Прејди на содржината

Устав на Социјалистичка Република Македонија (1974)

Од Wikisource


Социјалистичка Република Македонија

Назив Устав на Социјалистичка Република Македонија
Година 1974
Службен весник Службен весник на СРМ 7/74
Амандмани
I - IX
X - XXIII
XXIV - LV
LVI
LVII - LXXXI
LXXXII - LXXXV
Службен весник на СРМ 25/81
Службен весник на СРМ 3/86
Службен весник на СРМ 16/89
Службен весник на СРМ 29/89
Службен весник на СРМ 28/90
Службен весник на РМ 27/91
Изгласан 25 февруари 1974
Објавен 12 април 1974
Законодавен орган Собрание на Социјалистичка Република Македонија
Правен статус   НеН вон сила
Претходна регулатива Устав на Социјалистичка Република Македонија (1963)
Следна регулатива Устав на Република Македонија
Акт за спроведување Уставен закон за спроведување на уставот на Социјалистичка Република Македонија (1974)
Викиизвор Викиизвор и авторите на статиите не преземаат одговорност за евентуалните грешки во текстовите.


Устав на Социјалистичка Република Македонија

(Трет Устав на Македонија, втор како социјалистичка Република во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, вон сила, со важност од 25 февруари 1974 година до 17 ноември 1991 година, со назив Устав на Социјалистичка Република Македонија до 16 април 1991 година и со назив Устав на Република Македонија од 16 април 1991 година)

Устав на Социјалистичка Република Македонија

[уреди]

ПРЕАМБУЛА

[уреди]

Тргнувајќи од историскиот факт:

        дека работниците, селаните и сите напредни луѓе на македонскиот народ и на народностите на Македонија, обединети во Народноослободителниот фронт на чело со Комунистичката партија, со својата борба здружени со другите југословенски народи и народности во Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција, го урнаа стариот класен поредок заснован врз експлоатација, политичко угнетување и национална нерамноправност и започнаа создавање на општество во кое човечкиот труд и човекот ќе бидат ослободени од искористување и самоволие, а секој народ и народност и сите заедно ќе најдат услови за слободен и сестран развиток;

        дека македонскиот народ, заедно со народностите на Македонија, во заедничката Народноослободителна борба со другите југословенски народи и народности, ја создаде Социјалистичка Република Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, во која се остварија историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите за рамноправност и на работничката класа и на сите работни луѓе за социјалистичко општество;

        дека македонскиот народ, врз основа на правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување, доброволно се соедини со другите народи на Југославија заедно со народностите со кои тие живеат во социјалистичка федеративна заедница на слободни и рамноправни народи и народности, свесен дека само во неа може да обезбеди услови за свој слободен и сестран национален, материјален, политички и културен развиток;

        имајќи предвид дека натамошното продлабочување и постојаното јакнење на нераскинливото братство и единство на југословенските народи и народности и на нивните слободни и рамноправни односи се основа на меѓусебното почитување и заемното гарантирање на националната индивидуалност и слобода, што на македонскиот народ и на народностите им обезбедува сестран размав на нивните творечки сили како во нивни сопствен интерес така и во заеднички интерес на здружените југословенски народи и народности и дека работничката класа и сите работни луѓе на Социјалистичка Република Македонија со сопствена творечка дејност и со заеднички напори на работничката класа и работните луѓе на Југославија оствариле и остваруваат постојан напредок во сите области на општествениот живот, јакнејќи ја материјалната основа и изградувајќи ги и проширувајќи ги социјалистичките самоуправни односи меѓу луѓето;

        со оглед на тоа што со развитокот на материјалната основа на земјата и на социјалистичките општествени односи, како и со натамошното изградување на односите засновани врз самоуправувањето и националната рамноправност, се остварени битни промени во општествените и политичките односи, кои бараат соодветни измени во Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1963 година и со оглед на тоа што одредбите на тој Устав во одделни области се веќе изменети со уставните амандмани од 1967, 1969 и 1971 година;

        со стремеж да се зацврстат и натаму да се развиваат постигнатите револуционерни придобивки, да зајакне правото и одговорноста на Социјалистичка Република Македонија за сопствениот развиток и за развитокот на југословенската заедница како целина, да се обезбеди натамошен развиток на социјалистичките самоуправни демократски односи на патот кон ослободувањето на трудот и изградбата на комунистичко општество;

        тргнувајќи од потребата и со новиот текст на Уставот на Социјалистичка Република Македонија кој, покрај измените што се вршат со него, ги опфаќа и со него усогласените одредби на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1963 година и на Уставните амандмани I до XI, да се зацврсти уставниот систем врз единствени социјалистички самоуправни основи утврдени со договор на социјалистичките републики и социјалистичките автономни покраини во Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;

изразувајќи ги суверените права на македонскиот народ и на народностите,

        Собранието на Социјалистичка Република Македонија

дoнесува
УСТАВ
НА СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

УВОДЕН ДЕЛ: Основни начела

[уреди]

        Тргнувајќи од правото на секој народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување, врз основа на својата слободно изразена волја во заедничката борба на сите народи и народности во Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција, а во согласност со своите историски стремежи, свесен дека натамошното зацврстување на братството и единството е во заеднички интерес, македонскиот народ заедно со народностите со кои живее, доброволно се обедини со другите југословенски народи во сојузна република на слободни рамноправни народи и народности и создадоа социјалистичка федеративна заедница на работните луѓе — Социјалистичка Федеративна Република Југославија, во која, во интерес на секој народ и народност посебно и на сите заедно, остваруваат и обезбедуваат:

  • социјалистички општествени односи засновани врз самоуправувањето на работните луѓе и заштита на социјалистичкиот самоуправен систем;
  • национална слобода и независност;
  • братство и единство на народите и народностите;
  • единствени интереси на работничката класа и солидарност на работниците и на сите работни луѓе;
  • можности и слободи за сестран развиток на човековата личност и за зближување на луѓето и на народите и народностите, во согласност со нивните интереси и стремежи на патот кон создавањето на се побогата култура и цивилизација на социјалистичкото општество;
  • обединување и усогласување на напорите за развивање на материјалната основа на социјалистичкото општество и благосостојбата на луѓето;
  • систем на општествено-економски односи и единствени основи на политичкиот систем, со кој се обезбедуваат заедничките интереси на работничката класа и на сите работни луѓе и рамноправност на народите и народностите;
  • дружување на сопствените стремежи со напредните стремежи на човештвото.

        Работните луѓе, македонскиот народ и народностите ги остваруваат своите суверени права во Социјалистичка Република Македонија, а во Социјалистичка Федеративна Република Југославија кога е тоа, во заеднички интерес на работните луѓе, народите и народностите со договор на социјалистичките републики и социјалистичките автономни покраини, утврдено со Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        Работните луѓе, македонскиот народ и народностите на Социјалистичка Република Македонија, заедно со другите работни луѓе, народи и народности на Југославија, одлучуваат во федерацијата врз начелата на спогодување на републиките и автономните покраини, солидарност и заемност, рамноправно учество на републиките и автономните покраини во органите на федерацијата, во согласност со Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, како и врз начелото на одговорност на републиките и автономните покраини за сопствениот развиток и за развитокот на социјалистичката заедница како целина.

        Во остварувањето на своите права и должности Социјалистичка Република Македонија соработува со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и со нив развива меѓусебни односи во остварувањето на задачите од заеднички интерес.

        Социјалистичкото општествено уредување на Социјалистичка Република Македонија се темели врз единствените основи на социјалистичкиот самоуправен општествен и политички систем на Југославија, утврдени со договор на социјалистичките републики и социјалистичките автономни покраини со Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и се засновува врз власта на работничката класа и на сите работни луѓе и врз односите меѓу луѓето како слободни и рамноправни производители и творци, чиј труд служи исклучиво за задоволување на нивните лични и заеднички потреби.

        Основата на овие односи ја сочинува општествено-економската положба на работниот човек која му осигурува, работејќи со средствата во општествена сопственост и решавајќи непосредно и рамноправно со другите работни луѓе во здружениот труд за сите работи на општествената репродукција во услови и односи на меѓусебна зависност, одговорност и солидарност, да го остварува својот личен, материјален и морален интерес и правото да се користи со резултатите од својот тековен и минат труд и со придобивките на општиот материјален и општествен напредок, на таа основа што поцелосно да ги задоволува своите лични и општествени потреби и да ги развива своите работни и други творечки способности.

        Во согласност со тоа, неприкосновената основа на положбата и улогата на човекот ја сочинуваат:

        општествената сопственост на средствата за производство, која го исклучува враќањето на кој и да било систем на експлоатација на човекот и која, со укинувањето на отуѓеноста на работничката класа и на работните луѓе од средствата за производство и од другите услови за работа, го обезбедува самоуправувањето на работните луѓе во производството и во распределбата на производите на трудот и насочувањето на развојот на општеството врз самоуправни основи;

        ослободувањето на трудот како надминување на историски условените општествено-економски нееднаквост и на зависноста на луѓето во трудот, што се обезбедува со укинување на противречноста меѓу трудот и капиталот и на секој облик на наемни односи, со сестран развиток на производните сили, со подигање на продуктивноста на трудот и со смалување на работното време, со развивање и применување на науката и техниката, со обезбедување на сè повисоко образование за сите и со подигање на културата на работните луѓе;

        правото на самоуправување, врз основа на кое секој работен човек, рамноправно со другите работни луѓе, одлучува за својот труд, за условите и резултатите на трудот, за сопствените и заедничките интереси и за насочувањето на општествениот развој, ја остварува власта и управува со другите општествени работи;

        правото на работниот човек да ги ужива плодовите на својот труд и на материјалниот напредок на општествената заедница според начелото: „Секој според способностите — секому според неговиот труд", со негова обврска да обезбедува развиток на материјалната основа на сопствениот и општествениот труд и да придонесува за задоволување на другите општествени потреби;

        економската, социјалната и личната сигурност на човекот;

        солидарноста и заемноста на секој спрема сите и на сите спрема секого, кои се засновани врз свеста на работните луѓе дека своите трајни интереси можат да ги остваруваат само врз тие начела;

        слободната иницијатива во развивањето на производството и на другите општествени и лични дејности во полза на човекот и на општествената заедница;

        демократските политички односи, што му овозможуваат на човекот да ги остварува своите интереси, правото на самоуправување и другите права, да ја развива својата личност со непосредна активност во општествениот живот, а особено во органите на самоуправувањето, во општествено-политичките организации и во другите општествени организации и здруженија, што сам ги создава и преку кои влијае врз развивањето на општествената свест и врз проширувањето на условите за својата активност и за остварувањето на своите интереси и права;

        еднаквоста на правата, должностите и одговорностите на луѓето во согласност со уставноста и законитоста.

        Општествено-економскиот и политичкиот систем произлегува од ваквата положба на човекот и му служи нему и на неговата улога во општеството.

        Спротивен е на општествено-економскиот и политичкиот систем, утврден со уставот, секој облик на управување со производството и со другите општествени дејности и секој облик на распределба кој ги изопачува општествените односи засновани врз ваквата положба на човекот — во вид на бирократско самоволие, технократско узурпирање и привилегии засновани врз монопол на управувањето со средствата за производство, или во вид на присвојување на општествените средства врз групно-сопственичка основа и во други облици на приватизација на тие средства, или во вид на приватно-сопственичка или партикуларистичка себичност, како и секој друг облик на ограничување на работничката класа да ја остварува својата историска улога во општествено-економските и политичките односи и да ја организира власта за себе и за сите работни луѓе.

        Општествената сопственост, како израз на социјалистичките општествено-економски односи меѓу луѓето, е основа на слободниот здружен труд и на владеачката положба на работничката класа во производството и во општествената репродукција во целина, како и основа на личната сопственост стекната со сопствен труд што служи за задоволување на потребите и интересите на човекот.

        Средствата за производство во општествена сопственост, како заедничка неотуѓива основа на општествениот труд и на општествената репродукција, му служат исклучиво на трудот заради задоволување на личните и заедничките потреби и интереси на работните луѓе и на развитокот на материјалната основа на социјалистичкото општество и на социјалистичките самоуправни односи. Со средствата за производство во општествена сопственост, вклучувајќи ги и средствата за проширена репродукција, непосредно управуваат здружените работници кои работат со тие средства, во сопствен интерес и во интерес на работничката класа и на социјалистичкото општество. Во остварувањето на оваа општествена функција здружените работници се одговорни едни пред други и пред социјалистичката заедница како целина.

        Со општествената сопственост на средствата за производство и со другите средства на трудот му се обезбедува на секој, под еднакви услови, да се вклучи во здружениот труд со општествени средства и, остварувајќи го правото на работа со општествени средства, врз основа на својот труд да стекнува доход за задоволување на личните и заедничките потреби.

        Тргнувајќи од тоа дека никој нема право на сопственост на општествените средства за производство, никој — ниту општествено-политичка заедница, ниту организација на здружениот труд, ниту група граѓани, ниту поединец — не може по никаков правносопственосен основ да го присвојува производот на општествениот труд, ниту да управува и располага со општествените средства за производство и за работа, ниту самоволно да ги определува условите за распределба.

        Трудот на човекот е единствена основа за присвојување на производите на општествениот труд и за управување со општествените средства.

        За распределбата на доходот на дел кој служи за проширување на материјалната основа на општествениот труд и на дел за задоволување на личните и заедничките потреби на работните луѓе согласно со начелото за распределба според трудот, одлучуваат работните луѓе кои го создаваат тој доход, во согласност со меѓусебната одговорност и солидарност и со општествено утврдените основи и мерила за стекнување и распределба на доходот.

        Средствата наменети за обновување и за проширување на материјалната основа на општествениот труд се заедничка основа на одржувањето и развојот на општеството, т.е. на општествената репродукција која, врз основа на самоуправувањето, ја остваруваат работните луѓе во сите облици на здружување на трудот и на средствата и во меѓусебната соработка на организациите на здружениот труд.

        Основа на сите видови здружување на трудот и на средствата на општествената репродукција и на самоуправната интеграција на здружениот труд е основната организација на здружениот труд, како основен облик на здружениот труд во кој работниците го остваруваат неотуѓивото право, работејќи со општествени средства, да управуваат со својот труд и со условите за работа и да одлучуваат за резултатите на својот труд.

        Остварувајќи ги резултатите на заедничката работа како вредност на пазарот во услови на социјалистичкото стоковно производство, работниците со непосредно поврзување, самоуправно спогодување и општествено договарање на своите организации на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и со планирање на работата и развојот го интегрираат општествениот труд, го унапредуваат целокупниот систем на социјалистичките општествено-економски односи и го совладуваат стихијното дејствување на законитостите на пазарот.

        Паричниот и кредитниот систем се составен дел на односите во општествената репродукција засновани врз самоуправувањето на работниците во здружениот труд со општествени средства, а целокупниот доход остварен во тие односи е неотуѓив дел на доходот на основните организации на здружениот труд.

        Тргнувајќи од меѓусебната зависност на производствената, прометната и финансиската област на здружениот труд, како делови на единствениот систем на општествената репродукција, работниците во организациите на здружениот труд ги уредуваат своите меѓусебни односи во општествената репродукција и соработуваат врз таква основа која на работниците во производството им обезбедува да одлучуваат за резултатите на сопствениот тековен и минат труд во целината на тие односи.

        Работните луѓе своите лични и заеднички потреби и интереси во областа на образованието, науката, културата, здравството, социјалната заштита и во другите општествени дејности, како делови на единствениот процес на општествениот труд, ги обезбедуваат со слободна размена и здружување на својот труд со трудот на работниците во организациите на здружениот труд во тие области. Слободната размена на трудот ја остваруваат работните луѓе непосредно, преку организациите на здружениот труд и во рамките или преку самоуправните интересни заедници. Со ваквите односи им се обезбедува на работниците во овие дејности иста општествено-економска положба како и на другите работници во здружениот труд.

        Работните луѓе, заради што поцелосно, порационално и организирано задоволување на своите лични и заеднички потреби и интереси во општествените дејности и во определени дејности на материјалното производство, заедно со работниците во организациите на здружениот труд на тие дејности, основаат самоуправни интересни заедници во кои остваруваат слободна размена на трудот и непосредно ги уредуваат односите од заеднички интерес. Работниците и работните луѓе основаат самоуправни интересни заедници и заради задоволување на определени свои лични и заеднички потреби и интереси со здружување на средствата врз начелата на заемност и солидарност.

        Работните луѓе што самостојно вршат дејности со личен труд со средства во сопственост на граѓаните имаат врз основа на својот труд во начело иста општествено-економска положба и во основа исти права и обврски како и работниците во организациите на здружениот труд.

        Уживајќи го со уставот утврденото право на сопственост на обработливо земјиште, земјоделците имаат право и обврска да го искористуваат тоа земјиште заради унапредување на земјоделското производство во сопствен интерес и во интерес на социјалистичката заедница. Социјалистичката заедница им дава поддршка на земјоделците во подигањето на продуктивноста на нивниот труд и во слободното здружување во задруги и во други облици на здружување заради унапредување на условите на нивната работа и живот.

        Заради организирано вклучување на земјоделците во социјалистичките самоуправни општествено-економски односи и унапредување на земјоделското производство, се обезбедуваат услови за неговиот развиток врз основа на општествените средства и општествениот труд, како и услови за здружување на земјоделците и за нивна соработка со организациите на здружениот труд врз начелата на доброволност и рамноправност.

        Заради изедначување на материјалните услови на општествениот живот и работа на работните луѓе и заради обезбедување на што неусогласен развиток на стопанството како целина, во Социјалистичка Република Македонија му се посветува посебно внимание на побрзиот развиток на производните сили во стопански недоволно развиените краишта и за таа цел се обезбедуваат потребните средства и се преземаат други мерки.

        Заради унапредување на условите на својот живот и работа, создавање основи за нивна стабилност и за што поцелосно користење на можностите за развој на производните сили на општеството и за зголемување на продуктивноста на својот и на вкупниот општествен труд, заради развивање на социјалистичките самоуправни односи врз таа основа, како и заради совладување на стихијното дејствување на пазарот, работниците во основните и во другите организации на здружениот труд и работните луѓе во самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, како и во општините и во Републиката, потпирајќи се врз научните сознанија и врз на нив заснованите оценки за развојните можности, со планирање на својот труд и на развојот ги усогласуваат односите во општествената репродукција и го насочуваат развојот на општественото производство и на другите општествени дејности со своите заеднички интереси и цели утврдени врз самоуправна основа.

        Во Социјалистичка Република Македонија сета власт и припаѓа на работничката класа во сојуз со сите работни луѓе од градот и селото.

        Заради изградба на општеството како слободна заедница на производители, работничката класа и сите работни луѓе ја развиваат социјалистичката самоуправна демократија како посебен облик на диктатура на пролетеријатот и тоа го обезбедуваат со:

        револуционерно укинување и со уставна забрана на секој облик на општествено-економски и политички односи и на организации, засновани врз класна експлоатација и сопственосен монопол и секое политичко дејствување насочено кон воспоставување на такви односи;

        остварување на самоуправување во организациите на здружениот труд, во месните заедници, во самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, како и во општествено-политичките заедници и во општеството воопшто, и со меѓусебно поврзување и соработка на тие организации и заедници;

        слободно и рамноправно самоуправно уредување на меѓусебните односи и со усогласување на заедничките и општите интереси на работните луѓе и на нивните самоуправни организации и заедници со самоуправно спогодување и општествено договарање;

        одлучување на работните луѓе во остварувањето на власта и во управувањето со другите општествени работи во основните организации на здружениот труд и во другите основни самоуправни организации и заедници, преку делегации и делегати во органите на управувањето на самоуправните организации и заедници, како и преку делегации и делегати во собранијата на општествено-политичките заедници и во другите органи на самоуправувањето;

        известување на работните луѓе за сите прашања од значење за остварување на нивната општествено-економска положба и за што поцелосно и неквалификувано одлучување во вршењето на функциите на власта и на управувањето со другите општествени работи;

        јавност во работата на сите органи на власта и на самоуправувањето и на носителите на самоуправните, јавните и другите општествени функции;

        лична одговорност на носителите на самоуправните, јавните и другите општествени функции;

        одговорност на органите на власта и на самоуправувањето, сменливост на носителите на самоуправните, јавните и другите општествени функции и со ограничување на нивниот повторен избор и поставување на определени функции;

        остварување контрола од работниците и од другите работни луѓе и со општествена контрола воопшто над работата на носителите на самоуправните, јавните и другите општествени функции во самоуправните организации и заедници и во општествено-политичките заедници;

        остварување и заштита на уставноста и законитоста;

        општествено-политичка активност на социјалистичките сили организирани во општествено-политички организации;

        слободна и сестрана активност на луѓето.

        Самоуправувањето на работните луѓе во основните организации на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите основни самоуправни организации и заедници е основа на единствениот систем на самоуправувањето и на власта на работничката класа и на сите работни луѓе.

        Заради обезбедување услови за својот живот и работа и за општествениот развиток и заради создавање на социјалистичка заедница, работните луѓе во општината, како самоуправна и основна општествено-политичка заедница, и во Републиката, со поврзување на своите организации на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници, со дејствување на општествено-политичките организации, со самоуправно спогодување, со општествено договарање и со функционирање на собранијата како заеднички органи на сите луѓе и на нивните организации и заедници, ги остваруваат своите заеднички интереси, вршат власт и управуваат со другите општествени работи.

        Со уставот утврдените функции на власта и на управувањето со другите општествени работи во општината и во Републиката ги вршат собранијата на општините и Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како избрани и сменливи делегации на работните луѓе во самоуправните организации и заедници и во општествено-политичките организации и други на собранијата одговорни органи.

        Заради што поцелосно учество на работните луѓе и на сите организирани социјалистички сили во остварувањето на власта и во управувањето со другите општествени работи и заради усогласување на нивните заеднички и општи општествени интереси, органите на општините и на Републиката ги разгледуваат иницијативите, мислењата и предлозите на општествено-политичките организации, заземаат ставови по нив и соработуваат со општествено-политичките организации.

        Работничката класа и сите работни луѓе и преку државната власт со општозадолжителни норми ги обезбедуваат социјалистичките општествени односи, развојот на општеството и управувањето со општествените работи врз самоуправни основи, ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот, социјалистичките самоуправни односи и самоуправните права на работните луѓе, ги решаваат општествените судири и го штитат поредокот утврден со уставот.

        Самоуправната положба и правото на работниот човек во основните и другите организации на здружениот труд, во месните заедници, во самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, самоуправната положба на работните луѓе во општината, слободното самоуправно здружување, активноста и творештвото на работните луѓе, рамноправноста на народите и народностите и слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот, утврдени со уставот, се основа, граница и насока за остварувањето на правата и должностите на општините и на Републиката во вршењето на функциите на власта.

        Општествената самозаштита, како функција на самоуправното општество, се остварува со активностите на работните луѓе, граѓаните, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, општествено-политичките и другите организации, општините и Републиката, заради заштита на уставното уредување, самоуправните права на работните луѓе и другите права и слободи на човекот и граѓанинот, заради заштита на општествениот имот, обезбедување на личната и имотната сигурност на работните луѓе и граѓаните и заради слободен општествен развој.

        Заради остварување и усогласување на своите интереси и самоуправни права во согласност со општите интереси на социјалистичкото општество, како и заради вршење определени општествени работи и развивање на разновидни активности, работните луѓе и граѓаните слободно се здружуваат во општествено-политички и други општествени организации и здруженија на граѓаните, како составен дел на социјалистичкиот самоуправен систем.

        Општествено-политичките организации, како облик на слободно политичко организирање на работните луѓе врз класни социјалистички основи, се активен чинител на развојот и заштитата на социјалистичкото самоуправно општество.

        Слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот, утврдени со уставот, се неразделен дел и израз на социјалистичките самоуправни демократски односи во кои човекот се ослободува од секоја експлоатација и самоволие и со својот труд создава услови за сестран развиток и слободно изразување и заштита на својата личност и за почитување на човечкото достоинство. Слободите и правата на човекот и граѓанинот се ограничени само со еднаквите слободи и права на другите и со интересите на социјалистичкото општество. Социјалистичкото општество обезбедува услови за што поцелосно остварување и заштита на слободите и правата утврдени со уставот. Секоја активност со која се нарушуваат овие слободи и права на човекот и граѓанинот им е спротивна на интересите на социјалистичкото општество.

        Тргнувајќи од тоа дека образованието, науката и културата се битен чинител на развојот на социјалистичкото општество, зголемувањето на продуктивноста на трудот, развојот на творечките сили на луѓето и сестраниот развој на личноста, хуманизирањето на социјалистичките самоуправни односи и на општиот напредок на општеството, социјалистичката заедница обезбедува слобода на творештвото и создава услови за развој и унапредување на образованието, научното, културното и уметничкото творештво за да служат поуспешно за подигање на творечките способности на работните луѓе, за унапредување на социјалистичките општествени односи и за сестран развиток на слободна и хуманизирана личност.

        Воспитувањето и образованието се засновуваат врз придобивките на современата наука и посебно врз марксизмот, како основи на научниот социјализам и служат за оспособување на работните луѓе за работа и за самоуправување и за нивното воспитување во духот на придобивките на социјалистичката револуција, социјалистичката етика, самоуправниот демократизам, социјалистичкиот патриотизам, братството и единството, рамноправноста на народите и народностите и социјалистичкиот интернационализам.

        Работните луѓе во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници и општествено-политичките заедници обезбедуваат во самоуправните интересни заедници, врз начелата на заемност и солидарност, материјални и други услови за обемот, развојот и унапредувањето на воспитно-образовната дејност, во согласност со развитокот на стопанството и на другите дејности и со општествените потреби, а во зависност од материјалните можности на општеството.

        Општествената заедница обезбедува образование за сите деца и за младината без оглед на материјалната состојба на семејството.

        Работните луѓе и нивните организации на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници создаваат материјални и други услови за непрекинато образование и усовршување на работниците.

        Развитокот на науката, примената на резултатите на научните достигања, поврзувањето на науката со стопанството и со другите области на трудот и општествениот живот и воведувањето современа технологија во сите процеси на работата, се битен чинител на општествената репродукција, зголемувањето на продуктивноста на трудот и благосостојбата, како и на ослободувањето на трудот и напредокот на социјалистичкото општество.

        Работните луѓе и нивните организации на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници создаваат услови за развиток на науката и со свои мерки, акции и средства го поттикнуваат развитокот на научната дејност и вложувањата во научните испитувања, како и понепосредното поврзување на научната работа со стопанските и со другите општествени дејности.

        Општините и Републиката, во согласност со општите општествени потреби, го обезбедуваат развитокот на научната дејност во оние општествени подрачја кои што се од посебен интерес за општеството како целина.

        Културата и уметничкото творештво се составен дел на животот на работните луѓе во процесот на ослободувањето и збогатувањето на личноста и хуманизирањето на животната околина во која живеат и работат.

        Работните луѓе како создавачи и корисници на културните и уметничките вредности овозможуваат афирмација и развиток на културата и уметноста.

        Работните луѓе, општините и Републиката, врз самоуправна основа, заеднички создаваат услови и го поттикнуваат развитокот на културните дејности и уметничкото творештво на македонскиот народ и народностите и поврзувањето со културите на другите народи и народности во Југославија и на другите земји.

        Организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници и општините и Републиката ја поттикнуваат културната активност и непосредното учество на работните луѓе во користењето и усвојувањето на уметничките и другите културни вредности и обезбедуваат материјални и други услови за развиток на културата и за подигање на културниот стандард на работните луѓе.

        Работните луѓе и нивните организации и заедници и општините и Републиката ги поттикнуваат активностите и создаваат услови за учество на што поголем број работни луѓе и граѓани, посебно на младината, во физичкото воспитување, масовната физичка култура и рекреацијата, за развојот на квалитетниот спорт, за развојот на техничката култура, за физичкиот и психичкиот развој на човекот, за обезбедување активен одмор, подобрување на здравјето и подигање на работната и одбранбената способност на народот.

        Работните луѓе во организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, врз основите на солидарноста и заемноста и социјалистичкиот хуманизам, ја обезбедуваат својата економска и социјална сигурност и создаваат сè поповолни услови за живот и работа и за развој на сестрана личност на работниот човек. Овие цели на социјалната политика се остваруваат со постојано подобрување и изедначување на условите за живот и работа, со надминување, врз основите на солидарност и заемност, на разликите што произлегуваат од материјалната неразвиеност и од другите нееднакви услови за живот и работа, со изедначување на можностите за образование и работа и со оневозможување и отстранување на социјалните разлики што не се засновани врз примената на начелото за распределба според трудот.

        Работните луѓе, врз основа на начелата на заемност и солидарност и правата од тековниот и минатиот труд, обезбедуваат за себе и за членовите на своите семејства право на здравствена заштита, право на пензија и други права во случај на болест, намалување на работната способност и старост.

        Работните луѓе во здружениот труд и нивните организации, месните заедници и другите самоуправни организации и заедници, како и општините и Републиката ја утврдуваат политиката на социјалната заштита и обезбедуваат средства за остварување на таа политика, во согласност со општиот степен на развитокот и со своите материјални можности.

        На работните луѓе и граѓаните неспособни за работа, на лицата неспособни да се грижат за себе и на старите лица што немаат сопствени средства за издршка, општествената заедница, врз начелата на заемност и солидарност на работните луѓе, им обезбедува социјална заштита.

        Работните луѓе во здружениот труд и нивните организации, месните заедници и другите самоуправни организации и заедници, како и општините и Републиката се грижат и обезбедуваат услови за развој и унапредување на општествената заштита на децата.

        Социјалистичката општествена заедница обезбедува материјални и други услови за остварување на правата на борците, воените инвалиди и семејствата на паднатите борци, на кои им се гарантира нивната социјална сигурност.

        Заради заштита и унапредување на човековата околина, работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд, другите самоуправни организации и заедници и социјалистичкото општество обезбедуваат услови за зачувување и унапредување на природните и другите вредности на човековата околина што се од интерес за здрав, сигурен и делотворен живот и работа на сегашните и идните генерации.

        Работните луѓе и граѓаните, македонскиот народ и народностите на Социјалистичка Република Македонија, заедно со другите работни луѓе и граѓани, народи и народности на Југославија, решени сите свои сили да ги насочат кон творечка работа во мир и кон изградба на својата самоуправна социјалистичка заедница, доследно ја спроведуваат политиката на мир, а против агресија, војна и агресивни притисоци од било кој вид. Заради обезбедување на својот мирен развиток и на социјалистичката изградба, тие се решени со сите расположливи сили и средства, со вооружена борба и со други облици на општонароден отпор, да ја штитат и бранат својата слобода, независноста, суверенитетот, територијалната целокупност и социјалистичкото самоуправно уредување на Социјалистичка Република Македонија и на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. За таа цел работните луѓе и граѓаните, македонскиот народ и народностите ја организираат и изградуваат општонародната одбрана како неразделен дел на социјалистичкото самоуправно општествено уредување, свесни дека одбранбената способност на општеството и подготвеноста на земјата за одбрана е поголема, а можноста за агресија помала, доколку е поразвиена општонародната одбрана како облик и содржина на одбранбената организираност на општествената заедница. Јакнењето на одбранбената способност на земјата е составен дел на политиката на мирот и на рамноправната меѓународна соработка.

        Општонародната одбрана, е единствен систем на организирање, подготвување и учество на Републиката, општините, организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и други самоуправни организации и заедници, општествено-политичките и другите општествени организации, работните луѓе и граѓаните во вооружената борба и во сите други видови отпор и во вршењето други задачи од интерес за одбраната на Републиката и на Југославија. Во општонародната одбрана вооружената борба претставува решавачки облик на спротивставување на агресијата.

        Тргнувајќи од уверувањето дека мирољубивата коегзистенција и активната соработка на рамноправните држави и народи, без оглед на разликите во нивното општествено уредување, се неопходен услов за мир и општествен напредок во светот, Социјалистичка Република Македонија рамноправно со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини учествува во утврдувањето и спроведувањето на надворешната политика на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, која се засновува врз начелата на почитување на националната сувереност и рамноправност, немешање во внатрешните работи на другите земји, на социјалистичкиот интернационализам и преку решавање на меѓународните спорови по мирен пат.

        Социјалистичка Република Македонија, како дел на социјалистичката заедница на југословенските народи и народности, се залага за сестрана политика, економска, научна и културна соработка со другите држави и народи што придонесува за создавање на оние демократски облици на поврзување на државите, народите и луѓето што им одговараат на интересите на народите и на општествениот напредок.

        Социјалистичка Република Македонија, во рамките на заеднички утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, остварува политичка, економска, културна и друга соработка со органи и организации на други држави и со меѓународни органи и организации.

        Социјалистичка Република Македонија, во рамките на надворешната политика и меѓународните договори на Југославија, се грижи за почитување на правата на деловите на македонскиот народ што живеат во други земји како национално малцинство.

        Социјалистичка Република Македонија се грижи за работните луѓе на привремена работа во странство и за иселениците од нејзината територија и го поттикнува и помага развојот и одржувањето на врските со Македонците во странство.

        Општините, организациите на здружениот труд и другите организации остваруваат соработка со соодветните странски и меѓународни органи и организации и со административните единици на странски држави, во рамките на надворешната политика и меѓународните договори на Југославија и политиката на Републиката за оваа соработка.

        Сојузот на комунистите, двигател и организатор на Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција и свесен носител на стремежите и интересите на работничката класа, со законитоста на историскиот развиток, стана организирана водечка идејна и политичка сила на работничката класа и на сите работни луѓе во изградувањето на социјализмот и во остварувањето на солидарноста на работните луѓе и на братството и единството на народите и народностите.

        Сојузот на комунистите, со својата насочувачка идејна и политичка работа во условите на социјалистичката демократија и општественото самоуправување, е основен двигател и носител на политичката активност заради заштита и натамошен развиток на Социјалистичката револуција и социјалистичките самоуправни општествени односи, а посебно заради јакнењето на социјалистичката општествена и демократска свест, и е одговорен за тоа.

        Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, создаден во Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција како доброволен демократски фронт на работните луѓе и граѓаните и на сите организирани социјалистички сили, со Комунистичката партија на чело, и натаму изградуван во условите на развојот на социјалистичкото самоуправно општество, е најширока основа на нивната општествено-политичка активност во социјалистичкиот самоуправен систем.

        Во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија работните луѓе и граѓаните, Сојузот на комунистите на Македонија како водечка идејна и политичка сила, другите општествено-политички организации и сите организирани социјалистички сили, остваруваат политичко и акционо единство на социјалистичките сили и го насочуваат општествениот развиток врз основите на власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе, и за таа цел:

        расправаат општествени прашања и покренуваат политичка иницијатива во сите области на општествениот живот, ги усогласуваат мислењата, ги утврдуваат политичките ставови во поглед на

        решавањето на тие прашања, насочувањето на општествениот развиток, остварувањето на правата и интересите на работните луѓе и граѓаните, остварувањето на рамноправноста на народите и народностите и унапредувањето на социјалистичките самоуправни демократски односи, даваат предлози за решавање на општествените прашања и им даваат насоки на своите делегати во собранијата на општествено-политичките заедници;

        утврдуваат заеднички програми за општествена активност и заеднички критериуми за избор на делегации во основните организации на здружениот труд, во месните заедници и во другите самоуправни организации и заедници и за избор на делегати во собранијата на општествено-политичките заедници, обезбедуваат демократско предлагање и утврдување кандидати за членови на делегациите во самоуправните организации и заедници, кандидати за делегати во собранијата на општествено-политичките заедници, како и кандидати за вршење самоуправни, јавни и други општествени функции во општествено-политичките заедници; разгледуваат општи прашања на кадровската политика и на изградувањето кадри и утврдуваат мерила за одбирање кадри;

        ја следат работата на органите на власта и на органите на управувањето на самоуправните организации и заедници и на носителите на самоуправни, јавни и други општествени функции, го изнесуваат своето мислење и оценки и вршат општествена контрола и критика на нивната работа, особено во поглед на обезбедувањето јавност на работата и одговорност во работата;

        создаваат услови за сестрано учество на младината и на нејзините организации во општествениот и политичкиот живот;

        обезбедуваат известување на работните луѓе и граѓаните и свое влијание врз општествениот систем за информирање и врз остварувањето на улогата на печатот и на другите видови јавно информирање и комуницирање;

        се борат за хумани односи меѓу луѓето, за развивање на социјалистичката демократска свест и на нормите на социјалистичкиот живот, како и за отстранување на појавите што го попречуваат развитокот на социјалистичките самоуправни демократски општествени односи или на кој било начин им нанесуваат штета.

        Општините и Републиката во рамките на своите права и должности, се должни да обезбедуваат материјални и други услови за остварување на функциите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, утврдени со овој устав.

        Работниците доброволно организирани во синдикатот, како најширока организација на работничката класа, се борат: за остварување на положбата на работничката класа утврдена со уставот; за остварување на социјалистичките самоуправни односи и за решавачка улога на работниците во управувањето со општествената репродукција; за остварување на интересите и на самоуправните и другите права на работниците во сите области на трудот и животот, за обезбедување на рамноправноста на работниците во здружувањето на трудот и на средствата, во стекнувањето и распределбата на доходот и во утврдувањето заеднички мерила за распределба според резултатите на трудот; за самоуправно поврзување и интегрирање на различните области на општествениот труд; за развивање на производните сили на општеството и за зголемување на продуктивноста на трудот; за самоуправно усогласување на поединечните, заедничките и општите општествени интереси; за подигање на образованието на работниците и за оспособување на работниците за вршење на самоуправни и други општествени функции, за демократско предлагање и утврдување на кандидати за делегациите во тие организации и заедници и делегати во собранијата на општествено-политичките заедници; за најшироко учество на работниците во вршењето на функциите на власта и на управувањето со другите општествени работи; за остварување на интересите на работничката класа во кадровската политика; за заштита на правата на работниците; за обезбедување социјалната сигурност и за развој на животниот стандард на работниците, како и за развивање и јакнење на солидарноста и за подигање на класната свест и одговорноста на самоуправувачите.

        Синдикатот покренува иницијатива за самоуправно спогодување и општествено договарање, непосредно учествува во тоа спогодување и договарање и им дава предлози на органите на управувањето на самоуправните организации и заедници, на собранијата на општествено-политичките заедници и на другите државни и општествени органи за решавање на прашања што се однесуваат на материјалната и општествената положба на работничката класа.

        Општествено-економскиот и политичкиот систем и другите односи утврдени со уставот се насочени кон проширување на условите за натамошен развиток на социјалистичкото општество, за надминување на неговите противречности и за таков општествен напредок кој, врз основа на сестраната развиеност на производните сили, високата продуктивност на трудот, изобилството на производи и сестраниот развиток на човекот како слободна личност, ќе овозможи развивање на такви општествени односи во кои ќе се оствари начелото на комунизмот: „Секој според способностите — секому според потребите".

        За таа цел органите на самоуправувањето, државните органи, самоуправните организации и заедници, општествено-политичките и другите организации, работните луѓе и граѓаните непосредно се повикани со целокупната своја дејност:

        да ја прошируваат и јакнат материјалната основа на општеството и на животот на поединците со развивање на производните сили, со подигање на продуктивноста на трудот и со постојано унапредување на социјалистичките самоуправни односи;

        да создаваат услови во кои ќе се надминуваат општествено-економските разлики меѓу умствениот и физичкиот труд и во кои човечкиот труд ќе станува сè поцелосно изразување на творештвото и на човековата личност;

        да ги прошируваат и развиваат сите облици на самоуправувањето и социјалистичкиот самоуправен демократизам, а особено во областите во кои преовладуваат функциите на политичката власт, да ја ограничуваат принудата и да создаваат услови за нејзино отстранување и да изградуваат меѓу луѓето односи засновани врз свеста за заедничките интереси, врз социјалистичката етика и врз слободното творештво на човекот;

        да придонесуваат за остварување на човечките слободи и права, за хуманизирање на општествената средина и човековата личност, за јакнење на солидарноста и човечноста меѓу луѓето и за почитување на човековото достоинство;

        да развиваат сестрана соработка и зближување на сите народи, во согласност со прогресивните стремежи на човештвото за создавање слободна заедница на сите народи во светот.

        Изразувајќи ги основните начела на социјалистичкото самоуправно општество и неговиот напредок, овој дел на уставот е основа и насока за толкување на уставот и законите, како и за дејствувањето на сите и на секого.

ПРВ ДЕЛ: Општествено уредување

[уреди]

Глава I: Општи одредби

[уреди]

Член 1

        Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа, и на сите работни луѓе, и социјалистичка самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност.

        Социјалистичка Република Македонија е во состав на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Член 2

        Припадниците на другите народи на Југославија што живеат во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни и имаат исти права и должности како Македонците и народностите.

Член 3

        Во Социјалистичка Република Македонија македонскиот народ и народностите, работните луѓе и граѓаните го утврдуваат општественото уредување на Републиката и обезбедуваат и остваруваат: сувереност, национална слобода, независност, територијален интегритет на Републиката и народна одбрана; општествено самоуправување и социјалистички општествено-економски и политички односи; учество и одговорност на Републиката во утврдувањето и спроведувањето на политиката на федерацијата; рамноправност на македонскиот народ, народностите и припадниците на другите народи на Југославија; солидарност и социјална сигурност на работните луѓе и граѓаните; уставност и законитост; единство на правниот систем на Републиката; заштита на поредокот утврден со уставот, јавна безбедност и општествена самозаштита; демократски слободи и права на човекот и граѓанинот; политичка, економска, културна и друга соработка на Републиката со органи и организации на други држави и со меѓународни органи и организации, како и грижа за почитување на правата на деловите на македонскиот народ што живеат во другите земји како национално малцинство и за Македонците во другите земји, во рамките на заеднички утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Социјалистичка Федеративна Република Југославија; соработка со органите и организациите на другите социјалистички републики и на социјалистичките автономни покраини; единство на југословенскиот пазар; услови за рамномерен стопански и општествен развиток на Републиката и за побрз развој на недоволно развиените краишта; иницијатива за решавање на прашања од областа на стопанскиот, општествениот и културниот живот; усогласен самоуправен развиток; услови за што понепосредно и поефикасно остварување на самоуправните права на работните луѓе и граѓаните; заштита на самоуправните права на организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините; услови за ефикасно вршење на општествената и самоуправната работничка контрола и за остварување на општествената одговорност; интеграција во сите сфери на општествениот живот во Републиката врз самоуправни основи; услови за јавно информирање и ги вршат сите други општествени работи од заеднички интерес за политичкиот, стопанскиот и културниот развиток на Републиката.

Член 4

        Во Социјалистичка Република Македонија македонскиот народ и народностите и работните луѓе и граѓаните заедничките интереси ги остваруваат во организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, како и во општините и Републиката; со самоуправно спогодување, општествено договарање и со здружување на организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници; со непосредна соработка на општествено-политичките и другите организации и здруженијата на граѓаните и со слободни и сестрани активности на граѓаните.

Член 5

        Територијата на Социјалистичка Република Македонија е составен дел на територијата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        Границите на Социјалистичка Република Македонија можат да се менуваат само врз основа на одлука на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 6

        За граѓаните на Социјалистичка Република Македонија постои државјанство на Социјалистичка Република Македонија.

        Државјаните на Социјалистичка Република Македонија едновремено се и државјани на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        Државјаните на другите републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија ги имаат во Социјалистичка Република Македонија истите права и должности како и нејзините државјани.

Член 7

        Одлуките, исправите и другите акти издадени од државните органи и овластените организации од другите републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија имаат во Социјалистичка Република Македонија иста важност како и во републиката во која се издадени.

Член 8

        Грбот на Социјалистичка Република Македонија претставува поле опкружено со житни класје, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарена со народни мотиви. Меѓу врвовите на класјето има петокрака ѕвезда. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река. Зад планината изгрева сонце.

Член 9

        Знамето на Социјалистичка Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда. Ѕвездата е црвена со златен (жолт) раб и има правилен петокрак облик. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.

        Кога ќе се подели знамето на четири правоаголници, тогаш средишната точка на ѕвездата се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на горниот правоаголник што е до прицврстениот дел на знамето. Горниот крак на ѕвездата е насочен спрема горната линија од должината на знамето, а долните краци се насочени спрема долната линија од должината на знамето. Полупречникот на ѕвездата е еднаков со една шестина од широчината на знамето.

Член 10

        Социјалистичка Република Македонија има химна.

Член 11

        Главен град на Социјалистичка Република Македонија е Скопје.

Глава II: Општествено-економско уредување

[уреди]
1. Положба на човекот во здружениот труд и општествена сопственост
[уреди]

Член 12

        Социјалистичкото општествено-економско уредување на Социјалистичка Република Македонија се засновува врз слободниот здружен труд со средствата за производство во општествена сопственост и врз самоуправувањето на работниците во производството и распределбата на општествениот производ во основните и другите организации на здружениот труд и во општествената репродукција во целина.

Член 13

        Трудот и резултатите на трудот ја определуваат материјалната и општествената положба на човекот врз основа на еднакви права и одговорности.

        Никој не може ниту непосредно ниту посредно да се здобива со материјални и други користи со експлоатација на туѓиот труд.

        Никој не смее на кој и да било начин да го оневозможува ниту да го ограничува работникот рамноправно со другите работници да одлучува за својот труд и за условите и за резултатите на својот труд.

Член 14

        Средствата за производство и другите средства на здружениот труд, производите на здружениот труд и доходот остварен со здружен труд, средствата за задоволување на заедничките и општите општествени потреби, природните богатства и добрата во општа употреба, се општествена сопственост.

        Никој не може да стекне право на сопственост на општествените средства што се услов за работа во основните и другите организации на здружениот труд или се материјална основа за остварување на функциите на самоуправните интересни заедници или на другите самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките заедници.

        Општествените средства не можат да се користат за присвојување на туѓ вишок на трудот, ниту за создавање услови за такво присвојување.

Член 15

        Работникот во здружениот труд со средства во општествена сопственост има право на работа со општествени средства како свое неотуѓиво право да работи со тие средства заради задоволување на своите лични и општествени потреби и, како слободен и рамноправен со другите работници во здружениот труд, да управува со својот труд и со условите и резултатите од својот труд.

        Правата, обврските и одговорностите во поглед на располагањето, користењето и управувањето со општествените средства се уредуваат со устав и закон, во согласност со природата и намената на тие средства.

Член 16

        На секој работник во здружениот труд со средства во општествена сопственост му се гарантира, остварувајќи го правото на работа со општествени средства, во основната организација на здружениот труд во која работи и во сите други облици на здружување на трудот и на средствата, заедно и рамноправно со другите работници, да управува со трудот и со работењето на организацијата на здружениот труд и со работите и средствата во севкупноста на односите на општествената репродукција, да ги уредува меѓусебните односи во работата, да одлучува за доходот што ќе го оствари во различните облици на здружување на трудот и на средствата и да стекнува личен доход.

        Основната организација на здружениот труд е основен облик на здружениот труд во кој работниците непосредно и рамноправно ги остваруваат своите општествено-економски и други самоуправни права и одлучуваат за други прашања на својата општествено-економска положба.

        Противуставен е секој акт и дејство со кое се повредуваат овие права на работникот.

Член 17

        Во остварувањето на правото на работа со општествени средства, работниците во здружениот труд заемно се одговорни, во својот заеднички и општ општествен интерес, да се користат со тие средства општествено и економски целесообразно и, како материјална основа на својот и на вкупниот општествен труд, постојано да ги обновуваат, зголемуваат и унапредуваат, како и совесно да ги извршуваат своите работни обврски.

        Работниците во здружениот труд не можат во остварувањето на правото на работа со општествени средства да стекнуваат материјални користи и други предимства што не се засновани врз нивниот труд.

Член 18

        Работниците на организациите на здружениот труд што вршат дејности во областа на образованието, науката, културата, физичката култура, здравството, социјалната заштита и на другите општествени дејности, стекнуваат доход со слободна размена на својот труд со трудот на работните луѓе чии потреби и интереси во тие области ги задоволуваат.

        Слободната размена на својот труд работниците во овие организации на здружениот труд ја остваруваат непосредно со работните луѓе чии потреби и интереси ги задоволуваат или преку нивните организации на здружениот труд и самоуправните интересни заедници односно во рамките на самоуправните интересни заедници.

        Работниците на организациите на здружениот труд во општествените дејности остваруваат со слободна размена на трудот еднаква општествено-економска положба како и работниците на организациите на здружениот труд во другите дејности.

        Врз начелата на слободна размена на трудот стекнуваат доход и работниците на организациите на здружениот труд во другите дејности во кои дејствувањето на законитостите на пазарот не може да биде основ за усогласување на трудот и потребите, ниту основ за вреднување на резултатите на трудот.

Член 19

        За сиот доход, како резултат од заедничкиот труд на работниците во основната организација на здружениот труд и на вкупниот општествен труд, остварен во различните облици на здружување на трудот и на средствата врз основа на дејствувањето на законитостите на пазарот и врз на самоуправна основа општествено утврдените услови за стекнување на доход, работниците одлучуваат во основните организации на здружениот труд во согласност со своите уставни права и одговорности спрема другите работници во здружениот труд и спрема општествената заедница во целина.

        Доходот што заеднички ќе го остварат со здружување на трудот и на средствата, основните организации на здружениот труд го распределуваат во целост меѓу себе според нивниот придонес во остварувањето на тој доход, а врз основа на мерилата што ќе ги утврдат со самоуправна спогодба.

        Остварениот доход во основната организација на здружениот труд претставува материјална основа на правата на работниците да одлучуваат за условите на својот труд и за распределбата на доходот и да стекнуваат личен доход.

Член 20

        Делот на доходот што е резултат од работење во исклучително поповолни природни услови или што е резултат од исклучителни погодности на пазарот или на други исклучителни погодности во стекнувањето на доходот, се користи за развој на организацијата на здружениот труд во која е остварен или за развој на материјалната основа на здружениот труд во општината односно во Републиката, во согласност со самоуправна спогодба и закон.

        Управувањето со делот на доходот што се користи за развој на материјалната основа на здружениот труд во општината или во Републиката, се темели врз самоуправни основи.

Член 21

        Работниците во основната организација на здружениот труд го распределуваат доходот за своја лична и заедничка потрошувачка, за проширување на материјалната основа на здружениот труд и за резерви.

        Работниците за вкупната лична и заедничка потрошувачка распоредуваат дел од доходот што е сразмерен со нивниот придонес во остварувањето на доходот што го дале со својот труд и со вложување на општествени средства, како минат труд на работниците.

Член 22

        На секој работник, во согласност со начелото на распределба според трудот и со порастот на продуктивноста на неговиот и на вкупниот општествен труд и со начелото на солидарноста на работниците во здружениот труд, му припаѓа од доходот на основната организација на здружениот труд личен доход за задоволување на неговите лични, заеднички и општи општествени потреби, според резултатите од неговиот труд и неговиот личен придонес што со својот тековен и минат труд го дал во зголемувањето на доходот на основната организација.

Член 23

        Работниците во основната организација на здружениот труд ги утврдуваат основите и мерилата за распоредување на доходот и основите и мерилата за распределба на средствата за своите лични доходи.

        Работниците во основната организација на здружениот труд утврдуваат со работниците во другите организации на здружениот труд заеднички основи и мерила за распоредување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи.

        Ако со распоредувањето на доходот за лична и заедничка потрошувачка односно со распределбата на средствата за лични доходи се нарушуваат односите што му одговараат на начелото на распределба според трудот или се нарушува текот на општествената репродукција, со закон можат да се утврдат мерки со кои се обезбедува рамноправност на работниците во примената, на начелото на распределба според трудот односно со кои се спречуваат или се отстрануваат нарушувањата во општествената репродукција.

Член 24

        На секој работник во здружениот труд со општествени средства му се гарантира личен доход и други права по основ на трудот најмалку во висина односно во обем што ја обезбедуваат неговата материјална и социјална сигурност.

        Висината на гарантираниот личен доход и обемот на другите гарантирани права, како и начинот на нивното остварување, се утврдуваат со самоуправна спогодба, со општествен договор и со закон, во зависност од општиот степен на продуктивноста на вкупниот општествен труд и од општите услови на средината во која работи и живее работникот.

Член 25

        Со закон, под условите утврдени со устав, може привремено да се ограничи располагањето на работниците во основните организации на здружениот труд со дел од средствата на општествената репродукција или да се утврди обврска за здружување на дел од тие средства за финансирање на определени неопходни потреби на општествената репродукција. Со задолжителното здружување на дел од средствата на општествената репродукција не можат трајно да се одземат правата на работниците на основните организации на здружениот труд во поглед на тие средства.

Член 26

        Организација на здружениот труд односно друго општествено правно лице одговара за своите обврски со општествените средства со кои располага.

Член 27

        Правата на организацијата на здружениот труд и на друго општествено правно лице во поглед на недвижностите и на одделни движни предмети и други права во општествена сопственост можат, со соодветен надоместок и по постапка пропишани со закон, да им се одземат или ограничат само ако тоа го налагаат врз основа на закон утврдените потреби за планско уредување на просторот или за изградба на објекти од општествено значење или друг со закон определен општ интерес.

        За одземените права во поглед на земјиштето или на другите природни богатства, организацијата на здружениот труд односно другото општествено правно лице има право на надоместок само за трудот и за средствата вложени во тоа земјиште или во друго природно богатство. Ако земјиштето или другото природно богатство е услов за работа, организацијата на здружениот труд односно другото општествено правно лице има право на надоместок со кој се обезбедува овие услови да не бидат влошени.

Член 28

        На работниците во основната организација на здружениот труд која во своето работење се користи со средства на други организации на здружениот труд кои по тој основ имаат право на учество во заеднички остварениот доход, им се обезбедуваат, во рамките на така остварениот доход, средства за нивната лична и заедничка потрошувачка, во согласност со заедничките основи и мерила што важат во организациите на здружениот труд, како и средства за проширување на материјалната основа на трудот според нивниот придонес во заеднички остварениот доход.

        Мерилата за утврдување на придонесот во заеднички остварениот доход се определуваат со самоуправната спогодба, во согласност со единствените начела за здружување на средствата утврдени со сојузен закон.

        Организациите на здружениот труд што здружуваат средства не можат по тој основ трајно да стекнат право на учество во доходот на организацијата на здружениот труд, која во своето работење се користи со тие средства.

        Правото на учество во заеднички остварениот доход по основ на здружување на средства се гаси кога на организацијата на здружениот труд, покрај соодветното учество во заеднички остварениот доход, ќе и бидат вратени и средствата со чие здружување тоа право е стекнато односно кога, согласно со самоуправната спогодба, ќе престане правото на враќање на здружените средства.

Член 29

        Организацијата на здружениот труд може, под условите и во границите што се утврдени со сојузен закон, да се користи во своето работење со средства на странски лица.

        Работниците во организациите на здружениот труд што се користат со средства вложени од странски лица имаат исти општествено-економски и други самоуправни права како и работниците во организациите на здружениот труд, што во своето работење користат средства на други домашни организации на здружениот труд.

        Правата на странското лице во поглед на средствата што ги вложило во организација на здружениот труд во Социјалистичка Република Македонија, не можат да се намалат со закон или со друг акт, откако договорот со кој се уредени тие права ќе стане полноважен.

Член 30

        Организациите на здружениот труд можат, заради проширување на материјалната основа на трудот, да собираат парични средства од граѓаните и да им обезбедат, со враќањето на овие средства, и надоместок за вложените средства во вид на камата или други погодности определени врз основа на закон.

Член 31

        Работниците што во организацијата на здружениот труд вршат административно-стручни, помошни и на нив слични работи од заеднички интерес за повеќе организации во нејзиниот состав и работниците што вршат такви работи во земјоделска или друга задруга, како и работниците во организација на деловно здружување, банка и заедница на осигурување образуваат работна заедница. Работниците во таква работна заедница можат да се организираат како организации на здружениот труд под услови утврдени со закон.

        Работниците што во организацијата на здружениот труд вршат други работи од заеднички интерес за повеќе организации во нејзиниот состав, како и работниците што вршат такви работи за земјоделска или друга задруга, образуваат работна заедница ако не постојат со уставот утврдени услови да се организираат како основна организација на здружениот труд.

        Работниците на овие работни заедници имаат право на средства за лична и заедничка потрошувачка во согласност со начелото на распределба според трудот и со основите и мерилата за распределба што важат во организациите на здружениот труд, како и други самоуправни права на работниците во организациите на здружениот труд, во согласност со природата на работите што ги вршат и со заедничките интереси заради кои се образувани овие работни заедници.

        Меѓусебните права, обврски и одговорности на работниците на овие работни заедници и корисниците на нивните услуги се уредуваат со самоуправна спогодба, а меѓусебните односи на работниците во работната заедница се уредуваат со нивни самоуправни акти во согласност со таа самоуправна спогодба.

Член 32

        Работниците во работните заедници што вршат работи за самоуправните интересни заедници и други самоуправни организации и заедници и нивни здруженија, за општествено-политичките организации и другите општествени организации, здруженијата на граѓаните и органите на општината и Републиката, имаат право на средства за лична и заедничка потрошувачка во согласност со начелото на распределба според трудот и со општествено утврдените основи и мерила за распределба што важат за организациите на здружениот труд. Тие имаат и други самоуправни права во согласност со природата на овие работи и со општествената и политичката одговорност на организациите, заедниците и органите за кои ги вршат работите — за остварување на нивните функции и задачи.

        Меѓусебните права, обврски и одговорности на работниците во овие работни заедници и на организациите, заедниците и органите за кои вршат работи се уредуваат со самоуправна спогодба односно договор, во согласност со закон.

        На овие работни заедници не можат да им се пренесуваат права, овластувања и одговорности на организациите, заедниците и органите за кои тие вршат работи.

        Правата, обврските и одговорностите на работниците во работните заедници на органите на општините и на Републиката се уредуваат со закон, а кога тоа го дозволува природата на дејноста на органот, и со самоуправна спогодба односно со договор меѓу работната заедница и тие органи, и со самоуправните акти на работната заедница.

Член 33

        Работните луѓе кои со личен труд самостојно во вид на занимање вршат уметничка или друга културна, адвокатска или друга професионална дејност имаат во начело иста општествено-економска положба и во основа исти права и обврски како и работниците во организациите на здружениот труд.

        Работните луѓе што вршат некоја од овие дејности можат да го здружуваат својот труд и да образуваат привремени или трајни работни заедници, кои имаат во основа иста положба како и организациите на здружениот труд, и во кои работните луѓе имаат во основа исти права и должности како и работниците во организациите на здружениот труд.

        Со закон се утврдуваат условите под кои овие работни луѓе и нивните работни заедници ги остваруваат своите права и ги исполнуваат обврските, како и условите под кои тие во вршењето на тие дејности можат да користат општествени средства и да управуваат со нив. Со закон се определува и начинот на остварувањето на соработката на овие работни луѓе со организациите на здружениот труд, како и начинот на нивното учество во создавањето услови за работа во тие организации и во располагањето со резултатите на нивниот труд изразени во заеднички остварениот доход.

Член 34

        Работниците во организациите на здружениот труд, во согласност со начелата на заемност и солидарност, заеднички и рамноправно обезбедуваат постојано подобрување на условите за живот на работниците со издвојување и здружување на средства за таа цел и на друг начин.

        Организациите на здружениот труд и општините и Републиката се должни, во согласност со начелата на заемност и солидарност, да им даваат економска и друга помош на организациите на здружениот труд што ќе дојдат во исклучителни економски тешкотии и да преземаат мерки за нивна санација, ако е тоа во заеднички интерес на организациите на здружениот труд односно во општествен интерес.

        Организацијата на здружениот труд сама или спогодбено со други организации на здружениот труд во согласност со начелата на заемност и солидарност, обезбедува, средства за вработување, преквалификација и за остварување на стекнатите права на работниците, ако престане потребата од нивна работа во организацијата на здружениот труд или ако организацијата во нејзин состав престане со работа.

        Работникот, додека не му се обезбеди друго работно место што одговара на неговите способности и квалификации не може да го изгуби својството на работник во основната организација на здружениот труд, ако заради технолошки или други унапредувања со кои се придонесува за зголемувањето на продуктивноста на трудот и за поголем успех на организацијата престане потребата од неговата работа во таа организација.

        Со закон може да се утврди обврска за здружување на средства за овие цели и за вработување воопшто, како и да се пропишат услови за употребата на тие средства.

        Овој закон се донесува со мнозинство гласови на сите делегати во Соборот на здружениот труд на Собранието.

2. Здружување на трудот и на средствата на општествената репродукција
[уреди]

Член 35

        Својот труд и средствата на општествената репродукција во основните организации на здружениот труд работниците слободно ги здружуваат во работни организации и во други облици на здружување на трудот и на средствата.

        Меѓусебните права, обврски и одговорности во различните облици на здружување на трудот и средствата, работниците во основните организации на здружениот труд ги уредуваат со самоуправна спогодба во согласност со закон, обезбедувајќи ги во целината на овие односи неотуѓивите права на работниците загарантирани со уставот.

Член 36

        Работна организација е самостојна самоуправна организација на работниците поврзани со заеднички интереси во трудот и организирани во основни организации на здружениот труд во нејзин состав, или непосредно поврзани со единствен процес на трудот.

        Работна организација можат да основаат организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, месните заедници, општествено-политичките заедници и други општествени правни лица.

        Работна организација можат, под услови и на начин пропишани со закон, да основаат и работните луѓе заради остварување правото на работа или заради задоволување на потребите од производи и услуги на организацијата што ја основаат. Работна организација можат, во согласност со закон, да основаат и граѓански правни лица.

        Работните луѓе односно граѓанските правни лица, кои во организацијата на здружениот труд што ја основале ќе вложат свои средства, можат спрема таа организација, по основ на тие средства, да имаат само права што ги имаат граѓаните од кои организациите на здружениот труд собираат средства заради проширување на материјалната основа на својот труд.

        Со закон може да се пропише дека работните луѓе и граѓанските правни лица не можат да основаат работни организации за вршење на определени дејности.

        Работните организации имаат еднаква положба, а работниците во нив еднакви општествено-економски и други самоуправни права и одговорности, без оглед на тоа кој ја основал работната организација.

Член 37

        Работниците во делот на работната организација што претставува работна целина, во кој резултатот од нивниот заеднички труд може самостојно да се изрази како вредност во работната организација или на пазарот и во кој работниците можат да ги остваруваат своите општествено-економски и други самоуправни права, имаат право и должност таквиот дел на работната организација да го организираат како основна организација на здружениот труд.

        Работниците во работната организација во која не постојат услови одделни нејзини делови да се организираат како основни организации на здружениот труд, ги остваруваат во работната организација сите права што ги имаат работниците во основната организација на здружениот труд.

        Општествено-економските и другите самоуправни односи во основната организација на здружениот труд се уредуваат со нејзиниот статут и другите самоуправни акти во согласност со уставот и законот.

        Ако по повод организирањето на основна организација на здружениот труд биде поведен спор, до завршувањето на спорот не можат, спротивно на волјата на работниците што ја донеле одлуката за организирање на основна организација, да се менуваат нивните права, обврски и одговорности што ги имале до денот на донесувањето на одлуката за која се води спорот.

Член 38

        Работниците имаат право основната организација на здружениот труд во која работат да ја издвојат од составот на работната организација.

        Основната организација на здружениот труд што се издвојува е должна, спогодбено со другите основни организации на здружениот труд и со работната организација како целина, да ги уреди начинот и условите на извршувањето на своите обврски спрема нив, што ги презела до издвојувањето и да им ја надомести штетата што настанала со издвојувањето.

        Работниците не можат својата основна организација на здружениот труд да ја издвојат од составот на работната организација ако тоа, спротивно на општиот интерес, би довело до битно отежнување или оневозможување на работата во другите основни организации во составот на работната организација односно во работната организација како целина.

Член 39

        Работните организации можат да се здружуваат во разни облици на сложени организации на здружениот труд, а основните организации на здружениот труд и работните организации во заедници и други облици на здружување на организации на здружениот труд во кои остваруваат определени заеднички интереси.

        Со закон или со одлука на собранието на општината заснована врз закон може да се пропише задолжително здружување на определени видови организации на здружениот труд во заедници во кои се обезбедува единството на системот на трудот во соодветните области, ако тие организации вршат дејности од битно значење за работењето и развојот на другите организации на здружениот труд, кога работењето на тие организации е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните на определено подрачје и во други случаи од општ интерес.

Член 40

        Организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и други општествени правни лица можат со самоуправна спогодба да основаат банка како посебна организација за вршење кредитни и други банкарски работи и во неа, заедно со други лица, да здружуваат средства заради остварување на заеднички интереси во обезбедување парични средства, за вршење, проширување и унапредување на дејностите на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и заради остварување на други заеднички интереси.

        Општествените правни лица, со чии средства банката работи, управуваат со работењето на банката. Средствата што банката ќе ги оствари, по намирувањето на трошоците на работењето и издвојувањето на средства за работната заедница на банката, овие општествени правни лица ги распоредуваат меѓу себе.

        Општествените правни лица имаат право да управуваат со определени работи на банката во единицата на банката што работи со нивни средства.

        Општините и Републиката не можат да основаат банка, ниту да управуваат со работите на банката.

        Меѓусебните односи на општествените правни лица со чии средства работи банката, управувањето со банката и работењето на банката се уредуваат со самоуправната спогодба за основањето на банката, со нејзиниот статут и со закон.

Член 41

        Работењето на финансиските организации што се основаат заради прибирање на штедни влогови и управувањето со тие организации, како и работењето на банките што се однесува на прибирањето штедни влогови, се уредува со закон, во согласност со единствените начела на кредитниот систем.

        Правата на граѓаните, врз основа на штедните влогови да учествуваат во управувањето со работењето на тие финансиски организации и, покрај договорените камати, да стекнуваат и други определени погодности, се уредуваат со закон.

Член 42

        Во организациите на здружениот труд што освен со други дејности, се занимаваат и со банкарско или слично работење, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и други општествени правни лица ги имаат во поглед на тоа работење, во начело истите права што ги имаат во банката општествените правни лица со чии средства работи банката.

        Ако во организациите на здружениот труд се организира внатрешно банкарско или слично работење, на таквото работење се применуваат начелата што се однесуваат на работењето на банките.

Член 43

        Организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општините и Републиката и други општествени правни лица можат со самоуправна спогодба да основаат заедница на осигурувањето на имот и лица од истородни односно сродни видови ризици односно штети или од различни повеќе видови ризици односно штети, и во неа, заедно со други лица, врз начелата на заемност и солидарност, да здружуваат средства заради осигурување на имот и лица и заради отстранување или намалување на неповолното дејство на причините што можат да ги предизвикаат тие штети.

        Во заедница на осигурувањето во која се здружуваат средства заради осигурување на имот или лица од повеќе различни видови ризици односно штети, осигурениците што здружуваат средства заради осигурување од истородни или сродни видови на штета образуваат посебни заедници на ризик и здружуваат средства во посебни фондови на осигурување за тие штети. Осигурениците во заедниците на ризик, спогодбено со другите осигуреници во истата заедница на осигурување, утврдуваат под кои услови средствата на фондовите, наменети за намирување на обврските по еден вид штета можат да се користат за намирување на обврските по основ на друг вид штета.

        Општествените правни лица што здружуваат средства во заедница на осигурување односно заедница на ризик управуваат со работењето на тие заедници.

        Меѓусебните односи на општествените правни лица што здружуваат средства во заедница на осигурувањето, управувањето со таа заедница и нејзиното работење се уредуваат со самоуправната спогодба за основањето на заедницата, со нејзиниот статут или со друг самоуправен акт и со закон.

        Граѓаните и граѓанските правни лица — осигуреници учествуваат во управувањето со заедницата на осигурувањето односно со заедницата на ризикот и остваруваат во нив други права во согласност со статутот на заедницата на осигурување и со закон.

Член 44

        Односите меѓу организациите на здружениот труд што вршат работи на промет на стоки и услуги и производствените и другите организации со кои работат се засновуваат врз начелата на соработка и самоуправно здружување на трудот и средствата во рамките на таа соработка. Овие организации, врз начелата на рамноправност, остваруваат меѓусебно влијание врз деловната и развојната политика, преземаат заеднички ризик, обезбедуваат заедничка одговорност за проширување на материјалната основа и за зголемување на продуктивноста на трудот во производството и прометот и учествуваат во доходот остварен со оваа соработка според придонесот во остварувањето на тој доход.

        Организациите на здружениот труд што вршат работи на извоз и увоз се организираат и работат врз начелата на задолжителна соработка со производствените и другите организации на здружениот труд за кои го вршат извозот или увозот,и во рамките на таа соработка, ја утврдуваат заедничката политика на производството односно на другата дејност, политиката на извозот и увозот, го распоредуваат доходот остварен со оваа соработка како заеднички доход, заеднички го поднесуваат ризикот на тоа работење и одговорноста за унапредување на производството и прометот, во согласност со самоуправната спогодба или договорот за таа соработка.

        Организациите на здружениот труд што вршат работи на промет со стоки и услуги за непосредна потрошувачка се должни, на начин определен со закон, да соработуваат и да се договараат со самоуправните интересни заедници, месните заедници и други заедници и организации на потрошувачите за работите од заеднички интерес.

Член 45

        Организација на здружениот труд може да врши дејност и да вложува средства на општествената репродукција во странство, под условите и во границите што се пропишани со сојузен закон.

        Правата и средствата што организацијата на здружениот труд ќе ги стекне во странство по кои и да било основ се составен дел на општествените средства со кои управуваат работниците на таа организација.

        Во организацијата на здружениот труд што врши дејност во странство, работниците чии работни места се во странство, имаат исти права, должности и одговорности како и работниците на таа организација во земјата.

Член 46

        Основните и другите организации на здружениот труд, нивните заедници и другите облици на здружување на организации на здружениот труд, банките, заедниците за осигурување имоти и лица и другите финансиски организации се правни лица со права, обврски и одговорности што ги имаат врз основа на уставот, законот и самоуправната спогодба за здружување односно врз основа на актот за основање.

        Овие организации, заедници и здруженија и нивните права, обврски и одговорности во правниот промет се запишуваат во регистарот на организациите на здружениот труд.

Член 47

        Спрема организацијата на здружениот труд и заедницата или другото здружение на тие организации во кои побитно ќе се наруши остварувањето на самоуправните права на работниците или кои не ги исполнуваат обврските утврдени со закон или потешко ќе ги оштетат општествените интереси, можат, под услови и во постапка што се пропишани со закон, да се преземат со закон утврдени привремени мерки. Кога е тоа неопходно заради отстранување на тие појави, со овие мерки може привремено да се ограничи остварувањето на одделни самоуправни права на работниците односно права на организацијата или здружението и на нивните органи.

Член 48

        Ако во организациите на здружениот труд настане спор меѓу работниците на одделни делови на организацијата односно меѓу работниците и органите на организацијата или работниците на организацијата и органите на општествено-политичката заедница, кој не можел да биде решен по редовен пат, работниците имаат право и должност, своите барања по повод настанатиот спор да ги изнесат преку синдикалната организација.

        Синдикалната организација има право и должност, по барање од работниците или по своја иницијатива, да поведе постапка за решавање на настанатиот спор и, во таа постапка, заедно со соодветните органи на управување на организацијата на здружениот труд односно со органите на општествено-политичката заедница, да ги утврди основите и мерките за решавање на прашањето заради кое настанал спорот.

Член 49

        Организацијата на здружениот труд односно организацијата на деловно здружување што врши стопанска дејност може да биде укината, под услови и во постапка пропишани со сојузен закон, ако не ги исполнува со закон пропишаните услови за вршење на својата дејност, ако потрајно не е во можност да ги обновува општествените средства со кои работи и да ги обезбедува со уставот гарантираните права на работниците во поглед на нивната материјална и социјална сигурност или ако не е во можност да ги исполнува другите со закон утврдени или со договор преземени обврски.

        Организацијата на здружениот труд што врши општествена дејност, може, под услови и во постапка што се пропишани со закон, да биде укината ако не ги исполнува условите пропишани со закон или ако не постојат услови за вршење на нејзината дејност.

Член 50

        Со закон и со одлука на општината врз основа на закон може да се утврди дека се од посебен општествен интерес, определени дејности или работи на организациите на здружениот труд што вршат општествени дејности, и да се уреди начинот на остварувањето на посебниот општествен интерес и остварувањето на самоуправните права на работниците во согласност со тој интерес.

        Со закон или со одлука на собранието на општината може, ако тоа го бара посебниот општествен интерес, да се уреди начинот на остварувањето на тој интерес во работењето на организациите на здружениот труд што вршат стопанска дејност, кога тоа работење е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за работата на другите организации на определено подрачје.

Член 51

        Посебниот општествен интерес во вршењето на овие дејности се обезбедува со самоуправни спогодби и општествени договори за условите и начинот на вршењето на тие дејности, со учество на корисниците на услугите и другите заинтересирани организации, претставници на основачите, претставници на општината односно на Републиката и на општествено-политичките организации во одлучувањето за остварување на заедничките цели, за основните намени за користење на средствата, програмите за развој и основните услови за стекнување на доходот и работењето со нивно учество во именувањето и разрешувањето на работоводните органи на организациите на здружениот труд што ги вршат овие дејности, како и со други облици на општествено влијание врз вршењето на тие дејности, во согласност со закон.

        Со закон, во согласност со овој устав, можат да се овластат собранијата на општините и Собранието на Социјалистичка Република Македонија да даваат согласност на одредбите на самоуправната спогодба за здружувањето, на статутот или на друг општ акт на организацијата на здружениот труд што врши дејност од посебен општествен интерес, кога тие одредби се од значење за остварувањето на посебниот општествен интерес во вршењето на тие дејности.

        На работниците во организациите на здружениот труд што вршат дејности од посебен општествен интерес не можат да им се ограничат другите со устав загарантирани права што се однесуваат на трудот и управувањето со општествените средства, уредувањето на меѓусебните односи во работата, стекнувањето на доход, одлучувањето за доходот и стекнувањето на личните доходи.

        Со закон или со пропис на општината можат да се предвидат посебни права и должности на Републиката односно на општината и на нивните органи во поглед на надзорот над вршењето на дејноста односно работата од посебен општествен интерес.

Член 52

        Организациите на здружениот труд што вршат дејности или работи од посебен општествен интерес се должни да обезбедат трајно и непрекинато вршење на дејностите односно на услугите, а во случај на прекин или нередовно вршење на дејноста односно на услугата, се должни да им ја надоместат штетата на корисниците, кога е тоа предвидено со закон, со самоуправна спогодба или со пропис на општината.

        Ако надлежниот орган на Републиката, врз основа на закон, односно на општината, врз основа на свој пропис, определи дека организацијата на здружениот труд е должна дејноста односно работите од посебен општествен интерес да ги врши на сите или на определени корисници по цена што е пониска од цената формирана според пропишаните мерила односно од пазарната цена, Републиката односно општината е должна да ѝ изврши соодветно надоместување на организацијата на здружениот труд. Висината и начинот на ова надоместување се утврдува со меѓусебен договор.

Член 53

        Организациите на здружениот труд што вршат стопанска дејност и нивните деловни здруженија се здружуваат во стопански комори или други општи здруженија заради заедничко унапредување на трудот и работењето, заради усогласување на посебните, заедничките и општите општествени интереси, заради договарање за плановите и програмите за работа и развој и за самоуправно уредување на општествено-економските односи, заради покренување иницијатива за склучување на самоуправни спогодби и општествени договори, за донесување закони и за утврдување на економската политика и заради разгледување и решавање на други прашања од заеднички интерес.

        Заради остварување на овие цели можат и организациите на здружениот труд што вршат општествени дејности да се здружуваат во здруженија за одделни дејности односно области на трудот и во други општи здруженија.

        Со закон може да се пропише задолжително здружување на организациите на здружениот труд во комори, условите за формирање и начелата за нивната организација Здружените организации одлучуваат за видовите комори, организацијата, задачите и средствата за нивната работа.

        Во комори и други општи здруженија се здружуваат, во согласност со закон, и работните луѓе што вршат дејности со самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓаните.

3. Самоуправни интересни заедници
[уреди]

Член 54

        Самоуправни интересни заедници основаат работните луѓе, непосредно или преку своите самоуправни организации и заедници, заради задоволување на своите лични и заеднички потреби и интереси и заради усогласување на трудот во областа за која основаат интересна заедница со тие потреби и интереси.

        Правата, обврските и одговорностите во меѓусебните односи во самоуправната интересна заедница се уредуваат со самоуправната спогодба за нејзиното основање, со нејзиниот статут и со други самоуправни акти.

        Заради задоволување на своите потреби и интереси во самоуправните интересни заедници, работните луѓе од своите лични доходи и од доходот на основните организации на здружениот труд им плаќаат придонес на овие заедници, во согласност со намената односно со целите за кои служат овие средства.

Член 55

        Работниците и другите работни луѓе кои во областите на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита врз начелата на заемност и солидарност ги остваруваат своите лични и заеднички потреби и интереси и работниците на организациите на здружениот труд што ги вршат дејностите во тие области, основаат самоуправни интересни заедници во кои остваруваат слободна размена на трудот, здружуваат труд и средства и рамноправно и заеднички одлучуваат за вршењето на тие дејности во согласност со заедничките интереси, ја утврдуваат политиката на развојот и унапредувањето на тие дејности и остваруваат други заеднички интереси.

        Меѓусебните односи во овие самоуправни интересни заедници се уредуваат така што се обезбедува правото на работниците и другите работни луѓе што во нив здружуваат средства да одлучуваат за тие средства и правото на работниците на организациите на здружениот труд што вршат дејности во областа за која е основана интересна заедница, во слободна размена на трудот да остваруваат еднаква општествена економска положба како и работниците во другите организации на здружениот труд.

        Врз овие основи можат да се основаат самоуправни интересни заедници и во други области на општествените дејности.

Член 56

        Заради обезбедување на својата социјална сигурност, работните луѓе основаат самоуправни интересни заедници на пензиското и инвалидското осигурување или на други видови социјално осигурување во кои ги здружуваат средствата за таа цел и врз начелата на заемност и солидарност и на минатиот труд ги утврдуваат своите заеднички и поединечни обврски спрема тие заедници и заедничките и поединечните права што ги остваруваат во нив.

        Врз овие основи можат да се основаат самоуправни интересни заедници и во други области, во кои со здружување на средства во заеднички фондови, се остваруваат определени заеднички интереси врз начелата на заемност и солидарност.

Член 57

        Работните луѓе непосредно и преку своите организации на здружениот труд и други самоуправни организации и заедници основаат самоуправни интересни заедници во станбената област, во кои овие организации и заедници здружуваат средства за станбена изградба, ја утврдуваат политиката и програмата на таа изградба и заедно со станарите управуваат со станбените згради и становите во општествена сопственост и остваруваат други заеднички интереси.

Член 58

        Во областа на комуналните дејности, енергетиката, водостопанството, сообраќајот и другите дејности на материјалното производство, ако трајното вршење на тие дејности е неопходно заради задоволување на потребите на определени корисници, можат да се основаат самоуправни интересни заедници на организациите на здружениот труд од тие области и корисниците на нивните производи и услуги во кои тие ги остваруваат заедничките интереси утврдени со самоуправна спогодба.

Член 59

        Заради што понепосредно остварување на своите самоуправни права и интереси, работниците и другите работни луѓе и нивните организации на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници — членови на самоуправните интересни заедници имаат право во интересната заедница, под услови утврдени со самоуправната спогодба за основањето на самоуправната интересна заедница или со нејзиниот статут, да се организираат во основна заедница или единица за определено подрачје или за остварување на определени заеднички интереси и во таа основна заедница односно единица да остваруваат определени свои самоуправни права и интереси.

        Самоуправните интересни заедници можат да се здружуваат во пошироки интересни заедници и да основаат сојузи и други здруженија на интересни заедници, како и да воспоставуваат други облици на меѓусебна соработка.

        Кога самоуправна интересна заедница се основа за подрачје пошироко од подрачјето на општината, можат за подрачјата на општините да се основаат основни заедници како делови на таа самоуправна интересна заедница.

Член 60

        Самоуправната интересна заедница и основните заедници и единици во нејзин состав, како и здруженијата на самоуправните интересни заедници, се правни лица со право, обврски и одговорности што ги имаат врз основа на уставот, законот, самоуправната спогодба за основањето на интересната заедница односно на здруженијата на интересните заедници и со нивниот статут.

Член 61

        Со закон односно со одлука на собранието на општината заснована врз закон, може да се утврди обврска за основање односно да се основа самоуправна интересна заедница кога определени дејности односно работи на таквата заедница се од посебен општествен интерес, како и да се утврдат начелата за нејзината организација и за меѓусебните односи во неа и да се пропише обврска за плаќање на придонес на таа заедница.

        Дејностите односно работите за кои со закон односно со одлука на собранието на општината заснована врз закон е утврдено дека се од посебен општествен интерес, самоуправната интересна заедница е должна да ги врши на начин утврден со законот односно со одлуката.

Член 62

        Ако во самоуправната интересна заедница што врши определени дејности односно работи што се од посебен општествен интерес не се донесе одлука за прашање од кое битно зависи работата на интересната заедница, Собранието на Социјалистичка Република Македонија односно собранието на општината може, под услови и во постапка пропишани со закон, да донесе одлука со која привремено се решава тоа прашање.

        Спрема самоуправна интересна заедница може да се преземат со закон утврдени привремени мерки во случаите и под условите под кои такви мерки можат да се преземат спрема организациите на здружениот труд.

4. Средства на општествено-политичките организации и другите општествени организации
[уреди]

Член 63

        Општествено-политичките организации и другите општествени организации определени со закон можат да стекнуваат средства односно определени права на средства и со тие средства како општествени да се користат за остварување на своите цели и со нив да располагаат во согласност со статутот на тие организации и со закон.

        Овие организации можат, под условите утврдени со закон, да организираат стопанска и друга дејност во согласност со своите цели и да учествуваат во доходот остварен со таквата дејност заради остварување на тие цели.

5. Општествено-економска положба и здружување на земјоделците
[уреди]

Член 64

        На земјоделецот и на членот на неговото домаќинство што се занимава со земјоделство му се гарантира правото работејќи со средства на кои постои право на сопственост, да ја остварува со уставот утврдената самоуправна положба во социјалистичките општествено-економски односи, да располага со остварените резултати на својот труд, да ги задоволува своите лични и општествени потреби и, врз основа на својот придонес, да ја остварува својата социјална сигурност врз начелата на заемност и солидарност.

        Врз основа на личниот труд земјоделците имаат во начело иста положба и во основа исти права и должности како и работниците во здружениот труд со општествени средства. Соодветни права и обврски земјоделците имаат и во поглед на здружувањето на трудот и на средствата, како и во односите на размената на пазарот и во кредитните односи.

Член 65

        Земјоделците можат да го здружуваат својот труд и средствата на трудот во земјоделски задруги и во други облици на здружување на земјоделците или да ги здружуваат со организации на здружениот труд.

        Земјоделската задруга има во начело положба, права, обврски и одговорности на организација на здружениот труд.

        Земјоделците можат на средствата што ги здружуваат во земјоделска задруга да го задржат правото на сопственост или да утврдат право на враќање на вредноста на тие средства и други права по основ на нивното здружување, согласно со договорот за тоа здружување и со статутот на задругата.

        Од доходот што земјоделската задруга ќе го оствари со своето работење, на земјоделците што го здружиле во задругата својот труд и средства, им припаѓа дел од доходот сразмерно со придонесот што го дале за остварување на тој доход со својот труд и со здружување на средствата односно со соработката со задругата. Делот на доходот што ќе го оствари задругата над овој износ се внесува како општествена сопственост во фондовите на земјоделската задруга и се користи за проширување и унапредување на нејзината дејност.

Член 66

        Здружувајќи го слободно и рамноправно својот труд и средствата на трудот со работниците во здружениот труд со општествени средства, земјоделците ја прошируваат материјалната основа на својот труд и се користат со резултатите на општиот материјален и општествен развој и врз таа основа поцелосно ги задоволуваат своите лични и општествени потреби и ги развиваат своите работни и други способности.

        Земјоделците што својот труд и средства на трудот ги здружуваат непосредно или преку земјоделска задруга или друг облик на здружување на земјоделците со организација на здружениот труд и со неа трајно соработуваат, управуваат рамноправно со работниците на таа организација, со заедничките работи, заеднички одлучуваат за заеднички остварениот доход и учествуваат во неговата распределба според својот придонес во остварувањето на тој доход во согласност со самоуправната спогодба.

Член 67

        Со закон може да се пропише обврска за здружување на земјоделците што работат со свои средства на трудот или нивна соработка со определена работна организација, заради изведување

        На мелиоративни работи, подобро искористување на мелиорираното земјиште и на водите, за одбрана од водите, за заштита на земјиштето од ерозија и уредување на пороите, или кога тоа го бара посебен општествен интерес во областа на одгледувањето и искористувањето на шумите или на унапредувањето на земјоделското производство на определени земјишта.

6. Самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓани
[уреди]

Член 68

        Се гарантира слободата на самостојниот личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓани кога вршењето на дејностите со личен труд му одговара на начинот, на материјалната основа и на можностите на личниот труд и кога не е во спротивност со начелото за стекнување доход според трудот и со другите основи на социјалистичкото општествено уредување.

        Со закон се уредуваат условите за вршење на дејностите со самостоен личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓани и сопственосните права на средствата на трудот и на деловните простории што се користат за вршење на дејноста со самостоен личен труд.

        Со закон можат, кога тоа го бара општествениот интерес, да се определат дејностите што не можат да се вршат со самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓани.

Член 69

        Работните луѓе што самостојно вршат дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани можат да основаат задруга и во неа, врз начелата за рамноправност, да го здружуваат својот труд и средствата на трудот и заеднички да располагаат со доходот што ќе го оствари задругата.

        Задругата што ја основаат работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани има положба, права, обврски и одговорности на земјоделска задруга, а нејзините членови имаат положба, права, обврски и одговорности како и членовите на земјоделската задруга.

Член 70

        Работните луѓе што самостојно вршат дејност со личен труд можат, во согласност со договор и со закон, својот труд и средствата на трудот да ги здружуваат со организациите на здружениот труд во различни облици на кооперација и други видови деловна соработка. Во рамките на таа соработка овие работни луѓе учествуваат во управувањето со заедничките работи, заеднички одлучуваат за заеднички остварениот доход и учествуваат во неговата распределба сразмерно со својот придонес во остварувањето на тој доход.

Член 71

        Работниот човек што самостојно врши дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани може, врз самоуправна основа, да го здружува својот труд и средства на трудот со трудот на други лица во рамките на договорна организација на здружениот труд.

        Работниот човек што во договорната организација на здружениот труд го здружил својот труд и средства со трудот на други лица има право, како работоводител, да раководи со работењето на договорната организација и заедно со работниците да одлучува за нејзината работа и развој.

        На работоводителот и на работниците во договорната организација на здружениот труд, врз основа на нивниот труд, им припаѓаат средства за задоволување на личните и заедничките потреби, а на работоводителот врз основа на средствата што ги здружил и дел од доходот во согласност со начелата што важат за здружување на трудот и на општествените средства во организациите на здружениот труд.

        Делот од доходот остварен во договорната организација на здружениот труд, што преостанува по издвојувањето на средства за задоволување на личните и заедничките потреби на работоводителот и работниците и делот на работоводителот врз основа на средствата што ги здружил, е општествена сопственост. Работниците, заедно со работоводителот, управуваат со тој дел од доходот врз основа на својот труд како со општествени средства.

        Условите и начинот на основањето и работењето на договорната организација на здружениот труд, како и нејзините права, обврски и одговорности се уредуваат со закон, а меѓусебните права, обврски и одговорности на работоводителот и работниците со договор во согласност со законот. Со договор се уредуваат и начинот и условите на здружувањето на средствата, како и начинот и условите на повлекувањето односно исплатувањето на средствата што работоводителот ги внел во договорната организација.

        Работоводителот на договорната организација на здружениот труд го задржува правото на сопственост на средствата што ги здружил во таа организација. Со повлекувањето односно исплатувањето на овие средства на работоводителот му престануваат правата што ги има како работоводител во договорната организација.

Член 72

        Со закон се определува во кои дејности, во согласност со нивната природа и со општествените потреби, и под кои услови работниот човек што самостојно врши дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани може, но исклучок и во ограничен обем, без основање на договорна организација на здружениот труд да користи дополнителен труд на други лица со нивно вработување.

        Договорот за вработување го склучуваат работниот човек и работниците што ги вработува во согласност со колективниот договор што го склучуваат синдикалната организација и соодветната стопанска комора односно другото здружение во кое се претставени работни луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните. Со колективниот договор на тие работници им се обезбедува, согласно со правата на работниците во здружениот труд, право на средства за задоволување на личните и заедничките потреби и други права што ја обезбедуваат нивната материјална и социјална сигурност.

        Со закон може да се определи делот од доходот што е резултат од вишокот на трудот на работниците вработени кај работниот човек што самостојно врши дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани да стане општествена сопственост и да се користи за потребите на развојот.

7. Општествено планирање
[уреди]

Член 73

        Работниците во основните и другите организации на здружениот труд и работните луѓе во самоуправните интересни заедници, месните заедници и другите самоуправни организации и заедници во кои управуваат со работите и со средствата на општествената репродукција имаат право и должност, потпирајќи се врз научните сознанија и врз нив заснованите оценки за развојните можности и почитувајќи ги економските законитости, самостојно да донесуваат планови и програми за работа и за развој на своите организации и заедници, тие планови и програми да ги усогласуваат меѓусебно и со општествените планови на општествено-политичките заедници и врз таа основа да обезбедуваат усогласување на односите во целината на општествената репродукција и насочување на целокупниот материјален и општествен развој во согласност со заедничките интереси и цели утврдени врз самоуправни основи.

Член 74

        Плановите и програмите за работа и развој на основните организации на здружениот труд и на организациите на здружениот труд во чиј состав се, се донесуваат и остваруваат во односи на соработка и меѓусебна зависност што произлегуваат од здружувањето на трудот и средствата во тие организации согласно со самоуправната спогодба обезбедувајќи го притоа правото на работниците во основните организации на здружениот труд да одлучуваат за донесувањето на тие планови и програми.

        Основните и другите организации на здружениот труд, здружени во самоуправни интересни заедници или во други самоуправни организации и заедници, ги донесуваат и ги остваруваат своите планови и програми за работа и развој во согласност со заедничките интереси и цели односно со заедничките планови и програми што спогодбено ќе ги утврдат во рамките на овие самоуправни организации и заедници.

        Организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници ги усогласуваат своите планови и програми за работа и развој и со плановите и програмите на другите самоуправни организации и заедници со кои имаат определени заеднички интереси и цели што произлегуваат од нивната соработка и меѓусебна зависност во општествената репродукција и што ги утврдуваат со самоуправна спогодба.

        Меѓусебните обврски што основните и другите организации на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници спогодбено ги утврдиле заради остварување на заедничкиот план, не можат еднострано да се раскинуваат односно да се менуваат за времето за кое е утврден планот.

Член 75

        Врз основа на договор за заедничките интереси и цели на стопанскиот и општествениот развиток во општината, градската и регионалната заедница и на Републиката и, врз основа на плановите и програмите за работа и развој на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, како и врз основа на заеднички оценетите можности и услови за развиток се донесуваат општествени планови на општините, на градските заедници и на Републиката.

        Со општествените планови на општините, на градските заедници и на Републиката се утврдува заедничката политика на развојот и насоките и рамките за донесување на мерките на економската политика и управните и организационите мерки со кои се обезбедуваат услови за остварување на тие планови.

Член 76

        Со плановите за работа и развој на организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, како и со општествените планови на општините, на градските заедници и на Републиката, можат да се утврдуваат инвестиции и други цели и задачи односно може да се пристапи кон нивно остварување само ако се обезбедени материјални и други потребни услови за нивното остварување, на начин пропишан со закон.

        Извршувањето на посебни задачи заради остварување на делите утврдени со општествените планови може да се утврди како обврска на определени организации на здружениот труд или на други самоуправни организации и заедници само врз основа на согласност на соодветните организации односно заедници. Ако извршувањето на ваквите задачи се утврдува како заедничка обврска на повеќе организации или заедници или и како обврска на органите на општината, на градската заедница односно на Републиката, овие организации, заедници или органи спогодбено ги утврдуваат заемните права и обврски и својата заедничка и поединечна одговорност за извршување на тие обврски.

        Ако со општествениот план, врз основа на заеднички утврдените интереси и цели на развојот, се утврди дека извршувањето на определени задачи е неопходно за општествена репродукција, а со спогодба на организациите на здружениот труд или на другите самоуправни организации или заедници не можеле да бидат обезбедени средства и други потребни услови за нивното извршување, со закон може да се утврди обврска за здружување на средства за таа цел и да се пропишат други мерки заради извршување на тие задачи. Со овој закон се уредуваат висината на средствата, начинот на нивното користење, начинот и роковите на нивното враќање, како и правата и обврските на организациите на здружениот труд во управувањето со здружените средства.

        Овој закон се донесува откако Собранието на Социјалистичка Република Македонија ќе оцени дека здружувањето на средствата е од општ општествен интерес. Законот се донесува со мнозинство гласови на сите делегати во Соборот на здружениот труд.

        Собранието во согласност со развојната политика на Републиката, ја следи употребата на средствата и врши надзор над таа употреба. {{Член|77

        Законите и другите прописи и општите акти со кои се создаваат обврски за буџетите и фондовите на општините и на Републиката што можат да се основаат според овој устав не можат да се донесуваат ако претходно органот што го донесува соодветниот пропис односно акт не утврди дека за извршувањето на тие обврски се обезбедени средства.

Член 78

        Работниците во организациите на здружениот труд и работните луѓе во другите самоуправни организации и заедници и нивните органи се одговорни за остварувањето на плановите за работа и развој на своите организации и заедници како и на општите цели и задачи утврдени со општествените планови на општините, на градските заедници и на Републиката и се должни за таа цел да ги преземаат потребните мерки и дејства.

        Органите на општините, на градските заедници и на Републиката се одговорни со прописите и мерките што ги донесуваат заради остварување на општествените планови да обезбедат општи услови за што поусогласен и постабилен развој и со тие прописи и мерки да ги доведуваат во што поцелосна согласност посебните интереси и самостојното дејствување на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници со заедничките интереси и цели на развојот утврдени со општествените планови.

Член 79

        Општествениот план на Социјалистичка Република Македонија се засновува врз договор на работните луѓе, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините за економската политика на Републиката.

        Со општествениот план на Социјалистичка Република Македонија, врз основа на заеднички оценетите можности и услови за развој на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, на општините и на Републиката како целина и врз таа основа усогласените заеднички интереси, се утврдува економската политика на Републиката, се усогласува развитокот на Републиката и во согласност со нив се насочува општествената репродукција врз основите на самоуправните социјалистички општествено-економски односи.

        Општествениот план на Републиката утврдува насоки и рамки за донесување мерки на економската политика и други мерки што, во согласност со правата и должностите утврдени со овој устав, ги донесуваат органите на Републиката заради обезбедување услови за остварување на усогласените заеднички интереси на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и општините.

        Со општествениот план на Републиката се утврдуваат и насоките и рамките за донесување мерки на економската политика и други мерки што во рамките на правата и должностите на Републиката, утврдени со овој устав, ги донесуваат органите на Републиката заради обезбедување на услови за остварување на усогласените заеднички интереси на здружениот труд, а особено за побрз развиток на стопански недоволно развиените краишта.

8. Општествен систем на информирање, општествено книговодство, евиденција и статистика
[уреди]

Член 80

        Со општествениот систем на информирање се обезбедува усогласено евидентирање, прибирање, обработка и искажување на податоци и факти значајни за следење, планирање и насочување на општествениот развој, како и достапност на информациите за тие податоци и факти.

        Дејностите во областа на општествениот систем на информирање се од посебен општествен интерес.

Член 81

        Работниците во организациите на здружениот труд и работните луѓе во другите самоуправни организации и заедници и органите на тие организации и заедници, како и органите на општините, на градските заедници и на Републиката, се должни да организираат водење на книговодство и евиденција за фактите од значење за работата и одлучувањето во овие организации и заедници.

        Организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници и општините, градските заедници и Републиката се должни на организациите за водење општествено книговодство, евиденција и статистика да им даваат податоци што се од значење за усогласување на односите во општествената репродукција и насочување на развојот и за остварување на правата на работните луѓе во самоуправните организации и заедници да бидат информирани за појавите и односите од заеднички односно општ интерес.

Член 82

        Евиденцијата и информативно-аналитичките работи за располагањето со општествените средства, контролата на исправноста на податоците за располагањето со тие средства, контролата на законитоста на располагањето со општествените средства и контролата на извршувањето на обврските на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките заедници, како и другите работи на општественото книговодство утврдени со закон, ги врши Службата на општественото книговодство. Оваа служба ги врши и работите на платниот промет во Републиката.

        Службата на општественото книговодство им обезбедува на организациите на здружениот труд и на другите општествени правни лица податоци врз основа на кои работните луѓе и органите на самоуправната работничка контрола остваруваат увид во материјалната положба и во финансиското и материјалното работење на своите и на другите организации и заедници.

        Службата на општественото книговодство е самостојна во својата работа.

        Службата на општественото книговодство работи врз основа на закон и други прописи и, во рамките на своите права и должности, е одговорна за нивната примена.

Член 83

        Службата на општественото книговодство соработува со организациите на здружениот труд и со другите корисници на општествени средства во организирањето на нивната внатрешна контрола на финансиското и материјалното работење.

        Службата на општественото книговодство може со закон да се задолжи да врши и други задачи.

9. Средства за општи општествени потреби
[уреди]

Член 84

        Работниците во здружениот труд учествуваат во обезбедувањето на општите општествени потреби утврдени со овој устав што ги задоволуваат во општините и во Републиката со плаќање на даноци и други давачки од доходот на основната организација на здружениот труд и од своите лични доходи, во согласност со намената односно со целите за кои служат средствата добиени од даноците и другите давачки.

        Обврските за плаќање на даноци и други давачки спрема општините и Републиката се утврдуваат во зависност од способноста на стопанството, во согласност со достигнатиот степен на продуктивноста на вкупниот општествен труд и со потребите на материјалниот и општествениот развој што одговараат на неговите можности и на долгорочните интереси на развојот на производните сили на општеството, да го обезбеди задоволувањето на личните и заедничките потреби на работните луѓе и потребите на проширената репродукција. Овие обврски се утврдуваат и во зависност од способноста на организацијата на здружениот труд, во согласност со општите обврски на стопанството и со резултатите на трудот и успехот што го остварува, да го обезбеди задоволувањето на овие потреби.

        Овие начела се применуваат и кога со закон, во рамките на правата и должностите на Републиката утврдени со уставот, привремено се ограничува располагањето со средствата со кои управуваат работниците во организациите на здружениот труд или се утврдува обврска за здружување на тие средства.

Член 85

        Заради задоволување на општите општествени потреби утврдени со овој устав работните луѓе што вршат самостојно дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните, земјоделците и граѓаните плаќаат данок.

        Работните луѓе што вршат самостојно дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните и земјоделците плаќаат данок од личен доход.

        Граѓаните плаќаат со закон утврдени даноци на приходите, имотот и имотните права.

Член 86

        Системот, изворите и видовите даноци, такси и други давачки се утврдуваат со закон.

        Општините и Републиката самостојно ја утврдуваат висината на даноците, таксите и другите давачки што според законот се нивни приходи и располагаат со нив.

Член 87

        Даноците и придонесите што се плаќаат од доходот на основната организација на здружениот труд, се плаќаат според прописите и во корист на општината на чие подрачје основната организација на здружениот труд трајно ја врши дејноста.

        Даноците и придонесите од личен доход односно од приходите на работниците и граѓаните, освен даноците на имот и приходи од имот, се плаќаат во согласност со закон, според прописите и во корист на општината на чие подрачје работникот или граѓанинот живее односно според одлуките и во корист на самоуправната интересна заедница која на работникот или на членовите на неговото семејство им обезбедува задоволување односно користење на услугите за кои се плаќаат тие придонеси.

Член 88

        Заради изедначување на условите за стопанисување и заради усогласен развој на Социјалистичка Република Македонија и самоуправните интересни заедници, општините и Републиката ги усогласуваат обврските за плаќање на даноци и придонеси на организациите на здружениот труд, работните луѓе и граѓаните.

Член 89

        Социјалистичка Република Македонија, заедно со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини, ги усогласува основите на даночната политика и даночниот систем, кога е тоа нужно за обезбедување на единството и стабилноста на југословенскиот пазар.

10. Обезбедување на единствениот југословенски пазар
[уреди]

Член 90

        Социјалистичка Република Македонија, заедно со другите републики и автономни покраини, преку органите на федерацијата, ги обезбедува следните основи на единствениот југословенски пазар:

— единствени пари, единствен монетарен систем, единствена монетарна политика и заеднички основи на кредитната политика;

— единствен систем и заедничка политика на економските односи со странство, единствен царински систем и заедничка царинска политика;

— начинот и видот на компензациите;

— насочување на стопанскиот и општествениот развиток и усогласување на односите на пазарот со општественото планирање врз основите на самоуправувањето.

Член 91

        Заради остварување на единствениот југословенски пазар Социјалистичка Република Македонија обезбедува:

— рамноправни услови за вршење дејноста на организациите на здружениот труд, на нивните здруженија и на работните луѓе и за стекнување на доход, како и за основање и здружување на тие организации;

— слободно движење и здружување на трудот и на средствата на општествената репродукција и слободна размена на стоки и услуги, научни резултати и стручни искуства;

— слободно истапување на пазарот, самоуправно спогодување и општествено договарање заради унапредување на производството и прометот и интегрирање на општествениот труд;

— спречување да се стекнат предности врз основа на монопол на пазарот и други општествено и економски неоправдани предности;

— слободно вработување на граѓаните под исти услови што важат во местото на вработувањето;

— признавање на правата по основ на трудот, без оглед на тоа каде се стекнати во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        Противуставен е секој акт и секое дејство со кои се нарушува единството на југословенскиот пазар.

11. Народна банка на Македонија
[уреди]

Член 92

        Народната банка на Македонија е установа на единствениот монетарен систем на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        Народната банка на Македонија, со Народната банка на Југославија и со народните банки на другите републики и на автономните покраини, ја остварува заедничката емисиона политика.

        Народната банка на Македонија, во рамките на заедничката емисиона политика, ги утврдува условите и начинот на користење на паричните средства во Републиката и презема други мерки за спроведување на кредитната политика на Републиката.

        Народната банка на Македонија, во рамките на своите права и должности, е одговорна за стабилноста на валутата, за општата ликвидност на плаќањето во земјата и спрема странство и за спроведувањето на заеднички утврдената монетарно-кредитна политика.

        Народната банка на Македонија самостојно ги применува мерките со кои, се остваруваат целите и задачите на монетарно-кредитната и девизната политика. Деловните банки и другите финансиски организации се должни да се придржуваат за одлуките што ги донесува Народната банка на Македонија заради остварување на таа политика.

        Народната банка на Македонија не може да врши дејност на деловна банка ниту да има статус на таква банка.

        Народната банка на Македонија прима во депозит средства на Републиката и на општините, а во согласност со закон може во нивно име и за нивна сметка да врши и други банкарски работи.

Член 93

        Со Народната банка на Македонија управуваат Советот на Народната банка на Македонија и гувернерот, што ги именува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Советот и гувернерот за работата на банката одговараат пред Собранието.

        Статусот на Народната банка на Македонија се утврдува со закон.

12. Сопственосно-правни односи
[уреди]

Член 94

        На граѓаните им се гарантира правото на сопственост на предмети што служат за лична потрошувачка или за задоволување на нивните културни и други лични потреби.

        Граѓаните можат да имаат право на сопственост на станбени згради и станови за задоволување на личните и семејните потреби. Станбените згради и становите и другите предмети што служат за лични потреби на кои постои право на сопственост не можат да се користат за стекнување на доход, освен на начин и под услови определени со закон.

Член 95

        Со закон се определуваат границите и условите под кои здруженијата на граѓаните и другите граѓански правни лица можат да имаат право на сопственост на недвижности и на други предмети што служат за остварување на заедничките интереси на нивните членови и за целите за кои се основани, како и условите под кои тие можат да располагаат со нив.

Член 96

        На земјоделците им се гарантира правото на сопственост на обработливо земјоделско земјиште во површина од најмногу 10 ха на домаќинство.

        Со закон може да се утврди дека во ридско-планинските краишта површината на обработливото земјоделско земјиште на кое земјоделците имаат право на сопственост може да биде поголема од 10 ха на домаќинство.

        Со закон се определува во кои граници и под кои услови земјоделците можат да имаат право на сопственост на друго земјиште, како и во кои граници и под кои услови другите граѓани можат да имаат право на сопственост на земјоделско и друго земјиште.

        Со закон се определуваат условите и границите под кои може да се стекнува право на сопственост на шуми и шумско земјиште.

Член 97

        Не може да постои право на сопственост на земјиште во градовите и во населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба кои, во согласност со условите и по постапка утврдени со закон, ќе ги определи општината.

        Условите, начинот и времето на престанокот на правото на сопственост на земјиштето на кое пред донесувањето на одлуката на општината постоело право на сопственост, како и надоместокот за тоа земјиште, се уредуваат со закон. Начинот и условите на користењето на таквото земјиште ги определува општината врз основа на закон.

Член 98

        Правото на сопственост граѓаните и граѓанските правни лица го остваруваат во согласност со природата и намената на недвижностите и на другите предмети во нивна сопственост и со општествениот интерес утврден со закон.

        Условите за промет на земјиште и други недвижности на кои постои право на сопственост се уредуваат со закон.

Член 99

        Правото на сопственост на предмети од посебно културно значење може, врз основа на закон, да се ограничи ако тоа го бара општиот интерес.

Член 100

        Недвижностите на кои постои право на сопственост можат, со правичен надоместок, да се експроприраат или тоа право може да се ограничи, ако тоа го бара општиот интерес утврден врз основа на закон.

        Со закон се определуваат основите и мерилата на правичниот надоместок. Со определувањето на овие основи и мерила и со нивната примена не можат битно да се влошат условите за живот и работа што ги имал сопственикот чија недвижност се експроприра, врз основа на користењето на таа недвижност.

        Правичниот надоместок не ја опфаќа зголемената вредност на недвижноста што непосредно или посредно е резултат од вложување на општествени средства.

Член 101

        Рентата што се создава на земјиштето со вложување на општествени средства за негово користење за градежни, комунални или стопански намени му припаѓа на општеството и, по правило, се користи за уредување на просторот.

        Рентата се утврдува, се зафаќа и се насочува со прописи на општините донесени врз основа на закон.

        Со закон може да се уредува зафаќаното и насочувањето на другите видови рента што не е резултат од вложувањето на сопствениците или на корисниците на недвижностите (рудно богатство, шуми и води).

13. Станбени односи
[уреди]

Член 102

        Работниците во основните организации на здружениот труд, во самоуправните интересни заедници и во работните заедници што вршат работи од заеднички интерес за повеќе основни организации на здружениот труд, на државните органи, општествено-политичките организации и здруженијата и во другите работни заедници што не се организирани како организации на здружениот труд, како и работните луѓе што работат со средства на трудот во сопственост на граѓаните и користат дополнителен труд на други лица и граѓанските правни лица, издвојуваат, здружуваат и распоредуваат средства за станбена изградба и за подобрување на условите за станување, во согласност со самоуправни спогодби и општествени договори, во рамките на самоуправната интересна заедница.

        Во рамките на самоуправната интересна заедница, во согласност со начелата на солидарност и заемност, се насочуваат дел од средствата наменети за остварување на поповолни услови за станбена изградба за потребите на работните луѓе со пониски доходи, за работниците од оние организации на здружениот труд што не располагаат со потребните средства за таа цел и за надоместување на дел од станарината на работните луѓе и граѓаните со пониски доходи.

        Работните луѓе и граѓаните учествуваат во станбената изградба со сопствени средства и со здружување на сопствени средства со општествени средства.

Член 103

        Општините и Републиката ги утврдуваат основите на станбената политика, го насочуваат развитокот на станбеното стопанство и создаваат услови за рационална станбена изградба, во согласност со општествените и просторните планови за развој, имајќи ги предвид самоуправните спогодби и општествените договори за издвојување и здружување на средства за станбена изградба.

        Општината се грижи за станбените потреби на работните луѓе и на граѓаните што не се во состојба на друг начин да обезбедат стан.

14. Добра од општ интерес
[уреди]

Член 104

        Земјиштето, шумите, шумското земјиште, пасиштата, езерата, водите, водотоците, рудните и другите природни богатства, природните реткости, добрата во општа употреба, како и недвижностите и другите предмети од посебно културно и историско значење, како добра од општ интерес, уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин што се пропишани со закон.

Член 105

        Секое земјиште, пасиште, шума, вода и водотек, рудните и другите природни богатства, мораат да се користат согласно со општите услови предвидени со закон со кои се обезбедува нивно рационално искористување и до другите општи интереси.

Член 106

        Со закон може да се утврди начинот на управување со добрата од општ интерес.

        Начинот на користење и управување со патиштата, како добра во општа употреба, се уредува со закон.

Член 107

        Дивечот и рибите, како природни богатства, се под посебна заштита определена со закон.

15. Заштита и унапредување на човековата околина
[уреди]

Член 108

        Работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд, општините и Републиката, месните заедници и другите самоуправни организации и заедници имаат право и должност да обезбедуваат услови за зачувување и развој на природните и со работа создадените вредности на човековата околина, како и да ги спречуваат и да ги отстрануваат штетните последици што со загадување на воздухот, земјиштето и водите, со бучава или на друг начин ги загрозуваат тие вредности или го доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето.

        Со закон се уредува спречувањето на загадувањето на воздухот, на почвата и водата, спречувањето на штетната бучава и заштитата на животинскиот и растителниот свет.

Глава III: Општествено-политички систем

[уреди]
1. Положба на работните луѓе во општествено-политичкиот систем
[уреди]

Член 109

        Работничката класа и сите работни луѓе се носители на власта и на управувањето со другите општествени работи.

        Работничката класа и сите работни луѓе ја остваруваат власта и управуваат со другите општествени работи организирани во организации на здружениот труд и во други самоуправни организации и заедници и во класни и други општествено-политички и општествени организации.

Член 110

        Работните луѓе ја остваруваат власта и управуваат со другите општествени работи со одлучување на собири, со референдум и со други облици на лично изјаснување во основните организации на здружениот труд и во месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, преку делегати во органите на управување на тие организации и заедници, со самоуправно спогодување и општествено договарање, преку делегации и делегати во собранијата на општините и во Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како и со насочување и контрола на работата на органите одговорни пред собранијата.

Член 111

        Општествено-политички заедници се општините и Социјалистичка Република Македонија.

        Општините и Републиката се правни лица.

Член 112

        Работните луѓе се организираат врз самоуправна основа во организации на здружениот труд, месни заедници, самоуправни интересни заедници и други самоуправни организации и заедници и утврдуваат кои заеднички интереси, права и должности ги остваруваат во нив.

        Со уставот и со статутот на општината се утврдуваат заедничките интереси и функциите на власта и на управувањето со другите општествени работи, што работните луѓе, македонскиот народ и народностите ги остваруваат во општината и во Републиката.

Член 113

        Управувањето со организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и со другите самоуправни организации и заедници и нивната организација мораат да бидат уредени така што работните луѓе во секој дел од процесот на работата и во секој дел на организацијата односно заедницата да одлучуваат за прашањата на својата работа и за другите интереси, да ги остваруваат своите самоуправни права и заеднички интереси и да вршат контрола над извршувањето на одлуките и над работата на сите органи и служби на тие организации и заедници.

Член 114

        Функциите на власта и на управувањето со другите општествени работи во општините и во Републиката ги вршат собранијата и пред нив одговорните органи.

        Судската функција ја вршат редовните судови како органи на државната власт и самоуправните судови.

        Заштитата на уставноста му се доверува на Уставниот суд на Македонија.

Член 115

        Собранијата на општините и Собранието на Социјалистичка Република Македонија и пред нив одговорните органи ги вршат своите функции врз основа и во рамките на уставот односно статутот и законот.

        Државните органи имаат спрема организациите на здружениот труд и спрема другите самоуправни организации и заедници само права утврдени врз основа на уставот.

2. Самоуправување во организациите на здружениот труд
[уреди]

Член 116

        Самоуправувањето во основната и во другите организации на здружениот труд работникот, рамноправно и во однос на заемна одговорност со другите работници во организацијата, го остварува со одлучување на собирите на работниците, со референдум и со други облици на лично изјаснување, преку делегати во работничките совети кои, заедно со другите работници во организацијата, ги избира и отповикува, како и со контрола на извршувањето на одлуките и со контрола на работата на органите и службите на тие организации.

        Во остварувањето на самоуправувањето со основните организации на здружениот труд за воспитување и образование учествуваат и учениците и студентите, во согласност со закон и со статутот на организацијата.

        Работникот има право, заради остварување на своите самоуправни права, да биде редовно известуван за работењето на организацијата и за нејзината материјално-финансиска положба, за остварувањето и распределбата на доходот и за користењето на средствата во неа, како и за другите прашања од интерес за одлучувањето и контролата во организацијата.

Член 117

        Во основната и во другите организации на здружениот труд се образува работнички совет како орган на управување со работата и работењето на организацијата односно на него по положба и функција соодветен орган на управувањето.

        Во основна организација со помал број работници не се образува работнички совет.

        Определени извршни функции во основната и во другите организации на здружениот труд можат да им се доверат на извршните органи на работничкиот совет.

        Организациите на здружениот труд кои, здружувајќи го трудот и средствата не организираат посебна организација, можат да образуваат заеднички орган за вршење на работите од заеднички интерес.

Член 118

        Работничкиот совет во вршењето на функцијата на управување со работата и работењето на организацијата на здружениот труд го утврдува предлогот на статутот и донесува други општи акти, ја утврдува деловната политика и донесува план и програма за работа и развој, утврдува мерки за спроведување на деловната политика и на планот и програмата за работа и за развој, избира, именува и разрешува извршен и работоводен орган односно членови на тие органи, се грижи за известувањето на работниците и врши други работи утврдени со самоуправната спогодба, статутот и другите самоуправни акти на организацијата.

        Одлуките на работничкиот совет на работната организација и на сложената организација на здружениот труд што се однесуваат на остварувањето на неотуѓивите права на работниците во основните организации на здружениот труд се донесуваат во согласност со секоја од тие организации, на начин утврден со самоуправната спогодба за здружување.

Член 119

        Работничкиот совет на основната организација на здружениот труд го сочинуваат делегати на работниците од сите делови на процесот на работата во таа организација.

        Составот на работничкиот совет на основната организација на здружениот труд мора да му одговара на социјалниот состав на работната заедница на основната организација на здружениот труд.

        Работничкиот совет на работната организација и на сложената организација на здружениот труд го сочинуваат делегати на работниците на основните организации на здружениот труд, непосредно избрани на начин и според постапка што се утврдени со самоуправната спогодба за здружување. Во работничкиот совет на работната организација мора да биде застапена секоја основна организација на здружениот труд во нејзиниот состав.

        Делегатите работат според насоките на работниците односно на работничкиот совет на основната организација на здружениот труд што ги избрала и ним им одговараат за својата работа.

        Со статутот на основната и на другата организација на здружениот труд и со самоуправната спогодба за здружување се утврдуваат правата и обврските на делегатите и нивната одговорност пред работниците односно пред органите на управувањето на тие организации.

Член 120

        начинот на изборот и условите и начинот на отповикувањето односно на разрешувањето на работничкиот совет и на извршниот орган во организацијата на здружениот труд се утврдуваат со самоуправната спогодба за здружување или со статутот на организацијата и со закон.

        Членовите на работничкиот совет односно членовите на извршниот орган не можат да се избираат на време подолго од две години.

        Никој не може повеќе од двапати едноподруго да биде избиран во ист работнички совет односно извршен орган.

        Во работнички совет не може да биде избран работник што како индивидуален работоводен орган или {{Член|на колегијален работоводен орган нему му одговара, ниту работник што самостојно врши други раководни функции определени со статутот и со закон.

Член 121

        Во секоја организација на здружениот труд постои работоводен орган што го води работењето на организација на здружениот труд, го организира и усогласува процесот на работата во неа и ги извршува одлуките на работничкиот совет и на неговиот извршен орган.

        Организацијата на здружениот труд ја застапува и ја претставува нејзиниот индивидуален работоводен орган односно претседателот на колегијалниот работоводен орган, ако со статутот или со друг самоуправен акт на организацијата не е поинаку определено.

        Работоводниот орган е самостоен во работењето и е одговорен пред работниците и работничкиот совет на организацијата на здружениот труд.

        Индивидуалниот работоводен орган односно претседателот на колегијалниот работоводен орган е одговорен и пред општествената заедница за законитоста на работењето и за исполнување на обврските на организацијата на здружениот труд пропишани со закон. Индивидуалниот работоводен орган односно претседателот на колегијалниот работоводен орган има право и должност, во согласност со закон, да ги запре од извршување актите на работничкиот совет и на другите органи на организацијата на здружениот труд ако смета дека се во спротивност со законот и за тоа да го извести надлежниот орган на општината односно на Републиката.

Член 122

        Индивидуалниот работоводен орган и членовите на колегијалниот работоводен орган во организацијата на здружениот труд се именуваат и се разрешуваат со одлука на работничкиот совет.

        Индивидуалниот работоводен орган се именува врз основа на јавен конкурс, по предлог од конкурсната комисија. Во основните организации на здружениот труд определени со закон и во другите организации на здружениот труд конкурсната комисија е составена од со закон определен број претставници на организацијата на здружениот труд и на синдикатот, како и од претставници на општествената заедница именувани односно избрани во согласност со закон.

        Со закон можат да се уредат условите и начинот на образување на колегијалниот работоводен орган и условите и начинот на именување на членовите на тој орган.

        Мандатот на индивидуалниот работоводен орган и на членовите на колегијалниот работоводен орган трае најдолго четири години. По истекот на мандатот тие можат повторно да бидат именувани на истата функција на начин пропишан со закон.

        Со закон се определува под кои услови може да се разреши работоводниот орган и пред истекот на времето за кое е именуван. Предлог за разрешување на работоводниот орган може да поднесе и собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија и синдикалната организација.

        Со закон можат да се пропишат посебни услови и начин на именување и разрешување и посебни права и должности на работоводниот орган во организациите на здружениот труд што вршат дејност односно работи од посебен општествен интерес.

Член 123

        Самоуправната спогодба за здружување во работна организација односно во сложена организација на здружениот труд содржи одредби за заедничките работи; за координирање на процесот на работата; за усогласување на плановите и програмите за работа и развој; за здружување на средства и за нивната намена; за составот, изборот и делокругот на заедничките органи на управување и на нивните извршни органи; за работоводните органи на работната организација односно на сложената организација; за одговорноста на тие органи; за правата, обврските и одговорностите на работната заедница што врши работи од заеднички интерес за здружените организации; за меѓусебните односи на основните и на другите организации на здружениот труд и за нивните права, обврски и одговорности во правниот промет; за постапката за издвојување на одделни основни организации од составот на работната организација односно на основните и работните организации од составот на сложената организација. Самоуправната спогодба содржи и други одредби од значење за заедничката работа и за работењето на здружените организации и за остварувањето на самоуправните права на работниците во нив.

        Самоуправната спогодба за здружување во работна организација односно во сложена организација на здружениот труд е склучена кога ќе ја усвои мнозинството од сите работници во секоја основна организација на здружениот труд.

Член 124

        Организацијата на здружениот труд има свој статут.

        Статутот на основната организација на здружениот труд го донесуваат, по предлог од работничкиот совет, работниците на основната организација на здружениот труд со мнозинство на гласови на сите работници.

        Статутот на работната организација односно на сложената организација на здружениот труд, по предлог од нејзиниот работнички совет, го донесуваат работниците на здружените основни организации, со мнозинство на гласови на сите работници во секоја од тие организации.

        Статутот и другите самоуправни акти на организацијата на здружениот труд не можат да бидат во спротивност со самоуправната спогодба за здружување.

Член 125

        Заради остварување и заштита на своите самоуправни права, работниците во основната и во другите организации на здружениот труд имаат право и должност да остваруваат самоуправна работничка контрола непосредно, преку органите на управување на организацијата и преку посебен орган на самоуправната работничка контрола.

        Органот на самоуправната работничка контрола врши контрола во поглед на спроведувањето на статутот и на другите самоуправни акти на организацијата и на самоуправните спогодби и општествените договори, спроведувањето на одлуките на работниците., на органите на управувањето и на извршните и работоводните органи на организацијата и согласноста на овие акти и одлуки со самоуправните права, должности и интереси на работниците, остварувањето на работните и самоуправувачките должности на работниците, на органите и службите на организацијата; одговорното и општествено и економски целесообразно користење на општествените средства и располагањето со нив, примената на начелата на распределба според трудот во распоредувањето на доходот и во распределба на средствата за лични доходи; остварувањето и заштитата на правата на работниците во меѓусебните односи во работата; известувањето на работниците за прашањата од интерес за одлучувањето и контролата во организацијата и во поглед на остварувањето на другите самоуправни права, должности и интереси на работниците.

        Органот на самоуправната работничка контрола има право и должност за забележаните појави и за своето мислење да ги извести работниците, органите и службите на организацијата кај кои ги забележал тие појави и органите што во организацијата имаат право и должност да ги отстранат, како и да соработува со органите на општествениот надзор и на контролата.

        Составот, изборот и отповикувањето на органот на самоуправната работничка контрола и неговите права, должности и одговорности се уредуваат со статутот и со другите самоуправни акти на организацијата, во согласност со закон.

Член 126

        Секој работник е лично одговорен за совесно вршење на самоуправувачките функции.

        Членовите на работничкиот совет на организацијата на здружениот труд сносат лична и материјална одговорност за одлуките што, спротивно на предупредувањето на надлежниот орган, ги донеле надвор од рамките на своите овластувања. Делегатите во работничкиот совет на работната организација и на сложената организација на здружениот труд им се одговорни на работниците и на работничкиот совет на основната организација во која се избрани за делегати.

        Членовите на колегијалниот извршен орган, индивидуалниот работоводен орган и членовите на колегијалниот работоводен орган се одговорни, за својата работа пред работничкиот совет што ги избрал односно именувал и пред работниците на организацијата на здружениот труд во која ги вршат своите функции. Тие се лично одговорни за своите одлуки и за извршувањето на одлуките на работничкиот совет и на работниците, како и за вистинито, благовремено и целосно известување на работничкиот совет и на работниците. Тие сносат и материјална одговорност за штетата настаната со извршувањето на одлуките донесени врз основа на нивните предлози, ако при давањето на тие предлози прикриле факти или свесно им дале невистинити известувања на работничкиот совет или на работниците.

        Работоводниот орган е одговорен, во рамките на своите права и должности, и за резултатите на работењето на организацијата, како и за организирањето и усогласувањето на процесот на работата во организацијата.

        Одговорноста на член на колегијалниот извршен орган, на индивидуалниот работоводен орган и на член на колегијалниот работоводен орган се утврдува во зависност од нивното влијание врз донесувањето и извршувањето на одлуките.

        Материјалната и другите видови одговорност и условите на одговорноста се уредуваат со закон и со самоуправните акти на организацијата на здружениот труд.

Член 127

        Одредбите за остварувањето на самоуправувањето во организациите на здружениот, труд се применуваат и на работниците во работните заедници образувани за вршење работи од заеднички интерес за повеќе организации на здружениот труд во согласност со природата на овие работи и со заедничките интереси заради кои се образувани овие работни заедници.

3. Самоуправување во самоуправните интересни заедници
[уреди]

Член 128

        Со самоуправната спогодба за основање на самоуправна интересна заедница и со нејзиниот статут се уредуваат работите од заеднички интерес за членовите на заедницата, начинот на одлучувањето за тие работи, делокругот, овластувањата и одговорностите на собранието и на другите органи на интересната заедница и другите прашања од заеднички интерес за работните луѓе и за самоуправните организации и заедници организирани во интересна заедница.

        Статутот на самоуправната интересна заедница се донесува во согласност со самоуправната спогодба за нејзиното основање.

        Со закон може да се утврди самоуправната спогодба за основање односно статутот на самоуправната интересна заедница што врши дејност од посебен општествен интерес да ги потврдува орган на општината односно на Републиката.

Член 129

        Со работите на самоуправна интересна заедница управува собрание, што го сочинуваат делегати.

        Делегатите во собранијата на самоуправните интересни заедници ги делегираат и отповикуваат делегациите на основните самоуправни организации и заедници од редот на членовите на делегациите.

        Основните самоуправни организации и заедници, заради делегирање делегати во собранијата на самоуправните интересни заедници, можат да образуваат посебни делегации.

        Делегатите се должни за работата на собранието на самоуправната интересна заедница и за својата работа да ја известуваат делегацијата и основната самоуправна организација односно заедница што ги делегирала и им се одговорни за својата работа.

        Во самоуправната интересна заедница што ја основаат работните луѓе и нивните организации и заедници заради задоволување на своите потреби и интереси и работниците на организациите на здружениот труд што вршат дејности од областа за која се основа интересната заедница, собранието се организира така што да се обезбеди нивно рамноправно одлучување за меѓусебните права, обврски и одговорности.

        Собранието може определени извршни функции да им довери на своите извршни органи што му се одговорни за својата работа.

Член 130

        Со самоуправната спогодба за основање на самоуправната интересна заедница и со други нејзини општи акти се утврдува непосредната одговорност на органите на управување на интересната заедница и на делегатите во тие органи пред членовите на заедницата, начинот на остварувањето на контролата од членовите на интересната заедница над работата на органите на управувањето и на стручните служби и начинот на известување на членовите на интересната заедница за работата на тие органи и служби и за прашањата што се разгледуваат и решаваат во интересната заедница.

Член 131

        Кога со уставот или со статутот на општината е утврдено дека работните луѓе преку собранијата на самоуправните интересни заедници учествуваат во одлучувањето за прашањата од надлежност на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, овие работни луѓе се организираат во рамките на интересната заедница односно ги здружуваат своите интересни заедници така што да можат да учествуваат во одлучувањето за тие прашања во собранието на општината односно во Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

4. Самоуправување во месните заедници
[уреди]

Член 132

        Право и должност на работните луѓе и граѓаните во населба, дел од населба или во повеќе поврзани населби е, заради остварување на определени заеднички интереси и потреби, самоуправно да се организираат во месна заедница.

        Во месната заедница работните луѓе и граѓаните одлучуваат за остварување на своите заеднички интереси и за солидарно задоволување на заедничките потреби во областите на уредувањето на населбата, станувањето, комуналните дејности, детската и социјалната заштита, образованието, културата, физичката култура, заштитата на потрошувачите, заштитата и унапредувањето на човековата околина, народната одбрана, општествената самозаштита, како и во другите области на животот и работата.

        Заради остварување на своите заеднички интереси и потреби, работните луѓе и граѓаните, организирани во месната заедница со самоуправно спогодување и на друг начин се поврзуваат со организациите на здружениот труд, со самоуправните интересни заедници и со другите самоуправни организации и заедници на подрачјето и надвор од подрачјето на месната заедница, што имаат интерес односно должност да учествуваат во задоволувањето на тие интереси и потреби.

        Работните луѓе и граѓаните во месната заедница учествуваат во вршењето на општествените работи и во одлучувањето за прашањата од заеднички интерес во општината и во Републиката.

        Со статутот на општината се утврдува начинот и постапката за образување месни заедници.

        Со закон може да се утврдат начелата на постапката за образување месни заедници.

        За образување на месна заедница одлучуваат работните луѓе што живеат на подрачјето за кое таа се образува.

        Доколку работните луѓе не образуваат месна заедница, одлука за нејзино образување донесува собранието на општината.

Член 133

        Своите заеднички интереси и потреби во месната заедница работните луѓе и граѓаните ги задоволуваат со средствата што сами непосредно ги здружуваат со самопридонес или на друг начин, со дел од доходот што го издвојуваат работниците во основните и во другите организации на здружениот труд од подрачјето на месната заедница и работниците од основните и другите организации на здружениот труд што живеат на подрачјето на таа месна заедница, со средствата што се создаваат во месната заедница со вршење на услуги и од приходи што со своите активности ги остварува месната заедница, со средствата што општината ќе и ги додели на месната заедница и со други средства.

        Со овие средства месната заедница располага самостојно.

Член 134

        Работните луѓе и граѓаните во месната заедница го донесуваат статутот на месната заедница, на начин определен со статутот на општината.

        Со статутот на месната заедница се утврдуваат правата и должностите на месната заедница и начинот на нивното остварување, нејзината организација, нејзините органи, односите со организациите на здружениот труд и со другите самоуправни организации и заедници и се уредуваат други прашања од значење за работата на месната заедница и за животот на работните луѓе и граѓаните во неа.

        Месната заедница има својство на правно лице.

5. Самоуправни спогодби и општествени договори
[уреди]

Член 135

        Со самоуправна спогодба и општествен договор работниците и другите работни луѓе самоуправно ги уредуваат меѓусебните односи, ги усогласуваат интересите и ги уредуваат односите од пошироко општествено значење.

Член 136

        Со самоуправна спогодба работниците во основните и во другите организации на здружениот труд и работните луѓе во месните заедници, во самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, во рамките на своите самоуправни права: ги усогласуваат своите интереси во општествената поделба на трудот и во општествената репродукција; го здружуваат трудот и средствата и ги уредуваат меѓусебните односи во врска со здружувањето на трудот и средствата; образуваат работни и други организации на здружениот труд, банки, деловни и други заедници; ги утврдуваат основите и мерилата на распоредување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи; ги утврдуваат меѓусебните права, обврски и одговорности и мерките за нивно остварување и ги уредуваат и другите односи од заеднички интерес.

        Самоуправната спогодба, во името на учесниците на спогодбата, ја склучуваат нивните овластени органи.

        Самоуправната спогодба што се однесува на остварувањето на неотуѓивите права на работниците е прифатена по основната организација на здружениот труд односно во другата самоуправна организација или заедница ако со неа се согласат мнозинството работници односно работни луѓе на организацијата односно заедницата.

Член 137

        Синдикатот има право да дава иницијатива и предлози за склучување на самоуправни спогодби и може да поведе постапка склучената самоуправна спогодба повторно да се разгледа ако смета дека со неа се повредуваат самоуправните права на работниците и општествено-економските односи утврдени со уставот.

        Во постапката за склучување на самоуправна спогодба, со која се уредуваат меѓусебните односи на работниците во работата или се утврдуваат основите и мерилата за распоредување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи, учествува и спогодбата ја потпишува синдикалната организација определена со статутот на синдикатот. Ако синдикалната организација не ја потпише самоуправната спогодба, организацијата на здружениот труд има право таквата самоуправна спогодба да ја применува, а синдикалната организација може да поведе спор пред судот на здружениот труд.

Член 138

        Организацијата на здружениот труд и друга самоуправна организација и заедница, која смета дека со самоуправната спогодба на други организации на здружениот труд и на други самоуправни организации и заедници се повредени нејзините права или врз основа на закон заснованите интереси, може да поведе постапка за повторно разгледување на самоуправната спогодба.

Член 139

        Со општествен договор организациите на здружениот труд, коморите и другите општи здруженија на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, другите самоуправни организации и заедници, органите на општините и на Републиката, синдикатите и другите општествено-политички организации и општествените организации го обезбедуваат и го усогласуваат самоуправното уредување на општествено-економските и на другите односи од поширок заеднички интерес за учесниците во договорот или од општ општествен интерес.

        Општествениот договор, во името на учесниците во договорот, го склучуваат нивните овластени органи.

Член 140

        Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија го поттикнува самоуправното спогодување и општественото договарање и може да пропише дека определени самоуправни организации и заедници се должни да спроведат постапка за самоуправно спогодување односно за општествено договарање.

Член 141

        Самоуправната спогодба односно општествениот договор ги обврзува учесниците што го склучиле или му пристапиле.

Член 142

        Со самоуправна спогодба и со општествен договор се утврдуваат мерките за нивното спроведување, материјалната и општествената одговорност на учесниците во самоуправната спогодба и во општествениот договор и начинот и условите за нивна измена.

        Со самоуправна спогодба и со општествен договор може да се предвиди арбитража или друг начин на решавање на споровите што ќе настанат во спроведувањето на спогодбата односно на договорот.

Член 143

        Во склучувањето на самоуправната спогодба и на општествениот договор учесниците се рамноправни.

        Постапката за спогодување и договарање е јавна.

6. Општествена заштита на самоуправните права и на општествената сопственост
[уреди]

Член 144

        Самоуправните права на работните луѓе и општествената сопственост се под посебна општествена заштита.

        Општествената заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост ја остваруваат собранијата на општините и Собранието на Социјалистичка Република Македонија и пред нив одговорните органи, судовите, Уставниот суд на Македонија, јавниот обвинител и општествениот правобранител на самоуправувањето.

        Облиците и начинот на остварувањето на општествената заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост се утврдуваат со устав и со закон.

Член 145

        Ако во организација на здружениот труд или во друга самоуправна организација односно заедница битно се нарушат самоуправните односи, или потешко се оштетат општествените интереси, или ако организацијата односно заедницата не ги извршува со закон утврдените обврски, собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија, под услови и по постапка утврдена со закон, има право да го распушти работничкиот совет односно другиот соодветен орган на управувањето во организацијата на здружениот труд и да распише избори за членови на тој орган, како и во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници да ги распушти извршните органи и да ги смени од должност работоводните органи и работниците на раководни работни места, да именува привремени органи со права и должности утврдени со закон, привремено да го ограничи остварувањето на определени самоуправни права на работните луѓе и на органите на управување и да преземе други со закон утврдени мерки. Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија е должно пред преземањето на овие мерки да прибави мислење од синдикатот и од другите општествено-политички организации за оправданоста на преземената мерка.

        Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија може, во согласност со закон, да запре од извршување одлуки, други акти и дејства со кои се повредуваат самоуправните права на работните луѓе и општествената сопственост. Ако собранието ги запре од извршување таквите акти или дејства, должно е да поведе постапка пред надлежниот суд.

Член 146

        Општествениот правобранител на самоуправувањето, како самостоен орган на општествената заедница, презема мерки и правни средства и врши други со закон утврдени права и должности заради остварување на општествената заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост.

        Општествениот правобранител на самоуправувањето поведува пред собранието на општината односно пред Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Уставниот суд на Македонија или пред судовите постапка за заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост, како и постапка за укинување или поништување на одлуките и другите акти со кои се повредуваат самоуправните права и општествената сопственост.

        Општествениот правобранител на самоуправувањето поведува постапка за заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост по своја иницијатива или по иницијатива од работниците, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, синдикатот и другите општествено-политички организации, државните органи и граѓаните.

        Државните органи и органите на самоуправните организации и заедници се должни, по барање од општествениот правобранител на самоуправувањето, да му даваат податоци и известувања од интерес за вршење на неговата функција.

7. Собраниски систем
[уреди]

Член 147

        Собранието е орган на општественото самоуправување и највисок орган на власта во рамките на правата и должностите на општината односно на Републиката.

        Образувањето, организацијата и надлежноста на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и пред нив одговорните органи се уредуваат со овој устав односно со статутот и со закон, врз основа на единствените начела утврдени со уставот.

Член 148

        Работните луѓе во основните самоуправни организации и заедници и во општествено-политичките организации образуваат свои делегации заради непосредно остварување на своите права, должности и одговорности и организирано учество во вршењето на функциите на собранијата на општествено-политичките заедници.

        Во основните самоуправни организации и заедници делегации образуваат:

1) работните луѓе во основните организации на здружениот труд и во работните заедници што вршат работи од заеднички интерес за повеќе основни организации на здружениот труд;

2) работните луѓе што работат во земјоделската, занаетчиската и во слични дејности со средства на трудот на кои постои право на сопственост, заедно со работниците со кои го здружуваат својот труд и средствата на трудот, организирани во заедници и во други со закон определени облици на здружување;

3) работните луѓе во работните заедници на државните органи, општествено-политичките организации, општествените организации и здруженијата и во другите работни заедници што не се организирани како организации на здружениот труд, како и активните воени лица и цивилните лица на служба во вооружените сили на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, на начин утврден со устав и со закон;

4) работните луѓе и граѓаните во месните заедници.

        Во образувањето на делегациите во организациите на здружениот труд во областа на образованието студентите и учениците учествуваат под услови и на начин утврдени со закон.

        Делегација образуваат и работните луѓе што трајно работат во дел од основната организација на здружениот труд што не е на подрачјето на општината во која е седиштето на таа организација.

        Во основната организација на здружениот труд односно во работната заедница со мал број на работни луѓе, сите работни луѓе ја вршат функцијата на делегација.

        Во општествено-политичките организации функцијата на делегации ја вршат нивните избрани тела определени со нивниот статут односно со други одлуки.

Член 149

        Членовите на делегацијата ги избираат работните луѓе во основните самоуправни организации и заедници, од составот на тие организации и заедници, непосредно и со тајно гласање.

        Основните самоуправни организации и заедници го утврдуваат со своите статути, во согласност со закон, бројот и составот на својата делегација и начинот на изборот и отповикот на делегацијата.

        Составот на делегацијата мора да обезбеди застапеност на работниците од сите делови на процесот на работата и да му одговара на социјалниот состав на основната самоуправна организација односно заедница.

        Членовите на делегацијата се избираат на четири години.

        Во делегацијата на основната организација на здружениот труд не можат да бидат избирани работници во таа организација кои, според уставот, не можат да бидат членови на работничкиот совет односно на друг соодветен орган на управување.

        Никој не може повеќе од двапати едноподруго да биде избиран за член на делегација на иста самоуправна организација односно заедница.

Член 150

        Кандидати за членови на делегациите на основните самоуправни организации и заедници предлагаат и утврдуваат работните луѓе во тие организации и заедници во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, и тоа во неговите организации односно во организациите на синдикатот.

        Кандидационата постапка ја спроведуваат организациите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ односно организациите на синдикатот.

        Право и должност на организациите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ и на синдикатот е, во соработка со другите општествено-политички организации, да обезбедат таква демократска кандидациона постапка која ќе им овозможи на работните луѓе слободно да ја изразат својата волја во предлагањето и утврдувањето на кандидатите.

Член 151

        Кога во текот на траењето на мандатниот период на собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија се основа нова основна самоуправна организација или заедница, со закон се утврдува начинот на вклучување на нејзината делегација во вршењето на функциите во собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

{{Член|152

        Тргнувајќи од интересите и насоките на основните самоуправни организации и заедници и уважувајќи ги интересите на другите самоуправни организации и заедници и општите општествени интереси и потреби, делегацијата утврдува основни ставови за работата на делегатите во собранието и за нивното учество во одлучувањето.

        Во вршењето на својата функција, делегацијата ги има особено следните права и должности:

1) самостојно, или заедно со делегациите на други самоуправни организации и заедници на заеднички собири на тие делегации, во согласност со овој устав, делегира односно кандидира од својот состав постојани или повремени делегати во собранието и им дава насоки на делегатите за нивната работа во собранието;

2) учествува преку делегатите во целокупната работа и во одлучувањето на собранието;

3) ја следи работата на делегатите во собранието и работата на собранието и ја известува основната самоуправна организација односно заедница за прашањата што се претресуваат и за кои се одлучува во собранието, како и за иницијативите и предлозите на делегатите на другите самоуправни организации и заедници;

4) ги изнесува пред основната самоуправна организација односно заедница, во согласност со нејзиниот статут, прашањата што се од посебен интерес за самоуправната организација односно заедница и за работните луѓе во неа пред одлучувањето за тие прашања во собранието;

5) преку делегатите дава иницијативи за разгледување на одделни прашања и поднесува предлози за донесување на акти во собранието, во согласност со овој устав односно со статутот, и остварува други права утврдени со деловникот на собранието;

6) ги разгледува со делегатот прашањата од интерес за основната самоуправна организација односно заедница за кои се одлучува во собранието, заради заземање на ставови во собранието и договарањето со другите делегати;

7) врши и други работи во односите со другите самоуправни организации и заедници за кои основната самоуправна организација односно заедница ќе ја овласти со свој акт.

        Делегациите се должни за својата работа и за работата на делегатите во собранието да ја известуваат основната самоуправна организација односно заедница и за својата работа се одговорни пред тие организации односно заедници.

        Делегацијата соработува со делегациите на другите самоуправни организации и заедници заради спогодбено изнаоѓање заеднички решенија по прашањата од надлежност на собранието и заради спогодбено решавање на другите прашања од заеднички интерес.

        Собранијата на општините и на градските заедници учествуваат во утврдувањето насоки за работата на делегатите во Соборот на општините на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 153

        Ддна или повеќе делегации на основните самоуправни организации и заедници, поврзани со трудот и со други заеднички интереси или со интересите во општествено-политичката заедница на свои заеднички собири односно делегатите на тие организации и заедници во собранието на општината, делегираат од составот на тие делегации делегати во соодветниот собор на собранијата на општествено-политичките заедници.

        Бројот на делегатите на основните самоуправни организации односно заедници во собранијата се утврдува сразмерно со бројот на работните луѓе во тие организации односно заедници. Од ова начело може да се отстапи и да се применат и други мерила заради обезбедување соодветна застапеност на работните луѓе од определени области на општествениот труд односно на територијалните подрачја.

Член 154

        Во собранијата на општествено-политичките заедници делегираат свои делегати работниците и другите работни луѓе и граѓаните организирани во општествено-политичките организации, здружени во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, или како членови на организациите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ.

        Општествено-политичките организации, во рамките на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, спогодбено ја утврдуваат листата на кандидати за делегати во собранијата на општествено-политичките заедници од редот на своите делегации.

        За изборот на овие делегати во собранието на општината се изјаснуваат, врз основа на листата на кандидатите, работните луѓе и граѓаните непосредно, со општо и тајно гласање.

        За изборот на овие делегати во Собранието на Социјалистичка Република Македонија се изјаснуваат, врз основа на листата на кандидатите, општествено-политичките собори на собранијата на општините, со тајно гласање.

Член 155

        Гелегатите во собранието се избираат како постојани делегати за време од 4 години или како повремени делегати.

        Никој, што е избран за делегат на 4 години не може повеќе од двапати едноподруго да биде делегат во исто собрание.

        Неспоива е функцијата на делегат во собранието и други со закон определени функции во органите на истата општествено-политичка заедница.

Член 156

        При заземањето на ставови по прашањата за кои се одлучува во собранието, делегатите постапуваат во согласност со насоките на своите самоуправни организации и заедници и со основните ставови на делегациите односно на општествено-политичките организации што ги делегирале, како и во согласност со заедничките и општите општествени интереси и потреби, а се самостојни во определувањето и гласањето.

        Делегатот е должен за работата на собранието и за својата работа да ја известува делегацијата и основната самоуправна организација и заедница односно општествено-политичките организации што го делегирале, и е одговорен пред нив за својата работа.

Член 157

        Гелегацијата и секој нејзин член, како и делегатот во собранието, можат да бидат отповикани.

        Отповикувањето на членовите на делегацијата и на делегатите во собранието се врши, во начело, на начинот и според постапката за избор на делегациите и делегатите.

        Делегацијата и секој нејзин член, како и делегатот во собранието, имаат право да поднесат оставка.

Член 158

        Гелегатот во собранието ужива имунитет во вршењето на својата функција.

        Делегатот не може да биде повикан на кривична одговорност, притворен ниту казнет за искажано мислење или даден глас во собранието или соборот во кој е делегиран.

        Одредбите од претходните ставови во поглед на повремените делегати се применуваат само за седниците односно за времето за кое биле делегирани.

Член 159

        Делегатот во собранието на општината не може да биде лишен од слобода ниту против него да се поведе кривична постапка без одобрение на соборот во кој е делегиран ако се повика на имунитетот, освен ако е во прашање кривично дело за кое е задолжителен притвор или ако делегатот бил затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна строг затвор или затвор подолго од една година.

Член 160

        Собранието во рамките на правата и должностите на општината односно на Републиката: ја утврдува политиката и одлучува за основните прашања од значење за политичкиот, стопанскиот, социјалниот и културниот живот и општествениот развиток; донесува општествен план, буџет, прописи и други општи акти; претресува прашања од заеднички интерес за организациите на здружениот труд и за другите самоуправни организации и заедници и ги усогласува нивните односи и интереси; дава иницијатива за склучување и учествува во склучувањето на општествени договори; претресува прашања од областа на народната одбрана, безбедноста и општествената самозаштита, ја претресува состојбата и општите проблеми на уставноста и законитоста и на правосудството; организира и врши општествен надзор; ги утврдува основите на организацијата и надлежноста на органите на општината односно на Републиката; основа органи на управата, избира, именува и разрешува определени функционери на тие органи и судии; се грижи за спроведувањето на утврдената политика, прописите и другите општи акти; утврдува политика за извршување на прописите и другите општи акти и обврски на органите и организациите во врска со извршувањето на тие прописи и општи акти; врши политичка контрола над работата на својот извршен орган, органите на управата и на носителите на самоуправните, јавните и другите општествени функции што одговараат пред собранието и со свои насоки ја насочува работата на тие органи.

Член 161

        Во собранието се образуваат собор на здружениот труд, како собор на делегати на работните луѓе во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници на трудот, собор на месните заедници, како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните во месните заедници, односно собор на општините како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните во општината и општествено-политички собор, како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните организирани во општествено-политичките организации.

Член 162

        Делокругот и начинот на одлучување на соборите на собранијата се утврдува со овој устав односно со статутот на општината.

        Делокругот на соборите се уредува на начин со кој се обезбедува соборот на здружениот труд да учествува во одлучувањето за прашањата од интерес за работниците и другите работни луѓе во општествениот труд, соборот на месните заедници односно соборот на општините да учествува во одлучувањето за прашањата од интерес за работните луѓе и граѓаните во месните заедници односно во општините, како и општествено-политичкиот собор да учествува во одлучувањето за прашањата на остварувањето, развитокот и заштитата на социјалистичкиот самоуправен систем утврден со уставот.

        Соборите на собранијата одлучуваат за прашањата од надлежноста на собранието самостојно, рамноправно или на заедничка седница на сите собори.

        Собранијата на самоуправните интересни заедници во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита одлучуваат рамноправно со надлежните собори на општинските собранија односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија за прашањата од тие области што се во надлежност на соодветното собрание. Овие или други определени права на одлучување во општинското собрание можат со статутот на општината да се утврдат и за собранијата на другите самоуправни интересни заедници.

        Одлука за издвојување на дел од доходот за заеднички и општи општествени потреби и за намената на обемот на средствата за овие потреби не може да се донесе ако не ја усвои соборот на здружениот труд.

Член 163

        Собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија може да распише референдум заради претходно изјаснување на работните луѓе за одделни прашања од негова надлежност, или заради потврдување на закони, прописи и други општи акти. Одлуката донесена на референдум е задолжителна.

Член 164

        Во општината и во Републиката се образува, како извршен орган на собранието, извршен совет односно друг соодветен колегијален извршен орган.

        Извршниот совет односно соодветниот колегијален извршен орган е одговорен пред собранието за состојбата во општината односно во Републиката, за спроведувањето на политиката и за извршувањето на законите, прописите и другите општи акти на собранието, како и за насочувањето и усогласувањето на работата на органите на управата.

Член 165

        Собранието на општината и Собранието на Социјалистичка Република Македонија образуваат органи на управата.

        Органите на управата ја спроведуваат утврдената политика и ги извршуваат законите, прописите и другите општи акти на собранието и на извршниот орган, ги спроведуваат насоките на собранието, одговорни се за состојбата во областите за кои се образувани, ја следат состојбата во определени области и даваат иницијатива за решавање на прашањата во тие области, решаваат во управните работи, вршат управен надзор и други управни работи, подготвуваат прописи и други општи акти и вршат други стручни работи за собранието и извршниот орган.

        Органите на управата се самостојни во рамките на своите овластувања и за својата работа одговараат пред собранието и извршниот орган.

        Органите на управата со својата работа обезбедуваат ефикасно остварување на правата и интересите на работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници.

        Органите на управата соработуваат меѓусебно и со органите на управата на другите општествено-политички заедници како и со организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници по прашањата од интерес за тие организации и заедници и обезбедуваат заемно известување.

Член 166

        Меѓусебните односи на републичките и општинските органи се засновуваат врз правата и должностите утврдени со овој устав, со статутот на општината односно со закон.

        Со овој устав и со закон се утврдуваат правата и должностите на републичките органи на управата во поглед на извршувањето на законите и другите прописи и општи акти, контролата над извршувањето на тие прописи и акти, како и нивните права и должности спрема општинските органи на управата во извршувањето на тие прописи и општи акти.

Член 167

        Избраните и именуваните функционери се избираат односно се именуваат за време од четири години.

        Претседателите на извршните органи на собранијата можат да бидат избирани најмногу двапати едноподруго.

        Членовите на извршните органи на собранијата, функционерите што раководат со органите на управата, како и други функционери и носители на самоуправни, јавни и други општествени функции за кои е тоа определено со овој устав или со закон, можат да се избираат односно именуваат двапати едноподруго, а по исклучок, уште за еден мандатен период, ако за тоа постојат оправдани причини. Пред преминот на избор, собранието одлучува за оправданоста на причините со мнозинство гласови на делегатите на собранието.

Член 168

        Со закон и со одлука на собрание на општина заснована на закон може на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници, општествените организации, здруженијата на граѓаните и на други организации да им се довери со своите акти да уредуваат определени односи од поширок интерес во областа на својата дејност, да решаваат во поединечни предмети за определени права и обврски и да вршат други јавни овластувања.

        Со закон и со одлука на собрание на општина заснована врз закон може да се определи начинот на вршење на јавните овластувања што им се доверуваат на одделни организации и заедници, како и да се утврдат правата на собранието и на другите органи на општината односно на Републиката во поглед на давањето насоки на тие организации и заедници и во поглед на вршењето надзор во врска со вршењето на јавните овластувања.

8. Вршење на јавни овластувања, одговорност на нивните носители, општествен надзор и јавност во работата
[уреди]

Член 169

        Никој не може да врши самоуправни, јавни и други општествени функции и јавни овластувања ако тие, согласно со уставот, односно со статутот и законот, не му се доверени од работните луѓе или од собранието на општината односно од Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 170

        Сите органи и организации и другите носители на самоуправни, јавни или други општествени функции ја вршат својата функција врз основа и во рамките на уставот, законот, односно статутот и дадените овластувања, и се одговорни за нејзиното вршење.

        Сите носители на самоуправни, јавни и други општествени функции во вршењето на своите функции се под општествена контрола.

        Секој избран или именуван носител на самоуправна, јавна или друга општествена функција лично е одговорен за нејзиното вршење и може да биде отповикан или сменет. Тој има право да поднесе оставка и да ја образложи.

        Со закон и со самоуправни акти се утврдуваат видовите и условите на одговорноста на носителите на самоуправни, јавни и други општествени функции, како и начинот и постапката за остварување одговорноста на носителите на тие функции.

Член 171

        Работник избран односно именуван на самоуправна, јавна или друга општествена функција, чие вршење бара тој привремено да престане со работа во организацијата на здружениот труд или во работната заедница, има право по престанувањето на функцијата што ја вршел да се врати на работа во истата организација на здружениот труд односно работна заедница, на своето поранешно работно место или на друго работно место што му одговара на неговите способности и квалификации.

Член 172

        Работата на државните органи и на органите на управувањето на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и на органите на општествено-политичките организации и здруженијата е јавна.

        Начинот на обезбедувањето на јавноста се определува со закон и со самоуправни акти.

        Со закон и со самоуправни акти се определуваат работите и податоците што претставуваат тајна или не можат да се објавуваат.

        Остварувањето на начелото на јавност не може да биде во спротивност со интересите на безбедноста и одбраната на земјата и со другите општествени интереси утврдени со закон.

Член 173

        Работата на државните органи, на органите на управување на организациите и заедниците што вршат работи од јавен интерес се врши на македонски јазик.

        Незнаењето на македонскиот јазик не може да биде пречка за одбрана и за остварување на правата и оправданите интереси на работните луѓе, граѓаните и организациите.

        На секого му е загарантирано правото во постапката пред судот или пред другите државни органи, организациите и заедниците што во вршењето на јавни овластувања решаваат за правата и обврските на работните луѓе да го употребува својот јазик и во таа постапка да се запознава со фактите на својот јазик.

9. Општествена самозаштита
[уреди]

Член 174

        Право и должност на работните луѓе е непосредно и во организациите на здружениот труд, месните, интересните и другите самоуправни организации и заедници, во општините и во Републиката, во општествено-политичките и во другите општествени организации, со својата активност, самостојно и во меѓусебна соработка, во согласност со закон, да ја остваруваат општествената самозаштита.

        Работните луѓе ја остваруваат општествената самозаштита со организирање и спроведување на мерки заради заштита на поредокот утврден со уставот, безбедноста на земјата, општествената сопственост, самоуправните и другите права на работните луѓе и нивните организации и личната сигурност на луѓето и имотот.

Член 175

        Секој е должен да учествува во спречување на дејствувањето на сите што за спречуваат работата на јавните институции и во отстранување на опасностите за мирен живот и работа на работните луѓе.

10. Права на припадниците на другите народи на Југославија
[уреди]

Член 176

        Припадниците на другите народи на Југославија имаат, во местата во кои живеат, право на воспитно-образовна и културна дејност на нивниот јазик според условите утврдени со закон.

11. Рамноправност на народностите
[уреди]

Член 177

        Македонскиот народ и народностите во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни и имаат исти права и должности.

        Општините и Републиката обезбедуваат народностите да бидат сразмерно застапени во собранијата на општините и во Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како и да бидат соодветно застапени во нивните органи.

Член 178

        На секоја народност ѝ се гарантира правото слободно да го употребува својот јазик, да ја изразува и развива својата култура и да се основаат установи и организации што ѝ ги обезбедуваат овие права.

        Општините и Републиката се грижат за развојот на воспитувањето и образованието, како и за развојот на печатот, радиото, телевизијата и културните дејности на јазиците на народностите.

        Народностите имаат право да го употребуваат знамето на народноста.

Член 179

        Во местата во кои живеат народностите воспитувањето и образованието на припадниците на народностите се остваруваат во воспитни установи и училишта односно одделенија во кои воспитувањето и наставата се изведуваат на јазикот на соодветната народност.

        Со закон се уредуваат условите за основањето, организацијата и работата на воспитните установи и училиштата односно одделенијата во кои воспитувањето и наставата се изведуваат на јазиците на народностите.

Член 180

        На подрачјата на кои живеат припадници на народностите, во јавниот и општествениот живот, јазиците и писмата на народностите се рамноправни со македонскиот јазик.

        Во општините на чие подрачје живеат припадници на народностите, одлуките и другите поважни акти на собранијата на општините и на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници се објавуваат и на јазиците на народностите. Јавните натписи на овие подрачја се и на јазиците на народностите.

Член 181

        Припадниците на народностите имаат право на употреба на својот јазик и писмо во остварувањето на своите права и должности, како и во постапката пред државните органи и организациите што вршат јавни овластувања.

Член 182

        Со закон и со статутот на општината се определуваат поблиски услови и постапка што обезбедуваат остварување на правата на народностите, како и начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.

        Со општи акти на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници се утврдуваат начинот и условите за примена на рамноправноста на јазиците и писмата на народностите со македонскиот јазик, на подрачјата на кои живеат народностите.

Член 183

        Во собранијата на општините на чие подрачје живеат припадници на народностите и во Собранието на Социјалистичка Република Македонија се образува комисија за меѓунационални односи.

        Комисијата го следи и разгледува остварувањето на рамноправноста на народностите и на другите нивни права утврдени со уставот и со законите и предлага мерки за нивното остварување.

        Во комисијата за меѓунационални односи се избираат еднаков број припадници на македонскиот народ, албанската и турската народност.

Глава IV: Општина

[уреди]

Член 184

        Општината е самоуправна и основна општествено-политичка заедница, заснована врз власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе.

        Во општината работните луѓе и граѓаните создаваат и обезбедуваат услови за својот живот и работа, го насочуваат општествениот развиток, ги остваруваат и усогласуваат своите интереси, ги задоволуваат заедничките потреби и остваруваат власт и управуваат со другите општествени работи.

        Функциите на власта и управувањето со другите општествени работи, освен оние што според уставот се остваруваат во пошироките општествено-политички заедници, се остваруваат во општината.

        Во остварувањето на своите заеднички интереси и права и должности во општината, работните луѓе и граѓаните одлучуваат организирани во основни организации на здружениот труд, месни заедници, самоуправни интересни заедници, други основни самоуправни организации и заедници, други облици на самоуправно здружување и во општествено-политички организации, со самоуправно спогодување и општествено договарање и преку делегациите и делегатите во собранието на општината и во другите органи на самоуправувањето.

Член 185

        Правата и должностите на општината се утврдуваат со уставот и со статутот на општината.

        Во општината особено:

1) се создаваат и развиваат материјални и други услови за живот и работа и за самоуправно задоволување на материјалните, социјалните, културните и другите заеднички потреби на работните луѓе и граѓаните;

2) се насочува и усогласува стопанскиот и општествениот развиток и се уредуваат односите од непосреден интерес за работните луѓе и граѓаните во општината;

3) се утврдуваат и распоредуваат средствата за потребите на општината;

4) се организира вршење на работи од заеднички и од општ општествен интерес и се образуваат органи на самоуправувањето и органи на власта за вршење на тие работи;

5) се обезбедува непосредно извршување на законите, ако нивното извршување со законот не им е ставено во надлежност на органите на пошироките општествено-политички заедници;

6) се обезбедува остварување и заштита на слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот;

7) се обезбедува остварување на рамноправноста на народите и народностите;

8) се заштитува законитоста;

9) се заштитува сигурноста на луѓето и се обезбедува јавниот ред и мир;

10) се заштитува општествениот имот и имотот на граѓаните;

11) се организира и обезбедува општествена заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост;

12) се уредува и организира народната одбрана во согласност со системот на општонародната одбрана;

13) се организира и обезбедува општествена самозаштита;

14) се организира и обезбедува општествена контрола;

15) се обезбедува остварување на социјалистичката солидарност;

16) се создаваат услови за работа и вработување и се води грижа за невработените;

17) се уредува користењето на земјиштето и имотот во општа употреба и се уредуваат во согласност со закон односите во политиката на градењето и користењето на становите и станбените згради;

18) се уредуваат односите во станбено-комуналната област;

19) се уредуваат односите во просторното планирање и изградбата и уредувањето на населбите;

20) се определуваат општи услови за вршење на дејностите на комуналните и слични организации;

21) се уредуваат односите во врска со заштитата на природата и унапредувањето на човековата околина и се обезбедуваат услови за искористување на природата и природните богатства;

22) се вршат и други права и должности утврдени со уставот и статутот на општината.

Член 186

        Заради задоволување на заедничките потреби во општината, работниците во основните организации на здружениот труд и другите работни луѓе и граѓаните во месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници и во општината како целина, со референдум и со други облици на лично изјаснување, со самоуправно спогодување и општествено договарање одлучуваат за здружување на средства и за нивното користење.

Член 187

        Заради задоволување на општите општествени потреби во општината, во рамките на системот на изворите и видовите даноци, такси и други давачки утврдени со закон, работните луѓе и граѓаните во општината самостојно одлучуваат за обемот и начинот на финансирање на општите општествени потреби во општината.

Член 188

        Обемот на средствата за општите општествени потреби се утврдува и се распоредува со буџетот на општината.

        Со средствата за општи општествени потреби што се создаваат во општината се финансираат: функционирањето на собранието на општината и на неговите органи; правосудните органи; народната одбрана, боречката заштита, обврските на општината утврдени со закон и со одлука на собранието на општината во областа на воспитувањето и образованието, културата, физичката и техничката култура, здравствената и социјалната заштита, заштитата на децата и инвалидската заштита; и се обезбедуваат дополнителни средства за финансирање на определени комунални дејности и на дејноста на општествено-политичките организации.

Член 189

        Со закон се утврдуваат критериумите и начинот на обезбедување дополнителни средства за финансирање на општите општествени потреби на општините чии приходи се недоволни за финансирање на тие потреби.

Член 190

        Одделни работи од надлежност на Републиката во врска со извршувањето на законите можат со закон да се пренесат во надлежност на општинските органи. Во овој случај Републиката е должна на општините да им обезбеди соодветни средства односно извори на приходи за вршење на тие работи.

Член 191

        Општината може, во рамките на своите права и должности, да основа фондови за доделување на општествени признанија.

Член 192

        Со статутот на општината се уредуваат особено: правата и должностите на општината и начинот на нивното остварување, финансирањето на општите општествени потреби; организацијата на собранието на општината и на другите органи на општината и нивните права, должности и овластувања; начинот на работа на собранието на општината, начелата за организирање на народната одбрана, на општествената самозаштита и општествената контрола; начелата за меѓу општинската соработка; основите за работењето на комуналните организации на здружениот труд, како и други побитни прашања, во рамките на правата и должностите на општината.

        Статутот на општината го донесува собранието на општината со мнозинство од две третини гласови од вкупниот број делегати во секој собор.

Член 193

        Општината во вршењето на своите права и должности донесува прописи.

        Собранието на општината донесува одлуки, решенија, заклучоци и препораки, а извршниот орган наредби, упатства, решенија и заклучоци.

        Собранието донесува насоки за работата на извршниот орган и на органите на управата, а извршниот орган со свои насоки ја насочува работата на органите на управата.

Член 194

        Собранието на општината разгледува општи прашања од значење за развитокот на стопанството и на другите области на општествениот живот и по тие прашања може да им дава препораки на организациите на здружениот труд, месните и самоуправните интересни заедници и на другите самоуправни организации и заедници.

        Организациите на здружениот труд, месните и самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници на кои им е упатена препораката се должни да ја разгледаат, да заземат став по прашањата на кои се однесува препораката и за тоа да го известат собранието.

Член 195

        Собранието на општината избира претседател на собранието од редот на делегатите во соборите на собранието.

Член 196

        За решавање на прашања од општ интерес за општината, како и за претходно изјаснување на работните луѓе и граѓаните за одделни предлози на одлуки или мерки од надлежност на собранието или за нивно потврдување собранието на општината може да распише референдум.

        Со статутот на општината се определуваат прашањата за кои задолжително се распишува референдум во општината.

        Одлуката на референдумот се донесува со мнозинство гласови на повеќе од половината на работните луѓе и граѓаните што имаат право на глас на референдумот.

        Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Член 197

        Општината самостојно ја организира и уредува организацијата и работата на собранието на општината и на другите органи на општината.

        Во случај на непосредна воена опасност или за време на воена состојба ако не постои можност да се состанат надлежните собори на собранието на општината, за прашањата од надлежноста на собранието одлучува претседателството на собранието на општината. Одлуките што ги донело претседателството на собранието по прашањата од надлежноста на собранието, должно е да му ги поднесе на потврдување на собранието штом тоа ќе биде во можност да се состане. Составот и другите надлежности на претседателството на собранието на општината се уредуваат со закон.

        Во собранието на општината се образува совет за народна одбрана чиј состав и надлежност се утврдува со закон.

Член 198

        Општината се образува за подрачје на едно или повеќе населени места или за дел од населено место, во кои работните луѓе се поврзани со заеднички интереси и во кои постојат услови за самостојно остварување на правата и должностите на општината, за материјален и општествен развиток, за развиток на општественото самоуправување, како и за остварување на правата на работните луѓе и граѓаните и за вршење на нивните должности.

        Општината се образува и нејзиното подрачје се утврдува со закон по претходно мислење од соодветните собранија на општините.

        Издвојувањето или присоединувањето на одделни населени места се врши со закон по претходно изјаснување на работните луѓе и граѓаните од соодветните населени места со референдум и мислење на собранијата на соодветните општини.

Член 199

        Општините во градовите се здружуваат во градска заедница како посебна општествено-политичка заедница.

        Градската заедница ги врши правата и должностите што и ги доверуваат општините спогодбено во заеднички интерес. На градската заедница Републиката може со закон да и довери вршење на определени работи во рамките на своите права и должности.

        Градската заедница има својство на правно лице.

        Со статутот на градската заедница, во согласност со уставот, се утврдуваат правата и должностите, организацијата и начинот на работа на градската заедница, како и односите меѓу градската заедница и општините што се здружени во неа.

        Статутот на градската заедница го донесува собранието на градската заедница во согласност со собранијата на општините што се здружени во неа.

Член 200

        Собранието на градската заеднина го сочинуваат делегати на собранијата на општините здружени во неа, што се делегираат на начинот и според постапката утврдени со статутот на градската заедница, во согласност со закон.

Член 201

        Општините меѓусебно соработуваат врз принципите на доброволност и солидарност, здружуваат средства и образуваат заеднички органи, организации и служби за вршење на работи од заеднички интерес и за задоволување на заедничките потреби.

        Општините соработуваат и со општини од другите социјалистички републики и од социјалистичките автономни покраини по прашања од заеднички интерес.

        Општините можат да се здружуваат во регионални заедници.

Член 202

        Општините остваруваат соработка со соодветни странски и меѓународни органи и организации и со административни единици на странски држави, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија и политиката на Републиката за оваа соработка.

Глава V: Слободи, права и должности на човекот и граѓанинот

[уреди]

Член 203

        Слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со уставот се остваруваат во меѓусебна солидарност на луѓето и со исполнување на должностите и одговорностите на секого спрема сите и на сите спрема секого.

        Слободите и правата на човекот и граѓанинот се ограничени само со еднаквите слободи и права на другите и со интересите на социјалистичката заедница утврдени со уставот.

        Секој е должен да ги почитува слободите и правата на другите и е одговорен за тоа.

Член 204

        Граѓаните се еднакви во правата и должностите без оглед на националноста, расата, полот, јазикот, вероисповеста, образованието или општествената положба.

        Сите се еднакви пред законот.

Член 205

        Неприкосновено и неотуѓиво е правото на работниот човек и граѓанинот на самоуправување со кое на секого му се обезбедува да одлучува за своите лични и заеднички интереси во организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и во општествено-политичките заедници, како и во сите други облици на своето самоуправно здружување и меѓусебно поврзување.

        Секој е одговорен за самоуправното одлучување и за спроведувањето на одлуките.

Член 206

        Граѓанинот што наполнил 18 години живот има право да избира и да биде избран за член на делегација во основната самоуправна организација и заедница и за делегат во собрание на општествено-политичка заедница.

        Работникот во организацијата на здружениот труд како и работниот човек во сите облици на здружување на трудот, средствата и интересите, без оглед на годините на животот, има право да избира и да биде избран во делегација за собранијата на општествено-политичките заедници и да избира делегати во собранијата на тие заедници.

        Работникот во организацијата на здружениот труд, како и работниот човек во сите облици на здружување на трудот, средствата и интересите, без оглед на годините на животот, има право да избира и да биде избиран за член односно за делегат во органот на управувањето на организацијата.

Член 207

        Граѓанинот има право да им поднесува претставки и предлози на телата и органите на општествено-политичките заедници и на другите надлежни органи и организации, да добие одговор на нив, како и да презема политички и други иницијативи од општ интерес.

Член 208

        Секој е должен совесно и во интерес на социјалистичкото самоуправно општество да ја врши самоуправната, јавната и другата општествена функција што му е доверена.

Член 209

        Загарантирано е правото на работа.

        Правата стекнати врз основа на трудот се неотуѓиви.

        Сите што управуваат или располагаат со општествени средства и општините и Републиката, се должни да создаваат поповолни услови за остварување правото на работа.

        Општествената заедница создава услови за оспособување на граѓаните што не се наполно способни за работа, како и услови за нивно соодветно вработување.

        Се гарантира, под условите определени со закон, право на материјално обезбедување за време на привремена невработеност.

        На работникот може да му престане работата против неговата волја само под услови и на начин утврдени со закон.

        Кој не сака да работи, а е способен за работа, не ги ужива правата и заштитата што припаѓаат врз основа на трудот.

Член 210

        Се гарантира слободата на работа.

        Секој слободно го избира своето занимање и вработување.

        На секој граѓанин под еднакви услови му се достапни секое работно место и функција во општеството.

        Забранета е присилната работа.

Член 211

        Работниот човек има право на услови за работа што го обезбедуваат неговиот физички и морален интегритет и сигурност.

Член 212

        Работникот има право на ограничено работно време.

        Работното време на работникот не може да биде подолго од 42 часа во седмицата. Во определени дејности и во определени случаи со закон може да се пропише работното време, за ограничен период, да може да биде подолго од 42 часа во седмицата, ако тоа го бараат природата на работата или исклучителни околности.

        Со закон можат да се определат условите за скратување на работното време.

        Работникот има право на дневен и седмичен, како и на платен годишен одмор во траење од најмалку 18 работни дена.

        Работникот има право на здравствена и друга заштита и на лична сигурност во работата.

        Младината, жените и инвалидните лица уживаат посебна заштита на работата.

Член 213

        Правото на работникот на социјално осигурување се обезбедува со задолжително осигурување врз начелата на заемност и солидарност и минатиот труд во самоуправните интересни заедници, а врз основа на придонесот од личниот доход и придонесот од доходот на основните организации на здружениот труд односно од придонесот од средствата на други организации, или заедници во кои работи. Со ова осигурување работникот, во согласност со закон, обезбедува за себе право на здравствена заштита и други права во случај на болест, права во случај на породување, намалување или губење на работната способност, безработност и старост и права на други облици на социјално осигурување, а за членовите на своето семејство — право на здравствена заштита, право на семејна пензија, како и други права по основ на социјалното осигурување.

        Правата од социјалното осигурување за работните луѓе и граѓаните што не се опфатени со задолжителното социјално осигурување се уредуваат во согласност со закон врз начелата на заемност и солидарност.

Член 214

        Загарантирано му е на граѓанинот да стекнува станарско право на стан во општествена сопственост, со кое му се обезбедува под услови определени со закон трајно да користи стан во општествена сопственост заради задоволување на личните и семејните станбени потреби.

        Правото на граѓаните за користење на стан на кој постои право на сопственост се уредува со закон.

Член 215

        Задолжително е основното образование во траење од најмалку осум години.

        Материјални и други услови за основање и работа на училиштата и другите установи за образование на граѓаните и за унапредување на нивната дејност обезбедуваат, врз начелата на заемност и солидарност, работните луѓе, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници и општините и Републиката, во самоуправните интересни заедници во согласност со закон.

        Граѓаните имаат право, под еднакви услови утврдени со закон, да стекнуваат знаења и стручна спрема на сите степени на образование, во сите видови училишта и во други установи за образование.

Член 216

        Загарантирана е слободата на мислата и на определувањето.

Член 217

        Загарантирана е слободата на печатот и на другите видови информирање и јавно изразување, слободата на здружување, слободата на говорот и на јавното истапување, слободата на собирот и на друго јавно собирање.

        Граѓаните имаат право преку средствата за информирање да изразуваат и објавуваат свои мислења.

        Граѓаните, организациите и здружени јата на граѓаните можат, под условите определени со закон, да издаваат печат и да шират информации преку други средства за информирање.

Член 218

        Се гарантира правото на граѓанинот да биде известен за настаните во земјата и во светот, што се од интерес за неговиот живот и работа, како и за прашањата од интерес за заедницата.

        Печатот, радиото и телевизијата и другите средства за јавно информирање и комуницирање се должни вистинито и објективно да ја известуваат јавноста, како и да објавуваат мислења и информации на органите, организациите и граѓаните, што се од интерес за јавноста.

        Загарантирано е правото на исправка на објавена информација со која се нанесува повреда на право или интерес на човек, организација или орган.

Член 219

        Научното и уметничкото творештво е слободно.

        Творците на научни и уметнички дела, како и на научни откритија и технички пронајдоци имаат морални и материјални права на своите творби.

        Правата на творците на своите творби не можат да се користат спротивно на интересите на општеството за применување на новите научни достигнувања и технички изуми.

        Обемот, траењето, ограничувањето, престанокот и заштитата на правата на творците на своите творби, како и правата на организациите на здружениот труд во кои се создадени тие творби како резултат на здружувањето на трудот и средствата, се определуваат со закон.

Член 220

        На граѓанинот му е загарантирана слободата на изразување на припадноста на народ односно народност или етничка група, слободата на изразување на националната култура и слободата на употреба на својот јазик и писмо.

        Граѓанинот не е должен да се изјаснува на кој народ односно на која народност или етничка група ѝ припаѓа, ниту да се определува за припадност на еден од народите односно на една од народностите или етничките групи.

        Противуставно и казниво е секое пропагирање или спроведување на национална нерамноправност, како и секое разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост.

Член 221

        Припадниците на етничките групи што живеат во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни со македонскиот народ и народностите и имаат исти права и должности.

        Општините и Републиката обезбедуваат припадниците на етничките групи да бидат сразмерно застапени во собранијата на општините и во Собранието на СРМ, како и да бидат соодветно застапени во нивните органи.

Член 222

        На припадниците на етничките групи им се гарантира правото слободно да го употребуваат својот јазик, да ја изразуваат и развиваат својата култура, како и да се основаат установи и организации што го обезбедуваат остварувањето на овие права.

        Општините и Републиката се грижат за развојот на радиото, телевизијата, печатот и културните дејности на јазиците на етничките групи.

        Припадниците на етничките групи имаат право да го употребуваат знамето на етничката група.

Член 223

        Одбраната на земјата е неприкосновено и неотуѓиво право и највисока должност и чест на секој граѓанин.

Член 224

        Право и должност на секој граѓанин е да учествува во општествената самозаштита.

Член 225

        Исповедувањето на верата е слободно и е приватна работа на човекот.

        Верските заедници се одделени од државата и се слободни во вршењето на верските работи и верските обреди.

        Верските заедници можат да основаат само верски училишта за подготвување на свештеници.

        Противуставна е злоупотребата на верата и на верската дејност за политички цели.

        Општествената заедница може материјално да ги помага верските заедници.

        Верските заедници можат, во границите определени со закон, да имаат право на сопственост на недвижности.

Член 226

        Животот на човекот е неприкосновен.

        Смртна казна може по исклучок да се пропише и да се изрече само за најтешки облици на тешки кривични дела.

Член 227

        Се гарантира неповредливоста на интегритетот на човековата личност и на личниот и семејниот живот и на другите права на личноста.

        Забрането и казниво е секое изнудување на признавање и изјави.

Член 228

        Слободата на човекот е неприкосновена.

        Никој не може да биде лишен од слобода освен во случаи и во постапка утврдени со закон.

        Лишувањето од слобода може да трае само додека постојат законски услови за тоа.

        Незаконитото лишување од слобода е казниво.

Член 229

        Лицето за кое постои основано сомневање дека извршило кривично дело може да биде притворено и задржано во притвор само кога е тоа неопходно заради водење на кривичната постапка или заради безбедноста на луѓето. Притворот се определува со одлука на судот, а само по исклучок, под услови определени со закон, со одлука на друг со закон овластен орган — најдолго до три дена.

        На лицето што е притворено мора да му се врачи писмено образложено решение при притворувањето или најдоцна во рок од 24 часа од притворувањето. Против ова решение тоа лице има право на жалба по која судот одлучува во рок од 48 часа.

        Траењето на притворот мора да биде сведено на најкратко нужно време.

        Притворот може да трае по одлука на првостепениот суд најдолго три месеци од денот на притворувањето. Овој рок може да се продолжи со одлука на Врховниот суд на Македонија уште за три месеци. Ако до истекот на тие рокови не се подигне обвинителен акт, окривениот се пушта на слобода.

Член 230

        Се гарантира почитувањето на човековата личност и човечкото достоинство во кривичната и во секоја друга постапка, во случај на лишување односно ограничување на слободата како и за време на извршување на казната.

Член 231

        Секој има право на еднаква заштита на своите права во постапката пред судот, државните и другите органи и организации што решаваат за неговите права, обврски и интереси.

        Секому му е загарантирано правото на жалба или на друго правно средство против одлуките на судовите, државните органи и другите органи и организации, со кои се решава за негово право или врз закон заснован интерес.

        Правната помош се обезбедува преку адвокатурата како самостојна општествена служба и преку други видови правна помош.

Член 232

        Никој не може да биде казнет за дело кое, пред да е сторено, не било предвидено со закон или со пропис заснован врз закон како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

        Кривичните дела и кривичните санкции можат да се определат само со закон.

        Кривични санкции изрекува надлежниот суд во постапка пропишана со закон.

        Никој не може да се смета виновен за кривично дело додека тоа не биде утврдено со правосилна судска пресуда.

        Лице што е неоправдано осудено за кривично дело или без основа е лишено од слобода има право на рехабилитација и надоместок на штета од општествените средства, како и други права утврдени со закон.

Член 233

        Загарантирано е правото на одбрана.

        Никој што му е достижен на судот или на друг орган надлежен за водење постапка, не може да биде казнет, ако не е распитан според закон или ако не му е дадена можност да се брани.

        Обвинетиот има право да си земе бранител на кого, согласно со закон, му се овозможува одбрана и заштита на правата и интересите на обвинетиот.

        Со закон се определува во кои случаи обвинетиот мора да има бранител.

Член 234

        На граѓаните им се гарантира слобода на движење и настанување.

        Ограничување на слободата на движењето и настанувањето може да се предвиди со закон, и тоа само за да се обезбеди водење на кривичната постапка, да се спречи ширењето на заразни болести, да се заштити јавниот поредок или кога тоа го бараат интересите на одбраната на земјата.

Член 235

        Станот е неповредлив.

        Никој без решение донесено врз основа на закон не смее да влезе во туѓ стан или други простории, ниту во нив да врши претресување против волјата на нивниот држател.

        На претресувањето има право да присуствува лицето чиј стан или простории се претресуваат или член на неговото семејство односно негов застапник.

        Претресувањето може да се врши само во присуство на двајца сведоци.

        Под услови предвидени со закон службено лице може да влезе во туѓ стан или простории без решение на надлежен орган и да врши претресување без присуство на сведоци, ако е тоа неопходно заради непосредно фаќање на сторителот на кривично дело или заради безбедност на луѓето и имотот, или ако е очигледно дека на друг начин не би можеле да се обезбедат докази во кривичната постапка.

        Секое противправно влегување во туѓ стан и други простории и нивно претресување се забранети и казниви.

Член 236

        Тајната на писмата и на другите средства за општење е неповредлива.

        Само со закон може да се пропише дека, врз основа на одлука на надлежен орган, може да се отстапи од начелото на неповредливоста на тајната на писмата и на другите средства за општење ако е тоа неопходно за водењето на кривичната постапка или за безбедноста на земјата.

Член 237

        Секој има право на заштита на здравјето.

        Со закон се утврдува во кои случаи граѓаните што не се осигурени имаат право на заштита на здравјето од општествените средства.

Член 238

        На борците, воените инвалиди и на членовите на семејствата на паднатите борци, како и на борците од Илинденското востание и од другите националноослободителни војни на Македонија, борците за демократски права и слободи, учесниците во антифашистичката борба и жртвите на фашистичкото насилство им се гарантираат права со кои се обезбедува нивната социјална сигурност и посебни права што се утврдуваат со закон.

        На воените инвалиди и инвалидите на трудот им се обезбедува оспособување за работа, инвалидски права и други облици на заштита.

Член 239

        Мајката и детето уживаат посебна општествена заштита.

        Под посебна заштита на општествената заедница се малолетниците за кои родителите не се грижат како и другите лица што не се во можност сами да се грижат за себе и за заштита на своите права и интереси.

Член 240

        Граѓаните што не се способни за работа, а немаат средства потребни за издржување, имаат право на помош од општествената заедница.

Член 241

        Семејството ужива општествена заштита. Бракот и правните односи во бракот и во семејството се уредуваат со закон.

        Бракот полноважно се склучува со слободна согласност на лицата што склучуваат брак пред надлежниот орган.

        Родителите имаат право и должност да се грижат за подигањето и воспитувањето на своите деца. Децата се должни да се грижат за своите родители на кои им е потребна помош.

        Децата родени вон брак имаат исти права и должности како и децата родени во брак.

Член 242

        Право на човекот е слободно да одлучува за раѓање на деца.

        Ова право може да се ограничи само заради заштита на здравјето.

Член 243

        Човекот има право на здрава животна околина.

        Општествената заедница обезбедува услови за остварување на ова право.

Член 244

        Секој што користи земјиште, вода или други природни добра е должен тоа да го врши на начин со кој се обезбедуваат услови за работа и живот на човекот во здрава околина.

        Секој е должен да ја чува природата и нејзините добра, природните знаменитости и реткости и спомениците на културата.

Член 245

        Загарантирано е правото за наследување.

        Наследувањето се уредува со закон.

        Никој не може врз основа на наследување да задржи во сопственост недвижности и средства за работа во поголем обем отколку што е определено со устав или со закон.

        Наследувањето на имотот на лицата што уживале социјална или друга помош од општествената заедница може да се ограничи со закон.

Член 246

        Секој е должен под еднакви услови и сразмерно со своите материјални можности да придонесува за задоволување на општите општествени потреби.

Член 247

        Секој е должен да му даде на друг помош кога е во опасност и солидарно со други да учествува во отстранувањето на општа опасност.

Член 248

        Секој е должен да се придржува кон уставот и законите.

        Со закон се определуваат условите под кои е казниво пропуштањето да се вршат должностите утврдени со уставот.

Член 249

        Противуставно и казниво е секое самоволие со кое се повредува или ограничува правото на човекот без оглед на тоа кој го врши.

        Никој не смее да употребува принуда ниту да ги ограничува правата на друг, освен во случаите и во постапката што се пропишани со закон.

Член 250

        Секој има право на надоместок на штетата што, во врска со вршењето на службата или на друга дејност на државен орган односно на организација што врши работи од јавен интерес, ќе му ја предизвика со своја незаконита или неправилна работа лицето или органот што ја врши таа служба или дејност.

        Штетата е должна да ја надомести општината или Републиката односно организацијата во која се врши службата или дејноста. Оштетениот има право, во согласност со закон, да бара надоместок и непосредно од лицето што му ја причинило штетата.

Член 251

        Слободите и правата загарантирани со уставот не можат да се одземат ниту да се ограничат.

        Со слободите и правата утврдени со уставот никој не смее да се користи заради уривање на основите на социјалистичкото самоуправно демократско уредување утврдено со уставот, загрозување на независноста на земјата, кршење на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со уставот, загрозување на мирот и рамноправната меѓународна соработка, разгорување на национална, расна и верска омраза или нетрпеливост или поттикнување кон вршење на кривични дела, ниту овие слободи можат да се користат на начин со кој се навредува јавниот морал. Со закон се определува во кои случаи и под кои услови користењето на слободите спротивно на уставот повлекува ограничување или забрана на нивното користење.

        Овие слободи и права се остваруваат, а должностите се исполнуваат врз основа на уставот. Начинот на остварување на одделни слободи и права може да се пропише само со закон, и тоа единствено кога е предвидено со уставот или кога е неопходно за нивното остварување.

        Се обезбедува судска заштита на слободите и правата загарантирани со уставот.

Глава VI: Уставност и законитост

[уреди]

Член 252

        Заради остварување на општествено-економските и политичките односи утврдени со уставот и со закон и заради заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, самоуправувањето, општествената сопственост, самоуправните и другите права на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките заедници, се обезбедува заштита на уставноста и законитоста.

Член 253

        За уставноста и законитоста се должни да се грижат судовите, органите на општината и на Републиката, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, како и носителите на самоуправни, јавни и други општествени функции.

        Уставниот суд на Македонија, како носител на заштитата на уставноста, ја обезбедува и законитоста во согласност со уставот.

        Право и должност на работните луѓе и граѓаните е да даваат иницијатива за заштита на уставноста и законитоста.

Член 254

        Републичките закони мора да бидат во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

        Сите други прописи и општите акти на органите на општината и на Републиката, мора да бидат во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичките закони и со другите републички прописи.

        Статутот на општината не може да биде во спротивност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија и со законите.

Член 255

                 Самоуправните општи акти мора да бидат во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија и со законите. Овие акти не можат да бидат во спротивност со самоуправната спогодба за здружување, ниту со самоуправните спогодби и општествените договори кон кои пристапува организацијата на здружениот труд, друга организација односно заедница.

Член 256

        Ако органот што одлучува во поединечни работи смета дека прописот или општиот акт или самоуправниот општ акт не е во согласност со републички закон односно со друг републички пропис или дека е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, должен е да поведе постапка пред Уставниот суд на Македонија.

Член 257

        Собранието на општината може да поништи или укине противуставен или незаконски пропис или друг општ акт на својот извршен орган.

        Извршниот орган на собранието на општината може да поништи или укине противуставен или незаконски пропис или друг општ акт на општински орган на управата на соодветното собрание.

Член 258

        Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија има право, до одлуката на уставниот суд, да го запре извршувањето на прописот или на другиот општ акт на собранието на општината, ако се во спротивност со уставот, со законите и со другите републички прописи и е должен во рок од 30 дена да поведе постапка пред уставниот суд.

        Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија има право да го запре извршувањето на противуставен или незаконски пропис или друг општ акт на извршен орган на собранието на општината и е должен истовремено да побара од собранието на општината да го поништи или укине прописот односно актот.

        Републичките секретаријати имаат право да го запрат извршувањето на противуставните и незаконските прописи и други општи акти на општинските органи на управата и се должни истовремено да побараат од извршниот орган на собранието на општината да го поништи или укине прописот односно актот.

Член 259

        Собранието на општината има право, до одлуката на уставниот суд, да го запре извршувањето на самоуправните општи акти што се во спротивност со уставот и со законите.

        Со закон може да се предвиди извршувањето на самоуправните општи акти на определени организации на здружениот труд и на други самоуправни организации и заедници, под исти услови, да го запре друг орган на општината или на Републиката.

Член 260

        Законите и другите прописи и општи акти на органите на општината и на Републиката се објавуваат пред да влезат во сила.

        Самоуправните општи акти не можат да се применуваат пред да се објават на соодветен начин.

Член 261

        Законите и другите прописи и општи акти влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето.

        Само од особено оправдани причини може да се определи закон, друг пропис или општ акт да влезе во сила во рок пократок од осум дена од денот на објавувањето, или истиот ден кога е објавен.

Член 262

        Законите, другите прописи и општите акти не можат да имаат повратно дејство.

        Само со закон може да се определи одделни негови одредби, ако тоа го бара општиот интерес утврден при донесувањето на законот, да имаат повратно дејство.

        Казнивите дела се утврдуваат и казните за тие дела се изрекуваат според законот односно прописот што важел во времето кога е извршено делото, освен ако новиот закон односно пропис е поблаг за сторителот.

Член 263

        Законите и другите прописи и општи акти на републичките органи се објавуваат на македонски јазик во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија".

        Со статутот на општината, со статутот на организацијата на здружениот труд и на друга самоуправна организација и заедница, се определува начинот на кој се објавуваат нивните општи акти.

Член 264

        Сите поединечни акти и мерки на органите на управата и на другите државни органи што вршат извршни и управни работи, како и поединечните акти на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници што тие ги донесуваат во вршењето на јавни овластувања, мораат да се засновуваат врз закон или врз друг законито донесен пропис.

Член 265

                 Државните органи, како и организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници што вршат јавни овластувања, можат да решаваат во поединечни предмети за правата и обврските или, врз основа на закон, да применуваат мерки на присилба или ограничување само во постапка пропишана со закон во која секому му е дадена можност да ги брани своите права и интереси и против донесениот акт да изјави жалба или да употреби друго правно средство предвидено со закон.

        Органите на управата можат да им налагаат обврски на одделни самоуправни организации и заедници во поглед на нивната работа само ако се за тоа со закон изречно овластени и во постапка пропишана со закон.

Член 266

        Против решенијата и другите поединечни акти на судските, управните и другите државни органи, како и против таквите акти на самоуправните организации и заедници што вршат јавни овластувања донесени во прв степен, може да се изјави жалба до надлежниот орган.

        Со закон може, по исклучок, во определени случаи да се исклучи жалбата ако на друг начин е обезбедена заштита на правата и на законитоста.

Член 267

        За законитоста на конечните поединечни акти со кои државните органи или самоуправните организации и заедници што вршат јавни овластувања решаваат за правата или обврските одлучува судот во управен спор, ако за определена работа со закон не е предвидена друга судска заштита.

        Само со закон може, по исклучок, во определени видови управни работи да се исклучи управниот спор.

Глава VII: Судство и јавно обвинителство

[уреди]

Член 268

        Судската функција во единствениот систем на власта и на самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе ја вршат редовните судови како органи на државната власт и самоуправните судови.

Член 269

        Судовите ги штитат слободите и правата на граѓаните и самоуправната положба на работните луѓе и на самоуправните организации и заедници и обезбедуваат уставност и законитост.

Член 270

        Судовите во вршењето на судската функција се независни и судат врз основа на уставот, законите и самоуправните општи акти.

Член 271

        Редовните судови се востановуваат со закон.

        Надлежноста, составот и организацијата на редовните судови и постапката пред тие судови се утврдуваат со закон.

Член 272

        Редовните судови: одлучуваат во споровите за основните лични односи, правата и обврските на граѓаните, правата и обврските на општествено-политичките заедници; изрекуваат казни и други мерки спрема сторителите на кривични дела и други казниви дела определени со закон; одлучуваат за законитоста на поединечните акти на државните органи и организациите што вршат јавни овластувања; ги решаваат споровите за имотните и работните односи, ако решавањето на овие спорови не им е доверено на самоуправните судови и решаваат за други односи кога е тоа предвидено со закон.

Член 273

        Редовните судови ги следат и проучуваат општествените односи и појави од интерес за остварувањето на своите функции и на собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија и другите државни органи и на самоуправните организации и заедници им даваат предлози за спречување на општествено опасните и штетните појави и за зацврстување на законитоста, општествената одговорност и социјалистичкиот морал.

        Редовните судови, во рамките на својот делокруг, имаат право и должност да го известуваат собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија за примената на законите и за својата работа.

Член 274

        Самоуправните судови се востановуваат со самоуправен акт или со спогодба меѓу странките, во согласност со уставот и закон. Самоуправни судови за определени видови спорови можат да се востановат и со закон.

        Надлежноста, составот и организацијата на самоуправниот суд, како и постапката пред тој суд, се уредуваат со закон односно со актот за востановување на судот во согласност со закон.

Член 275

                 Самоуправните судови решаваат со устав и закон определени видови спорови од општествено-економските и другите самоуправни односи, како и спорови што ќе им ги доверат работните луѓе во организациите на здружениот труд, во самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, а настанале од меѓусебните односи што самостојно ги уредуваат или што произлегуваат од правата со кои слободно располагаат, ако со закон не е утврдено определени видови спорови да ги решаваат редовните судови.

        Граѓаните можат решавањето на определени спорови за правата со кои слободно располагаат спогодбено да им ги доверат на мировни совети или на избрани судови или на други самоуправни судови, ако со закон не е поинаку определено.

Член 276

        Самоуправните судови се востановуваат како судови на здружениот труд, арбитражи, мировни совети, избрани судови и како други облици на самоуправни судови.

Член 277

        Судот на здружениот труд одлучува за постоење на услови за организирање на основни организации на здружениот труд и работни заедници и за барањата за заштита на правото на работа со општествени средства и на други самоуправни права и на општествената сопственост и ги решава споровите за организирање и издвојување на основни организации на здружениот труд, за спојување, припојување и поделба на организацијата на здружениот труд, за склучување и спроведување на самоуправни спогодби за здружување и за меѓусебните односи во здружениот труд, како и другите видови спорови од општествено-економските и другите самоуправни односи определени со закон.

        Образувањето, надлежноста и составот на судот на здружениот труд, како и постапката пред тој суд, се уредуваат во согласност со закон.

Член 278

        Расправата пред судот е јавна.

        Заради зачувување на тајната, заштита на моралот, интересот на малолетниците или заради заштита на други посебни интереси на општествената заедница, со закон се определува во кои случаи од расправата може да се исклучи јавноста.

Член 279

        Судот суди во совет.

        Со закон може да се определи во определени работи да суди судија поединец.

Член 280

        Во судењето учествуваат судии и работни луѓе и граѓани како судии, судии-поротници или поротници на начин утврден со закон односно со актот за востановување на судот.

        Со закон може да се пропише во определени судови и во определени работи во судењето да учествуваат само судии.

Член 281

        Судиите и граѓаните што учествуваат во судењето во редовниот суд ги избира и разрешува собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Судиите во редовните судови се избираат и разрешуваат на начин, под услови и според постапка со кои се обезбедува стручна способност и морално-политичка подобност за вршење на судската функција и независноста на судиите во судењето.

        Судиите и граѓаните што учествуваат во судењето во редовниот суд се избираат на определено време и можат да бидат повторно избрани.

        Судиите, граѓаните и работните луѓе што учествуваат во судењето во самоуправниот суд се избираат, именуваат и разрешуваат на начин пропишан со закон.

Член 282

        Никој што учествува во судењето не може да биде повикан на одговорност за мислење дадено при донесувањето на судска одлука, а во постапка поведена поради кривично дело сторено во вршењето на судската функција не може да биде притворен без одобрение на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 283

        Судијата не може да врши служба или работа што се неспоиви со судиската функција.

Член 284

        По жалба или друго правно средство против судска одлука може да одлучи само надлежен суд.

        Со законот односно со актот за востановување на самоуправниот суд се определува кога и под кои услови против негова одлука е допуштено правно средство.

        Со закон се определува под кои услови може одлука на самоуправен суд да се побива кај редовен суд и се уредува извршувањето на овие одлуки.

Член 285

                 Одлуките на судовите донесени во другите социјалистички републики и во социјалистичките автономни покраини имаат важност и се извршливи на територијата на Социјалистичка Република Македонија.

Член 286

        Јавното обвинителство е самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривични и други со закон определени казниви дела и презема со закон определени мерки за заштита на интересите на општествената заедница и вложува правни средства заради заштита на уставноста и законитоста.

Јавното обвинителство ја врши својата функција врз основа на уставот и законите, а во согласност со политиката утврдена со општите акти на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 287

        Повисокиот јавен обвинител може, во согласност со закон, да му дава задолжителни упатства на понискиот јавен обвинител за неговата работа и да презема вршење на одделни работи за кои е надлежен понискиот јавен обвинител.

        Повисокиот јавен обвинител може да го овласти понискиот јавен обвинител да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на друг понизок јавен обвинител.

Член 288

        Јавните обвинителства ги следат и проучуваат општествените односи и појави од интерес за остварување на своите функции и на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и на другите државни органи и на самоуправните организации и заедници им даваат предлози за спречување на општествено опасните и штетните појави и за зацврстување на законитоста, општествената одговорност и социјалистичкиот морал.

Јавните обвинителства во рамките на својот делокруг имаат право и должност да го известуваат собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија за примената на законите и за својата работа.

Член 289

        Јавните обвинителства се востановуваат и нивните надлежности се определуваат со закон.

Глава VIII: Народна одбрана

[уреди]

Член 290

        Неприкосновено и неотуѓиво право и должност на македонскиот народ и народностите, на работните луѓе и граѓаните е да ја штитат и бранат независноста, суверенитетот, територијалната целокупност и со уставот утврденото општествено и политичко уредување на Социјалистичка Република Македонија и на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        Работните луѓе и граѓаните имаат право да учествуваат во организирањето на народната одбрана и, во рамките на системот и плановите за одбрана, да им се обезбеди активно учество во одбраната на земјата, како и услови за оспособување за одбрана и заштита.

Член 291

        Никој нема право да признае или да потпише капитулација, ниту да прифати или признае окупација на Социјалистичка Република Македонија или на одделен нејзин дел. Никој нема право да ги спречи граѓаните на Социјалистичка Република Македонија да се борат против непријателот што ја нападнал земјата.

Член 292

        Социјалистичка Република Македонија во согласност со основите на системот на народната одбрана, ја утврдува организацијата на народната одбрана, начинот и облиците на подготовките и начелата на плановите и подготвителните мерки во воена состојба, ја организира народната одбрана и раководи со територијалната одбрана, цивилната заштита и другите подготовки за одбрана на земјата, а во случај на напад на земјата — го организира општонародниот отпор и раководи со него на територијата на Републиката, се грижи за сразмерна застапеност на Македонците и на народностите во старешинскиот состав на Југословенската народна армија и врши со закон определени работи за потребите на Југословенската народна армија.

Член 293

        Територијалната одбрана е дел од општонародната одбрана во Републиката, составен дел на вооружените сили на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и најширок облик на организирање на народот за вооружен отпор.

        Територијалната одбрана ја сочинуваат: штабови, единици, установи и други облици на вооружен општонароден отпор, што ги формираат и организираат Републиката, општините и организациите на здружениот труд.

        Во штабовите, единиците и установите на територијална одбрана се применува начелото за што посразмерна застапеност на припадниците на народностите на Републиката и рамноправноста на нивните писма и јазици.

        Во единиците на територијалната одбрана, составени од припадници на народностите, во командувањето и обуката се употребува јазикот на таа народност.

Член 294

        Цивилната заштита е облик на општонародната одбрана за организирање и подготвување на работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општината и Републиката за заштита и спасување на населението и материјалните добра од воени дејства, елементарни непогоди и други непогоди во мир.

Член 295

                 Право и должност на општините е, во согласност со основите на системот на народната одбрана, секоја на своето подрачје да ја уредува и организира народната одбрана, да ги насочува подготовките на месните заедници и на другите самоуправни организации и заедници во оваа област, да раководи со територијалната одбрана, цивилната заштита и другите подготовки за одбрана на земјата а во случај на напад на земјата — да го организира општонародниот отпор и да раководи со него.

Член 296

        Во месните заедници, работните луѓе и граѓаните непосредно се организираат и се подготвуваат за учество и давање отпор на агресорот, за заштита и спасување од воени дејства и за извршување на други задачи од интерес за одбраната на земјата.

Член 297

        Организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници го вршат правото и должноста на одбрана на земјата во согласност со законот, плановите и одлуките на општествено-политичките заедници, обезбедуваат средства за народна одбрана и вршат други задачи од интерес за народната одбрана. Овие организации и заедници се одговорни за извршување на тие задачи.

        Општествените организации, стручните и другите здруженија спроведуваат подготовки за општонародна одбрана во согласност со својата дејност, работат врз оспособување на своите членови за активно учество во општонародниот отпор и соработуваат со други органи и организации во спроведувањето на подготовките за општонародна одбрана.

Член 298

        Општествено-политичките организации вршат подготовки за работа во војна, учествуваат во изработката и усогласувањето на плановите и спроведувањето на подготвителните мерки, а во рамките на општината односно Републиката ја поттикнуваат и насочуваат активноста на своето членство и на граѓаните за одбрана на земјата.

ВТОР ДЕЛ: Социјалистичка Република Македонија

[уреди]

Глава IX: Права и должности на Социјалистичка Република Македонија

[уреди]

Член 299

        Социјалистичка Република Македонија ги има следните права и должности:

        1) го штити суверенитетот, независноста и националната слобода;

        2) обезбедува услови за остварување и развој на самоуправните социјалистички општествени односи;

        3) обезбедува заштита и услови за остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, се грижи за остварување на правата на работните луѓе утврдени заради обезбедување на нивната социјална сигурност и стабилност;

        4) создава услови и се грижи за остварување на самоуправните права на организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините;

        5) го обезбедува остварувањето на рамноправноста на македонскиот народ, народностите и на припадниците на другите народи на Југославија, како и на припадниците на етничките групи;

        6) ја утврдува општата политика за усогласен стопански и општествен развој на Републиката и за развој на недоволно развиените краишта, како и се грижи за нејзиното остварување;

        7) се грижи за усогласеноста на правниот систем на Републиката;

        8) обезбедува уставност и законитост;

        9) учествува во утврдувањето и спроведувањето на политиката на федерацијата;

        10) обезбедува заштита на поредокот утврден со уставот (државна безбедност);

        11) ја организира службата на државната безбедност и ја насочува нејзината работа;

        12) се грижи за организирањето на јавната безбедност во Републиката и ја усогласува работата на службите за јавна безбедност на општините;

        13) се грижи за функционирањето на општествената самозаштита;

        14) ја организира народната одбрана;

        15) ја врши судската функција и го организира правосудството;

        16) ја обезбедува посебната заштита на борците од Народноослободителната војна, воените инвалиди и семејствата од паднатите борци; заштитата на борците од Илинденското востание и другите националноослободителни борби на Македонија; заштитата на борците за демократски права и слободи и на учесниците во антифашистичката борба, на жртвите од фашистичкото насилство, цивилните инвалиди од војната и трудовите и другите инвалиди;

        17) ги обезбедува основните права од социјалната заштита и се грижи за развитокот на оваа заштита;

        18) се грижи за рационално искористување на просторот, за урбанистичко уредување и за заштита на природата;

        19) се грижи за развитокот и единството на системот на воспитувањето и образованието и за изедначувањето на условите за образование во Републиката; учествува во обезбедувањето услови за развиток на насоченото образование;

        20) се грижи и учествува во обезбедувањето услови за развиток на науката и научно-истражувачката работа;

        21) се грижи и учествува во обезбедувањето услови за развиток на културата, а учествува во обезбедувањето услови за унапредување на културните дејности од општ интерес за Републиката;

        22) се грижи за развитокот на здравствената заштита и презема мерки од општ интерес за Републиката во оваа област;

        23) се грижи за развитокот на физичката култура;

        24) се грижи за развитокот на техничката култура;

        25) се грижи за развитокот на детската заштита;

        26) се грижи за развитокот на општествените средства за јавно информирање;

        27) основа републички органи и републички организации и се грижи за нивното функционирање;

        28) се грижи за извршувањето на републичките и сојузните закони и другите прописи на територијата на Републиката и, доколку е овластена со сојузен закон, непосредно ги извршува;

        29) врши и други права и должности утврдени со уставот.

Член 300

        Правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија ги остваруваат републичките органи во рамките на нивната надлежност определена со овој устав и со законите.

        Републичките органи, во остварувањето на надлежностите утврдени со овој устав, ја утврдуваат политиката, донесуваат закони и други прописи и акти, се грижат за нивното извршување, вршат извршни и управни работи, преземаат соодветни мерки и извршуваат други задачи со кои се остваруваат правата и должностите на Републиката.

Член 301

        За уредување на работите од заеднички интерес за работните луѓе и граѓаните, за организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, Собранието на Социјалистичка Република Македонија донесува закони што се однесуваат на:

        1) обезбедувањето на општествено-економската положба и правата на работните луѓе во здружениот труд утврдени со Уставот и изедначување на општите услови за работа и живот на работните луѓе врз основите на взаемноста и солидарноста; системот на општественото планирање, општествениот план на Републиката, системот на регионалниот развој, развојот на недоволно развиените краишта и кредитирањето на нивниот побрз развој, како и на мерките за остварување на политиката за општествениот развој на Републиката; системот на просторното и урбанистичкото планирање; насочувањето на распределбата на доходот и личните доходи; меѓусебните односи на работниците во организациите на здружениот труд, вработувањето и заштитата во работата; самостојниот личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓаните; правната положба на организациите на здружениот труд и условите за вршење на определени дејности; задолжителното здружување во комори, во деловни заедници кога тоа го бара технолошкото единство на системот во одделни области и ако е тоа од интерес за Републиката, како и во заедници на определени видови организации на здружениот труд; републичките стоковни резерви заради обезбедување потребите на Републиката во случај на војна и во други вонредни прилики или заради обезбедување стабилност на пазарот во случај на поголеми нарушувања на пазарот; општествената контрола на цените на производите и услугите;

        2) системот на финансирањето на општините и на Републиката; придонесите, даноците, таксите и другите давачки; буџетите и јавните заеми; Народната банка на Македонија; Службата на општественото книговодство во Републиката; кредитниот и банкарскиот систем; системот на осигурување на имоти и лица; игрите на среќа;

        3) користењето на земјиштето, шумите и другите природни богатства и природните сили; ловот и риболовот; заштитата од загадување на воздухот, водата и земјиштето; спречувањето на штетната бучава; заштитата на човековата околина; заштита на животинскиот и растителниот свет; рударството, електростопанството и водостопанството; изградбата на инвестициони објекти и надзорот врз нив; премерот и катастарот на земјиштето; патиштата; патниот, железничкиот и езерскиот сообраќај и безбедноста на овој сообраќај; воздушниот, ПТТ и радио-сообраќајот; угостителството, туризмот и занаетчиските дејности;

        4) народната одбрана и подготвувањето на општонародниот отпор; државната и јавната безбедност и општествената самозаштита;

        5) републичкото државјанство; химната на Социјалистичка Република Македонија; републичките празници; републичките признанија и одликувања; употребата на знамињата; амнестијата и помилувањето;

        6) основите на изборниот систем во организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, како и на изборот и отповикувањето на членовите на делегациите; изборот и отповикувањето на претседател и членови на Претседателството на Републиката и на делегатите за собранијата; републичкиот референдум;

        7) организацијата и надлежностите на републичките органи; правата, должностите и одговорностите на работниците во општинските и републичките органи, од трудот и по основ на трудот; самоуправувањето во овие органи;

        8) образувањето и укинувањето на општини и определувањето и менувањето на нивните граници;

        9) сопственичките и другите имотно-правни односи; договорните и другите облигациони односи; прометот на недвижности; правото на сопственост на стан и основите на станбените односи; наследувањето; експропријацијата;

        10) положбата, правата и должностите на општествениот правобранител на самоуправувањето;

        11) судовите; јавното обвинителство; адвокатурата, правното застапување и другите видови правна помош;

        12) кривичната одговорност, кривичните дела, одговорноста за стопански престапи и за прекршоци што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија не ги утврдуваат сојузните органи; системот на прекршоците; извршувањето на санкциите за кривични дела, стопански престапи и прекршоци; посебните постапки во областите во кои општествените односи се уредуваат со републички закон;

        13) бракот, семејството и старателството;

        14) системот и организацијата на воспитувањето и образованието; стручните називи и академските титули: нострификацијата на дипломи стекнати во странство; системот и организацијата на научноистражувачката работа;

        15) основите на организацијата на културните дејности; заштитата на спомениците на културата и на природните реткости; музејската, архивската и библиотекарската дејност; издавачката дејност; филмот; сценско-уметничките дејности; изградбата на јавни споменици; системот на физичката и техничката култура; печатот, радиодифузијата и другите средства за јавно информирање;

        16) системот и организацијата на здравствената и социјалната заштита; основните права од социјалната заштита; детската заштита; системот на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување;

        17) заштитата на животот и здравјето на луѓето од заразни болести чие спречување и отстранување е од интерес за Републиката; заштитата на добитокот и растенијата од болести и штетници чие спречување и отстранување е од интерес за Републиката; производството на лекови и отрови; складирањето и заштитата од запаливи течности, гасови, експлозивни, радиоактивни и други опасни материјали и превозот на овие материјали;

        18) посебната заштита на борците од Народноослободителната војна, воените инвалиди и семејствата на паднатите борци; заштитата на борците од Илинденското востание и другите национално-ослободителни борби на Македонија; заштитата на борците за демократски права и слободи и на учесниците во антифашистичката борба, жртвите од фашистичкото насилство, цивилните инвалиди од војната и трудовите и другите инвалиди;

        19) собирањето и обработката на статистички и други податоци од интерес за Републиката;

        20) здружувањето на граѓаните; јавните собири и јавните приредби; слободата на движењето и населувањето; пријавувањето на живеалиштето и престојувалиштето;

        21) правната положба на верските заедници;

        22) заштитата од пожари и од елементарни непогоди;

        23) матичните книги; личните имиња и личните карти; прогласувањето на исчезнати лица за умрени и докажувањето на смртта;

        24) заверката на потписи, ракописи и преписи;

        25) набавувањето, поседувањето, носењето, испробувањето и обележувањето на оружје и муниција.

        Собранието може со закон да уредува и други односи и прашања што се од заеднички интерес за работните луѓе и граѓаните и самоуправните организации и заедници. Овие закони се донесуваат со мнозинство гласови на сите делегати во надлежните собори на Собранието.

        Собранието, во рамките на правата и должностите на Републиката, донесува закони и во областите што се уредени со сојузен закон.

        Собранието може да донесува закони ако е тоа од интерес за остварувањето на правата и должностите на Републиката и во областите што се уредуваат со сојузен закон, ако таков закон не е донесен.

Член 302

        Со закон може да се утврдат општи начела во следните области во кои работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат односите во општината, месната заедница, самоуправната интересна заедница, организацијата на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници:

        1) урбанистичкото уредување на населбите;

        2) доделувањето, уредувањето и употребата на градежно земјиште;

        3) уредувањето и користењето на земјиштето и добрата во општа употреба;

        4) организацијата на самоуправните интересни заедници и меѓусебните односи во нив;

        5) работењето и управувањето на комуналните работни организации;

        6) станбената изградба, нејзиното финансирање и управувањето (стопанисувањето) со станбените згради и становите во општествена сопственост;

        7) референдумот во општината, месната заедница, самоуправните интересни заедници, организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници.

        Собранието на Социјалистичка Република Македонија може, по иницијатива на повеќето од половината собранија на општините, со закон да утврди општи начела и по други прашања што работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат во општината, месната заедница, самоуправните интересни заедници, организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници.

        Овие закони се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови на сите делегати во надлежните собори на Собранието.

        Законот со кој се утврдуваат општи начела не се применува непосредно.

        Одлуките и другите општи акти што општините, месните заедници, самоуправните интересни заедници, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници ги донесуваат за уредување на работите од овој член, мора да бидат во согласност со општите начела утврдени со законот.

Член 303

        Во областите што не се уредуваат само со закон, општините можат, во рамките на своите права и должности, самостојно да донесуваат прописи заради уредување на прашања и односи од интерес за општината. Во овие области може да се донесе закон само ако тоа го бара општиот интерес на Републиката. Прописите донесени во овие области општините се должни да ги усогласат со подоцна донесениот закон во рок од три месеци по влегувањето во сила на законот. Со денот на влегувањето во сила на тој закон престануваат да важат одредбите на прописите на општината што се однесуваат на прашањата уредени со законот.

        Во областите што се уредени со републички закон општините можат, во рамките на своите права и должности, да донесуваат прописи заради уредување на одделни прашања што не се уредени со законот. Овие прописи мора да бидат во согласност со законот.

        Општините можат со закон да бидат овластени да донесуваат прописи за извршување на одделни закони или на одделни нивни одредби.

        Во областите што не се уредуваат со закон и прописи на општината, работните луѓе самостојно ги уредуваат прашањата и односите од нивни интерес и од интерес за организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници.

Член 304

        Општите општествени потреби што се остваруваат во Републиката се:

        — функционирањето на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и на републичките органи;

        — работите на народната одбрана од надлежност на Републиката;

        — дополнителните средства на општините;

        — посебната боречка заштита од надлежност на Републиката;

        — со закон утврдените обврски на Републиката за учество во финансирањето на воспитувањето и образованието, науката и научноистражувачката работа, културата, физичката и техничката култура, здравствената заштита, социјалната заштита, пензиското осигурување, заштитата на природата;

        — поттикнувањето и помагањето на со закон утврдените обврски на Републиката за побрз развој на стопански недоволно развиените краишта;

        — финансирањето на функциите на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија утврдени со овој устав;

        — интервенциите во стопанството заради заштита на животниот стандард на работните луѓе и граѓаните;

        — со закон утврдените обврски на Републиката за учество во финансирањето на изградба, одржување и реконструкција на патиштата и на објектите за заштита од поплави; истражувачките работи во рударството; изградбата и опремувањето на објектите за заштита од градобијност и пошумувањето на голините;

        — учеството на Републиката во финансирањето на функциите на федерацијата.

        Републиката самостојно располага со средствата за финансирање на општите општествени потреби што се остваруваат во Републиката и ги распределува со републичкиот буџет.

Член 305

        Кога е неопходно да се спречат и да се отстранат поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на народната одбрана или други вонредни потреби на земјата, со закон можат да се пропишат:

        — граници во кои општините и Републиката можат да ги утврдуваат своите приходи од доходот на организациите на здружениот труд и од прометот на производите и услугите;

        — обврска на организациите на здружениот труд, на самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините и Републиката да обезбедуваат резервни општествени средства;

        — привремена забрана на располагање со дел од општествените средства за потрошувачка или со дел од општествените средства за финансирање на проширената репродукција од страна на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и општините и Републиката;

        — начинот на располагање со вишоците на приходите на буџетите на општините и Републиката, како и со вишоците на приходите на самоуправните интересни заедници што произлегуваат од обврските утврдени со закон.

        Овој закон се донесува со мнозинство гласови на сите делегати во Соборот на здружениот труд.

Член 306

        Финансирањето на побрзиот развој на стопански недоволно развиените краишта во Републиката се врши во согласност со условите за општиот развој на Републиката.

        Се образува посебен фонд на Републиката за кредитирање на побрзиот развиток на стопански недоволно развиените краишта.

        Стопански недоволно развиените краишта во Републиката, како и изворите на приходите, управувањето и начинот на работењето на Фондот, се утврдуваат со закон.

        Управувањето и работењето на фондот се утврдуваат на начин што обезбедува со средствата да управуваат и располагаат делегираните претставници на Републиката, општините на неразвиените краишта и асоцијациите на организациите на здружениот труд заинтересирани за остварување на целите на Фондот.

Член 307

        Републиката може, во рамките на своите права и должности, да основа фондови за доделување на општествени признанија.

        Фондовите се основаат и се укинуваат со закон.

Член 308

        Републичките органи, во рамките на правата и должностите утврдени со овој устав, ја утврдуваат политиката на извршувањето на републичките закони и на другите општи акти на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, го следат нивното извршување и вршат други извршни и управни работи.

        Републичките органи, во рамките на правата и должностите на Републиката утврдени со овој устав, непосредно одговараат за извршувањето и применувањето на републичките закони и на другите републички прописи како и за извршувањето и применувањето на сојузните закони и на другите сојузни прописи за чие извршување не се непосредно одговорни сојузните органи.

Член 309

        Општинските органи го обезбедуваат извршувањето на законите и другите прописи и непосредно ги извршуваат, доколку нивното извршување со законот или прописот не им е ставено во надлежност на републичките органи односно во надлежност на установите и организациите што вршат работи од јавен интерес.

Член 310

        Републичките органи имаат спрема општинските органи само права утврдени со уставот и со законите.

        Општинските органи се должни да го обезбедуваат извршувањето на законите, другите прописи и мерки на републичките органи во работите од општ интерес за Републиката и за таа цел да соработуваат со нив кога тие оваа соработка ја бараат, во согласност со законот.

        Со закон може да се предвиди во извршувањето на одделни работи од општ интерес за Републиката, републичките органи да имаат право на општинските органи да им даваат задолжителни инструкции, да вршат право на надзор над работата на тие органи, да ги задржуваат од извршување нивните незаконски акти донесени во вонуправната постапка, како и да им се дадат други овластувања заради обезбедување на извршувањето на овие работи.

        Работи од општ интерес за Републиката се со закон определени работи за чие извршување се одговорни републичките органи и кога непосредно ги извршуваат органите на општината.

Член 311

        Само со закон може на подрачјето на општината да се образуваат органи на управата за вршење одделни управни работи од надлежноста на Републиката, како и да се пропишува обврска на општините да образуваат органи на управата за вршење на такви работи или работи од општ интерес за Републиката што и се пренесени во надлежност на општината.

        Републиката може непосредно преку свои органи да го обезбедува извршувањето на законите и другите републички прописи за чие извршување се надлежни општинските органи, ако и додека овие органи не ги извршуваат тие прописи, со обврска општината да ги надомести трошоците причинети со тоа.

        Со закон може да се определи републичките органи што вршат работи на инспекција или надзор да ги вршат овие работи непосредно на целата територија на Републиката заради контрола на извршувањето на законите и заштита на законитоста и правата на работните луѓе, граѓаните и организациите.

Член 312

        Собранието на Социјалистичка Република Македонија може, кога тоа го бараат вонредни околности, со одлука да им даде на републичките секретаријати и на другите републички органи и организации посебни овластувања во односите со општинските органи на управата. Во вршењето на овие овластувања тие органи и организации можат, за времето додека траат вонредните околности, непосредно да организираат и да раководат со определени акции, како и да определуваат или непосредно да преземаат други мерки што ги бараат вонредните околности на загрозеното подрачје.

Член 313

        Одделни работи од надлежноста на Републиката во врска со извршувањето на законите можат со закон да им се пренесат во надлежност на општинските органи.

Член 314

        За решавање на прашања од општ интерес за Републиката, како и за претходно изјаснување на граѓаните за одделни предлози на закони, одлуки и мерки или за нивно потврдување, Собранието на Социјалистичка Република Македонија може да распише референдум.

        Со закон можат да се определат прашањата по кои задолжително се распишува референдум.

        Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Член 315

        Социјалистичка Република Македонија соработува со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и со нив развива меѓусебни односи во остварувањето на задачите од заеднички интерес, а особено во поглед на усогласувањето на стопанскиот и општиот општествен развој, во уредувањето на општествените односи и во другите области од надлежност на републиките и покраините, кога е тоа во заеднички интерес и придонесува за создавање поповолни услови за остварување правата на работните луѓе, граѓаните, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, рамноправноста на народите и народностите и за обезбедување на единството и стабилноста на југословенскиот пазар, народната одбрана и безбедноста на земјата.

        Оваа соработка ја остваруваат Собранието на Социјалистичка Република Македонија, Претседателството на Републиката, Извршниот совет, републичките органи на управата, собранијата на општините и нивните органи, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, општествено-политичките организации, стручните и други здруженија, во рамките на своите надлежности односно дејности.

        Социјалистичка Република Македонија ја поттикнува и помага соработката на собранијата на општините и нивните органи, организациите на здружениот труд, интересните заедници и другите самоуправни организации и заедници и на стручните и други здруженија со соодветните органи и организации од другите социјалистички републики и од социјалистичките автономни покраини.

        Заради успешно остварување на соработката, органите на Социјалистичка Република Македонија во договор со надлежните органи на одделни или на сите републики и покраини, можат да основаат заеднички органи, организации и други тела, да преземаат заеднички акции, да здружуваат средства и да поттикнуваат размена на искуства и други облици на соработка.

        Заклучоците на заедничките органи, организации и тела ги обврзуваат органите и организациите во Републиката само ако, во рамките на своите права и должности утврдени со овој устав и со републичките закони, ги усвои надлежниот републички орган и ги пропише со соодветен пропис односно ги утврди со друг акт.

Член 316

        Социјалистичка Република Македонија учествува рамноправно со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини во утврдувањето и спроведувањето на надворешната политика на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и на нејзините односи со други држави и со меѓународни органи и организации.

        Социјалистичка Република Македонија остварува соработка со органи и организации на други држави и со меѓународни органи и организации, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија.

        Социјалистичка Република Македонија посебно се грижи за развивањето на политички, економски, културни и други односи со соседните како и со други држави и меѓународни органи и организации што се од значење за Републиката или за правата и интересите на нејзините работни луѓе и граѓани, македонскиот народ и народностите, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници.

        Општините, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници остваруваат соработка со соодветни странски и меѓународни органи и организации и со административните единици на странски држави, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија и политиката на Републиката за оваа соработка.

        Социјалистичка Република Македонија ја усогласува и насочува соработката на општините, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници со соодветни странски и меѓународни органи и организации и со административните единици на странски држави.

Глава X: Собрание на Социјалистичка Република Македонија

[уреди]
1. Положба и надлежност
[уреди]

Член 317

        Собранието на Социјалистичка Република Македонија е орган на општественото самоуправување и највисок орган на власта во рамките на правата и должностите на Републиката.

        Собранието своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на овој устав и законите.

Член 318

        Собранието, како основен носител на правата и должностите на Социјалистичка Република Македонија, непосредно и исклучиво:

        1) го менува Уставот;

        2) донесува закони и дава автентични толкувања на законите;

        3) го донесува републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот;

        4) одлучува за распишување на јавни заеми;

        5) претресува општи политички прашања и ги утврдува основите на политиката во рамките на правата и должностите на Републиката, ги утврдува обврските на републичките органи и организации за извршување на законите и другите акти и политиката на Собранието;

        6) одлучува за измена на границите на Социјалистичка Република Македонија;

        7) дава согласност на актите што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија;

        8) распишува републички референдум;

        9) претресува прашања од областа на надворешната политика и меѓународните односи;

        10) основа организации на здружениот труд и други организации, чија дејност е од општ интерес за Републиката, определени со закон;

        11) дава амнестија за кривични дела определени со закон;

        12) врши политичка контрола над работата на Извршниот совет и на републичките органи на управата, како и на носителите на јавните и општествените функции што му одговараат на Собранието и ја насочува нивната работа;

        13) врши контрола над извршувањето на републичките општествени планови, републичките буџети и финансиските планови на републичките фондови определени со закон; врши општествен надзор;

        14) ги претресува предлозите и мислењата на Уставниот суд на Македонија за проблемите на остварувањето на уставноста и законитоста;

        15) ги претресува извештаите на републичките судови за примената на законите од страна на судовите; ги претресува извештаите на органите на републичката управа, како и извештаите на самоуправните организации и заедници определени со закон и зазема начелни ставови по тие извештаи;

        16) претресува прашања од заеднички интерес за организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници;

        17) ги донесува и одобрува финансиските планови и завршните сметки на републичките фондови определени со закон;

        18) избира и разрешува претседател и потпретседател на Собранието;

        19) избира и разрешува претседател и членови на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија;

        20) избира и отповикува член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од Социјалистичка Република Македонија;

        21) ја избира и отповикува делегацијата на Собранието на Социјалистичка Република Македонија во Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;

        22) избира и разрешува претседател и членови на Извршниот совет;

        23) избира и разрешува претседатели и членови на комисиите и на другите работни тела на Собранието;

        24) избира и разрешува претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, на Врховниот суд на Македонија и на други судови кога е тоа определено со закон;

        25) именува и разрешува републички секретари, секретар на Извршниот совет, јавен обвинител на Македонија, републички општествен правобранител на самоуправувањето и други републички функционери определени со закон или со друг акт на Собранието, како и членови на органите на управувањето за кои тоа е определено со закон или со друг акт на Собранието;

        26) остварува соработка со собранијата на другите социјалистички републики и на социјалистичките автономни покраини по прашања од заеднички интерес и ја насочува работата на органите во Републиката во работите од меѓурепубличката соработка;

        27) одлучува за продолжување на мандатот на делегациите и на делегатите во Собранието на Социјалистичка Република Македонија и во собранијата на општините;

        28) врши други работи утврдени со овој устав.

        Собранието може да донесува одлуки, декларации и резолуции и на државните органи и на организациите на здружениот труд и други самоуправни организации и заедници да им дава препораки во кои се изразува мислење по прашања од општ интерес.

        Организациите на здружениот труд, другите самоуправни организации и заедници и државните органи на кои им е упатена препораката, ја разгледуваат и заземаат став по прашањата на кои се однесува препораката.

2. Состав и избор
[уреди]

Член 319

        Собранието го сочинуваат: Собор на здружениот труд, како собор на делегати на работните луѓе во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници на трудот; Собор на општините, како собор на делегати на работните луѓе и граѓаните во општините и Општествено-политички собор, како собор на делегати на работните луѓе и на граѓаните организирани во општествено-политичките организации.

Член 320

        Собранијата на самоуправните интересни заедници во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита рамноправно со надлежните собори на Собранието одлучуваат за прашањата од тие области што се во надлежност на Собранието.

        Собранијата на овие самоуправни интересни заедници, за учество во одлучувањето во Собранието, се организираат на начин определен со закон.

Член 321

        Соборот на здружениот труд го сочинуваат 120 делегати.

        Работните луѓе во здружениот труд од секоја општина делегираат во Соборот на здружениот труд најмалку по еден делегат.

        Бројот на делегатите што се делегираат во Соборот на здружениот труд од одделни области на здружениот труд се определува со закон, сразмерно со бројот на работните луѓе, водејќи сметка за обезбедувањето на соодветна застапеност на работните луѓе од определени области на општествениот труд односно на одделните подрачја во Републиката.

Член 322

        Делегатите во Соборот на здружениот труд ги делегираат соборите на здружениот труд на собранијата на општините од составот на делегациите на основните самоуправни организации и заедници на трудот, со тајно гласање.

        Делегатите во Соборот на здружениот труд се делегираат за време од четири години.

        Соборите на здружениот труд на собранијата на општините, што го делегирале делегатот, можат овој делегат да го заменат со друг делегат.

Член 323

        Во Соборот на општините секоја општина и секоја градска заедница делегира по двајца делегати.

Член 324

        Делегатите во Соборот на општините ги делегираат собранијата на општините и собранијата на градските заедници на заедничка седница на сите собори, со тајно гласање.

        Делегатите во Соборот на општините се делегираат од редот на делегациите на основните самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките организации во општината, за време од четири години.

        Собранијата на општините и на град ските заедници можат во Соборот на општините да делегираат делегат за определен временски период или за одделна седница на Соборот. Начинот на делегирањето на овие делегати се уредува со статутот на општината односно на градската заедница.

Член 325

        Општествено-политичкиот собор го сочинуваат 60 делегати.

        Општествено-политичките организации во Републиката, во рамките на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија, договорно утврдуваат листа на кандидати за делегати во Општествено-политичкиот собор, од редот на своите делегации.

        За изборот на делегатите во Општествено-политичкиот собор, врз основа на листата на кандидатите, се изјаснуваат општествено-политичките собори на собранијата на општините, со тајно гласање.

        Делегатите во Општествено-политичкиот собор се делегираат за време од четири години.

Член 326

        Ако мандатот им престане истовремено на повеќе од една четвртина од делегатите во Општествено-политичкиот собор, пополнувањето на упразнетите места се врши на начинот утврден за избор на делегатите во Соборот во целина.

        Кандидирањето на одделен делегат во Општествено-политичкиот собор, на местото на делегатот кому му престанал мандатот пред истекот на времето за кое бил избран, се пропишува со закон.

Член 327

        Изборот и отповикувањето на делегатите во соборите на Собранието се уредуваат со закон.

Член 328

        Делегат во собор на Собранието не може истовремено да биде именуван функционер на државен орган што му одговара на Собранието, ниту судија што го избира Собранието.

Член 329

        Избори за делегати во соборите на Собранието распишува претседателот на Собранието.

        Изборите мора да се одржат најдоцна петнаесет дена пред истекот на изборниот период на делегатите на кои им истекува мандатот.

        Од денот на распишувањето на изборите до денот на изборот на делегатите не може да помине повеќе од два месеци ниту помалку од еден месец.

        Со денот на верификацијата на мандатите на новите делегати им престанува функцијата на делегатите на кои им истекол мандатот.

Член 330

        Собранието може во вонредни околности да го продолжи мандатот на делегатите за време додека трае ваквата состојба.

        Избори се распишуваат веднаш штом ќе престанат околностите поради кои бил продолжен мандатот.

3. Делокруг и работа
[уреди]

Член 331

        Работите од надлежноста на Собранието соборите ги вршат самостојно, рамноправно и на заедничка седница.

        Работите во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита од надлежноста на Собранието ги вршат надлежните собори на Собранието рамноправно со собранијата на самоуправните интересни заедници од тие области.

Член 332

        Соборот на здружениот труд самостојно:

        — претресува прашања од интерес за работните луѓе и за организациите на здружениот труд во областа на стопанството, прашања од областа на распределбата на доходот и на личните доходи како и други прашања од областа на стопанството и финансиите, донесува закони и други акти во тие области и дава автентични толкувања на законите што ги донесува;

        — основа организации на здружениот труд;

        — претресува и одлучува по други прашања од надлежноста на Собранието што не се ставени во рамноправен делокруг со друг собор или со собранијата на самоуправните интересни заедници односно што не се во нивни самостоен делокруг.

Член 333

        Соборот на здружениот труд, Општествено-политичкиот собор и Соборот на општините рамноправно го донесуваат републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот и претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите од областа на народната одбрана и општествената самозаштита; надворешната политика; менувањето на границите на Републиката; системот на финансирањето на општините и на Републиката; побрзиот развиток на стопански недоволно развиените краишта; регионалниот развој на Републиката; празниците и одликувањата на Социјалистичка Република Македонија; референдумот; изборот и отповикувањето на делегациите и делегатите и изборниот систем во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници.

Член 334

        Соборот на здружениот труд и Општествено-политичкиот собор рамноправно:

        — претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите во областа на: системот на социјалистичките самоуправни односи; општествено-политичкиот систем; слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот; заштитата на поредокот утврден со уставот и јавната безбедност; правосудството; привремените мерки спрема организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници; сопственичко-правните и другите имотно-правни односи; боречката заштита; безбедноста на патниот, железничкиот и езерскиот сообраќај; заштитата од пожари и од елементарни непогоди и игрите на среќа;

        — превземаат привремени мерки спрема организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници;

        — ги остваруваат правата на Собранието во поглед на одговорноста на Извршниот совет и на функционерите што ги избира или именува Собранието и ги укинуваат или поништуваат прописите и другите акти на Извршниот совет што се во спротивност со уставот или со законите;

        — вршат општествен надзор;

        — ги потврдуваат самоуправните спогодби односно статутите на самоуправните интересни заедници како и статутите и другите општи акти на организациите на здружениот труд кога е тоа определено со закон;

        — основаат републички органи на управата и републички организации;

        — ги донесуваат односно одобруваат финансиските планови и завршните сметки на републичките фондови определени со закон;

        — именуваат и разрешуваат членови на органите на управување на организациите на здружениот труд и на други самоуправни организации и заедници определени со закон или со друг акт на Собранието;

        — одлучуваат за надоместоците на функционерите што ги избира односно именува Собранието;

        — донесуваат одлука за организацијата и делокругот на стручните служби на Собранието.

Член 335

        Соборот на здружениот труд и Соборот на општините рамноправно:

        — претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите во областа на просторното и урбанистичкото планирање; урбанистичкото уредување на населбите; доделувањето, уредувањето и употребата на градежното земјиште; уредувањето и користењето на земјиштето и добрата во општа употреба; функционирањето и управувањето на комуналните организации на здружениот труд; станбената изградба, нејзиното финансирање и управувањето (стопанисувањето) со станбените згради и становите во општествена сопственост и заштитата на природата и човековата околина;

        — одлучуваат за распишување на јавни заеми;

        — претресуваат и други прашања што работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат во општината и во месната заедница.

Член 336

        Општествено-политичкиот собор и Соборот на општините рамноправно претресуваат прашања, донесуваат закони и даваат автентични толкувања на законите од областа на остварувањето на уставната положба и рамноправноста на народностите како и на припадниците на етничките групи; републичкото државјанство; химната; употребата на знамињата; бракот, семејството и старателството; наследувањето; образувањето и укинувањето на општини и утврдувањето и менувањето на нивните подрачја; здруженијата на граѓаните, јавните собири и јавните приредби; матичните книги, личните имиња и личните карти; прогласувањето на исчезнати лица за умрени и докажувањето на смртта; заверката на потписи, ракописи и преписи; набавувањето, поседувањето, носењето, испробувањето и обележувањето на оружје и муниција.

Член 337

        Општествено-политичкиот собор самостојно:

        — претресува одделни прашања од функционирањето на општествено-политичкиот систем, надворешната политика, народната одбрана и општествената самозаштита, остварувањето на самоуправувањето во самоуправните организации и заедници и по тие прашања може да донесува препораки;

        — дава амнестија за кривични дела определени со закон.

Член 338

        Собранието на заедничка седница на сите собори:

        — избира и разрешува претседател и потпретседател на Собранието и претседатели и членови на заедничките комисии и на другите работни тела на Собранието;

        — избира и разрешува претседател и членови на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија;

        — избира и отповикува член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;

        — избира и отповикува делегација на Собранието во Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;

        — избира и разрешува претседател и членови на Извршниот совет;

        — избира и разрешува претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, на Врховниот суд на Македонија и на другите судови определени со закон;

        — именува и разрешува републички секретари, секретар на Извршниот совет, републички функционери и претседатели и членови на колегијални органи на управата, определени со закон;

        — врши други избори, именувања и разрешувања од надлежноста на Собранието што не се во делокруг на одделен собор или во рамноправен делокруг на соборите;

        — донесува деловник на Собранието;

        — одлучува за продолжување на мандатот на делегатите во Собранието и во собранијата на општините и утврдува дека престанале околностите поради кои мандатот на делегатите бил продолжен.

Член 339

        Соборот на здружениот труд и собранијата на самоуправните интересни заедници во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита, рамноправно претресуваат прашања, донесуваат закони и други општи акти и даваат автентични толкувања на законите во областите за кои се образувани тие заедници.

Член 340

        Одлука за издвојување на дел од доходот за заеднички и општи општествени потреби и за намената и обемот на средствата за овие потреби не може да се донесе ако не ја усвои Соборот на здружениот труд.

Член 341

        Соборот на Собранието донесува полноважни одлуки со мнозинство гласови на седница на која присуствуваат мнозинството делегати во соборот, доколку со овој устав за донесување на одделни одлуки не се бара посебно мнозинство.

        Собранието на заедничка седница на сите собори донесува полноважни одлуки со мнозинство на гласови, доколку со овој устав не се бара посебно мнозинство. За донесување на одлуки на заедничката седница потребно е присуство на мнозинството од делегатите во секој собор.

Член 342

        Собор на Собранието заседава и одлучува одделно на свои седници, но соборите можат да одлучат да заседаваат и да работат заедно.

        Соборите што учествуваат рамноправно во донесувањето на закони или други акти можат да одлучат законот или актот да го претресат или да го донесат на заедничка седница.

        Соборите можат да одлучат на заедничка седница да претресат прашања од заеднички интерес за тие собори.

        Кога соборите ќе одлучат да гласаат на заедничка седница, делегатите во секој собор гласаат одделно.

        Гласањето е јавно, освен ако Собранието или соборот не определи гласањето да се врши тајно.

Член 343

        Собранието има деловник.

        Секој собор на Собранието самостојно донесува деловник за својата работа.

Член 344

        Секој собор на Собранието самостојно врши верификација на мандатите и одлучува за мандатно-имунитетните прашања на делегатите во соборот.

4. Донесување на закони
[уреди]

Член 345

        Право на предлагање на закони или други акти има секој делегат и одбор на собор во својот собор, Извршниот совет и комисија на Собранието.

        Секој собор и собранијата на самоуправните интересни заедници што учествуваат во одлучувањето во Собранието можат да предложат донесување на закони и други акти од делокругот на друг собор.

Член 346

        Барање за донесување на закон можат да поднесат: собрание на општина и на градска заедница, самоуправна организација и заедница и нивни здруженија, стопанска комора, општествено-политичка организација, здружение на граѓани и граѓани.

Член 347

        Собранијата на самоуправните интересни заедници во областите на образованието, науката, културата, здравството и на социјалната заштита ги претресуваат предлозите на републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот и на соборите на Собранието им даваат свои мислења и предлози.

        Ако во соборите на Собранието не се постигне согласност за истоветноста на текстот на републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот, трите собори образуваат заедничка комисија од по три члена, на која и доверуваат усогласување на ставовите по спорните прашања.

        Ако во заедничката комисија на трите собори не се постигне согласност или ако соборите не го усвојат мислењето на заедничката комисија, трите собори одржуваат заедничка седница. Републичкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот се донесуваат со мнозинство гласови на делегатите што присуствуваат на заедничката седница на трите собори.

Член 348

        Секој собор на Собранието има право да претресува предлог на закон и друго прашање од делокругот на друг собор и по тој предлог или прашање да му даде мислење на надлежниот собор, ако предлогот или прашањето се однесува и на областа од неговиот делокруг.

        Надлежниот собор може да бара од друг собор мислење по предлог на закон и по друго прашање од својот делокруг.

        Надлежниот собор е должен да ги земе во претрес мислењата на другите собори и да заземе став по нив.

Член 349

        Собор на Собранието може да одлучи предлог на закон, во чие донесување учествува, да се изнесе на јавна дискусија, а при претресувањето на предлогот на закон или друг акт може на седницата да повика претставници на самоуправни организации и заедници, на општествено-политички организации и на здруженија за давање мислења и предлози.

Член 350

        Законот или општиот акт во чие донесување рамноправно учествуваат два или повеќе собори на Собранието се смета за донесен кога е изгласан во истоветен текст во тие собори.

        Ако не се постигне согласност за истоветноста на текстот на законот или општиот акт ниту по два претреса едноподруго, за спорното прашање соборите образуваат заедничка комисија составена од еднаков број членови на соборите, на која и се доверува составување на предлог за решавање на спорот.

        Ако во заедничката комисија не се постигне согласност или еден од соборите не го усвои текстот што го предложила заедничката комисија, предлогот на законот или на општиот акт се изнесува на заедничка седница на соборите.

        Ако не се постигне согласност ниту на заедничката седница, предлогот на законот или на општиот акт се симнува од дневен ред на Собранието и одново може да се стави на дневен ред по предлог на еден од соборите дури по истекот на шест месеци од денот на симнувањето од дневниот ред. Врз основа на одлука на соборите спорниот закон односно општ акт може да се стави на дневен ред и пред истекот на овој рок.

Член 351

        Одредбите од ставовите 1 до 3 од член 350 на овој устав се применуваат и во случаите кога законот односно општиот акт се донесува со рамноправно учество на собор на Собранието и на собранието на самоуправната интересна заедница.

        Кога поради несогласност меѓу собор на Собранието и собранието на самоуправната интересна заедница од соодветната област не може да биде донесен закон односно општ акт законот односно општиот акт се смета за донесен во текстот изгласан во надлежниот собор на Собранието, ако за него гласале мнозинството делегати во надлежните собори.

5. Претседател на Собранието и претседатели на соборите
[уреди]

Член 352

        Собранието има претседател и еден или повеќе потпретседатели што се избираат од редот на делегатите во соборите на Собранието.

        Претседателот и потпретседателите на Собранието и претседателите на соборите се избираат за време од 4 години.

        Претседателот и потпретседателите на Собранието и претседателите на соборите не можат на истата функција да бидат избирани повеќе од два пати едноподруго.

        Собранието има секретар што го именуваат и разрешуваат сите собори на заедничка седница.

Член 353

        Претседателот на Собранието го претставува Собранието, свикува заеднички седници на соборите и претседава на нив, се грижи за примената на деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со овој устав и со деловникот на Собранието.

        Претседателот на Собранието може да свика заедничка седница на сите собори заради претресување на прашања од општо политичко значење.

        Претседателот на Собранието свикува заедничка седница на сите собори и по предлог од најмалку два собора.

        Претседателот на Собранието ги потпишува сите акти на Собранието, освен актите што самостојно ги донесува одделен собор.

        Претседателот на Собранието ги потпишува указите за прогласување на законите.

Член 354

        Секој собор на Собранието има претседател и потпретседател што ги избира од редот на делегатите во соборот.

        Седници на одделен собор свикува претседателот на соборот врз основа на одлука на самиот собор или по сопствена иницијатива, а е должен да свика седница по предлог од претседателот на Собранието и во други случаи кога е тоа определено со овој устав или со деловникот на соборот.

        Ако претседателот на соборот не свика седница кога е тоа определено со овој устав, соборот ќе се состане по покана од најмалку дваесет делегати во соборот или седницата на соборот ќе ја свика претседателот на Собранието.

        Претседателот на соборот ги потпишува актите што ги донесува соборот самостојно и ги спрема, потпишува сите други акти во чие донесување учествува соборот, освен указите за прогласување на законите.

Член 355

        Претседателот на Собранието со потпретседателите на Собранието и со претседателите на соборите ги толкува одредбите на деловникот на Собранието и на деловниците на соборите за надлежноста на соборите на Собранието и на нивните работни тела и зазема ставови по други прашања од заеднички интерес за работата на соборите определени со деловникот на Собранието.

6. Права и должности на делегатите
[уреди]

Член 356

        Секој делегат има право да му поднесува на соборот во кој е делегиран предлози на закони, одлуки, препораки, декларации и резолуции и да покренува други прашања од делокругот на соборот.

Член 357

        Делегатот има право да му предлага на соборот во кој е делегиран претресување на прашања што се однесуваат на политиката и на работата на Извршниот совет, на извршувањето на законите или на работата на републичките органи на управата и на републичките организации.

        Определен број делегати имаат право, согласно со деловникот, да предлагаат избор, именување и разрешување на функционери што ги избира односно именува Собранието, доколку со овој устав не е определено поинаку.

        Секој делегат има право да им поставува на Извршниот совет и на функционерите што раководат со републичките органи на управата и со републичките организации прашања што се однесуваат на нивната работа или на работите од нивната надлежност.

Член 358

        Секој делегат има право да бара известување од републичките секретари и другите функционери што раководат со самостојните републички органи на управата.

        Републичкиот секретар односно другиот функционер е должен на делегатот да му го даде бараното известување.

Член 359

        Делегатот е одговорен пред делегацијата на самоуправната организација односно заедница што го делегирала и е должен да ја известува за својата работа и за работата на соборот во кој е делегиран.

        Делегатот има право и должност да учествува во работата на собранието на општината на чие подрачје се наоѓа самоуправната организација односно заедница што го делегирала.

        Заради вршење на својата должност делегатот има право од државните органи, организациите на здружениот труд и од другите самоуправни организации и заедници да бара податоци што му се потребни за неговата работа во Собранието.

Член 360

        Делегатот има право, под условите определени со закон, да се врати на своето поранешно или на соодветно работно место и да остварува определени права што се стекнуваат врз основа на трудот, ако поради вршењето на функција во Собранието морал да ја прекине работата.

Член 361

        Делегатот ужива имунитет во Собранието и надвор од него.

        Делегатот не може да биде повикан на одговорност, притворен, ниту казнет за искажано мислење или давање глас во Собранието.

        Делегатот не може да биде притворен без одобрение на соборот во кој е делегиран, ниту против него, ако се повика на имунитетот, може да се поведе кривична постапка без одобрение на соборот.

        Делегатот може да биде притворен без одобрение на соборот во кој е делегиран само ако е затекнат во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна строг затвор во траење подолго од пет години. Во таков случај државниот орган што го лишил делегатот од слобода е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието. Претседателот ќе го изнесе ова прашање пред соборот за да одлучи дали постапката ќе се продолжи односно дали решението за лишување од слобода ќе остане во сила.

        Соборот може да го воспостави имунитетското право и на делегатот кој не се повикал на имунитетот, ако е тоа потребно заради вршењето на функцијата на делегатот.

        Ако соборот не заседава, одобрение за лишување од слобода и за поведување односно за продолжување на кривичната постапка дава и одлучува за воспоставувањето на имунитетното право на делегатот мандатно-имунитетната комисија на соборот со дополнителна потврда на соборот.

7. Работни тела
[уреди]

Член 362

        За разгледување предлози на закони и на други акти и за проучување и претресување на други прашања од надлежноста на Собранието и неговите собори, Собранието и соборите можат да образуваат комисии, одбори и други постојани и повремени работни тела.

        Составот, задачите и начинот на работа на работните тела се утврдуваат со деловникот и со одлуки на Собранието односно на соборите.

Член 363

        Со деловникот на Собранието и со деловниците на соборите на одделни работни тела на Собранието и на соборите можат да им се дадат определени овластувања како и овластување да вршат анкети и за таа цел од државните органи и од организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници да можат да бараат потребни податоци, списи и други исправи, како и други овластувања во вршењето на нивните задачи. Работните тела не можат да имаат истражни или други судски функции.

Член 364

        Во собранието се образува комисија за прашања на изборите и именувањата.

        Оваа комисија ги претресува сите прашања во врска со изборите, именувањата и разрешувањата од надлежноста на Собранието.

8. Давање согласност на актите на федерацијата, предлагање на сојузни закони и усогласување на ставовите
[уреди]

Член 365

        Собранието дава согласност:

        — за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;

        — на општествениот план на Југославија;

        — на сојузните закони што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија;

        — на вкупниот износ на средствата на сојузниот буџет за секоја година;

        — за основање фондови и преземање обврски од страна на федерацијата;

        — за ратификација на меѓународни договори што налагаат донесување на нови или измена на важечките републички закони или од кои произлегуваат посебни обврски за Социјалистичка Република Македонија, како и за сојузниот закон со кој се уредува постапката за склучување на такви договори.

Член 366

        Согласност на општествениот план на Југославија и на сојузните закони, што според Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија, даваат соборите на Собранието што според, овој устав се надлежни за одлучување за прашањата на кои се однесува сојузниот закон или другиот акт за чие донесување се дава согласноста.

        Одлуката за давање согласност од претходниот став е донесена, ако за неа гласало мнозинството делегати на надлежните собори.

        При давањето согласност на општествениот план на Југославија се применуваат одредбите на член 347 на овој устав.

        Со деловникот на Собранието поблиску се уредува постапката за давање на согласноста.

Член 367

        Соборот на здружениот труд односно Општествено-политичкиот собор имаат право, од името на Собранието, на заедничка или на одделни седници, да предлагаат донесување на закони и други општи акти од делокругот на Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, што се донесуваат во согласност со републичките и покраинските собранија.

        Кога предлогот од претходниот став го утврдува еден од соборите на одделна седница, тој е должен да прибави мислење од другиот собор.

Член 368

        Ставот на Републиката по прашањата за кои одлучуваат Сојузниот извршен совет односно сојузните органи на управата, врз основа на усогласени ставови со надлежните републички и покраински органи, го изнесува Извршниот совет односно надлежниот републички орган на управата во согласност со политиката на Собранието.

9. Избор и права и должности во Собранието на делегацијата на Собранието на Социјалистичка Република Македонија
[уреди]

Член 369

        Делегацијата на Собранието на Социјалистичка Република Македонија во Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија ја избира и отповикува Собранието на заедничка седница на сите собори со тајно гласање.

        За член на делегацијата може да биде избиран секој делегат во Собранието.

        За член на делегацијата е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од сите делегати во Собранието.

        Собранието може да отповика член на делегацијата, по постапката пропишана за изборот.

        Изборот и отповикувањето на членовите на делегацијата се уредуваат со закон.

Член 370

        Делегацијата го известува Собранието за прашањата што ги претресува Соборот на републиките и покраините и за ставовите на другите делегации по тие прашања, како и за својата работа во Соборот.

        Делегацијата учествува во Собранието во заземањето на ставови по прашањата од делокругот на Соборот на републиките и покраините. Делегацијата, во заземањето на ставови и определувањето за прашањата за кои се одлучува во Соборот на републиките и покраините, ги застапува ставовите на Собранието.

10. Права и должности на членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија во Собранието
[уреди]

Член 371

        Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од Социјалистичка Република Македонија го избира Собранието на заедничка седница на сите собори, со тајно гласање.

        За член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од сите делегати во Собранието.

        Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија за својата работа во Претседателството е одговорен пред Собранието кое може, во случаите определени со закон, да го отповика.

        Постапката за избор и отповикување на членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија се уредува со закон.

Член 372

        Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија има право да учествува во работата на Собранието, освен да одлучува и да биде избран во телата на Собранието и на постојани функции во Собранието.

Член 373

        Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е должен да ги изнесе пред Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија ставовите на Собранието по прашањата од надлежноста на Претседателството.

        Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија го известува Собранието, по своја иницијатива или по негово барање, за прашањата од надлежноста на Претседателството.

        Членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија го известува Собранието за прашањата, по кои не е постигната согласност меѓу Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и му предлага да заземе став по тие прашања, а може да му предлага на Собранието да разгледа и други прашања од надлежноста на Претседателството и да заземе став по тие прашања.

        Собранието ги разгледува и по своја иницијатива прашањата по кои не е постигната согласност меѓу Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и зазема став по тие прашања.

Член 374

        Ако членот на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија подолго време биде спречен да ја врши својата функција, во работата го заменува претседателот на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија.

Глава XI: Претседателство на Социјалистичка Република Македонија

[уреди]

Член 375

        Претседателството на Социјалистичка Република Македонија ја претставува Социјалистичка Република Македонија и врши други права и должности утврдени со овој устав.

Член 376

        Претседателството на Републиката:

        — претресува прашања од општо значење за Републиката од надлежноста на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и му поднесува на Собранието предлози и иницијативи за решавање на тие прашања;

        — разгледува прашања од соработката со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и учествува во неа;

        — разгледува прашања што се однесуваат на рамноправноста на народите и народностите и на усогласувањето на заедничките интереси на социјалистичките републики и на социјалистичките автономни покраини во органите на федерацијата, зазема ставови по тие прашања и дава иницијативи и предлози за нивно решавање;

        — му дава на Собранието мислења по прашањата од делокругот на Соборот на републиките и покраините на Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија по кои Собранието на Социјалистичка Република Македонија дава согласност;

        — предлага кандидат за претседател на Извршниот совет, претседател и судии на Уставниот суд на Македонија, поднесува предлог за избор на членови на Советот на Републиката и ги разгледува предлозите за избор односно за именување и разрешување на функционерите што ги избира односно именува Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;

        — ги прогласува со указ законите;

        — доделува републички признанија и одликувања;

        — дава помилувања во согласност со законот;

        — врши и други работи определени со овој устав.

        Претседателството на Републиката донесува деловник за својата работа.

Член 377

        Претседателството на Републиката, во остварувањето на работите и задачите од областа на народната одбрана, го утврдува планот за одбрана на Републиката, дава насоки за преземање мерки за подготвување на стопанството и на општествените дејности и за мобилизирање на сите извори и сили за одбрана на земјата, за усогласување на плановите и мерките на Републиката, општините, организациите на здружениот труд, општествено-политичките и другите самоуправни организации и заедници за функционирање и работа во случај на непосредна воена опасност и во војна и обезбедува спроведување на мерките за приправност.

        Претседателството образува совет за народна одбрана.

        Претседателот на Претседателството е претседател на Советот за народна одбрана.

Член 378

        Претседателството на Републиката за време на воена состојба или во случај на непосредна воена опасност, ако не постои можност за свикување на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежноста на Собранието, што му ги поднесува на Собранието на потврда штом тоа ќе биде во можност да се состане, ги врши работите во врска со изборот и разрешувањето на функционерите што ги избира и разрешува Собранието и врши работи во врска со мандатот и имунитетските права на делегатите во Собранието.

        Со уредба со законска сила може, ако тоа го бараат интересите на одбраната на земјата, да се запрат одделни одредби на Уставот на Социјалистичка Република Македонија што се внесуваат на одделни права на граѓаните и на правата на самоуправните организации и заедници и да се менуваат составот и овластувањата на извршните, управните и другите органи во Социјалистичка Република Македонија, како и да се укинуваат или менуваат незаконските акти на републичките органи и на другите органи во Социјалистичка Република Македонија и актите на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници.

        Со закон може да се определи Претседателството да врши и други работи во областа на народната одбрана.

        Претседателството раководи со ошптонародниот отпор во војна на целата територија на Републиката.

Член 379

        Претседателството на Републиката ја разгледува состојбата на заштитата на поредокот утврден со уставот и зазема ставови заради покренување на иницијативи за преземање мерки и усогласување на дејностите на надлежните органи во спроведувањето на утврдената политика во оваа област.

Член 380

        Претседателството на Републиката го сочинуваат 9 членови.

        Претседателот и 7 членови на Претседателството ги избира Собранието.


{{Член|на Претседателството на Републиката по својата функција е претседателот на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија.

        Претседателот и членовите на Претседателството на Републиката се избираат врз основа на листа што ја предлага Кандидационата конференција на Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија по постапка што се утврдува со закон.

Член 381


{{Член|на Претседателството не може да врши никаква самоуправна, јавна или друга општествена функција, освен функции во општествено-политичките организации, ниту да врши друга професионална дејност.

        Претседателот и членовите на Претседателството се избираат за време од четири години.

        Никој не може да биде избиран повеќе од двапати едноподруго за претседател односно член на Претседателството.

        Претседателството ја врши својата функција до изборот на ново Претседателство.

        Во случај на непосредна воена опасност или воена состојба мандатот на претседателот и на членовите на Претседателството се продолжува се додека трае таквата состојба односно додека не бидат создадени услови за избор на нов претседател и членови на Претседателството.

Член 382

        Претседателот и членовите на Претседателството на Републиката уживаат имунитет.

        Во поглед на имунитетот на претседателот и на членовите на Претседателството сходно се применуваат одредбите на овој устав што се однесуваат на имунитетот на делегатите во Собранието.

        За прашањата на имунитетот на своите членови одлучува Претседателството.

Член 383

        Претседателството работите од својот делокруг ги врши врз основа на овој устав и законите и е одговорно за својата работа.

        Претседателството на Републиката го известува Собранието на Социјалистичка Република Македонија, по своја иницијатива или по негово барање, за прашањата од својата надлежност.

Член 384

        Собранието на Социјалистичка Република Македонија може да бара од Претседателството да заземе ставови по одделни прашања од својата надлежност што се од интерес за работата на Собранието.

        Собранието ги разгледува предлозите, иницијативите и ставовите што му ги поднесува Претседателството на Републиката.

Член 385

        Претседателот на Претседателството, од името на Претседателството на Републиката, ја претставува Социјалистичка Република Македонија.

Член 386

        Во случај на отсутност или подолга спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Претседателството на Републиката го заменува член на Претседателството што го определува Претседателството.

Член 387

        Претседателството на Републиката остварува соработка со органите на општествено-политичките организации по прашањата што се од интерес за тие организации.

        Општествено-политичките и другите самоуправни организации и заедници можат да изнесуваат пред Претседателството свои мислења за одделни прашања од неговата надлежност.

Глава XII: Совет на Републиката

[уреди]

Член 388

        Советот на Републиката разгледува значајни прашања од самоуправниот социјалистички развиток, остварувањето на соработката со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини и други прашања што ќе му ги предложи Претседателството на Републиката и за своите ставови и предлози го известува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 389

        Членовите на Советот на Републиката, по предлог од Претседателството на Републиката, ги избира Собранието.

        Членовите на Советот на Републиката се избираат од редот на истакнатите општествено-политички и други јавни работници.

Член 390

        Седниците на Советот на Републиката ги свикува и на нив претседава претседателот на Претседателството на Републиката.

Член 391

        Начинот на работата и организацијата на Советот на Републиката се уредуваат со закон.

Глава XIII: Извршен совет

[уреди]
1. Положба и надлежност
[уреди]

Член 392

        Извршниот совет е извршен орган на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Извршниот совет, во рамките на правата и должностите на Републиката, е одговорен пред Собранието за состојбата во сите области на општествениот живот, за спроведувањето на политиката и извршувањето на законите и другите прописи и општи акти на Собранието, како и за координирањето на работата на републичките органи на управата.

        Извршниот совет работите од својата надлежност ги врши врз основа и во рамките на овој устав и законите.

Член 393

        Извршниот совет:

        1) ја следи состојбата и остварувањето на политиката на Собранието и му предлага на Собранието утврдување на политиката;

        2) предлага закони, други прописи и општи акти и има право да дава мислења по предлозите на закони, на други прописи и општи акти што му ги поднесуваат на Собранието други овластени предлагачи;

        3) го утврдува предлогот на републичкиот општествен план; на републичкиот буџет и на завршната сметка за извршувањето на буџетот и се грижи за нивното извршување;

        4) донесува уредби, одлуки и други прописи за извршување на законите и другите прописи и општи акти на Собранието;

        5) се грижи за спроведување на политиката и за извршување на законите, другите прописи и општите акти на Собранието;

        6) се грижи за спроведување на подготовките за народна одбрана, во рамките на правата и должностите утврдени со овој устав и со закон;

        7) ја усогласува и насочува работата на републичките органи на управата заради обезбедување на спроведувањето на политиката и извршувањето на законите, другите прописи и општи акти на Собранието, врши надзор над работата на републичките органи на управата и на републичките организации и ги укинува прописите на републичките органи на управата што се во спротивност со закон и со друг пропис или со друг општ акт на Собранието или со пропис што тој го донел заради спроведување на законот или друг пропис или општ акт, а може, под услови утврдени со закон, да ги поништува прописите на тие органи;

        8) ги утврдува општите начела за внатрешната организација на републичките органи на управата, основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на републичките органи на управата, именува и разрешува функционери за кои е тоа определено со закон;

        9) донесува деловник за својата работа;

        10) врши и други работи утврдени со овој устав.

2. Состав и избор
[уреди]

Член 394

        Извршниот совет го сочинуваат претседател и определен број членови.

Член 395

        Претседателот на Извршниот совет го избира Собранието по предлог од Претседателството на Републиката.

        Членовите на Извршниот совет ги избира Собранието по предлог од кандидатот за претседател на Советот и врз основа на мислењето на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

        Собранието, при изборот на членовите на Извршниот совет, по предлог од претседателот на Советот, именува од редот на членовите на Советот републички секретари и други функционери што ќе раководат со републичките органи на управата и републичките организации определени со закон.

        По секое конституирање на новоизбраното Собрание се избира Извршен совет.

        На претседателот и членот на Извршниот совет избран од редот на делегатите, му престанува делегатскиот мандат.

        Извршниот совет има еден или повеќе потпретседатели што се избираат од редот на членовите на Советот.

Член 396

        Претседателот и членовите на Извршниот совет се избираат на четири години.

        За претседател на Извршниот совет може да биде избрано исто лице најмногу двапати едноподруго.

        Членовите на Извршниот совет можат да бидат избирани двапати едноподруго, а по исклучок, уште за еден мандатен период ако за тоа постојат оправдани причини.

        Собранието, пред преминот на избор, одлучува за оправданоста на причините од претходниот став, со мнозинство гласови на делегатите.

Член 397

        Претседателот на Извршниот совет има право на Собранието да му предлага разрешување на одделни членови на Советот.

        Разрешувањето или оставката на претседателот на Советот или оставката на мнозинството членови на Советот повлекува оставка на целиот Извршен совет.

        Секој член на Извршниот совет може да поднесе оставка.

Член 398

        Претседателот, потпретседателите и членовите на Извршниот совет уживаат имунитет како и делегатите во Собранието.

        За прашањата на имунитетот на членовите на Извршниот совет одлучува Советот.

Член 399

        Секој член на Извршниот совет има право да предлага претресување на одделни прашања од надлежноста на Советот, да дава иницијатива за подготвување на закани, прописи и други општи акти за чие предлагање е надлежен Советот и прописи и други акти што ги донесува Советот, како и да му предлага на Советот утврдување на начелни ставови и насоки за работата на републичките органи на управата и републичките организации.

        Секој член на Извршниот совет има право и должност, во согласност со ставот на Советот, да го претставува Советот во Собранието,

3. Начин на работа
[уреди]

Член 400

        Извршниот совет може да образува одбори и други тела за претресување на прашања од делокругот на Советот.

Член 401

        Извршниот совет работи и одлучува по прашањата од својата надлежност на седници.

        Извршниот совет одлучува со мнозинство гласови на членовите на Советот присутни на седницата.

        Претседателот на Извршниот совет ги свикува седниците на Советот по своја иницијатива, по предлог од Претседателството на Републиката или по барање од најмалку пет члена на Советот.

Член 402

        Претседателот на Извршниот совет го претставува Советот, ги свикува седниците на Советот и претседава на тие седници, ги потпишува прописите и другите општи акти што ги донесува Советот и се грижи за нивното спроведување, се грижи за применување на деловникот на Советот и за остварување на соработката на Советот со други органи и организации.

4. Односи на Извршниот совет со Собранието на Социјалистичка Република Македонија и неговата одговорност
[уреди]

Член 403

        Извршниот совет е должен да го известува Собранието за својата работа.

        Извршниот совет може да им предложи на надлежните собори на Собранието да се одложи претресот на предлог на закон, друг пропис или општ акт на Собранието или, заради претресување на определено прашање, да се образува заедничка комисија од членови на надлежниот собор на Собранието и членови на Извршниот совет, или да се свика седница на надлежниот собор на Собранието на која Советот ќе го изложи својот став.

Член 404

        Извршниот совет е одговорен за својата работа пред Собранието.

        Извршниот совет, ако смета дека не е во состојба да го обезбеди спроведувањето на утврдената политика и извршувањето на закон, друг пропис или општ акт на Собранието чие донесување се предлага или дека не може да преземе одговорност за вршење на својата функција ако не се донесе законот, другиот пропис или општиот акт чие донесување го предлага, може да постави прашање на доверба.

        Секој собор на Собранието може, по предлог од најмалку десет делегати во соборот, да постави прашање за доверба на Извршниот совет.

        По прашањето за доверба на Извршниот совет се води претрес во соборот во кој е поставено прашањето за доверба.

        Ако на Извршниот совет му се изгласа недоверба, Советот е должен да поднесе оставка.

Член 405

        Извршниот совет може да поднесе колективна оставка.

        Ако Извршниот совет поднесе колективна оставка или ако му е изгласана недоверба, како и во другите случаи кога му престанува функцијата, Советот останува на должност до изборот на нов Извршен совет.

Член 406

        Најмалку десет членови на собор на Собранието можат да покренат во својот собор интерпелација за претресување на определени прашања од општо политичко значење во врска со работата на Извршниот совет.

Член 407

        Собранието може да укине или поништи пропис на Извршниот совет што е во спротивност со уставот, закон, друг пропис или општ акт на Собранието.

Глава XIV: Републичка управа

[уреди]

Член 408

        За вршење на работите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката се основаат републички секретаријати.

        За вршење определени стручни, управни и други работи од областа на правата и должностите на Републиката, со закон можат да се основаат други републички органи на управата и републички организации.

        Републичките секретаријати и другите самостојни републички органи на управата и републичките организации се основаат, се укинуваат и нивниот делокруг се определува со закон.

        Републичките органи на управата и републичките организации непосредно ги извршуваат сојузните и републичките закони, општествените планови и другите прописи и општи акти кога се за тоа со нив изречно овластени: ја спроведуваат политиката утврдена од Собранието; ја следат и се одговорни за состојбата во областа за која се основани и даваат иницијатива за решавање на прашања во тие области; подготвуваат предлози на закони и на други прописи; вршат стручни работи за Собранието и за Извршниот совет; решаваат во управните работи; вршат управен надзор, инспекциски и други управни дејности во рамките на правата и должностите на Републиката и со својата работа овозможуваат ефикасно остварување на правата и интересите на работните луѓе, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници.

Член 409

        Републичките органи на управата и републичките организации работите од својата надлежност ги вршат самостојно, врз основа и во рамките на уставот и законите.

        Републичките органи на управата и републичките организации се должни да го обезбедуваат спроведувањето на законите и на другите прописи, како и на политиката утврдена од Собранието.

        Во вршењето на работите од својата надлежност републичките органи на управата и републичките организации се придржуваат за законите и другите прописи и општи акти, за насоките на Собранието и начелните ставови и насоки на Извршниот совет.

Член 410

        Републичките секретари и функционерите што ги именува Собранието на Социјалистичка Република Македонија лично се одговорни пред Собранието и Извршниот совет за својата работа, за работата на органот односно организацијата со која раководат, како и за состојбата во соодветната област на општествениот живот во рамките на надлежноста на органот односно организацијата.

        Функционерите во републичките органи на управата и во републичките организации што ги именува Собранието се одговорни за својата работа пред Собранието и Извршниот совет.

Член 411

        Републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата можат да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти кога за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти.

Член 412

        Функционерите што раководат со републичкиките органи на управата и со републичките организации што ги именува Собранието се именуваат на четири години.

        Овие функционери можат да бидат именувани двапати едноподруго, а по исклучок уште за еден мандатен период, ако за тоа постојат оправдани причини.

        Собранието, пред преминот на именувањето, одлучува за оправданоста на причините од претходниот став со мнозинство гласови на делегатите во Собранието.

Член 413

        Републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата и со републичките организации се должни да го известуваат Собранието и Извршниот совет за состојбата во соодветната област на управата и за работата на органот односно организацијата со која раководат.

        Овие функционери се должни да им даваат на Собранието и на Извршниот совет, по нивно барање, известувања и објаснувања по прашањата од делокругот на органот односно организацијата со која раководат. Тие се должни да даваат и одговори на прашањата од делегатите во соборите на Собранието.

Глава XV: Врховен суд на Македонија, Јавно обвинителство на Македонија и Републички општествен правобранител на самоуправувањето

[уреди]

Член 414

        Врховниот суд на Македонија:

        1) утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за единството во примената на републичките закони и другите републички прописи од страна на судовите;

        2) одлучува во прв степен кога е тоа предвидено со закон;

        3) одлучува по редовните правни средства против одлуките на судовите кога е тоа определено со закон;

        4) одлучува по вонредните правни средства против правосилните одлуки на судовите во случаите предвидени со закон;

        5) одлучува во управните спорови во случаите предвидени со закон;

        6) ги решава споровите за надлежност меѓу судовите од територијата на Републиката ако со закон не е поинаку определено;

        7) врши други работи определени со закон.

Член 415

        Претседателот и судиите на Врховниот суд на Македонија ги избира и разрешува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 416

        Функцијата на јавно обвинителство, во рамките на правата и должностите на Републиката, ја врши јавниот обвинител на Македонија.

Член 417

        Јавниот обвинител на Македонија вложува правни средства за кои е овластен со закон во работите за кои е надлежен Врховниот суд на Македонија и врши други работи определени со закон.

Член 418

        Функцијата на општествен правобранител на самоуправувањето, во рамките на правата и должностите на Републиката, ја врши републичкиот општествен правобранител на самоуправувањето.

Глава XVI: Уставен суд на Македонија

[уреди]

Член 419

        Уставниот суд на Македонија:

        1) одлучува за согласноста на републичките закони со Уставот на Социјалистичка Република Македонија;

        2) одлучува за согласноста на прописите и на другите општи акти на органите на општините и на Републиката со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичките закони и со другите републички прописи;

        3) одлучува за согласноста на самоуправните општи акти со Уставот на Социјалистичка Република Македонија и со републичките закони;

        4) одлучува дали прописите и другите општи акти на органите на општината и на Републиката и самоуправните општи акти се во спротивност со сојузните закони за чие извршување се одговорни органите во Републиката;

        5) ги решава споровите за правата и должностите меѓу Републиката и општините, меѓу две или повеќе општини како и меѓу нив и организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, ако за решавањето на овие спорови не е определена надлежност на друг суд;

        6) решава по споровите за надлежност меѓу судовите и републичките органи и меѓу судовите и општинските органи;

        7) врши и други работи што му се ставени во надлежност со овој устав.

        Уставниот суд на Македонија може да ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на прописите и општите акти на органите на општината и на Републиката и на самоуправните општи акти што престанале да важат, ако од престанокот на важењето до поведувањето на постапката не поминало повеќе од една година.

Член 420

        Уставниот суд на Македонија ги следи појавите од интерес за остварување на уставноста и законитоста, го известува Собранието на Социјалистичка Република Македонија за состојбата и проблемите во врска со остварувањето на уставноста и законитоста и му дава на Собранието мислења и предлози за донесување и изменување на закони и за преземање на други мерки заради обезбедување на уставноста и законитоста и за заштита на правото на самоуправување и на другите слободни права на граѓаните и на самоуправните организации и заедници.

Член 421

        Кога Уставниот суд на Македонија ќе утврди дека надлежниот орган не донел пропис за извршување на одредбите на овој устав, закон или друг пропис и општ акт, а бил должен таков пропис да донесе, го известува за тоа Собранието.

Член 422

        Уставниот суд на Македонија може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да нареди запирање на извршувањето на поединечен акт или дејство што е преземено врз основа на закон, друг пропис или општ акт на орган на општината односно на Републиката или на самоуправен општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат неотстранливи штетни последици.

Член 423

        Работата на Уставниот суд на Македонија е јавна.

Член 424

        Уставниот суд на Македонија се состои од претседател и шест судии што ги избира Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија се избираат за време од осум години и не можат да бидат повторно избрани на функцијата претседател или судија на Уставниот суд на Македонија.

        Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија не можат истовремено да вршат функции во државни или самоуправни органи.

        Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија уживаат имунитет како и делегатите во Собранието.

        За имунитетните права на претседателот и на судиите на Уставниот суд на Македонија одлучува Уставниот суд.

        Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија пред стапувањето на должноста даваат свечена изјава пред претседателот на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија.

Член 425

        Претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија можат да бидат разрешени од должноста пред истекот на времето за кое се избрани, само ако самите побараат да бидат разрешени, ако бидат осудени за кривично дело со казна лишување од слобода или ако трајно ја изгубат работната способност за вршење на својата функција.

        Причините за разрешување на претседателот и на судија на Уставниот суд на Македонија пред истекот на времето за кое биле избрани ги утврдува Уставниот суд и за тоа го известува Собранието.

        Ако претседателот или судија на Уставниот суд на Македонија побара да биде разрешен од должноста, а Собранието не донесе одлука по тоа барање во рок од три месеци од денот на неговото поднесување, Уставниот суд, по барање од претседателот или судијата, ќе утврди дека му престанала должноста во Уставниот суд и за тоа ќе го извести Собранието.

        Уставниот суд на Македонија може да одлучи претседателот или судија на Уставниот суд против кого е поведена кривична постапка да не ја врши должноста во Уставниот суд додека трае таа постапка.

Член 426

        Ако Уставниот суд на Македонија утврди дека републички закон не е во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, ќе го утврди тоа со своја одлука што му ја доставува на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Собранието е должно во рок од шест месеци од денот на доставувањето на одлуката на Уставниот суд да го усогласи законот со Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

        Уставниот суд, по барање од Собранието, може да го продолжи рокот за усогласување на законот најмногу уште за шест месеци.

        Ако Собранието во определениот рок не го усогласи законот со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, одредбите на законот што не се во согласност со Уставот престануваат да важат, што Уставниот суд ќе го утврди со своја одлука.

Член 427

        Кога Уставниот суд на Македонија ќе утврди дека пропис, освен закон, општ акт на орган на општината и на Републиката или самоуправен општ акт не е во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, ќе го поништи или укине тој пропис или општ акт односно оние негови одредби што не се во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичкиот закон односно со другиот републички пропис или што се во спротивност со сојузниот закон.

Член 428

        Законите за кои е утврдено дека престанале да важат и другите прописи и општи акти на органите на општината и на Републиката и самоуправните општи акти што се поништени или укинати нема да се применуваат на односите што настанале пред денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд на Македонија, ако до тој ден не се правосилно решени.

        Прописите и другите општи акти донесени за извршување на прописите или на самоуправните општи акти што повеќе не можат да се применуваат, нема да се применуваат од денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд, ако од одлуката произлегува дека тие прописи и акти му се спротивни на Уставот на Социјалистичка Република Македонија, на републички закон односно на друг републички пропис или на сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката.

        Извршувањето на правосилните поединечни акти, донесени врз основа на прописи што повеќе не можат да се применуваат, не може ниту да се дозволи ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато — ќе се запре.

Член 429

        Секој може да даде иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста.

        Постапка пред Уставниот суд на Македонија може да поведат:

        1) Собранието на Социјалистичка Република Македонија и собранијата на општините;

        2) Претседателството на Социјалистичка Република Македонија;

        3) Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, освен за оценување на уставноста и законитоста на прописите и другите општи акти што ги донесува Собранието на Социјалистичка Република Македонија;

        4) суд, ако прашањето на уставноста и законитоста настане во постапката пред судот;

        5) јавниот обвинител на Македонија, ако прашањето на уставноста и законитоста настане во неговата работа;

        6) општествениот правобранител на самоуправувањето;

        7) организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, ако е повредено нивно право утврдено со Уставот на Социјалистичка Република Македонија или со закон;

        8) републичките секретари и функционерите што раководат со други републички органи на управата односно со републичките организации, секој во својот делокруг, освен за оценување на уставноста на законите и прописите на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како и на уставноста и законитоста на прописите на Извршниот совет;

        9) органот што според овој устав и закон е овластен да запре од извршување пропис или друг општ акт на орган на општината односно на Републиката и самоуправен општ акт, поради неговата несогласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија или со закон односно со друг републички пропис;

        10) Службата на општественото книговодство во Републиката.

        Уставниот суд на Македонија може и сам да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста.

Член 430

        Секој чие право е повредено со конечен и правосилен поединечен акт, донесен врз основа на закон, друг пропис или општ акт на орган на општината односно на Републиката или врз основа на самоуправен општ акт, што според одлуката на Уставниот суд на Македонија не е во согласност со

        Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, има право да бара од надлежниот орган измена на тој поединечен акт. Предлогот за измена на овој поединечен акт може да се поднесе во рок од 6 месеци од денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд на Македонија во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија", ако од доставувањето на поединечниот акт до донесувањето на одлуката на Уставниот суд не поминало повеќе од една година.

        Кога суд со правосилна одлука ќе одбие да примени пропис или општ акт на орган на општината односно на Републиката или самоуправен општ акт поради неговата несогласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или поради неговата спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, а Уставниот суд на Македонија утврди дека таква несогласност односно спротивност не постои, секој чие право е повредено може да бара измена на правосилната одлука на судот во рок од една година од денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд.

        Ако се утврди дека со измена на поединечниот акт не можат да се отстранат последиците настанати поради примената на прописот или на другиот општ акт што не е во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републички закон односно со друг републички пропис или што е во спротивност со сојузен закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката, Уставниот суд на Македонија, може да определи последиците да се отстранат со враќање во поранешната состојба, со надоместок на штетата или на друг начин.

Член 431

        Државните органи, организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, како и носителите на самоуправни, јавни и други општествени функции се должни, по барање од Уставниот суд на Македонија, да му даваат податоци и известувања потребни за работата на Уставниот суд и по налог на Судот да преземаат дејства од интерес за водење на постапката.

Член 432

        Уставниот суд на Македонија донесува одлуки и решенија со мнозинство гласови на сите судии на Уставниот суд.

        Судија на Уставниот суд што ќе издвои мислење има право и должност да го изрази писмено и да го образложи.

Член 433

        Уставниот суд на Македонија донесува одлуки, по правило, врз основа на јавна расправа.

Член 434

        Кога во текот на постапката законот, другиот пропис или општиот акт на орган на општината односно на Републиката или самоуправниот општ акт е доведен во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, со републичкиот закон односно со другиот републички пропис или со сојузниот закон за чие извршување се одговорни органите во Републиката а не се отстранети последиците од неуставноста односно на незаконитоста, Уставниот суд може со одлука да утврди дека законот, другиот пропис или општиот акт или самоуправниот општ акт не бил во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија односно со другиот републички пропис. Оваа одлука на Уставниот суд на Македонија има исто правно дејство како и одлуката со која се утврдува дека законот престанал да важи односно со која се укинува или поништува другиот пропис или општиот акт.

Член 435

        Одлуките на Уставниот суд на Македонија се задолжителни и извршни.

        Во случај на потреба извршувањето на одлуките на Уставниот суд го обезбедува Извршниот совет.

        Уставниот суд може да бара да се преземат мерки спрема одговорното лице заради неизвршување на одлука на Уставниот суд.

Член 436

        Одлуките на Уставниот суд на Македонија се објавуваат на македонски јазик во „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија", како и во службеното гласило во кое е објавен прописот или другиот општ акт на органот на општината или на начин на кој се објавува самоуправниот општ акт по кој Судот одлучувал.

Член 437

        Со закон се утврдуваат основите на постапките пред Уставниот суд на Македонија и правното дејство на неговите одлуки.

        Уставниот суд на Македонија самостојно ја уредува постапката пред Судот и својата организација.

Глава XVII: Давање свечена изјава

[уреди]

Член 438

        Свечена изјава при стапувањето на должност даваат претседателот и членовите на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија и претседателот и судиите на Уставниот суд на Македонија.

        Текстот на свечената изјава гласи:

„Изјавувам дека ќе се борам за заштита на суверенитетот и интегритетот на земјата и за остварување на власта на работничката класа и на сите работни луѓе, дека ќе се залагам за остварување на братството и единството и рамноправноста на народите и народностите, за развиток на социјалистичкото самоуправно општество и за остварување на заедничките интереси на работните луѓе и граѓаните на Социјалистичка Република Македонија и на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и дека ќе се придржувам за Уставот на Социјалистичка Република Македонија и Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и законите и совесно и одговорно ќе ја вршам својата должност".

        Претседателот и потпретседателите на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и претседателите на соборите, претседателот и членовите на Извршниот совет, претседателот и судиите на Врховниот суд на Македонија, републичките секретари и другите републички функционери што ги избира или именува Собранието на Социјалистичка Република Македонија, при стапувањето на должност, даваат свечена изјава во текст што го утврдува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

ТРЕТ ДЕЛ: Измена на уставот

[уреди]

Глава XVIII: Измена на Уставот на Социјалистичка Република Македонија

[уреди]

Член 439

        За измена на Уставот на Социјалистичка Република Македонија одлучува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Уставот на Социјалистичка Република Македонија може да се менува и дополнува со уставни амандмани или со уставен закон.

Член 440

        Предлог за пристапување кон измена на Уставот може да поднесе секој собор на Собранието, најмалку 30 делегати во соборите на Собранието, Претседателството на Републиката и Извршниот совет.

        За предлогот за пристапување кон измена на Уставот одлучува Собранието на заедничка седница на сите собори.

Член 441

        Нацртот на актот за измена на Уставот го утврдува Собранието на заедничка седница на сите собори и го става на јавна дискусија.

        По спроведената јавна дискусија Општествено-политичкиот собор на Собранието го утврдува предлогот за измена на Уставот.

Член 442

        По предлогот за измена на Уставот одлучува Собранието на заедничка седница на сите собори.

        Измената на Уставот е усвоена во Собранието ако за неа гласале најмалку две третини од сите делегати во Собранието.

        Ако измената на Уставот не е усвоена, предлогот за измена на Уставот по кој не е постигната согласност не може да се повтори пред истекот на една година од денот кога предлогот за измена на Уставот е одбиен.

Член 443

        Усвоената измена на Уставот ја прогласува Собранието.

Глава XIX: Давање согласност за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија

[уреди]

Член 444

        Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија Собранието на Социјалистичка Република Македонија утврдува на заедничка седница на сите собори со мнозинство гласови на сите делегати.

        Иницијатива за поднесување предлог од Собранието за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија може да поднесе секој собор на Собранието,

        Претседателството на Републиката, Извршниот совет и најмалку 30 делегати во Собранието.

Член 445

        Одлука за давање согласност на предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Собранието донесува на заедничка седница на сите собори.

        Одлуката за давање согласност на предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е усвоена ако за неа гласаат две третини од сите делегати во Собранието.

Член 446

        Нацртот за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија го претресува и мислење по него дава Собранието на заедничка седница на сите собори.

Член 447

        Одлука за давање согласност на текстот за измена на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, прифатен во Собранието на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Собранието на Социјалистичка Република Македонија донесува на заедничка седница на сите собори.

        Одлуката за давање согласност на текстот на измената на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е усвоена ако за неа гласаат две третини од сите делегати во Собранието.

ЧЕТВРТИ ДЕЛ: Преодни и завршни одредби

[уреди]

Член 448

        Под изразот „самоуправен општ акт" во овој устав се подразбираат општествените договори, самоуправните спогодби со кои на општ начин се уредуваат самоуправните односи и другите општи акти на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници.

Член 448

        За спроведување на овој устав и за обезбедување премин кон неговата примена ќе се донесе посебен уставен закон.

        Уставниот закон за спроведување на Уставот на Социјалистичка Република Македонија го донесуваат, сите собори на Собранието.

        Предлогот на уставниот закон се усвојува со две третинско мнозинство во секој собор на Собранието сходно со одредбите на точката 2, став 4 до 8 на Уставниот амандман IX на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

        Уставниот закон се прогласува и влегува во сила едновремено со Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Член 450

        Овој устав влегува во сила со денот на прогласувањето.

Амандмани на уставот на Социјалистичка Република Македонија

[уреди]

Амандман I

        1. Секој орган на власта и на самоуправувањето и другите носители на самоуправни, јавни и други општествени функции се должни, во рамките на своите права, должности и одговорности, да обезбедаат услови за остварување на интересите на работничката класа и на сите работни луѓе во општествено-економските и политичките односи на социјалистичкото самоуправување, а посебно во делегатскиот систем, и за остварување на правата, обврските и одговорностите на работните луѓе и граѓаните во самоуправните и другите организации и заедници и во општествено-политичките заедници.

        Организацијата, составот и начинот на работа на колективните органи на власта и на самоуправувањето се уредуваат така што да се обезбедува колективна работа, одлучување и одговорност и рамноправност на членовите на тие органи во остварувањето на нивните права, должности и одговорности утврдени со Уставот, односно со статутот и законот.

        Секој член на колективниот орган лично е одговорен за својата работа и, во согласност со своите права и должности, за работата и одлуките на тој орган.

        Секој член на колективнот орган кој е определен да учествува во работата на другите органи и тела е должен, согласно со начелата на делегатскиот систем, да постапува во согласност со овластувањата, насоките и ставовите на тој орган.

        Сите органи на власта и на самоуправуањето и другите носители на самоуправни, јавни и други општествени функции се должни своите права и должности да ги вршат така што да се овозможува остварување општествена контрола над нивната работа.

        2. Со овој амандман се дополнуваат одредбите на оддел 1, Глава III од Првиот дел на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман II

        1. Избраните и именуваните функционери и другите носители на самоуправни, јавни и други општествени функции за кои тоа е определено со Уставот, статусот или законот, се избираат односно именуваат за време до четири години, доколку за одделни од нив со Уставот не е поинаку определено.

        Избраните и именуваните функционери и другите носители на самоуправни, јавни и други општествени функции за кои тоа е определено со Уставот, статутот или законот, можат да бидат избрани односно именуваат најмалку двапати едноподруго на истата функција, ако за одделни од нив со Уставот не е поинаку определено.

        Времетраењето на мандатот и ограничувањето на повторниот избор, односно именување на избраните и именуваните функционери и на другите носители на самоуправни, јавни и други општествени функции за кои тоа е определено со Уставот, статутот или законот се утврдуваат со Уставот, статутот, законот или со деловникот на собранието на општествено-политичката заедница во согласност со Уставот, односно статутот.

        Претседателите на собранијата на општествено-политичките заедници се избираат за време најмногу до две години во текот на мандатниот перид на собранието.

        Претседателите на извршните органи на собранијата на општествено-политичките заедници не можат да бидат избрани двапати едноподруго на истата функција, ако со Уставот односно статутот е определено нивниот мандат да трае подолго од две години.

        Времетраењето на мандатот и повторниот избор, одмосно именување на носителите на правосудни функции, како и времетраењето на мандатот и ограничувањето на повторното именување на општествениот правобранител на самоуправувањето, се уредуваат со закон.

        2. Ако избраниот или именуваниот функционер на иста функција помине повеќе од половина од утврдениот мандатен период, се смета дека, во поглед на можноста за повторен избор односно именување, поминал на таа функција цел мандатен период.

        3. Со овој амандман се заменуваат одредбите на член 167 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман III

        1. Претседателот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија се избира за време од една година и може да биде избран најмногу уште еднаш на истата функција во текот на траењето на мандатниот период на Собранието

        2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на ставовите 2 и 3 и се брише став 4 на член 352 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман IV

        1. Собранието на Социјалистичка Република Македонија избира осум членови на Прецедателството на Социјалистичка Република Македонија врз основа на листата што ја предлага Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија по постапка што се утврдува со закон.

        Член на Претседателството по својата функција е претседателот на органот на Сојузот на комунистите на Македонија утврден со Статутот на Сојузот на комунистите на Македонија.

        Членовите на Претседателството се избираат за време од четири години и можат да бидат избрани најмалку двапати едноподруго на истата функција.

        Претседателството избира претседател од редот на избраните членови за време од една година.

        Претседателот на Претседателството не може да биде повторно избран на истата функција во текот на траењето на мандатниот период на Претседателството.

        2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на ставовите 2, 3 и 4 на член 380 и одредбите на ставовите 2 и 3 на член 381, а се однесува и на точка 19, став 1 на член 318 и на алинеја 2 на член 338 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман V

        1. Претседателот на Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија го избира Собранието по предлог од Претседателството на Социјалистичка Република Македонија за време од четири години и не може да биде избран на истата функција двапати едноподруго.

        Членовите на Извршниот совет ги избира Собранието на Социјалистичка Република Македонија по предлог што го поднесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, по претходно мислење на кандидатот за претседател на Извршниот совет.

        Членовите на Извршниот совет се избираат за време од четири години и можат да бидат избрани на истата функција уште за еден мандатен период.

        Со закон се определува кои републички секретари и други функционери што раководат со републичките органи на управата и со републичките организации се именуваат од редот на членовите на Извршниот совет.

        Оставка на мнозинството членови на Советот повлекува оставка на целиот Извршен совет.

        Извршниот совет одлучува со мнозинство гласови на членовите на Советот. Со закон се утврдува во кои случаи Извршниот совет одлучува со мнозинство гласови на членовите на Советот присутни на седницата.

        2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на ставовите 1, 2 и 3 на член 395, членот 396, членот 397 и одредбите на став 2 на член 401 и се бришат одредбите на точка 25 на став 1 на член 318 и на алинеја 7 на член 338 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија што се однесуваат на секретарот на Извршниот совет.

Амандман VI

        Функционерите што раководат со републичките органи на управата и републичките организации што ги имениува Собранието на Социјалистичка Република Македонија се именуваат за време од четири години по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, по претходно мислење на Извршниот совет.

        Овие функционери може да бидат именувани најмногу двапати едноподруго на иста функција.

        2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на член 412 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман VII

        1. Уставниот суд на Македонија има девет судии што ги избира Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Судиите на Уставниот суд на Македонија се избираат за време од осум години и не можат да бидат повторно избрани на истата функција.

        Претседателот на Уставниот суд на Македонија го избира Собранието на Социјалистичка Република Македонија од редот на судиите за време од една година и може да биде избран уште еднаш на истата функција.

        2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на ставовите 1 и 2 на член 424 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман VIII

        1. За време на воена состојба, по исклучок, додека трае таа состојба и ако тоа го бараат интересите на одбраната на земјата, Претседателството на Социјалистичка Република Македонија може да:

        - донесува уредби со законска сила со кои може да се запрат одделни одредби на Уставот на Социјалистичка Република Македонија што се однесуваат на одделни слободи, права и должности на човекот и граѓанинот и права на самоуправните организации и заедници и на составот и овластувањата на извршните и управните органи, како и да се образуваат општествено-политички заедници и да се определува составот, организацијата и надлежноста на нивните органи;

        - укинува или поништува незаконски акт на Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и на републичките органи на управата и на републичките организации и акти на органите на општината и на градската заедница, како и акти на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации.

        2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на став 2 на член 378 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман IX

        За спроведување на амандманите од I до VIII и за обезбедување на премин кон нивна примена, ќе се донесе уставен закон.

        Предлогот на уставниот закон го утврдува Општествено-политичкиот собор на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Уставниот закон го донесува и го прогласува Собранието на Социјалистичка Република Македонија на заедничка седница на сите собори и влегува во сила со денот на прогласувањето на Амандманите од I до VIII на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман X

        1. Работните луѓе во основните самоуправни организации и заедници можат да одлучат функцијата на делегација на собранијата на самоуправните интересни заедници, освен за оние кои врз основа на Уставот односно статутот на општината учествуваат во одлучувањето на собранијата на општествено-политичките заедници, да ја врши работничкиот совет односно друг по положба и функцијата нему соодветен орган на управувањето. Реботничкиот совет односно друг по положба и фубкција нему соодветен орган на управувањето ги делегира делегатите од редот на своите членови.

        2. Со овој амандман се дополнува член 129 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XI

        1.Една или повеќе делегации на основите самоуправни организации и заедници, поврзани со трудот и со други заеднички интереси или со интересите во општествено-политичката заедница односно делегатите на тие организации и заедници во собранието на општината, делегираат од составот на делегациите делегати во соодветниот собор на собранието на општесвено-политичката заедница, на начин утврден со Уставот односно со статут и со закон.

        2. Со овој амандман се заменува одредбата на став 1 на член 153 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XII

        1. Заради утврдување на заеднички основни ставови за работата на делегатите и остварување на другите задачи на делегациите, како и заради соработка со собранијата на општествено-политичките заедници, основните самоуправни организации и заедници образуваат конференции на делегациите за одделна област на здружениот труд односно за делегатска единица. Со самоуправна спогодба се утврдуваат условите и начинот на работ на конференциите на делегациите.

        2. Со овој амандман се доплнува член 156 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XIII

        1. Делегатите во Соборот на здружениот труд се делегираат од делегациите на основните самоуправни организации и заедници поврзани со трудот и со други заеднички интереси, од составот на делегациите, со тајно гласање.

        Бројот на делегатите во Соборот на здружениот труд се определува сразмено со бројот на работните луѓе во одделните области на здружениот труд, водејќи сметка за обезбедување на соодветна застапеност на работните луѓе од сите области на општествениот труд и за застапеност на работните луѓе од секоја општина.

        2. Делегатите во Соборот на здружениот труд се делегираат како постојани делегати за време од четири години, а може да се делегираат и како повремени делегати за одделна седница на Соборот или за определен временски период, на начин утврден со закон и со самоуправен општ акт.

        3. Со овој амандман се заменуваат ставовите 2 и 3 на член 321 и член 322 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XIV

        1. Соборот на здружениот труд самостојно:

        - претресува прашања од интерес за работните луѓе и за организациите на здружениот труд и прашања од областа на: стопанството и финансиите што не се во рамноправен делокруг со друг собор; распределба на доходот и личните доходи; меѓусебните односи на работниците во здружениот труд и заштитата при работата, донесува закони и други акти во тие области и дава автентични толкувања на законите што ги донесува;

        - основа работни организации и други организации чија дејност е од општ интерес за Републиката;

        - презема привремени мерки на општествена заштита на самоуправните права и на општествената сопственост спрема организациите на здружениот труд и други организации чија дејност е од општ интерес за Републиката, како и спрема самоуправните интересни заедници и други самоуправни организации и заедници, определени со закон;

        - ги донесува односно одобрува финансиските планови и завршните сметки на републичките фондови, кога тоа е определено со закон;

        - дава согласност на одредбите на самоуправните спогодби за здружување, на статутите или на другите општи акти на организациите на здружениот труд што вршат дејности од посебен општествен интерес кога тие одредби се од значење за остваревањето на посебниот општествен интерес во вршењето на таа дејност и ги потврдува самоуправните спогодби за основање односно статутите на самоуправите интересни заедници, кога е тоа определено со закон;

        - именува и разрешува претставници на Републиката во организации на здружениот труд и во други самоуправни организации и заедници, како и во органни и тела, кога тоа е определено со закон или со друг акт на Собранието;

        - претресува и одлучува по други прашања од надлежноста на Собранието што не се во рамноправен делокруг со другите собори или со собранијата на самоуправните интересни заедници односно што не се во самостоен или рамноправен делокруг на другите собори.

        2. Со овој амандман се заменува член 332 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XV

        1. Соборот на здружениот труд, Општестено-политичкиот собор и Соборот на општините рамноправно:

        - ги донесуваат репоубличкиот општествен план, републичкиот буџет и завршната сметка за извршување на буџетот;

        - претресуваат прашања, донесуваат закони и други акти и даваат автентични толкувања на законите од областа на: народната одбрана и општествена самозаштита; надворешната политика; менувањето на границата на Републиката; системот на општественото планирање; системот на финансирањето на општините и Републиката; побрзиот развиток на стопански недоволно развиените краишта; регионалниот развој на Републиката; празниците, одликувањата и признанијата на Социјалистичка Република Македонија; референфумот; основите на изборниот систем во организациите на здружениот труд и во другите самоуправни организации и заедници и изборот и отповикувањето на членови на делегациите на основните самоуправни организации и заедници и на делегатите во собранијата во опшествено-политичките заедници.

        - врши општествен надзор;

        - донесува одлука за организацијата и делокругот на стручните служби на Собранието.

        2. Со овој амандман се заменува член 333 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XVI

        1. Соборот на здружениот труд и Општествено-политичкиот собор рамноправно:

        - претресуваат прашања, донесуваат закони и други акти и даваат автентични толкувања на законите од областа на: системот на социјалистичките самоуправни општествени односи; слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот; заштитата на поредокот утврден со уставот и јавната безбедност; правосудството; привремените мерки на општествена заштита на самоуправните права и општествената сопственост спрема организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и други самоуправни организации и заедници; сопственосно-правните и другите имотно-правни односи; наследувањето; експропријацијата и боречката заштита;

        - ги остваруваат правата на Собранието во поглед на одговорноста на Извршниот совет и на функционерите што ги избира или именува Собранието и ги укинуваат или поништуваат прописите и другите акти на Извршниот совет што не се во согласност со Уставот, со закон или со друг пропис на Собранието;

        - основаат републички органи на управата и републички организации;

        - одлучуваат за надоместоците на фунционерите што ги избира односно именува Собранието.

        2. Со овој амандман се заменува член 334 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија и се врши измена на член 336 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XVII

        1. Соборот на здружениот труд и Соборот на општините рамноправно:

        - претресуваат прашања, донесуваат закони и други акти и даваат автентични толкувања на законите од областа на: просторното и урбанистичко планирање; уредувањето и користењето на земјиштето и добрата во општа употреба; работењето и управувањето на комуналните организации на здружениот труд; станбената изградба, нејзиното финансирање и управувањето со станбените згради и становите во општествена сопственост; заштитата на природата и човековата околина; безбедноста на патниот, железничкиот и езерскиот сообраќај; заштитата од пожари и од елементсрни непогоди и игрите на среќа;

        - одлучуваат за распишување на јавни заеми.

        2. Со овој амандман се заменува член 335 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XVIII

        1. Соборот на општините самостојно:

        - претресува прашања, донесува закони и други акти и дава автентични толкувања на законите од областа на: урбанистичкото уредување на населбите; уредувањето и употребата на градежното земјиште; постапката за образување месни заедници; мировните совети; матичните книги; личните имиња и личните карти; прогласувањето на исчезнати лица за умрени и документирањето на смртта и заверката на потписи, ракописи и преписи;

        - претресува одделни прашања од областа на самоуправувањето во општината и месната заедница и на меѓународната соработка и други прашања што работните луѓе и граѓаните самостојно ги уредуваат во општината и во месната заедница.

        2. Со овој амандман се дополнува Вториот дел, Глава X, точка 3 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија и се врши измена на член 336 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XIX

        1. Претседателите на собранијата на општествено-политичките заедници се избираат за време од две години и може врз основа на образложен предлог да бидат избрани на истата функција уште еднаш во текот на траењето на мандатноиот период на собранието.

        Никој не може да биде избран за претседател на собрание на иста општествено-политичка заедница во два мандатни периоди на собранието едноподруго.

        2. Со овој амандман се заменува одредбата на став 4 на точка 1 од Амандман II на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XX

        1. Претседателот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија се избира за време од две години и може врз основа на образложен предлог да биде избран на истата функција уште еднаш во текот на траењето на мандатноиот период на Собранието.

        Никој не може да биде избран за претседател на Собранието во два мандатни периоди на Собранието едноподруго.

        2. Со овој амандман се заменува одредбата на точка 1 од Амандман III на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XXI

        1. Претседателството на Социјалистичка Република Македонија избира претседател на Претседателството од редот на избраните членови за време од една година и може да го избере на истата функција уште еднаш едноподруго во текот на траењето на мандатниот период на Претседателството.

        Никој не може да биде избран за претседател на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија во два мандатни периоди на Претседателстото едноподруго.

        2. Со овој амандман се заменуваат одредбите на ставовите 4 и 5 на точка 1 од Амандманот IV на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XXII

        1. Извршниот совет донесува уредби, одлуки и други пописи за извршување на законите и другите прописи и општи акти на Собранието и на сојузните закони и други сојузни прописи и општи акти за чие извршување се одговорни органите во Републиката.

        2. Со овој амандман се заменува одредбата на точка 4 на член 393 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XXIII

        За спроведување на амандманите X до XXII и за обезбедување на премин кон нивна примена, ќе се донесе уставен закон.

        Предлогот на уставниот закон го утврдува Општествено-политичкиот собор на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

        Уставниот закон го донесува и го прогласува Собранието на Социјалистичка Република Македонија на заедничка седница на сите собори и влегува во сила со денот на прогласувањето на Амандманите X до XXIII на Уставот на Социјалистичка Република Македонија.

Амандман XXIV

        1. Химна на Социјалистичка Република Македонија е „Денес над Македонија“.

        2. Со овој амандман се заменува член 10 од Уставот на СРМ.

Амандман XXV

        1. Тековниот труд на работниците и општествените средства како општествен капитал се основа на управувањето и присвојувањето на резултатите од трудот остварени со работењето со тие средства.

        2. Секој се вклучува во работа со општествени средства слободно и под еднакви услови, зависно од знаењето и способноста заедно со другите работници тие средства постојано да ги обновува, зголемува и унапредува.

        3. Во остварувањето на правото на работа со општествени средства, работниците во здружениот труд се одговорни едни на други и на општествената заедница како целина.

        Работниците во здружениот труд се должни економски целесообразно и општествено одговорно да ги користат општествените средства и постојано да ги обновнуваат, зголемуваат и унапредуваат.

        Работниците во здружениот труд се користат со резултатите што ќе ги остварат со работата и управувањето со општествените средства и ги поднесуваат материјалите и другите последици од економски нецелесообразното и општествено неодговорното користење на тие средства.

        На работникот во здружениот труд кој несовесно или неуспешно ги исполнува своите должности и работни обврски му престанува работниот однос под услови и на начин утврдени со закон.

        4. Организацијата на здружениот труд односно другото општествено правно лице е носител на правата и обврските во правниот промет во однос на сите средства со кои располага и што ги користи во согласност со природата и намената на тие средства, со уставот и со закон.

        Организацијата на здружениот труд односно другото општествено правно лице за своите обврски одговара со сите средства со кои управуваат работниците односно другите работни луѓе и граѓаните во таа организација односно во тоа лице.

        5. Работниците во здружениот труд, во услови на дејствување на законитостите на пазарот и на социјалистичките самоуправни општествено-економски односи, остваруваат приход со продажба на производи и услуги на пазарот или со слободна размена на трудот.

        Работниците во здружениот труд од остварениот приход во различните облици на здружување на трудот и средствата и во другите облици на работење ги надомрстуваат потрошените средства и стекнуваат и го распоредуваат доходот за проширена репродукција, за резерви и за задоволување на своите лични, на заедничките и општите општествени потреби.

        Работниците во здружениот труд за вкупна лична и заедничка потрошувачка распоредуваат дел од доходот сразмеро со својот придонес во остварувањето на доходот што го дале со тековнот труд и со управувањето со општествените средства како минат труд на работниците.

        6. Работниците во организациите на здружениот труд што вршат стопански дејности стекнуваат доход со реално вреднување на сите фактори на производството и на работењето и на резултатите од трудот врз основа на дејствувањето на законитостите на пазарот.

        По исклучок, работниците во оранизациите на здружениот труд во стопанските дејности определени со закон во кои дејствувањето на законитостите на пазарот не е единствен основ за вреднување на резултатите од трудот, стекнуваат доход и со слободна размена на трудот.

        Со општествено утврдените општи услови за стопанисување, со плановите на општествено-политичките заедници и со мерките на економска политика не може да се нарушува со уставот утврдената самостојност и рамноправност во стекнувањето на доходот на организациите на здружениот труд што вршат стопански дејности.

        Ако со акт на орган на општествено-политичка заедница се нарушува со уставот утврдената рамноправност на организациите на здружениот труд во стекнувањето на доходот на пазарот, истовремено со акт на таа општествено-политичка заедница се утврдува и се обезбедува соодветна компензација, под услови и на начин утврдени со закон.

        7. Работниците во организациите на здружениот труд што вршат дејност во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита или друга општествена дејност стекнуваат доход со слободна размена на трудот непосредно со корисниците на нивните производи и услуги или во рамките односно преку самоуправните интересни заедници и другите облици на самоуправно организирање.

        Работниците во организациите на здружениот труд што вршат општествени дејности, зависно од природата на дејностите и потребите што се задоволуваат со нивното вршење, стекнуваат доход и со продажба на своите производи и услуги на пазарот и во односи на заедничко остварување на доход, меѓусебно или со работниците во организациите на здружениот труд што вршат други дејности.

        Работниците во организациите на здружениот труд што вршат општествени дејности и корисниците на нивните производи и услуги рамноправно ги уредуваат условите за стехнување на доход што се остварува со слободна размена на трудот, со вреднување на сите фактори и на резултатите од трудот.

        Работниците во организациите на здружениот труд што вршат општествени дејности остваруваат во стекнувањето на доходот еднаква општествено-економска положба како и работниците во другите организации на здружениот труд.

        8. Делот од доходот што е резултат од работата во исклучително поволни природни услови или во исклучително поволни услови создадени со положбата на местото на работа и работење се утврдува и се користи, во согласност со самоуправна спогодба и со закон, за развој на организацијата на здружениот труд во која е остварен и, кога е определено со закон, за развој на материјалната основа на трудот и за заштита на животната средина во општината, градската заедница и Републиката или за развој на комуналната инфракструктура.

        9. Со закон, по исклучок, под условите утврдени со овој устав може привремено, да се ограничи располагањето на работниците во организациите на здружениот труд со дел од средствата на општествената репродукција или да се утврди обврска за здружување на дел од тие средства за финансирање на неопходните потреби на општествената репродукција утврдени со општествениот план на Македонија, кога задоволувањето на тие потреби е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за стопанскиот и општествениот развој и ако врз самоуправна основа не можеле односно не можат да се обезбедат средства за финансирање на тие потреби.

        Организациите на здружениот труд имаат, во согласност со закон, право на враќање на задолжително здружените средства на општествената репродукција и право на надоместок за користењето на тие средства односно право на определени погодности.

        Управувањето со задолжително здружениот дел од средствата на општествената репродукција се заснова врз самоуправни односи.

        10. Работниците во организациите на здружениот труд што задржуваат средства или труд и средстава заради заедничко работење со заеднички ризик имаат право по тој основ заедно и рамноправно, сразмерно со средствата односно на трудот и средствата што ги задржуваат, да управуваат со тоа работење, да одлучуваат за заедничкиот доход и заедничкиот приход, да ги утврдуваат обврските и одговорностите за подесување на заедничкиот ризик и да утврдуваат други заеднички права, обврски и одговорности по основ на здружувањето на средствата односно на трудот и средствата.

        Работниците во организациите на здружениот труд што основаат нова работна организација и здружуваат средства имаат по тој основ исти права, обврски и одговорности како и работниците кога здружуваат средства во постојна организација на здружениот труд.

        11. Организациите на здружениот труд можат, заради проширување на матријалната основа на трудот, да собираат парични и други средства на граѓаните и да им обезбедат, покрај враќање на вредноста на тие средства, и надоместок за нивно користење во вид на камата односно на определени поволности, во согласно со закон.

        Граѓаните може да вложуваат парични и други средстава во организација на здружениот труд со заеднички ризик и по тој основ да остваруваат право на враќање на вредноста на тие средства и на надоместок за користењето на тие средства, зависно од резултатите што ќе ги оствари таа организација, како и право да бидат известувани за резултатите од користењето на тие средства и стекнуваат право да учествуваат во одлучувањето за определени работи во врска со користењето на вложените средства, во согласност со сојузен закон.

        Организацијата на здружениот труд може заради собирање односно вложување средства на граѓаните да издава хартии од вредност што гласат на име или на доносител и според кои имателите на тие хартии остваруваат право на надоместок за користењето на тие средства односно и право на учество во одлучувањето под услови и на начин утврдени со сојузен закон.

        Граѓаните можат да го задржат правото на сопственост на вложените средства, освен во случаите определени со сојузен закон.

        12. Работниците кои вршат стручни, административни, помошни и други работи за земјоделска или друга задруга, банка или друга финансиска организација, организација за осигурување, самоуправна интересна заедница и друга самоуправна организација и заедница или нивно здружение, општествено-политичка организација или друга општествена организација и здружение на граѓани, можат да образуваат работна заедница. Работна заедница можат да образуваат и работниците во органите на општествено-политичките заедници под услови утврдени со закон.

        Работниците во работната заедница имаат право на средства за лична и заедничка потрошувачка во согласност со начелото за распределба според трудот и со основите и мерилата за распределба што важат во организациите на здружениот труд. Тие имаат и други самоуправни права во согласност со природата на работата што ги вршат и со одговорноста на организациите, заедниците и органите за кои ги вршат работите за осварување на нивните функции и задачи.

        На овие работни заедници не можат да се пренесуваат права, овластувања и одговорности на организациите, заедниците и органите за кои тие вршат работи.

        13. На работникот не може да му престане работниот однос ако поради технолошки и други унапредувања со кои се придонесува за зголемување на продуктивноста на трудот и за поголем успех на организацијата на здружениот труд престане потребата за негова работа во таа организација, додека не му се обезбеди друго работно место кое одговара на неговите работни способности или на друг начин не му се обезбеди остварување на правото на работа или на правата по основ на трудот определени со закон.

        Со закон може за тие цели, како и за матријално обезбедување на невработените лица, за преквалификација на работниците и за создавање на поповолни услови за вработување воопшто да се утврди обврска за здружување на средства или за обезбедување на средства на друг начин и да се пропишат условите и начинот на употреба на тие средства.

        14. Со точка 1 се заменува став 3 на член 14; со точка 2 се дополнува член 15; со точка 3 се заменува член 17; со точка 4 се заменува член 26; со точка 5 се заменува член 21; со точка 6 се дополнува Оддел 1 на Глава II од Првиот дел и се заменува став 2 на член 52; со точка 7 се заменува член 18; со точка 8 се заменува став 1 на член 20; со точка 9 се заменува член 25; со точка 10 се заменува член 28; со точка 11 се заменува член 30; со точка 12 се заменуваат ставовите 1 и 3 на член 32; со точка 13 се заменуваат ставовите 4 и 5 на член 34 од Уставот на СРМ.

        Се укинуваат став 2 на член 16, член 31 и став 2 на член 34 од Уставот на СРМ.

Амандман XXVI

        1. Работниците слободно ги задржуваат трудот и општествените средства во услови на стекнато произдводство и дејствување на законитостите на пазарот, заради вршење на стопански и општествени дејности и стекнување на доход на пазарот или во односи на слободна размена на трудот.

        Работниците слободно одлучуваат за облиците за самоуправно и работно организирање и за облиците на здружување, поврзување и соработка на организациите на здружениот труд, за интересите што ги остваруваат во нив и за обемот на здружување на својот труд и на општествените средства.

        2. Работната организација е самостојна самоуправна организација и економска и деловна целина во која работниците се поврзани со заеднички интереси во работата со општествени средства.

        Работната организација во областа на стопанските дејности е основен субјект на пазарното работење, а работната организација во областа на општествените дејности е основен субјект на слободната размена на трудот.

        Работна организација можат да основаат организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, месните заедници и другите општествени правни лица.

        Општествено-политичка заедница може да основа работна организација ако вршењето на дејноста на таа организација е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за работата на другите организации на определено подрајче или ако тоа е неопходно за работата на органите на таа општествено-политичка заедница.

        Работна организација, под услови и на начин пропишани со закон, можат да основаат работните луѓе и граѓаните заради остварување на правото на работа и на други свои интереси.

        Работна организација во согласност со закон, можат да основаат и граѓанските правни лица.

        3. Со статутот на работната организација се утврдува кои права, обврски и одговорности што според уставот ги имаат работниците во организацијата на здружениот труд, работниците ги остваруваат во работната организација како целина, а кои во одделни делови од работната организација во кои работниците организирале основни организации на здружениот труд или други облици на своето организирање.

        4. Работната организација е носител на сите права и обврски во правниот промет во однос на сите средства со кои располага и што ги користи.

        Со статутот на работната организација може да се утврди дека определени права и обврски во правниот промет во однос на определени средства со кои располагаат и што ги користат имаат деловите на работната организација во кои работниците организирале основни организации на здружениот труд или други облици на своето организирање.

        5. Работните организации можат да се здружуваат во сложени организации на здружениот труд, деловни здруженија, заедници и други облици на организирање на здружениот труд.

        Со самоуправна спогодба се уредуваат кои права, обврски и одговорности на работниците во работната организација се остваруваат во сложена организација на здружениот труд или во друг облик на организирање на здружениот труд.

        Со самоуправна спогодба може да се утврди дека определени права и должности во правниот промет во однос на определени средства со кои располагаат и што ги користат работните организации има сложената организација на здружениот труд или другиот облик на организирање на здружениот труд.

        6. Работниците во организациите на здружениот труд што како единствени технолошки системи вршат дејности во областа на електростопанството, железничкиот сообракај и поштенско-телефонско-телеграфскиот сообраќај се должни да обезбедуваат техничка функционалност во работата и врз таа основа технолошко и економско единство на процесот на работата, рационално и ефикасно функционирање на овие системи и на одделни нивни делови на територијата на Социјалистичка Република Македонија во согласност со потребите и интересите на оштествено-економскиот развој на Републиката и со потребите и интересите на корисниците на производите и услугите.

        7. Со закон и со одлука на собрание на општина односно на градската заедница заснована врз закон може, ако тоа го бара посебниот општествен интерес, да се уреди начинот на остварување на тој интерес во работењето на организациите на здружениот труд што вршат стопанска дејност кога тоа работење е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за работата на другите организации на определено подрачје.

        8. Со точките 1 до 4 се заменуваат членовите 35 до 38; со точка 5 се заменува став 1 на член 39; со точка 6 се дополнува Оддел 2 на Глава II од Првиот дел; со точка 7 се заменува став 2 на член 50 од Уставот на СРМ.

        Престануваат да важат одребите на член 44 од Уставот на СРМ.

Амандман XXVII

        1. Банката е самостојна самоуправна финансиска организација која врши депозити, кредити и други банкарски работи.

        Банка основаат општествените правни лица со усвојување на основачкиот акт и со вложување средства во фондовите на банката.

        Банка, заедно со други банки или со други лица определени со закон, може да биде основач на друга банка или на друга финансиска организација.

        2. Банката работи со средствата вложени во нејзините фондови и со други прибавени или позајмени средства.

        Основачите на банката одговараат за обврските на банката до висината на средствата што ги вложиле во нејзините фондови.

        3. Со банката управуваат општествените правни лица што ја основале и вложиле средства во нејзините фондови, зависно од висината на тие средства, во согласност со основачкиот акт односно со статутот на банката.

        Орган на управување на банката е собранието на банката, што го сочинуваат делегати на основачите на банката.

        4. Другите лица што ќе вложат средства во фондовите на банката стекнуваат својство на основачи на банката со права, обврски и одговорности утврдени со основачкиот акт односно со статутот на банката.

        5. Добивката што банката ќе ја оствари со своето работење се распределува со одлука на собранието на банката во резерви, како и на дел што, им се исплатува на вложувачите односно што се вложува во други фондови на банката сразмерно со средствата што ги вложиле во банката.

        6. Меѓусебните односи на основачите на банката, управувањето со банката и работењето со банката се уредуваат со основачкиот акт на банката и со нејзиниот статут.

        7. Со овој амандман се заменува член 40 од Уставот на СРМ.

Амандман XXVIII

        1. Организацијата за осигурување е самостојна самоуправна организација за осигурување на имоти и лица и за вршење на други работи на осигурувањето.

        Организација за осигурување основаат општествените правни лица и други лица определени со закон со усвојување на актот за основање на организацијата и со вложување средства во почетните фондови на сигурноста.

        Основачите на организацијата за осигурување одговараат за обврските на организацијата до висината на средствата што ги вложиле во фондовите на организацијата.

        2. Со организацијата за осигурување управуваат основачите на организацијата.

        Право да учествуваат во управувањето со организацијата за осигурување имаат граѓаните и другите осигуреници во согласност со актот за основање на организацијата односно со статутот на организацијата.

        Орган на управување на организацијата за осигурување е собранието на организацијата, што го сочинуваат делегати на основачите на организацијата и на осигурениците.

        3. Добивката што организацијата за осигурување ќе ја оствари се распределува во резервите на сигурноста, како и на дел што им се исплатува на основачите односно што се вложува во други фондови на организацијата сразмерно со средствата што основачите ги вложиле во организацијата.

        4. Со овој амандман се заменува член 43 од Уставот на СРМ.

Амандман XXIX

        1. Странско лице може да вложува средства во организација на здружениот труд, банка или во друга финансиска организација, задруга и во други облици на соработка и заедничко работење.

        Странско лице може заедно со домашно лице да основа мешовито претпријатие, банка или друга финансиска организација, договорна организација на здружениот труд, а може да основа и сопствено претприатие.

        Дејностите или работите односно подрачјата во кои странско лице не може да основа свое претпријатие, се утврдуваат со сојузен закон.

        2. Странското лице има право да учествува во управувањето со заедничкото работење за времето за кое се вложени средствата, право на транстфер на добивката, право на враќање на влогот и други права утврдени со договорот.

        Странското лице може да го задржи правото на сопственост на вложените средства.

        Странското лице, кога основало сопствено претпријатие, го задржува правото на сопственост на вложените средства и има право на сопственост на средствата што тоа претпријатие ги остварило со сосвоето работење.

        Овие права на странското лице не можат да се намалат со закон или со друг пропис.

        3. Правата и обврските на работниците во претпријатието, заедничката банка или во другата заедничка финансиска организација и во договорната организација на здружениот труд се уредуваат со колективен договор.

        4. Правната положба на мешовитото претпријатие, банката или другата финансиска организација, на договорната организација на здружениот труд и на сопственото претпријатие и правната положба на странското лице кое самостојно односно заедно со домашни лица ги основало тие организации, како и основните права и обврски на работниците кои се вработени во нив, се уредуваат со сојузен закон.

        5. Со овој амандман се заменува член 29 од Уставот на СРМ.

Амандман XXX

        1. Работниците и другите работни луѓе имаат право, а кога е тоа утврдено со овој устав и должност, непосредно или преку своите организации или заедници, со самоуправни спогодби да основаат самоуправни интересни заедници или други облици на самоуправно организирање, заради задоволување на своите лични и заеднички потреби и интереси и усогласување на трудот со тие потреби и интереси.

        2. Работноците и другите работни луѓе кои врз начелата на заемност и солидарност ги задоволуваат своите лични и заеднички потреби и интереси во областа на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита, кога тие потреби и интереси се истовремено и потребни и интереси на општеството, и работниците во организациите на здружениот труд што вршат дејности во тие области, основаат самоуправна интересна заедница или друг облик на самоуправно организирање во кои рамноправно и заеднички одлучуваат за вршењето на тие дејности во согласност со заедничките интереси, ја утврдуваат политиката на развојот и унапредувањето на тие дејности и ги задоволуваат другите заедничи потреби и интереси.

        Заради задоволување на своите лични и заеднички потреби и интереси во овие области, работниците и другите работни луѓе можат, во согласност со закон односно со одлука на собранието на општината заснована врз закон, да основаат самоуправна интересна заедница или друг облик на самоуправно организирање за две или повеќе сродни области.

        Самоуправна интересна заедница или друг облик самоуправно организирање може да се основа за подрачје пошироко од подрачјето на општината. Кога за подрачје пошироко од подрачјето на општината се основа самоуправна интересна заедница или друг облик на самоуправно организирање во областите на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита, со статутот на општината се утврдува начинот на рамноправното одлучување на органот на управување на самоуправната интересна заедница или на другиот облик на самоуправно организирање со надлежните собори на собранието на општината.

        3. Заради осигурување на својата социјална сигурност, работните луѓе основаат самоупрани интересни заедници на пензиското и инвалидското осигурување или други облици на самоуправно организирање во кои здружуваат средства за таа цел и ги управуваат, врз начелата на заемност и солидарност и минатиот труд, своите заеднички и поединечни обврски и права што ги остваруваат во нив.

        4. Работниците и другите работни луѓе, заради задоволување на своите лични и заеднички потреби и интереси во областа на физичката култура, непосредно или преку своите организации или заедници, самоуправно се организираат и здружуваат средства за развојот и унапредувањето на физичката култура.

        5. Заради создавање на поповолни услови за вработување, обезбедување на социјална сигурност на работниците за време на привремена невработеност, матријално обезбедување на невработените и преквалификација на работниците и невработените лица, работниците, другите работни луѓе и граѓаните самоуправно се организираат и здружуваат средства за таа цел и врз начелата на заемност и солидарност и минатиот труд ги остваруваат своите лични и заеднички потреби и интереси.

        6. Работниците и другите работни луѓе, заради задоволување на своите лични и заеднички потреби и интереси во областа на становањето самоуправно се организираат и здружуваат средства за станбена изградба, ги утврдуваат политиката и програмите за таа изградба и заедно со станарите управуваат со станбените згради и становите во општествена сопственост.

        Во согласност со начелата на заемност и солидарност, дел од здружените средства за станбена изградба се насочуваат за создавање на поповолни услови за изградба на станови за потребите на работниците и другите работни луѓе со пониски приходи во семејството, за работниците од организациите во здружениот труд што не располагаат со потребни средства за таа намена и за надоместување на дел од станарината на работниците, другите работни луѓе и граѓаните со пониски приходи во семејството.

        7. Меѓусебните односи во самоуправните интересни заедници и во другите облици на самоуправно организирање во кои се остваруваат односи на слободна размена на трудот, се уредуваат така што им се обезбедува право на работниците и на другите работни луѓе кои во нив здружуваат средства да одлучуваат за тие средства и право на работниците во организациите на здружениот труд што вршат дејности во областите за кои е основана самоуправна интересна заедница односно друг облик на самоуправно организирање во односите на слободна размена на трудот да остваруваат еднаква општествено-економска положба како и работниците во другите организации на здружениот труд.

        8. Со закон односно со одлука на собранието на општината заснована врз закон се утврдуваат начелата за организацијата и за уредувањето на меѓусебните односи во самоуправната интересна заедница или во другиот облик на самоуправно организирање за кои со овој устав е утврдена обврска за основање.

        Ако во рокот што ќе го определи собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија не е основана самоуправна интересна заедница или друг облик на самоуправно организирање за кои со овој устав е утврдена обврска за основање, со закон односно со одлука на собранието на општината заснована врз закон се основа самоуправна интересна заедница односно друг облик на самоуправно организирање и привремено се уредуваат нивната организација и меѓусебните односи во нив.

        9. Ако во самоуправна интресна заедница или во друг облик на самоуправно организирање за кои со овој устав е утврдена обврска за нивно основање не се донесе одлука за прашање од кое суштествено зависи нивната работа, собранието на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија може, под услови и по постапка пропишани со закон, да донесе одлука со која привремено се решава тоа прашање.

        10. Спрема самоуправна интересна заедница или друг облик на самоуправна организација можат да се преземат привремени мерки утврдени со закон во случаите и под условите под кои такви мерки можат да се преземат спрема организација на здружениот труд.

        11. Со овој амандман се заменуваат членовите 54 до 62 и ставовите 1 и 2 на член 102 од Уставот на СРМ.

Амандман XXXI

        1. Работните луѓе и граѓаните, меѓусебно или со трудот на работниците во здружениот труд, слободно ги здружуваат својот труд и средства односно само трудот или само средствата во задруги и во други облици на здружување.

        Со закон може, по исклучок, кога тоа го бара општествениот интерес, да се определат дејностите односно работите што не можат да се вршат во овие облици на здружување.

        Работните луѓе и граѓаните своите меѓусебни односи во овие облици на здружување ги утврдуваат спогодбено врз начелата на доброволност, рамноправност, заемност и солидарност.

        2. Работните луѓе и граѓаните имаат право да основаат земјоделски, занаетчиски, станбени, штедно-кредитни и потрошувачки задруги, задруги за давање интелектуални услуги и други производствени или услужни задруги.

        Задругата е самостојна самоуправна организација на задругите.

        Задругарот го задржува правото на сопственост на средствата здружени во задругата, ако со договор не ги пренел во заедничка сопственост на задругарите, во здружена сопственост или во општествена сопственост.

        За средствата што задругата ќе ги оствари со своето работење одлучуваат задругарите самостојно, во согласност со статутот на задругата.

        Задругата може, заради проширување на матријалната основа на трудот, да собира парични и други средства на граѓаните.

        3. Со овој амандман се заменува член 69 од Уставот на СРМ.

Амандман XXXII

        1. Земјоделците можат својот труд, земјиште односно други средства да ги здружат во земјоделска задруга и во други облици на здружување на земјоделците или да ги здружат со работниците во организациите на здружениот труд.

        2. Земјоделците основаат земјоделска задруга со актот за основање со кој ги утврдуваат условите за здружување и заедничките интереси и цели и своите поединечни и заеднички права и обврски што ги остваруваат односно извршуваат во задругата.

        Облиците на организирање и односите во задругата се утврдуваат со статутот на задругата, а меѓусебните права и обврски на задругарите и на задругата се утврдуваат со договор.

        3. Земјоделците го задржуваат правото на сопственост на земјиштерто, на средствата на трудот односно на другите средства што ги здружуваат во земјоделската задруга.

        Земјоделците можат овие средства со договор да ги пренесат во заедничка сопственост на задругарите, во здружена сопственост или во општествена сопственост.

        4. Добивката што задругата ќе ја оствари со своето работење, членовите на задругата ја распоредуваат на средства што на членовите на задругата им припаѓаат според придонесот што со својот труд и со средствата здружени во задругата го дале за остварување на таа добивка и на средства што се внесуваат во фондовите на задругата, како и на средства за други потреби.

        5. Задругарот кој својот труд, земјиште односно други средства ги здружил во задругата, во случај на истапување од задругата или на престанување на задругата, има право на враќање на земјиштето односно на другите средства на кои го задржал правото на сопственост односно правото на враќање на вредноста на средствата што ги здружил во задругата и право на дел од средствата во фондовите на задругата остварени со нејзиното работење, под условите утврдени со договорот и со статутот, во согласност со закон.

        6. Со овој амандман се заменува член 65 од Уставот на СРМ.

Амандман XXXIII

        1. На работните луѓе им се гарантира право самостојно да вршат дејности со личен труд односно со личен труд и средства во сопственост на граѓаните.

        Со закон може, по исклучок, кога тоа го бара природата на тие дејности или посебниот општествен интерес, да се определат дејностите што не можат да се вршат самостојно со личен труд.

        Со закон можат да се утврдат условите за самостојно вршење на дејностите со личен труд.

        2. На работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд им се гарантира право да ја остварувват со уставот утврдената положба во социјалистичките општествено-економски односи, да располагаат со резултатите остварени со својот труд и врз таа основа да ги задоволуваат своите лични и општествени потреби и врз основа на својот придонес да ја остваруваат својата социјална сигурност врз начелата на заемност и солидарност.

        3. Работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд слободно ги здружуваат својот труд и средства односно само трудот или само средствата во различни облици на здружување. Со закон може да се утврдат условите за ова здружување.

        4. Работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд можат, непосредно или преку облиците на своето здружување, да ги здружауваат својот труд и средства односно само трудот или само средствата со организациите на здружениот труд во различни облици на кооперација и на потрајна соработка.

        Овие работни луѓе заедно и рамноправно со работниците во здружениот труд со општествени средства во овие области на кооперација и на потрајна соработка управуваат со заедничките работи, одлучуваат за заеднички остварениот доход и учествуваат во неговата распределба според својот придонес во остварувањето на тој доход.

        5. Работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд можат да вработуваат работниции во границите определени со закон.

        Договорите за вработување ги склучуваат овие работни луѓе и работниците кои тие ги вработуваат во согласност со колективениот договор што го склучуваат синдикатот и соодветната стопанска комора односно друго здружение во кое се претставени овие работни луѓе. Со колективниот договор им се обезбедува на работниците кои се вработени кај овие работни луѓе право на средства за задоволување на личните и заедничките потреби, како и други права утврдени со закон.

        Врз овие основи можат да вработуваат работници и задругите и другите облици на здружување на трудот и средствата на работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд, како и граѓаните и граѓанските правни лица.

        6. Со овој амандман са заменуваат членовите 33, 68, 70 и 72 од Уставот на СРМ.

        Насловот на Оддел 6 на Глава I од Првиот дел на Уставот на СРМ се менува и гласи: „Самостоен личен труд“.

Амандман XXXIV

        1. Работниот човек може да основа договорна организација на здружениот труд и во неа, врз самоуправна основа, да ги здружува својот труд и средства со трудот на други лица.

        На работодителот и на работниците во договорната организација на здружениот труд им припаѓаат, врз основа на нивниот труд, средства за задоволување на личните и заедничките потреби.

        На работодителот му припаѓаат по основ на средствата што ги вложил во договорната организација на здружениот труд право на враќање на вредноста на тие средства и право на учество во доходот во согласност со начелата што важат за здружување на општествените средства во организациите на здружениот труд, како и право повторно да ги вложи средствата.

        Во договорната организација на здружениот труд можат да здружат средства и други работни луѓе и граѓани.

        2. Со овој амандман се заменуваат ставовите 1 и 3 на член 71 од Уставот на СРМ.

Амандман XXXV

        1. На граѓаните им се гарантира правото на сопственост на станбени згради и станови, на средства за работа, на деловни згради и деловни простории.

        Сопственикот може станбената зграда или станот, средствата за работа, деловната згради или деловната просторија да ги даде на користење на друг и по тој основ да стекнува доход, под услови и на начин утврдени со закон.

        2. На земјоделците им се гарантира право на сопственост на обработливо земјоделско земјиште во површина од најмалку 30 хектари по домаќинство.

        Со закон може да се утврди во ридско-планинските краишта површината на обработливото земјоделско земјиште на кое земјоделците имаат право на сопственост да биде поголема од 30 хектари по домаќинство.

        3. Со точка 1 се заменува став 2 на член 94; со точка 2 се заменуваат ставовите 1 и 2 на член 96 од Уставот на СРМ.

Амандман XXXVI

        1. Работниците и другите работни луѓе со планирање на работата и развојот на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и со планирање на стопанскиот и општествениот развој на општествено-политичките заедници во услови на дејствување на пазарните законитости и на економската самостојност на организациите на здружениот труд, потпирајќи се врз научните сознанија и врз оцената на развојните можности заснована врз нив, го насочуваат матријалниот и општествениот развој во согласност со своите заеднички интереси утврдени врз самоуправна основа.

        2. Организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници самостојно ги планираат својата работа и развој.

        Со закон може да се утврди обврска за донесување на планови на самоуправните организации и заедници што вршат дејности или работа од посебен општествен интерес.

        3. Организациите на здружениот труд што вршат дејност во областа на електростопанството, железничкиот сообраќај и поштенско-телефонско-телграфскиот сообраќај донесуваат свои и заеднички планови за развојот во согласност со потребите на корисниците на нивните производи и услуги и во согласност со заедничките интереси и цели на развојот утврдени со општествениот план на Македонија и со општествениот план на Југославија.

        4. Општествено-политичките заедници донесуваат општествени планови со кои, во согласност со заедничките интереси и цели утврдени врз самоуправна основа, се утврдува заедничката развојна и економска политика. Општествено-политичките заедници донесуваат економски и други мерки со кои организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници се насочуваат односно се поттикнуваат кон остварување на заедничката политика на развојот.

        Со општествениот план на општествено-политичката заедница се утврдуваат и целите и задачите со кои се остварува посебниот општествен интерес со дејствувањето на самоуправните организации и заедници што ги вршат овие дејности или работи.

        5. Со општествениот план на Македонија во услови на дејствување на пазарните законитости и на економска самостојност на организациите на здружениот труд на единствениот југословенски пазар, потпирајќи се врз научните сознанија и земајќи ги предвид меѓународните економски односи и меѓународните обврски на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и на Социјалистичка Република Македонија, се утврдува заедничката развојна и економска политика и се насочува стопанскиот и општествениот развој на Републиката во согласност со заедничките интереси на работниците во здружениот труд и на другите работни луѓе утврдени врз самоуправна основа, како и со заедничките интереси на општините и на градската заедница.

        Со општествениот план на Македонија се утврдуваат економски и други мерки односно насоки и рамки за донесување на мерките на економската политика и на други мерки што, во согласност со правата и должностите утврдени со уставот, ги донесуваат органите на Републиката односно органите на општината и на градската заедница, заради обезбедување услови за што поусогласен и постабилен развој и за остварување на усогласените заеднички интереси на здружениот труд односно на заедничките интереси на општините и на градската заедница.

        6. Органите на општествено-политчките заедници со прописите и мерките создаваат услови за остварување на општествените планови и се одговорни за тоа.

        7. Со овој амандман се заменуваат членовите 73 до 76 и членовите 78 и 79 од Уставот на СРМ.

Амандман XXXVII

        1. Со општествениот систем на информирање се обезбедува усогласено еевиндентирање, прибирање, обработка, истражување и размена на податоци, факти и информации од значење за животот, работата, развојот и одлучувањето во сите области на општествениот живот, како и достапност на тие податоци, факти и информации.

        2. Евиденцијата, аналитичките и информативните работи за располагањето со општествените средства, контролата на точноста на податоците за располагањето со тие средства, законитоста на располагањето со општествените средства и извршувањето на обврските на организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките заедници, како и други работи утврдени со закон, ги врши Службата на општественото книководство.

        3. Со точка 1 се заменува став 1 на член 80; со точка 2 се заменува став 1 на член 82 од Уставот на СРМ.

Амандман XXXVIII

        1. Данокот од доходот односно од добивката на организацијата на здружениот труд и на другото правно лице се плаќаат според прописите и во корист на општествено-политичката заедница на чија територија таа организација односно тоа лице или нивните делови трајно ја вршат дејноста.

        Придонесите од доходот на организацијата на здружениот труд и на другото правно лице се плаќаат според одлука и во корист на самоуправната интересна заедница или другиот облик на самоуправно организирање што обезбедува задоволување на потребите и интересите односно користење на услугите за кои се плаќаат тие придонеси.

        Данокот од личните доходи односно од приходите на работниците и граѓаните, освен даноците на имот и на приходи од имот, се плаќаат, во согласност со сојузен закон, според прописите и во корист на општествено-политичката заедница на чија територија живее работникот или граѓанинот.

        Придонесите од личните доходи односно од приходите на работниците и граѓаните се плаќаат, во согласност со сојузен закон, според одлука и во корист на самоуправната интересна заедница или на другиот облик на самоуправно организирање што на работникот и граѓаниниот или на членовите на нивното семејство им обезбедуваат задоволување на потребите и интересите односно користење на услогите за кои се плаќаат тие придонеси.

        2. Заради изедначување на условите за стопанисување и заради усогласен развој на Социјалистичка Република Македонија, Републиката, општините и самоуправните интересни заедници ги усогласуваат обврските на организациите на здружениот труд, другите правни лица, работните луѓе и граѓаните за плаќање на даноци и придонеси.

        3. Социјалистичка Република Македонија, ако тоа го бара обезбедувањето на единството и стабилноста на југословенскиот пазар, со меѓусебни договори со другите републики и со автономните покраини ги усогласува даночната политика и даночниот систем што во рамките на своите права и должности, ги утврдува односно ги уредува.

        4. Заради обезбедување на определени видови на социјална сигурност на работните луѓе и граѓаните, со закон може да се утврди обврска за образување на општествени фондови и да се утврдат изворите и обемот на средствата за тие намени, како и да се пропише обврска за плаќање придонеси на тие фондови.

        5. Работите во областа на извршувањето на обврските за плаќање на определени даноци и други давачки односно на придонеси од определени обврзници, утврдени со закон, ги вршат службите за општествени приходи како општествени служби.

        Службите за општествени приходи работат врз основа на закон и на други прописи и се одговорни, во согласност со закон, за нивното применување.

        Организацијата и функционирањето на службите за општествени приходи се уредуваат со закон.

        6. Со точка 1 се заменува став 2 на член 85 и член 87; со точка 2 се заменува член 88; со точка 3 се заменува член 89; со точките 4 и 5 се дополнува оддел 9 на Глава II од Првиот дел на Уставот на СРМ.

Амандман XXXIX

        1. Општествено-политичките заедници се одговорни, во рамките на своите права и должности, за обезбедување не едиствениот југословенски пазар.

        2. Заради осигурување на единствениот југословенски пазар, Социјалистичка Република Македонија обезбедува признавање на правата по основ на трудот што се од влијание за остварување на правата од социјалното осигурување и други слични права, без оглед на тоа каде се стекнати во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        3. Со точка 1 се заменува член 90; со точка 2 се заменува алинеја 6 на став 1 на член 91 од Уставот на СРМ.

Амандман XL

        1. Народната банка на Македонија е установа на единствениот монетарен систем на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

        Народната банка на Македонија, во рамките на своите права и должности, ја спроведува заедничката монетарна и девизна политика, заедничките основи на кредитната политика на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и кредитната политика на Републиката.

        Со мерките за спроведување на кредитната политика на Републиката не може никој да се доведува во нерамноправна положба во поглед на вршењето на дејноста и стекнувањето на доходот.

        Народната банка на Македонија му предлага на Собранието закони, други прописи и општи акти во областа на кредитната политика на Републиката и, во рамките на своите права и должности, е одговорна пред Собранието за спроведувањето и постојаното следење на спроведувањето на политиката и за извршувањето на законите, другите прописи и општи акти во оваа област, како и за стабилноста на валутата, за општата ликвидност на плаќањата во земјата и спрема странство и за спроведивањето и следењето на спроведувањето на заедничката монетарна и девизна политика и на заедничките основи на кредитната политика.

        Кога друг овластен предлагач му предлага на Собранието предлог за утврдување на кредитната политика на Републиката, Народната банка на Македонија има право да му даде на Собранието мислење за тој предлог.

        Народната банка на Македонија, во рамките на своите права и должности, самостојно ги применува со сојузен закон, друг пропис или општ акт утврдените мерки со кои се остваруваат целите и задачите на заедничката монетарна и девизна политика и на заедничките основи на кредитната половина.

        Деловните банки и другите финансиски организации се должни да се придржуваат кон одлуките што ги донесува Народната банка на Македонија заради остварување на таа политика.

        Народната банка на Македонија не може да врши дејност на деловна банка, ниту да има статус на таква банка.

        2. Со работите на Народната банка на Македонија што се однесуваат на спроведувањето на заедничката монетарна и девизна политика и на предлагањето и спроведувањето на кредитната политика на Републиката управува Советот на Народната банка Македонија. Во управувањето со тие работи Советот донесува одлуки и презема мерки за нивното спроведување. Одлуките и другите акти од областа на работењето на Народната банка на Македонија за кои не одличува Советот на Народната банка на Македонија ги донесува гувернерот на Народната банка на Македонија. Советот и гувернерот на Народната банка на Македонија му се одговорни на Собранието, во рамките на своите права и должности, за одлуките и актите што ги донесуваат од областа на работењето на Народната банка на Македонија.

        Гувернерот на Народната банка на Македонија има право да го запре извршувањето на одлуките и општите акти на Советот на Народната банка на Македонија ако смета дека се во спротивност со утврдената политика и со законите, другите прописи и општите акти од областа на работењето на Народната банка на Македонија и е должен за тоа да го извести Собранието кое донесува конечна одлуката.

        Советот и гувернерот на Народната банка на Македонија ги именува и разрешува Собранието.

        3. Со точка 1 се заменува член 92; со точка 2 се заменуваат ставовите 1 и 2 на член 93 и се дополнува овој член од Уставот на СРМ.

Амандман XLI

        1. Работниците во организацијата на здружениот труд со референдум донесуваат статут.

        Статутот е донесен кога за него гласало мнозинството работници во организацијата на здружениот труд.

        Со статутот може да се утврдат и други прашања за