Зборник на Миладиновци/ Султан Селим и Салакин Тодор

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Скендербег Султан Селим и Салакин Тодор

од Браќа Миладиновци
Митре и сестра Ангелина
на современ македонски правопис



Книга пишет цара Султан Селим;
Али пишит кому ке ја пратит?
Ке ја пратит Салаким Тодору,
Што му сакат до четири добра
Прво добра убаа нееста,
Второ добра крстетна бајрака,
Треќо добра негва брза коња,
А четворто село Калофео. -
Книга пеит Салаким Тодора,
Книга пеит, градум с'лѕи ронит.
Го догледа млада Тодорица,
И му рече млада Тодорица:
„А Тодоре мои господине!
Што те тебе нужба дотерало,
Книга пеиш, градум с'лѕи рониш?
Тога велит Салаким Тодора:
„А егиди убаа неесто,
Да ти кажам, та што ке ми чиниш?”
И му рече млада Тодорица:
„Ако немам ја што да ти чинам,
Како жаљаш, и јас да си жаљам.”
И је кажвит Салаким Тодора,
Што допуштил цара Султан Селим,
Што ми сакат до четири добра:
Прво добро убаа нееста,
Второ добро крстетна бајрака,
Треко добро моја брза коња,
А четврто село Калофео.
Сити добро ја да и прежаљам,
Ама тебе како да прежаљам!”
И му рече млада Тодорица:
„А Тодоре, мое господине!
Тоа гајле ич да го не бериш;
Тук прати му една бела книга,
Бела книга црно написана:
А егиди цара Султан Селим!
Ти ми сакаш до четири добро,
Не ти даам четири камења.”
Како ука што го научила,
Така си ја нееста почуло;
И му прати назот бела книга.
Кога царот книга ми отпеа,
Тогај ми се мошне наљутило,
И ми пушти Турци Јаничари;
Ископае л'гами пот земи,
Ми појдое во земни керали,
Да украдет млада Тодорица.
Тодор седнал на диван високи,
Да си ручат ручег господарски
Со негоа мила стара мајка,
И си држит нивно м'шко дете.
И си зеде млада Тодорица,
Да наточит вино тригодишно.
Кога виде чудо и големо!
Во керали Турци Јаничари,
И сакает Турци да ј а грабат,
И им рече млада Тодорица;
,,А егиди Турци Јаничари!
Аљ сте умни, aли сте будали?
Вие мене што ме задирате?
Да не сум си млада Тодорица,
Тук сум си црна робинчица;
Тодорица на диван си седит.
Кажете ми з'ошто ја барате,
Тодорица ја да ја измамам,
Јас овдека да ви ја донесам.”
И је велет Турци Јаничари:
,,Не допуштил цар Султан Селим,
Да грабиме млада Тодорица,
И при цара да ја отнесиме.”
Ја пуштие млада Тодорица;
Си отиде на диван високи;
Си седнае и се наручае;
Тога велит млада Тодорица:
„А Тодоре мое господине!
Ручек ручам манџи господарски,
А во срце древја и камења!
Што ми дошло чудо и големо!
Во керали Турци Јаничари;
Што допуштил цара Султан Селим,
И допуштил мене да грабеет.
Кога слегоф вина да наточам,
Тога најдоф Турци Јаничари,
Им се казаф црна робинчица,
И от р'це ја от ним избегоф.
Сега ние како ке праиме?”
Тога влеит Салаким Тодора:
„А егиди убаа неесто!
Тоа гајле ти да го не бериш,
Лели дошле скришем во керали;
Ти да седиш на диван високи,
Да си држиш наше м'шко дете.”
И си стана на нога јуначка,
И си зеде своја брза коња,
И си зеде ж'лта боздогана,
И си зеде своја остра сабја,
И си зеде крстетна бајрака,
И је рече н' убаа нееста:
„Ти да пулиш крететна барјака,
Дури стоит гајле да не бериш;
Ако паднет крстетна барјака,
Тога порти сама да отвориш;
Кога влезе во земни керали,
Едни Турци со сабја исече,
Други Турци со коња изгази,
Си направи крви до колена,
Си навали крстетна барјака,
Во крвите коња му пропадна.
Тога писна млада Тодорица,
Да ми пиштит т'ги со гласои;
Је се стори оти го загубиле.
И је викна Тодор од керали:
„М'лчи, м'лчи, млада Тодорице,
Оти Турци не ме изагубие,
Сите Турци овде и посекоф.”
И си слезе млада Тодорица,
Што да види чудо и големо!
Сите Турце н'тре посечени;
Се качие на диван високи.
Ми дочула цара Султан Селим,
Сите Турци му и загубиле,
Не му падна голема лутина,
Тук му даде голема пештеша,
Пештеш даде една брза коња,
И му даде една остра сабја.