Прејди на содржината

Втора книга за царевите/ 17 глава

Од Wikisource

16 глава Втора книга за царевите
17 глава
од н.п.
18 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

    1 Во дванаесеттата година на царувањето на Ахаз во Јудеја, Осиј, синот Илин, стана израелски цар во Самарија. Царуваше девет години.
  2 Тој правеше што е зло во Господовите очи, но не како израелските цареви, неговите претходници.
  3 Асирискиот цар Салманасар тргна против Осиј, кој му се покори и му плаќаше данок.
  4 Но асирискиот цар откри дека Осиј му подготвува заговор: Осиј уште испрати пратеници кај египетскиот цар Сој и не му го плати данокот на асирискиот цар како секоја година. Тогаш асирискиот цар го фрли во темница.
  5 Асирискиот цар ја освои сета земја и тргна да ја опсадува Самарија.
  6 Во деветтата година на Осиевото царување, асирискиот цар ја зазеде Самарија и ги одведе Израелците во ропство во Асирија. Ги насели во Ава, и покрај Авор, река во Гозана, и во мидиските градови.
  7 И се случи така зашто Израелците згрешија против Господа, својот Бог, кој ги изведе од Египетската Земја, од под власта на фараонот, египетскиот цар. Почитуваа други богови,
  8 ги следеа обичаите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови, живееја според обичаите што ги воведоа израелевите цареви.
  9 Израелците и нивните цареви постојано правеа незгодни дела против Господа, својот Бог. Подигнаа високи места во сите свои населби: од стражарските стражарници па до утврдените градови.
10 Подигнаа столбови и ашери на секое повисоко ритче и под секое зелено дрво.
11 Таму, на сите високи места, кадеа според обичајот на народите што Господ ги протера пред нив, и правеа лоши дела та го предизвикуваа Господовиот гнев.
12 Им служеа на ликовите, иако Господ им беше рекол: „Не правете го тоа!”
13 А Господ ги опоменуваше Израелците и Јудејците преку сите свои пророци и преку сите претскажувачи: „Обратете се од својот лош пат - зборуваше - и покорувајте им се на Моите наредби и заповеди според Законот што им го наложив на вашите татковци и според сè што ви објавив преку Своите слуги - пророците.”
14 Но тие не послушаа, туку останаа со корави вратови како и нивните татковци, кои не веруваа во Господа, својот Бог.
15 Ги презираа Неговите закони и Заветот што го склучи со нивните татковци, и Неговите опомени што им ги упатуваше. Се стремеа кон суетата, па и самите станаа суетни, следејќи ги народите околу себе, иако Господ им заповеда да не прават како нив.
16 Ги отфрлија сите заповеди на Господа, својот Бог, и си направија за себе леани кипови, две телиња. Подигнаа ашери, и се клањаа на сета небеска војска и му служеа на Ваала.
17 Ги поминуваа своите синови и ќерки низ оган, се предаваа на вражање и гатање, правејќи така зло во Господовите очи и разгневувајќи Го.
18 Тогаш Господ се разгневи на Израел и го отфрли од пред Своето лице. Остана само Јудиното племе.
19 Но Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и ги следеше обичаите што ги држеа Израелците.
20 И Господ го отфрли сиот род на Израел, го понижи и им го предаде на ограбувачите, додека не ги отфрли конечно далеку од Своето лице.
21 Конечно, Тој ги оттргна Израелците од Давидовата куќа, а Израел го прогласи за цар Јеровоам, синот Наватов. Јеровоам го одврати Израел од Господа и го наведе на голем грев.
22 Израелците го следеа секој грев што ќе го направеше Јеровоам, и не се одвраќаа од него,
23 додека конечно Господ не го отфрли Израел од пред Своето лице, како што тоа го беше објавил преку Своите слуги, пророците. Ги одведе Израелците од нивната земја во ропство во Асирија, каде се до денешниот ден.
24 Асирискиот цар доведе луѓе од Вавилон, од Хута, од Ава, од Емат и од Сефарваим, и ги насели во градовите на Самарија место Израелците. Тие ја присвоија Самарија и се населија во нејзините градови.
25 За време на населувањето во земјата, не Го почитуваа Господа, и Тој испрати лавови против нив за да ги растргаат.
26 Затоа му рекоа на асирискиот цар: „Народите што ги пресели за да ги населиш во градовите на Самарија, не знаат како треба да се почитува Бог на оваа земја, и Тој испрати против нив лавови, кои ги усмртуваат зашто тие народи не го познаваат богопочитувањето на оваа земја.”
27 Тогаш асирискиот цар ја издаде оваа заповед: „Еден од свештениците, кои ги доведов оттаму во ропство, нека оди онаму; нека оди, нека се насели таму и нека ги поучи во почитувањето на Бога на онаа земја.”
28 Така отиде еден од свештениците кои беа одведени од Самарија и се насели во Ветил. Тој ги поучи како треба да се почитува Бог.
29 Секој народ имаше ликови на своите богови, и ги поставија во храмовите на високите места кои ги подигнаа Самаријците, секој народ во своите градови во кои што живееше.
30 Вавилонците го направија Сокхот-Венот, Хутците Нергал, Ематците Асима;
31 Авијците ги направија Ниваз и Тартак, а Сефарваимците ги спалуваа своите деца во оган во чест на Адрамелех и Анамелех, сефарваимските богови.
32 Тие Го почитуваа и Господа, и поставија некои луѓе меѓу себе за свештеници на високите места, кои им ги принесуваа жртвите во домовите на високите места.
33 Го почитуваа Господа и им служеа на своите богови според обичаите на оние народи откаде ги преселија.
34 Тие уште и денес ги пазат старите обичаи. Не се плашат од Господа и не ги ускладуваат своите правила и обичаи со Законот и со заповедите што Господ им ги нареди на децата на Јакова кому му го даде името Израел.
35 Господ беше склучил Завет со нив и им заповеда: „Не почитувајте ги туѓите богови ниту им се клањајте. Немојте да им служите ниту да им принесувате жртви.
36 Само Господ е Оној Кој со големата сила на својата протегната рака ве изведе од Египетската Земја; почитувајте Го Него, клањајте Му се Нему и принесувајте Му жртви Нему.
37 Пазете ги правилата и уредбите, законот и заповедите кои ви ги пропиша за да ги исполнувате верно засекогаш, и не почитувајте ги туѓите богови.
38 Немојте да го заборавите Заветот што го склучив со вас, и немојте да почитувате други богови,
39 само Господа, својот Бог, почитувајте Го, и Тој ќе ве избави од рацете на сите ваши непријатели.”
40 Но тие не послушаа, туку и натаму се држеа за својот стар обичај.
41 Така тие народи Го почитуваа Господа, а им служеа и на своите кипови. Нивните синови и синовите на нивните синови прават, до денешниот ден, онака како што правеа нивните татковци.
 

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse