Зборник на Миладиновци/ Марко и Гино арнаутче
Марко, Арапин и Маркоица | Марко и Гино арнаутче од Браќа Миладиновци |
Тодорка и књахче |
на современ македонски правопис |
Постил Марко пости велигденски,
Седум недели, седум п'ти јал,
Без вино, без љута ракиа.
И ми дојде дена Велигдена,
Станал Марко на веља с'бота,
Се променвит лепа се наружвит.
Маркоица коња му променвит;
И му велит млада Маркоица:
„Ај ти Марко, мои господине!
Аљ да клаам твоја остра сабја,
Аљ да клаам ж'лта боздогана?”
И је рече Марко Кралевиќе!
„А егиди млада Маркоице,
Не ке ода на војска цареа,
Не ке ода негдека на свадба,
Та да зеам моја остра сабја;
Тук ке одам в црква Арангела
Арангела ва царква на причесна,”
Бог је убил млада Маркоица,
Зашто беше умна и разумна;
И ја зеде сабја дипленица,
Што се диплит дванаесет дипли,
Во д'лжина дванаесет педи,
Во ширина што беше четири;
Му ја кладе сабја от скришема,
Му ја кладе коњу во гривата,
Му целива коњу црни очи,
И му рече млада Маркоица:
„Коњу, коњу, жити црни очи!
Ако видиш негде Марка во зло,
Да му кажиш негва остра сабја.”
Си киниса Марко Кралевике,
Да си одит в црква Арангела.
Колку појде во гора зелена,
Го сусрети Гино Арнауче.
И му рече Марко Кралевике:
„Добро утро, Гино Арнауче!”
„Дал бог добро, незнаено дељо!”
„К'де вака, Гино Арнауче,
К'де вака коња си потерал?”
Тога зборвит Гино Арнауче:
„Ај ти тебе незнаено дељо!
Јас ке одам у Марка Кралевиќа,
Марко ми је в црква Арангела,
Ке му грабам сестра Ангелина,
Ке му сторам големи намузлак;
Оти има три години време,
Јас се сакам, тој не ми ја дават.”
Тога рече Марко Кралевиќе
„Ај со здравје Гино Арнауче!
Ако можиш, бог да ти поможит!”
Колку Марко ми се отделило,
Мошне жаљат и умилно плачит
И со коња лакардии чинит:
„Леле коњу, леле брза коњу!
Как не имаф моја остра сабја,
Да пресечам Гино на п'тишта!
Ке ми сторит големи намузлак,
Ке пограби моја мила сестра.”
Даде господ коња отгоори;
„Ајти Марко- мое господине!
Не клаи си големи касает,
Тук побарај во мојава коса,
Да си најдиш твоја остра сабја.”
И си зеде Марко остра сабја,
Назад коња Марко си потера;
И си рече Марко Кралевике:
„Леле боже, леле мили боже,
Сега, боже, мене поможи ми,
Пак ке постам пости велигденски,
Пак ке дојдит дена Велигдена,
Да си одам в црков на причесна.”
Го прифтаса Гино Арнауче,
И му рече Марко Кралевике:
„Чекај ми се, Гино Арнауче!
Чија сестра ке одиш да грабиш!
Ела еднош да се обидиме,
Обидиме во гора зелена,
Оту после сестра да је грабиш!”
Се застоа Гино Арнауче.
Се фатие с онје остри сабји:
Остри сабји си и искршие
А јунаци не се загубие.
Се фатие со тонки рамена;
И го фати Гино Арнауче,
Си го фати Марка Кралевиќа,
До колена в земи го закопа,
Ушт' едношка дури до појаса,
Колку глаа да му ја пресечит;
Бог го убил Марка Кралевиќа!
Зашто беше умен и разумен;
Што му рече Марко Кралевике:
„А егиди Гино Арнауче!
Ја ти падвам на твојата нога,
Како сакаш, така да ме губиш,
Туку ти се тебе милно мољам,
Да м' однесиш на долна меана,
Тамо имат млада карчмарица,
Многу вино тамо сум је пило,
Сум је пило, несу је платило,
Да ме губиш пред нејѕини очи,
И нејѕини кеиф да је сториш,
Зашто ми је таја баш душмана,”
Се измами Гино Арнауче,
И му фрли дробнана синџира,
Си го фрли зад себе на коња,
Го однесе на долна меана,
Го догледа млада карчмарица;
Не му беше таја баш душмана,
Тук' му беше верна посестрима.
„Ела, ела Гино Арнауче!
Аљ го носиш моиот асмиа!
Бог да прости к'де си го фатил!
Оти имат токму три години,
Вино пиет, пари не ми дало,”
Си отиде Гино на меана,
Си го зеде млада карчмарица,
Марко го скри в шарена одаа,
И го служит Гина Арнауче,
И го служит со љута ракиа,
По ракиа манџи господарски,
А по манџи вино тригодишно,
А во вино биљки чемерливки.
С' опијани Гино Арнауче;
И је рече Гино Арнауче:
„Ај ти тебе млада карчмарице!
Ти се мољам арно да го држиш,
Дан' побегнит нашиот асмиа,
От' ке легна малу да поспиа.”
И му рече млада карчмарица:
„Немај гајле, Гина Арнауче,
Јас го имам него закључено!”
Му подаде шарена перница,
И му фрли свилена јоргана,
Да поспиет Гино Арнауче.
Колку заспа Гино Арнауче,
И си стана млада карчмарица,
И си зеде сабја м'жоа си,
Си отвори шарена одаа,
Му изваде дробнана синџира,
Му подаде Маркоје остра сабја;
„Стани сега, Марко Кралевиќе,
Да загубиш нашиот асмиа.
Си го отскри Гина Арнауче,
Си го отскри Марко Кралевиќе,
И му зеде глаа от камена;
И је рече Марко Кралевиќе:
„Ангелина, моја мила сестра!
До сега т' имаф верна посестрима,
А от сега за сестра рогена!”
Го зедаа Гина Арнауче,
Го фарлие по бела Дунава.
Назод дома Марко си отиде;
Ко дојдое пости велигденски,
Пак си пости Марко Кралевике.