Прејди на содржината

Втора книга летописи/ 15 глава

Од Wikisource

14 глава Втора книга летописи
15 глава
од н.п.
16 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Тогаш Божјиот Дух слезе на Одидовиот син Азариј.
  2 Тој излезе пред Аса и му рече: „Чујте ме, Асо и сето Јудино и Венијаминово племе! Господ е со вас, зашто вие сте со Него; и ако го барате, ќе Го најдете; ако Го оставите, и Тој ќе ве остави вас.
  3 Долго Израелците беа без вистинскиот Бог и без свештеник - учител и без Закон.
  4 Кога во неволја Му се обратија на Господа, на Израелевиот Бог, и почнаа да Го бараат, Го најдоа.
  5 Во тоа време никој не можеше ни да излегува ни да доаѓа, зашто големи немири владееја меѓу сите земни жители.
  6 Народ удираше против народ, град против град, зашто Господ ги смути со секаква неволја.
  7 Но вие бидете храбри, и рацете нека не ви ослабат, зашто има награда за вашите дела.”
  8 Откако ги чу тие слова и пророчката беседа на синот на пророкот Одид, Аса се охрабри и ги отстрани киповите на гнасните нечисти божества од цела Јудеја и од Венијаминовата Земја, и од градовите кои ги имаше освоено во Ефремовата Гора. Го обнови и Господовиот жртвеник, што беше пред Господовиот Трем.
  9 Тогаш ги собра сето Јудино и Венијаминово племе и придојдениците, кои беа кај нив од Ефремовото, Манасиевото и Симеоновото племе, зашто мнозина од Израелците пребегаа кај него кога видоа дека со него е Господ, неговиот Бог.
10 И се собраа во Ерусалим во третиот месец на петнаесеттата година на Асиното царување.
11 Во оној ден Му принесоа жртви на Господа од пленот што го дотераа, седум стотини говеда и седум илјади ситен добиток.
12 Се заветуваа дека ќе Го бараат Господа, Бога на своите татковци, со сето срце и со сета душа.
13 А секој што не би Го барал Господа, Израелевиот Бог, да биде погубен, било мал или голем, маж или жена.
14 Му се заколнаа на Господа гласно и покрај грмливо извикување, покрај труби и рогови.
15 Сите Јудејци се радуваа заради таа заклетва и со сета своја волја Го бараа и Го најдоа. Господ им даде мир од сите страни.
16 Царот Аса ја отстрани од власта и својата мајка Маха, зашто и направи гаден идол на Ашера. Аса го исече нејзиниот гад, го сотре и го изгоре при потокот Кедрон.
17 Но високите места не беа отстранети од Израел. Сепак Асиното срце Му беше приврзено на Господа за време на сиот негов живот.
18 Ги внесе во Божјиот Дом посветените дарови на својот татко, и своите посветени: сребро и злато и посатки.
19 Немаше војна сè до триесет и петтата година на Асиното царување.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse