и спроведување на самоуправната спогодба и на општествениот договор се заснова врз начелата на јавност и рамноправност на учесниците на спогодувањето и договарањето.
Со самоуправната спогодба и со општествениот договор се утврдуваат мерките за нивното спроведување и материјалната и општествената одговорност на учесниците на спогодувањето и договарањето.
4. Со закон може да се пропише обврска за започнување на постапка за склучување на самоуправна спогодба и општествен договор и да се утврдат начелата на таа постапка.
Амандман XXI
1. Се гарантира слободата на самостојниот личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓаните кои вршат земјоделска, занаетчиска, угостителска, туристичка, превознича, како и со закон определена друга стопанска или нестопанска дејност, кога вршењето на дејноста со личен труд одговара на начинот, материјалната основа и можностите на личниот труд.
Работните луѓе што вршат таква дејност имаат во начело иста општествено-економска положба и во основа исти права и обврски како и работните луѓе во организациите во здружениот труд.
Со закон се уредуваат условите за вршење на дејност со самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓаните и сопственичките права над средствата на трудот и на деловните простории за вршење дејности со личен труд, во сопственост со правата на граѓаните гарантирани со уставот.
2. Работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд можат, согласно со договорот и законот, меѓусебно да го здружуваат својот труд и своите средства на трудот во задруги и во слични организации и во нив заеднички да располагаат со доходот од заедничкиот труд.
Работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд можат, согласно со договорот и законот, својот труд и средствата на трудот да ги здружуваат со организации на здружениот труд во различни облици на кооперација и на други видови деловна соработка и, во рамките на таа соработка, да учествуваат во управувањето со заедничките работи и во распределбата на доходот остварен со оваа соработка.
Работните луѓе кои со личен труд самостојно вршат уметничка или друга културна, истражувачка, професионална, спортска или друга слична дејност можат, согласно со договорот и законот, својот труд да го здружуваат со организации на здружениот труд во различни облици на деловна соработка и во рамките на таа соработка да учествуваат во управувањето со заедничките работи и во распределбата на доходот остварен со оваа соработка.
3. Работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд можат, кога за вршење на таквата дејност е потребен дополнителен труд на други лица, да запослуваат други лица врз основа на договор во обем определен со закон.
Договорот за запослување го склучуваат работните луѓе кои запослуваат работници и овие работници во согласност со колективниот договор што го склучуваат синдикалната организација и соодветната комора односно друга опшата асоцијација во која се претставени работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд. Со тој колективен договор на овие работници им се обезбедуваат права сходно со одредбите на точка 3 став 2 и 3 и точка 5 од Амандманот XVIII.
4. Работниот човек што самостојно врши дејност со личен труд може својот труд и средствата на трудот да ги здружува со трудот на други лица во посебни организации на здружениот труд што се утврдуваат со закон.
Работниот човек кој го здружува својот труд и средствата на трудот со средствата на други лица може, врз основа на сопственичкото право, самостојно да располага само со оној дел од доходот остварен во посебната организација на здружениот труд кој му припаѓа по основ на средствата вложени во оваа организација над кои има право на сопственост, а во согласност со начелата што важат за здружување на трудот и на општествените средства во организациите на здружениот труд.
Другиот дел од доходот, по издвојување на личните доходи на здружените работници и на работниот човек кој го здружил со нив својот труд и средствата на трудот, а кои им припаѓаат врз основа на трудот, е општествена сопственост и тие управуваат и располагаат со него согласно со уставните начела за самоуправувањето.
На работниот човек кој својот труд и средствата на трудот ги здружува со трудот на други лица во посебна организација на здружениот труд, му се гарантира правото на сопственост над средствата што ги внел во организацијата, како и правото, согласно со договорот и со законот, да раководи со работењето на организацијата и да учествува во остварувањето на доходот врз основа на резултатите од неговиот труд и по основ на вложените средства во оваа организација над кои има право на сопственост.
5. Со закон се определува кога самостојното вршење на дејноста со личен труд со користење на дополнителен труд на други лица од точка 3 на овој амандман, кој ги надминува границите на дозволениот со закон доплнителен труд на други лица, мора да се организира како посебна организација на здружениот труд според начелата од точка 4 на овој амандман.
6. Земјоделските производители кои својот трудот и своите средства на трудот ги здружуваат во задруга или слична организација управуваат во задругата, односно сличната организација и во нив заеднички располагаат со доходот од заедничкиот труд.
На работниците што работат во организациите од претходниот став им припаѓаат врз основа на нивниот труд, според договорот во согласност со уставот и законот, определени права во управувањето со организацијата и располагањето со доходот остварен во неа.
Земјоделските производители кои својот труд и средствата на трудот ги здружуваат со организациите на здружениот труд, задруги или слични организации во различни видови на кооперација и други видови на деловна соработка, во рамките на таа соработка, учествуваат рамноправно со членовите на работната заедница на организацијата во управувањето со заедничките работи и соодлучуваат за распределбата на заеднички остварениот доход.
Задругите и другите слични организации во кои земјоделските производители го здружуваат својот труд и средствата на трудот со трудот на други лица, се организираат како плсебни организации на здружениот труд во согласност со точка 5 од овој амандман.
Земјоделските производители го задржуваат правото на сопственост врз средствата што ги здружуваат во задруга или друга слична организација, доколку со договорот не е поинаку определено.
За отуѓување на средствата создадени со заеднички труд на земјоделските производители, за здружување во задруга или слична организација или за нејзино припојување кон друга организација односно за ликвидација на оваа организација е потребна согласност на здружените земјоделски производители.
7. Со закон може да се утврди дека во ридско-планинските краишта најголемата површина на обработливо земјоделско земјиште по домакинство на кое земјоделците имаат право на сопственост, може да биде поголема од површината утврдена во член 19 став 2 од Уставот на СРМ.
8. Со овој амандман се заменуваат член 17 и член 43 став 1, 2 и 3 од Уставот.
Амандман XXII
1. Дејностите односно работите што се неопходен услов за задоволување на секојдневните основни потреби за живот и работа на граѓаните и на другите корисници, како и дејностите односно работите што се од посебно значење за Републиката (комунални дејности, производство и пренос на електрична енергија, ПТТ сообраќај, железнички сообраќај, изградба и одржување на патиштата и водостопанска дејност) се од посебен општествен интерес.
Организациите на здружениот труд што вршат дејности или работи од посебен општествен интерес се должни да обезбедат трајно и непречено вршење на дејностите односно на услугите, а во случај на прекин или нередовно вршење на дејноста односно на услугата се должни да им ја надоместат на корисниците штетата, кога е тоа предвидено со закон.
2. Начинот и условите на вршење на дејностите односно работите од посебен општествен интерес и меѓусебните права и обврски на организациите на здружениот труд што што ги вршат тие дејности односно работи и корисниците на нивните услуги се утврдуваат со општествен договор меѓу организациите на здружениот труд, интересните заедници и корисниците на услугите, општината или Републиката, односно со самоуправна спогодба.
Ако надлежниот орган на Републиката врз основа на закон, односно општината врз основа на свој пропис определи дека организацијата на здружениот труд е должна дејноста односно работите да ги врши на сите или на определени корисници по цена која е пониска од цената формирана според пропишаните мерила односно од пазарната цена, општината односно Републиката е должна да изврши соодветно надоместување на организацијата на здружениот труд. Висината и начинот на ова надоместување се утврдува со меѓусебен договор.
3. Како дејности од посебен општествен интерес се и дејностите од областа на образованието, науката, културата, јавното информирање, заштитата на здравјето, социјалната заштита и другите општествени служби.
Начинот и условите на вршењето на дејностите од претходниот став се уредува со закон.
4. Со закон можат да се прогласат за дејности од посебен општествен интерес и други дејности.
5. Со закон и со пропис на општината можат да се предвидат посебни права и должности на Републиката и општината и на нивните органи во поглед на надзорот над вршењето на дејноста односно работата од посебен општествен интерес.
Амандман XXIII
1. Заеднички општествен интерес на граѓаните, организациите на здружениот труд, општините и Републиката е да се обезбедат услови за најцелосходно искористување и зачувување на природата и природните богатства, заштитата на земјиштето од ерозија и, напоредно со стопанскиот и општествениот развој, да се создаваат услови за рационален просторен распоред на населбите, стопанските и другите објекти, како и за спречување на штетните последици за здравјето и животот на луѓето предизвикани со современиот начин на производство, технологија и промет.
Со закон се уредува спречувањето на загадувањето на воздухот, водата и земјиштето, спречувањето на штетната бучава и заштитата на животинскиот и растителниот свет.
2. Рентата што се создава на земјиштето со вложување на општествени средства за негово користење за градежни, комунални или стопански намени му припаѓа на општеството и, по правило, се корсти за уредување на просторот.
Рентата се утврдува, се зафаќа и се насочува со прописи на општините донесени врз основа на закон.
3. Со закон може да се уредува зафаќање и насочување на другите видови рента што не е резултат на вложувања на сопствениците или корисниците на недвижностите (рудно богатство, шуми, води).
Амандман XXIV
1. Заради остварување на единството на југословенскиот пазар, Социјалистичка Република Македонија на својата територија обезбедува:
- на организациите на здружениот труд, на нивните здруженија и на работните луѓе рамноправни услови за вршење на нивните дејности и за стекнување на доход, како и за основање и здружување на тие организации;
- слободно движење и здружување на трудот и на средствата на репродукцијата и слободна размена на стоки и други услуги, научни резултати и стручни искуства;
- слободен натпревар на пазарот, самоуправно спогодување и општествено договарање заради унапредување на производството и прометот и интегрирање на општествениот труд;
- спречување да се стекнат предимства врз основа на монопол на пазарот и други општествено и економски неоправдани предимства;
- слободно запослување на граѓаните под истите услови што важат во местото на запослувањето;
- признавање на правата по основ на трудот без оглед на тоа каде се стечени во СФРЈ.
2. Противуставен е секој акт и секое дејство што се спротивни на точка 1 од овој амандман.
Амандман XXV
1. Заради обезбедување на општи услови за општествениот и економскот развиток, врз основа на заеднички утврдените и усогласени интереси на сите фактори на општествениот и економскиот живот по пат на самоуправни спогодби и општествени договори, Републиката го насочува општиот развиток, го усогласува развитокот на стопанството и општествените дејности и се грижи за усогласување на развитокот на сите подрачја на Републиката, и за таа цел донесува општествени планови и програми.
Со општествениот план и програмите за развиток, Републиката ги утврдува и вкупните биланси и основните пропорции во распределбата на општествениот производ и презема други мерки на економската политика заради остварување на општествениот план.
2. Заради спроведување на економската политика и остварување на општествениот план, републичките органи во рамките на своите овластувања, донесуваат прописи и мерки кои се неопходни за усогласување на односите помеѓу одделни дејности, за остварување на политиката за распределба на општествениот производ, за примена на мерките и прописите за единствениот пазар, за унапредување на одделни стопански области, за остварување на кредитно-монетарната политика и политиката на цени, како и мерки за остранување на пореметувањата на пазарот и за спречување создавањето на монополи или други односи насочени кон стекнување на материјални или други предности што не се засновани врз начелата на рамноправни односи во работењето, или со кои се нарушуваат самоуправните права и рамноправноста на другите организации на здружениот труд, или се нанесува штета на општите општествени интереси.
Надлежните републички органи подготвуваат и им ставаат на располагање на организациите на здружениот труд информации неопходни за планирањето.
3. Заради остварување на плановите на општествено-економскиот развиток, Републиката, во рамките на своите права и должности, пропишува одредени кредитно-монетарни мерки и ја насочува употребата на средствата на Народната банка на Македонија и заштедите на граѓаните.
Во остварувањето на развојната политика на Републиката можат да се пропишуваат даночни олеснувања и ослободувања.
4. Организациите на здружениот труд можат, заради остварување на целите утврдени во општествениот план, да здружуваат средства на општествената репродукција за учество во финансирањето на:
- изградбата и одржувањето на сообраќајните, енергетските, водостопанските и други стопански објекти од значење за Републиката;
- развојот на недоволно развиените краишта;
- обезбедувањето на стоковни резерви;
- научно-испитувачката дејност;
- развојот на одделни општествени дејности од значење за Републиката;
- помагањето на организациите на здружениот труд од значење за Републиката кои трајно ќе се најдат во тешки економски услови.
Здружувањето на овие средства се врши со самоуправно спогодување и општествено договарање. Доколку не се постигне општествен договор за здружување на средствата, а Собранието, откако оцени дека е тоа од општ општествен интерес и дека одредени цели не можат да се остварат на друг начин, ќе донесе закон за здружување на средствата. Овој закон се донесува со мнозинство гласови на сите пратеници на надлежните собори на Собранието, по редовна постапка.
Со општествениот договор, самоуправната спогодба или со законот за здружување на средствата се утврдуваат изворите и намената и се пропишува начинот на управувањето, располагањето и учеството на делегираните претставници на организациите на здружениот труд во управувањето на здружените средства.
Собранието, во согласност со развојната политиката на Републиката, ја следи употребата на средствата и врши надзор над таа употреба.
5. Со овој амандман се заменува член 110 од Уставот.
Амандман XXVI
1. Народната банка на Македонија како установа на единствениот монетарен систем на Југославија, во рамките на заедничката емисиона политика, ги утврдува условите и начинот на користење на паричните средства во Републиката и презема други мерки за остварувањето кредитната политика на Републиката.
Народната банка на Македонија, во рамките на своите права и должности, е одговорна за стабилноста на валутата, за општата ликвидност на плаќањето и за спроведување на заеднички утврдената монетарна политика.
2. Народната банка на Македонија самостојно ги применува мерките со кои се остваруваат целите и задачите на кредитно-монетарната политика. Деловните банки се должни да се придржуваат кон одлуките што ги донесува Народната банка на Македонија заради остварувањето на таа политика.
3. Народната банка на Македонија во согласност со закон врши определени финансиско-технички работи за општествено-политичките заедници.
4. Со работите на Народната банка на Македонија раководат Гувернерот и Советот на Народната банка на Македонија, што ги именува Собранието.
Гувернерот и Советот за работата на Банката одговараат пред Собранието.
5. Статусот на Народната банка на Македонија се утврдува со закон.
Амандман XXVII
1. Службата на општественото книговодство врши, во согласност со законот, евиденција и информативно-аналитички работи за располагањето со општествените средства, како и контрола на располагањето со тие средства и контрола на извршувањето на обврските што со закон или пропис донесен врз основа на закон, со самоуправна спогодба или со општествен договор, се востоновени за корисниците на општествените средства. Таа го следи користењето на општествените средства и извршувањето на општествените обврски и за тоа ги известува организациите на здружениот труд, органите на Републиката и на општините, како и другите корисници на општествени средства и укажува на потребата за преземање соодветни мерки.
Работите на платниот промет во Републиката ги врши Службата на општественото книговодство, во согласност со сојузен закон.
2. Службата на општественото книговодство соработува со организациите на здружениот труд и со другите корисници на општествени средства во организирањето на нивната внатрешна контрола на финансиското и материјалното работење.
Службата на општественото книговодство може да се задолжи со закон да врши и други задачи.
Службата на општественото книговодство работи според законот и во извршувањето на работите од својата надлежност е самостојна.
Амандман XXVIII
1. Заради задоволување на општите општествени потреби што ги остваруваат во општината односно во Републиката работниците плаќаат од доходот на основната организација на здружениот труд или од своите лични доходи, а граѓаните од своите лични доходи и од другите приходи од имоти и имотни права плаќаат даноци, такси и други давачки.
2. Системот, изворите и видовите даноци, такси и други давачки се утврдуваат со закон.
Работните луѓе, граѓаните и основните организации на здружениот труд учествуваат во задоволувањето на општите општествени потреби според принципот оној што остварува поголем доход сразмерно повеќе да учествува во задоволувањето на тие потреби.
3. Општините и Републиката самостојно ја утврдуваат висината на даноците, таксите и другите давачки што според законот се нивни приходи и располагаат со нив.
За изедначување условите на стопанисување и за усогласен развој на Социјалистичка Република Македонија, Републиката, општините и самоуправните интересни заедници ги усогласуваат обврските на организациите на здружениот труд, работните луѓе и граѓаните.
4. Заради обезбедување во основа еднакви услови и можности за стопанисување на работните луѓе и на основните организации на здружениот труд во работењето и во распределбата на општествениот производ и заради остварување на материјалните односи што се утврдени со општествениот план, или кога тоа го бараат интересите на народната одбрана или други вонредни потреби во Републиката, со закон може да се пропише:
- граници до кои општините и интересните заедници можат да ги утврдуваат своите приходи од доходот на организациите на здружениот труд и од данокот на промет и услуги;
- обврска на организациите на здружениот труд, интересните заедници, општините и Републиката, да образуваат резервни општествени средства;
- привремена забрана во располагањето со определени општествени средства од страна на интересните заедници, општините и Републиката; и
- интересните заедници, општините и Републиката определени свои средства да го орочуваат за цели определени со закон.
5. Со меѓусебни договори со другите републики и автономните покраини, Социјалистичка Република Македонија ги усогласува основите на даночната политика и даночниот систем, кога е тоа нужно за обезбедување на единството и стабилноста на југословенскиот пазар.
6. Со овој амандман се заменуваат член 81 став 1 од Уставот и одредбите на точка 4 од Амандманот XII.
Амандман XXIX
1. Социјалистичка Република Македонија ги има следните права и должности:
1) го штити суверенитетот и уставниот поредок;
2) обезбедува услови за остварување и развој на самоуправните социјалистички општествени односи;
3) обезбедува заштита и услови за остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот; се грижи за остварување правата на работните луѓе утврдени заради обезбедување на нивната социјална сигурност и стабилност;
4) ги штити самоуправните права на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и на општините и се грижи за нивното остварување;
5) го обезбедува остварувањето на рамноправноста на македонскиот јазик, народностите и етничките групи и припадниците на другите народи на Југославија;
6) ја утврдува општата политика за усогласен стопански и општествен развој на Републиката и за развојот на недоволно развиените краишта, како и се грижи за нејзиното остварување;
7) се грижи за усогласеноста на правниот систем на Републиката;
8) обезбедува уставност и законитост;
9) го остварува учеството и одговорноста на Републиката во утврдувањето и спроведувањето на политиката на Федерацијата;
10) соработува со органите и организациите на другите социјалистички републики и на социјалистичките автономни покраини;
11) соработува со органи и организации на другите држави и со меѓународни органи и организации; се грижи за остварувањето на интересите на Републиката во областа на односите со странство и во меѓународната политика, во рамките на заеднички утврдена надворешна политика и меѓународните договори на СФРЈ; ја усогласува и насочува соработката на општините, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации со соодветните странски и меѓународни органи и организации и со административни единици на странски држави;
12) ја поттикнува и помага соработката на општинските собранија и нивните органи, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации, интересните заедници, стручните и другите здруженија со соодветните органи и организации на другите социјалистички републики и на социјалистичките автономни покраини;
13) ја организира државната безбедност и ја насочува нејзината работа;
14) се грижи за организирањето на јавната безбедност во Републиката и ја усогласува работата на службите за јавна безбедност на општините;
15) се грижи за функционирањето на општествената самозаштита;
16) ја организира народната одбрана;
17) ја врши судската функција и го организира правосудството;
18) ја обезбедува посебната заштита на борците од Народноослободителната војна, воените инвалиди и семејствата на паднатите борци; заштитата на борците од Илинденското востание и другите национално-ослободителни борби на Македонија; заштитата на борците за демократски права и слободи и на учесниците во антифашистичката борба, на жртвите од фашистичкото насилство и трудовите и другите инвалиди;
19) ги обезбедува основните права од социјалната заштита;
20) се грижи за рационалното искористување на просторот, за утбанистичкото уредување и за заштитата на природата;
21) се грижи за развитокот и единството на системот на воспитувањето и образованието и за изедначување на условите за образование во Републиката; учествува во обезбедувањето за услови на развитокот на одделни видови средно образование; учествува во обезбедувањето на услови за развитокот на високото школство;
22) се грижи и учествува во обезбедувањето на услови за развитокот на науката и научно-испитувачката работа;
23) се грижи и учествува во обезбедувањето на услови за развитокот на културата, а учествува во обезбедувањето на услови за унапредување на културните дејности од општ интерес за Републиката;
24) се грижи за развитокот на здравствената заштита и презема мерки од општ интерес за Републиката во оваа област;
25) се грижи за развитокот на физичката култура;
26) се грижи за развитокот на техничката култура;
27) се грижи за развитокот на социјалната заштита;
28) се грижи за развитокот на детската заштита;
29) се грижи за развитокот на општествените средства за јавно информирање;
30) основа републички органи и организации од општ интерес за Републиката и се грижи за нивното функционирање;
31) се грижи за извршувањето на републичките и сојузните закони и други прописи на подрачјето на Републиката и, доколку е овластена со закон, непосредно ги извршува;
32) врши и други права и должности утврдени со уставот.
2. Правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија ги остваруваат републичките органи и организации во рамките на нивната надлежност определена со Уставот на СРМ и со законите.
3. Во остварувањето на правата и должностите на Републиката учествуваат и општините во согласност со Уставот на СРМ.
4. Во остварувањето на своите права и должности Републиката се потпира на соработката со општествено-политичките организации, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации.
5. Со овој амандман се заменува член 109 од Уставот.
Амандман XXX
1. Во остварувањето на правата и должностите на Републиката утврдени со Уставот на СРМ, републичките органи ја утврдуваат политиката и донесуваат закони и други акти.
2. За уредување на работи од заеднички интерес за работните луѓе и граѓаните, Собранието донесува закони што се однесуваат на:
1) системот на општественото планирање, општествениот план на Републиката, системот на регионалниот развој, развојот на недоволно развиените краишта и кредитирањето на нивниот побрз развој, како и мерките за остварување на политиката за општествениот развој на Републиката; системот на просторното и урбаничкото планирање; насочувањето на распределбата на доходот во организациите на здружениот труд; работните односи и заштитата при работата; самостојниот личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓаните; правната положба на организациите на здружениот труд и условите за вршење на определени дејности; задолжителното здружување во комори, како и во деловни заедници кога тоа го бара технолошкото единство на системот во одделни области и ако е тоа од интерес за Републиката; републичките стокови резерви заради обезбедување потребите на Републиката во случај на војна и во други вонредни прилики или заради обезбедување стабилноста на пазарот во случај на поголеми растројста на пазарот;
2) финансирањето на Републиката и општините; придонесите, даноците, таксите и другите давачки; системот на буџетите и јавните зајмови; републичките фондови; Народната банка на Македонија; службата на општественото книговодство во Републиката; кредитниот и банкарскиот систем; системот на осигурување на имотот и лицата;
3) користењето на земјиштето, шумите и другите природни богатства и природните сили; ловот и риболовот; заштитата од загадување на воздухот, водата и земјиштето, спречувањето на штетната бучава; заштитата на животинскиот и растителниот свет; рударството, електростопанството и водостопанството; прометот и катастарот на земјиштето; патиштата, превозот со моторни и запрежни возила во патниот сообраќај; железничкиот, воздушниот, ПТТ и радиосообраќајот; пловидбата по езерата; изградбата на инвестициони објекти и надзорот врз нив; угостителството и туризмот; занаетчиските дејности;
4) народната одбрана и подготвувањето на општонародниот отпор; државната и јавната безбедност и општествената самозаштита;
5) републичкото државјанство; празниците и одликувањата на Социјалистичка Република Македонија; употребата на знамињата; амнестијата и помилувањето;
6) основите на изборниот систем во организациите на здружениот труд, во другите самоуправни организации и во интересните заедници, изборот и отповикувањето на членовите на Претседателството на СФРЈ од Социјалистичка Република Македонија, на пратениците и одборниците; републичкиот референдум;
7) организацијата на републичките органи, правата на работниците од трудот и по основ на трудот во републичките органи и организации што вршат работи од општ интерес за Републиката; самоуправувањето во овие органи и организации; образувањето или укинувањето на општини и определувањето и менувањето на нивните граници;
8) сопственичките и другите имотно-правни односи; дроговорните и другите облигациони односи; правото на сопственост на стан и основите на станбените односи; населедувањето; експропријацијата; прометот на недвижности;
9) судовите; јавното обвинителство; јавното правобранителство; адвокатурата; правното застапување и другите видови на правна помош; арбитражата;
10) кривичната одговорност, кривичните дела, одговорноста за стопански престапи и за прекршоци што според Уставот на СФРЈ не ги утврдуваат сојузните органи; системот на прекршоците; извршувањето на санкциите за кривични дела, стопански престапи и прекршоци;
11) бракот, семејството и старателството;
12) системот и организацијата на воспитувањето и образованието; стручните називи и академските титули; нострификацијата на дипломи стекнати во странство; системот и организацијата на научно-истражувачката работа;
13) системот на организацијата на културните дејности, сценско-уметничките дејности; изградбата на јавните споменици, заштитата на културните споменици, музејскиот, библиотекарскиот и архивскиот материјал; системот на физичката и техничката култура; издавачката дејност, филмот, печатот, радиофузијата и другите средства за јавно информирање;
14) системот и организацијата на здравствената и социјалната заштита; основните права на социјалната заштита; детската заштита; системот на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување;
15) заштитата на животот и здравјето на луѓето од заразни болести чие спречување и сузбивање е од интерес на Републиката; заштитата на добитокот и растенијата од болести и штетници чие спречување и сузбивање е од интерес на Републиката; производството на лекови и отрови, ускладишувањето и заштитата од запаливи течности, гасови, експлозиви и радиоактивни материјали и превозот на овие материјали;
16) посебната заштита на борците од Народноослободителната војна, воените инвалиди и семејствата на паднатите борци; заштитата на борците од Илинденското востание и другите националноослободителни борби на Македонија; заштитата на борците за демократски права и слободи и на учесниците во антифашистичката борба, на жртвите од фашистичкото насилство и трудовите и другите инвалиди;
17) собирањето и обработката и статистички и други податоци од интерес на Републиката;
18) здружувањето на граѓаните, јавните собири и јавните приредби; слободата на движењето и населувањето; пријавувањето на живеалиштето и боравиштето;
19) правната положба на верските заедници;
20) безбедноста на патниот, железничкиот и езерскиот сообраќај;
21) заштитата од пожари и од елементарни непогоди;
22) матичните книги, личните имиња и личните карти;
23) заверката на потписи, ракописи и преписи;
24) набавувањето, поседувањето, носењето, испробувањето и обележувањето на оружје и муниција;
25) игрите на среќа.
Собранието може со закон да уредува и други работи што се од заеднички интерес за работните луѓе и граѓаните. Овие закони се донесуваат со мнозинство гласови на сите пратеници на надлежните собори на Собранието, по редовна постапка.
3. Собранието, во рамките на правата и должностите на Републиката, донесува закони и во областите што се уредени со сојузен закон.
Собранието може да донесува закони ако е тоа од интерес за остварувањето на правата и должностите на Републиката и во областите што се уредуваат со сојузен закон, ако таков закон не е донесен.
4. Односите за кои во одредбите на Уставот на СРМ е предвидено да се уредуваат со сојузен закон, ќе се уредуваат со републички закон, доколку според Уставот на СФРЈ не се право и должност на Федерацијата.
5. Во областите што се уредени со републички закон општините, во рамките на своите права и должности, можат да донесуваат прописи заради уредување на одделни прашања што не се уредени со законот. Овие прописи мора да бидат во согласност со законот.
Општините можат со закон да бидат овластени да донесуваат прописи за извршување на одделни закони или на одделни нивни одредби.
6. Со закон можат да се утврдат општи начела во следните области во кои работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат односите во општината, месната заедница, самоуправните интересни заедници и во организациите на здружениот труд:
1) организацијата на општественото самоуправување во општината;
2) организацијата на самоуправните интересни заедници во областа на образованието, науката, културата, здравството, детската заштита и во другите општествени дејности;
3) урбанистичкото уредување на населбите;
4) доделувањето, уредувањето и употребата на градежно земјиште;
5) уредувањето и користењето на земјиштето и добрата во општа употреба;
6) функционирањето и управувањето на комуналните работни организации;
7) станбената изградба, нејзиното финансирање и управувањето (стопанисувањето) со становите;
8) референдумот во општината, месната заедница, самоуправните интересни заедници и во организациите на здружениот труд.
Собранието може со закон да утврди општи начела и по други прашања кои работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат во општината, месната заедница, самоуправните интересни заедници и организациите на здружениот труд. Овие закони се донесуваат со мнозинство гласови на сите пратеници на надлежните собори на Собранието.
Законот со кој се утврдуваат општи начела не се применува непосредно.
7. Одлуките и другите општи акти што општините, месните заедници, самоуправните интересни заедници и организациите на здружениот труд ги донесуваат за уредување на работите од точка 6 на овој амандман мора да бидат во согласност со општите начела утврдени со законот.
8. Во рамките на правата и должностите утврдени со Уставот на СРМ, републичките органи ја утврдуваат политиката на извршувањето на републичките закони и на другите општи акти на Собранието, го следат нивното извршување и вршат други политичко-извршни и управни работи.
Републичките органи, во рамките на правата и должностите на Републиката утврдени со Уставот на СРМ, непосредно одговараат за извршувањето и применувањето на републичките закони и на другите републички прописи, како и за извршувањето и применувањето на сојузните закони и на другите сојузни прописи во областите во кои сојузните органи не се непосредно одговорни.
9. Со овој амандман се заменуваат членовите 115, 116 став 1 и 117 став 1 од Уставот и точка 1 на Амандманот XII.
Амандман XXXI
1. Предлог да се пристапи кон измена на Уставот на СФРЈ, Собранието утврдува на заедничка седница на сите собори, со мнозинство гласови од сите пратеници на Собранието.
Иницијатива за поднесување предлог од Собранието да се пристапи кон измена на Уставот на СФРЈ може да поднесе секој собор на Собранието, Извршниот совет или најмалку триесет пратеници.
2. Одлука за давање согласност на предлогот да се пристапи кон измена на Уставот на СФРЈ, Собранието донесува на заедничка седница на сите собори.
Одлуката за давање согласност на предлогот да се пристапи кон измена на Уставот на СФРЈ е усвоена ако за неа гласаат две третини од сите пратеници на Собранието.
3. Нацртот на измената на Уставот на СФРЈ го претресуваат и мислење по него даваат сите собори на Собранието на посебни седници.
Мислењето по нацртот на измената на Уставот на СФРЈ соборите го утврдуваат во истоветен текст.
4. Одлука за давање согласност на текстот на измената на Уставот на СФРЈ, прифатен во Сојузната скупштина, Собранието донесува на заедничка седница на сите собори.
Одлуката за давање согласност на текстот на измената на Уставот на СФРЈ е усвоена ако за неа гласаат две третини од сите пратеници на Собранието.
Амандман XXXII
1. Собранието дава согласност по работите за кои одлучува Сојузната скупштина врз основа на согласност на собранијата на републиките и покраините.
2. Ставот на Републиката по предлозите на актите од став 1 и 2 на точка 1 од Амандманот XXXIII од Уставот на СФРЈ го изнесува Извршниот совет, во согласност со општата политика на Собранието.
Ако Собранието претходно не утврдило политика по определено прашање, Извршниот совет ќе му предложи на Собранието да го разгледа тоа прашање и да му даде насоки за став по тоа прашање.
Собранието може по своја иницијатива да разгледува секое прашање или предлог на акт од став 1 и 2 на точка 1 од Амандманот XXXIII на Уставот на СФРЈ и да утврди став по нив.
3. Ставот на Републиката по прашањата за кои одлучуваат сојузните органи на управата врз основа на усогласени ставови со надлежните републички и покраински органи го изнесува надлежниот републички орган на управата, во согласност со политиката на Собранието и со ставовите и заклучоците на Извршниот совет.
4. За обезбедување учество на Републиката во постапката за усогласување на ставовите по прашањата од Амандманот XXXIII на Уставот на СФРЈ и за следење спроведувањето на политиката и извршувањето на прописите по тие прашања, Извршниот совет може да се договори со Сојузниот извршен совет и со извршните совети на републиките и на покраините за образување меѓурепублички комитети за одделни области.
Членовите на меѓурепубличките комитети од Републиката ги делегира Извршниот совет.
Ако определено прашање за кое органите на Федерацијата одлучуваат врз основа на усогласени ставови со надлежните републички и покраински органи спаѓа во областа за која е образуван меѓурепублички комитет, ставот за тоа прашање го изнесуваат претставниците на Републиката во тој комитет, во согласност со политиката на Собранието и со ставовите и заклучоците на Извршниот совет.
Амандман XXXIII
1. Социјалистичка Република Македонија соработува со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и со нив развива меѓусебни односи во остварувањето на задачите од заеднички интерес, а особено во поглед на усогласувањето на стопанскиот и општиот општествен развој, во уредувањето на општествените односи и во другите дејности од надлежност на републиките и покраините кога е тоа во заеднички интерес и придонесува за создавање поповолни услови за остварување правата на работните луѓе, граѓаните, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации, рамноправноста на народите и народностите и за обезбедување на единството и стабилноста на југословенскиот пазар, надворешната политика, народната одбрана и безбедноста на земјата.
Оваа соработка ја остваруваат Собранието, Извршниот совет, републичките органи на управата, општинските собранија и нивните органи, оранизациите на здружениот труд и другите самоуправни организации, самоуправните интересни заедници, општествено-политичките организации и стручните и другите здруженија, во рамките на своите надлежности односно дејности.
Заради успешно остварување на соработката, органите на Социјалистичка Република Македонија во договор со надлежните органи на одделни или на сите републики и покраини можат да основаат заеднички органи, организации и други тела, да преземаат заеднички акции, да ги здружуваат средствата и да поттикнуваат размена на искуства и други облици на соработка.
Заклучоците на заедничките органи, организации и тела ги обврзуваат органите и организациите во Републиката само ако, во рамките на своите права и должности утврдени со Уставот на СРМ и со законите на Републиката, ги усвои надлежниот републички орган и ги пропише со соодветен пропис односно ги утврди со друг акт.
2. Со овој амандман се заменува член 6 од Уставот.
Амандман XXXIV
1. Социјалистичка Република Македонија учествува рамноправно со другите социјалистички републики и социјалистичките автономни покраини во утврдувањето и спроведувањето на надворешната политика на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и на нејзините односи со другите држави и со меѓународните органи и организации.
Социјалистичка Република Македонија остварува соработка и воспоставува, одржува и развива односи со органи и организации на другите држави и со меѓународните органи и организации, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија.
2. Социјалистичка Република Македонија посебно се грижи за развивањето на политички, економски, културни и други односи со соседите, како и други држави и меѓународни органи и организации, што се од значење за Републиката или за правата и интересите на нејзините работни луѓе и граѓани, македонскиот народ и народностите, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации.
Социјалистичка Република Македонија се грижи за работните луѓе на привремена работа во странство и за иселениците од нејзиното подрачје.
Социјалистичка Република Македонија се грижи и го поттикнува и помага развојот и одржувањето на врските со Македонците во странство.
3. Општините, организациите на здружениот труд и другите организации остваруваат соработка со соодветните странски и меѓународни органи и организации и со административните единици на странските држави, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија и политиката на Републиката за оваа соработка.
4. Одлука за давање согласност на меѓународните договори што бараат донесување на нови или измена на важечките републички закони или од кои произлегуваат посебни обврски за Републиката, Собранието донесува со мнозинство гласови на сите пратеници на надлежните собори.
Одлука за давање согласност на сојузниот закон со кој се утврдува постапката за склучување на меѓународните договори од претходниот став, Собранието донесува со мнозинство гласови на сите пратеници на надлежните собори.
5. Во Собранието се образува комисија за прашања на односите со странство.
Комисијата го следи остварувањето на соработката и развојот на политичките, економските, културните и другите односи на Социјалистичка Република Македонија со други држави и со меѓународни органи и организации; ги следи и разгледува надворешно-политичките настани и активностите сврзани со прашања од значење за Републиката; го поттикнува и го следи одржувањето на врските со Македонците во странство и врши определени работи што се однесуваат на работните луѓе на привремена работа во странство и на иселениците од Републиката.
Амандман XXXV
1. Двата члена на Претседателството на СФРЈ од СРМ ги избира Собранието на заедничка седница на сите собори, со тајно гласање.
За член на Претседателството на СФРЈ е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од сите пратеници на Собранието.
Претседателот на Собранието по својата функција е член на Претседателството на СФРЈ.
2. Избраните членови на Претседателството на СФРЈ имаат право да учествуваат во работата на Собранието, освен да учествуваат во одлучувањето и да бидат избрани во телата на Собранието и на постојани функции во Собранието.
3. Членовите на Претседателството на СФРЈ се должни да ги изнесат пред Претседателството на СФРЈ ставовите на Собранието по прашањата од надлежноста на Претседателството на СФРЈ.
Членовите на Претседателството на СФРЈ го известуваат Собранието, по своја иницијатива или по негово барање, за прашањата од надлежноста на Претседателството на СФРЈ.
Членовите на Претседателството на СФРЈ го известуваат Собранието за прашањата по кои не е постигната согласност меѓу Сојузната скупштина и Претседателството на СФРЈ во случаите од став 1 и 2 на точка 8 од Амандманот XXXVI на Уставот на СФРЈ и му предлагаат да заземе став по тие прашања, а можат да му предлагаат на Собранието да разгледа и други прашања од надлежноста на Претседателството на СФРЈ и да заземе став по тие прашања.
Собранието ги разгледува и по своја иницијатива прашањата по кои не е постигната согласност меѓу Сојузната скупштина и Претседателството на СФРЈ во случаите од став 1 и 2 на точка 8 од Амандманот XXXVI на Уставот на СФРЈ и зазема став по тие прашања.
4. Членовите на Претседателството на СФРЈ за својата работа во Претседателството на СФРЈ се одговорни пред Собранието кое може во случаите определени со закон да ги отповика.
5. Постапката за избор и отповикување на членовите на Претседателството на СФРЈ се уредува со закон.
Амандман XXXVI
1. Социјалистичка Република Македонија ја претставува Собранието.
Претседателот на Собранието, во име на Собранието, ја претставува Социјалистичка Република Македонија.
Претседателот на Собранието го заменува потпретседателот на Собранието што ќе го определи Претседателството.
2. Претседателот на Собранието го избира Собранието по предлог од Кандидационата конференција на Републичката конференција на ССРНМ, утврден по претходно мислење од општествено-политичките организации во општините.
Предлог за избор на претседател на Собранието можат да поднесат и најмалку триесет пратеници.
Амандман XXXVII
1. Собранието на Социјалистичка Република Македонија има Претседателство.
Претседателството на Собранието:
- ја усогласува работата на соборите и на другите тела на Собранието во однос на донесувањето и остварувањето на нивните програми за работа;
- ја усогласува работата на соборите на Собранието во поглед на начинот и роковите за претресување на прашања од нивниот рамноправен делокруг и ги определува предлозите и прашањата кои поради својата природа и значење треба првенствено да се решаваат;
- го следи начинот на работа на телата на Собранието и дава иницијативи за унапредување на таа работа и со претседателите на комисиите, одборите и другите работни тела на Собранието и на неговите собори ги претресува прашањата во врска со работата на тие тела;
- ја усогласува работата на Собранието и Извршниот совет во остварувањето на нивните програми за работа;
- ја поттикнува и се грижи за остварувањето и унапредувањето на соработката на Собранието и неговите тела со Сојузната скупштина, собранијата на социјалистичките републики и со социјалистичките автономни покраини, општинските собранија и со општествено-политичките и други самоуправни организации во Републиката;
- дава иницијатива за претресување на прашања од општо политичко значење;
- одлучува за примање на делегации на претставнички тела и за испраќање делегации на Собранието во посета на претставнички тела и го определува нивниот состав;
- поднесува предлози на одлуки за образување на постојни и повремени комисии и други тела на Собранието и на заеднички комисии на два или повеќе собори;
- организира проучување на одделни актуелни политички прашања и други прашања од областа на општествено-економскиот и политичкиот систем и обезбедува соработка на Собранието, неговите собори и неговите тела со други органи и организации при разгледувањето на тие прашања;
- ги толкува одредбите на Деловникот на Собранието за надлежноста на соборите и на другите негови тела, како и другите одредби на Деловникот и зазема ставови по прашањата од заеднички интерес за работата на соборите.
Седниците на Претседателството ги свикува и со нив раководи претседателот на Собранието.
2. Претседателството на Собранието го сочинуваат претседателот и потпретседателите на Собранието, претседателите на соборите на Собранието и претседателот на Извршниот совет.
3. Со овој амандман се заменува член 153 од Уставот.
Амандман XXXVIII
1. Извршниот совет на Собранието го сочинуваат претседател и определен број членови.
Претседателот на Извршниот совет го избира Собранието по предлог од Кандидационата конференција на Републичката конференција на ССРНМ, утврден по претходно мислење од општествено-политичките организации во општините.
Предлог за избор на претседател на Извршниот совет можат да поднесат и најмалку триесет пратеници.
Членовите на Извршниот совет ги избира Собранието по предлог од кандидатот за претседател на Советот и врз основа на мислење од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Собранието при изборот на членовите на Извршниот совет, по предлог од претседателот на Советот, именува од редот на членовите на Советот републички секретари и други функционери кои ќе раководат со републичките секретаријати и со определени други републички органи и организации што вршат работи од општ интерес за Републиката.
Ако претседателот или член на Извршниот совет биде избран од редот на пратениците, му престанува пратеничкиот мандат.
2. Членовите на Извршниот совет уживаат имунитет.
Во поглед на имунитетот на членовите на Извршниот совет сходно се применуваат одредбите на член 160 од Уставот на СРМ. За прашањата на имунитетот на членовите на Советот одлучува Извршниот совет.
3. Извршниот совет е одговорен за спроведување на политиката и на законите и другите општи акти на Собранието и за таа цел ја насочува и координира работата на републичките органи на управата и презема други мерки во рамките на своите права и должности.
4. Извршниот совет, во рамките на правата и должностите на Републиката, донесува уредби, одлуки и упатства за извршување на републичките закони и на другите општи акти на Собранието.
5. Секој собор на Собранието може, по предлог од најмалку десет пратеници, членови на Соборот, да постави прашање на доверба на Извршниот совет.
Ако смета дека не е во состојба да го обезбеди спроведувањето на утврдената политика или извршувањето на законот или на другиот општ акт на Собранието, чие донесување се предлага, или дека не може да преземе одговорност за вршење на својата функција ако не се донесе законот или другиот општ акт чие донесување го предлага, Извршниот совет може да постави прашање на доверба.
По прашањето на доверба на Извршниот совет се води претрес во Собранието.
Ако надлежните собори му изгласаат недоверба на Извршниот совет, Советот е должен да поднесе оставка.
6. Најмалку десет пратеници можат да покренат во својот собор интерпелација за претресување на определени политички прашања во врска со работата на Извршниот Совет.
7. Ако Извршниот совет поднесе колективна оставка или ако му биде изгласана недоверба, Советот останува на должност до изборот на нов Извршен совет.
8. Со овој амандман се заменуваат член 173 став 1, член 174, член 176, точка 5, член 177 став 2 и 5, член 178 став 3 и член 183 став 1 од Уставот, како и одредбите на Амандманот II став 1 што се однесуваат на републичките секретари и секретарот на Извршниот совет.
Амандман XXXIX
1. Неотуѓиво право и должност на македонскиот народ, народностите и етничките групи, на работните луѓе и граѓаните е да ја штитат и бранат независноста, суверенитетот, територијалната целокупност и со уставот утврденото општествено и политичко устројство на Социјалистичка Република Македонија и Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
2. Никој нема право да потпише или да признае капитулација или окупација на Социјалистичка Република Македонија или на нејзин дел. Никој нема право да ги спречи граѓаните на Социјалистичка Република Македонија да водат борба против непријателот што ја нападнал земјата.
3. Републиката, во согласност со основите на системот на народната одбрана, ја утврдува организацијата на народната одбрана, начинот и облиците на подготовките и начелата на плановите и подготвителните мерки во воена состојба; ја организира народната одбрана и раководи со територијалната одбрана и цивилната заштита, а во случај на напад на земјата раководи со општонародниот отпор на подрачјето на Републиката; се грижи за сразмерната застапеност на Македонците и народностите во старешинскиот состав на Југословенската народна армија; врши со закон определени работи за потребите на Југословенската народна армија.
Советот за народна одбрана ги координира, усогласува и насочува подготовките за народна одбрана; дава општи насоки за подготвување и мобилизирање на изворите и силите на Републиката за одбрана и ги утврдува основите на плановите во областа на народната одбрана на подрачјето на Републиката.
4. Територијалната одбрана е најширок облик на организиран вооружен општонароден отпор и дел на вооружените сили на Југославија.
Територијалната одбрана ја сочинуваат вооружени единици и други облици на вооружен општонароден отпор, што ги формираат и организираат Републиката, општините и организациите на здружениот труд.
Во рамките на старешинскиот кадар на раководните должности во територијалната одбрана се применува начелото за што посразмерна застапеност на припадниците на народностите во Републиката.
Со територијалната одбрана и територијалните единици во Републиката, Главниот штаб за народна одбрана на Македонија во мир раководи и командува, а во војна командува.
5. Цивилната заштита е составен дел на народната одбрана и врши заштита и спасување на населението и материјалните добра од воени дејства, елементарни непогоди и други општи опасности.
Цивилната заштита ја сочинуваат единици за заштита и спасување на населението и материјалните добра, што се организираат во Републиката, општините и организациите на здружениот труд.
6. Право и должност на општините е, во согласност со основите на системот на народната одбрана, секоја на својата територија да ја уредува и организира народната одбрана, да ги насочува подготовките на месните заедници и на другите самоуправни организации во оваа област, да раководат со територијалната одбрана и цивилната заштита, а во случај на напад на земјата да раководи со општонародниот отпор.
7. Организациите на здружениот труд и другите организации го вршат правото и должноста на одбрана на земјата, во согласност со законот, плановите и одлуките на општествено-политичките заедници, обезбедуваат средства и вршат други задечи од интерес за народната одбрана. Овие организации се одговорни за извршувањето на тие задачи.
8. Со овој амандман се заменува член 76 од Уставот.
Амандман XL
1. За спроведување на Уставните амандмани XV до XXXIX и за обезбедување премин кон нивната примена ќе се донесе уставен закон.
Предлогот на уставниот закон се усвојува сходно со одредбите на Амандман IX точка 2, став 6 до 8 што важат за усвојување на измената на Уставот на СРМ.
2. Одредбите на Уставот на СРМ што не се заменети односно укинати со Уставните амандмани XV до XXXIX се толкуваат и се применуваат во согласност со тие амандмани.
Поврзано
[уреди]- Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1963)
- Уставен закон за спроведување на уставниот амандман X (1969)
- Уставен закон за спроведување на уставните амандмани XV до XXXIX на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1971)
- Исправка на уставниот закон за спроведување на уставните амандмани XV до XXXIX на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1972)
- Уставен закон за изменување и дополнување уставниот закон за спроведување на уставните амандмани XV до XXXIX на уставот на СР Македонија (1972)
- Уставен закон за продолжување на роковите утврдени со уставниот закон за изменување и дополнување на уставниот закон за спроведување на уставните амандмани XV до XXXIX на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1973)
- Уставен закон за измени на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1965)
- Уставен закон за продолжување мандатот на пратениците, функционерите и одборниците на општинските собранија (1973)