Прва книга летописи/ 17 глава

Од Wikisource

16 глава Прва книга летописи
17 глава
од н.п.
18 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Кога Давид се настани во дворецот, му рече на пророкот Натан: „Погледај! Еве, јас живеам во дворец од кедрово дрво, а Ковчегот на Господовиот Завет под завеси!”
  2 Натан му одговори на Давида: „Прави, што ти е на срцето, зашто Господ е со тебе.”
  3 Но уште во истата ноќ му дојде на Натана ова Божјо слово:
  4 ”Оди и кажи му на Мојот слуга Давид: ‘Господ зборува вака: „Ти нема да Ми направиш куќа за да живеам во неа.
  5 Никогаш не престојував во куќа откако го изведов Израел од Египет па до денешниот ден, туку одев од шатор до шатор, и од престојувалиште до престојувалиште.
  6 Додека одев со сиот Израел, дали му реков еден збор на некој од израелевите судии, на кои им заповедав да му бидат пастири на Мојот народ, и дали му кажав: ‘Зошто не Ми изградите куќа од кедрово дрво?’”‘
  7 Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од пасиштата, од овците и од козите, за да бидеш кнез над Мојот Израелски народ.
  8 Бев со тебе каде и да одеше, ги истребив сите твои непријатели пред тебе. Јас ќе ти набавам големо име, како што е името на големците на земјата.
  9 Ќе му одредам престојувалиште на Својот Израелски народ и ќе го посадам за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту да го измачуваат неправедниците како порано,
10 тогаш кога одредив судии над Својот Израелски народ. Ќе ги покорам сите твои непријатели и ќе те направам голем, Господ ќе ти подигне дом.
11 Зашто кога ќе се исполнат твоите животни денови и кога ќе дојде времето да починеш кај татковците, ќе го подигнам твојот потомок по тебе, кој ќе биде од твоите синови, и ќе го утврдам неговото царство.
12 Тој ќе Ми изгради дом, а Јас ќе го утврдам неговиот престол засекогаш.
13 Јас ќе му бидам нему татко, а тој ќе Ми биде Мене син: нема да ја одвратам Мојата милост од него, како што ја одвратив од неговиот претходник.
14 Ќе го утврдам во Мојот дом и во Моето царство довека, и неговиот престол ќе му стои цврсто засекогаш.”‘“
15 Натан му ги пренесе на Давида сите тие зборови и целото видение.
16 Тогаш Давид дојде и застана пред Господа и рече: „Кој сум јас, о Боже Господи, и што е мојот дом та ме доведе дотука?
17 Па и тоа беше премалку во Твоите очи, о Боже, туку му даде ветување на домот на Својот слуга и за далечната иднина, и погледна на мене како што се гледа на угледен човек, о Боже Господи!
18 Па уште што да ти зборува Давид за славата на Твојот слуга; та Ти го познаваш Својот слуга!
19 Господи, заради Својот слуга и по Своето срце го направи сето ова големо дело, објавувајќи ги овие величини.
20 Господи нема таков Каков што си Ти, ниту има Бог освен Тебе, според сè што чувме со своите уши.
21 Дали постои друг народ на земјата како Твојот Израелски народ, заради кој Бог одеше за да Си избави народ за Себе, за да си придобиеш така Име со големи и страшни чудеса, изгонувајќи ги кривобожечките племиња пред Својот народ што го откупи од Египет?
22 Така го направи Својот Израелски народ, Свој народ засекогаш, а Ти, Господи, му стана Бог.
23 Затоа сега, Господи, нека биде цврсто довека словото што му го даде на Својот слуга и на неговиот дом, и направи како што вети.
24 Нека биде цврсто, за да се велича Твоето Име засекогаш и да се вели: ‘Господ над Војските, Израелевиот Бог, е Бог над Израел, а домот на Твојот слуга Давид нека стои цврсто пред Тебе.’
25 Зашто Ти, Боже мој, му јави на увото на Својот слуга дека ќе му подигнеш дом, затоа Твојот слуга присобра храброст за да се помоли пред Тебе.
26 Навистина, Господи, Ти Си Бог, и Ти му го даде ова убаво ветување на Твојот слуга.
27 Затоа сега удостои се да го благословиш домот на Твојот слуга, за да остане довека пред Тебе, зашто кога Ти, Господи, ќе благословиш, ќе биде благословено довека.”

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.