Прејди на содржината

За македонските работи/ Неколку зборови за македонскиот литературен јазик

Од Wikisource
Составувала, составува и може ли Македонија да составува од себе одделна етнографска, и политичка единица? За македонските работи

од Крсте Петков Мисирков
нема
на современ македонски правопис
Резиме:
Во четирите претходни статии во оваа книга јас сакав да им свртам внимание на моите сонародници на потребата од темелна промена во досегашниот процес на нашиот духовен развиток. Сега ќе треба да се кажат неколку збора за потребата од наш литературен јазик и книжевност.
Мнозина може ќе речат дека ова се важни прашања, но сега уште не е време тие да се решаваат, дури и може да внесат раздор наместо слога, која ни е толку потребна. За македонска народност, литература и литературен јазик ќе можеме да мислиме само откако ќе се ослободиме.
Јас пак мислам дека Мирцштегските реформи се максимумот што можеше да се добие од Еврапа. Ако направиме друга револуција напролет, ќе си напакостиме и ќе го уништиме и ова што го постигнавме до сега. Затоа сега е време да се мисли за нашиот јазик, нашата национална литература и воспитување во национален дух.
Треба да ни е јасно дека автономијата на Македонија, за која до сега револуционерите се бореа, има смисла само ако нашиот народ е одвоен од другите балкански народи. Само одделното македонско национално самосознание ни дава морално право да се бориме против желбата на малите балкански држави да се раздели нашата татковина. Ако се препуштиме на пропагандите, тие ќе успеат во својата крајна цел: поделба на нашата татковина.
Штом има место за национален сепаратизам, тогаш тој треба да се изрази преку љубовта кон се’ што е народно и на прво место кон народниот јазик. Јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите предедовци и да почитува сe’ што имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух.
Ние имаме не само долг, туку и право, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето. Секој што го напаѓа нашиот јазик ни е исто таков наш непријател како и напаѓачот на нашата вера. Ако еден народ ги менува својот јазик и својата вера во едно кусо време и под силно туѓо влијание, тогаш тој се откажува од самиот себеси и од своите интереси и се предава на еден посилен народ, којшто ќе постапи со него како што ќе му биде потребно.
Опасноста што го загрозува нашиот народ и неговите интереси од страна на пропагандите е што тие ги користат сите дозволени и недозволени средства да го сотрат во Македонија нашиот јазик, а со него и нашите духовни интереси, и да ги насадат нивните јазици и нивните духовни интереси. Против тоа имаме и право и должност да се бориме. Притоа ние не сакаме туѓо, туку си го браниме своето.
Секој народен јазик си има своја историја и свои современи варијации или дијалекти, поддијалекти итн. Своја историја и варијации си има и нашиот јазик. По таа историја може да се проучи како сегашните варијации се добиени од постари и последниве од еден општ македонски јазик, а тој од една јужнословенска група итн. Исто така по неа може да се проследи на која варијација или на кој дијалект во кое време имало поголема литература.
Историјата, како на нашиот исто така и на другите јазици, ни покажува дека секој дијалект, поддијалект, говор и подговор може да се употребува во литературни творби. Таа привилегија на еден дијалект, поддијалект итн. да биде орган на литературната реч - според учењето на историјата на јазиците, им се дава ним не по некакви особени естетски предимства, а по чисто практични причини, т.е. заради историско-културните околности. Тие околности денеска го подигнуваат едно наречје на степен на литературен јазик, утре друго итн.
Историско-културните услови секогаш господареа во создавањето на литературни јазици, господарат тие и сега. Благодарејќи ним, во најново време се откажавме да си избереме едно од нашите наречја за наш општ литературен јазик, а наместо тоа зедовме да се учиме и да пишуваме на туѓите соседни јазици, најповеќе на бугарскиот. Благодарејќи на условите, сега ние си го избираме за општ литературен јазик централното македонско, т.е. велешко-прилепско-битолско-охридското наречје.
За да се спротивставиме на пропагандите треба со општа согласност да се избере едно наречје за општ македонски литературен јазик. Согласност ќе има, ми се чини, само ако секој од нас прави избор не по некакви естетски мерила и не по чисто месни причини, ами од гледиште на општите интереси. Последниве пак налагаат: Периферните наречја да му отстапат место на централното. Како што во една држава има државен центар, којшто најдобро е да се наоѓа во средината на државата и кон којшто се собираат сите конци од државниот живот, исто така и во јазиковните или областите од сродни наречја треба да има еден центар, којшто по неговото значење треба да се однесува кон периферните наречја и говори така како што се однесува центарот и престолнината на државата кон крајните окрузи и околии. Околу централното наречје треба да се групираат сите наши научни и литературни сили, за да го очистат и да го обогатат со сокровиштата од другите македонски наречја и да создадат од него еден убав литературен јазик. На него треба да се создаде една богата училишна, научна и уметничка литература, за да може преку нив да се рашири низ цела Македонија во вид на литературен јазик што ќе ги измести од неа јазиците на пропагандите, а со тоа и интересите на балканските државички.
Значи, еден Македонец од Источна или од Северна, или Јужна или Западна Македонија нема право да се противи да биде избрано централното македонско наречје за литературен јазик само затоа што не му се чинело убаво. Немаат право тие да протестираат против централното наречје и затоа што тоа е централно, како и затоа што изборот се прави од практични причини.
Сега да видиме дали избирањето на централното наречје за литературен јазик се оправдува од практично гледиште?
Битола се претвора во престолнина за Македонија. Таа нова престолнина не е далеку од старите: Преспа и Прилеп и од седиштето на до неодамна автокефалниот охридски архиепископ. Значи, централното наречје има зад себе, така да се рече, историски права. Последниве се засновуваат и врз неговата централна положба, што е како во географски така и во етнографски однос. Централен град во Македонија ни е Велес. Од тој центар географски ние само малку се оддалечуваме, идејќи преку Прилеп кон Битола и Охрид. Таквиот правец при оддалечувањето од географскиот центар се објаснува со тоа што тие краишта се од поголемо историско значење за Македонија, а од друга страна, тие се пооддалечени и од српскиот и од бугарскиот јазичен центар, составувајќи од себе македонски јазичен центар. И вистина дијалектот велешко-прилепско-битолско-охридски е јатката на македонскиот јазик.
Создавањето литературен јазик е духовна потреба кај нас, за да им се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси и да се создаде свој литературен и научен центар за да се нема нужда од Белград и Софија. А таа тешка задача ќе се постигне само ако Македонецот од Северна Македонија му подаде рака на својот брат од Јужна Македонија и оној од Западна на оној од Источна. Подадените раце ќе се прекрстат околу Прилеп-Битола.
Откако ќе се избере наречјето што има да биде македонски литературен јазик, ќе треба да се разгледа и, прашањето за македонскиот правопис.
Хистијанството и писменоста кај нас Македонците се имаат зафатено најрано од сите словенски народи. Тие се рапространуваа со векови и одеа одоздола нагоре. Од турското завојување на Балканскиот Полуостров стана една промена. Турското господство ни ги пресече сите врски со нашата старина: Најтешко се одрази тоа на Македонија, како централна провинција, па затоа во тоа време кога кај другите православни Словени постепено се изработуваше писмениот јазик и правописот ние се’ повеќе се обезличувавме и речиси сосем се откажавме од нашиот јазик како орган на литературната реч. Одвреме-навреме во текот на XIX век ние имаме обиди да се пишува на македонски, но поради историски причини тие обиди не се овенчаа со успех каков што би можело да се очекува од нив. Во тоа се состои разликата на нашата, т.е. македонската духовно-национална преродба од онаа на другите православни словенски народи, со други зборови: како што понапред ние постепено и први се просветувавме со христијанството и со писмото, а другите Словени - по нас и набрзина, така пак сега, во времето кога сите православни Словени постепено си изработија свои литературни јазици, свои богати литератури и постепено изработени правописи, ние остануваме поназад од сите, тукуречи без литературни традиции - не затоа што ги немаме, а зашто го забораваме своето изучувајќи го туѓото.
Ние сега со брзина ќе треба да го разработиме нашиот литературен јазик, да го установиме нашиот правопис и да создадеме една наша литература што ќе им одговара на сите наши потреби. Со нашата сегашна национална преродба ние им се спротиставуваме на другите православни Словени, како што се спротиставивме и понапред: тогаш бевме први во духовната преродба, која кај нас беше бавна, а кај нив брза, сега наопаку: тогаш тие нас сакаа да не’ достигнат и работеа со извесна тенденција и брзина, сега обратно.
И така историјата на културниот развиток на народите предодредува: или чисто етимолошки (историски правопис), или мешан - етимолошко-фонетски (историско-фонетски), или најпосле чисто фонетски правопис. Трите вида правописи зависат од поголемата или помалата приврзаност кон старата или кон новата состојба на еден разговорен или литературен јазик.
Штом е така, тогаш и нашиот правопис и правецот на нашиот литературен јазик ќе треба да биде во полна зависност од таа тенденција што ќе нe’ раководи нас при нашата национална преродба. Каква може да биде таа тенденција се гледа од оваа книга. Но јас ќе си дозволам да повторам. Таа е: прво, Македонија да се неутрализира за Бугарија и Србија и да се оддалечи еднакво од двете држави, и второ, таа да се обедини врз јазична основа. Овие принципи ќе го раководат и правописот.
На тие два принципа одговара: 1. прилепско-битолското наречје за литературен јазик, како еднакво далечно и од српскиот и од бугарскиот јазик и централно во Македонија, 2. фонетскиот правопис со употребените писмени знаци во оваа книга и со мали отстапки на етимологијата, и 3. речничкиот материјал да е збир од сите македонски наречја.

Цел текст:

Во четирите горни статии во оваа книга јас сакав да им ги обрнам погледите на моите сонародници на нуждата од едно корено изменување на досегашниот процес на нашиот духовен развиток, како и на тоа дека моите погледи во тој случај не се нешто ново и безосновно, а се само чекор напред во досегашното развивање на нашето национално самосознание и дека затоа се сосем природни и основани.

Се разбира оти во една мала книга, како што е оваа мојава, не може подробно да се разгледаат сите засегнати прашања. За секое од нив би можело да се напише по една цела книга. Но сега-засега од такви подробни разгледувања за засегнатите прашања уште нема голема и неодложна потреба; затоа требаше за сите од нив да се кажат по неколку збора, зашто тие едно без друго се нејасни и неразбирливи. Освен разгледувањето на сите засегнати прашања, за да биде јасно појавувањето на книгава, сега ќе треба да се кажат неколку збора за своевременоста на книгата и нашиот литературен јазик.

Мнозина може ќе речат оти вистина добро е човек да се позамисли над прашањата засегнати во оваа книга, но сега уште не му е времето. Во оваа книга, ќе речат тие, се внесува раздор и разединување меѓу нас наместо соединување, коешто сега-засега ни е толку нужно. За македонска народност, македонска литература и литературен јазик ние ќе можеме да му мислиме само кога ќе заживееме еднаш слободен политички живот; а до тогаш нам ни треба ние да сме соединети и да го оставиме настрана националното прашање.

На тоа јас можам да го одговорам само ова: по моето мислење, сегашните, т.е. мирцштегските реформи се максимумот што можеше револуцијата да го ископча од Европа. Револуцијата напролет ќе биде најглупавото што можеме ние да го направиме. Со револуцијата напролет ќе се користат само нашите непријатели што си имаат само сметки спротивни на нашите национални интереси. Револуцијата напролет само ќе нe уништи наполно нас и ќе ги уништи плодовите добиени од неа досега, зашто таа ќе биде насочена не против Турција, а против неа и реформаторските сили и затоа што тоа ќе биде не по наши сметки, а по сметките на некоја голема сила и некои мали балкански држави што ќе нe натераат нас да се дигаме, а после ќе нe остават на сретпат; најпосле, затоа што ако ние против сите аргументи на здравиот разум пак подигнеме востание, ќе бидеме само основа на дипломатска борба меѓу реформаторските држави и некоја трета, која борба ќе се сврши само со нашето поништување. Затоа ние треба да се откажеме од секоја мисла за револуција напролет, уште повеќе што реформите ќе се воведат, зашто со нив е врзана честа на две големи сили што се во состојба да постават сe на своето, - и да се зафатиме за нова, т.е. културна борба, во која првото место ќе треба да го заземе прашањето за нашата народност и нашиот национално-религиозен развиток. Значи, токму сега му е времето да се мисли за нашиот јазик, нашата национална литература и воспитувањето во национален дух. Сега настапува време за интерес за национално-религиозни прашања.

Тој интерес малку е задоцнет, но од тоа сеуште не следува дека тој си нема сега место меѓу нас и дека може да ни напакости.

Ако сме логични, тогаш треба да признаеме оти автономијата на Македонија, за која досега револуционерите се бореа, има смисла само во тој случај ако револуционерите согледуваа во нашиот народ такви квалитети и особини што се немаат кај другите балкански народи, а се само наша карактерна црта. Само согледувањето на тие своеобразни црти во карактерот, наравите, обичаите, животот, преданијата и јазикот на нашиот народ е важна причина да сме ние против делењето на нашата татковина и за нејзината автономија, зашто дележот ќе ни искорени сe што ни е мило и ќе ни наврзе многу противно нешто на нашиот народен дух. Само одделното македонско национално самосознание кај нас ни дава морално право да се бориме против барањето на малите балкански држави да се раздели нашата татковина и да се бориме против пропагандите што готват почва за дележ. А ако не може да се добие автономија, треба ли ние рамнодушно да гледаме на работењето на пропагандите и да се бориме со едно ново течење што е насочено само против нив само затоа што тоа течење ќе ја ослабело најсилната пропаганда? Никако не, зашто ни една пропаганда, колку и да е таа силна, не може да ни го даде тоа што го очекуваме ние од неа. Сите пропаганди се пропаганди само на свои, но никако не и на наши интереси и од нив никогаш немало ништо особено за народот. Спасот никојпат нема да ни дојде од пропагандите, зашто ако е денеска едната посилна - утре ќе стане и другата таква, а првата ќе ослабне. Пропагандите најпосле само можат да ја достигнат својата крајна цел - дележот, коешто не го сакаат и оние што се против националниот сепаратизам. Значи, последниов не е неумесен во сегашните околности и може да ни даде само добри плодови, но не и да ни напакости.

Штом си има место националниот сепаратизам, тогаш тој треба да се пројави во милоста кон сe што е народно и на прво место во милоста кон народниот јазик.

Јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник. Во јазикот има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли, чувства и желби на еден човек, затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеано и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите предедовци и да почитува сe што имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. Со тоа само се објаснуваат и желбите и усилбите на покорителите да ги направат покорените да се откажат од својот јазик и на негово место да го научат нивниот; исто така со тоа се објаснува упорството на покорените народи да си го зачуваат сето свое духовно народно наследство, а особено јазикот.

Таква мислост кон нашиот народен јазик треба да имаме и ние, ако сакаме да му останеме верни на духот на нашите предедовци. Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив ние ја добивме нашата прва духовна храна, зашто со нив се осмислуваше сe што гледавме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и предедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи. Ако се однесуваме со презир кон народниот наш јазик, ние само им враќаме со неблагодарност на нашите родители за сето нивно духовно гледање и воспитание. - Ние имаме и право, освен долгот, да го браниме нашиот јазик и тоа право ни е свето. Секој што го напаѓа нашиот јазик ни е исто таков наш непријател како и напаѓачот на нашата вера. Верата и јазик - тоа се душата на еден народ, со изменувањето на кои еден народ прави коренен душевен преврат: тој се откажува од сe поранешно и зема сe ново. Тој коренен преврат, ако станува постепено во текот на цели векови не е опасен, зашто едни делови од него се однесуваат за едни поколенија, други за други поколенија, така што едни делови преминуваат по наследство, како народно наследство, и само некои се нови. Тој коренен преврат не е опасен само ако е резултат од самостојното развивање на народот.

Но ако еден народ ги изменува својот јазик и својата вера во едно кусо време и под силно туѓи влијание, самиот без свест однесувајќи се кон таа измена, тогаш тој се откажува од самиот себеси и од неговите интереси и се предава и себеси и нив на еден посилен народ, којшто ќе постапи со него и со нив како што ќе му биде потребно; Значи, да се откаже еден народ од својот јазик значи да се откаже тој и од самиот себеси и од своите интереси; значи да престане да гледа на себе со свои очи, да суди за себе и за другите со својот ум и разум, а да чека укажување за сe отстрана. Еден народ што си го загубил својот јазик личи на еден човек што си го загубил патот и не знае од каде иде и на каде оди и којшто не знае зошто оди ваму, а не онаму или таму. Колку во поскоро време еден народ го изменува својот јазик, толку поопасна и очајна е неговата положба.

Опасноста што го загрозува нашиот народ и неговите интереси од страна на пропагандите, коишто ги употребуваат сите и дозволени и недозволени средства за да го исчистат од Македонија нашиот јазик и со него нашите духовни интереси и да ги насадат на нивно место нивните јазици со нивните духовни интереси не само што нe задолжува нас, но и ни дава полно право да ги употребиме сите и дозволени и недозволени средства за да го зачуваме нашиот народен јазик и со него нашите народни интереси. Притоа ние не сакаме туѓо, а си го браниме своето.

Јазикот е акустички резултат од физиолошкото работење на органите на човековиот говор, на којшто му се припишува извесно значење. Главните елементи на јазикот или човековиот говор се: органите за говор, нивното физиолошко работење, слухот, психолошкото воспримање на физиолошкото работење на органите преку слухот и присоединувањето кон восприманиот резултат на физиолошкото работење на органите на говорот или гласот или зборот, некое значење. Значи, јазикот е главно физиолошко – психолошка способност на човекот и како таква зависи од сe што прави да се менува човекот, т.е. со развивање на еден човек и еден народ се развива и неговиот јазик, со нивното опаѓање - опаѓа и нивниот јазик. Човекот се менува во времето и во пространството: исто така се менува и неговиот јазик. Промените во јазикот на еден народ во времето ја составуваат историјата на јазикот на тој народ, а промените негови во пространството ги составуваат неговите современи варијации или дијалекти, поддијалекти, говори, подговори итн.

Срекој народен јазик си има своја историја и свои современи варијации или дијалекти, поддијалекти итн. Своја историја и варијации си има и нашиот јазик. По таа историја може да се проучи како сегашните варијации се добиени од постари и последниве од еден општ македонски јазик, а тој од една јужнословенска група итн. Исто така по неа може да се проследи на која варијација или на кој дијалект во кое време имало поголема литература.

Историјата, како на нашиот исто така и на другите јазици ни покажува оти секој дијалект, поддијалект, говор и подговор може да се употребува во литературни творби. Таа привилегија на еден дијалект, поддијалект итн. да биде орган на литературната реч - според учењето на историјата на јазиците, им се дава ним не по некакви особени естетски предимства, а по чисто практични причини, т.е. по стекот на историско-културните околности. Тие околности денеска го подигнуваат едно наречје на степен на литературен јазик, утре друго итн.

Историско-културните услови секогаш господареа во создавањето на литературни јазици, господарат тие и сега. Благодарејќи ним, во најново време се откажавме да си избереме едно од нашите наречја за наш општ литературен јазик, а наместо тоа зедовме да се учиме и да пишуваме на туѓите соседни јазици, најповеќе на бугарскиот.[1] Благодарејќи на условите, сега ние си го избираме за општ литературен јазик централното македонско, т.е. велешко-прилепско-битолско-охридското наречје.[2]

Кои се тие историско-културни услови што нe присилуваат: прво, да си создадеме свој литературен јазик и, второ, да си го избереме имено централното наречје?

Еве кои.

Ние видовме колку се народните интереси тесно врзани со јазикот, а последниов со карактерот и духот народен. Ние гледаме сега оти три национални и религиозни пропаганди во нашата татковина се борат една против друга[3] и сите заедно се борат против нас и нашите интереси, сакајќи да им нанесат смртен удар и да си ги потчинат под себе, земајќи го со таа цел религиозното и училишното работење кај нас во свои раце преку црквата и училиштето за да и’ нанесат смртен удар на нашата народност, ни го налагаат нам нивниот наместо нашиот јазик. Народните интереси ни налагаат, за да ги заштитиме нив, да го браниме нашиот јазик од пропагандите. Тоа бранење ќе биде успешно и ќе ги замрси сите планови на пропагандите ако биде задружно и општо. А за да биде такво, треба со општа согласност да се избере едно наречје за општ македонски литературен јазик.[4] Согласност ќе има, ми се чини, само ако секој од нас прави избор не по некакви естетски мерила и не по чисто месни причини, ами од гледиште на општите интереси. Последниве пак налагаат: Периферните наречја да му отстапат место на централното. Како што во една држава има државен центар, којшто најдобро е да се наоѓа во средината на државата и кон којшто се собираат сите конци од државниот живот, исто така и во јазиковните или областите од сродни наречја треба да има еден центар, којшто по неговото значење треба да се однесува кон периферните наречја и говори така како што се однесува центарот и престолнината на државата кон крајните окрузи и околии. Околу центрлното наречје треба да се групираат сите наши научни и литературни сили за да го очистат и да го обогатат со сокровиштата од другите македонски наречја и да создадат од него еден убав литературен јазик. На него треба да се создаде една богата училишна, научна и убава литература за да може преку нив да се рашири низ цела Македонија во вид на литературен јазик што ќе ги измести од неа јазиците на пропагандите. А заедно со изместувањето на пропагандските јазици и со создавањето наш литературен јазик се изместуваат од Македонија и интересите на балканските државички и нивното место ќе го заземат создадените со јазикот македонски интереси.

И така, користа што ќе ни ја даде нашиот општ литературен јазик ни служи за мерило при избирањето наречје за таа цел и таа е главниот фактор при создавањето на нашиот нов литературен јазик.

При издигнувањето на едно наречје на степен на литературен јазик никогаш немаат играно важна улога неговите естетски својства. Тоа е едно, зашто практичните причини земаат врв над естетските, а друго, зашто последниве се релативни и повеќе субјективни. По таа причина поубави му се чинат на човека речиси само оние наречја и говори што ги слуша тој или ги има слушано почесто. Затоа и не може да се зборува за естетичност во јазикот, дијалектите и говорите.

Значи, еден Македонец од Источна или од Северна, или Јужна или Западна Македонија нема право да се противи да биде избрано централното македонско наречје за литературен јазик само затоа што не му се чинело убаво. Немаат право тие да протестираат против централното наречје и затоа што тоа е централно, како и затоа што изборот се прави од практични причини.

Сега да видиме дали избирањето на централното наречје за литературен јазик се оправдува од практично гледиште?

Битола се избира за резиденција на генералниот инспектор за Македонија и неговите советници - цивилните агенти. Таа се претвора во престолнина за Македонија. Таа нова престолнина не е далеку од старите: Преспа и Прилеп и од седиштето на до неодамна автокефалниот охридски архиепископ. Значи, централното наречје има зад себе, така да се рече, историски права. Последниве се засновуваат и врз неговата централна положба, што е како во географски така и во етнографски однос. Централен град во Македонија ни е Велес. Од тој центар географски ние само малку се оддалечуваме, идејќи преку Прилеп кон Битола и Охрид. Таквиот правец при оддалечувањето од географскиот центар се објаснува со тоа што тие краишта се од поголемо историско значење за Македонија, а од друга страна, тие се пооддалечени и од српскиот и од бугарскиот јазичен центар, составувајќи од себе македонски јазичен центар. И вистина дијалектот велешко-прилепско-битолско-охридски е јатката на македонскиот јазик, зашто на запад од него е дебарскиот (рока), на југ – костурскиот (ронка), на исток – источниот или солунскиот (р’ка) и на север - скопскиот или северниот (рука).

Создавањето литературен јазик е духовна потреба кај нас, со која се мисли да им се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси и со која треба да се создаде свој литературен и научен центар за да се нема нужда од Белград и Софија. А таа тешка задача ќе се постигне само ако Македрнецот од Северна Македонија му подаде рака на својот брат од Јужна Македонија и оној од Западна. Подадените раце ќе се прекрстат околу Прилеп-Битола.

И така: стремежот на Македонците да си создадат свој културен центар; тоа што сега Битола се прави престолнина на Македонија; што Битола, Охрид, Прилеп се историски места за Македонците; како и тоа што составуваат тие географски и јазичен центар, - сите заедно прават да се прифати како општ македонски литературен јазик централното македонско наречје.

Откако ќе се избере наречјето што има да биде македонски литературен јазик, ќе треба да се разгледа и, прашањето за македонскиот правопис.

3а правописот како и за правецот на нашето културно развивање, ќе треба тука да се направат неколку забелешки. Правописот на еден јазик, како и изработувањето на еден литературен јазик, може да оди постепено и полусвесно. Еден човек од еден народ што нема писменост може да ја научи азбуката од еден народ покултурен од неговиот. Тој човек може да ја употребува туѓата азбука и за гласови од неговиот јазик или да ги изложи своите мисли со помошта на туѓа азбука. Но ако во неговиот јазик има гласови што ги нема во јазикот од којшто се позајмува азбуката, тоташ позајмувачот на туѓата азбука ќе направи некои изменувања и дополнувања на неа, со кои ќе биде означена разликата во гласовите меѓу двата јазика. Таа позајмена и преработена азбука се предава од колено на колено и со предавањето се изменува и сe се дотерува до својствата на јазикот на позајмувачите. Така постепено и неосетно се изработуваат азбуките кај понекултурните народи од допир со покултурни народи. Но таквата постепеност има место ако два соседни народи се во нееднакви политички услови, тоа значи, едниот, т. е. покултурниот народ господарува, а другиот, понекултурниот народ е заробен или, најмалку, нема полна политичка слобода. Но инаку одат работите ако двата народа имаат свои држави. Во таков случај позајмувањата, особено културните, стануваат посвесно и поскоро. Така христијанството и писменоста кај нас Македонците се имаат зафатено најрано од сите словенски цароди. Тие се рапространуваа со векови и одеа одоздола нагоре. Затоа во историјата ништо не се зборува за покрстувањето на нашиот народ. Но со покрстувањето секојпат има идено и писменоста. Со премолчувањето на нашето покрстување се премолчува и процесот на образувањето на нашата писменост.

И така нашето духовно преродување и просветување кај нас, па и изработувањето на нашата писменост, поради географските и историските услови, има земено во првата илјадагодишнина по р.(аѓањето) Хр.(истово) инаков од, а кај другите православни Словени инаков. Кај нас тоа се извршува постепено и незабележено, кај нив брзо и со извесна тенденција.

Од турското завојување на Балканскиот Полуостров стана една промена. Турското господство ни ги пресече сите врски со нашата старина: Најтешко се одрази тоа на Македонија, како централна провинција, па затоа во тоа време кога кај другите православни Словени постепено се изработуваше писмениот јазик и правописот ние се повеќе се обезличувавме и речиси сосем се откажавме од нашиот јазик како орган на литературната реч. Одвреме-навреме во текот на XIX век ние имаме обиди да се пишува на македонски, но поради некои историски причини тие обиди не се овенчаа со успех каков што би можело да се очекува од нив.

Литературните обиди на македонските пишувачи во XIX век, за жал, немаа такво значење за да добијат следбеници, затоа ако и сега во XX в. гледаме некои обиди да се пишува на македонски, тоа не се прави свесно и од некакви патриотски влечења и цели, ами само за забава;[5] Во тоа се состои разликата на нашата, т.е. македонската духовно-национална преродба од онаа на другите православни словенски народи, со други зборови: како што понапред ние постепено и први се просветувавме со христијанството и со писмото, а другите Словени - по нас и набрзина, така пак сега, во времето кога сите православни Словени постепено си изработија свои литературни јазици, свои богати литератури и постепено изработени правописи, ние остануваме поназад од сите, тукуречи без литературни традиции - не затоа што ги немаме, а зашто го забораваме своето изучувајќи го туѓото.

Ние сега со брзина ќе треба да го разработиме нашиот литературен јазик, да го установиме нашиот правопис и да создадеме една наша литература што ќе им одговара на сите наши потреби. Со нашата сегашна национална преродба ние им се спротиставуваме на другите православни Словени, како што се спротиставивме и понапред: тогаш бевме први во духовната преродба што кај нас беше бавна, а кај нив брза, сега наопаку: тогаш тие нас сакаа да не достигнат и работеа со извесна тенденција и брзина, сега наопаку.

Во зависност од тоа како се има развивано еден народ, и неговиот јазик и правописот може да биде различен. Ако еден народ само постепено си го изработува своето писмо и него го преработува и притоа во неговата историја нема такви настани што ја преполовуваат и прават цела пропаст помеѓу едната, т.е. старата, и другата или новата половина, -писмениот јазик и правописот содржат во себе многу такви особини што немаат реална вредност во гласовите во сегашната состојба на јазикот. Но ако во историјата на културниот развиток на еден народ има два периода, меѓу коишто има еден како трети, но којшто е период на застој и е како непреодна стена меѓу нив, - тогаш во новиот период на развитокот на националното самосознание имаме преродба на народниот дух, коешто станува вистина врз стара основа, но во него влегуваат многу нови начела, во согласност со духот на времето и со специјалните потреби на народниот живот и неговите пројави.[6] Таа преродба се одбележува и во книжевниот јазик и правописот: како едниот така и другиот се горе-долу слободни од некои традиции што не се согласни со современата состојба на разговорниот јазик.

И така, историјата на културниот развиток на народите, во согласност со нејзиниот од, содејствува: или за чисто етимолошки или историски правопис, или за мешан - етимолошко-фонетски или историско-фонетски, или најпосле за чисто фонетски правопис. Трите вида правописи зависат од поголемата или помалата приврзаност кон старата или кон новата состојба на еден разговорен или литературен јазик. Едниот од трите правописа се усвојува за еден литературен јазик кај еден народ што се преродува главно во зависност од таа тенденција што владее при народното преродување.

Штом е така, тогаш и нашиот правопис и правецот на нашиот литературен јазик ќе треба да биде во полна зависност од таа тенденција што ќе нe раководи нас при нашата национална преродба. Каква може да биде таа тенденција се гледа од оваа книга. Но јас ќе си дозволам да повторам. Таа е: прво, Македонија да се неутрализира за Бугарија и Србија и да се оддалечи еднакво од двете држави, и второ, таа треба да се обедини врз јазична основа. Овие принципи ќе го раководат и правописот.

На тие два принципа одговара: 1. прилепско-битолското наречје за литературен јазик, како еднакво далечно и од српскиот и од бугарскиот јазик и централно во Македонија, 2. фонетскиот правопис со употребените писмени знаци во оваа книга и со мали отстапки на етимологијата, и 3. речничкиот материјал да е збир од сите македонски наречја.

Забелешки

  1. „Најновото време”, според Мисирков, е времето кога во Македонија туѓите литературни јазици почнуваат да навлегуваат во служба на литературни. Тој смета дека Македонците како литературен јазик си го имале старословенскиот – сe до половината на минатиот век, иако грчкиот во многу области веќе беше почнал да го заместува. Историски факт е дека се до 60-тите години на XIX век македонскиот јазик, па дури и со извесни учебници на „македонското наречје”, се употребува во приватните и во општинските училишта во Македонија. Настапот на пропагандите го одбележува и навлегувањето на туѓите литературни јазици сред нашиот народ. Не е точно, меѓутоа, дека народот се откажал од создавањето свој литературен јазик. Мисирков бездруго со право бил револтиран од практиката на ТМОРО што се служела со бугарскиот литературен збор во својата дејност, како и од активноста на некои егзархиски учители што толку ревносно го воведувале тој јазик во македонските средини.
  2. Веројатно затоа што Охрид тешко може да се нарече централен град дури и во тогашна Македонија, Мисирков многу често зборува само за „велешко-прилепско-битолското наречје” како основа на македонскиот литературен јазик. Но по две години, согледувајќи ја историската важност на Охрид за Македонија, тој во поголема мерка ќе се потпре и врз карактеристиките на охридскиот говор. Тоа нашло одраз и во фонетиката и во морфологијата на јазикот во сп. „Вардар”, па затоа е дополнета и азбуката со уште една буква /a /, што ја употребува на местото на старата тврда носовка /?/, со факултативен изговор, сиоред рефлексот во разните наши народни говори.
  3. Мисирков ги зема овде само бугарската, српската и грчката националистичка пропаганда, додека романската ја исклучува. Посебниот карактер на романската пропаганда се потврди и од блиските настани со настапот на оружената четничка акција на пропагандите, кога романската, како пропаганда на земја што нема заедничка гранична линија со Македонија, во таа форма главно и не се изрази.
  4. Ова барање писмено го истакна уште самоукиот ѕидар, комита, литератор, граматичар и историчар Ѓорѓија М. Пулевски: „...треба да се соберат од сите напред речени народности по 4-5 учени луѓе што го познаваат мајчиниот јазик чисто. И тие луѓе да изработат една граматика што им одговара на севернословенските народности, па да остане како света книга за сите училишта, а и за пишување други книги“ /1875/
  5. Незадоволството на Мисирков од „македонските пишувачи” од XIX и почетокот на XX век може и да се разбере, но несфатливо е како не можел да ја согледа појавата барем на еден В. Чернодрински, чии дела беа печатени или претставувани на сцената и пред напишувањето на книгата „За македонцките работи”, додека самиот Мисирков беше негов личен познаник. Исто така, токму во тоа време во Софија се печатеше и драмата на М. Цепенков, а во репертоарот на Театралната трупа на Чернодрински се наоѓаа и драмските текстови на А. Страшимиров и Д. Хаџидинев.
  6. Мисирковата поделба на нашиот литературноисториски развиток на три периода не е без основа, особено ако се има предвид целта и времето на периодизацијата: првиот период го претставува времето до појавата на националистичките пропаганди во Македонија и до задушувањето на употребата на старословенскиот како литературен јазик; вториот - времето на националистичките пропаганди (до појавата на книгава, 1903), кога се воведуваат туѓите јазици во Македонија како литературни, период што е како „непреодна стена” помеѓу претходниот и новиот што тој го очекуваше со реформирањето на Македонија и со воведувањето на македонскиот јазик како литературен за сите Македонци, изграден врз основа на резултатите од развитокот на современите народни говори, коешто го смета како трет период што го наречува „преродба”.

Поврзано



Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.