1 Давидова тажачка, што Му ја испеа на Господа поради зборовите на Венијаминецот Хус. Господи, Боже мој! Се надевам во Тебе спаси ме од сите мои гонители и избави ме;
2 да не ми ја истргаат душата како лав, што раскинува, без да се најде избавител.
3 Господи, Боже мој! Ако јас го направив тоа, ако има неправда во моите раце,
4 ако му вратив со зло на оној, што беше во мир со мене; или го ограбив оној, кој ме гони без причина;
5 тогаш нека непријателот ја подгони мојата душа и нека ја стигне; и нека го згази животот мој на земјата, и ја повали мојата чест во прашина.
6 Стани, Господи, во Својот гнев; крени се против јароста на моите противници, и разбуди се заради мене, Ти, Кој го одреди судот.
7 И нека собраните народи Те опкружат; врати се на високо, над нив.
8 Господ им суди на народите! Суди ми и мене, Господи, според мојата правда, и според мојата чесност во мене.
9 Нека прекрати беззаконието на нечесните, помогни му на праведникот. Ти, праведен Боже, Кој ги испитуваш срцата и внатрешноста.
10 Мојата заштита е во Бога, Кој ги избавува оние, што се прави во срцето.
11 Бог е праведен Судија, и Бог, Кој се гневи секојдневно на безбожниците.
12 Ако не се обрати, Тој ќе го наостри Својот меч, ќе го оптегне и ќе го приготви Својот лак.
13 Тој приготвил против нив смртоносни оружја, ги прави огнени Своите стрели.
14 Ете, злотворот зачна неправда, заноси нечесност и роди измама.
15 Ископа ров и го продлабочи; и падна во јамата, што ја ископа.
16 Неговата нечесност ќе се врати врз неговата глава и неговото насилство ќе падне на неговото теме.
17 А јас ќе Го фалам Господа заради Неговата правда и ќе му пеам на Името на Сèвишниот Господ.