Четврта книга Мојсеева/ 11 глава
10 глава | Четврта книга Мојсеева 11 глава од Мојсеј |
12 глава |
1 И народот почна да мрмори злобно во Господовите уши. Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев. Господов оган избувна среде нив и изгоре еден крај на логорот.
2 Народот извика кон Мојсеја, а Мојсеј Му се помоли на Господа, и огнот стивна.
3 Тоа место го нарекоа Тавера, зашто Господов оган пламна на нив таму.
4 Придојдениците среде нив ги опфати лакомство за јадење. А и Израелците пак почнаа да се поплакуваат, велејќи: „Кој ќе нè насити со месо!
5 Си спомнуваме како јадевме бесплатно во Египет: риби, краставици, дињи, праз, кромид и лук.
6 Сега нашиот живот венее, нема ништо пред нашите очи освен мана.”
7 Маната беше како коријандрово семе и слична на боја од вделиј.
8 Народот одеше наоколу, ја собираше, а потоа ја мелеше со рачници или ја толчеше во толчник. Ја вареше во грнче и правеше колачиња од неа. Вкусот и беше како вкус на колачиња зготвени со масло.
9 Кога, ноќе, росата се спушташе во логорот, со неа се спушташе и маната.
10 Мојсеј слушаше како народот се поплакува во своите семејства, секој при влезот на својот шатор. Господовиот гнев пламна жестоко, и Мојсеј се нажали:
11 „Зошто го измачуваш Твојот слуга? - Мојсеј Му упати слово на Господа. Зошто не добив милост во Твоите очи, кога врз мене го стави теретот за сиот овој народ?
12 Зар од мене произлегува сиот овој народ? Зар јас го родив, кога ми велиш: ‘Носи го во твоето крило, како што доилката го носи доилчето,’ во земјата што со заклетва им ја вети на нивните татковци!
13 Откаде кај мене месо за да му го дадам на сиот овој народ, што плаче околу мене, велејќи: ‘Дај ни месо да јадеме!’
14 Јас самиот не можам да го носам сиот овој народ. Претешко е тоа за мене.
15 Ако и понатаму постапуваш вака со мене, подобро убиј ме; ако најдов милост во Твоите очи, за да не ја гледам повеќе својата беда.”
16 Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Собери ми седумдесет мажи меѓу Израелевите старешини, за кои знаеш дека се народни старешини и негови надгледувачи. Доведи ги во Шаторот на средбата, па нека ги заземат таму своите места со тебе.
17 Јас ќе слезам и таму ќе зборувам со тебе; ќе земам од духот што е на тебе и ќе го ставам на нив. Така, со тебе, ќе го носат бремето на народот, за да не го носиш сам.
18 Натаму, кажи му на народот: ‘Очистете се за утре, и ќе јадете месо, зашто плачевте во Господовите уши, говорејќи: „Кој ќе нè насити со месо? Ни беше добро во Египет.” И така, Господ ќе ви даде месо да јадете.
19 Нема да го јадете само еден ден, ни пет дена, ни десет дена, ни дваесет денови;
20 туку цел месец, сè додека не ви избие низ носалките и не ви се згади, зашто Го отфрливте Господа Кој е среде вас, мрморејќи пред Него со зборовите: „Зошто воопшто излеговме од Египет?!”‘„
21 „Народот во кој се наоѓам - одговори Мојсеј - има шест стотини илјади пешаци, а Ти велиш: ‘Ќе им дадам месо да јадат цел месец.’
22 Може ли да биде исклан целиот ситен и крупен добиток за да им биде доволно? Можат ли да се соберат сите риби од морето за да им биде доста?”
23 Господ му рече на Мојсеја: „Зар Господовата рака е толку кратка? Сега ќе видиш дали ќе се збидне Моето слово или не.”
24 Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови, и собра седумдесет мажи од народните старешини и ги смести околу Шаторот.
25 Господ слезе во облак и почна да зборува со нив. Потоа зеде од Духот што беше на него и го стави на оние седумдесет старешини. Кога Духот дојде на нив, почнаа да пророкуваат, но тоа не го повторија уште еднаш.
26 Двајца останаа во логорот. На едниот името му беше Елдад, а на другиот Модад. Духот слезе и на нив - беа и тие меѓу запишаните, иако не дојдоа при Шаторот - тие почнаа да пророкуваат во логорот.
27 Некој младец отрча и му јави на Мојсеја: „Елдад и Модад - рече - пророкуваат во логорот!”
28 Исус, синот Навинов, кој му прислужуваше на Мојсеја од својата младост, прозбори и рече: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!”
29 Мојсеј му одговори: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!”
30 Потоа Мојсеј и Израелевите старешини се вратија во логорот.
31 Тогаш Господ заповеда па задува ветер и донесе потполошки од морето и ги расфрла околу логорот, на ден одење и од оваа и од онаа страна на логорот, и два лакти над земјата.
32 Народот стана и собираше потполошки целиот ден, целата ноќ и целиот утрешен ден. Оној кој собра најмалку од нив имаше десет гомори. Потоа ги простреа околу логорот.
33 Месото уште беше меѓу нивните заби - уште не го сожвакаа - кога пламна Господовиот гнев против народот: Господ го удри народот со страшен помор.
34 Она место беше наречено Киврот Атава (Гробница на Лакомост), зашто таму ги закопаа оние што се полакомија.
35 Од Киврот Атава народот се запати во Асирот; и се настанија во Асирот.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse