Прејди на содржината

Втора книга за царевите/ 20 глава

Од Wikisource

19 глава Втора книга за царевите
20 глава
од н.п.
21 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Во она време Езекија се разболе на смрт. Пророкот Исаија, синот Амосов, му дојде и рече: „Господ вели вака: ‘Среди ја својата куќа, зашто ќе умреш; нема да оздравиш.’”
  2 Езекија се сврти кон ѕидот и вака Му се помоли на Господа:
  3 ”Ах, Господи! Спомни си милостиво дека пред Тебе одев верно и со чесно срце, и дека правев што е добро во Твоите очи.” И Езекија заплака горко.
  4 Исаија уште не беше излегол од средишниот двор кога му стигна Господовото слово:
  5 ”Врати се и речи му на Езекија, на главатарот на Мојот народ, ‘Господ, Бог на твојот татко Давид, вели вака: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи, ќе те излечам; по три дни ќе влезеш во Господовиот Дом.
  6 Ќе му додадам на твојот век уште петнаесет години. Ќе ве избавам тебе и овој град од рацете на асирискиот цар; ќе го закрилам овој град заради Себе и заради Својот слуга Давид.”‘“
  7 Исаија наложи: „Земете облог од смокви, завиткајте му го врз чирот, и тој ќе оздрави.”
  8 Езекија го праша Исаија: „По кој знак ќе знам дека Господ ќе ме излечи и дека по три дни ќе влезам во Господовиот Дом?”
  9 Исаија одговори: „Еве ти знак од Господа дека ќе направи што рекол: сакаш ли сенката да се помрдне за десет стапки напред или да се врати за десет стапки?”
10 Езекија одговори: „Лесно е да се помрдне сенката за десет стапки напред! Не! Сенката нека се врати за десет стапки!”
11 Пророкот Исаија извика кон Господа, и Тој направи да се врати сенката. Слезе за десетте последни стапки на Ахазовиот сончев часовник.
12 Во тоа време вавилонскиот цар Веродах-Валадан, синот Валаданов, му испрати на Езекија писмо со подарок, зашто беше чул дека се разболел и оздравел.
13 Езекија се израдува од тоа и им ги покажа на пратениците: својата благајна - среброто, златото, мирисите, мирисливото масло - својата оружница и сè што беше во складовите. Немаше ништо во неговиот дворец и во сета негова управа што Езекија не им покажа.
14 Тогаш пророкот Исаија дојде кај царот Езекија и го праша: „Што рекоа тие луѓе и откаде дојдоа кај тебе?” Езекија одговори: „Дојдоа од далечна земја, од Вавилон.”
15 Исаија праша натаму: „Што видоа во твојот дворец?” Езекија одговори: „Видоа сè што е во мојот дворец; нема ништо во моите складови што не им покажав.”
16 Тогаш Исаија му рече на Езекија: „Чуј го Господовото слово:
17 ’Еве доаѓаат денови кога сè што е во твојот дворец, сè што насобрале твоите татковци до денес, ќе биде однесено во Вавилон. Ништо нема да остане, вели Господ.
18 А од синовите што ќе произлезат од тебе, што ќе ти се родат, некои ќе ги земат за да бидат скопени дворјанци во дворецот на вавилонскиот цар.’”
19 Езекија му одговори на Исаија: „Добро е словото што Господ ти го објави.” А мислеше: „Зошто не? Ако бидат мир и безбедност за време на мојот живот!”
20 Другата Езекиева повест, сите негови потфати, и како изградил рибник, и водовод за да ја доведе водата во градот, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?
21 Езекија почина со своите татковци, а неговиот син Манасиј се зацари место него.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse