Прејди на содржината

Втора книга за царевите/ 6 глава

Од Wikisource

5 глава Втора книга за царевите
6 глава
од н.п.
7 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

     1 Пророчките синови му рекоа на Елисеј: „Ете, тесно ни е местото кај тебе.
  2 Туку да отидеме до Јордан, па таму секој да земеме по греда и да си направиме таму живеалиште.” Тој одговори: „Одете!”
  3 Еден од нив му рече: „Благоволи да дојдеш со своите слуги.” Тој одговори: „Ќе дојдам.”
  4 И тргна со нив. Кога дојдоа до Јордан, почнаа да сечат дрва.
  5 А додека еден од нив ја делкаше гредата, секирата му падна во водата, и тој викна: „Ах, господару! И уште беше позајмена!”
  6 А Божјиот човек праша: „Каде падна?” Оној му го покажа местото. Тогаш тој пресече дел од дрво, го фрли на она место и направи секирата да исплива.
  7 И рече: „Извади ја!” И човекот ја протегна раката та ја зеде.
  8 Арамејскиот цар беше во војна со Израел, се посоветува со своите придворници и рече: „Подигнете логор на тоа место.”
  9 Но Елисеј му порача на израелскиот цар: „Чувај се од она место, зашто Арамејците се влогорија таму.”
10 И израелскиот цар ги предупреди луѓето за местото за кое му рече Божјиот човек. Тој ги предупредуваше, а царот се пазеше; а тоа стана повеќе пати.
11 Срцето на арамејскиот цар се вознемири заради тоа, па тој ги повика своите придворници та ги праша: „Не сакате ли да ми речете кој од нашите му поткажува на царот на Израел?”
12 Еден од придворниците одговори: „Не, господару цару; Елисеј, Израелевиот пророк, му ги открива на израелскиот цар зборовите што ги кажуваш во својата спална.”
13 Тој рече: „Отидете и видете каде е, та веќе ќе испратам да го фатат.” И му јавија: „Ене го во Дотан.”
14 Тогаш царот испрати таму коњи, коли и силни чети. Тие стигнаа ноќе и го опколија градот.
15 Наутро, откако стана Божјиот човек, излезе, а ете околу градот стои војска со коњи и коли! Неговиот момок му рече: „Ах, господару мој, што ќе правиме?”
16 А тој одговори: „Не бој се, зашто ги има повеќе со нас, отколку со нив.”
17 И Елисеј се помоли вака: „Господи, отвори му ги очите да види!” И Господ му ги отвори очите на момокот, и тој виде: гората околу Елисеј сета покриена со огнени коњи и со коли!”
18 Кога Арамејците слегоа спрема него, Елисеј Му се помоли на Господа вака: „Порази ги со слепило овие луѓе!” И на Елисеев збор ги удри со слепило.
19 Елисеј им рече: „Ова не е патот и ова не е градот. Тргнете по мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате.” Но ги одведе во Самарија.
20 Кога влегуваа во Самарија, Елисеј рече: „Господи, отвори им ги на овие очите за да прогледаат.” Господ им ги отвори очите, и тие видоа дека се среде Самарија!
21 Кога ги виде царот на Израел, му рече на Елисеј: „Дали треба да бидат погубени, татко мој?”
22 А тој одговори: „Немој да ги убиваш. Зар ќе ги убиеш оние што не ги зароби со својот лак и меч? Дај им леб и вода, за да јадат и да пијат, и нека се вратат при својот господар.”
23 Царот им даде голема гозба. Откако јадеа и пиеја, ги пушти. И се вратија при својот господар. И така арамејските грабачи веќе не навлегуваа на израелска почва.
24 После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија.
25 И стана голем глад во Самарија, а опсадата потраја толку што ослева глава чинеше осумдесет шекели сребро, а четвртинка кав од гулабовата нечистота пет шекели сребро.
26 Кога царот поминуваше по ѕидот, некоја жена му викна: „Помогни, господару цару!”
27 Тој одговори: „Господ нека ти помогне! Како ќе ти помогнам јас? Со нешто од гумното или од кацата?”
28 Уште и рече царот: „Што ти е?” Таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‘Дај го својот син за да го изедеме денес, а утре ќе го изедеме мојот!’
29 Го сваривме мојот син и го изедовме. А утреден и реков: ‘Дај го твојот син за да го изедеме.’ Но таа го скри својот син.”
30 Кога царот ги чу зборовите на таа жена, ги раскина облеките врз себе. И кога одеше по ѕидот, народот виде дека има вреќиште на телото.
31 И тогаш царот рече: „Господ нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго ако главата на Елисеј, синот Сафатов, остане врз неговите раменици денес!”
32 Елисеј седеше во својата куќа, и старешините седеа со него. Царот испрати пред себе гласник, но Елисеј им рече на старешините, пред да стигне гласникот до него: „Гледате ли дека оној крвнички син нареди да ми ја земат главата? Внимавајте: кога гласникот ќе стигне, затворете ја вратата и одбијте го од вратата. Не слуша ли се тропот на чекорите на неговиот господар по него?”
33 Додека уште им зборуваше, гласникот стапи пред него и му рече: „Ете, оваа неволја е од Господа! Што да чекам уште од Господа?”

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse