Книга на израелеви судии/ 3 глава
2 глава | Книга на израелевите судии 3 глава од н.п. |
4 глава |
1 Ова се народите што Господ ги остави, за да ги испита со нив Израелевите синови, сите оние што не ги знаеја Ханаанските војни.
2 Тоа беше само во полза на поколенијата на Израелевите синови, за да ја научат вештината на војување - барем оние што не ги знаеја поранешните војни:
3 останаа пет филистејски кнезови и сите Ханаанци, Сидонци и Евејци, кои живееја на гората Ливанова, од гората Вал-Ермон до влезот во Емат.
4 Тие послужија за да биде проверен Израел: за да се види дали ќе ги пази заповедите на Господа, што Господ им ги даде на нивните татковци преку Мојсеја.
5 Така Израелците живееја среде Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците;
6 се женеа со нивните ќерки и им ги даваа своите ќерки за нивните синови и им служеа на нивните богови.
7 И Израелевите синови правеа она што не му беше по волја на Господа. Го заборавија Господа, својот Бог, за да им служат на Ваал и на астартите.
8 Тогаш Господ пламна со гнев на Израел, и ги предаде во рацете на Хусан-Рисатаим, едомски цар, и му служеа на Хусан-Рисатаим осум години.
9 Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им воздигна избавител, Готонил,Кенезовиот син, помлад Халевов брат, за да ги ослободи.
10 Господовиот Дух слезе на него, и тој му стана судија на Израел. И го поведе Израел во бој. Господ му го предаде во рацете Хусан-Рисатаим, едомскиот цар, и тој го победи Хусан-Рисатаима.
11 Оттогаш земјата беше во мир четириесет години. И почина Готонил, Кенезовиот син.
12 Израелците почнаа пак да прават она што е зло во Господовите очи. Затоа Господ му даде на Еглон, моавскиот цар, сила над Израел, зашто правеа што е зло пред Господа.
13 Еглон се обедини со Амоновите и со Амаликовите синови, тргна против Израел,го порази и го освои Палминиот Град.
14 Израелевите синови му служеа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години.
15 Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им подигна избавител - Аод, син на Гира од Венијаминовото племе, човек кој беше левичар. И го испратија Израелците да му однесе данок на Еглона, моавскиот цар.
16 А Аод си направи меч со две острила, долг еден лакот, и го опаша под облеката покрај десното бедро,
17 И го однесе данокот на Еглона, моавскиот цар. Еглон беше многу дебел.
18 Откако го предаде данокот, Аод си отиде со луѓето, кои го беа донесле данокот.
19 Но кога дојде до извајаниот кип во близина на Галгал, се врати и рече: „Цару, имам да ти кажам една тајна!” Царот му одговори: „Тивко!” И сите што беа покрај него излегоа.
20 Аод влезе. Царот седеше во ладната горница; беше сам. Аод му рече: „Цару, имам за тебе слово од Бога!” Тој веднаш стана од престолот.
21 Тогаш Аод го истрга со левата рака мечот од десното бедро и му ја прободе утробата.
22 Целата рака влезе со сечилото, и салото се склопи над острилото, зашто Аод не можеше да го извлече сечилото од утробата. Оттаму излезе нечистота.
23 Аод си отиде низ тремот; зад себе ја затвори вратата на горната соба и ја заклучи.
24 Кога тој си отиде, слугите се вратија за да погледаат. Бидејќи вратата на горната соба беше заклучена, рекоа: „Без сомнение отиде настрана, во клетот до ладната соба.”
25 Го чекаа долго време, со двоумење, зашто тој не ја отвори вратата на горницата. Најпосле зедоа клуч и отворија: нивниот господар лежеше на земјата, мртов.
26 Додека тие чекаа, Аод избега, ги замина веќе вајаните кипови и се засолна во Сеирот.
27 Штом дојде во Израелевата Земја, затруби во рог на Ефремовата Гора; и Израелевите синови слегоа со него од гората, а тој им стоеше на чело.
28 И им рече: „Врвете по мене! Господ ви ги предаде во рацете Моавците, вашитенепријатели.” Тие тргнаа по него, им го затворија на Моавците патот преку бродовите на Јордан и не оставија никого да премине.
29 Погубија во тоа време околу десет илјади Моавци, сè крупни и храбри луѓе, и ниеден не им избега.
30 Во тој ден Моавците потпаднаа под Израелева рака, и земјата беше мирна осумдесет години.
31 По него беше Самегар, синот Анатов. Тој погуби шест стотини Филистејци со воловски остен. Така и тој го избави Израел.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse