Прејди на содржината

Пеш по светот/ Пеш по светот (прва песна)

Од Wikisource
нема Пеш по светот
прва песна


од Коле Неделковски
Пеш по светот (втора песна)
Од збирката „Пеш по светот“ пренесена во оригинал на македонско писмо.

Греј о, мила месечино сјајно,
греј и огреј мој страден род,
во мачна душа шепни му тајно
за дните нови под златен свод.

И ете и ја тргнуам рано,
протегам рака со пламнат глас,
прости, о земјо, со срце збрано
дојде тој пусти најгрозен час.

Ја знам за дните тешко ке врват,
ни глас ке чујам од народ свој,
години црни жили ке здрват,
може и в крвав да поднам бој.

А кој ли жив ке истрае така,
да скрие дните во гробен сон,
всред тешко ропство и глад и мака,
да лежи кротко на леден трон.

Па што е живот и поглед стрелен
ако не борба за народ мил
во дните тешки да бидеш верен,
да развееш смрт над тиран гнил.

Знам, о роде, ке дочекаш слава,
може и ек од судбата лош,
може со болка да преклониш глава,
да скриеш срце од дигнат нож.

И се па, ајде, к истраеш во век,
ке бидеш пазач на ден и ноќ,
стра и трепет ке сееш со ред, —
закључен вулкан со грозна моќ.

***

Водиме, ајде, ти пат мој прашен,
запази спомен од мојот траг,
до дека живот - поројот страшен
ме врати на роден праг.

И тогај морен нема да шепнам
за спомен со засипнат глас,
а бурно, ех, бурно ке викнам
ете не, братко, најсрекни нас.

Ој ти, Вардар, шуми, играј,
шуми играј од жалови,
до дека ни стари мајки
глуво шетат низ дворови.

И со шепот низ ум трештен
чеда свои споменуат,
О Криволак, со крв светен
црни дни се изминуат.

Шуми Вардар, жално стенка,
траќа се о камен брег
кротко шетка црна сенка
исплакуе својот век.

А тирани врадост жешка
прославуат денот прв,
што со туѓа, крв јунашка
стасале си земен врв.

***

Кој ке ти душо помогне,
кој ке ти младост поврати,
ако не смеот народен,
ако не живот прероден.

Каде, о пат, се извиваш,
кој спомен ке ми разбудиш,
душа ли па ке растресеш,
рани ли ке ми преврзеш?

Па ли за бој, ех подигнат
од страден народ проколнат,
ели за дните престари
кога е скинал синџири.

Ајде ме води, преведи
пред какви да се спомени,
само сред свет ме изведи,
срце ми чисто остави.

***

Расцвете небо муграво
крваво сонце огреа, —
над тиа земја студена
чуден се покров постила.

Народ ли мој ке насмееш,
о сонце мило, весело,
век кога страшен пребродил
и го со болка товарил.

Бунтот е тука народен —
„дигнат за живот слободен“,
копнеж на млади контета
за власт и слава проклета.

Човекот вчера замислен
полиња црни раздробил,
вековни карпи разништил
и бујни гори исплашил.

А тука пушка притегнал,
куќа и свидни оставил,
с пламен од очи јунашки
небо и земја запалил.

Екнале, пиштат ф темнина
два света век надтегнуат
као да бура ф планина
борба со простор повела.

Викнале ропски векови,
грмнал и султан изедник,
со сили ете последни
за дни се борат слободни.

Остана време стемнето,
несрекни мајки расплака —
кај ке си чеда приберат,
кај ке си век да векуат.

А вие клети ајдуци
од огин раце дрпнафте,
пламенот уште не вивнал,
и се во дворци прибрафте.

И сред тој блесок приказен
далеку од бол народен
во страстен пир се спуштифте
намирен дуф да смирите.

А над вас еј си легнуат
клетви за век да векуат
и срамните ви имиња
темнина ке ги покрива.

Ај сал ти, Ѓорче разодуј
знам оти свет ти дотегнал,
тешка си глава потпирај
кај што ти народ издијнал.

Гоце си протест подигна,
изведе силна дружина,
а ти си назад остана
сведок за правда народна.

Дваица бефте јунаци —
гении од род народен,
пуштифте стрвни трговци
во срам да врлат Илинден.

***

О Солун, Солун, гранитен камен,
ти пат на борби, на стра и крв,
колку низ тебе тиранин земен
палил и грабал со бесна стрв.

Ти роди до две имиња славни —
чеда и моќ на цел еден свет,
кои во дните најтешко темни
зариа нож во варварски век.

И сега течат векови светли
на нашир и должд со твоата реч,
само тебе, мој маченик клети,
те гмечи тежок тирански меч.

Но па си еј, со песната мокна,
со бурниот живот на Егеја брат,
но па си еј, со надежта сјајна
за светли дни, на ноќот драг.

***

А кај криеш твојата радост
у колку тиа дабина
од ноќот, што разнесе радост
низ мрачната ширина.

Со уплаф ти запраша светот
Мој ли се тија синови,
што решиле дните да скусат
на рани ми крвави.

И поглед ти в истина мачен
видел ли друга милина,
као Орце, бунтовен, мрачен,
што гние за светлина.

А Пирин, Олимп светнале гледат,
со гордите ворвови
и коски на јунаци пазат,
сред бури и снегови.

Сал една, сенка се сени
над модрата рамнина
и гледа образ да смени
за понови времиња.

Сам ли си, Беаз-куле срамен
низ земјава крвава,
та свивуеш срце од камен
во морската долбина.

Ај дигни расеј си поглед,
ке видиш распрснати
колку историја ѕидат
од зандани стемнети.

И гордо со крвните браќа
си дружно почекајте,
со крајот на нашата мака
во срам да изгорите.

***

О Пирин, бујна планино,
мачна ми душа постана,
Зар тука пат ке до одам,
зар тука свет ке догледам.

Крени се, ајде, покрени,
земи ме в'бујна пазува
и ми со шепот раскажи
за Гоце и за дружина.

Чи очи па ке останат,
кога над тебе прелетат,
од радост да не размолскат,
светови да не распрашат,

О Пирин, не ме оставај
вода и земја раздиплуј,
векови тука минале,
тежок си род оставиле.

Каде е Гоце прошеткал
со своја силна дружина,
каде е Јане извикал,
тиранин каде исплашил.

А порој и ти планински,
чедо на чест и чистота,
ти сега брзаш ајдутин
гласот на Јане присвоил.

И моќта страшна, бунтовна
и вера вечна народна,
грабнал си стрвно заграбал
и во ноќ темна кинисал.

Какво си клетник замислил
Негде ли бунт ке покреваш
абер ли брз да направиш,
од робство ли да куртулиш.

Ти низ крв срамна премина,
во кавга браќа остави
И вик над Пирин ајдушка
од ропска земја неслушаш.

Запри, о клетник, почекај
запри и смртта прекини
и братски души запали
слога за борба достојна.

А сега ајде, проштевај,
земјо на меки вековни
и ја те црна преминаф,
со страдна душа останаф.


Поврзано

Надворешни врски