Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XXVII
Поглавје XXVI | Хилми-паша — Конференција од левицата на ВМОРО 1907 г — Решение да се убие Хилми-паша — Критика на становиштата на социјалистичкото движење во соседни земји — Средба со Јане Сандански во врска со проектираното убиство на Хилми-паша од Алексо Мартулков |
Поглавје XXVIII |
Положбата во скопската, солунската и битолската област се влошуваше. Српските и грчките чети се засилуваа. Тие задобиваа „територија“. Многу села беа присилени да се откажат од Организацијата.
Исто така непрекинато се зголемуваа и засилуваа и бугарските чети, но надмоќноста на српските и грчките чети си остануваше. Се водеа жестоки борби; во честите сраженија се даваа големи жртви; а најмногу страдаше и беше избивано мирното население. Но силата и надмоќноста на српските и грчките чети беше исползувана така како што сакаше Хилми паша, префинет и талентиран дипломат, којшто умееше да ја исползува контролата на европските реформатори така, за да може да ја спроведува својата сопствена политика: таму каде што имаше интерес тој ги помогнуваше поменатите чети, а таму каде што немаше сметка од нивното засилување, им помогнуваше на организационите чети. — Типичен пример во тој однос се борбите на србоманските чети со организационата чета на велешкиот околиски војвода Дачо Јотов во Азот. Во Азот Србите беа господари на положбата во сите села, освен во селата Бистрица и Црешњево. Тие беа господари и во прилепските села по полите на Бабуна-планина, а исто така и во Поречето. Располагаа со големи вооружени чети и со милицијата на сите гореспоменати села, којашто беше вооружена добро и земаше учество во нападите, што беа многубројни и систематски. На организационата чета на Дачо Јотов, чиј што број не беше голем, и потпомогнуваше само милицијата од селата Бистрица и Црешњево. Располагајќи со такви мали сили, оваа чета мачно би могла да се држи. При таков сооднос на силите, природно, Србите би могле лесно да бидат победници, и покрај херојскиот отпор на нивните противници. Но Хилми-паша немаше сметка од прекумерно засилување на Србите, и не сакаше да се закрепат нивните позиции во Азот, откаде што би могле уште повеќе да ги засилат своите позиции во цело Велешко. Тој добро пазеше до каде може да се засилува нивната моќ и влијание. Ете зошто во честите српски напади на споменатите две села во Азот и во честите сраженија, Србите не можеа да ги постигнат своите цели: во албанското село Согле во Азот беше сместен аскер, и кога ќe cе чуеше пукотница, тој се отправуваше кон местото на распознаваше сражението. По пукотот на пушките каде се Србите, ги напаѓаше в тил, и тие беа принудени да отстапат или бегаат. Јасно! — Победата секојпат беше на Хилми-паша! Како што спомнав погоре, положбата во Вардарска Македонија беше многу влошена. Непрекинато беа напаѓани и преземани „територии" од двете страни. При тие чести борби селаните од нападнатите села беа мачени и утепувани; а весниците секој ден се полнеа со соопштенија за убиени селани. Ужасни борби се распламтија за и околу црквите. Си го оспоруваа правото над нив патријаршисти и егзархисти, србомани и бугарофили. Се разбира, разрешувањето на споровите стануваше од страна на „реформаторското“ правосудие. При разрешувањето на овие спорови Хилми-паша си остануваше доследен на својата макијавелистичка политика: секогаш правото беше на страната на послабиот за сметка на посилниот. А посилниот беше македонскиот народ. А точно тој требаше да се разедини и оневозможи во борбата за национално и политичко ослободување. Како што се виде, Хилми-паша многу умело ги ползуваше воените и политичките сили на државата за да ја уништи силата на Револуционерната организација. Во тој однос тој не беше спречуван од реформаторите на великите сили. Поради тоа растеше незадоволството на нашиот народ не само против перфидниот губернатор на Македонија ами и против великите сили, под чија контрола се вршеа „реформите“ во Отоманската империја. Сето тоа не можеше да се гледа со рамнодушност од левицата на ВМОРО. Беше свикана конференција Во пролетта 1907 год., на која присуствуваа: Јане Сандански, Петар поп-Арсов, Апостолов, и задгранични претставители на левицата на ВМОРО: Стојо Хаџиев, Демирхисарски војвода и член на Серскиот револуционерен округ, Димко Грозданов, јас, Лазар Плавев, Петар Ангелов, паланечки војвода и Крсто Балгаријата, кочански војвода. На таа конференција се реши: да се вооружат две чети под војводството на Петар Ангелов и Крсто Балгаријата и да одат во Скопски револуционерен округ, а јас и Лазар Плавев да одиме во Велес, каде што имаше доста левичарски елемент, за да го активизираме и да му дадеме активна поткрепа на велешкиот реонски војвода Дачо Јотов, којшто беше решителен противник на неоврховистите. Покрај тоа, зацврстени добро во велешкиот реон, претпоставувавме дека ќе можеме да имаме влијание и во втората револуционерна област во зацврстувањето и засилувањето на уште верниот елемент на ВМОРО. Со сето тоа се целеше да се управат борбите во правец што ќе ја изведе земјата од настанатиот хаос. За вооружувањето и опремувањето на четите серчани дадов оружје и пари (околу 12.000 лева, за времето доста голема сума). Минаването за Скопски округ можеше да стане само преку Ќустендилско. Ете зошто јас, Лазар Плавев и Петар Ангелов со неговата чета отидовме во Ќустендил каде што требаше да го чекаме Крсто Балгаријата и неговата чета, па потоа сите заедно да заминеме за внатрешноста. Но Косто задоцни со идењето, и дури чекавме не можеше а да не бидеме откриени од неоврховистите, коишто имаа во Ќустендилско голема разузнавачка служба, па — поткрепувани и од воените и полициските органи на власта — беа господари на ситуацијата. Кога стигна Балгаријата со четата, тој беше откриен од неоврховистите и власта. Во куќата каде што бевме настанети бевме нападнати од полицијата. војската и неоврховистите. Само јас, Лазар Плавев и Петар Ангелов успеавме да се ослободиме од клопката. Крсто Балгаријата и четниците беа фатени и интернирани во Северна Бугарија. Оружјето не падна во рацете на полицијата, бидејки тоа уште не беше донесено од Дупница, каде што серчани имаа складови со оружје. Како последица на опишаната хаотична положба во Македонија, која што свесно беше создавана од Хилми-паша, во македонските кругови растеше омразата против него и реформаторите. Во нашата македонска социјалистичка група во Софија узреа идејата за убивањето на главниот губернатор. Хилми-паша. Ние бевме далеку од тоа да бидеме приврзаници на личниот терор. Но во случајов требаше да биде осуден еден режим на империјалистичките сили. Тие ги создадоа „мирцштегските реформи“ божем за да се создадат услови за посносен живот на нашиот народ; во сушност точно со нив уште повеќе јa влошија положбата. Режимот којшто по тие „реформи“ господареше во Македонија беше надвор од секаква мерка; а силите на нашиот народ се исцрпуваа и уништуваа. За таквата положба не можеше а да не бидат држани одговорни официјалните фактори. Ете зошто тие требаше да бидат казнети. Со убиството на Хилми-паша се целеше да му се зададе удар на режимот на империјалистите, којшто немаше за цел преку реформите да воспостави такви услови во нашиот живот, што ќе му дадеа возможност на нашиот народ да ги преживее тешкотиите од минатото и, особено, да ги залечи тешките рани и последици од востанието. Напротив, му се даваше возможност на еден Хилми-паша умело да маневрира за да ги уништува силите на ВМОРО, како и да врши денационализација на нашиот народ, давајќи им полна поткрепа на емисарите и орудијата на балканските империјалисти, чии што аспирации беа насочени главно во тој правец. Може ли да се одрече улогата на личноста во историјата? — Ноторно е докажано дека личноста игра одредена улога во историјата. Следствено, се налага и борбата против истакнати личности во извесни моменти од историјата на еден народ. Ние не бевме социјалистички вкаменотини па да не го разбиравме значењето на национал-револуционерните борби во времето кога се водеше борба од нашиот народ за разрешувањето на македонското прашање, и дека тоа прашање е крајаголен камен на балканското, па дури и на блискоисточното прашање. Тоа беше Гордиевиот јазел за империјалистите; и правилно беше што нашите напори се управуваа во тој правец. Хилми-паша, со својата дејност, беше проводник на империјалистичките интереси, — се разбира, сфакајќи многу добро дека по тој пат го крепи и постоењето на гнилата полуфеудална држава на калифите. Ете затоа сметавме дека е правилно убиството на Хилми-паша. Но за жалост, во тоа време многу слаба беше заинтересираноста на социјалистичките кругови на Балканот за македонското национал-револуционерно движење и скоро никаква помош од нив немаше. А тие тоа требаше да го прават и да нѐ помагаат, затоа што по тој начин тие ќе го осигуруваа правилниот развој на настаните и во сопствените земји и независноста на своите народи. Ако тие ни дадеа полна поткрепа, особено тесните социјалисти од Бугарија, ќе имаа возможност да играат голема улога во нашето национал-револуционерно движење. Тие имаа доста интелигентен свет, којшто за времето беше многу издигнат и меѓу нив имаше доста големи теоретичари на марксизмот, дури од меѓународен размер, каков што, на пример, беше Македонецот, дедо Димитар Благоев. Во нашето национал-револуционерно движење имаше многу социјалисти што беа под влијание на тесните социјалисти од Бугарија, и ако тие, т. е. тесните социјалисти, беа поактивни и позаинтересирани во нашите борби, многу лутаници и грешки во ВМОРО ќе беа избегнати, а прогресивните сили кај нас ќе беа многу посилни. Освен тоа, ќе се намалеше влијанието на врховистите и веројатно настаните ќe се одвиваа поинаку. И на друго место сум истакнал дека за успехот на извесно дело не се доволни само благопријатните објективни услови, ами дека и субјективниот фактор треба да е дораснат за да може рационално да ги исползува тие услови за постигнувањето на предназначената цел. Јас и Лазар Плавев сметавме, кога ќе одиме во Велес, да го реализираме планот за убиството на Хилми-паша. Но одењето за Велес се осуети. Тоа не значеше дека требаше да се откажеме од својата намера. Напротив, се зафативме уште поупорно за нејзиното реализирање. Во Софија го известивме за своите намери Петар поп-Арсов, а тој од своја страна го извести Јанета Сандански. Тие и двајцата се согласија со нас. Во месец јуни 1907 година Јане ме викна кај себе во Дупница, од каде ме препрати за Горноџумајско со писмо од членот на ЦК на ВМОРО Пере Тошев. (Во тоа време тој се наоѓаше во споменатиот реон). Bo писмото Јане наредуваше да бидеме препратени за Солун преку Малешевско и Струмичко. Меѓутоа, во лицето на Пере Тошев ние најдовме решителен противник на нашата идеја. Но веднаш да ни откаже, тој не се решаваше. Тоа би значело да се противстави на желбите на Јанета Сандански. Во Горноџумајско бевме долго задржани под изговор дека не можело да ни се даде пат низ Малешевско, од каде што единствено можеше да се помине. Меѓутоа, во тој реон беше влошена положбата поради крстарењето на Гушира, еден опасен врховистички бандит, којшто навистина правеше големи пакости не само во Малешевско ами и во Горноџумајско, каде што имаше доста врховистички села како: Падеж, Железница, Тросково и др. (Дури се случи така, што истата вечер кога со Пере Тошев бевме на престој во маалото „Караџово“ во село Лешко, Гушира го нападна и запали маалото "Таушанците“ од истото село. Пак, во тоа време тој го уби Андреја Димов Докурчев[1] од Велес, горноџумајски реонски војвода, којшто беше отишол на помош на Герасим Огненов, малешевски војвода во борбата против споменатиот бандит. На крајот, по долги и тешки борби бандитот Гушира беше убиен и неговата чета уништена од Герасим Огненов). По долг престој во Горноџумајско, сфаќајќи дека Пере Тошев нејќе да ни го овозможи одењето во Солун, бевме принудени да се вратиме во Софија. Меѓутоа, понатака ќе видиме дека Јане Сандански не се откажа и не ја отфрли идејата за убиството на Хилми-паша. Белешки
|