Прејди на содржината

Псалми/ 18

Од Wikisource

17 Псалми
18 псалм
од н.п.
19
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 На пејачкиот началник. Од Господовиот слуга Давид, кој му ја испеа оваа песна, кога Господ го избави од рацете на сите негови непријатели и од рацете на Саула. Тој рече: Те љубам, Господи, тврдино моја!
  2 Господи, карпо моја, крепост моја, спасение мое; Боже мој, карпо моја, во Кого барам прибежиште, штит мој, рог на моето спасение, тврдино моја!
  3 Ќе Го повикам Господа, Кој е предостоен за фалба и ќе бидам избавен од непријателите.
  4 Брановите на смртта ме опкружија, и порои од лоши луѓе ме исплашија.
  5 Јажињата на Подземјето ме изврзаа, смртоносните примки ме стегнаа:
  6 Во својата неволја Го повикав Господа, и извикав кон својот Бог. Тој го чу мојот повик, од Својот храм, и моето викање стигна до Неговите уши.
  7 Тогаш земјата се стресе и се растрепери, се разнишаа основите на планините, се раздвижија, зашто Тој се разгневи.
  8 Од Неговите ноздри се крена дим, а од Неговата уста оган, што голта; јаглења се распалија од Него.
  9 Тој ги наведна небесата и слезе, и мрак беше под Неговите нозе.
10 Седна врз херув и летна; леташе врз крилјата на ветерот.
11 Ја направи темнината Свое тајно засолниште, се покри со темните води и со густите облаци.
12 Од светкање пред Него, низ Неговите облаци удрија град и огнени јаглења.
13 Господ загрме од небото, Сèвишниот го даде Својот глас: град и огнени јаглења.
14 Ги прати своите стрели и ги распрсна, и ги расфрли секавиците;
15 тогаш се покажаа морските дна, основите на вселената се открија, од Твојата закана, Господи, од дувањето на здивот на Твојот гнев.
16 Ја испружи Својата рака од небото и ме подзеде, ме извлече од големи води.
17 Ме избави од силниот непријател, од оние што ме мразеа, зашто беа посилни од мене.
18 Станаа против мене во денот на мојата неволја, но Господ ми стана поткрепа.
19 Ме изведе на широко место, ме избави зашто му бев мил.
20 Господ ми даде според мојата праведност; ме награди според чистотата на моите раце;
21 зашто ги запазив Господовите патишта и не се оддалечив од својот Бог.
22 Сите Негови закони се пред мене, не ги отфрлив Неговите заповеди,
23 бев непорочен пред Него и се чував од своето беззаконие.
24 Затоа Господ ми врати според мојата правда, според чистотата на моите раце пред Неговите очи.
25 Со милостивиот, Ти си милостив, на чесниот со чесност му враќаш;
26 со чистиот Ти си чист, а со развратниот Ти си спротивен од него;
27 зашто Ти ги спасуваш нажалените луѓе, а ги понизуваш гордите очи.
28 Ти ја запалуваш мојата светлина, Господи мој Боже, Ти ја осветлуваш мојата темнина:
29 Зашто преку Тебе го разбивам полкот, со мојот Бог прескокнувам преку ѕид.
30 Божјиот пат е совршен; Божјото слово е испитано. Тој е штит на сите, кои се надеваат на Него.
31 Зашто кој е Бог освен Господ? кој е Карпа освен нашиот Бог?
32 Бог, кој ме препашува со сила и го прави совршен мојот пат;
33 ми даде брзи нозе како на елените и ме постави на моите височини,
34 ми ги учи рацете за бој, така што моите мишки оптегнуваат бронзен лак.
35 Ти ми го даваш штитот на Своето спасение, Твојата десница ме поддржува, а Твојата благост ме возвеличува.
36 Ти го шириш мојот чекор, под мене, така што моите нозе не се сопнуваат.
37 Ги гонев своите непријатели и ги стигнав и не се вратив додека не ги истребив.
38 Ги поразувам и не можат да се кренат, паднаа под моите нозе.
39 Зашто Ти ме препаша со сила за бој; ги отстрани пред мене, оние што стануваат против мене.
40 Ти направи моите непријатели да ми го вртат грбот, за да ги истребам оние што ме мразат.
41 Тие викаат, но нема избавител, кон Господа, но Тој не ги слуша.
42 Тогаш ги ситнев како прав пред ветерот, ги газев како кал по улиците.
43 Ти ме избави од народната буна, ме постави главатар на народите; ми служи народ што не го познавав.
44 Штом чуја за мене, тие ме послушаа, ми се покоруваат туѓинци.
45 Туѓинците ослабеа, треперејќи излегуваат од своите тврдини.
46 Жив е Господ! Благословена да е мојата Карпа! Нека се возвиси Бог на моето спасение!
47 Бог, Кој одмаздува за мене, и ми ги покорува народите.
48 Кој ме избавува од моите непријатели! Ме издига над оние што стануваат против мене, ме спасува од насилниците.
49 Затоа ќе Те славам, Господи, среде народите и ќе му пеам на Твоето име:
50 Славно го избавуваш Твојот цар и му искажуваш милост на Твојот помазаник, на Давида и на неговото потомство довека.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse