— Стани ми, Геле, стани ми,
стани ми, сине на мајка,
пуста се зора зазори
над гора сонце огреа.
Стани ми, сине, Ангеле,
облечи руба ајдушка,
нарами пушка берданка
и тргни ф Китка планина!
Сред неа, синко, завртел
татко ти силна дружина
и страшна борба заврзал
со тиа турци поганци.
И ете, цела недела,
чести ми пушки пукаат,
а штом се зора зазори,
јачат и тажни гласови!
Јунак се, Геле, потресна,
наеднаш рипна на нози,
облече руба ајдушка
и грабна пушка берданка.
Летна ми, јунак, отиде,
у таа Китка-планина
и таму татка пронајде
ф чело со куршум пронизан.
Ангелко нити прозборе,
ни солза од жал пророни,
а туку пушка одрами
и страшна борба поведе!