Петта книга Мојсеева/ 33 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

32 глава Петта книга Мојсеева
33 глава
од Мојсеј
34 глава


   1 Ова е благослов со кој Мојсеј - Божјиот човек - ги благослови Израелевите синови пред својата смрт.

  2 Тој рече: „Господ дојде од Синај, се покажа на Сир и заблеска од гората Фаран. Заради нив дојде со десетици илјади свети, десно од Него е огнот на Законот.

  3 Сепак Ти ги љубиш народите, сите нивни свети се во Твојата рака. Припаднаа пред Твоите нозе, одеа предводени од Тебе.

  4 Мојсеј ни го одреди Законот. Јакововиот собор му стана Негово наследство;

  5 и беше цар во Есурун кога се собраа народните главатари, кога се соединија Јакововите племиња.

  6 Нека живее Рувим и никогаш нека не изумре, нека не биде малуброен!”

  7 Еве што рече за Јуда: „Послушај го, Господи, Јудиниот глас и приведи го кон неговиот народ. Неговите раце нека го бранат правото, помогни му против неговите непријатели.”

  8 За Левиј рече: „Дај му ги на Левиј Твоите Урими и Твоите Тумими на човекот на милоста Своја, кого го испита во Маса, со кого се препираше при Меривските Води.

  9 За својот татко и за мајката тој рече: ‘Не ги видов!’ Не ги познава своите браќа, ниту се обрнува на своите деца, зашто тој го исполнуваше и го пазеше Твојот Завет.

10 Тој го учи Јакова на Твоите одредби и Израел на Твојот Закон. Тој става темјан пред Тебе и Ти положува паленица на жртвеникот.

11 О Господи, благослови му ја силата, прими го милостиво делото на неговите раце. Скрши ги бедрата на неговите непријатели; неговите мразачи веќе нека не станат.”

12 За Венијамин рече: „Тој е Господов љубимец и секогаш почива во мир. Сèвишниот го штити во сите негови денови, живее меѓу Неговите рамена.”

13 За Јосифа рече: „Господ му ја благослови земјата; неговото е најдобро од она што го дава небеската роса и што се крие долу во бездните!

14 Најдоброто од она што го дава сонцето и што носи младата месечина,

15 првините од древните планини и најдоброто од вечните брегови,

16 најдобриот род на земјата и сè што е на неа, и милоста на Оној, Кој се јави во капината. Сè тоа нека дојде на Јосифовата глава, на темето посветено меѓу сите браќа!

17 Тој е величествен како првенецот на јунецот, роговите му се биволски рогови, со нив тој ги боде народите сè до земните краишта. Такви се мноштвата на Ефрем, такви се илјадниците на Манасиј.”

18 За Завулон рече: „Среќен да си, Завулоне, во походите, и ти, Исахаре, во своите шатори!

19 На гората каде доаѓаат повиканите народи, тие принесуваат законска жртва, зашто копнеат за богатството на морето и за сокровиштата скриени во песокот.”

20 За Гад рече: „Нека биде благословен кој ќе го рашири Гад! Тој почива како лавица, откако ја раскина мишката и главата.

21 Тогаш си ги додели првините за себе зашто забележа дека му е запазен главатарскиот дел. Тој дојде на челото на својот народ ја изврши Господовата правда и Неговите одлуки со Израел.”

22 За Дан рече: „Дан е лавче што скока од Васан.”

23 За Нефталим рече: „Нефталим, заситен со милости, исполнет со Господовиот благослов: морето и југот се негова сопственост.”

24 За Асир рече: „Благословен да е Асир меѓу синовите! Нека биде воздигнат меѓу своите браќа, и нека ги натопува своите нозе во масло!

25 Нека ти бидат обувките од железо и бронза, и мирот нека ти трае колку и животот!”

26 „Никој не е како Есуруновиот Бог: Кој се пронесува на помош по небесата и по облаците во Своето величество!

27 Вечниот Бог е твое засолниште, и под тебе се вечните мишки, ги гони непријателите пред тебе; Тој извикнува: ‘уништи!’

28 Израел живее во безопасност, а Јаковиот извор во земјата на житото и виното, каде небесата дождат со роса.

29 Блазе ти, Израелу! Кој народ Господ го заштитува како тебе? Тој е твој штит и твој славодобивачки меч, непријателите ќе ти се покорат, и ти ќе им газиш по високите места.”

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.