1 Тогаш Давид изгради дворци во Давидовиот Град, подготви место за Ковчегот и му оптегна Шатор.
2 Потоа Давид рече: „Никој не смее да го носи Божјиот Ковчег освен левитите, зашто Господ ги избра нив за да го носат Божјиот Ковчег и за да му служат довека.”
3 Давид го собра сиот Израел во Ерусалим за да го пренесат Господовиот Ковчег горе на неговото место што му го беше подготвил.
4 Давид ги собра и Ароновите синови и левитите.
5 Од Каатовите синови: кнезот Урил и сто и дваесет негови браќа;
6 од Мерариевите синови: кнезот Асај и двеста и дваесет негови браќа;
7 од Гирсоновите синови: кнезот Јоел и сто и триесет негови браќа.
8 Од Елисафановите синови: кнезот Семај и двеста негови браќа.
9 Од Хевроновите синови: кнезот Елил и осумдесет негови браќа;
10 од Озиловите синови: кнезот Аминадав и сто и дваесет негови браќа.
11 Тогаш Давид ги повика свештениците Садок и Авијатар, и левитите Урил, Асај, Јоил, Самај, Елил и Аминадав,
12 па им рече: „Вие сте главатари на левитските семејства; осветете се себеси и своите браќа за да го пренесете горе Ковчегот на Господа, Израелевиот Бог, на местото што му го подготвив.
13 Зашто нè погуби Господ, нашиот Бог, затоа што првиот пат вие не бевте присутни и затоа што не Го баравме онака како што треба.”
14 Тогаш свештениците и левитите се осветија за да го пренесат горе Ковчегот на Господа, Израелевиот Бог.
15 Левитските синови го понесоа Божјиот Ковчег, на своите раменици, на драгови, како што заповеда Мојсеј според Господовиот збор.
16 Тогаш Давид им рече на левитските кнезови да од своите браќа постават пејачи со музички справи, со псалтири, со гуслиња и со кимвали, за да се слуша и за да се одгласува силно радосното пеење.
17 Левитите ги поставија Јоиловиот син Еман, а од неговите браќа Варахиевиот син Асаф, и од нивните браќа, Мерариевите синови, Кисеовиот син Етан.
18 Со нив нивните браќа од вториот ред: Захариј, синот Јазилов, Семирамот, Ехил, Униј, Елијав, Венаја, Масиј, Мататиј, Елифел, Микнеј, Овид-Едом и Еил, вратари.
19 А пејачите Еман, Асаф и Етан удираа громко во бронзените кимвали.
20 А Захариј, Азил, Семирамот, Ехил, Униј, Елијав, Масиј и Венаја во псалтири со високи звуци;
21 а Мататиј, Елифел, Микнеј, Овид-Едом, Елиј и Азазиј во гуслиња, во осминска придружба.
22 Хенаниј, кнезот на оние левити кои го носеа Ковчегот, управуваше со пренесувањето, зашто беше вешт.
23 Варахиј и Елкана беа вратари кај Ковчегот.
24 Севаниј, Јосафат, Натанаил, Амасај, Захариј, Венаја и Елиезер, свештеници, трубеа во труби пред Божјиот Ковчег; Овид-Едом и Ехиј беа вратари кај Ковчегот.
25 Така Давид со израелските старешини и со илјадниците одеше радосно пренесувајќи го горе Ковчегот на Господовиот Завет од Овид-Едомовата куќа.
26 Кога Бог им помогна на левитите кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, жртвуваа седум јунци и седум овни.
27 Давид беше наметнат со плашт од тенко платно, а исто така и сите левити кои го носеа Ковчегот, и пејачите и Хенаниј кој управуваше со носачите среде пејачите. Давид имаше ленен наплеќник врз себе.
28 Така сиот Израел го пренесуваше горе Ковчегот на Господовиот Завет, радосно воскликнувајќи наспоредно со звуците на роговите, трубите и кимвалите, играјќи при звуците на псалтирите и гуслињата.
29 Кога Ковчегот на Господовиот Завет влегуваше во Давидовиот Град, Сауловата ќерка Михала, гледајќи од прозорецот, го виде царот Давид како скока и игра, и таа го презре во своето срце.