Прејди на содржината

Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1963)

Од Wikisource


Народна Република Македонија

Назив Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија
Година 1963
Службен весник Службен весник на СРМ 15/63
Изгласан 12 април 1963
Објавен 12 април 1963
Законодавен орган Народно собрание на Народна Република Македонија
Правен статус   НеН вон сила
Законски измени Закон за изменување и дополнување на уставниот закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1965)
Сродни регулативи Устав на Социјалистичка Република Македонија (1963)
Викиизвор Викиизвор и авторите на статиите не преземаат одговорност за евентуалните грешки во текстовите.


Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија

I. ВЛЕГУВАЊЕ ВО СИЛА НА УСТАВОТ

[уреди]

Член 1

        Уставот на Социјалистичка Република Македонија влегува во сила и се применува кога ќе го прогласи Народното собрание на Народна Република Македонија, доколку со овој закон не е поинаку определено.
        Одредбите на Уставот со кои поинаку се регулираат прашањата утврдени со одредбите на постоините републички закони, кои во смисла на одредбите на овој закон остануваат во сила, до нивното усогласување со Уставот се применуваат со денот на влегувањето во сила на законот со кој постоиниот закон се доведува во согласност со Уставот односно со истекот на рокот за усогласување определен со овој закон.

II. ПРИМЕНА НА УСТАВНИТЕ ОДРЕДБИ НА РЕПУБЛИЧКИТЕ ОРГАНИ

[уреди]

Член 2

        Одредбите на Уставот што се однесуваат на организацијата и составот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија (Собрание) се применуваат од денот на првиот состанок на новоизбраното Собрание, а одредбите што се однесуваат на другите органи на Републиката се применуваат од денот на изборите на тие органи односно од денот на именувањето на функционерите во републичките органи на управата од Собранието.

Член 6

        До првиот состанок на Собранието избрано според Уставот, претседателот, потпретседателот и секретарот на Народното собрание остануваат на своите должности и своите функции ги вршат според досегашните прописи.
        Административниот одбор и Комисијата за толкување на законите продолжуваат со работа до првиот состанок на Собранието и ги вршат своите права и должности според досегашните прописи.
        Административниот одбор по работите од својот делокруг одлучува во согласност со претседателот на Народното собрание.
        Задолжителните толкувања на Комисијата за толкување на законите ќе се поднесат на потврда на надлежните собори на Собранието.

Член 4

        До изборот на Извршниот совет според Уставот, Извршниот совет продолжува со работа според Уставниот закон за основите на општественото и политичкото устројство и органите на власта на Народна Република Македонија од 1953 година и другите постојни прописи, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Член 5

        До конституирањето на Собранието, Извршниот совет може да презема привремени мерки што се неодложни заради обезбедување стабилност во стопанството или заради извршување на Републичкиот општествен план и Републичкиот буџет, како и да располага со општествените средства во рамките на правата и должностите на Републиката.
        Прописите за мерките од претходниот став остануваат во сила најмногу еден месец од денот на првиот состанок на Собранието.

Член 6

        Се овластува Извршниот совет, до именувањето на соодветните функционери од новоизбраното Собрание, да може да разрешува од должност одделни републички секретари и други функционери на републичката управа и да именува, според Уставот, републички секретари и други функционери во Извршниот совет и републичките органи на управата, во согласност со одредбите на овој закон.

Член 7

        Законот за Уставниот суд на Македонија ќе се донесе најдоцна шест месеци од денот на конституирањето на Собранието.
        Денот на почетокот со работа на Уставниот суд на Македонија ќе го определи Собранието.

1. Собрание на Социјалистичка Република Македонија

[уреди]

Член 8

        Собранието се избира според Законот за избор на пратеници на Собранието на Социјалистичка Република Македонија што се донесува на основа Уставот.
        Со посебен закон за изборните единици Народното собрание ќе ги определи изборните единици за избор на пратеници на Собранието.

Член 9

        Новоизбраното Собрание ќе се состане најдоцна во рок од триесет дена од денот на изборот на Републичкиот собор.
        Новоизбраното Собрание го свикува претседателот на Народното собрание на Народна Република Македонија.

Член 10

        Новоизбраното Собрание веднаш по своето конституирање ќе изврши избор на определениот број на републички пратеници во Соборот на народите на Сојузната скупштина; избор на претседател и членови на Извршниот совет и именување на републички секретари и секретар на Извршниот совет.

2. Републички органи на управата

[уреди]

Член 11

        Со денот на влегувањето во сила на овој закон постојните државни секретаријати, секретаријати на Извршниот совет и други републички органи на управата продолжуваат со работа под следните називи:
        1) Републички секретаријат за внатрешни работи;
        2) Републички секретаријат за правосудство;
        3) Републички секретаријат за законодавство и организација;
        4) Републички секретаријат за буџет и организација на управата;
        5) Републички секретаријат за информации;
        6) Републички секретаријат за народна одбрана;
        7) Републички секретаријат за финансии;
        8) Републички секретаријат за индустрија;
        9) Републички секретаријат за земјоделство и шумарство;
        10) Републички секретаријат за трговија и туризам;
        11) Републички секретаријат за сообраќај и врски;
        12) Републички секретаријат за труд;
        13) Републички секретаријат за општи стопански работи;
        14) Републички завод за стопанско планирање.
        Сите останати постојни републички органи на управата и други органи што вршат работи од надлежноста на Републиката, продолжуваат со работа според досегашните прописи, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Член 12

        Органите од претходниот член ќе продолжат со работа според одредбите на Уставниот закон за основите на општественото и политичкото устројство и органите на власта на Народна Република Македонија од 1953 година и другите постојни прописи што се однесуваат на организацијата и одговорноста на републичките органи на управата, до нивното усогласување со Уставот односно до донесувањето на посебен закон.

3. Републички совети

[уреди]

Член 13

        Советот за народно здравје, Советот за социјална полиѕика и комунални работи, Советот за просвета и Советот за култура продолжуваат со работа според досегашните прописи до конституирањето на Собранието.
        Со денот на конституирањето на Собранието советите од претходниот став престануваат со работа. Извршните работи во врска со извршувањето на законите и другите акти на Сојузната народна скупштина и Народното собрание, прописите на Сојузниот извршен совет и на Извршниот совет, спроведувањето на политиката на извршувањето на републичките прописи, како и управните работи од надлежноста на укинатите совети се пренесуваат на нивните секретаријати кои продолжуваат со работа како републички секретаријати под следните називи: Секретаријат за народно здравје; Секретаријат за социјална политика и комунални работи; Секретаријат за просвета и Секретаријат за култура.

Член 14

        Во одделни републички секретаријати и во Републичкиот завод за стопанско планирање може да се именува заменик на секретарот односно на директорот, кој со сите овластувања го заменува во случај на негова отсутност односно спреченост и го застапува во определени работи. Заменикот го именува и разрешува од должност Собранието по предлог од претседателот на Извршниот совет, што тој го поднесува од името на Советот.

III. ПРИМЕНА НА ОДРЕДБИТЕ НА УСТАВОТ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ОПШТИНСКИТЕ И ОКОЛИСКИТЕ СОБРАНИЈА

[уреди]

Член 15

        Одредбите на Уставот што се однесуваат на организацијата на општинските и околиските собранија се применуваат од денот на нивниот прв состанок, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Член 16

        По влегувањето во сила на овој закон општинските и околиските народни одбори ќе го утврдат со одлука бројот на одборниците на општинскиот односно околискиот собор и бројот на одборниците на соборот на работните заедници.
        Со посебна одлука општинските народни одбори ќе ги утврдат изборните единици за избор на одборници.

Член 17

        Општинските и околиските народни одбори со свои одлуки ќе ја утврдат организацијата и делокругот на општинските и околиските собранија и нивните органи.
        Со посебна одлука општинските и околиските собранија, во согласност со одредбите на Уставот, ќе утврдат кои работи од делокругот на собранието според досегашните републички прописи ќе ги врши собранието на седница, а кои од нив ќе врши соодветен совет односно орган на управата.

Член 18

        Одлуките од претходните членови општинските и околиските народни одбори ќе ги донесат на заедничка седница на обата собора по постапката за донесување на статутите на општините и околиите предвидена со Уставот.

Член 19

        Општинските и околиските собранија, до донесувањето на статутите, можат со свои одлуки донесени на начинот предвиден во претходниот член да уредуваат одделни прашања кои според Уставот се регулираат со статутот на општината односно околијата.

Член 20

        Конституирањето на општинските собранија ќе се изврши во рок од десет дена од изборот на соборот на работните заедници, а на околиските собранија во рок од седум дена од конституирањето на општинските собранија.
        Новоизбраните општински и околиски собранија ги свикува претседателот на народниот собор на општината односно околијата.

Член 21

        До првиот состанок на општинските и околиските собранија народните одбори и нивните органи ќе продолжат со работа според досегашните прописи, доколку со овој закон не е поинаку определено.

IV. ПРИМЕНА НА ОДРЕДБИТЕ НА УСТАВОТ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ГРАДСКОТО СОБРАНИЕ НА ГРАД СКОПЈЕ

[уреди]

Член 22

        Одредбите на Уставот што се однесуваат на организацијата на Градското собрание на град Скопје се применуваат од денот на неговиот прв состанок.

Член 23

        Подрачјето на град Скопје го сочинува подрачјето на сегашната Скопска околија во која влегуваат општините Идалија, Кале, Кисела Вода, Саат Кула, Ѓорче Петров, Драчево и Петровец.

Член 24

        Бројот на одборниците на Градскот собор и на соборот на работните заедници на Градското собрание, како и бројот на одборниците што ги избираат во овие собори собранијата на општините од подрачјето на град Скопје, ќе го утврди со одлука Народниот собор на Скопска околија.

Член 25

         Со свои одлуки Градското собрание ќе ја утврди организацијата и делокругот на собранието и неговите органи.
        Со посебна одлука, во согласност со Уставот, Градското собрание утврдува кои работи од делокругот на Градскиот совет на град Скопје и на околискиот народен одбор според досегашните републички прописи ќе ги врши Собранието на седница, а кои од нив ќе ги врши соодветен совет односно орган на управата.

Член 26

        До донесувањето на законот со кој ќе се определи надлежноста на Градското собрание и на статутот на град Скопје, општинските собранија можат со свои усогласени одлуки да утврдуваат работи од заеднички интерес за градот како целина што ќе ги врши Градското собрание.
        Со одлуките од претходниот став општинските собранија ќе ги утврдат и средствата нужни за извршување на тие работи.

Член 27

        Одлуките од член 24-26 се донесуваат според оредбите од член 18 од овој закон.

Член 28

        Конституирањето на Градското собрание ќе се изврши во рок од седум дена од денот на конституирањето на собранијата на општините од подрачјето на град Скопје.
        Градското собрание го свикува претседателот на Народниот собор на Скопска околија.

Член 29

        До првиот состанок на Градското собрание ќе продолжи со работа Градскиот совет на град Скопје според досегашните прописи.

Член 30

        Со денот на првиот состанок на Градското собрание престанува со работа Градскиот совет на град Скопје, а работите од неговата надлежност се пренесуваат на Градското собрание и неговите органи.

Член 31

        Правата и должностите на околијата на подрачјето на град Скопје ќе ги врши Градското собрание од денот на неговиот прв состанок.

V. УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПРОПИСИТЕ СО УСТАВОТ

[уреди]

Член 32

        Републичките закони и другите прописи што не се укинуваат со овој закон остануваат во сила, а нивните одредби кои не се во согласност со Уставот ќе се усогласат со него во рок од две години од влегувањето во сила на овој закон.

Член 33

        При усогласувањето со Уставот на постојните републички закони од определена област, со законот ќе се доведат во согласност и оние одредби од другите републички прописи од таа област што се однесуваат на односи кои според Уставот можат да се уредуваат, само со закон.
        Ако со законот од претходниот став не се усогласени прописите донесени на основа законот од соодветната област, републичкиот орган кој со законот е овластен да донесува прописи за извршување на законот, е должен тие прописи да ги усогласи со Уставот и законот најдоцна во рок од три месеци од денот на донесувањето на законот за усогласување.

Член 34

        Сојузните општи закони во областите за кои не се донесени републички закони ќе се применуваат непосредно до донесувањето на тие закони.

Член 35

        Одредбите на републичките прописи кои се однесуваат на органите на управување во работните оранизации и на нивниот делокруг, а што се спротивни на Уставот престануваат да важат. Наместо нив ќе се применуваат соодветните одредби од Уставот ако за нивната непосредна примена не е предвидено донесување на закон.
        Работните организации од претходниот став, до донесувањето на статути според одредбите на Уставот, ќе ги усогласат постојните статути односно правила за своето работење во делот за управувањето со Уставот во рок од шест месеци по влегувањето во сила на овој закон.
        До донесувањето на прописи за избор на директор на работните организации остануваат во сила одредбите на постојните републички прописи со кои се уредува постапката за назначување на директори во работните организации.

Член 36

        Самостојните прописи што народните одбори ги донеле на основа овластувањата од Законот за народните одбори на општините односно Законот за народните одбори на околиите општинските односно околиските собранија ќе ги усогласат со начелата од Уставот на Социјалистичка Република Македонија и Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија во рок од една година од денот на своето конституирање.
        Останатите прописи на народните одбори ќе се усогласат на начинот и во роковите што ќе се определат со посебен закон.

Член 37

        Со денот на конституирањето на општинските и околиските собранија престануваат да важат:
        - Законот за народните одбори на општините („Службен весник на Народна Република Македонија“ број 22/1952 и 29/1953);
        - Законот за народните одбори на околиите („Службен весник на Народна Република Македонија“ број 22/1952 и 29/1953);
        - Законот за спроведување уредувањето на општините и околиите („Службен весник на Народна Република Македонија“ број 22/1955).
        По исклучок, до почнувањето со работа на Уставниот суд на Македонија остануваат во сила одредбите на законите од претходниот став со кои е предвидено право и должност на републичките и околиските органи да задржуваат од извршување, да поништуваат и укинуваат прописи на органите на општината односно околијата што се спротивни на Уставот и законите.

Член 38

        Решавањето на одделни управни работи кое, според досегашните републички прописи, е ставено во првостепена надлежност на околиските народни одбори и нивните органи се пренесува во надлежност на соодветните општински органи, освен инспекциските работи за кои со посебен републички пропис е определена првостепена надлежност за околиски орган.
        Околиските органи за внатрешни работи ја задржуваат својата надлежност според досегашните републички прописи до донесувањето на соодветни републички прописи со кои ќе се одреди кои од тие работи и натаму остануваат во надлежност на околиските органи. Тие прописи ќе се донесат најдоцна во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон.

Член 39

        Сегашните сојузни прописи за јавните службеници и републичките прописи донесени на основа на нив ќе се применуваат на службениците и работниците на  државните органи во Републиката (републички, околиски и општински органи) до донесувањето на посебни прописи.

Член 40

        Собранието по своето конституирање ќе образува посебна комисија која ќе се грижи за подготвување и поднесување на прописи за усогласување на сегашните републички закони и други републички прописи со Уставот.
        Комисијата од претходниот став се образува од редот на членовите на Републичкиот собор, на Извршниот совет и на функционерите и стручните службеници на републичките органи на управата.
        Комисијата ќе утврди план за работата на усогласувањето на републичките закони и другите републички прописи со Уставот, водејќи сметка за итноста на усогласувањето со Уставот на односите во одделни области.
        Предлозите на законите за усогласување што му се поднесуваат на Собранието ги утврдува Комисијата.
        До образувањето на Комисијата од став 1 од овој член, Извршниот совет ќе образува посебна комисија што ќе приготви матријали нужни за усогласување на републичките прописи со Уставот.

VI. ОСТАНАТИ ОДРЕДБИ

[уреди]

Член 41

        Народното собрание, по донесувањето на овој закон, ќе донесе: Закон за избор на пратеници на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Закон за изборните единици за избор на пратенизци на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Закон за избор на одборници на општинските и околиските собранија и Закон за организацијата и работењето на Извршниот совет.

Член 42

        Првите избори за одборници на општинските и околиските собранија односно на Градското собрание на град Скопје и за пратеници на Собранието ќе се одржат во рок од три месеци од денот на нивното распишување.
        Одлуката за распишувањето на изборите од претходниот став ја донесува Народното собрание со рамноправно учество на соборите.
        Републичкиот собор ќе ги именува членовите на републичките изборни комисии за спроведувањето на овие избори.

Член 43

        По распишувањето на изборите Народното собрание ќе донесе одлука за своето распуштање.

Член 44

        На половината одборници односно пратеници избрани на првите избори по влегувањето во сила на Уставот мандатот им трае две години. Со одлуките односно со законот со кој се утврдуваат изборните единици согласно овој закон ќе се определат изборните единици во кои на одборниците на општинските собранија односно пратениците избрани на првите избори мандатот им трае две години.
        Околиските собранија односно Градското собрание на град Скопје, во согласност со општинските собранија, ќе утврдат на кои околиски одборници односно одборници на Градското собрание избрани на првите избори мандатот им трае две години.

Член 45

        Изборот на одборниците на општинските и околиските собранија и на Градското собрание на град Скопје на местото на оние чии мандат трае две години ќе се изврши во април 1965 година, а на местото на оние чии мандат трае четири години во април 1967 година. На одборниците на кои им истекува мандатот, функцијата им престанува на 15 април во годината во која се вршат изборите.
        Изборот на пратениците на Собранието на местото на оние чии мандат трае две години ќе се изврши во мај 1965 година, а на местото на оние чии мандат трае четири години во мај 1967 година. На пратениците на кои им истекува мандатот, функцијата им престанува на 15 мај во годината во која се вршат изборите.

Член 46

        Ограничувањето на повторниот избор на пратениците, членовите на Извршниот совет и на одборниците на општинските и околиските собранија и Градското собрание на град Скопје, како и ограничувањето на повторното именување на републичките секретари, секретарот на Извршниот совет и другите републички функционери ќе се применува од денот на нивниот избор односно именување според Уставот.
        На пратениците и на одборниците на општинските и околиските собранија и Градското собрание на град Скопје, избрани на првите избори по влегувањето во сила на Уставот, на кои мандатот им трае две години, не се применуваат за наредниот изборен период одредбите на Уставот за ограничување на повторниот избор.

Член 47

        Статутите на општините, околиите и Град Скопје, ќе се донесат според Уставот во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон.

Член 48

        Врховниот суд на Народна Република Македонија продолжува со работа како Врховен суд на Македонија.

Член 49

        Државните органи ќе ги изменат печатите, штембилите и жиговите најдоцна во рок од една година од влегувањето во сила на Уставот.
        Грб на Социјалистичка Република Македонија можат да имаат само државни органи, а од работните и другите организации само оние за кои тоа ќе се определи на основа закон.

Член 50

        Покрај законите односно одделните нивни одредби чии престанок се утврдува со овој закон, со неговото влегување во сила се укинуваат:
        1. Уставот на Народна Република Македонија од 1946 година во делот што беше во важност до денот на влегувањето во сила на Уставот на Социјалистичка Република Македонија;
        2. Уставниот закон за основите на општественото и политичкото устројство и органите на власта на Народна Република Македонија од 2-II-1953 година („Службен весник на Народна Република Македонија“ број 3/1953, 29/1953 и 10/1954) доколку одделни негови одредби не се привремено задржани во сила на основа овој закон;
        3. Законот за спроведување на Уставниот закон за основите на општественото и политичкото устројство и органите на власта на НРМ од 2-II-1953 година („Службен весник на Народна Република Македонија“ број 3/1953).

Член 51

        Одредбите на овој закон по прашањата што според Уставот се уредуваат со закон, можат да се менуваат односно укинуваат со закон.

Член 52

        Овој закон влегува во сила кога ќе го прогласи Народното собрание на Народна Република Македонија.