Прејди на содржината

За македонските работи/ Составувала, составува и може ли Македонија да составува од себе одделна етнографска, и политичка единица?

Од Wikisource
Националниот сепаратизам: земјиштето на кое се има развиено и ќе се развива за напред За македонските работи

од Крсте Петков Мисирков
Неколку зборови за македонскиот литературен јазик
на современ македонски правопис
Во трите гореизложени статии јас ги разгледав најважните за мене, па ми се чини и за сите искрени патриоти прашања. Мислам оти читателот без коментари ќе разбере што сакав во нив јас да речам.

Но сe што реков јас во нив ќе си остане без добар фундамент ако не се разгледаат некои теориски прашања, од чие правилно поставување ќе зависи успехот во нашето општо работење во полза на нашата татковина и нашиот народ.

Мнозина ќе се запрашаат: За каков национален сепаратизам овде се зборува? Не се мисли ли да се создава сега нова македонска народност? Но тоа нешто е вештачко и како такво ќе трае ден до пладне. Ами каква нова, т.е. македонска народност, кога ние, нашите татковци, дедовци и прадедовци се викале Бугари? Дали Македонците во нивната историја пројавувале некаква општа работа политичка и духовна? Како се однесувале тие кон другите балкански народности и обратно?

Во оваа статија јас ќе се потрудам да одговорам на тие и на многу други слични прашања и со тоа, според мојата сила, да ги разјаснам научните основи на националниот сепаратизам, како и да покажам на неправилноста на тие приговори што се поставуваат од неговите противници, коишто со тоа сакаат да го компромитираат него како нешто вештачко.

Едно од првите прашања што ќе го постават противниците на националното обединување и преродување на Македонците ќе биде: Каква македонска словенска народност? Никогаш немало македонска народност, ќе речат тие, па и сега ја нема. Во Македонија секогаш имало, па и сега има две словенски народности: Бугари и Срби. Значи, некаква македонска словенска национална преродба е просто празна работа на неколку фантазери,[1] коишто притоа немаат никаков поим за јужнословенската историја.

Македонија, после ќе речат нашите противници, не претставува ни географска, ни етнографска ни историска целина. Таа никако не повлијаила врз судбините на соседните народи, а била арена на политичка и културна борба меѓу разните балкански народности. Истите размислувања за нашата татковина може ќе ги чуеме и од некои од нашите сонародници - Македонски Словени што се викаат Бугари, кога ќе се исцрпат сите други средства за борба со македонското национално обединување. Во Македонија нема јазик, ами има многу наречја различни меѓу себе, но сите сродни со бугарските наречја и со нив составуваат една целина - бугарскиот јазик. Други од македонските наречја се поблиски до српскиот јазик, ќе ги продолжат своите приговори нашите противници.

Колку и да се основани сите наведени приговори на нашите противници против опшноста на Македонските Словени и нивната припадност кон една самостојна словенска целина, пак ми се чини дека можат да им се направат и не помалечки контраприговори, од кои ќе се види дека националното самосознание и преродба на Македонските Словени е нешто многу обично и разбирливо.

На првата забелешка од нашите противници, оти никогаш немало македонска словенска народност, може многу просто да им се одговори: што немало понапред - може да се стори подоцна, доста е да се имаат различни историски услови со свои одделни барања.

Некогаш сите Индоевропејци составувале еден народ со еден јазик што го востановуваат сега лингвистите преку споредување на старите и новите индоевропски јазици. Но исчезнаа тие историски услови во кои Индоевропејците се разбираа помеѓу нив и настапија други историски услови во коишто започна цепењето на јазикот, на општото национално самосознание, со заеднички јазик, верувања, ќуди, преданија и др. Но тоа делење пак беше на големи делови или народни групи, како, на пр., индоиранската или ариската, германско-словенско-литовската и др. Тие групи со стекот на подоцнешните историски услови се подразделија на јазични фамилии, како: индиската, иранската или персиската, ерменската, грчката, трако-илирската, италиската, келтската, германската, словенската и балтиската или литовската. Словенската, приближно од околу раѓањето на Исуса Христа, се раздели првин: на источнословенска или руска, на западнословенска и на јужнословенска група. И само од последнава се оддели бугарскиот словенски народ, со името Бугари, наврзано на бугарските Словени од несловенските Бугари.

Ако сега нашите противници го допуштаат образувањето на помали етнографски целини од поголема, како последица на историска неопходност, и ако тие досега гледале на Македонците како на Бугари, тогаш зошто сега тие не можат и не сакаат да го допуштат образувањето од таа голема етнографска целина што ја викале сите, па и тие, бугарски народ, две помалечки целини - бугарска и македонска? А сегашните историски околности тоа го сакаат, како што го сакале некогаш образувањето на бугарскиот, српскокрвахскиот и словенечкиот народ од јужнословените или полскиот, чешко-словачкиот и лужичкосрпскиот од западнословенската група.

Формирањето на Македонците во одделна словенска народност е најобичен историски процес, сличен на процесот на образувањето на бугарскиот и српско-хрватскиот[2] народ од некогашните јужни Словени.

Да ги споредиме овие два процеса.

Едни историчари и филолози тврдат оти јужните Словени уште до доаѓањето на Балканскиот Полуостров се разликувале помеѓу себе, т.е. составувале два одделни народа: Словени /Бугари и Словенци/ и Србо-Хрвати. Така тврдеа Копитар.[3], Миклошич[4] и Шафарик.[5]

Други историчари, особено лингвисти /јазикознајци/ тврдат оти сите јужни Словени во времето на своето преселување на Балканскиот Полуостров зборувале на разни дијалекти /наречја/ од еден јазик и сите се викале со едно општо име: Словени. Словени се викале и Србо-Хрватите. Имињата Срби и Хрвати се носеле од малечки јужнословенски групи и биле племенски, а се сториле народни само кога нивните носители, т.е. племињата Срби и Хрвати образувале големи држави. Сите Словени, поданици на српската држава, се викале наместо Словени - Срби, а на хрватската држава - Хрвати. Така учи проф. Јагиќ[6], а заедно со него и неговите ученици. Тој и на сегашните јужнословенски јазици не гледа како на три целини, точно разграничени, туку како на синџир дробни наречја што се слеваат едно во друго, како што влегуваат колцата во синџирот од една страна во едното соседно, а од друга страна - во другото соседно колце.

Ако се довериме на првата теорија, т.е. дека Бугарите и Србо-Хрватите се преселија на Балканскиот Полуостров како готови одделни целини, тогаш се поставува прашањето до каде се простираа тие народности во времето на преселувањето и дали сите дојдени бугарски Словени останаа и досега такви или некој дел од нив се посрбија? И дали сите дојдени Србо-Хрвати останаа како такви или дел и од нив се побугарија? При допуштањето да се доселија готови јужнословенските народности на Балканскиот Полуостров совршено неосветлено останува прашањето за границите меѓу Бугарите и Србите, особено прашањето со какво население беа населени средновековните: Морава, Кучево и Браничево, или, со други зборови, денешното Кралство Србија? За нив, врз основа на византиските историчари, особено на Константин Порфирородни,[7] Шафарик вели дека тие беа населени со бугарски Словени што бидоа посрбени во 13 и 14 в. Ако се допушти за верна таа теорија, ќе биде јасно оти еден народ не секогаш може да устои против притисокот од туѓи соседни народи, а губи еден свој дел во корист на посилниот сосед, и друго, од неа се гледа оти народите можат да се состават од два блиски народа, слеани во едно, како последица на историска неопходност.

Што има бидено во средните векови, зошто да не може да биде и сега? Бугарскиот народ ја загубил скоро цела денешна Србија во корист на Србите и се помирил со мислата за таа загуба и не сметајќи ја за таква. Зошто тој не може да се помири и со мислата за загубувањето на Македонија, кога тоа загубување е исто така неминовна неопходност, како што беше неминовна неопходност и загубувањето на Србија? Историските околности неминовно водеа до загубувањето на Србија за Бугарија во корист на Немањиќевците и на српството, прво во политички, а после и во национален однос; а историските околности создадени од Берлинскиот договор направија Македонија да биде загубена за Бугарите, прво во политички однос, а после и во национален.

Уште една паралела со историјата на Србија: да беше Србија незадоволна од својата судбина во државата на Немањиќевците, таа ќе правеше обид да се ослободи и да им се спротистави ним со стремежот да се присоедини кон Бугарија; но обидот ќе беше направен и ќе доведеше до саканите резултати само ако дозволуваа историските околности; но последниве не го дозволија тоа и Србија се помири со околностите и беше загубена за Бугарија. Истото е и ќе биде и со Македонија. Македонија направи обид најнапред да се ослободи од Турција, но, за жал, обидот излезе неуспешен. Можеби по ослободувањето ќе се мислеше и за соединување со Бугарија. Но оваа година ни покажа оти историските околности никојпат не ќе дозволат да се соедини цела Македонија со Бугарија; сега за Македонците и Бугарите останува едно од двете: или делење на Македонија меѓу балканските државички и со тоа загубување на 2/3 од Македонија за Бугарите и Македонците, или полно пресечување на врските со Бугарите и поставување на македонското прашање врз наполно неутрална, чисто македонска основа. Кога така го поставува неопходноста прашањето, тогаш јасно е оти секојпат и од секого ќе биде претпочетено второто. И вистина, зар ќе се реши еден искрен патриот Македонец да ги жртвува: Костур, Лерин, Битола, Охрид, Ресен, Прилеп, Велес, Тетово, Скопје и др. за соединувањето на Македонија до левиот брег на Вардар со Бугарија? Зар има поголема близост помеѓу еден Македонец од Источна Македонија и еден – рушчуклија 133а или еден Македонец од Источна и Западна или Северна и Јужна Македонија? Кога историската неопходност категорички ни изјавува: Македонци, или соединувајте се меѓу себе и отцепете се од другите балкански народи или гответе се за дележ на нашата татковина! - сите искрени патриоти Македонци ќе го примат првото. Па тоа им го налага на Македонците и човештината: зар е човечка сегашната состојба во која ја имаат доведено Македонија пропагандите? Во една куќа таткото е од една народност, едниот син од друга, другиот од трета народност и еден Господ знае до кога ќе продолжи да биде така! Човештината бара од нас да се искорени во нашата татковина таа ненормална состојба и да се примират брат со брат, татко и деца. Таквото обединување е неопходност, а не ни е нужно семејно непријателство за некакво обединување со Бугарија што никојпат не ќе биде допуштено ни од малите балкански ни од големите држави.

Значи, во сегашните политички околности има не помалку основа за загубување на Македонија од страна на Бугарите, отколку основата за нивната загуба на денешна Србија во средните векови. И како што загубувањето на Србија во политички однос го повлече по себе загубувањето нејзино и во национален однос, исто така раздробувањето на С. - Стефанска Бугарија во политички однос ќе го повлече и раздробувањето нејзино во етнографски однос. Околностите создаваат културна и национална близост меѓу луѓето и околностите ги раздвојуваат роднинските елементи.

Такво сопоставување може да има помеѓу првата, т.е. теоријата за населувањето на Балканскиот Полуостров од јужни Словени формирани во две народности строго разграничени во етнографски и географски однос и постепеното изменување на етнографската карта на Балканскиот Полуостров, од една страна, и процесот на современото национално обособување на Македонија од друга.

Сега да видиме дали од гледиштето на другата, т.е. Јагиќевате теорија за образувањето на јужнословенските народности може да се објасни со настанувањето, при сегашните политички околности, на една нова македонска словенска народност?

Јагиќ ни вели дека јужнословенските јазици се и биле синџир од наречја; исто така дека сите јужни Словени до образувањето на бугарската, српската, хрватската и словенечката[8] држава се викале со едно име -Словени. По должината на тој синџир од јужнословенски племиња и наречја како да се образувале 4 јаки јазли, што ќе рече, 4 држави со разни имиња, т.е. словенечка, хрватска, српска и бугарска држава. Тие јазли, т.е. држави, според силата што ја имаа кога се образуваа, си ги разделија меѓу себе сите колца - племиња и наречја на јужнословенскиот етнографски синџир и ги крстија со нивното име. Jазлите како свој центар си го имаа носителот на националното име; со зголемувањето или смалувањето на политичката моќ на носителот на националното име и последново се раширува или се смалува. Така станале имињата Србин и Хрват народни од племенски, така се присоединиле механички кон нивните носители соседните племиња со своите наречја и составиле со нив еден народ, постепено асимилирајќи се со своите покорувачи или присоединувачи.

Ако образувањето на јужнословенските народности е механичко-политички процес, тогаш истиот не е нешто невозможно и во сегашно време. Во јужнословенскиот јазичен синџир има неколку колца надвор од српскиот и бугарскиот политички јазол: тоа се македонските наречја. И вистина, тие колца, бидејќи помеѓу себе се најблиски, имаат некои црти на исток блиски со бугарските и на север со српските колца. Тие колца во разни времиња беа со разни имиња бојадисани, додека во 4-та четвртина на XIX век боите не фатија да се ставаат една врз друга и не се парализираа една со друга. И едната и другата боја не се држеше јако за колцата и малку по малку боите фатија да се рушат и под нив фати да сјае нивната природна боја „словенска” со одблесок „македонски” од географската област во која се распределени. Носителите на тие колца-наречја некогаш се викале „Словени”, а после ту Бугари ту Срби, додека конкуренцијата на овие две имиња не ги направи обете туѓи за Македонските Словени и тие не фатија да се именуваат со старото географско име на својата татковина. Името Македонец првин се употребуваше од Македонските Словени како географски термин за покажување на своето потекло. Тоа име им е општо познато на Македонските Словени и сите со него се именуваат. Штом е така и штом образувањето на народноста е политичко-механички процес, тогаш се имаат сите нужни услови за одделување на Македонија во самостојна етнографска област: Македонците имаат општа татковина, последнава постепено со реформи се одделува во самостојна политичка целина, во неа има „неколку колца од јужнословенскиот јазичен синџир”, тие колца многу лесно се обединуваат со општото признавање на средното од нив за општо орудие во искажувањето на литературната реч за сите интелигентни луѓе во Македонија и за во книгите и во училиштата. И така, сите услови за националната преродба на Македонија се имаат на лице, па и таа преродба и од гледиштето на втората историска теорија за образувањето на малите етнографски единици од една поголема на Балканскиот Полуостров е совршено логична.

Тоа може да им се забележи на оние што велат оти никогаш немало македонска народност. - Немало, ама ја има сега и ќе ја има за напред.

Сега да се запрашаме друго: дали ќе биде точно да се вели дека во Македонија има две народности, и ако има една, тогаш дали таа народност може да биде наречена српска или бугарска?

Во Македонија, како и во секоја друга земја, има многу наречја, блиски едно до друго. Таа блискост на едно наречје се пројавува, од една страна, кон сите други македонски наречја во општите фонетски или звуковни, морфолошки или формени и лексички или зборовни особини; од друга страна, секое наречје е најблиско до неговите соседни наречја, имајќи со нив општи особини што се немаат во пооддалечените од него други наречја, и тоа западниот дел од наречјето е поблиско до неговиот западен сосед и со него тукуречи се слеваат, источниот до источниот итн. и така наречјата како да се врзани едно со друго како колцата во еден синџир. Сега се поставува прашањето: кои колца од нашиот синцир наречја ќе се наречат српски, а кои бугарски и врз која основа?

При решавањето на ова прашање не треба да се забораваат и следниве прашања: кои наречја од српскиот и од бугарскиот јазик се признаваат за најтипични за овие јазици и кои нивни особености се признаваат за најкарактеристични за едниот и за другиот јазик? Дали тие најкарактеристични црти се имаат во сите македонски наречја? Дали македонските наречја имаат свои општи карактеристични особености што се немаат ни во српскиот ни во бугарскиот јазик? Дали во македонските наречја поодделно преовладуваат македонизмите пред србизмите или бугаризмите или обратно? Најпосле, дали особините на крајните или периферни македонски наречја и говори ни дозволуваат да ги сметаме за поблиски до средното и најтипично македонско наречје велешко-прилепско-битолското или до централните наречја на српскиот и бугарскиот јазик?

Како најтипичен и раширен српски дијалект се јавува босанско-херцеговското или јужното српско наречје што од времето на Вук Караџиќ е литературен јазик на Србо-Хрватите. Централното или велешко-прилепското македонско наречје никојпат не може да биде по своите особини однесено кон српскиот јазик, зашто меѓу него и централното српско-хрватско наречје или сегашниот српско-хрватски јазик има исто таква разлика како и меѓу чешкиот и полскиот јазик. Ќе се рече, во средината на Македонија Срби нема. Од сегашното признавање на постоење на Балканскиот Полуостров само три словенски народи: Словенци, Србо-Хрвати и Бугари, со негирањето на Срби во центарот на Македонија, како индиректно да се признава имањето таму Бугари. Но дали денешното гледиште е правилно? Нема Срби, значи има Бугари. Но немањето Срби дали навистина значи дека има Бугари?

Во централното македонско наречје, меѓу другото, се имаат вакви фонетски особини: старомакедонските гласови ъ и ь, во оние места каде што се имаат зачувано, преминуваат во о и е, на пр., денот од старомакедонското дьньтъ преку дьнът; сонот од сънътъ; наместо старото тј и дј имаме ќ и ѓ или јќ и јѓ, на пр., врејќа и туѓа[9]; наместо нј имаме јњ, на пр., којњ наместо конј, наместо ?- а, на пр., рака и др. Сите тие особини не се српски, но не се ни бугарски. Тие се немаат во главното бугарско наречје - источнобугарското што служи и за литературен бугарски јазик.

Ако источнобугарското наречје се признава за најтипично, тогаш многу е јасно оти самата географска далекост на македонскиот центар од него е доста да покаже дека последниов не може да биде бугарски.

На источнобугарското наречје сега се гледа како на најтипично и најчисто од туѓо влијание бугарско наречје. Тоа во споредба со западнобугарското е пораспространето. Во последново има голема разлика од источното наречје, но, покрај неговата оригиналност, се признава во него српско влијание. Македонските наречја имаат пак свои оригинални особини, а бидејќи се наоѓаат во соседство со Србите се признаваат пак за не чисти од србизми. Освен тоа, тие се на крајниот запад. Поради сите тие причини, а најглавно затоа што Македонците за своето ослободување од грчкиот патрик и од Турција до последната руско-турска војна работеа заедно со Бугарите под името Бугари, а местата за таа борба беа околу Бугарија, т.е. во Стамбул, Влашко, Југозападна Русија и Србија, кои (места) помагаа во ослободителната работа најмногу да бидат застапени Бугарите, - помогнаа да се објави источното бугарско наречје за литературен јазик на Бугарите и Македонците.

Сега да допуштиме да се и Македонците Бугари и особините на македонското централно наречје да се исто: толку бугарски колку и источнобугарските. И во таков случај не може да се зборува за етнографска целост меѓу Бугарија и Македонија. И да имало некогаш таква целост, таа може да се наруши од одот на историските околности. Во секој случај општите интереси можат да се поддржуваат со заемно согласување меѓу членовите на Целината. Интересите на целината треба да се еднакво скапи за сите членови што ја составуваат: од неа треба да имаат сите еднакви згоди и во нејзина полза сите треба да прават еднакви жртви. Ако тоа го нема и ако од неа едни - имаат голема полза, не правејќи никакви жртви, другите прават големи бесполезни жртви, целината се разделува. Националната бугарска целина, во која се однесуваа Бугарија, Тракија и Македонија, не може да се зачува, зашто нема таков етнографски центар што може здраво да ги соедини тие три земји, како што се соединети српскохрватските земји, нема среде тие земји едно најраспространето и еднакво одалечено од сите нивни краишта наречје што да ги привлекува околу себе периферните наречја и да распространува општо национално сознание меѓу сите што зборуваат на тие наречја. Во таков случај секој ќе беше свесен оти не само Македонците, ами и Бугарите од Бугарија и од Тракија прават еднаква со нив отстапка во полза на центарот.

Сега пак случајот го издигнал за литературен јазик на Бугарите источното бугарско наречје што се наоѓа на крајната спротивна страна од Македонија. Тоа не може да служи за заеднички литературен јазик на Бугарите и Македонците, зашто не може духовно да ги обедини врз еднакви права сите три спомнати области. Таа задача би можело да ја исполни западнобугарското или шопско наречје,[10] да не беше малку распространето и со многубројни оригинални особености што се немаат во другите наречја во Бугарија, Тракија и Македонија. Најпосле, за зачувувањето на националната целост меѓу Бугарија и Македонија првата нема да се согласи за општ литературен јазик на Македонците и Бугарите да се избере македонското централно наречје наместо источнобугарското.[11] Ете зошто, прашањето кое наречје треба да биде општ литературен јазик за Македонците и Бугарите, ако првите и за напред ќе се викаат Бугари, коешто прашање сега не се поставува на дневен ред, зашто умовите на сите Македонци сега им се зафатени со револуционерното движење, еден ден неминовно и без други причини ќе поведе кон едно расцепување меѓу Бугарија и Македонија, со создавањето од страна на последнава свој литературен јазик.

А создавањето, редум со српскиот и бугарскиот, одделен македонски литературен јазик не е ли рамносилно со одделувањето на Македонците во одделна, ни српска ни бугарска, ами македонска словенска народност? Бугарите можеби ќе речат оти новата словенска народност со свој литературен јазик ќе биде пак бугарска, само со друго име.[12] Ние Македонците, се разбира, нема да имаме ништо не само против Бугарите ако не признаат нас за Бугари, но и против Србо-Хрватите, ако последниве не признаваат нас за чисти Срби или Хрвати.

И така, централното македонско наречје е еднакво далеку и од српско-хрватскиот и од бугарскиот литературен јазик и може да се разгледува како нешто одделно од нив. Тоа значи дека најдовме едно неутрално колце на синџирот од наречја. Сега останува да се реши дали тоа неутрално колце стои осамотено со одделна боја од другите колца или има и други колца со истата боја или со поблиска до неа отколку од една страна со централното македонско наречје, од друга со источнобугарското наречје или со српскиот јазик кај Вук Караџиќ, ќе видиме оти сите македонски наречја се поблиски до централното македонско, а не до централните наречја на другите јужни Словени.

Значи, во Македонија има општо словенско, ни српско ни бугарско население.

Тоа го признаваат и српската и бугарската пропаганда, иако за надворешниот свет и едната и другата зборуваат оти во Македонија имало божем две народности: српска и бугарска.

Српската пропаганда е раширена низ цела Македонија без Костурско, Серско, Петричко, Драмско, т.е. без крајниот југ и крајниот исток. Во Костурско Србите немаат пропаганда не затоа што костурци не се Срби, ами доброволно и’ ги отстапуваат на грчката пропаганда. Истокот на Македонија Србите великодушно и го отстапуваат на Бугарија.

Бугарија е не помалку великодушна по македонското прашање кон Србија: Бугарија признава Срби на с.-з. од Шар Планина; сета друга Македонија е бугарска, според Бугарите.

Значи, двете пропаганди не спорат само за земјите на с.-з. од Шар Планина и за оние делови од Серскиот санџак што се крај бугарската граница. Во првата живеат едногласно Срби, а во втората - пак едногласно-Бугари. Но великодушноста на Србите е само затоа да ја покажат умереноста на својот апетит и справедливоста на нивните барања: Ете, не го сакаме тоа што не е наше. Истото е причина за бугарската великодутност спрема Србите. Бугарите дури излегоа потолерантни: земјата зад Шар ја признаа за „Стара Србија”.

Но откако ќе се исклучат тие две покраини, сета друга Македонија Србите ја крстат српска, Бугарите -бугарска.

Причините на претензиите на Србите и на Бугарите се, се разбира, чисто политички, но освен нив има уште една: македонските наречја стојат едно до друго така блиску, едно во друго се слеваат толку незабележливо што, ако се признае едно од нив за српско или за бугарско, ќе треба да се признаат за такви едно по друго и сите соседни со него. Заклучокот од тоа е - дека самите пропаганди признаваат оти во Македонија има само една словенска народност; значи, утврдувањето дека Македонија не претставувала етнографска целина противречи на нивните постапки. И по сето гореречено ќе се најдат мнозина што ќе речат: Можеби вистина е дека ако немало досега македонска словенска народност, таа може да биде создадена од времето, особено од сегашните историски околности; вистина е оти Македонците по својот јазик не можат со право да бидат наречени ни Бугари ни Срби, ами се нешто одделно, т.е. претставуваат одделна етнографска единка, но пак - како ние сега можеме да се викаме Македонци и да создаваме одделна македонска народност, кога ние, нашите татковци, нашите дедовци и предедовци сме се викале Бугари? Ние не можеме да се откажеме од тоа, зашто тоа име ни е свето како и верата.

Да видиме дали е тоа така.

Ние се викаме Бугари, како што еден човек се вика со едно име, да речеме Петар. Се поставуа прашањето: кој ни го клал името, што сакал да означи тој со него кога нe крстил и што разбираме ние под името Бугарин кога се наречуваме со него? На тие прашања ќе ни одговори крстувањето на човекот и значењето на неговото име за другите и за самиот него.

Некој што го носи името Петар не си го клал самиот името, туку му го клале други. Нунковците му клаваат едно име на кумчето за тоа со него да се разликува од другите луѓе, деца, жени, моми. Кога ќе го викнат Петар - нема да се оѕве Иван, Лазар, Велика и други. Значи, името на еден човек не е толку важно за самиот него, колку за другите, затоа тој не се крстува самиот, туку го крстуваат него други. Тој сам и не се вика Петар, туку се вика: „јас“ Се ползува со неговото име само кога треба да се различи од многу други луѓе слични на него.

Исто така, еден народ долго може да биде без народно име ако наблизу до него нема друг народ од којшто ќе треба тој да се разликува со одделно народно име. Но тоа народно име не си го измислува народот сам за себе, ами со него го вика соседниот народ и тој од него си го зема. Значи, најприродно е народното име за еден народ да се појави кај еден соседен со него народ. Соседните народи еден спрема друг, значи,се јавуваат во вид на нунко и кум.

Според мислата на проф. И.А. Бодуен де Куртене,[13] Словените се крстени со тоа име од Римјаните. Словенските имиња најчесто се завршуваат на - слав: Светис-лав, Венцеслав, Борислав и др. Словените служеле кај Римјаните како робови и гладијатори, а кај тие робови и гладијатори најмногу се повторувал зборот „слав”, затоа тој збор фатил да означува, од една страна, човек што ги работи најтешките работи, т.е. роб, а бидејќи најмногу робови се земале од Словените, тогаш, од друга страна, Словените биле крстени од Римјаните со името „slavi“ коешто тие си го позајмија од нив и го преправија на СЛОВ-Е-НИ, т.е. Словени. Тоа крстување на нашите предедовци стана уште кога тие одвај влегоа во однос со покултурните романски народи. Со тоа име ќе се наречеше некој од Словените ако требаше да се различи себеси од некој Романец или Германец, и тоа не секаде само тоа се употребуваше. Како и да е, важно е само тоа дека тоа не господ знае што означуваше за да не може да биде заменето со друго.

И така, прво наше народно име ни има станато името Словен. Но за тоа име, како за наше народно, ние најмногу знаеме не по некакви свои традиции или од Романците, ами по византиските историчари.

Главната причина да зборуваат Византиските историчари.

Главната причина да зборуваат Византијците за Словените, значи и за нашите предедовци, беа нивните војни со Византија. Опустошувањата што ги правеа нашите предедовци во Византија беа такви факти за кои не можеше да се молчи; а заедно со прикажувањето за опустошувањата се прикажуваше и за опустошувачите, спрема кои Византијците се однесуваа со гордост и презир, како спрема варвари.

Византијците зборуваа само за опасните за нив варвари. Колку еден варварски, т.е. негрчки народ беше пострашен за нивната држава, толку повеќе омразата кон него беше поголема и толку неговото име добиваше подолно, попрезриво значење.

Нападите на Вестготите, Остготите, Хуните, Аварите, Антите, Словените, Србо-Хрватите, Бугарите на Византија се сменуваа еден по друг и поради таа причина византиските историчари зборуваат за сите тие народи, па и за Словените и Антите. Притоа треба да не се заборава оти вестготските, остготските, хунските полчишта се состоеја не само од Остготи, Вестготи, Хуни, Словени, но дека во нив господствуваше едната народност, а имаше примеси и од другите. Важно е дека Византијците ја одбележуваат господствувачката народност, а за другите молчат. За Словените повеќе зборуваат од сите други народи, освен Србо-Хрватите и Бугарите, зашто сите други вистина поминаа преку Балканскиот Полуостров, но и си отидоа од него. Но Словените добро се утврдија на целиот Полуостров, а особено во Македонија, каде што образуваа уште во VI столетие[14] силна држава, против која Византијците упатија силна војска.

Но Византија најмногу настрада од народот Бугари, од монголско племе, што опустошуваше сe што ќе му допадне во Византија. Во полчиштата на тој народ имаше и Словени што се сметаа од Византијците пак за Бугари. Најголем удар доби Византија од Бугарите, коишто зазедоа од неа голем дел нејзини земји населени со Словени и од нив образуваа една голема и силна држава, која од VIII век до идењето на Турците на Балканскиот Полуостров скоро постојано и’ нанесуваше еден удар врз друг.

Бугарската држава беше повеќе со словенско население, но со името на нејзините образувачи, т.е. монголските Бугари.[15]

Словените од Бугарија и од Македонија најнапред беа само сојузници на Бугарите во војните со Византија. Но сојузните со Бугарите словенски полчишта во очите на непријателите, т.е. на Византијците, беа пак бугарски. Значи, Византијците фатија да ги прекрстуваат Словените уште од времето на Аспаруховата орда.[16] Постојаната борба рамо за рамо со Бугарите ги направи нив еден народ со бугарско име, но со словенски јазик. Бугарското име меѓу Словените беше популаризирано од Грците и тоа првин ги означуваше само Бугарите - Монголите, после нивните воени сојузници, после бугарските поданици и најпосле стана етнографски термин за бугарските Словени. Но тоа име во очите и устата на Грците имаше уште специјално значење: најомразени за нив варвари, луѓе необразовани, груби, коишто граничат со ѕверовите. За Грците сe словенско беше грубо и бугарско.

Со името Бугари не крстија Грците и нас Македонците. Но тоа прекрстување не е единствено. Од Србите ние бевме прекрстени во Срби. Во втората половина на XII век, во времето на српскиот жупан Немања[17] и бугарските царови Асеновци или Асановци,[18] Византија беше нападната од крстоносците и од разни други непријатели. Тогаш Бугарите се подготвија да востанат и склучија договор со Србите против Византија. Последнава беше заеднички нивен непријател и двата народа[19] решија да удрат на неа и секој да си земе што ќе може да откачи. Во Византија немаше бугарски и српски земји, како што немаше и некакво национално самосознание кај јужните Словени. Врз основа на тој договор Бугарите нападнаа на источниот дел на Балканскиот Полуостров, т.е. на Тракија а Србите на западниот, т.е. на сегашна Србија, Западна Бугарија и Македсжија и малку по малку си ги разделија помеѓу нив. Во текот на два века српските кралеви присоединуваа кон српската држава византиски земји. Но тие секогаш се викаа само кралеви на Србите. Цар Душан се нарече: цар на Србите, Грците и Албанците, а не и на Бугарите. Титулата на цар Душан се објаснува вака: тој признава на Балканскиот Полуостров две словенски држави: Бугарија и Србија и една несловенска - Византија; Србија со завојувањето на византиски земји сака да ја наследи Византија, но со тоа зема земји што можат да бидат и српски и бугарски и коишто не се бугарски.

Македонското население не се однесувало со омраза кон Србите. Уште од времето на паѓањето на Самуиловото царство Македонците не еднаш правеа силни востанија против Византија, многу посилни од Бугарското во времето на браќата Асановци, но не можеа да се ослободат, зашто кај нив се други географските услови, а кај Бугарите други. За да се ослободат Бугарите во Горна Бугарија, што се одделува од Долна со Балканите,[20] доста е да се истепаат византиските гарнизони во неа и да се фатат од нив дервените за да не пропуштаат нова византиска војска. А во Македонија работите се сосем инакви. Тука нема таков ѕид што да ги брани востаниците, како Балканите во Бугарија. Тука имаме многу високи планини што имаат разен правец и образуваат котлини, одделени една од друга. Планините го отежнуваат соединувањето на сите Македонци за заедничка борба со непријателот, а пак им ја олеснуваат работата на Византијците, зашто со разместувањето гарнизони во нив тие можат да ги држат Македонците во послушност. Освен тоа, на Византија и’ помагаа да ги држи Македонците во послушност и џадињата или друмиштата што се направени за воени потреби уште од Римјаните и ја пресечуваат Македонија од исток на запад, т.е. од Белото Море кон Јадранот и од југ кон север крај Вардар, т.е. од Белото Море кон Дунавот. При таквите географски услови јасно е оти Македонците не можеа да се ослободат од Византија и готови беа да му бидат сојузници на секој непријател што ќе војува против Византија. Таков сојузник до X век беа Бугарите, а од XIII в. беа Србите.

Македонците станаа сојузници на Србите и со тоа се ослободија од Византијците. Тие се присоединија кон Србија, но тоа присоединување не беше присилно, а врз основа на договор помеѓу македонските големци и српските кралеви. Тоа беше резултат на еден компромис помеѓу првите и вторите, компромис погоден и за едните и за другите. Македонија под српските кралеви, особено под Душана,[21] имаше полна самостојност во внатрешните работи и тоа таква со каква што не се ползуваше ни еден друг дел од големата империја на Душана. Тоа се гледа од титулите што ги носеа македонските големци и од нивното влијание во империските работи. Тоа се гледа и од големата приврзаност на Македонците кон царскиот трон. За да се убеди човек во тоа нешто, доста е да ја прегледа историјата на Немањиќевата држава од времето на цар Душана до смртта на Волкашина,[22] особено периодот на распаѓањето на Душановата Империја. Одовде ќе се убеди човек оти центарот и најголемата улога во таа империја и’ припаѓаше на Македонија. Од секаде од периферијата на Душановата Империја по неговата смрт отпаѓаат областите една по една. Македонија го крепи Урошевиот престол и македонскиот големец крал Волкашин е главниот советник и десна рака на Уроша.[23] Сите го мразат Волкашина за неговата улога и влијание врз Уроша, но царот му верува, македонските големци: 70 кралеви и банови, според народните песни, му веруваат и му даваат 70.000 војска со нив да умре на Марица за царот и „српското име”.

70.000 души војска од 70 кралеви и банови! Како се викаше таа војска? Чие име го носеше и кој и’ го кладе? Сите се викаа „Срби”, но во нив имаше толку Срби, колку што во војската на цар Симеона имаше Бугари-Монголи; па ми се чини дека ги имаше и помалку. Значи, во XIV век Македонците официјално го носеа името Срби, коешто немаше зошто да го презираат и да се лутат на него. Во тоа име тие не наоѓаат ништо лошо.

Србите беа главната воена сила против Византијците. Нашите предедовци беа нивни сојузници. Византијците сите свои противници, т.е. и Србите и нас, ги викаа Срби. Малку по малку тие нe прекрстија од Бугари на Срби. Истото тоа се поддржа од признавањето на суверенитетот на Душана во Македонија и од улогата на нашите големци во неговата држава. Ние станавме за надворешниот свет Срби, после истапивме како српски поданици и најпосле името Србин фати да означува Македонец, не Грк, не Влав и не Албанец.

Едно нешто не го зачува српското име во Македонија; тоа е карањето помеѓу крал Марко[24] и кнез Лазар[25]. Последниов истапи како противник на Турците со името Србин и со тоа Турците го врзаа со поимот Србин и Србија денешното кралство и неговите жители. Марко и неговите поданици во очите на Турците не можеа да бидат Срби, зашто не им се спротивија и не покажаа таква воинственост против нив, каква што покажаа кнез Лазар и неговите поданици.[26]

И така, до идењето на Турците кај нас ние трипати бевме прекрстени:

1. Словени, 2. Бугари, 3. Срби.

Но со тоа не се сврши сe. Дојдоа Турците: се зафати борба помеѓу христијанството и муслиманството, борба помеѓу крстот и полумесецот. Но со тоа не се пресече борбата помеѓу словенството и грцизмот. Турското господство на Балканскиот Полуостров беше историски период кога потчинетите мислат да го зачуваат нивното историско наследство. Се разбира оти се зачува само она што можеше да се зачува и што не сакаа да ни го земат, зашто не им беше нужно и не беше опасно за нив. Турците ни ја зедоа земјата и си ја разделија меѓу нив. Ние се примиривме со таа загуба. Фатија да ни земаат наши деца, да ги потурчуваат и да прават од нив јаничари. И тука молчевме. Турците видоа зорт додека да ја покорат Србија и името Србин означувало за нив разбојник. Ние свивме глава и не се викавме Срби за да не го налутиме агата. Тој не сакал да се викаме и Бугари; и Бугари не се викавме. Турчинот ќе ни дојдеше во куќата, ќе се најадеше, ќе се напиеше и ќе ни речеше: Бре ѓаур! ај донеси ми тоа и тоа! - ќе му одговоревме: Сега, беим! Ако нe прашаше некој Турчин што сме - ќе му одговоревме дека сме или „каури”, т.е. неверници, или „раја на царот”. Со други зборови, ние пред Турците се кажувавме така како што нема да се налути агата. Пред Турците ние сме „каури” и „раја”, и „каури” фативме да се викаме и меѓу нас. Во народните песни не еднаш се употребува името „каурин” и „рајатин”, и „земја каурска” или „земја рајатска” во етнографско значење.

Значи, Турците од нас направија народ „каурски” и „рајатски”, термини засновани врз нашата пониженост пред Турците, врз религиозната разлика помеѓу нас и нив и врз нашата општествена положба.

Но освен Турците, по загубувањето на нашата слобода, наши „воспитачи” и господари станаа Грците.

Ние видовме во Грците духовни господари и верски началници. Ние бевме и спрема нив исто така принизени, како и спрема Турците. Грците со црквата нe експлоатираа нас и сакаа под турското владеење да го направат она што не можеа до него. За да нe претопат нас, тие одбегнуваа да нe викаат со народното име. Тие ни велеа дека сме биле ние христијани, а ние тврдевме: А бре брате, христијани сме, ами што сме! Кога ќе се налутеа на нас и ќе нe наречеа тврдоглави Бугари, ние пак ќе речевме: Е па така си е: вистина, христијани сме, ама не сме образовани како Грците! Нашите глави не разбираат; ние сме Бугари. Со еден збор, во турско време ние потврдувавме и се согласувавме со сe што ќе ни речеа Турците и Грците. Но Турците со тоа што нe нарекоа нас: рајати и ѓаури, гледаа на нас како на луѓе не од извесна народност, а што се во а извесен однос спрема нив, господарите и правоверните. Во истатаа смисла ги употоебувавме и ние, однесувајќи се кон себе, тие имиња. Значи, Турците во нивната држава не признаваа народности. Исто така не знаевме за нив и ние. Грците исто така не ги разликуваа словенските народности и сите Словени, особено тој дел од нив што им причини најголеми непријатности и се наоѓаше во турско време под нивната заштита, тие го презираа и го наречуваа со презреното за нив име „Бугари”. Но тоа име го искажуваше презирот на Грците, а не и достоинства на Бугарите, затоа се придружуваше со зборот тврдоглави или „хондрокефалос”.

И така дојдовме до националното наше име што го имаат носено нашите татковци, дедовци и најблиски предедовци. Но видовме оти онде имаме работа не со едно, ами со цели 4 имиња, коишто означуваат дека до пред неколку години немало точно определено народно самосознание. Името Бугарин, кака што се гледа, до половината на XIX век немало за нашите предедовци поголемо значење од имињата: христијанин, рајатин и каурин. До тогаш ние знаевме дека има и дека имало каурски, рајатски и христијански земји и држави. Но ние се сметавме за каури, христијани и рајати и помниме дека сме имале наша каурска и рајатска царштина, но сме ја загубиле на Косово Поле, кога им се налутил господ на нашите предедовци. Таму, т.е. на Косово Поле рекол господ да си ја загубиме царштината за казна затоа што не сме ја чувале верата чиста. Таму нашите каурски царови извадиле голема војска да се бие со Турчинот, но како рекол господ да ја загубиме царштината, од сите парчиња на кои бивале раздробувани Турците никнувале нови Турци. Кога го виделе тоа царовите, рекле оти господ сака каурите да ја загубат царштината и да му се потчинат на Турчинот. Така Турците ни го презеле царството. На Косово паднале двајца царови.

По таквото „јасно” претставување кај народот македонски за неговата „бугарска” народност, може ли да станува збор за бугарско национално самосознание кај Македонците?

Ако е така, ќе приговори бугарската партија од Македонци, тогаш што означува црковното прашање, во кое Бугарите и Македонците одеа рамо за рамо и последниве се викаа и работеа со името Бугари?

Еве што означува: Македонците беа крстувани со национални имиња со кои тие се разликуваат од другите соседни со нив народности, т.е. од Турците и од Грците, па и од Власите. Првите не го трпеа името Србин поради српскиот отпор при завојувањето на Балканскиот Полуостров. Во Турција до руско-турските војни зборовите „Срб-ѓаур” треба да го означувале тоа што сега го означуваат зборовите „москов ѓаур”. Се разбира оти не само што самите не се викале Срби, туку им било непријатно да се викаат и од други така. Така не ги викаа ни Грците, зашто последниве не видоа големи лошотии од Србите. Па и немало зошто: името Србин погостува во Македонија како политички термин само малку време. Тоа и се заборави скоро, без туѓо пријатно потсетување за него. Од турско гледиште и не е право Македонците сите одред да се викаат „Срб-ѓаури”, зашто тие им се предадоа на Турците. А ако се испразни од Македонија името Србин, тогаш ќе остане за Македонците само името Бугарин што беше политички и етнографски термин уште до турското завојување. Тој термин не беше лош од турско гледиште, а од грчко тој беше многу удобен, зашто со него најубаво можеше да биде искажан презирот и омразата на Грците кон нас. Ете зошто ние, меѓу другото, се признавме за Бугари, т.е. тврдоглавци.

Значи, нас со Бугарите нe врзуваше едно заедничко име, еднаков однос кон нас од страна на Грците и Турците, еднаква жед за слободен од фанариотите и Турците живот. Таа опшност нe побуди заедно да се бориме со општите непријатели. Но таа опшност не е нешто што почива врз некакви заеднички спомени и заеднички историски задачи што да се сознаваат и да се имаат сознавано од нас и од Бугарите еднакво. Нашата опшност е проста случајност. До крајот на првата 1/4 на XIX столетие се ослободија од Турците сите балкански земји, освен Бугарија, Тракија, Македонија, Босна и Херцеговина. Првите три географски беа многу близу и еднакво се третираа од Турците и Грците. Последните две беа одделени од првите три и беа во поинакви односи кон Турците и Грците. Затоа првите три штом се разбудија фатија да живеат со заеднички идеали, а вторите две со други, пак заеднички.

Но ако при националното разбудување на Македонците имавме друг вид на политичката карта на Балканскиот Полуостров, тогаш Македонците ќе работеа сосема поинаку. Ако беше Бугарија со Тракија слободна, а Србија заедно со Македонија поживееше 50 години при едни исти услови, тогаш Македонците ќе работеа заедно со Србите, а не со Бугарите. Исто така Македонците можеа да работат и заедно со Грците, да можеа Грците да работат поумно и да беа само Грција и Македонија под Турција околу 50 години, кога сите други балкански земји би биле слободни.

Бугарското име во Македонија, значи, е резултат на лошото третирање на Македонците од страна на грчкото духовенство. Грците ја уништија Охридската архиепископија затоа што се спомнуваше името „бугарска”, како историски reliquium, но го употребуваа името Бугарин за да го овоплотат во него својот презир кон сe словенско. И имено тоа овоплотување на грчкиот презир кон нас и е причината да се викаме „Бугари”, а не историските традиции. Последниве, напротив, ништо не ни зборуваат за Бугарите, а повеќе за српското име во Македонија. Значи, Грците нe крстиле „Бугари”, без да нe прашаат нас, и ние, немајќи време да гледаме и да му најдеме мана на името, си го усвоивме.

Ако е така, а инаку и не може да биде, тогаш јасно е оти името Бугарин не зборува уште за бугарска народност во Македонија. Тоа име сега вештачки се поддржува во Македонија, како што и се насадува таму во најново време името Србин. Името Бугарин во Македонија сега нема место, зашто веќе цели 25 години како живееме ние Македонците одделен живот од Бугарите. Меѓу Бугарите и нас има многу малку заеднички интереси сега. Македонија е нужна за Бугарија, затоа последнава праќа во првата ката година милион франкови и издржува на служба многу Македонци. Бугарија пак е нужна за Македонците, зашто во неа Македонците ќе добијат место и ќе експлоатираат со нивните „бугарски” чувства. Значи, во текот на последниве 25 години односите помеѓу Бугарија и Македонија почиваат не врз почва на еднакви традиции и задачи, а на чисто трговска основа т.е. едниот го експлоатира другиот.

Значи, името Бугарин во Македонија, со кое сега експолатираат Бугарите, никако не е национално и затоа никој од Македонците нема право со него да ги експлоатира македонските интереси во негова полза. Никој не ни има дадено право заради него да ни се набркуваат Бугарите во нашите работи. Татко ми, дедо ми, предедо ми, ако се викале поради недоразбирање Бугари, тоа уште не значи оти и јас треба да сум како нив во мрак за мојата народност; ако се викале тие Бугари, тоа не значи оти ние ќе треба да престанеме да им веруваме на Русите за атер на разни Стамболовци и Свирчовци, наместо заедно со нашата пролеана крв ние да си го бараме правото од каде што треба, да допуштиме да ни се бркаат во работите луѓе што и самите не знаат што бараат; ако се викале моите дедовци Бугари, уште не значи дека јас имам право да ги експлоатирам македонските интереси со издавање весници, кои наместо да ги бранат интересите на нашиот народ - ги бранат бугарските и интересите на бугарскиот кнез. Нашите дедовци наречувајќи се Бугари и не мислеле оти ние ќе правиме од тоа име капитал за да се најадеме, да се напиеме и да се облечеме со него.

Значи, кај Македонците името Бугарин е фалшива монета со која тие им плаќаат на Бугарија и нејзиниот кнез и на нивната татковина и нивниот народ. Време е да се раскрие тој фалш за да се престане да се експлоатира со него.

Од дотука реченото се гледа: прво, оти ако по нашите сегашни етнографски сфаќања на Балканскиот Полуостров, особено на централниот и југоисточниот негов дел, т.е. во денешна Србија, Бугарија, Тракија и Македонија имало и има само две словенски етнографски единици - српски и бугарски народ, тогаш тоа уште не значи дека нема, немало и не може да има друга словенска единица, а напротив, дека нејзиното постоење е во пределите на возможното и на реалноста; второ, дека во Македонија нема две јужнословенски народности - српска и бугарска, а напротив дека во неа има само една народност со свои особини, коишто или претставуваат нешто оригинално што се нема ни кај Србите ни кај Бугарите, како што е, да речеме, со многу особини на македонските наречја, или нешто што се има и кај Бугарите и кај Србите или коешто се има само кај Македонците по краиштата на нивната татковина и кај Србите, или пак по нив и кај Бугарите, и дека од тие особини на Македонците, како дел од словенската група народи, најмногубројни, најраспространети, заеднички за сите Македонци, значи и најважни се тие особини со кои Македонците сe одличуваат од другите словенски народи: по нив Македонците фактички составуваат одделна и самобитна словенска народност, иако за неа денеска не се зборува во науката и во секојдневниот разговор; трето, дека причината за тоа игнорирање и затемнување на постоењето на македонската народност се крие во постоењето на името „Бугари” во Македонија во етнографско значење и во експлоатирањето со него од страна на Бугарите. Исто така, се запознавме со потеклото на името Бугарин во вид на етнографски термин во Македонија.

Со други зборови, ние се запознавме досега со тоа дека составувала, составува и може Македонија да составува од себе одделна етнографска единица.

Сега ни останува да видиме дали таа составувала, составува и може да составува таква единица во политички однос?

Во одговорот на овие прашања ќе треба да се продолжат расудувањата за народноста на Македонците од таму каде што ги оставивме.

Ние видовме оти во Македонија името Бугарин е последната метаморфоза во развивањето на нашето национално самосознание и дека е резултат на таа политика и општествена положба во којашто бевме поставени од завојувањето на Балканскиот Полуостров од Турците. Врз основа на сето тоа што го реков јас за историјата на националните имиња што се имаат сменувано едно со друго, како и за причините за тие сменувања, ќе изникнат многу злоупотреби. Можеби мнозина ќе ме осудат како србофил. Можеби самите Срби на него ќе ги засновуваат своите шовинистички претензии на Македонија. Можеби, најпосле, ќе го експлоатираат Србите сето речено за изменувањето на нашето национално име за да докажат дека Македонците никогаш немале национално самосознание и не играле никаква самостојна историска улога, ами влегувале само како суров материјал во државниот организам на бугарската или на српската држава.[27]

Меѓу другото, такви недоразбирања можат да се очекуваат, како од тоа што јас категорички ја осудив бугарската политика по македонската прашање, од кое можат да помислат дека јас сум бугарофоб и србофил, и со таа и од експлоататорската тактика на балканските Словени во македонското прашање.

Србите можат да затрубат дека Македонците се Срби, штом не се Бугари, зашто така се викале до турското доаѓање на Балканскиот Полуостров. Исто така, можеби некои Срби во моите расудувања за непостојанството на народното име кај нас ќе најдат потврда на мислите на проф. Миловановиќ, којшто докажуваше во „Дело” дека треба Македонија да се подели помеѓу балканските државички, зашто не претставувала ниту географска, ни етнографска, ни историска целина.[28]

За првото еве што може да се рече: Македонците сите заедно се викале Срби не повеќе од педесет години, а во некои делови, и тоа во северните, нека било сто и стопедесет, но не и повеќе години. Името Србин тогаш имало повеќе државна смисла и помалку етнографска. До тогаш и во турско време го немало кај нас. И ако е така, тоа е не ли шовинистичка заслепеност да ни се наврзува сега нам на сите Македонци, па и само на северните наши сонародници, наместо бугарското име?

За тврдењето на проф. Миловановиќ дека Македонија не соствувала и не составува географска, етнографска и историска целина, за кое некои можеби ќе најдат потврда во моите расудувања за изменувањето на националното име кај нас, освен тоа што е речено кога стануваше зборот за прашањето дали има во Македонија две словенски народности, ќе го речам уште следново:

Иако е Македонија составена од неколку котлини, разграничени со високи планини, пак таа во денешниот нејзин вид има живеано одделно од Бугарија и од Србија или самостоен живот или под други држави. Тоа е јасен доказ оти нејзината среќа не зависела само од Србија и Бугарија и оти високите планини шта ги заобилколуваат македонските котлини уште не се таква опасност за заедничкиот политички живот кај нивните жители. Така Македонија во нејзиниот денешен вид, до образувањето на бугарската држава беше една полусамостојна византиска област. После таа цела потпадна под Бугарија. Кога последнава падна под Византија, Македонија беше слободна држава за извесно време и со успех се бореше против Византија и ја имаше под себе цела денешна Србија. После Македонија потпадна под Византија и во текот на неколку века во разни нејзини делови се дигаа востанија против покорителката. Кога се ослободи Бугарија и се усили државата на Немањиќевците, во која влезе поранешниот дел од Македонија, т.е. денешна Србија, - таа, т.е. Македонија во денешната нејзина големина уште остануваше византиска земја, каде што продолжуваа да се креваат востанија против Византија, за коишто се бараше сојуз и покровителство од соседните држави. После Македонија цела влезе во државата на Немањиќевците. Во неа таа како да била привилегирана и самостојна во внатрешната политика. При крал Волкашин Македонија пак како да се одделува од другите делови на Немањиќевата држава и како да се сосредоточува околу него. Во царувањето на Марко Крале таа сосем се одделува од српските земји и се поставува во особен однос кон турско-српските односи и војни. Во турско време таа е врз истите основи под турското владеење. По Берлинскиот договор таа е сама од сите други јужнословенски земји под Турција и веќе живее таков одделен живот повеќе од 25 години.

Од овој површен поглед врз историските настани во Македонија се гледа оти горе-долу сите македонски котлини имаат една и иста историска судбина, горе-долу сите нивни жители имаат особен, одделен историски живот, неретко самостоен, или пак вклучува во себе заедничка борба за политичка слобода. Ако се прифати на вид оти таа заедничка историска судбина, тие заеднички политички борби и самостојниот политички живот е судбина на едно исто словенско население и на еден и исти народ, тогаш ќе биде јасно оти тврдењето дека Македонија не составувала географска, етнографска и историска целина е засновано не врз реалноста туку на српските сметки за Македонија.

Овој површен поглед врз историјата на Македонија ми се чини не само што покажува дека ние Македонците си имаме своја историја и дека сме народ чии судбини се развивале во врска со судбините на другите соседни нам народи, но и дека има во нашата историја многу самобитно и своеобразно, како што е, да речеме, самостојната Охридска архиепископија со нејзиното работење полето на народното просветување. Исто така, овој историски поглед покажува дека речиси во сите времиња се забележува силно работење на народниот дух врз културно-историска основа, резултат на која се јавува образувањето на силна македонска држава од царот Самуил и богата народна литература.

А ако Македонија досега, со мали исклучоци, се развивала одделно од Бугарија и Србија, тогаш таа може да го прави тоа и во иднина, уште повеќе што пропагандите - бугарската и српската - ги употребуваат сите и дозволени и недозволени средства за да искоренат сe самобитно, сe чисто македонско во нашиот народен живот. Самостојниот политички развиток на Македонија е неопходност, како нешто без кое ние не ќе располагаме со доста средства да се бориме со пропагандите за да ја зачуваме од нив нашата национална самобитност.

Забелешки

  1. Како голем аналитичар на конкретната историска ситуација и на значајните процеси во општествениот развиток на Македонија и на Балканот, Мисирков ги согледал и идните односи. Напредните слоеви на српскиот народ уште по Првата светска војна ја согледаа вистината за македонскиот национален ентитет, па не беше само Коста Новаковиќ што во 1924 год. изјавуваше: „Јас сметам дека секој народ, па и Македонците, треба да добие право на самоопределување... Македонското население е национално поробено... Единственото решение што се наметнува е Македонија да добие самостојност и да стане врска за другите балкански народи”.
  2. Иако Мисирков зборува и одделно за Срби и за Хрвати, сепак повеќепати двата народа ги смета како еден во типолошка смисла, како што и српско-хрватскиот јазик го сфаќа како таков.
  3. Јернеј Копитар (1780-1844) е словенечки преродбеник и угледен австриски славист, автор на првата научна словенечка граматика, издавач на стари словенски споменици и значаен помагач на филолошкото дело на В. Ст. Караџиќ.
  4. Словенецот Франц Миклошич (1813-1891) е еден од најистакнатите слависти во 19 век, автор на „Споредбена граматика на словенските јазици”, „Речник старословенско-грчко-латински” и „Етимолошки речник на словенските јазици”.
  5. Словакот Павел Јозеф Шафарик (1795-1861) е истакнат словачки и чешки филолог и етнограф, чии најзначајни дела се: „Историја на словенскиот јазик и литература на сите наречја”, „Словенски древности”, „Словенска етнографија“ и др.
  6. Хрватот Ватрослав Јагиќ е еден од најголемите слависти воопшто во 19 и 20 век, долгогодишен професор по словенска филологија во Одеса, Берлин, Петербург и Виена, автор на многубројни славистички студии и изданија на стари словенски текстови и основач и издавач на славистичкото списание „Архив за словенска филологија” во Виена, како и на незавршената „Енциклопедија на словенската филологија”.
  7. Константин Порфирогенит (905-959) е византиски цар и автор на повеќе историски списи, меѓу кои и „За управувањето на Царството”, каде што дава многу податоци и за доселувањето и животот на Словените на Балканскиот Полуостров.
  8. Во историјата не е познато да постоела и посебна словенечка држава под какво и да е име.
  9. Иако Мисирков и во текстот не ја употребува оваа антиципација на мекоста, овде веројатно се работи за печатна грешка, па наместо туѓа треба да стои тујѓа.
  10. Уште во својата прва научна работа „За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историската етнографија на Балканскиот Полуостров” (1897) Мисирков го сврте погледог кон моравскиот дијалект на српскиот јазик и воопшто кон етнографијата на Шоплукот како меѓник помеѓу трите етноса - српскиот, бугарскиот и македонскиот. Инаку, еден од најзначајните обиди шопското наречје да се издигне на степен на литературен јазик за Бугарите и за Македонците, како компромисно решение, го направи штипјанецот Јосиф Ковачев (1839-1898) со својот „Болгарски Буквар” (1875), наведувајќи дека „шопското наречје”, со центар во Ќустендил, е средно и најчисто зачувано меѓу „севернобугарското или балканското” и „јужнобугарското или македонското”.
  11. Таквиот обид на Партенија Зографски во 1857-1858 год. беше пречекан со остра реакција од бугарските национални дејци.
  12. И во овој поглед Мисирков точно го антиципирал идниот развиток, зашто Бугарите навистина дури во најново време (1978) настапија токму така во однос на изградбата на македонскиот литературен јазик.
  13. За жал, дури и кога Мисирков наведува конкретни цитати од други автори, никогаш не дава поблиски библиографски податоци.
  14. Веројатно е печатна грешка и треба да стои VII век, бидејќи дури тогаш Словените во Македонија се конечно населени и образуваат посилни племенски сојузи за борба против Византија.
  15. Во последно време во бугарската наука се повеќе се протежира теоријата за хунско-алтајскиот карактер на Протобугарите.
  16. Ханот Аспарух (ок. 644-701) со една своја орда дошол од исток кон утоката на Дунав и откако ги покорил словенските племиња и ги разбил Византијците, ја образувал првата држава на Бугарите на Балканот (681) со седиште во Плиска, којашто подоцна ќе ги проширува границите и врз поголемиот дел од Полуостровот.
  17. Стефан Немања (ок. 1168-1196) е велик жупан на Рашка и обединувач на средновековната српска држава на чело со династијата на Немањиќевците.
  18. Браќата Асен I (?-1196), Петар II (? - 1197) и Калојан (? - 1207) се обновувачи на бугарското царство, кои успеваат да и’ нанесат тешки порази на Византија и да ја прошират својата држава.
  19. Во случајов Мисирков неправилно ги идентификува народите со феудалните владетели, зашто тие договори не се правени помеѓу народите, коишто никој и никогаш за ништо не ги прашувал, туку помеѓу суверените од разните држави.
  20. Турското име на Стара Планина, по кое се именува и Полуостровот, Мисирков го предава во множинската форма, како што е впрочем и во рускиот и во некои други јазици.
  21. . Кралот и царот на средновековна Србија Стефан Душан (1308-1355) мошне често е предмет на размислувањата на Мисирков, при што особено се нагласува посебниот однос на царов спрема Волкашина. Иако неговите тези не се лишени од историска основа, Мисирков често е под влијание на податоците од јуначката народна епика.
  22. Владетелот на северозападниот дел на Македонија, со седиште во Прилеп, кралот Волкашин, заедно со брата си Јован Углеша, загинува во Маричката битка со Турците кај с. Черномен (Одринско) на 26.9.1371 год. Тоа е почетокот на продорот на Турците на Балканот.
  23. Српскиот цар Урош (1355-1371) владее во времето на интензивното распаѓање на оваа веќе разединета феудална држава; неговата смрт го означи крајот и на привидната централна власт на државата.
  24. Кралот Марко (ок. 1335-1395) е последниот крал што владеел во големиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани и станал најпознат јунак на епското народно творештво не само на Македонците, туку и на сите јужни Словени. Всушност, по 1371 год. Марко станал турски вазал, како каков што и загинал во борбата со влашкиот војвода Мирче, но со тоа бил и навистина спротиставен со српскиот кнез Лазар, којшто им се спротиставил на Турците.
  25. Спротиставеноста помеѓу македонскиот владетел Марко и српскиот кенз Лазар Хребелјановиќ /1329-1389/ е заснована главно врз различната позиција и практичната политика на двајцава владетели: додека Марко беше турски вазал, Лазар беше независен владетел што им се спротистави на Турците, па следствено и против Марка. Марко не учествува во битката на Косово, но не му ни помогна на Лазара, дури и му одзеде некои територии. Тоа навистина создаде различна народна традиција во односот спрема Марка што се изрази и во народното творештво.
  26. Ваквите становишта на Мисирков по овие прашања се обработувани или засегнувани во повеќе трудови, почнувајќи од неговото предавање за Марко пред студентите во С.-Петербург и неговата дипломска работа /1902/, па сe до неговите последни статии во софиските македонски и бугарски весници /1923-1925/. Вистина, не секогаш доследно и отворено, во завнсност од околностите и целите што беа диктирани од историскиот момент, но секогаш со истиот интерес и основен став кон средновековната историја на Македонија од 19 век.
  27. И во овој поглед Мисирков ја антнципира блиската реалност: професорот Ј. Цвииќ токму таа теорија ја разви во своите „научни” трудови /1904-1906/, докажувајќи дека Македонците се „флотантна маса” од која може да се измесат и „Срби“ и „Бугари“ – во зависност од тоа кој ќе ги завладее.
  28. Мисирковава книга во многу погледи претставува и полемички спис, актуализирана дискусија по најсуштествените прашања на македонската национална индивидуалност. Овој дел од книгата всушност е полемички, аналитичен одговор на пишувањето на српскиот универзитетски професор, дипломат и државник Милован Ѓ. Миловановиќ /1863-1912/ во неговиот труд „Срби и Бугари” /„Дело”, Белград, 1898/, во кое се вели: „Ни историјата, ни етнографијата, ни географијата воопшто не му стојат на пат на решавањето на македонското прашање помеѓу Србите и Бугарите на начин што единствсно им одговара на вистинските, добро разбраните интереси и на Србите и на Бугарите, а тоа ќе рече според вистинските животни потреби на Србија и на Бугарија. И на Србите и на Бугарите за зачувувањето на својата државна самостојност, за задоволувањето на своите животни државни потреби, секогаш им бил неопходен излезот на Егејското Море”. Опасностите што ги предвидуваше Мисирков и стремежите што ги застапуваше Миловановиќ беа и реализирани: како министер претседател на српската влада М. Миловановиќ во февруари 1912 год. го потпиша договорот со Бугарија за завојување на Македонија, иако не ги дочека и резултатите од завојувачката војна.

Поврзано


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.