Прејди на содржината

Прва книга за царевите/ 12 глава

Од Wikisource

11 глава Прва книга за царевите
12 глава
од н.п.
13 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем дојдоа сите Израелци за да го зацарат.
  2 Штом го чу тоа синот Наватов Јеровоам - кој беше во Египет, каде што беше избегал пред царот Соломон - се врати од Египет, зашто
  3 беа испратиле по него и го повикаа. Кога дојдоа Јеровоам и сиот Израелев собор, му рекоа на Ровоама:
  4 ”Твојот татко ни наметна тежок јарем. Сега ти олесни ни ја тешката служба на својот татко, тешкиот јарем што го стави на нас, па ќе ти служиме!”
  5 А тој им одговори: „Дојдете пак кај мене по три дни.” И народот си отиде.
  6 Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците кои што му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?”
  7 Тие му одговорија: „Ако денес ги задоволиш тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие секогаш ќе ти останат слуги.”
  8 Ама тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со младите кои пораснаа со него и кои му беа во служба.
  9 Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ кој ми рече: ‘Олесни ни го јаремот што ни го наметна твојот татко?’”
10 Младите луѓе, кои пораснаа со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна јарем, а ти олесни ни го’, одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на татка ми!
11 Ете, мојот татко ви наметна тежок јарем, а јас уште ќе го стежнам вашиот јарем; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.’”
12 А на третиот ден дојде сиот народ кај Ровоама, како што им беше заповедал царот, велејки им: „Вратете се кај мене на третиот ден.”
13 Царот им одговори остро, отфрлајќи го советот што му го дадоа постарите.
14 И им рече: „Мојот татко ви го стежна вашиот јарем, а јас ќе додадам уште врз него; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.”
15 И така царот не сакаше да го послуша народот, зашто така направи Господ за да се исполни словото што преку Силонецот Ахиј му го рече на Наватовиот син Јеровоам.
16 Кога Израелците видоа дека царот се прави дека не слуша, народот му одговори: „Каков дел имаме ние со Давида? Ние немаме наследство со Јесеевиот син. Во шаторите, Израелу! А сега, Давиде, грижи се за својот дом!” И сиот Израел си отиде под своите шатори.
17 Ровоам завладеа само над Израелевите синови, кои живееја по јудејските градови.
18 Потоа царот Ровоам го испрати Адорама, настојникот за данок, ама Израелците го каменуваа, и тој умре; а царот Ровоам бргу се качи во колата и избега во Ерусалим.
19 Така Израел се оддели од Давидовиот дом сè до денес.
20 Кога Израелците научија дека се вратил Јевровоам, го повикаа во заедницата и го поставија за цар над сиот Израел. Давидовата куќа не ја следеше никој освен самото Јудино племе.
21 Откако дојде во Ерусалим, Ровоам го собра сиот Јудин дом и Венијаминовото племе, сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да удрат против Израелевиот дом и да му го вратат царството на Ровоама, Соломоновиот син.
22 Но му дојде Божјо слово на Божјиот човек Семеј:
23 ”Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, на јудејскиот цар и на сиот дом Јудин и Венијаминов, и на другиот народ:
24 Господ вели вака: ‘Не одете да се биете со браќата, со Израелевите деца! Секој нека се врати во својата куќа, зашто ова потекна од Мене.’” И тие го послушаа Господовиот збор, и се вратија како што им рече Господ.
25 Јеровоам го утврди Сихем во Ефремовата Гора, и таму се настани. Потоа излезе оттаму и го утврди Фануил.
26 Јеровоам рече во своето срце: „Сега царството би можело да му се врати на Давидовиот дом.
27 Ако овој народ продолжи да се искачува во Господовиот Дом во Ерусалим за да принесува жртви, срцето на народот ќе му се врати на својот господар, Ровоам, јудејскиот цар, и мене ќе ме убијат.”
28 Откако царот се посоветува, направи две златни телиња и му рече на народот: „Доста одевте во Ерусалим! Еве го, Израелу, твојот бог кој те изведе од Египетската Земја.”
29 Потоа стави едно теле во Ветил, а другото го смести во Дан.
30 Тоа беше згода за грев: народот одеше кај едното во Ветил и кај другото во Дан.
31 И Јеровоам подигна идолопоклонички куќи на високите места и постави свештеници од народот, кои не беа Левиеви синови.
32 Потоа Јеровоам воведе празник во осмиот месец, во петнаесеттиот ден на тој месец, како што е празникот што се слави во Јудеја, и принесе жртва на жртвеникот. Така направи во Ветил, жртвувајќи им на телињата што ги направи. Во Ветил им постави и свештеници на високите места што ги подигна.
33 И принесе жртва на жртвеникот што го направи, во петнаесеттиот ден на осмиот месец; во месецот што сам го избра; и воспостави празник за Израелците и пристапи кон жртвеникот за да покади.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse