Прејди на содржината

Втора книга за царевите/ 23 глава

Од Wikisource

22 глава Втора книга за царевите
23 глава
од н.п.
24 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Тогаш царот испрати да се соберат кај него сите јудејски и ерусалимски старешини.
  2 Царот потоа отиде во Господовиот Дом со Јудејците, со ерусалимците, со свештениците и пророците, и со сиот народ, од најмалиот до најголемиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот свиток на Заветот кој беше најден во Господовиот Дом.
  3 Царот, стоејќи пред столбот, го обнови пред Господа Заветот дека ќе го следи Господа и дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, за да ги исполни сите слова на Заветот, запишани во овој свиток. Сиот народ стапи во Заветот.
  4 Царот им нареди на првосвештеникот Хилкиј, на свештениците на вториот ред и на чуварите на храмскиот праг да ги изнесат од Господовото Светилиште сите богослужбени предмети што беа направени за Ваала и за Ашера и за сета небеска војска. Одреди да го изгорат сè тоа надвор од Ерусалим, во Кедронските Полиња, а пепелта ја однесе во Ветил.
  5 Ги отстрани паганските свештеници кои јудејските цареви ги поставија за да кадат на високите места, во јудејските градови и во околината на Ерусалим; и оние кои што им кадеа на Ваала, на сонцето, на месечината, на ѕвездите и на сета небеска војска.
  6 Ја изнесе Ашера надвор од Ерусалим од Господовиот Дом, во Кедронската Долина, и ја спали во Кедронската Долина, ја здроби во прав, а правот го фрли на гробиштата на народните синови.
  7 Ги разурна домовите на содомците, кои беа при Господовиот Дом и во кои жените и ткаеја облеки на Ашера.
  8 Од сите јудејски градови ги доведе паганските свештеници и ги обессвети високите места каде тие кадеа, од Гева до Вит-Савеа. Потоа ги урна високите места пред вратата, оние што беа пред вратата на Исуса, управителот на градот, одлево кога и се приоѓа на градската врата.
  9 Исто така свештениците на високите места не можеа да се искачуваат кон Господовиот жртвеник во Ерусалим, но јадеа бесквасни лебови меѓу своите браќа.
10 Го оскверни Тофет во долината Бен Еном, за да не може никој да го поминува својот син или ќерката низ оган во чест на Молох.
11 Ги отстрани коњите што јудејските цареви му ги принесоа на сонцето при влезот во Господовиот Дом, покрај собата на дворјанецот Натан Мелех, која се наоѓаше во близина, и ја изгоре во оган сончевата кола.
12 Жртвениците на покривот што ги беа изградиле јудејските цареви, и оние кои што ги изгради Манасиј во двата двора на Господовиот Храм, царот ги урна, ги отстрани оттаму и го фрли нивниот прав во Кедронскиот Поток.
13 Високите места што беа спроти Ерусалим, на јужниот дел на Маслиновата Гора, и кои и ги изгради израелскиот цар Соломон на Астарота, сидонска мерзост; на Хемус, моавски срам, и на Мелхом, гадот амонски - царот сите ги оскверни.
14 Ги скрши столбовите, ги откорна ашерите, и нивните места ги наполни со човечки коски.
15 Исто така и жртвеникот во Ветил, високото место што го изгради Јеровоам, синот Наватов, кој го наведе Израел на грев, царот го разурна, ги обори жртвеникот и тоа високо место, ги сотре камењата во прав, ги спали ашерите.
16 А кога Јосиј се сврти и ги виде гробовите што беа таму на гората, испрати да ги соберат коските од оние гробови, и ги спали врз жртвеникот. Така го обессвети, извршувајќи го Господовото слово, кое го објави Божјиот човек (додека Јеровоам беше на жртвеникот за време на свеченоста). Откако се сврте, Јосиј фрли поглед врз гробот на Божјиот човек кој го објави сè тоа,
17 и праша: „Каков споменик е оној што го гледам?” Луѓето од градот му одговорија: „Тоа е гробот на Божјиот човек, кој дојде од Јудеја и кој го прорече сè тоа што го направи ти со ветилскиот жртвеник.”
18 ”Оставете го на мир - рече царот - и нека никој не ги допира неговите коски.” Така останаа неговите коски недопрени со коските на пророкот кој дојде од Самарија.
19 Јосиј уште ги разурна сите домови на високите места, што израелските цареви ги изградија по градовите на Самарија за да би Го гневеле Господа и направи со нив како што направи во Ветил.
20 Ги закла сите свештеници на високите места врз жртвениците; врз нив ги изгоре и човечките коски. Потоа се врати во Ерусалим.
21 Царот му нареди на сиот народ: „Празнувајте ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, според обичајот што е запишан во овој книжен свиток на Заветот.”
22 Таква Пасха не беше празнувана од времето на судиите кои што му судеа на Израел, и за сето време на израелските и јудејските цареви.
23 Само во осумнаесеттата година од царувањето на Јосиј беше празнувана таква Пасха во чест на Господа, во Ерусалим.
24 Освен тоа, сите бајачи и сите вражалци, сите домашни богови и кипови, и сите срамови што можеа да бидат видени во јудејската земја и во Ерусалим, сè тоа Јосиј отстрани за да ги изврши зборовите на Законот, запишани во книжниот свиток кој го најде Хилкиј, свештеник на Господовиот Дом.
25 Немаше пред него таков цар кој Му се обратил на Господа со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила, верен во сè на Мојсеевиот Закон, а ни по него му немаше рамен.
26 Сепак, Господ не се откажа од пламенот на Својот голем гнев со кој зовре против Јудејците заради сите предизвици со кои го лутеше Манасиј.
27 Господ одлучи: „Ќе ги отфрлам Јудејците од пред Себе, како што ги отфрлив Израелците; ќе ги отфрлам овој град што го избрав, Ерусалим, и Домот за кого реков: ‘Тука ќе биде Моето Име.’”
28 Другата Јосиева повест, и сè што направи, зар сè тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?
29 Во негово време фараонот Нехаон, египетскиот цар, тргна против асирискиот цар, на реката Еуфрат. Царот Јосиј тргна пред него, ама тој го уби во Мегидон, при првата средба.
30 Неговите слуги му го пренесоа телото со кола од Мегидон, го префрлија во Ерусалим и го погребаа во неговата гробница. Сиот народ на земјата го прими Јоахаз, синот Јосиев; го помазаа и го прогласија за цар место неговиот татко.
31 На Јоахаза му беа дваесет и три години кога се зацари. Царуваше три месеци во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Амутала, ќерка Еремиева, од Ливна.
32 Тој правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеа неговите татковци.
33 Фараонот Нехаон го фрли во окови во Ривала, на подрачјето на Емат, за да не владее во Ерусалим, и и наметна на земјата данок од сто таланти сребро и десет таланти злато.
34 Фараонот Нехаон го постави за цар Елијаким, синот Јосиев, на местото на неговиот татко Јосиј, и му го промени името во Јоаким. А Јоахаза го зеде и го одведе во Египет, каде тој умре.
35 Елијаким му даде на фараонот сребро и злато, ама и наметна данок на земјата, за да го собере износот што фараонот го бараше. Секому му наметна според неговата состојба, земаше сребро и злато што требаше да му го дава на фараонот Нехаон.
36 На Елијаким му беа дваесет и пет години кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим. На мајка му името и беше Зевуда, ќерка Федаева, и беше од Рума.
37 Тој правеше што е зло во Господовите очи, сè како што правеа и неговите татковци.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse