1 На Јосиј му беа осум години кога се зацари. Царуваше триесет и една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Једида, ќерката Адаева, и беше од Васкат.
2 Правеше што е добро во Господовите очи. Во сè одеше по патот на својот татко Давид, не свртувајќи ни десно ни лево.
3 Во осумнаесеттата година на своето царување Јосиј го испрати својот тајник Сафан, синот Авалиев, синот Месуламов, во Господовиот Дом и му рече:
4 ”Оди кај големиот свештеник Хилкиј за да ти ги подготви сребрениците што се однесени во Господовиот Дом и што чуварите на прагот ги собраа од народот.
5 Нека им ги врачи на раководителите поставени во Господовиот Дом, а тие нека ги исплатат работниците кои го поправаат Господовиот Дом,
6 дрводелците, градежниците и ѕидарите, и да се купува дрво и делкан камен што се потребни за поправка на Домот.
7 Но нека не се бара од нив сметка за врачените сребреници, зашто тие работат чесно.
8 Великиот свештеник Хилкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдовме книжниот свиток на Законот во Господовиот Дом.” И Хилкиј му го даде свитокот на Сафан, кој го прочита.
9 Тајникот Сафан дојде кај царот та го извести: „Твоите слуги - рече тој - ги собраа сребрениците, што ги најдоа во Домот и им ги предадоа на раководителите, поставени во Господовиот Дом.”
10 Тогаш тајникот Сафан го извести царот: „Свештеникот Хилкиј ми даде еден свиток.” И Сафан почна да чита пред царот.
11 Откако ги чу зборовите на книжниот свиток на Законот, царот ги раскина своите облеки.
12 И им нареди на свештеникот Хилкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Ахвор, на тајникот Сафан и на царскиот слуга Асај:
13 ”Отидете и прашајте Го Господа за мене и за народот, и за сета Јудеја, заради овој свиток што е најден, зашто е голема Господовата јарост што се излеала на нас затоа што нашите татковци не ги слушаа зборовите на овој свиток, не постапувале согласно тоа што ни е напишано во него.”
14 Свештеникот Хилкиј, Ахикам, Ахвор, Сафан и Асај отидоа кај пророчицата Олда, жената на Салум, синот Текуев, синот Арасев, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го рекоа тоа,
15 таа им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Кажете му на човекот што ве испрати кај мене:
16 ”Господ вели вака: ‘Еве, ќе доведам несреќа врз овој град и врз неговите жители, ќе извршам сè што вели свитокот кого го прочита јудејскиот цар.
17 Зашто Ме оставија и им принесуваат жртви на туѓи богови за да Ме лутат со сите дела на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и нема да угасне.’”‘
18 А на јудејскиот цар, кој ве испрати за Господов совет, речете му вака: ‘Вака вели Господ, Израелевиот Бог: „За зборовите што ги чу -
19 бидејќи ти смекна срцето, и зашто се понижи пред Господа откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, кои ќе ги погодат запустување и проклетство, и зашто ги раскина своите облеки и зашто плачеше пред Мене, затоа те послушав - слово е Господово.
20 Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот за да не ја видиш со свои очи сета несреќа што ќе ја доведам на ова место.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.