Прејди на содржината

Втора книга Самоилова/ 12 глава

Од Wikisource

11 глава Втора книга Самоилова
12 глава
од н.п.
13 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Господ го испрати пророкот Натан кај Давида. Тој влезе кај него и му рече: „Во некој град живееја два човека, едниот богат, а другиот беден.
  2 Богатиот имаше овци и говеда во изобилство.
  3 А бедниот немаше ништо друго освен една единствена овчичка, што ја беше купил. Ја хранеше, и таа растеше покрај него и со неговите деца; јадеше од неговиот залаг, пиеше од неговата чаша; му спиеше во неговото крило: му беше како ќерка.
  4 И дојде патник кај богатиот човек, а нему му беше жал да земе од своите овци или од говедата за да му зготви на гостинот, кој му беше дошол. Тој ја украде овчичката на сиромавиот и ја зготви за својот посетител.”
  5 Тогаш Давид пламна со жесток гнев на тој човек и му рече на Натана: „Така ми живиот Господ, смрт заслужил човекот што направил така!
  6 Четворно да ја надомести овцата затоа што го направил тоа дело и зашто не знаел за милосрдие!”
  7 Тогаш Натан му рече на Давида: „Ти си тој човек! Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас те помазав за цар над Израел, Јас те избавив од Сауловата рака.
  8 Ти ја предадов куќата на твојот господар, ги положив жените на твојот господар во твоето крило, ти ги дадов Израелевиот дом и Јудиниот дом, ќе ти додадев уште ова или она.
  9 Зошто го презре Господа и зошто го направи она што е зло во Неговите очи? Го уби со меч Хетеецот Уриј, а неговата жена ја зеде за своја жена. Да, него го уби со мечот на Амонците.
10 Затоа веќе никогаш не ќе се сврти мечот од твојот дом, зашто Ме презре и зашто ја зеде жената на Хетеецот Уриј да ти биде жена.’
11 Господ зборува вака: ‘Еве Јас ќе подигнам зло против тебе од твојот дом. Ќе ги земам твоите жени од пред твоите очи и ќе му ги дадам на твојот ближен, кој ќе спие со твоите жени пред ова сонце.
12 Навистина ти работеше тајно, но Јас ќе ја извршам оваа закана пред сиот Израел и пред сонцето!’”
13 Тогаш Давид му рече на Натана: „Згрешив пред Господа!” А Натан му одговори на Давида: „Господ ти го опростува твојот грев: нема да умреш.
14 Но бидејќи со тоа дело го презре Господа, неминовно ќе умре детето, кое ти се роди!”
15 Потоа Натан си отиде во својата куќа. А Господ го удри детето кое Уриевата жена му го роди на Давида, и тоа се разболе.
16 Давид Му се обрати на Бога со молитва за детето: постеше, се враќаше дома и лежеше преку ноќта на гола земја.
17 А старешините на неговиот дом стоеја околу него за да го подигнат од земјата, ама тој не сакаше и не вкуси никакво јадење со нив.
18 А на седмиот ден умре детето. Давидовите дворјанци не се осмелија да му соопштат дека детето умре. Зашто мислеа: „Додека детето беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нè слуша. А како ќе му кажеме кога детето умре? Ќе направи зло!”
19 Давид забележа дека неговите дворјанци шепотат меѓу себе, и тој сфати дека детето умре. И ги праша Давид своите дворјанци: „Дали умре детето?” А тие одговорија: „Умре.”
20 Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше.
21 А неговите дворјанци го прешаа: „Што правиш тоа? Додека детето беше живо, постеше и плачеше; а сега, кога детето е умрено, стануваш и јадеш!”
22 А тој одговори: „Додека детето уште беше живо, постев и плачев, зашто мислев: ‘Кој знае? Можеби Господ ќе се смилува на мене и детето ќе остане живо!’
23 А сега кога е умрено, зошто да постам? Дали можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, но тоа нема да се врати кај мене!”
24 Потоа Давид ја утеши својата жена Витсавеа. Дојде кај неа и легна со неа. Таа затрудни и роди син кому му го даде името Соломон. Господ го замилува
25 и го соопшти тоа преку пророкот Натан. Овој го нарече со името Едидиј (Возљубен на Господа), заради Господа.
26 Јоав нападна на Рава на Амоновите синови и го освои царскиот град.
27 Тогаш Јоав испрати гласници кај Давида со порака: „Јас нападнав на Рава и го освоив градот покрај водата.
28 Сега ти собери ја другата војска, опколи го градот и заземи го, за да не го освојам јас градот и да му го дадам своето име.”
29 И Давид ја собра сета војска, тргна против Рава, го нападна градот и го зазеде.
30 Тогаш ја симна круната на нивниот цар од неговата глава, што беше тешка еден златен талант; во неа имаше бесценет камен, и ја положија врз Давидовата глава. И многу богат плен однесе од градот.
31 А народот што беше во него го изведе и го стави да работи кај пилите, и со железни копачи, и со железни секири, и го употреби за работа во туланите. И така исто им правеше на сите градови на Амоновите синови. Потоа Давид се врати, со својата војска во Ерусалим.
 

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse