Молскавици/ Стоан на Ордановци

Од Wikisource

Не колни Стоан на Ордановци

од Коле Неделковски
Мајка
Од збирката „Молскавици“ пренесена во оригинал на македонско писмо.

На млади, море, години,
Стоан ми пушка нарами,
излези в гора зелена,
со своа бујна дружина.

Не може јунак да трае,
ропство му тежи над глава,
ни може мајки да гледа
сè ф тиа солзи крвави.

Оде што оде дојде,
младос си в борба изживе,
тешка го тага налегна
на гради машки јунашки:

тага за мајка сирота,
ф црнило што ја остави
и мила млада невеста
со таа убос приказна.

Се така в темно навеан,
од тешки мисли измачен
тргна со болка на срце
и викна песна запеа:

„Еј гиди, горо, мајко ле,
доста ми стреа правеше
со надеш душа вртеше
и лути рани цереше.

Доста ме вода поеше
од твојте бистри извори,
и песни, горо, слушаше
од душа пуста ајдушка“.

Млад јунак песна допеа,
патишта пусти дооди,
крај река Врелка достаса
и страдна душа отвори.

А тиран — крвник — пусиа
со страшен глас му извикна ...
И куршум екна — пропиште
онаа песна проклета.

Стоана в гради погоди,
смртна му рана отвори,
замина оф не испушти
сред младос бујна, јунашка.

Потемна небе, прогрме,
цела се земнја затресе,
брег темен од жал распукна,
прибра си сина Стоана.


Поврзано

Надворешни врски

  • „Молскавици“, оригинално издание на македонски јазик со бугарска азбука.