Зборник на Миладиновци/ Јован и мајка му

Од Wikisource
Ружица девојка и триесет момчина Јован и мајка му

од Браќа Миладиновци
Елин дојка
на современ македонски правопис


Јован мајка мошне додеваше
Мајка му се љуто наљутила,
Јована го љуто прок'лнала:
„А Јоване, а синко рогене;
Зашто олку, синко, ми додеваш,
Да би дал бог да се попалаиш,
Та да поидиш во гора зелена,
Да се сториш, синко, сури елен.
Зиме да зимвиш студени осој,
Лете да летвиш горешки присој,
И да ми шеташ токму три години,
На четворти умот да ти дојдит!”
Назад синот клетва је вратило,
„Ајти мајка, ајти мила мајка!
Како велиш клетва да ти бидит;
Ја да ти се, мајка, попалаам,
Кога ке се мајка, попалаам,
Ко' ке појда во гора зелена,
Да би дошол Корун кесеџиа,
Да б' загубил сина поголеми,
Да ти плени стока богатиа,
Да ти земит девет тавли коњи,
Да ти земит три млади неести,
Невестите за црни робини,
И дечиња луди телчарчина,
И ти сама гускарка да бидиш,
Да ми пасиш гуски на п'тишта!”
Како што се клетва изк'лнае,
Так им се клетвите фатие.
Млади Јован си се попалаи,
И ми појде во гора зелена;
И ми појде Корун кесеџиа,
Му загуби брата поголеми,
Што ми рече сите се сториа.
Колку дојде четворта година,
Умот дојде тога на Јована;
Ми киниса дома да ми идеј,
И си вижат своја стара мајка,
К'де пасит гуски на п'тишта.
Тога велит Јован добар јунак:
„Леле мајка, леле мила мајка!
Како си се клетви изк'лнафме,
Така клетви, мајко, не фатие;
Научи ме сега што да чина,
Зашто немам една добра коња.”
И му рече негва стара мајка:
„Ајти синко, ајти мила синко!
Да ти кажам, синко, шта да чиниш,
Да си појдиш в стара кобилица;
Таја ми је, синко, изтерана,
Ево имат за девет години,
Таја, синко ни је наљутена,
Зашто сме ја, синко, истерале,
Истерале волци да ја јадат,
Да је молиш со галеми мољби,
Таја ми је умна и разумна.”
Како мајка си го научила,
Јован појде во Стара планина,
И је рече на стара кобила:
„Кобилице, моја мила мајка!
Жити помин што си поминала,
Поминала во нашата куќа,
Ајде сега со мене да дојдиш,
Да одиме мие у Коруна,
Да бараме и стока и љуѓе.”
Кинисае и си отидое,
И ми викна уште от далеку:
„А излези Корун кесеџиа!
Ела еднош да се обидиме,
Обидиме јунак .со јунака,
Како губиш мое мила брате,
Мило брате, како рудо јагне,
Како грабиш моја мила стока!”
Се измами Корун, ми излезе,
се спушти Јован добар јунак,
Си го фати за тенки рамена,
До колена в земи го закачи,
Со кобила пот ноѕе го изгази;
И му зеде Коруноа сабја,
Му пресече негва добра глаа,
И си зеде три млади неести,
И си зеде с'та своја стока,
После зеде и негоа стока,
Си излезе надвор по п'тишта,
Си ја зеде своја стара мајка,
И си зеде свои луди деца,
Си отиде во својата кука;
И је вели Јован добар јунак:
„Радви ми се, моја мила куќо.
Чесна биди, как што ми си била!”