1 На хоров началник, со дувачки свирки. Давидов псалм. О Господи, послушај ги моите зборови, земи ги во обѕир моите размислувања.
2 Чуј го гласот на моето викање, Царе мој и Боже мој, зашто Тебе Ти се молам!
3 Наутро го слушаш мојот глас; о Господи! Наутро ја испраќам мојата молитва кон Тебе и чекам.
4 Зашто Ти си Бог, Кому не Му е мило беззаконието; нечесниот нема да живее при Тебе;
5 ниту гордите ќе се одржат пред Твоите очи, Ти ги мразиш сите што прават беззаконие.
6 Ќе ги истребиш оние, кои зборуваат лага; Господ се гнаси од човек крвопиец и измамник.
7 А јас ќе влезам во Твојот дом, по Твојата голема милост; ќе се поклонам пред Твојот свет Храм, полн со почитување кон Тебе.
8 Господи! води ме во Својата правда, заради моите непријатели; израмни го Твојот пат пред мене.
9 Зашто нема искреност во нивните усти, срцето им е полно со нечесност; нивното грло е отворен гроб, а со јазикот ласкаат.
10 Боже, сметај ги за виновни! Нека паднат во тоа што самите го скроиле; истерај ги заради нивните бројни престапи, зашто се побунија против Тебе.
11 И ќе се веселат сите, кои се надеваат на Тебе; секогаш ќе се радуваат, зашто Ти си им покровител; и ќе ликуваат во Тебе оние, кои го љубат Твоето Име.
12 Зашто, Господи, Ти го благословуваш праведникот; го заштитуваш, со Својата милост, како со штит.