1 Царот Соломон - покрај фараоновата ќерка - сакаше многу жени - туѓинки: Моавки, Амонки, Едомки, Сидонки и Хетитки,
2 од сите народи за кои што Господ им рече на Израелците: „Не ќе одите кај нив и тие не ќе идат кај вас; тие навистина ќе ги свртат вашите срца кон своите богови.” Ним им се приклони Соломон со својата љубов.
3 Имаше седум стотини кнежевски жени и три стотини соложници. Неговите жени го заведуваа неговото срце.
4 И кога Соломон остаре, неговите жени му го свртија срцето кон други богови, и неговото срце веќе не Му припаѓаше потполно на Господа како што Му припаѓаше срцето на неговиот татко Давид.
5 Соломон одеше по Астарота, божица на Сидонците, и по Мелхома, срам на Амонците.
6 Правеше она што не беше право во очите на Господа, и не Му се покоруваше сосем на Господа како што Му се покоруваше неговиот татко Давид.
7 Така Соломон им изгради високи места на Хемос, на гадот Моавски, на гората источно од Ерусалим, и на Молох, срамот на Амонците.
8 Тоа го направи за сите свои жени туѓинки, кои што им принесуваа кадеж и жртви на своите богови.
9 Господ се разгневи на Соломона, зашто го сврти своето срце од Господа, Израелевиот Бог, Кој што Му се јави двапати,
10 и Кој што токму тогаш му забрани да ги почитува другите богови, ама тој не ја запази таа заповед.
11 Тогаш Господ му рече на Соломона: „Кога е така со тебе, та не ги пазиш Мојот Завет и наредбите што ти ги дадов, Јас ќе го одземам бездруго од тебе царството, и ќе му го дадам на еден од твоите слуги.
12 Но нема да го направам тоа во твојот живот, заради твојот татко Давид; ќе го земам од рацете на твојот син.
13 Сепак нема да го земам од него сето царство: ќе му оставам едно племе на твојот син, заради Мојот слуга Давид, заради Ерусалим, кого го избрав.”
14 Тогаш Господ му подигна противник на Соломона: Идумеецот Адад, од царската куќа на Едомците,
15 и кога Јоав, војсководачот, отиде да ги погребе убиените и остави да ги погубат сите машки во Идумеја -
16 Јоав и сиот Израел останаа таму шест месеци додека не ги истребија сите машки во Идумеја -
17 Адад избега во Египет со Идумејците, кои беа во служба на неговиот татко. Тогаш Адад беше мало дете.
18 Отидоа од Мадијам и стигнаа во Фаран. Ги поведоа со себе луѓето од Фаран и отидоа во Египет пред фараонот, царот на Египет, кој му даде куќа, му одреди храна и му додели земја.
19 Адад стекна голема милост кај фараонот, кој му ја даде својата сестра за жена, сестрата на големата кнегинка Тахпенеса.
20 Тахпенесината сестра му го роди синот Генуват, кого Тахпенеса го воспита во царскиот дворец, и Генуват остана во дворецот меѓу фараоновите деца.
21 Кога Адад научи во Египет дека Давид почина кај своите татковци, и дека војсководачот Јоав умрел, му рече на фараонот: „Дозволи ми да си отидам во својата земја!”
22 Фараонот му рече: „Што ти недостига кај мене та сакаш да отидеш во својата земја?” А тој му одговори: „Ништо, ама пушти ме да си одам!”
23 Бог го подигна против Соломона противникот Резон, синот Елијадов, кој што избега од својот господар Ададезер, совскиот цар;
24 Резон собра луѓе околу себе и им стана четоводач кога ги убиваше Давид. Резон го зазеде Дамаск, таму се настани и завладеа со Дамаск.
25 Тој беше Израелев противник за време на Соломоновиот живот. Тоа беше зло што го направи Адад: го мразеше Израел и владееше во Сирија.
26 Јеровоам му беше син на Ефремецот Нават, од Сарида, а мајка му беше вдовицата по име Серуја. Тој беше во Соломонова служба и подигна рака против царот.
27 Еве ја причината на неговата побуна. Соломон го градеше Мило за да ги засипе урнатините во градот на Давида, својот татко.
28 Јеровоам беше добар човек; Соломон забележа како младиот човек се прифаќа за работата, и го постави над сета работа на Јосифовата куќа.
29 Тогаш се случи та Јеровоам отиде од Ерусалим, и на патот го сретна пророкот Ахиј од Сило, наметнат со нова наметка; тие двајцата беа сами во полето.
30 Ахиј ја зеде новата наметка што ја имаше врз себе и ја расцепи на дванаесет делови.
31 И му рече на Јеровоама: „Земи за себе десет делови, зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Еве ќе го истргам царството од Соломоновата рака и тебе ќе ти дадам десет племиња.
32 Тој ќе има едно племе, заради Мојот слуга Давид и заради Ерусалим, градот што го избрав меѓу сите Израелеви племиња.
33 Тоа е затоа, зашто Ме остави и им се поклони на Астарота, божицата на Сидонците, на Хемос, моавскиот бог, и на Мелхом, богот на Амонците, и зашто не оди веќе по Моите патишта; не прави што е право во Моите очи, ниту ги извршува Моите закони и наредби како што го правеше неговиот татко Давид.
34 Ама нема да му го земам сето царство од раката, зашто го поставив за кнез за време на сиот негов живот, заради Својот слуга Давид, кого што го избрав и кој што ги пазеше Моите заповеди и Моите закони.
35 Но ќе го земам царството од рацете на неговиот син, и ќе ти го дадам тебе, односно десет племиња.
36 А на неговиот син ќе му оставам едно племе, за да Мојот слуга Давид има секогаш светилник пред Мене во Ерусалим, во градот што Си го избрав за Себе за да престојува во него Моето Име.
37 Ќе те земам тебе за да царуваш над сè што ќе посакаш и за да бидеш цар над Израел.
38 Ако ги послушаш сите тие заповеди, и ако врвиш по Моите патишта, та ако правиш што е праведно во Моите очи пазејќи ги Моите закони и Моите заповеди, како што го правеше тоа Мојот слуга Давид, тогаш Јас ќе бидам со тебе, и ќе ти изградам траен дом, како што му изградив на Давида, и ќе ти го дадам Израел;
39 ќе ги понижам Давидовите потомци, ама не засекогаш.’”
40 Затоа Соломон бараше да го убие Јеровоама, ама тој побегна во Египет, и остана во Египет до Соломоновата смрт.
41 Другата Соломонова повест, сè што направил, и неговата мудрост, зар не е запишано во книжниот свиток на Соломоновата Повест?
42 А Соломон царуваше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години.
43 Тогаш Соломон помина кај своите татковци, и беше погребан во Давидовиот Град, а неговиот син Ровоам се зацари место него.