Прејди на содржината

Прва книга летописи/ 16 глава

Од Wikisource

15 глава Прва книга летописи
16 глава
од н.п.
17 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Тогаш го внесоа Божјиот Ковчег и го поставија сред шаторот што му го беше оптегнал Давид. Тогаш принесоа паленици и помирителни жртви пред Господа.
  2 Откако принесе паленици и помирителни жртви, Давид го благослови народот во Господовото име.
  3 Тогаш им подели на сите Израелци, на мажите и на жените, секому по еден кружен леб, парче месо и низаница суво грозје.
  4 Тогаш постави пред Господовиот Ковчег службеници, од левитите, да Го вознесуваат, да Го слават и да Го фалат Господа, Израелевиот Бог, и тоа:
  5 главатарот Асаф, а втор по него Захариј, потоа Еил, Семирамот, Ехил, Мататиј, Елијав, Венаја, Овид-Едом и Еил со псалтири и гуслиња; Асаф удираше во кимвали.
  6 Свештениците Венаја и Јазил беа непрекратно со труби пред Ковчегот на Господовиот Завет.
  7 Во тој ден Давид им довери за првпат на Асаф и на неговите браќа да Го слават Господа со овај псалм:
  8 Славете Го Господа, повикувајте Му го Името; навестувајте ги сред народите Неговите дела!
  9 Пејте Му, свирете Му, проповедајте ги сите Негови чудеса!
10 Фалете се со Неговото свето Име, нека се радува срцето на оние што Го бараат Господа!
11 Барајте Го Господа и Неговата сила, барајте го секогаш Неговото лице!
12 Спомнете си за чудата што ги направи, за Неговите чуда и за судовите на Неговата уста,
13 Израелевиот род е Негов слуга, Јакововите синови Негови избраници.
14 Тој е Господ, наш Бог; Неговите судови се по сета земја!
15 Спомнувајте си секогаш за Неговиот Завет, за словото кое им го објави на илјадници поколенија;
16 за Заветот што го склучи со Авраама и Неговата заклетва на Исака.
17 Тоа им го постави како закон на Јакова, како вечен Завет на Израел.
18 Велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам Ханаанската Земја како дел во ваше наследство.”
19 Тие беа малубројни, и ништожни, и придојденици во неа.
20 Одеа од народ до народ, од едно царство кон друг народ.
21 Но Тој не му дозволи никому да ги угнетува, ги казнуваше заради нив царевите:
22 ”Не допирајте ги Моите помазаници, не правете им зло на Моите пророци!”
23 Пеј Му на Господа, цела Земјо! Проповедајте го од ден на ден Неговото спасение!
24 Кажувајте им ја на незнабошците Неговата слава, на сите народи Неговите чудеса.
25 Велик е Господ, предостоен за фалба, пострашен од сите богови.
26 Ништожни се сите богови на народите. Господ ги создаде небесата.
27 Славата и величеството се пред Него, силата и радоста во Неговото Светилиште.
28 Дајте Му ги на Господа, народни племиња, дајте Му ги на Господа славата и честа!
29 Дајте Му ја на Господа славата на Неговото Име, носете приноси и доаѓајте пред Неговото лице! Поклонете Му се на Господа во блесокот на Неговата светост!
30 Трепери пред Него, сета Земјо! Ја зацврсти вселената за да не се заљулее.
31 Небесата нека се веселат и земјата нека воскликнува; нека се зборува меѓу незнабошците: „Господ царува!”
32 Морето нека бучи и сè што е во него; полето нека се радува и што е на него!
33 Горските дрвја нека ликуваат пред Господа, зашто доаѓа да и суди на земјата.
34 Славете Го Господа зашто е добар, зашто е вечна Неговата љубов.
35 И речете: „Спаси нè, о Боже, Спасителу наш, и собери нè и избави нè од безбожните народи, за да го славиме Твоето свето Име, за да се гордееме со Твојата слава.”
36 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ рече: „Амин! Алилуја!”
37 И таму пред Ковчегот на Господовиот Завет ги оставија Асафа и неговите браќа за да служат пред Ковчегот непрекратно, колку што треба од ден во ден;
38 и Овид-Едома со неговите браќа, нив шеесет и осум, Овид-Едома, синот Једутунов, и Оса, за да бидат вратари;
39 а свештеникот Садок со неговите браќа свештеници пред Господовото Престојувалиште на високото место во Гаваон,
40 за да Му принесуваат паленици на Господа на жртвеникот за паленици без престанок, наутро и навечер, и за да вршат сè, што е напишано во Законот што Господ му го одреди на Израел;
41 со него Еман и Једутун и другите избраници, за да Го слават Господа, „зашто е вечна Неговата љубов”;
42 и тоа Еман и Једутун за да свират во трубите и за да удираат во кимвалите и во други музички справи во чест на Бога; а Једутуновите синови за да бидат вратари.
43 Тогаш сиот народ се разотиде, секој во својата куќа; а Давид се врати за да го благослови својот дом.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse