Прејди на содржината

Втора книга летописи/ 13 глава

Од Wikisource

12 глава Втора книга летописи
13 глава
од н.п.
14 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Во осумнаесеттата година на Јеровоамовото царување, Авиј се зацари над Јудеја.
  2 Царуваше три години во Ерусалим. Името на мајка му беше Михаја, Урилова ќерка од Гаваја. Тогаш избувна војна меѓу Авиј и Јеровоам.
  3 Авиј излезе во бојот со храбри борци, со четири стотини илјади одбрани јунаци; Јеровоам подреди во боен ред против него осум стотини илјади луѓе, сè одбрани јунаци.
  4 Авиј застана на врвот на Семераимската Гора во Ефремовото Горје и рече: „Чујте ме, Јеровоаме и сиот Израел!
  5 Не знаете ли дека Господ Израелевиот Бог, му го предаде на Давида царството над Израел засекогаш, нему и на неговите синови со Заветот на солта?
  6 Ама се подигна Наватовиот син Јеровоам, слуга на Давидовиот син Соломон, и се побуни против господарот.
  7 Околу него се собраа ништожни и лоши луѓе и почнаа да му се противат на Соломоновиот син Ровоам, кој беше млад и со страшливо срце, та не умееше да се брани храбро од нив.
  8 Па сега мислите дека можете да му се спротивите на Господовото Царство што е во раката на Давидовите синови, зашто вас ве има мошне многу и ги имате кај себе златните телиња, кои ви ги направи Јеровоам за да ви бидат богови.
  9 Ги истеравте Господовите свештеници, Ароновите синови и левитите, и си поставивте за себе свештеници како другите земни народи. Секој што дојде со јунец и со седум овни, им стана свештеник на вашите ништожни богови.
10 Нам ни е Бог Господ, не Го оставивме, а свештениците кои Му служат на Господа се Аронови синови и левити во својата работа.
11 Му палат на Господа жртви паленици и мирислив темјан секое утро и секоја вечер, ги ставаат лебовите на чистиот стол, и го палат секоја вечер златниот светилник со светилата; зашто ние ја пазиме наредбата на Господа, својот Бог, а вие Го оставивте.
12 Затоа, еве, нам ни се на чело Бог и неговите свештеници со гласни труби за да свират грмливо против вас. Израелеви синови, не војувајте против Господа, Бога на своите татковци, зашто не ќе имате успех!”
13 Ама Јеровоам одведе заседа за да им дојде од зад плеќи; така на Јудејците едни им беа однапред, а заседата одназад.
14 Кога Јудејците се обѕрнаа, а тоа, ете, бојот им беше однапред и одназад. Тогаш извикаа кон Господа, а свештениците почнаа да трубат во трубите.
15 Тогаш Јудејците извикаа силно, а кога почнаа да викаат, Бог ги разби Јеровоама и сиот Израел пред Авиј и пред Јудејците.
16 Израелевите синови избегаа пред Јудејците, и Бог им ги предаде ним во рацете.
17 Авиј со народот изврши голем колеж меѓу нив, та од Израелците паднаа погубени пет стотини илјади одбрани луѓе.
18 Така Израелевите синови беа понижени во тоа време, а Јудините синови зајакнаа, зашто се потпреа на Господа, на Бога на своите татковци.
19 Авиј го спотера Јеровоама и ги освои од него градовите Ветил со селата, Јесан со селата и Ефрон со селата.
20 Јеровоам веќе не се заздрави за време на Авиевиот живот; Господ го удри така што умре.
21 Авиј се зацврсти и си зеде четиринаесет жени, та му се родија дваесет и два сина и шеснаесет ќерки.
22 А другите Авиеви дела и неговите потфати и беседи се запишани во толкувањето на пророкот Адон.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse