Прејди на содржината

Прва книга за царевите/ 16 глава

Од Wikisource

15 глава Прва книга за царевите
16 глава
од н.п.
17 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Тогаш му беше испратено Господовото слово на Јуј, синот Ананиев, против Васа:
  2 ”Те подигнав од правот и те поставив кнез над Мојот народ Израел, ама ти тргна по Јеровоамовиот пат и го наведуваш на грев Мојот народ Израел, та Ме разјаруваш со нивните гревови;
  3 затоа ќе ги изметам без трага Васа и неговата куќа: ќе направам со твојата куќа како и со куќата на Јеровоам, синот Наватов.
  4 Кој од Васината куќа ќе умре во градот, ќе го изедат кучиња, а кој ќе им умре во полето, ќе го изедат небеските птици.”
  5 Другите дела на Васа, сè што направил, неговите подвизи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
  6 Васа почина со своите татковци, и беше погребан во Терса. Неговиот син Ила се зацари место него.
  7 Ама Господовото слово преку пророкот Јуј, синот Ананиев, не беше насочено против Васа и против неговата куќа само заради тоа што правеше зло во Господовите очи и што Го лутеше со делата на своите раце та беше како и Јеровоамовата куќа, туку и заради тоа што ја истреби и неа.
  8 Во дваесет и шестата година на Асиното царување во Јудеја, Ила, синот Васин, стана цар на Израел во Терса; владееше вкупно две години.
  9 Неговиот дворјанец Зимриј, заповедник на половината бојни коли, се побуни против него. Кога беше во Терса, се испијани во куќата на Арсо, управителот на дворецот во Терса.
10 Тогаш Зимриј влезе, удри на него и го уби, во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, и се зацари место него.
11 Штом почна да владее и штом седна на престолот, ја погуби сета Васина куќа; не му го поштеди ни она што мокри покрај ѕидот, ни неговите роднини ни пријатели.
12 Така Зимриј ја откорна сета Васина куќа според словото што Господ го кажа преку својот слуга пророкот Јуј,
13 заради сите гревови што ги правеа Васа и неговиот син Ила и така го заведуваа Израел, срдејќи Го Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови.
14 Другата Илина повест, сè што направил, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
15 Во дваесет и седмата година на Асиното царување со Јудеја, Зимриј стана цар во Терса, и владееше седум дена. Тогаш народот го опсадуваше Гиветон, што им припаѓаше на Филистејците.
16 Кога народот во логорот чу дека Зимриј се побунил и дека го убил царот, сиот Израел во истиот ден во логорот го прогласи за цар над сиот Израел заповедникот на војската Амриј.
17 Потоа Амриј и сиот Израел со него отидоа од Гиветон и ја опсадија Терса.
18 Кога Зимриј виде дека градот ќе биде преземен влезе во тврдината на царскиот дворец, го запали над себе царскиот дворец, и така загина.
19 Тоа беше заради гревовите што ги беше направил, работејќи што е зло во Господовите очи и одејќи по патот на Јеровоам и на неговите гревови со кои го заведуваше Израел.
20 Другата Зимриева повест и неговата завера што ја скова, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
21 Тогаш Израелевиот народ се раздели: половината се одлучи за Тивниј, синот Гинатов, за да го направи цар, а втората половина за Амриј.
22 Ама Амриевите приврзаници беа посилни од приврзаниците на Тивниј, синот Гинатов, па кога Тивниј умре, Амриј стана цар.
23 Во триесет и првата година на Асиното царување со Јудеја, Амриј стана цар на Израел, за дванаесет години. Царуваше шест години во Терса.
24 Тогаш го купи од Семер за два таланти сребро ридот Самарија; изгради град кого го нарече Самарија по името на Семер, сопственикот на ридот.
25 Ама Амриј правеше зло во Господовите очи, и беше полош од своите претходници.
26 Во сè ги следеше Јеровоама, синот Наватов, и неговите гревови, со кои го заведуваше Израел, и го срдеше Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови.
27 Другата Амриева повест, сè што направил, неговите потфати што ги изведе, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?
28 Амриј почина со своите татковци, и го погребаа во Самарија. Неговиот син Ахав стана цар место него.
29 Ахав, синот Амриев, стана израелски цар во триесет и осмата година на Асиното царување со Јудеја, и владееше дваесет и две години над Израел во Самарија.
30 Ахав, синот Амриев, правел во Господовите очи повеќе лошо од сите свои претходници.
31 И му беше малку што одеше во гревовите на Јеровоам, синот Наватов, туку уште се ожени со Језавела, ќерката на Етвала, сидонскиот цар, и почна да му служи на Ваала и да му се клања;
32 подигна жртвеник во Вааловиот храм што го беше изградил во Самарија.
33 Ахав подигна и Ашера и направи и други злодела, и Го налути Господа, Израелевиот Бог, повеќе од сите израелски цареви што беа пред него.
34 Во негово време Хил од Ветил го изгради Ерихон; врз својот првороденец Авирон ги подигна основите, а врз помладиот свој љубимец Сегув ги постави градските врати, според словото на Господа што го кажа преку Својот слуга Исус, синот Навинов.
 

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse