Прејди на содржината

Книга на израелеви судии/ 6 глава

Од Wikisource

5 глава Книга на израелевите судии
6 глава
од н.п.
7 глава


  1 Пак Израелевите синови правеа што е зло во Господовите очи; и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години.
  2 Тешка беше раката на Мадијамците над Израел. За да им избегаат на Мадијамците, Израелците се засолнуваа во горските пукнатини, пештери и засолништа.
  3 И кога Израелците ќе посееја, Мадијамците и Амаличаните и синовите на Исток доаѓаа против нив.
  4 Откако ќе се настанеа на нивната земја, го уништуваа родот на земјата сè до Газа. Не му оставаа на Израел за да се прехрани ни овца ни коза, ни вол ни осле,
  5 зашто доаѓаа со своите стада и со своите шатори во толкаво множество како скакулци; и тие и нивните камили беа безбројни; и одеа по Израелевата Земја за да ја запустат.
  6 Така Мадијамците го фрлија Израел во голема беда, па Израелците извикаа кон Господа.
  7 Кога Израелевите синови извикаа кон Господа заради Мадијамците,
  8 Господ им испрати на Израелците пророк, кој им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас ве изведов од Египет, ве избавив од Домот на Ропството.
  9 Јас ве ослободив од рацете на Египетците и од рацете на вашите угнетувачи. Ги изгонив пред вас, ви ја дадов нивната земја,
10 и ви реков: „Јас сум Господ, ваш Бог. Не почитувајте ги боговите на Аморејците, во чија земја живеете. Но вие не го послушавте Мојот глас.”
11 Господов Ангел дојде и седна под дабот при Офра, што му припаѓаше на Јоас Авиезеров. Неговиот син Гедеон чукаше жито на гумното, за да го запази од Мадијамците.
12 И му се јави Господов Ангел и му рече: „Господ со тебе, храбар јунаку!”
13 Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нè најде сè ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нè изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нè остави, нè остави во рацете на Мадијамците.”
14 Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.”
15 ”Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.”
16 Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.”
17 Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене.
18 Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.” А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.”
19 Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сè тоа под дабот.
20 Господовиот Ангел му рече: „Земи го месото и бесквасните лебови, стави ги на таа стена, а чорбата истури ја.” Тој направи така.
21 Господовиот Ангел го зеде жезалот што го држеше и со врвот ги допре месото и пресните лебови. Оган пламна од стената и ги спали месото и пресните лебови. Потоа Господовиот Ангел исчезна од пред неговите очи.
22 А Гедеон согледа дека тоа бил Господов Ангел и рече: „Ах, Господи! Го видов Господовиот Ангел лице во лице!”
23 Господ му одговори: „Мир со тебе! Не бој се, не ќе умреш!”
24 Гедеон Му подигна жртвеник на Господа на тоа место и го нарече Јахве Шалом (Господ на Мирот).” Тој стои до денес во Авиезеровата Офра.
25 Во истата ноќ Господ му рече: „Земи од татка си згоен јунец, седумгодишен јунец, и разурни го Вааловиот жртвеник, и исечи ги Ашерите покрај него.
26 Потоа подигни Му жртвеник на Господа, твојот Бог, на врвот на таа горска стена и уреди го добро. Земи го јунецот и принеси паленица на дрвата на Ашерите што ќе ги исечеш во горичката.”
27 Тогаш Гедеон зеде десет луѓе од своите слуги и направи како што му заповеда Господ. Но бидејќи се плашеше од своето семејство и од граѓаните - го направи тоа ноќе.
28 Кога граѓаните поранија утреден - а тоа: разурнат Вааловиот жртвеник и исечени Ашерите покрај него, а јунец жртвуван како паленица на нов олтар.
29 И се прашуваа едни други: „Кој го направи тоа?” Испитаа, истражија па рекоа: „Гедеон, Јоасовиот син, го направи тоа.”
30 Тогаш граѓаните му рекоа на Јоас: „Изведи го синот за да умре, зашто го разурна Вааловиот жртвеник и ги исече Ашерите покрај него.”
31 Јоас им одговори на сите кои стоеја околу него: „Зар вие ќе го браните Ваала? Зар вие ќе го спасувате? Кој го брани Ваала ќе биде погубен пред утрешниот ден. Ако е тој бог, нека се брани самиот од Гедеона, зашто му го разурнал жртвеникот.”
32 Во тој ден го нарекоа Гедеона: Јеровал, зашто се зборуваше: „Самиот Ваал нека се пресмета со него, зашто му го разурна жртвеникот.”
33 Сите Мадијамци, Амаликци и синовите на Исток се собраа, и откако го поминаа Јордан, се влогорија во Езраелската Долина.
34 Господовиот Дух го укрепи Гедеона, и тој затруби во рог, и Авиезеровиот род застана зад него.
35 Тој испрати гласници низ целото Манасиево племе, па и тие застанаа зад него. Испрати вестители и во племето Асирово, Завулоново и Нефталимово, па и тие им тргнаа во пресрет.
36 Гедеон Му рече на Бога: „Ако навистина сакаш да го ослободиш Израел со мојата рака, како што вети,
37 еве ќе сложам овчо руно на гумно: ако има роса само на руното, а ако земјата остане сува, тогаш ќе знам дека со мојата рака ќе го избавиш Израел, како што вети.”
38 И бидна така. Гедеон порани утреден па исцеди роса од руното - полна кофа вода.
39 Пак Гедеон Му рече на Бога: „Не разгневувај се на мене, дека ќе Ти проговорам уште еднаш. Дозволи ми уште овој пат да се обидам со руното: само руното нека биде суво, а росата нека биде по сета земја!”
40 И Бог направи така во онаа ноќ: само руното остана суво, а росата падна по сета земја.
 

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse