Прва книга летописи/ 21 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

20 глава Прва книга летописи
21 глава
од н.п.
22 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Тогаш Сатаната стана против Израел и го поттикна Давида да го изброи Израел.
  2 Царот им рече на Јоава и на народните кнезови: „Одете, пребројте ги Израелците од Вирсавеа па до Дан и кажете ми колку се на број.”
  3 Јоав рече: „Господ нека му даде на Својот народ уште стопати оволку колку што е сега! Не се ли, мој господару цару, сите тие слуги на мојот господар? Зошто го бара тоа мојот господар? Зошто да биде вината на Израел?”
  4 Но царскиот збор беше посилен од Јоавовиот. Така Јоав отиде и почна да го обиколува сиот Израел, а тогаш, најпосле, се врати во Ерусалим.
  5 Јоав му го даде на Давида списокот на преброениот народ; а имаше во целиот Израел единаесет пати по сто илјади кои мавтаа со меч, а во Јуда четири стотини и седумдесет илјади мажи кои мавтаа со меч.
  6 Тој не ги преброи меѓу нив племињата на Леви и на Венијамин, зашто царската заповед му беше одвратна.
  7 Тоа беше гнасно и во Божјите очи, па Бог го удри Израел.
  8 Давид Му рече на Бога: „Многу згрешив зашто го направив тоа. Но прости му ја вината на Својот слуга, зашто работев мошне безумно!”
  9 Господ му рече на Давидовиот гледач Гад:
10 „Оди и кажи му на Давида: ‘Господ вели вака: „Три работи ставам пред тебе, избери си едно од тоа за да ти сторам!”‘“
11 Откако дојде кај Давида, Гад му рече: „Господ вели вака: ‘Избери си за себе
12 или глад за три години, или ти да бегаш три месеци пред непријателите, и да те стига мечот на твоите непријатели, или три дни Господовиот меч и морот да бидат на земјата, и Господовиот ангел да убива по сите израелски краишта.’ Сега размисли и гледај што да му одговорам на Оној што ме испрати!”
13 Давид му рече на Гада: „На голема мака сум! Ах, нека паднам во Господовите раце, зашто е големо Неговото милосрдие, а да не паднам во човечки раце!”
14 Така Господ испрати помор на Израел, та изумреа седумдесет илјади Израелци.
15 Бог испрати ангел против Ерусалим за да го истребува; а кога почна да го истребува, Господ погледна и Му се сожали заради злото, па Му рече на ангелот погубувач: „Доста е сега, спушти ја раката!” Господовиот ангел стоеше покрај гумното на Евусеецот Орнан.
16 Давид, откако ги подигна очите, го виде Господовиот ангел како стои меѓу земјата и небото држејќи во раката извлечен меч, што го имаше кренато на Ерусалим, и тој падна ничкум со старешините облечени во вреќиште.
17 Давид Му рече на Бога: „Не заповедав ли јас да се преброи народот? И така, јас сум оној кој згреши и кој направи големо зло, а што сторија тие овци? Господи, Боже мој, нека Твојата рака дојде на мене и на мојот татков дом, а не на тој народ за да го погубиш!”
18 Тогаш Господовиот ангел му рече на Гад да му каже на Давида, за да излезе и да Му подигне жртвеник на Господа на гумното на Евусеецот Орнан.
19 Давид отиде според словото што му го кажа Гад во Господово Име.
20 А Орнан, откако се сврте, го забележа ангелот, а неговите четири синови се сокрија. Орнан вршеше пченица.
21 Тогаш Давид дојде до Орнана, а тој, откако погледна и го забележа Давида, дојде од гумното и му се поклони на Давида со лицето до земјата.
22 Тогаш Давид му рече на Орнан: „Дај ми го тоа гумно за да Му изградам жртвеник на Господа; дај ми го за полна цена, за да прекрати морот во народот!”
23 Орнан му одговори на Давида: „Мојот господар царот нека го земе и нека прави што е добро во неговите очи; еве ти давам говеда за паленици, вршечките орудија за дрва, и пченица за принос; ти го подарувам сè тоа.”
24 Царот Давид му рече на Орнана: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам, зашто не сакам да Му принесувам на Господа што е твое, да принесувам паленици што ми се подарени.”
25 И Давид му даде на Орнана за тоа место шест стотини златни шекели на мера.
26 Тогаш Му изгради жртвеник на Господа таму и принесе паленици и помирителни жртви; а кога Го повика Господа, Тој го послуша спуштајќи оган од небото на жртвеникот за паленици.
27 Господ му нареди на ангелот да го врати мечот во ножницата.
28 Во она време, откако виде дека Господ го послуша на гумното на Евусеецот Орнан, Давид почна да принесува жртви таму.
29 Господовото Престојувалиште, што го направи Мојсеј во пустината, и жртвеникот за паленици, беше во тоа време на возвишението во Гаваон.
30 Давид не можеше да оди таму да Го бара Бога, зашто го опфати страв од мечот на Господовиот ангел.

Поврзано

Надворешни врски


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.