Прејди на содржината

Прва книга за царевите/ 6 глава

Од Wikisource

5 глава Прва книга за царевите
6 глава
од н.п.
7 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Во четири стотини и осумдесеттата година од излегувањето на Израелците од Египетската Земја, во четвртата година на своето царување над Израел, во месецот Зиф - тоа е вториот месец - Соломон почна да го гради Господовиот Дом.
  2 Храмот што Соломон Му го градеше на Господа беше долг шеесет лакти, широк дваесет, а висок триесет лакти.
  3 Тремот пред Светилиштето на Храмот беше дваесет лакти долг, спрема храмовата широчина, а десет лакти широк, спрема должината на Храмот.
  4 На Храмот направи прозорци, затворени со решетки.
  5 Покрај ѕидот на Храмот околу Светината и Светината над светините, соѕида приградба на катови, сè наоколу.
  6 Долниот кат беше пет лакти широк, а средниот шест, а третиот седум лакти, зашто засеците ги распореди од надворешната страна околу Храмот, за да не би требало да ги вградува во храмските ѕидови.
  7 Храмот е граден од камен што веќе во каменоломот беше изделкан, така што при градењето не се чуја ни чекан ни длето, ни некакво железно орудие.
  8 Влезот во долниот кат беше од десната страна на Храмот, а по завојни искачувалки се одеше до средниот кат, и од средниот на третиот.
  9 Така го изгради Храмот и го доврши; и го покри со кедрови греди и даски.
10 И соѕида уште приградба околу целиот Храм; беше пет лакти висока, а врзана со Храмот со кедрови греди.
11 И Господовото слово му стигна на Соломона:
12 ”Тоа е Домот што го градиш: ако одиш според Моите наредби, ако ги исполнуваш Моите наредби и ако ги пазиш Моите заповеди, тогаш ќе го исполнам за тебе ветувањето што му го дадов на твојот татко Давид:
13 Ќе престојувам меѓу Израелевите синови и нема да го оставам Мојот народ Израел.”
14 И така Соломон го изгради Храмот и го доврши.
15 И ги обложи одвнатре ѕидовите на Храмот со кедрови даски - од подот до покривот ги обложи со дрво одвнатре - а со чемпресови даски го обложи подот на Храмот.
16 И направи преграда од дваесет лакти, од кедрови даски, од подот до покривот, и го оддели тој дел на Храмот за Светина над светините.
17 А Светилиштето, дел на Храмот пред Светина над светините - имаше четириесет лакти.
18 А врз кедровината внатре во Храмот беа врежани украси - плетеници од папки и цвеќиња; сè беше од кедровина, и никаде не се гледаше камен.
19 Светината над светините ја уреди внатре во Храмот, за да го смести таму Ковчегот на Господовиот Завет.
20 Светината над светините беше дваесет лакти долга, дваесет лакти широка, а ја обложи со чисто злато. Направи и жртвеник од кедровина,
21 пред Светината над светините, и го обложи со чисто злато.
22 И сиот Храм го обложи со злато, сиот Храм и сиот жртвеник, кој е пред Светината над светините, го обложи со злато.
23 Во Светината над светините направи два херувима од маслиново дрво. Беа високи десет лакти.
24 Едното крило на херувимот беше пет лакти, а второто крило во херувимот беше пет лакти; имаше десет лакти од едниот крај на крилата до другиот.
25 И другиот херувим беше десет лакти: еднаква мера и еднаков облик на обата херувима.
26 Височината на едниот херувим беше десет лакти, така и на вториот.
27 Ги смести херувимите сред внатрешната просторија; ги ширеа своите крила, така што крилото на едниот достигаше до едниот ѕид, а крилото на другиот достигаше до другиот ѕид; во средината на просторијата крилата им се допираа.
28 И херувимите ги обложи со злато.
29 По сите ѕидови на Храмот, внатре и однадвор, врежа ликови на херувими, со палми и со расцветани цветови,
30 со злато го покри и подот на Храмот одвнатре и однадвор.
31 А за влез во Светината над светините направи двокрилна врата од маслиново дрво; довратниците со праг беа на пет агли.
32 Двете крила на вратата од маслиново дрво ги украси со херувими, палми и со расцветани цветови, и сите ги обложи со злато; со златни листиња ги облепи херувимите и палмите.
33 Така и за влезот во Светилиштето направи врата од маслиново дрво, со четириаглести довратници.
34 Двете крила на вратата беа од чемпресово дрво, и двете се отвораа на едната и на другата страна.
35 Врежа врз нив херуви, палми и расцветани цветови, и го обложи со злато сè што беше ископаничарено.
36 Потоа го изгради внатрешното предворје од три реда делкан камен и од еден ред делкани кедрови греди.
37 Основите на Господовиот Храм беа положени во четвртата година, во месецот Зиф;
38 а во единаесеттата година, во месецот Вул - тоа е осмиот месец - Храмот е довршен со сите делови и со сè што му припаѓаше. Го изгради за седум години.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse