Списание „Вардар“ (современ правопис)/ Словенството

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Современ живот Списание „Вардар“ на современ македонски правопис

од Крсте Петков Мисирков
нема
Објавено во списанието „Вардар“ на 1 септември 1905 во Одеса.
Словенството
Русија

Во Русија се случија два важни настана, кои не ќе задоцнат при развивањето и зајакнувањето на рускиот народ, тие се: 1. дарувањето устав од Царот на рускиот народ, по кое ќе има народни избраници, преку кои рускиот цар ќе ги преслушува потребите на својот народ, и 2. завршувањето на војната со Јапонија и заклучувањето на Руско-јапонскиот мировен договор во град Портсмут, Соединети Американски Држави. Портсмутскиот догоор е убаво пречекан во Русија, зошто со него се завршува крвопролеаната долговремена борба и рускиот народ пак ќе се зафати за мирниот труд – единствен залог на успевањето на секој народ. Но тој договор има посебно значение, како покажувач на силата на Русија. Оваа држава зафати една војна, против својата волја, со една држава од околу 15.000 километри оддалечена од Европска Русија. Јапонија со години се подготвувала за војнава, беше блиска до бојното поле и имаше морски пат за испраќање војска, муниција и провијант, а Русиіа, освен што беше на 12.000 километри оддалечена од бојното поле, освен што не беше подготвена за војна, требаше сета своја војска и вооружување и провијант да ги испраќа во Манџурија по еден железнички пат. Се разбира, оти сите шанси за успех беа и на суво и на море на страната на Јапонците. И вистина Јапонците во сета војна одржаа цел ред воени успеси. Но Портсмутскиов мир покажува, оти при се' тоа Русија си останува голема и силна воена држава, која никогаш нема да допушти мир, несогласен со нејзината големина и нејзината државна чест. И навистина по Портсмутскиот мир Јапонците го зедоа од Русите само јужниот дел од Сахалин, кој пред 25 години беше јапонски. Но Русија не даде ниту една пара оштета! Со Портсмутскиот мир треба да остане доволно заедно со рускиот народ и сето словенство, зошто тој ги сочува честа и достоинството на Русија, толку драгоцени за сето словенство.

Видете исто така