Зборник на Миладиновци/ 419 песна

Од Wikisource
418 песна 419 песна

од Браќа Миладиновци
420 песна
на современ македонски правопис.


„Саракино црнооко,
Дарувај ми едно око!”
„Море лудо, кутро младо!
Ни дарувам, ни продавам,
Дојди вечер на вечера
На вечера крај пенџера,
Да ти даам и обеве
И обеве црни очи
И моево бело лице
Со се мое бела грло.”
„Саракино црнооко!
Јас не можам да ти дојдам,
Оти сум си турски момок,
Турски момок, коњски сеиз;
Везден дење коњи пасам,
А ноште си 'рти вардам,
Јас не можам да остаам.”
„Море лудо, кутро младо!
Ке те ука ја науча;
Удри коњи во пајвани,
А м'ските во железа,
А 'ртите во ремење,
Та дојди ми на вечера,
Да се оба познаиме.”
Саракино црнооко,
Како што го научила,
Така ука ја фатило;
Клало коњи во пајвани,
А м'ските во железа,
И 'ртите во ремења,
Та си пошло на вечера.
Што му даде црни очи,
И нејѕино бела лице
Бело лице, бела грло.
Малу што се покочиле
Дур се зора обзорило.
Стопани го побарале,
Што да видет вељо чудо!
Сите коњи во пајвани,
А м'ските во железа,
А р'тите во ремења,
Тога си се почудиле;
Кабаето му простиле,
Зашт се најде многу умен.
Аљ је умот от измеќар,
Аљ је умот љубовница?