Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXIX
Поглавје XXVIII | Зближување на Сарафов, Гарванов, Христо Матов и Даме Груев — Борба против Серчаните — Конгрес во Пирин — Самоубиството на војводата Михаил Даев — Тодор Паница ги убива Гарванова и Сарафова од Алексо Мартулков |
Поглавје XXX |
Во 1906 година, уште пред конгресот на неоврховистите во Ќустендил, зближувањето меѓу Сарафов, Гарванов, Христо Матов и Даме Груев беше свршен факт. Во почетокот на есента 1906 година Даме Груев замина за Солун и Солунскиот округ. Него го придружуваа Сандо Китанов, горноџумајски војвода и Карчо, четник, родум од Кукуш. Целта на неговата сбиколка беше да го утврди и рашири влијанието на неоврховистите. Но по неколкумесечен престој во Македонија тргна назад за Бугарија.
По Првиот рилски конгрес соработката меѓу Даме Груев, Христо Матов, Гарванов и Сарафов беше очигледна. Нивните разијдувања во минатото, што имаа фракционерски карактер, скоро исчезнаа и се создаде единство меѓу нив уште пред Вториот рилски конгрес. Сега Даме Груев се враќаше во Бугарија за да учествува на Вториот рилски конгрес но по патот во Малешевско кај с. Русиново, заедно со другарите што го придружуваа, тој беше откриен и убиен од Турците. Убиството на Даме Груев им даде возможност на Сарафов, Гарванов и Христо Матов да ја засилат борбата против серчани и да не ги подбираат средствата за да ги уништат. Мнозина дејци на времето мислеа дека ако беше Даме Груев жив расправиите во македонските кругови немаше да земат толку остар карактер. Неоврховистите почнаа да бараат орудие за спро ведување на своите намери против серчани. Тие најдоа такво орудие во лицето на Михаил Даев, драмски околиски војвода. Тие го снабдуваа во изобилие со оружје и пари. Даев отпочна да го подготвува теренот за борба. Тој му се повери на својот помошник Тодор Паница, и му постави задача да го убие Сандански, бидејќи без неговото ликвидирање не можеше ни да се замисли ефикасна борба против серчани. Меѓутоа, Паница му соопшти на Сандански за намерите на Даев. На Пирин веднаш беше свикан конгрес на серчани, на кој беше викнат и Даев. На конгресот беше откриена неговата провокација, и беше осуден на смрт. На истиот конгрес беа осудени на смрт: Сарафов, Гарванов и Христо Матов. Пред да биде исполнета пресудата над Даев, тој напишал писмо до неоврховистичкото Задгранично претставителство со кое ги молел да вооружат голема чета под војводството на Паница, како и да испратат поголема количина оружје, бидејќи со силите со кои располагал не се решавал да ја отпочне борбата. Потоа Даев ги помолил конгресистите да му дозволат да се самоубие со сопствениот пиштол. Му дозволиле и тој се самоубива. Снабден со писмото на Даев, Тодор Паница дошол во Софија во есента 1907 година. Тој ги придобил за себе задграничните претставители на неоврховистите и тие се зафатиле да ја организираат и вооружат саканата чета. Исто така го снабдуваат со голема количина оружје што требало да биде пренесено во Серскиот округ. Кога веќе се привршиле подготовките и Паница се спремал да тргне во внатрешноста, Сарафов и Гарванов го поканиле на проштална вечеринка во домот на Сарафов, на улица „Осоговска“ бр. 36. Паница оди на вечеринката, од која отсуствувал Христо Матов поради болест. По јадењето и пиењето, дошло време да си се разотидат, при проштавањето на излезната врата, со нему својствената итрост на тигар, Паница го вади својот пиштол и ги застрелува на место Гарванова и Сарафова, а по тоа побегнува. Сите напори на власта и неоврховистите да го фатат останаа напразно. Паница успеа да побегне во Серско и го зазеде местото на Даев како драмски околиски војвода. |