Прејди на содржината

Втора книга за царевите/ 5 глава

Од Wikisource

4 глава Втора книга за царевите
5 глава
од н.п.
6 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

    1 Нееман, војсководачот на арамејскиот цар, беше угледен човек, и почитуван пред својот господар, зашто Господ преку него им даде победа на Арамејците. Ама тој вешт воин беше лепрозен.
  2 Еднаш Арамејците отидоа во грабеж и на израелското подрачје пленија млада девојка, која што потоа и служеше на Неемановата жена.
  3 Таа и рече на својата господарка: „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата!”
  4 Нееман отиде и го извести својот господар: „Така и така рече девојката, која дојде од Израелевата Земја.”
  5 Арамејскиот цар одговори: „Оди таму! Јас ќе му испратам писмо на израелскиот цар.” Нееман отиде; зеде десет таланти сребро, шест илјади златни сикли и десет свечени облеки.
  6 И му го предаде на израелскиот цар писмото што кажуваше: „Со писмото што ти пристига, еве, ти го праќам и својот слуга Нееман, за да го излечиш од лепрата.”
  7 Кога израелскиот цар го прочита писмото, ги раскина облеките врз себе и рече: „Зар сум јас Бог за да можам да умртвувам и да оживувам, та овој го праќа кај мене за да го излечам од неговата лепра? Гледајте само како бара причина за да ме нападне!”
  8 А кога Елисеј научи дека израелскиот цар ја раскинал облеката врз себе, му порача на царот: „Зошто ги раскина своите облеки? Оној само нека дојде кај мене и нека се увери дека има пророк во Израел.”
  9 И така Нееман стигна со своите коњи и со колите, и застана пред вратата на Елисеевата куќа.
10 А Елисеј му порача на дојденикот: „Оди и искапи се седумпати во Јордан, и телото ќе ти биде пак чисто.”
11 Нееман се налути и тргна, велејќи: „Ете, јас мислев ќе излезе пред мене, ќе го повика Господа, својот Бог, ќе ја стави раката на болното место и ќе ми ја однесе лепрата.
12 Не се ли реките во Дамаск, Авана и Фарфар, подобри од сите израелски води? Не можам ли да се искапам во нив за да станам чист?” Се сврте и си отиде лут оттаму.
13 Ама неговите слуги му пристапија и му рекоа: „Татко мој, да ти одредеше пророкот и потешко зар не би направил? А камоли кога ти рече: ‘Искапи се, и ќе бидеш чист.’”
14 И така слезе, се изми седумпати во Јордан, според зборот на Божјиот човек; и телото му стана пак како кај мало дете - се очисти!
15 Тој се врати кај Елисеј, со сета своја придружба, влезе, застана пред него и му рече: „Еве, сега знам дека нема Бог во сета земја, освен во Израел. Затоа те молам, прими подарок од својот слуга.”
16 Но тој одговори: „Жив ми Господ, Кому Му служам, не примам.” Нееман настојуваше за да прими, ама тој не сакаше.
17 Тогаш Нееман рече: „Добро, кога не сакаш. Но барем дозволи да ми дадат, мене, на твојот слуга, од оваа земја колку што можат да носат две мазги. Зашто твојот слуга нема веќе да им принесува паленици и жртви на други богови освен на Господа.
18 А Господ нека му го прости ова на твојот слуга: кога мојот господар ќе отиде во Римоновиот храм за да се поклони таму, па се потпре врз мојата рака, тогаш и јас ќе се поклонам во храмот Римонов. Господ нека му го прости тој чин на твојот слуга.”
19 А тој му рече: „Оди си во мир.” И се оддалечи Нееман и помина дел од патот.
20 Гиезиј, слугата на Елисеја, на Божјиот човек, помисли: „Мојот господар го поштеди Неемана, Арамеецот, и не прими ништо од она што му понуди. Жив ми Господ, ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.”
21 И Гиезиј побрза по Неемана. Кога Нееман го виде дека трча по него, му скочи од својата кола во пресрет и го праша: „Дали е сè добро?”
22 Тој одговори: „Добро е. Мојот господар ме праќа да ти речам: ‘Токму стигнаа два младци од Ефремовата Гора, двајца од пророчките синови. Дај за нив, те молам, талант сребро и две облеки.’”
23 Нееман рече: „Земи, те молам, два таланта!” И настојуваше да земе. И врза два таланта сребро во две ќесиња, и две облеки, и им ги предаде на двајца свои слуги за да ги носат пред него.
24 Кога Гиезиј стигна до Офел, ги зеде од нивните раце и ги скри во куќата. Потоа ги пушти луѓето, и тие си отидоа.
25 Кога дојде, се јави пред својот господар. Елисеј го праша: „Откаде, Гиезиј?” Тој одговори: „Твојот слуга никаде не отиде.”
26 Ама Елисеј рече: „Не беше ли моето срце со тебе кога некој слезе од својата кола та излезе пред тебе? Сега прими сребро, па можеш да купиш маслинови градини, лозја, ситен и крупен добиток, слуги и слугинки.
27 Но Неемановата лепра ќе се прилепи за тебе и за твоето потомство засекогаш.” И Гиезиј се оддалечи од него, бел од лепрата како снег.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse