Четврта книга Мојсеева/ 36 глава
35 глава | Четврта книга Мојсеева 36 глава од Мојсеј |
нема врати се кон Стариот Завет |
1 Тогаш пристапија семејните главатари од родот на синовите на Галад, синот Махиров, син Манасиев, од едниот род на Јосифовите синови, па пред Мојсеја и пред старешините, пред главатарите на семејствата,
2 рекоа: „Господ му нареди на нашиот господар да ја даде, со жрепка, оваа земја во наследство на Израелевите синови; натаму, Господ му нареди на нашиот господар да им го даде наследството на нашиот брат Салпад на неговите ќерки.
3 Но ако тие се омажат за некој од друго израелско племе, тогаш нивното наследство ќе биде оттргнато од нашето дедовско наследство и ќе биде приклучено кон наследството на племето на кое тие ќе му припаднат. Така ќе биде одземено наследството што со жрепка ни припадна нам.
4 А кога ќе настапи јубилејната година на Израелевите синови, делот на тие жени ќе му се додаде на делот на племето на кое ќе му припаднат. Така нивното наследство ќе биде одземено од наследството на нашето прадедовско племе.”
5 И по Господова заповед Мојсеј им нареди на Израелците: „Племето на Јосифовите синови зборува право.
6 Ова го наредува Господ за Салпадовите ќерки: Тие нека се мажат за оној, кој ќе им изгледа добар, само нека се мажат во родот на своето татковско племе.
7 Наследството на Израелевите синови не смее да се пренесува од едно племе на друго; и секој Израелец треба да остане приврзан за прадедовското наследство на своето племе.
8 Затоа секоја девојка, која ќе добие наследство во Израелевите племиња треба да се омажи за некој во племето на кое му припаѓа татковиот и род, така што секој Израелец ќе го запази наследството на татка си.
9 Така наследството нема да се пренесува од едно племе во друго, туку секое израелско племе ќе се прилепува до својот дел.”
10 Како што Господ му нареди на Мојсеја, така и направија Салпадовите ќерки:
11 Мала, Терса, Егла, Мелха и Нуа; ќерките Салпадови, се омажија за синовите на своите стриковци.
12 Бидејќи се омажија во родот на потомството на Манасиј, Јосифовиот син, нивното наследство остана во племето на кое им припаѓаше татковиот им род.
13 Тоа се заповедите и законите што Господ им ги даде, преку Мојсеја, на Израелевите синови, во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse