Четврта книга Мојсеева/ 12 глава
11 глава | Четврта книга Мојсеева 12 глава од Мојсеј |
13 глава |
1 А Маријам и Арон почнаа да зборуваат против Мојсеја заради неговата жена Етиопка, за која се ожени, зашто беше зел за жена една Етиопка.
2 „Зар Господ му зборува само на Мојсеја? - рекоа. - Зар не ни зборуваше и нам?” Господ го чу тоа.
3 Мојсеј беше мошне скромен човек, најскромен човек на земјата.
4 И Господ им рече веднаш на Мојсеја, на Арона и на Маријам: „Вие тројцата јавете се во Шаторот на средбата.” Тие тројца се јавија.
5 Господ слезе во облачен столб и застана при влезот на Шаторот. Ги повика Арона и Маријам. Кога тие истапија напред,
6 Господ рече: „Чујте ги Моите зборови: Ако се најде пророк среде вас, Јас му се јавувам нему во видение, му говорам на сон.
7 Но не е така со Мојот слуга Мојсеј. Од сите во Мојата куќа тој е најверен.
8 Јас му зборувам нему уста во уста, јавно, а не со гатанки, и тој смее да го гледа Господовиот лик. Како тогаш не се плашевте да зборувате против Мојот слуга Мојсеја?”
9 Откако пламна со гнев против нив, Господ си отиде.
10 Штом облакот се оддалечи од Шаторот, ете, Маријам стана лепрозна, како потурена со снег. Арон се сврте кон Маријам, а лепрата беше на неа.
11 Тогаш Арон му рече на Мојсеја: „Господару мој, не сметај ни за грев, зашто постапивме глупо и согрешивме.
12 Не оставај таа да остане како мртво дете на кое, веќе при излегувањето од мајчината утроба, снагата му е напола уништена!”
13 Тогаш Мојсеј извика кон Господа: „Боже, Те молам, оздрави ја!”
14 „Ако нејзиниот татко и плукнал во лицето - Господ му рече на Мојсеја - зар не ќе требаше да се срами седум денови? И таа нека биде одвоена надвор од логорот седум денови, па потоа нека биде прибрана пак.”
15 Така Маријам беше одвоена надвор од логорот седум денови. Народот не тргна на пат додека Маријам не се прибра пак.
16 Потоа народот тргна од Асирот и се настани во Фаранската Пустина.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse