1 Тирскиот цар Хирам му ги испрати своите слуги на Соломона, зашто беше чул дека го помазаа за цар на местото на неговиот татко, а Хирам секогаш беше Давидов пријател.
2 Тогаш Соломон му порача на Хирама:
3 ”Ти знаеш добро дека мојот татко Давид не можеше да го изгради Домот на името на Господа, својот Бог, заради војните со кои го опкружија непријателите од сите страни, сè додека Господ не ги подложи под стапалата на неговите нозе.
4 Сега Господ, мојот Бог ми даде мир насекаде наоколу: немам непријател ни лоши пречки.
5 И така, имам намера да Му изградам Дом на името на Господа, својот Бог, како што Господ му рече на татка ми Давида: ‘Твојот син кого ќе го поставам место тебе на твојот престол, тој ќе му изгради Дом на Моето име.’
6 Затоа сега заповеди да ми насечат кедри на Ливан; моите слуги ќе бидат со твоите слуги, и јас ќе им ја платам надницата на твоите слуги според сè како што ќе ми одредиш. Ти знаеш добро дека кај нас нема луѓе кои што умеат да сечат дрва како Сидонците.”
7 Кога Хирам ја прими Соломоновата порака, многу се зарадува и рече: „Нека е благословен денес Господ, Кој му даде мудар син на Давида, кој управува со овој голем народ.”
8 И Хирам му јави на Соломона: „Ја примив твојата порака. Ќе ја исполнам во сè твојата желба за кедровите дрва и за чемпресовите дрва.
9 Моите слуги ќе ги пренесат од Ливан до морето, ќе ги сложам во сплавови и ќе ги пуштам по морето до местото што ќе ми го одредиш; таму ќе ги одврзиме, и ти ќе ги земеш. Ти пак ќе ја исполниш мојата желба и ќе дадеш храна за мојот дом.”
10 Хирам му даваше на Соломона кедрови и чемпресови дрва колку што сакаше,
11 а Соломон му даваше на Хирама дваесет илјади кори пченица за храна на домашните, и дваесет илјади кори масло од цедени маслинки. Толку му даваше Соломон на Хирама од година во година.
12 Господ му даде мудрост на Соломона, како што му беше ветил; меѓу Хирам и Соломон владееше мир, та тие склучија сојуз.
13 Тогаш царот Соломон собра бесплатни трудбеници од сиот Израел; неплатени работници беа вкупно триесет илјади луѓе.
14 Ги праќаше наизменично, секој месец по десет илјади луѓе беа еден месец на Ливан, а два месеца дома. Адонирам беше над сите бесплатни работници.
15 Соломон имаше и седумдесет илјади носачи на товар, осумдесет илјади каменоресци во гората,
16 не сметајќи ги службеничките главатари кои управуваа со работите; нив ги имаше три илјади и три стотини, а управуваа со народот вработен на работите.
17 Царот заповеда да кршат големи делови од одбран камен и да ги делкаат за основите на Храмот.
18 Соломоновите и Хирамовите градители, и оние од Гивлеа, копаничареа и подготвуваа дрво и делкаа за изградбата на Храмот.