1 Потоа Авиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во Давидовиот Град; на неговото место се зацари син му Аса. Во неговите дни земјата беше мирна десет години.
2 Аса правеше што е добро и право во очите на Господа, неговиот Бог.
3 Ги отстрани туѓинските жртвеници и високите места, ги обори столбовите и ги скрши ашерите.
4 Им нареди на Јудејците да Го бараат Господа, Бога на своите татковци, да ги пазат законот и заповедите.
5 Ги отстрани од сите јудејски градови високите места и сончевите столбови, а царството беше мирно во неговото време.
6 Изгради цврсти градови во Јудеја, зашто земјата беше мирна. Никој не завојува против него во тие години, зашто Господ му даде мир.
7 Затоа Аса им рече на Јудејците: „Да ги доградиме овие градови и да ги заградиме со ѕид и со стражарници, со врати и со лостови; уште е наша земјата пред нас, зашто го баравме Господа, својот Бог; го баравме, и Тој ни даде мир од сите страни!” Така градеа и беа успешни.
8 Аса имаше војска триста илјади луѓе од Јудејците, кои носеа штит и копје, а од Венијаминовото племе двеста и осумдесет илјади, кои носеа штит и оптегнуваа лак. Сите беа храбри јунаци.
9 Етиопецот Зара излезе против нив со илјада илјади воини и со триста бојни коли и дојде до Мариса.
10 Аса излезе пред него; се подредија во боен ред во Сефатската Долина кај Мариса.
11 Аса извика кон Господа, својот Бог: „О Господе, за Тебе е ништо да му помогнеш на силниот или на слабиот! Помогни ни, о Господи, Боже наш, зашто се потпираме на Тебе и во Твое Име излеговме против ова мноштво! Господе, Ти си наш Бог, не оставај го силниот човек против Себе!”
12 Господ ги разби Етиопците пред Аса и пред Јудејците, та Етиопците избегаа.
13 Аса, со народот што беше со него, ги протера сè до Герара. Етиопците попаѓаа, така што ниеден не остана жив, зашто Господ и Неговите чети ги сотреа; и тие однесоа мошне голем плен.
14 Ги освоија сите градови околу Герара, зашто Господовиот страв дојде врз нив; ги ограбија сите тие градови, зашто во нив имаше многу плен.
15 Ги ограбија и шаторите за добиток и запленија многу ситен добиток и камили; а тогаш се вратија во Ерусалим.