Прејди на содржината

Четврта книга Мојсеева/ 4 глава

Од Wikisource

3 глава Четврта книга Мојсеева
4 глава
од Мојсеј
5 глава


 1 Господ им рече на Мојсеја и на Арона:
  2 „Одвоете ги од среде Левиевите синови главатарите на Каатовите синови по нивните родови и семејства:
  3 од триесет години нагоре, сè до педесет години - сите кои можат да влезат во чета за вршење служба во Шаторот на средбата.
  4 А службата на Каатовите синови во Шаторот на средбата е: грижа за Светината над светините.
  5 Кога логорот тргнува на пат, Арон и неговите синови нека влезат и нека ја извадат заштитната завеса и нека го покријат Ковчегот на сведоштвото со неа.
  6 Тогаш нека стават на него покривало од јазовечка кожа, а преку него нека распрострат сосем сино платно. Потоа нека ги наместат носилата на Ковчегот.
  7 Преку масата за лебните приноси нека распрострат сино платно. Тогаш нека положат врз него чинии, лажици, чаши и врчви за налевници. Лебот на постојаниот принос нека биде исто на него.
  8 Тоа нека го покријат со темноцрвено платно, а преку него нека префрлат покривало од јазовечка кожа. Потоа нека и ги наместат носилата на масата.
  9 Потоа нека земат сино платно и нека го покријат светилникот за осветление и неговите светилки, неговите штипки, неговите пепелници и сите садови за масло, со кои се служат околу него.
10 Нека го стават со сиот негов прибор на покривало од јазовечка кожа и нека го положат на носилка.
11 Нека распрострат сино платно преку златниот жртвеник и нека го покријат со покривало од јазовечка кожа. Потоа нека му ги наместат носилата.
12 Тогаш нека го земат сиот прибор што се употребува за служба во Светилиштето па нека го стават врз синото платно и тогаш нека го покријат со покривка од јазовечка кожа. Потоа сè тоа нека го положат на носилка.
13 Нека ја сметат пепелта од жртвеникот и нека распрострат на него црвено платно.
14 Нека го положат врз него сиот прибор што се употребува во службата: кадилниците, вилушките, лопатчињата и чиниите - сите садови за жртвеникот. Тогаш нека распрострат преку него покривка од јазовечка кожа. Потоа нека ги наместат носилата.
15 Откако Арон и неговите синови ќе го завршат покривањето на Светилиштето и на сите свети садови, во часот кога логорот ќе тргне на пат, нека дојдат Каатовите потомци и нека го земат тоа со себе. Но не смеат да се допираат до светите предмети, за да не загинат. Каатовите синови ќе ги носат овие делови на Шаторот на средбата.”
16 „А Елеазар, синот на свештеникот Арон, нека се грижи за маслото за светилниците, за мирисливиот темјан, за постојаниот лебен принос и за маслото за помазание; нека се грижи за сиот Шатор, за сè што е во него - за Светилиштето и за неговиот намештај.”
17 Господ им рече на Мојсеја и на Арона:
18 „Не дозволувајте да го снема племето на Каатовите родови меѓу левитите.
19 Постапувајте вака со нив, за да не умрат, кога пристапуваат кон Светината над светините нека дојдат Арон и неговите синови за да го постават секого од нив на неговата служба и на неговата должност.
20 Тие никогаш нека не влегуваат ниту да ја погледнат Светината, кога ја покриваат, за да не загинат.”
21 Господ му рече на Мојсеја:
22 „Изврши попис и на Гирсоновите синови по нивните семејства и по нивните родови, од триесет години нагоре, сè до педесет години;
23 изброј ги сите кои можат да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата.
24 А ова е службата на Гирсоновите родови при работата и принесувањето:
25 нека ги носат: завесите на Престојувалиштето; Шаторот на средбата со неговиот покрив, покривалото од јазовечка кожа што е врз него, и завесата на влезот во Шаторот на средбата;
26 потоа, дворните завеси, завесите од вратата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, јажињата и сиот прибор за нивната служба; сè што треба да се работи околу тие нешта, нека направат!
27 Гирсоновците нека ги обавуваат сите свои должности - сè што треба да носат и сè што треба да направат - по налог на Арона и на неговите синови. Доверете им на нивната грижа сè што треба да носат.
28 Тоа е службата на родовите Гирсоновци во Шаторот на средбата. Нивната служба нека биде под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.”
29 „Изброј ги Мерариевите синови по нивните родови и семејства.
30 Запиши ги од триесет години нагоре, сè до педесет години, кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата.
31 За сето време на нивната служба во Шаторот на средбата должност им е да ги носат: даските на Шаторот, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја;
32 столбовите што го опкружуваат дворот, нивните подножја, нивните колчиња, нивните јажиња, со сиот прибор за нивната служба. И запишете ги по име предметите што им се доверени да ги носат.
33 Тоа е службата на родовите на Мерариевите синови во сè што има да прават во Шаторот на средбата под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.”
34 Мојсеј, Арон и началниците на општеството ги избројаа Каатовите синови по нивните родови и семејства -
35 сите кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата, од триесет години нагоре, сè до педесет години.
36 И избројаните по нивните родови беа две илјади и седум стотини и педесет.
37 Тоа е попис на родовите Каатовци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои ги запишаа Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја.
38 И беа избројани Гирсоновите синови по нивните родови и семејства,
39 од триесет години нагоре, сè до педесет години, сите кои можеа да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата.
40 И така, избројаните по нивните родови и семејства беа две илјади и шест стотини и педесет.
41 Тоа е попис на родовите Гирсоновци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои беа избројани од Мојсеја и Арона по Господова повелба.
42 И беа избројани родовите на Мерариевите синови по нивните родови и семејства,
43 од триесет години нагоре, сè до педесет години, на сите кои можат да влезат во одредот за служење во Шаторот на средбата.
44 И така, избројаните по нивните родови беа три илјади и двеста.
45 Тоа е попис на родовите Мерариевци, што го составија Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја.
46 И така, сите избројани левити, кои беа избројани од Мојсеја и Арона и од Израелевите началници по нивните родови и семејства, од триесет години нагоре, до педесет години,
47 сите кои беа способни за прислужување во работите и за службата на пренесување во Шаторот на средбата,
48 беа осум илјади пет стотини и осумдесет.
49 Според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја, секого го внесоа во пописот според она во што служеше и што пренесуваше. Беа избројани како што Господ му заповеда на Мојсеја.

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse