Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXVIII
Поглавје XXVII | Железничарски работник во Софија — В затвор под обвинение дека сме готвиле атентат на рускиот кнез Николај Николаевич — Двобој со истражниот судија (следователот) — Средба со Борис Сарафов во затворот — Влијание на бугарските владеачки кругови врз работите на ВМОРО од Алексо Мартулков |
Поглавје XXIX |
По моето враќање од Македонија во Софија, одново отидов на работа на железница како бојаџија на мостовите од железна конструкција.
Во август отпочнаа усилени припреми за отпразнувањето на шипченската епопеја, при што требаше да бидат откриени и некои споменици. За свеченостите се очекуваше да дојде голема делегација од Русија на чело со великиот кнез Николај Николаевич и мнозина од хероите што зеле учество во борбите на Шипка. На еден ден пред пристигањето на делегацијата, Фердинанд со специјален воз замина за Варна за да ја пречека. Ние тогаш работевме на централната пруга. Јас работев со четата на Андон Партијата во Горноореховско, а Лазар Плавев на истата пруга на мостот кај станицата Черепиш со четата на Тодор Шмеќарот. По заминувањето на специјалниот воз за Варна, добивме окружна телеграма, со која се наредуваше сите работни бригади веднаш да се вратат во Софија, а да остават само по еден работник за пазење на инструментите и материјалите. Се вративме во Софија, каде што требаше да се јавиме на работа во техничката секција, за да не губиме надница. Наутро другиот ден — денот кога требаше да дојдат гостите — бев на работа кога дојде еден поли- цаец и нѐ запраша кој е од нас Алексо Мартулков, наречен „Бизмарк“. Му кажаа. Тој дојде кај мене и ме повика да одам пред него за распитување во полицискиот участок на станицата. Таму беше градоначалникот на Софија Кузов, со кого се познававме многу поодамна, бидејќи тој многу пати ме беше интернирал од Софија во провинцијата на север. Веднаш почна да ме распитува каде работам. Му објаснив. Ме запраша каде е мојот другар Плавев. Му реков дека тој работи со другата бригада и сега се наоѓа на станицата Черепиш, бидејќи било наредено да остане еден работник, по своја сопствена желба, да ги пази инструментите и материјалите, па Плавев сам пожелал да остане. На тоа Кузов веднаш се стресе и викна: „Што станало!" Не можев да се стрпам, па му реков: „Нема никаква опасност, бидејќи ако требало нешто да стане, тоа веќе станало“. На тоа тој ми упати прашање: „Што станало?" — „Ништо не знам — му одговорив — дека нешто требало да стане, но ми направи впечаток вашето исплашување". Градоначалникот веднаш издаде наредба да ме отераат во І полициски участок. Таму ме затворија. По малку го доведоа во мојата ќелија и Илија Георгиев — Балабанот од Велес. Веднаш по моето распитување во участокот на станицата дале телеграфска наредба до полициските власти во Враца да биде уапсен Плавев. Во наредбата особено се потцртувало да имаат предвид дека Плавев е опасен конспиратор и терорист, та при неговото фаќање да бидат до крајност претпазливи. После Плавев ми расправаше: „Дојдоа цел булук џандари на чело со врачанскиот пристав (полициски писар). Претпазливо настапуваа кон бараката кај што бев, во боен ред, со пушки в раце, а на пушките ставени ножеви. Уште од многу далеку повикаа: „Предај се!“ Изненаден од сѐ тоа излегов, ги дигнав рацете и им реков: „Еве ме". Многу претпазливо ми се приближија, ме грабнаа и ми ги врзаа рацете наопаку. Потоа ме натераа прво јас да влезам во бараката и извршија најдетален претрес. Но, ништо не најдоа што би могло да ме компромитира. Тие не останаа до- волни од претресот во бараката, ами ја претресоа и целата околина. Но од сѐ тоа — ништо. По тоа почнаа да ме присилуваат да кажам каде е пеколната машина, со која сум сакал да го бомбардирам возот на гостите. На тоа многу смело им реков: „Ако имав намера да правам атентат, та тој досега ќе беше направен, бидејќи кога мина возот пред десет саата, за тоа беше многу згодно". Понатака им објаснив дека таква намера не сум имал и дека сум сигурен оти ова предавство е дело на некои мои непријатели што со таква клевета сакаат да ми напакостат. Очигледна беше провокацијата; па затоа понатака не ме распитуваа, и со првиот воз ме испратија за Софија. Штом стигнав, ме затворија во Втори полициски участок". По четири дена откако мене ме затворија, во участокот дојде прочуениот судски следовател (истражен судија) Селвелиев. Ме изведоа пред него. Како и секогаш, ми го постави првото прашање: „Зошто те затворија?". Се разбира, му одговорив дека неговото прашање е многу неумесно бидејќи „јас ни до денес уште не знам зошто ме затвориле“. По неколку „престрелки“ околу тоа, следователот ми рече дека сме биле обвинети оти сме сакале да извршиме атентат на високите гости во возот за Софија. На тоа одговорив дека такво нешто е многу гадна инсинуација против нас. Тој ми потфрли дека во извршувањето на агентатот биле замешани и неколку мои другари. Ми кажа некои имиња, па додаде дека некои од овие лица веќе биле во рацете на полицијата и дури направиле извесни признанија. Јас му одговорив: „Ако постоеше таква завера, би можел да допуштам дека некој направил такви признанија. Но знаејќи дека сме жртва на некој провокатор, агент на полицијата што сакал да ја оправда својата плата или да си прави кариера со такви големи сензационални откритија, јас сум многу спокоен. Уверен сум дека вистината ќе излезе на видело, и тоа ќе биде во наша полза, а во штета на властите, бидејќи можеле да бидат толку наивни за да бидат провоцирани на еден толку глуп начин". Тогаш следователот излезе со својот најголем аргумент: „Пред два или повеќе месеца вие исто сте работеле на одржување на пругата како бојаџија, — ми рече тој. Но еден прекрасен ден ти и Лазар Плавев сте ја напуштиле работата и сте отишле во Дупница. Таму сте имале средба со Јане Сандански, а сте заминале за Горноџумајско каде што сте останале околу два месеца. Сега, пред неколку дена, пак сте дошле во Софија и оттаму сте отишле на работа на централната железничка линија. Сѐ тоа било договорено со Јане Сандански и неговите соработници. Од серчани се сака по секоја цена да се изврши овој атентат, а подобри исполнители на таа работа од вашата група нема. Вие сте предимно велешани, а велешани се истакнуваат во тие работи повеќе од било кои други терористи на ВМОРО, без оглед од кој крај на Македонија да се".
Серчани на чело со Сандански се од левицата на ВМОРО. Тие сметаат дека само преку масовна револуционерна борба ќе може да се постигне ослободувањето на Македонија. Тие никогаш не биле приврзаници на личниот или груповиот терор, и да се обвинуваат дека преку нас сакале еден таков атентат — и тоа во Бугарија — e многу глупо. Нивните идеи и начинот на борба, верувам, многу добро им се познати на властите, па затоа овде не сакам да ви читам лекција за тоа. „Но ќе кажете: зошто одевте во Македонија — и тоа баш во Серскиот округ — и се вративте толку бргу? — Е, за тоа не можам да ви кажам ништо. Тоа е револуционерна тајна. Ние не ја одрекуваме борбата против европските интереси, и тоа преку терор, но под услов таа борба да се развива во внатрешноста на Македонија. Кај нас никогаш не се породувала мислата за таква борба во Бугарија. Ние сметаме дека сме гости во оваа земја, благодарни сме ѝ на неізиното гостопримство. Никогаш нема да го нарушиме нејзиното спокојство со една таква акција со каква нѐ обвинуваат.“ „Декларирам искрено и сакам да верувате дека нема никогаш да направиме нешто, со што би ја компромитирале внатрешната и надворешната положба на Бугарија. Ние ја сакаме неа како што ја сакаме Македонија; исто така го сакаме и бугарскиот народ, којшто му е близок на нашиот македонски народ, и со кого ни се цементирани врските во долгите здружни борби уште од времето на Преродбата. Меѓу нашиот и бугарскиот народ — по силата на историскиот развиток — се создадени многу тесни врски“. „Сакам да верувам во сѐ она што ми рече, — одговори следователот Селвелиев, — но ме збунува фактот дека си ти доста интелигентен човек, а се задоволуваш да работиш како обичен работник за да си ја извадиш прехраната. Меѓутоа, би можел да заземеш многу подобра, подоходна, и полесна служба како државен чиновник. Кај нас за државна работа не се затворени вратите за Македонците, и голем број од нив се наоѓаат на високи положби, кога ќе почнеш од заптија и ќе свршиш со министер. Ти да одиш на железница и таму да работиш како обичен — причините се други а не прехраната“. „Може да имате високо мнение за мојата интелигентност, му реков, но за тоа нема тапија, затоа што имам одвај завршено прогимназијално образование и немам поголем документ од моето трикласно свидетелство. Но независно од тоа би можел да имам посолидно и доходно место за работа. Меѓутоа, ми пречи едно друго качество во мојот карактер; — не сум совитлив 'рбет; тој тешко се превива за да можам да се приспособувам и ползувам и да правам кариера“. Уште многу се расправавме, и следователот дојде во положба на обвинет, а јас станав обвинител. Селвелиев беше еден од големите полицајци на времето и јасно виѓаваше дека сето тоа е еден шантаж. Тој не сакаше да се ангажира со присилни средства да бара некои признанија, бидејќи утре можеше да се компромитира ако работата дојдеше до суд. На одење ми рече дека можам да сметам на него ако сакам да најдам некоја подобра работа. Си отиде, без да го испита другиот другар, Балабанот, којшто беше затворен со мене за истата работа. По некој ден доведоа во участокот една група македонски терористи, меѓу кои беа Ѓорѓи Касапчето и Москов. Нив ги обвинуваа за убиството на Ѓорѓи Попов, родум од Кочани, фотограф во Скопје.[1] Гостите во Варна се натовариле на параброд и си отишле, а за нас вратите на затворот се отворија и нѐ ослободија. Но сѐ тоа не нѐ беспокоеше. Ние бевме поставени и во Бугарија под надзор и недоверба на нејзината полиција, исто како во Турција — од страна на турската. Но резултатот за сите другари од групата што работевме на железница беше отпуштањето од работа и фрлањето во канџите на гладот и мизеријата. Бевме отпуштени од работа: јас, Лазар Плавев, Илија Торѓиев (Балабанот) и Тодор Радоев, Русин.[2] Околу два месеца останавме без работа. Од групата прв јас си најдов работа како бојаџија — времен надничар — пак на железница, во софиската секција секција. Но само со мојата плата беше невозможно да се издржуваме сите другари. Со отворањето на редовната сесија на Народното собрание, во месец октомври, Петар поп-Арсов нѐ намести во него како службеници со 60 лева месечна плата. (На такви времени служби, дури трае сесијата, имаше голем број партиски членови без работа. Повеќето од нив одеа на работа само кога требаше да го потпишат платниот список и да си ја земат платата. Меѓу нив имаше и македонствујушти). Да може Поп-Арсов да нѐ назначи на работа за да земаме плата, се должело на фактот, како тој ми расправаше — дека претседателот на Народното собрание, Добри Петков, му бил личен пријател. Меѓутоа, мене ми се гледаше малку сомнително таков гест да направи Петков само поради лично пријателство. Тој беше еден од истакнатите водачи на Стамболовистите, потоа стана министер на градежите, и не можеше да не знае кој е Поп-Арсов и каква улога игра тој во нашето национал-револуционерно движење. Ми изгледаше невозможно Петков да не знае дека Поп-Арсов беше еден од најјарките приврзаници на независноста на нашето движење од влијанието на туѓите фактори особено од дворот и управувачите на Бугарија, коишто уште од создавањето на нашето движење имаа јасно одредена линија да го потчинат и да го диригираат сообразно со своите класнодржавни интереси. Како што спомнав на друго место, управувачите на Бугарија наоѓаа начин да влијаат дури и на најпрогресивните наши дејци. Тие секогаш успеваа преку своите првенци, со посредство на „лично пријателство" и "роднинство“ да си ги постигнат определените цели на својата политика. Не може да се одрече фактот дека по создавањето на Задграничното претставителство на ВМОРО и неговото настанување во Софија, Организацијата не остана изолирана од влијанието на споменатите фактори. Ние ги виѓаваме Ѓорче Петров и Делчев како се спријателуваат со офицери од бугарската армија, меѓу кои и со генерал Цончев, подоцна претседател на Врховниот комитет. Од него тие земаат алишта од воените магазини и експлозивни материјали за леење бомби во нашата работилница во село Саблер, како и да ги добиваат собраните парични прилози од тајните офицерски македонски друштва во армијата. Кој може да допушти дека тоа офицерство ќе имаше таков однос спрема ВМОРО, без знаењето на најголемиот фактор — кнез Фердинанд? Возможно ли е при воспоставената сурова дисциплина во армијата да ќе беа трпени такви офицери?! Би било голема наивност да се верува во тоа. Исто така кога се вооружуваа чети на Организацијата на Задграничното претставителство и се испраќаа во внатрешноста, честа појава беше за нивното вооружување да се украде оружје од воените магацини. Да можеше тоа да станува се имаше содејството од некои кругови од армијата. Сѐ тоа не беше реткост. Напротив, може да се рече дека стана систем. А може ли да се допушти дека одговорните фактори од власта не го гледаа сето тоа или не можеа да ги најдат виновниците и да ги казнат? Не! Илјада пати не! Тие се правеа дека не гледаат, за да создадат возможност во Македонија што повеќе да се внесува оружје и по тој начин таму да се засили курсот за восружена борба. Така се заобиколуваше становиштето на ВМОРО, а понатака и на нејзината левица, да не се примаат никакви средства за нашата борба од надворешни заинтересирани фактори. Во таа смисла може да се изнесат многу факти, но човек би требало длабоко да се вникне во минатото, а јас за тоа немам возможност и време. Секако не тврдам напусто дека управувачите на Бугарија имаа возможност — по еден или друг начин, да влијаат и на нашите најпрогресивни национал-револуционери. Тие не ја пропуштија возможноста и за нивното физичко истребување и нивното морално разлагање. Тие си ја вршеа успешно работата против нас. Белешки
|