Втора книга за царевите/ 19 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

18 глава Втора книга за царевите
19 глава
од н.п.
20 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Откако го чу тоа, царот Езекиј ја раскина својата облека, облече вреќиште и отиде во Господовиот Дом.
  2 Потоа ги испрати Елијаким, управителот на дворецот, писарот Сомна и свештеничките старешини, облечени во вреќишта, кај пророкот Исаија, синот Амосов.
  3 Тие му рекоа: „Езекија вели вака: ‘Ова е ден на неволја, казна и ругање. Децата стасаа до раѓање, а нема сила да се родот.
  4 Можеби Господ, твојот Бог, чу што рече големиот достоинственик кого асирискиот цар, неговиот господар, го испрати да го хули живиот Бог, и можеби Господ, твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чул! Помоли се за Остатокот што уште остана.’”
  5 Кога слугите на царот Езекија стигнаа кај Исаија,
  6 тој им рече: „Кажете му на својот господар: ‘Господ вели вака: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа Мене слугите на асирискиот цар.
  7 Ќе вдахнам во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја.”‘“
  8 Големиот достоинственик се врати и го најде асирискиот цар како ја опсадува Ливна, зашто беше чул дека царот си отиде од Лахис.
  9 Имено, ја чу веста за Тирак, етиопскиот цар: „Еве, излезе да се бори против тебе.” Тогаш Сенахирим испрати пак пратеници за да му кажат на Езекија:
10 ”Речете му вака на јудејскиот цар Езекија: ‘Нека не те мами твојот Бог, во кого се надеваш, велејќи ти: „Ерусалим нема да падне во рацете на асирискиот цар!”
11 Ти знаеш што им направија асириските цареви на сите земји предавајќи ги на проклетство! А ти, ти ли ќе се спасиш?
12 Дали боговите ги спасија народите што моите татковци ги уништија: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденците во Тел Асар?
13 Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на Сефарваим, Ена и Ава?’”
14 Езекија го прими писмото од посланиковата рака и го прочита. Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка пред Господа таму.
15 И Му се помоли Езекија на Господа вака: „Господи, Израелев Боже, Кој седиш над херувимите, Ти си единствен Бог над сите земски царства, Ти ги создаде небото и земјата.
16 Приклони го увото, Господи, и чуј, отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахиримовите зборови што ги испрати за да Го хули живиот Бог.
17 Вистина е, о Господи, асириските цареви ги сотреа народите и нивните земји;
18 им ги фрлија во оган боговите; зашто тоа не беа богови, туку дела на човечките раце, од дрво и од камен; затоа и ги уништија.
19 Но сега, Господи, Боже наш, избави нè од нивните раце за да познаат сите царства на земјата дека Ти, Господи, си единствен Бог.”
20 Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што Ми ја упати заради Сенахирим, асирискиот цар.
21 Еве ги зборовите што Господ ги објави против него: Те презира, ти се руга девицата, Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка.
22 Кого го навредуваше, хулеше? На кого викаше гласно, дигаше горделив поглед? На Израелевиот Светец!
23 Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: „Со множество коли, јас се искачив на врвот на гората, на највисоките врвови на Ливан. Му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Му го достигнав највисокиот врв и неговата гориста градина.
24 Копав и пиев туѓи води; со стапалата тогаш ги исушив сите египетски реки.”
25 Слушаш ли добро? Одамна тоа го подготвував, го смислував од искон, сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини.
26 Нивните жители, немоќни, исплашени и збунети, беа како трева во полето, како младо зеленило, како трева врз покривите опалена од источниот ветар.
27 Знам кога се дигаш и кога седиш, кога излегуваш и кога се враќаш.
28 Зашто беснееше против Мене и зашто твојот бес дојде до Моите уши, ќе ти провнам прстен низ носалките, ќе ти ставам узда во устата, ќе те вратам по патот по кој што и дојде!
29 А ова нека ти биде знак: Во оваа година ќе се јаде тоа што само ќе се изрони, догодина тоа што само ќе порасте, а во третата година сејте и жнијте, садете ги лозјата, јадете им го родот.
30 Преживеаните од Јудиниот дом ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во висина.
31 Зашто Остатокот ќе излезе од Ерусалим, запазените од гората Сион. Сè тоа ќе го направи Господовата ревност.
32 Затоа Господ зборува вака за асирискиот цар: „Тој не ќе влезе во овој град, не ќе ги фрла своите стрели ваму, кон него ни штитот не ќе го заврти, ниту ќе копа насипи околу него.
33 Ќе се врати по патот по кој што и дојде, не ќе влезе во овој град” - Господово слово е.
34 Ќе го штитам овој град, ќе го спасам, заради Себе и заради Својот слуга Давид.”
35 Во истата ноќ Господов Ангел излезе и погуби сто осумдесет и пет илјади во асирискиот логор. Наутро, кога требаше да се стане, ете, таму беа сè само мртовци.
36 Сенахирим го крена логорот и си отиде. Се врати и живееше во Нинива.
37 Еден ден, додека се клањаше во храмот на својот бог Нисрок, неговите синови Адрамелех и Сарсар го убија со меч и пребегаа во Араратската земја. На негово место се зацари син му Есар Адон.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.