Втора книга Самоилова/ 13 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

12 глава Втора книга Самоилова
13 глава
од н.п.
14 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 А потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше убава сестра по име Тамара, и во неа се вљуби Давидовиот син Амнон.
  2 Амнон се измачуваше толку што речиси се разболе заради својата сестра Тамара: зашто таа беше девица, па Амнон не гледаше можност да и направи што и да било.
  3 Ама Амнон имаше пријател по име Јонадав, син на Давидовиот брат Сама; а Јонадав беше мошне снаодлив.
  4 И тој го праша Амнона: „Откаде е тоа, царски сину, што си млитав секое утро? Нема ли да ми кажеш?” А Амнон му одговори: „Вљубен сум во Тамара, сестрата на својот брат Авесалом.”
  5 А Јонадав му рече: „Легни во постела и направи се болен, па кога ќе дојде татко ти да те посети, ти речи му: ‘Дозволи да дојде мојата сестра Тамара да ми даде да јадам; ако таа зготви јадење пред моите очи, да го видам тоа, тогаш ќе јадам од нејзината рака.’”
  6 И така, Амнон легна и се преправи болен. Кога дојде царот да го посети, Амнон му рече на царот: „Дозволи да дојде мојата сестра Тамара за да зготви пред моите очи неколку колачи и јас ќе се закрепнам од нејзината рака.”
  7 Тогаш Давид и порача на Тамара во дворецот: „Оди во куќата на брата си Амнона и зготви му јадење!”
  8 Тамара отиде во куќата на својот брат Амнон. А тој лежеше. Таа зеде брашно, го замеси, направи колачиња пред неговите очи и ги испече.
  9 Потоа зеде сад и ги стави пред него, но Амнон не сакаше да јаде, туку рече: „Испрати ги сите оттука!” И сите излегоа од кај него.
10 Тогаш Амнон и рече на Тамара: „Донеси ми го јадењето во спалната, за да се поткрепам од твојата рака!” И Тамара ги зеде колачињата што ги беше зготвила и му ги донесе на брата си Амон во спалната.
11 А кога му пружи за да јаде, тој ја фати со раката и и рече: „Дојди, моја сестро, легни со мене!”
12 А таа му рече: „Немој, брату мој! Не ме срами, зашто така не се прави во Израел. Не прави таков срам!
13 Каде би се криела јас со мојот срам? А и ти ќе бидеш како бесрамник во Израел! Туку зборувај со царот: тој нема да ме одрече за тебе!”
14 Ама тој не сакаше да ја послуша, и бидејќи посилен од неа, ја совлада и легна со неа.
15 Тогаш ја замрази веднаш со силна омраза, та омразата со која ја замрази беше поголема од љубовта со која ја љубеше порано. И и рече Амнон: „Стани! Оди си!”
16 А таа му одговори: „Не, брату мој! Ако ме избркаш сега, тоа ќе биде поголемо зло од она што си ми го направил!” Ама тој не сакаше да ја слуша,
17 туку го повика момокот што му служеше и му заповеда: „Избркај ја сега оваа од кај мене, исфрли ја и заклучај ја вратата зад неа!”
18 А таа имаше на себе облека разнобојна, зашто некогаш во такви облеки ги облекуваа царските ќерки додека беа девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата зад неа.
19 Тогаш Тамара зеде пепел и се посипа по главата, ја раскина шарената облека што ја имаше на себе, ја стави раката на главата и си отиде викајќи гласно додека одеше.
20 А нејзиниот брат Авесалом ја праша: „Дали можеби твојот брат Амнон беше со тебе? Ама сега, сестро моја, молчи: брат ти е! Не земај го тоа на срце!” Така Тамара остана осамена во куќата на својот брат Авесалом.
21 Кога царот Давид чу сè што се случило, многу се разгневи.
22 А Авесалом не му рече на Амнона ни збор, зашто Авесалом го замрази Амнона што му ја засрами сестрата Тамара.
23 А по две години Авесалом ги стрижеше овците во Вал-Асор, кај Ефрема; и Авесалом го повика сето царско семејство.
24 Авесалом дојде кај царот и му рече: „Еве, твојот слуга ги стриже овците, па нека царот и неговите дворјанци се удостојат да дојдат кај својот слуга.”
25 Ама царот му одговори на Авесалома: „Не, сине, не ќе дојдеме сите, за да не ти бидеме на товар.” Авесалом настојуваше, но тој не сакаше да оди, туку го благослови и го пушти.
26 Ама Авесалом продолжи: „Ако не сакаш ти, дозволи тогаш мојот брат Амнон да тргне со нас.” А царот го праша: „Зошто да иде со тебе?”
27 Ама Авесалом и натаму навалуваше, та најпосле Давид ги пушти со него Амнона и сите царски синови.
28 И им заповеда на своите слуги вака: „Внимавајте! Кога ќе му се развесели срцето на Амнон од вино и кога јас ќе ви викнам: ‘Убијте го Амнона!’ тогаш погубете го! Не бојте се, зашто така ви заповедам! Охрабрете се и покажете се јунаци!”
29 И Авесаломовите слуги направија со Амнон како што им заповеда Авесалом. Тогаш сите царски синови станаа, ги јавнаа секој својата мазга и избегаа.
30 Додека тие уште беа на пат, на Давида му дојде ваква вест: „Авесалом ги истепа сите царски синови, ниеден од нив не остана.”
31 Царот стана, ги раскина своите облеки и се фрли на земја; и сите негови дворјанци кои што стоеја околу него ги раскинаа своите облеки.
32 Ама Јонадав, синот на Давидовиот брат Сама, проговори вака: „Нека не зборува мојот господар дека ги погубиле сите млади луѓе, царските синови, зашто загина само Амнон: зашто преку Авесаломовата уста беше решено од оној ден, кога Амнон ја засрами неговата сестра Тамара.
33 Затоа сега мојот господар и цар нека не мисли во срцето дека загинаа сите царски синови. Загина само Амнон.”
34 А Авесалом избега. А момчето што беше на стража ги подигна очите и согледа мноштво народ како слегува по патот зад него, отаде планината.
35 И Јонадав му рече на царот: „Еве, стигнаа царските синови! Се случи како што ти рече твојот слуга.”
36 Туку што го изрече тоа, а царските синови влегоа и заплакаа со сиот глас; а и царот и сите негови слуги плачеа силно.
37 Авесалом пак беше избегал и беше отишол кај Талмај, синот Амијудов, гесурски цар. А Давид тажеше по својот син непрекратно.
38 А бидејќи Авесалом избега и отиде во Гесур, остана таму три години.
39 И душата на царот Давид копнееше по Авесалома: зашто се утеши за Амноновата смрт.

Поврзано

Надворешни врски


PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.