Прејди на содржината

Зборник на Миладиновци/ На човек што имат деца

Од Wikisource

На богат човек На човек што имат деца

од Браќа Миладиновци
На стар
на современ македонски правопис.


Млат Деспот се возеше
Во две злати кораби
Со своите синои.
Оделе, што оделе,
И ми нашле девојка;
Поголем ми велеше:
„Дај ми изан, татко ле,
Да излезам понапрет,
Да прстенвам девојка!”
Татко му му велеше:
„Море синко, малечек!
Уште си ми малечек,
Не ти требит девојка.”
„Море татко милечек!
Ако сум си малечек,
Имам стрико поголем,
Нему ке ја прстенвам,
Нему да је донесам.”
Татко изан му даде;
Си излезе понапрет;
Је прстенва девојка.
Татко му го профтаса,
Је зедеа девојка,
Је однесе дур дома,
Брату си му викаше:
„Море брату милечек!
Јас ти пештеш донесоф,
Аљ ке ми го кабулиш,
Аљ не ми го кабулиш?”
„Имам сина за него.”
Брат му си го пречека
Го целива в очите.
Је зедое нееста,
Си викнае свој луѓе,
Си викнае и попот,
Је венчае нееста,
Радостта је сторие.