Списание „Вардар“ (современ правопис)/Современ живот

Од Wikisource
Народни песни Списание „Вардар“ на современ македонски правопис

од Крсте Петков Мисирков
Словенството
Објавено во списанието Вардар на 1 септември 1905 во Одеса.
Современ живот

I. Македонија

Во Македонија летово, што помина, беше, во споредба со изминатите лета, поспокојно. Тоа се објаснува со многу причини. Кои се тие, лесно се објаснува. Најпрво, народот е во економски однос совршено расипан, па затоа тој не може повеќе да поддржува со пари никакви големи востанија. Друго, народот ја изгуби секоја вера во возможноста да се достигне со востание целта, за достигнување за кое тој досега принел толку жртви и страдања. Трето, положбата на народот македонски и сега е за завидување, како што не бил тој и досега, но сега има малечка разлика во споредба со претходното: сега има во Македонија внатре офицери, рисјани – европејци и цивилни агенти на Хилмо-паша; тоа е малку во споредбата со тоа, што се очекуваше до востанието од 1903 година, но ова е многу во споредба со тоа што беше до воведувањето на Мирцштетските реформи. Четврто и најглавно, летово, како и за сето време од завршувањето на востанието од 1903 година и досега, во Македонија царува меѓурисјанска вооружена борба водена по иницијативата и на материјални средства на националните пропаганди. При тоа таа меѓурисјанска борба во жестокоста ги помина сите жестокости правени од Турците над рисјаните, на кои рисјаните се потпирале, барајќи од Европа помош, како послаби, против посилните противници – Турците. Меѓурисјанската борба во Македонија, не само што го ослабува македонскиот народ и му готви гибел, не само што ја прави невозможна борбата со културни средства за рамноправност на сите народности во Македонија, ами таа покажува, оти рисјаните не се помалку груби од Tурците, оти тие се непросветени, но пожестоки од Турците и оти, ако тие добијат власт во раце, ќе си тријат сол на главата едни со други и Турците. Ќе се надеваме, оти развивањето на националното самосознание на македонскиот народ ќе го направи делувањето на пропагандите неосновано и со тоа ќе се стави крај на ѕверствата, што ги вршат над мирните селани орудијата на тие пропаганди.

Видете исто така