Прејди на содржината

Втора книга за царевите/ 18 глава

Од Wikisource

17 глава Втора книга за царевите
18 глава
од н.п.
19 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Во третата година на царувањето на Осиј, синот Илин, во Израел, јудејски цар стана Езекија, синот Ахазов.
  2 Му беа дваесет и пет години кога се зацари. Царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Авија, ќерката Захариева.
  3 Правеше што е право во Господовите очи, сосем како неговиот татко Давид.
  4 Тој ги отстрани високите места, ги разурна столбовите, ги исече ашерите и ја скрши змијата од бронза, што ја беше направил Мојсеј. Израелците сè дотогаш и принесуваа жртви. Ја викаа Неустан.
  5 Се надеваше во Господа, Израелевиот Бог. Ни пред него ни по него му немаше рамен меѓу јудејските цареви.
  6 Се прилепи кон Господа и никогаш не се сврти од Него. Ги пазеше сите заповеди што ги даде Господ преку Мојсеја.
  7 И Господ беше со него, го помагаше во сите негови потфати. Се побуни против асирискиот цар и веќе не му беше потчинет.
  8 Тој ги разби Филистејците до Газа, ги запусте нивните подрачја, од стражарските кули сè до утврдените градови.
  9 Во четвртата година на Езекиевото владеење, а тоа беше седмата година од царувањето на израелскиот цар Осиј, синот Илин, асирискиот цар Салманасар ја нападна Самарија и ја опсади.
10 Ја освои после три години. Во шестата година на Езекиевото владеење, а во деветтата година на израелскиот цар Осиј, падна Самарија.
11 Асирискиот цар ги одведе Израелците во ропство во Асирија и ги насели во Халах, покрај Авор, гозанската река, и во мидиските градови.
12 Тоа беше затоа што не го послушаа гласот на Господа, својот Бог, и зашто го прекршија Неговиот Завет и сè што им нареди Мојсеј, Господовиот слуга. Не слушаа ништо ниту исполнуваа.
13 Во четиринаесеттата година на Езекиевото владеење, асирискиот цар Сенахирим ги нападна утврдените јудејски градови и ги освои.
14 Тогаш јудејскиот цар Езекија му порача на асирискиот цар во Лахис: „Згрешив! Прекрати ги своите напади врз мене. Ќе носам сè што ќе наложиш.” Асирискиот цар побара од Езекија, јудејскиот цар, триста таланти сребро и триесет таланти злато.
15 И Езекија го даде сето сребро што се најде во Господовиот Дом и во ризниците на царскиот дворец.
16 Во тоа време Езекија ги откова вратата и вратниците на Господовото Светилиште што тој самиот, јудејскиот цар Езекија, ги имаше позлатено, и тоа му го испрати на асирискиот цар.
17 Асирискиот цар му ги испрати од Лахис во Ерусалим на јудејскиот цар Езекија врховниот заповедник на војската, големиот дворјанец и пехарникот со силна војска. Тие тргнаа, а кога стигнаа во Ерусалим, застанаа кај водоводот на Горниот Рибник, на патот во Валавичарското Поле.
18 Тие го повикаа царот. Пред нив излегоа управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов.
19 Големиот достоинственик (Раб-Шак) им рече: „Кажете му на Езекија: ‘Вака вели големиот цар, асирискиот цар: „Каква е таа надеж во која се надеваш?
20 Мислиш ли дека празните зборови веќе се совет и сила за војна? Во кого се надеваш па си се побунил против мене?
21 Ете, се потпираш на Египет, врз скршената трска што ја прободува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа. Таков е фараонот, египетскиот цар, за сите кои се надеваат во него.
22 Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Нему Езекија Му ги отстрани високите места и жртвениците и им заповеда на Јудејците: ‘Клањајте се само пред овој жртвеник во Ерусалим?’”‘
23 Ајде, обложи се со мојот господар, асирискиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив!
24 Тогаш како ќе устоиш пред еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници.
25 Најпосле, зар јас покрај Господовата волја тргнав против ова место за да го разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’”
26 Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот достоинственик: „Те молиме, зборувај им на своите слуги арамејски, зашто ние разбираме; не зборувај со нас јудејски за да нè чуе народот кој е на ѕидовите!”
27 Но големиот достоинственик им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го кажам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени да ја јадат со вас својата нечистота и да ја пијат својата моч?”
28 Тогаш големиот достоинственик се исправи и ги извика со сиот глас на јудејски овие зборови: „Чујте ги зборовите на големиот цар, асирискиот цар!
29 Царот вели вака: ‘Езекија нека не ве измамува, зашто не може да ве избави од мојата рака.
30 Езекија нека не ве охрабрува со надежта во Господа велејќи: „Господ ќе не избави бездруго, овој град нема да падне во рацете на асирискиот цар.”‘
31 Не слушајте го Езекија, зашто вака вели асирискиот цар: ‘Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој од вас нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец,
32 додека не дојдам и не ве одведам во земјата што е како вашата, во земја на жито и вино, во земја на масло и мед, за да живеете и за да не изумрете. Не оставајте да ве мами Езекија велејќи ви: „Господ ќе ве избави.”
33 Дали боговите на другите народи ги избавија своите земји од рацете на асирискиот цар?
34 Каде се боговите ематски и арфадски, каде се боговите сефарваимски, енски и авски, каде се самариските богови за да ја избават Самарија од мојата рака?
35 Кои од сите богови на тие земји ја избавија својата земја од мојата рака, за да го избави Господ Ерусалим од мојата рака?’”
36 Молчеа, и не одговорија ниту збор, зашто царот беше заповедал: „Не одговорувајте му!”
37 Управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов, дојдоа кај Езекија, раскинувајќи ги облеките, и му ги соопштија зборовите на големиот достоинственик.
 

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse